68. ВО ПРЕДВОРЈЕТО НА ХРАМОТ
Оваа поглавје е засновано на Јован 12:20-43.
„Меѓу оние што беа дошле на празникот на поклонение имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Витсаида во Галилеја и го помолија велејќи: Господине, ние би сакале да Го видиме Исуса. Филип дојде и му го кажа тоа на Андреј, а Андреј и Филип му кажаа на Исуса”. {КВ 621.1}
Во тоа време изгледало дека Христовото дело доживеало страшен пораз. Тој бил победник во судирот со свештениците и фарисеите, но било очигледно дека тие никогаш нема да Го прифатат како Месија. Дошло до конечно одвојување. На Неговите ученици им изгледало дека состојбата е безнадежна. Меѓутоа, Христос се приближувал кон завршување на Своето дело. Претстоел голем настан од огромно значење не само за еврејскиот народ, туку и за целиот свет. Кога Христос ја слушнал желбата „ние би сакале да Го видиме Исуса,“ која го изразувала копнежот на човештвото по Спасителот, Неговото лице блеснало и Тој рекол: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки”. Во таа желба на Грците видел предзнак на резултатите од Својата голема жртва. {КВ 621.2}
Тие луѓе дошле од Запад да Го видат Спасителот на крајот од Неговиот живот, како што на почетокот дошле мудреците од Исток. Во времето на Христовото раѓање, еврејскиот народ бил толку окупиран со своите амбициозни планови, така што не знаеле за Неговото доаѓање. Мудреците од една незнабожечка земја дошле до јаслите со своите дарови за да Му се поклонат на Спасителот. Така тие Грци, кои ги претставувале народите, племињата и националностите на светот, дошле да Го видат Исуса. Така Спасителовиот крст ќе ги привлече народите од сите земји и сите векови. Така „мнозина ќе дојдат од исток и од запад и ќе седнат со Авраама, со Исака и со Јакова во царството небесно”. (Матеј 8:11) {КВ 621.3}
Грците слушнале за Христовото триумфално влегување во Ерусалим. Некои претпоставувале и ширеле такви гласови дека Исус ги истерал свештениците и поглаварите од храмот и дека ќе го заземе Давидовиот престол и ќе владее како цар на Израел. Грците копнееле да ја сознаат вистината за Неговата мисија. „Ние би сакале да Го видиме Исуса,“ рекле тие. Желбата им била исполнета. Кога Исус ја слушнал таа молба, Тој се наоѓал во оној дел од храмот, кој бил достапен само за еврејскиот народ, но излегол во предворјето во пресрет на Грците и лично разговарал со нив. {КВ 622.1}
Дошол часот Христос да се прослави. Тој веќе бил во сенката на крстот, а постапката на Грците Му покажала дека жртвата за која се подготвува ќе доведе кај Бога многу синови и ќерки. Тој знаел дека Грците наскоро ќе Го видат во ситуација за која тогаш не ни сонувале. Знаел дека ќе Го видат покрај Варнава, разбојник и убиец, кој ќе биде одбран да биде пуштен на слобода, наместо Божјиот Син. Ќе слушнат како под инспирација на свештениците, народот го прави својот избор и на прашањето: „Што да сторам со Исуса наречен Христос,“ одговорот ќе биде: „Да биде распнат”. (Матеј 27:22) Христос знаел дека со принесувањето на оваа жртва за гревовите на човештвото, Неговото царство ќе биде усовршено и ќе се прошири по целиот свет. Тој ќе работи како Обновител и Неговиот Дух ќе надвладее. За миг погледнал во иднината и слушнал глас кој објавувал во сите делови на Земјата: „Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. (Јован 1:29) Во тие странци Тој видел гаранција за голема жетва, кога ќе биде срушен ѕидот на поделба помеѓу Евреите и незнабошците и кога сите нации, јазици и племиња ќе ја слушнат веста на спасението. Предвидувајќи го тоа, предвидувајќи исполнување на Своите надежи, Тој ги изговорил зборовите: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки”. Меѓутоа, Христос никогаш не го губел од вид начинот на кој ќе се исполни таквото прославување. Собирањето на незнабошците ќе настапи по Неговата смрт која се приближувала. Светот може да се спаси само преку Неговата смрт. Како пченичното зрно, Синот Човечки мора да биде фрлен во земјата, да умре и да биде погребан но и повторно да оживее. {КВ 622.2}
Христос ја опишал Својата иднина со помош на слики од природата за да Го разберат учениците. Вистинската цел на Неговата мисија ќе се оствари само преку Неговата смрт. „Вистина, вистина ви велам,“ рекол Тој, „ако пченичното зрно не падне на почвата и не умре, останува само; а ако умре, ќе роди голем плод”. Кога пченичното зрно ќе падне на почвата и ќе умре, тоа никнува и донесува род. Така Христовата смрт ќе роди плод за Божјото царство. Во сообразност со законот на растителното царство, резултат од Неговата смрт ќе биде живот. {КВ 623.1}
Оние што обработуваат земја, секогаш го имаат тој пример пред очите. Од година во година, човекот ги задоволува своите потреби за пченица, со тоа што привидно ги фрла најодбраните зрна. Извесен период зрната остануваат скриени под браздата, доверени на Божјата грижа. Потоа се појавува стебленце, потоа клас и конечно зрно. Но тоа може да се случи само ако зрното се закопа и сокрие, како да е изгубено. {КВ 623.2}
Семето посеано во земја дава плод, а тој плод повторно се сее. Така житото се намножува. Така Христовата смрт на крстот на Голгота ќе вроди со плод на вечен живот. Проучувањето на таа жртва ќе биде радост на оние кои, како нејзиниот плод, ќе живеат низ бескрајната вечност. {КВ 623.3}
Пченичното зрно што ќе го сочува својот живот не може да вроди со плод. Тоа останува само. Кога би сакал, Христос би можел да се спаси од смртта. Но во тој случај би останал сам. Тој не би можел да доведе кај Бога ниту еден син, ниту една ќерка. Само со положување на сопствениот живот, можел да му овозможи живот на човештвото. Само паѓајќи на почвата за да умре, можел да стане семе на таа богата жетва на големо мноштво кои од секое племе, колено, јазик и народ се откупени за Бога. {КВ 623.4}
Со таа вистина Христос ја поврзал поуката за самопожртвување, која сите треба да ја научат: „Кој го сака својот живот, ќе го загуби, а оној што го мрази својот живот на овој свет, ќе го сочува за живот вечен”. Сите што сакаат да дадат плод како Христови соработници, мораат прво да паднат на земјата и да умрат. Животот на христијанинот треба да биде посеан во браздата на потребите на светот. Самољубивоста и себичноста мораат да пропаднат. Законот на самопожртвување е закон на самоодржување. Земјоделецот го чува своето жито со тоа што го фрла. Така е и во човечкиот живот. Да се дава значи да се живее. Животот што ќе биде сочуван е оној живот, кој несебично се посветува во служба на Бога и на човекот. Оние што го жртвуваат заради Христа својот живот во овој свет, ќе наследат вечен живот. {КВ 623.5}
Животот посветен на себичноста, прилега на зрно кое ќе се изеде. Тоа исчезнува, но нема никаков род. Човекот може да се труди да приграби сѐ за себе, може да живее за себе и да мисли и планира само за себе, но неговиот живот поминува, а тој останува без ништо. Законот на себичноста е закон на самоуништување. {КВ 624.1}
„Ако некој ми служи Мене,“ рекол Исус, „нека Ме следи Мене и каде што ќе бидам Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Оној што ми служи Мене, него ќе го почитува и Таткото”. Сите што го носеле со Исуса крстот на жртвата, ќе учествуваат и со Него во Неговата слава. Во Своето понижување и болка, Христос се радувал што Неговите ученици ќе бидат прославени со Него. Тие се плод на Неговото саможртвување. Манифестирањето на Неговиот карактер и дух во нив е Негова награда и ќе биде Негова радост низ цела вечност. Тие ја делат таа радост со Него, кога плодот на нивниот труд и пожртвуваност се гледа во срцето и во животот на другите. Тие се Христови соработници и Таткото ќе ги почитува, како што го почитува Својот Син. {КВ 624.2}
Пораката на Грците, претскажувајќи го собирањето на незнабошците, го потсетила Исуса на целокупната Негова мисија. Тој го согледал делото на откупување од времето кога тој план бил создаден на Небото, па до смртта, која тогаш била толку близу. Изгледало дека некој таинствен облак го обвиткува Божјиот Син. Оние што биле во Негова близина ја почувствувале сенката на тој облак. Исус седел задлабочен во мислите. Конечно, Неговиот тажен глас ја прекинал тишината: „Сега душата ми е длабоко потресена; и што да кажам? Татко, спаси ме од овој час”. Во Своите мисли, Христос веќе ја пиел чашата на горчина. Она што е човечко во Него, се набрало од часот на напуштање, кога ќе изгледа дека дури и Бог Го оставил, кога сите ќе сметаат дека Бог го ранува, бие и мачи. Тој се набрал при помислата на јавно изложување, од тоа што кон Него ќе постапуваат како со најголем злосторник; затреперил пред срамната и нечесна смрт. Помислата на судирот со силите на темнината, ужасната тежина на човечките гревови, Татковиот гнев предизвикан од гревот сето тоа го малаксало Исусовиот дух и смртно бледило го прекрило Неговото лице. {КВ 624.3}
Потоа настапило божествено покорување на Татковата волја. Тој рекол: „Заради ова дојдов до овој час. Татко, прослави Го Своето име”. Само преку Христовата смрт можело да се сруши царството на сатаната. Само на тој начин човекот можел да се откупи и Бог да се прослави. Исус се согласил на таа агонија, се согласил на жртва. Небесното Височество се согласило да страда како Носител на сиот грев. „Татко! Прослави го Своето име!“ рекол Тој. Кога Христос ги изговорил тие зборови, од Небото се слушнал глас од облакот што лебдел над Неговата глава: „Го прославив и пак ќе Го прославам”. Целиот Свој живот, од јаслите, па до моментот кога биле изговорени тие зборови, Го прославил Бога, а во она што сега му претстоело, Неговите божествено-човечки страдања навистина ќе Го прослават името на Својот Татко. {КВ 624.4}
Кога се слушнал гласот, светлина блеснала од облакот и го обвила Христа, како да Го прегрнале рацете на Бескрајната моќ, слична на пламен ѕид. Народот ја наљудувал таа сцена со ужас и вчудовидување. Никој не се осмелил да проговори. Сите молчеле и со задржан здив гледале во Исуса. Откако Таткото го дал Своето сведоштво, облакот се подигнал и се растурил во небото. Тогаш видливата врска помеѓу Таткото и Синот завршила. {КВ 625.1}
„А народот кој стоеше и го чу тоа рече: Загрме, други пак рекоа, Ангел му прозбори”. Меѓутоа, Грците кои дошле да се распрашаат го виделе облакот, го слушнале гласот, ја сфатиле неговата смисла и навистина увиделе кој е Христос. Ним тој им бил откриен како Испратен од Бога. {КВ 625.2}
Божјиот глас се слушнал при Исусовото крштавање на почетокот на Неговата служба, а потоа и при Неговото преобразување на гората. Сега, на крајот од Неговата служба, повторно се слушнал по трет пат и го слушнале повеќе луѓе и во посебни околности. Исус ја изговорил најсвечената вистина во поглед на состојбата во која се наоѓаат Евреите. Тој им го упатил Својот последен апел и ја претскажал нивната пропаст. Тогаш Бог Го признал Оној, Кого Израел Го отфрлил. Исус рекол: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас”. Тоа бил врвен доказ за Неговото месијанство, знак кој го дал Таткото дека Исус ја зборувал вистината и дека Тој навистина е Божји Син. {КВ 625.3}
„Сега е судот на овој свет,“ продолжил Христос, „сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. А Јас, кога ќе бидам подигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе. Ова го рече за да покаже со каква смрт ќе умре”. Тоа бил момент на одлука за светот. Ако Исус стане жртва за гревот, светот ќе се просветли. Ќе биде уништена сатанската власт над човечките души. Во човештвото повторно ќе се воспостави изобличен Божји лик, а семејството на верни луѓе ќе го наследи небесниот дом. Тоа ќе биде плод на Христовата смрт. Спасителот се задлабочил во мислите, додека пред Неговите духовни очи се одвивала сцената на триумф. Го видел крстот суровиот, срамен крст со сите ужаси кои ги повлекува со себе, како блеска со слава. {КВ 625.4}
Меѓутоа, со жртвата на крстот не е остварено само спасението на луѓето. Божјата љубов била откриена на вселената. Бил симнат кнезот на овој свет. Биле побиени обвинувањата кои сатаната ги подигнал против Бога. Засекогаш ќе биде замолчен прекорот што тој го упатувал на сметка на Небото. Ангелите како и луѓето се привлечени кон Спасителот. „А Јас, кога ќе бидам подигнат од земјата,“ рекол Тој, „сите ќе ги привлечам кон Себе”. {КВ 626.1}
Околу Христа било собрано мноштво луѓе, кога ги изговорил овие зборови и еден помеѓу нив, запрашал: „Ние чувме од Законот дека Христос ќе остане засекогаш. Како тогаш Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде подигнат? Кој е тој Син Човечки? Тогаш Исус им рече: Уште малку време светлината е меѓу вас. Дојдете додека имате светлина, за да не ве обземе темнината. Оној што оди во темнина, не знае каде оди. Додека имате светлина, верувајте во неа, за да бидете синови на светлината”. {КВ 626.2}
„Иако правеше толку големи чудесни дела пред нив, не му веруваа”. Повторно го прашале Спасителот: „Каков знак ќе ни покажеш да видиме и да ти веруваме?“ (Јован 6:30) Им биле дадени безбројни знаци, но тие ги затвориле своите очи и ги стврднале своите срца. Сега, кога самиот Татко проговорил и кога не можеле да бараат никаков понатамошен знак, Сепак сѐ уште не верувале. {КВ 626.3}
„Сепак, многумина и од старешините веруваа во Него, но поради фарисеите не Го признаваа тоа јавно, за да не бидат исклучени од синагогата”. Повеќе ја ценеле пофалбата од луѓето, отколку Божјото одобрување. За да не се изложуваат на прекор и срам, тие се откажале од Христа и го отфрлиле вечниот живот што им бил понуден. Исто постапувале и многу други луѓе во подоцнежните векови! За сите нив важи опомената на Спасителот: „Оној што го сака својот живот, ќе го загуби”. „Оној што Ме отфрла Мене,“ рекол Исус, „и не ги прима Моите зборови, ќе има свој судија: Речта што ја изговорив ќе му суди во последниот ден”. (Јован 12:48) {КВ 626.4}
Тешко на оние што не го познале своето време! Полека и со жално срце, Христос засекогаш го напуштил храмот. {КВ 626.5}