63. „ТВОЈОТ ЦАР ДОАЃА”
12:12-19.
„Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; Ете, твојот Цар Доаѓа при тебе; праведен е и спасува; кроток и седнат на осле, младенче на ослицата”. (Захарија 9:9) {КВ 569.1}
Петстотини години пред Христовото раѓање пророкот Захарија така го претскажал доаѓањето на Царот во Израел. Тоа пророштво сега требало да се исполни. Оној, Кој толку долго ги одбивал царските почести, сега Доаѓа во Ерусалим како Ветениот Наследник на Давидовиот престол. {КВ 569.2}
Во првиот ден на седмицата Христос триумфално влегол во Ерусалим. Мноштво луѓе, кои се насобрале во Витанија за да Го видат, сега го придружувале, желни да бидат сведоци на Неговиот дочек. Многумина патувале во Ерусалим на прослава на празникот Пасха, па и тие се придружиле на мноштвото што одело по Исуса. Целата природа изгледала како да се радува. Дрвјата биле покриени со зеленило, а нивните цветови ширеле нежен мирис низ воздухот. Луѓето биле исполнети со нов живот и радост. Повторно заживеала надежта за новото царство. {КВ 569.3}
Со намера јавајќи да влезе во Ерусалим, Исус испратил двајца Свои ученици да му доведат една магарица и осле. При Своето раѓање, Спасителот зависел од гостопримството на туѓинците. Јаслите во кои лежел биле позајмени од друг. Сега, иако добитокот по илјадниците ридови е Негов, Тој зависел од љубезноста на непознат човек, кој требало да му даде животно на кое ќе влезе во Ерусалим како негов Цар. Меѓутоа, дури и тука се покажало Неговото божество во деталните упатства што им ги дал на Своите ученици за таа должност. Како што и претскажал, молбата „тие му се потребни на Господа“ веднаш била услишена. Исус избрал за Себе магаре, на кое уште не седнал човек. Учениците со големо воодушевување ја ставиле својата облека на магарето и го качиле на него својот Учител. Дотогаш, Исус секогаш патувал пеш и затоа учениците се чуделе што сега се согласил да јава. Меѓутоа, надежта на нивното срце била разведрена од радосната мисла дека Тој наскоро ќе влезе во престолнината, да се прогласи за Цар и да ја преземе Својата царска власт. Попатно, тие ги известувале Исусовите пријатели за своите блескави надежи, така што возбудата толку се раширила, што очекувањата на народот достигнале кулминација. {КВ 569.4}
Христос се придржувал кон еврејскиот обичај за царско доаѓање. Животното на кое Тој јавал било истото на кое јавале и израелските цареви, и пророштвото велело дека и Месијата така ќе дојде во Своето царство. Кога се качил на магарето, низ воздухот се разнел гласен победоносен извик. Мноштвото го поздравувало како Месија, нивниот Цар. Исус тогаш го примил поклонението кое никогаш дотогаш не го дозволил, а учениците тоа го сметале како доказ дека нивните радосни надежи ќе бидат остварени со тоа што Тој ќе седне на престолот. Мноштвото било уверено дека е близу моментот на нивното ослободување. Во својата фантазија, луѓето веќе гледале како римските армии се протерани од Ерусалим и како Израел уште еднаш станува независна нација. Сите биле среќни и возбудени; луѓето се натпреварувале кој ќе Му укаже поголема чест. Тие не можеле да му пружат надворешен раскош и елеганција, но Го обожавале во своите среќни срца. Не биле во можност да Му даруваат скапи подароци, но ги постилале на патот своите облеки како килим и го опсипувале патот со маслинови и палмови гранчиња. Не можеле да одат пред триумфалната поворка со царски знамиња, туку сечеле широки палмови гранки природен симбол на победа и мавтале со нив заедно со нивните гласни извици и повици на пофалба. {КВ 570.1}
Попатно, на мноштвото му се придружувале оние кои слушнале за Неговото доаѓање и затоа побрзале да се придружат на поворката. Набљудувачите постојано се мешале со мноштвото, прашувајќи: „Кој е тој? Што значи сета оваа возбуда?“ Сите тие слушнале за Исуса и очекувале дека Тој ќе дојде во Ерусалим, но знаеле дека дотогаш Тој ги одбивал сите обиди на Своите следбеници да Го постават на престолот; па затоа биле многу изненадени, кога слушнале дека тоа е Тој. Се прашувале што можело да ја предизвика таа промена во Него, бидејќи рекол дека Неговото царство не е од овој свет. {КВ 570.2}
Нивните прашања биле придушени од триумфалниот извик, кој постојано бил повторуван од страна на желното мноштво, а кон кое се соединиле и луѓето оддалеку и кое одекнувало низ околните брегови и долини. Сега на поворката и се придружило мноштвото од Ерусалим. Од мноштвата што се собрале да присуствуваат на Пасха, излегувале илјадници да го пречекаат Исуса и да му посакаат добредојде. Тие Го поздравувале мавтајќи со палмовите гранчиња и со излив на свети песни. Свештениците во храмот трубеле во трубите за вечерна служба, но малкумина од нив се одѕвале и поглаварите вознемирено зборувале еден на друг: „Светот тргна по Него”. {КВ 571.1}
Никогаш порано во Својот земен живот, Исус не дозволил таква демонстрација. Тој јасно ги предвидел последиците. Тоа ќе Го одведе на крст. Меѓутоа, Негова цел била на тој начин јавно да се прикаже како Откупител. Сакал да го сврти вниманието на жртвата која ќе ја круниса Неговата мисија во паднатиот свет. Додека народот се собирал во Ерусалим за да ја прослави Пасха, Тој остварувањето на симболот, вистинското Јагне доброволно се дал Себеси за жртва. Неговата смрт за гревовите на светот, ќе мора во сите наредни векови да биде предмет на длабоко размислување и проучување во Неговата црква. Секој факт во врска со тоа мора да биде проверен, така што нема да остане ниту сенка на сомнеж. Затоа, во тоа време било потребно очите на сиот народ да бидат насочени кон Него, па настаните кои претходат на Неговата голема жртва да бидат такви, што ќе го свртат вниманието на самата жртва. По таквото Негово влегување во Ерусалим, сите внимателно ќе набљудуваат како Тој бргу се приближува кон завршната сцена на Својата мисија. {КВ 571.2}
Настаните поврзани со тоа триумфално јавање ќе бидат предмет на секој разговор и Исус ќе биде предочен на нивното внимание. По Неговото распнување, многумина ќе се сетат на овие настани во врска со Неговото судење и смрт. Тие ќе бидат поттикнати да ги испитуваат пророштвата и на тој начин ќе стекнат уверување дека Тој навистина бил Месијата и во сите земји ќе се зголеми бројот на оние кои пристапуваат на верата. {КВ 571.3}
Во таа единствена триумфална сцена во Неговиот земен живот, Исус можел да се појави во придружба на небесните ангели со звуци на Божјата труба, но таквата сцена би била спротивна на целта на Неговата мисија, спротивна на законот што управувал со Неговиот живот. Тој останал верен на понизната судбина што ја избрал. Морал да го носи товарот на човечката природа, сѐ додека не го положил Својот живот за животот на светот. {КВ 571.4}
Тој ден, кој на учениците им изгледал најубав во животот, би бил замрачен од темни облаци, кога тие би знаеле дека тој радосен настан е само вовед во страдањата и смртта на нивниот Учител. Иако повеќе пати им зборувал за Својата неизбежна жртва, во радосниот триумф тој ден, тие заборавиле на Неговите тажни зборови и го очекувале Неговото успешно владеење на Давидовиот престол. {КВ 571.5}
Поворката постојано се зголемувала и со неколку исклучоци, сите кои и пристапувале, биле исполнети со вдахновението на тој момент и ги придружувале своите гласови во песните на благодарност, кои одекнувале низ ридовите и долините. Постојано се слушале извиците: „Осана на Давидовиот син! Благословен да е Оној, Кој Доаѓа во Господово име! Осана во висините!“ {КВ 572.1}
Никогаш дотогаш светот не видел таква триумфална поворка. Таа не прилегала на поворките на познатите земни освојувачи. Во неа немало тажни заробеници трофеи на царската храброст. Околу Спасителот се наоѓале величествени трофеи на Неговата љубов и Неговото залагање за грешниот човек. Тоа биле робови што Тој ги ослободил од сатанската власт, фалејќи го Бога заради своето ослободување. Предводеле оние кои некогаш биле слепи и на кои Тој им го вратил видот, а немите, на кои им го вратил говорот, најгласно пееле песни на благодарност. Оние кои биле сакати и кои ги излекувал, скокале од радост и најмногу ги кршеле палмините гранчиња со кои мавтале пред Спасителот. Вдовиците и сирачињата го воздигале Исусовото име поради зборовите на милост што им ги упатил. Лепрозните кои ги очистил, ги постилале своите чисти облеки на патот по кој минувал и Го поздравувале како Цар на славата. Во мноштвото се наоѓале и сите оние кои Неговиот глас ги разбудил од смртниот сон. Лазар, чие тело почнало да се распаѓа во гробот, но кој сега се радувал во силата на полната мажевност, го водел магарето на кое јавал Спасителот. {КВ 572.2}
Многумина од фарисеите биле сведоци на сцената и горејќи од завист и злоба, се обидувале да ги потиснат чувствата на народот. Со сиот свој авторитет се труделе да го замолчат народот, но нивните апели и закани само уште повеќе го зголемувале воодушевувањето. Тие се плашеле дека тоа мноштво, потпирајќи се на својата бројка, ќе го прогласи Исуса за цар. Користејќи го како последно можно средство, тие се пробиле низ мноштвото до Христа и Му се обратиле со зборови на прекор и закана: „Учителу, забрани им на Твоите ученици”. Тие тврделе дека таквата врева е незаконска и дека властите нема да ја толерираат. Меѓутоа, Исус ги замолчел со Својот одговор: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат”. Самиот Бог ја одредил таа триумфална сцена. Тоа го претскажал пророкот, а човекот бил немоќен да ја спречи Божјата цел. Кога луѓето не би го оствариле Неговиот план, Бог би дал глас на безживотните камења и тие би го поздравиле Неговиот Син со извици на благодарност. Кога фарисеите со молчење се повлекле, стотина гласови ги повториле зборовите на Захарија: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко Ерусалимска; Ете, твојот Цар Доаѓа при тебе; праведен е и спасува; кроток и седнат на оспе, младенче на ослицата”. {КВ 572.3}
Кога поворката стигнала на врвот на ридот и кога речиси почнала да се спушта кон градот, Исус застанал, а по Него и сето мноштво. Пред нив лежел Ерусалим во својата слава, прелевајќи се на светлината на сонцето што заоѓало. Сите погледи биле насочени кон храмот. Во својата импозантна величественост и големина, храмот се издигал над сите останати згради, како да покажувал на небото и го упатувал народот кон единствениот и жив Бог. Храмот одамна бил гордост и слава на еврејскиот народ. И Римјаните се гордееле со неговиот величествен изглед. Еден цар што бил поставен од Римјаните, им се придружил на Евреите повторно да го изгради и украси тој храм, а римскиот император го збогатил со своите дарови. Според својата големина, богатство и убавина, храмот бил едно од светските чуда. {КВ 575.1}
Сонцето на заоѓање го обојувало и позлатувало небото, а неговата блескава слава ги осветлувала чистите бели мермерни ѕидови на храмот и блескале на неговите столбови обложени со злато. Од врвот на ридот на кој стоеле Исус и Неговите следбеници, храмот изгледал како масивна градба од снег со златни врвови. На влезот во храмот се наоѓала винова лоза од злато и сребро, со зелени лисја и огромни гроздови дело на највештите уметници. На тој начин Израел бил прикажан како родна лоза. Комбинацијата од злато, сребро и природно зеленило биле соединети со редок вкус и извонредна вештина на изработка. Лозата милно се обвиткувала околу белите и блескави столбови, држејќи се со сјајните ластари за златните украси, а сончевите зраци на залезот се одбивале од неа со величествен сјај, кој како да Доаѓал од небото. {КВ 575.2}
Исус ја набљудувал таа сцена, а мноштвото стивнало како маѓепсано од таа ненадејна сцена на убавина. Сите го насочиле погледот кон Спасителот, очекувајќи на Неговото лице да видат израз на восхит, што самите го чувствувале. Наместо тоа, тие виделе облак од тага. Биле изненадени и разочарани кога виделе дека очите Му се полни со солзи, а Неговото тело се тресело како дрво пред бура, додека од Неговите треперливи усни, како од длабочина на скршено срце се оттргнал лелек на болка. Каква сцена за ангелите! Нивниот сакан Водач во солзи на болка! Каква била таа сцена за радосното мноштво, кое со триумфални извици и мавтајќи со палмови гранчиња Го спроведувала до величествениот град, надевајќи се наивно дека Тој ќе царува таму! Тој плачел и на Лазаровиот гроб, но тоа била божествена тага сочувство кон човечката несреќа. Меѓутоа, оваа неочекувана тага била како глас на таженка во еден величествен и триумфален хор. Среде општата радост, кога сите Му оддавале почест, Царот на Израел бил во солзи, а тоа не биле тивки солзи радосници, туку солзи и офкања на неконтролирана агонија. Одеднаш мноштвото го обзела тага. Нивните извици стивнале. Многумина плачеле од сочувство кон една болка која не можеле да ја сфатат. {КВ 575.3}
Исус не ппачеп заради страдањата што го очекувале. Непосредно пред Него се наоѓала Гетсиманија, каде што ужасот на темнината наскоро ќе ја фрли својата сенка врз Него. Исто така, можела да се види овчата врата, низ која со векови ги воделе животните одредени за жртва. Таа врата наскоро ќе се отвори пред Него, пред реалноста што ја прикажувал сим6олот, на чија жртва за гревовите на светот укажувале овие жртви. Во близина се наоѓала Голгота местото на Неговата агонија што се приближувала. Но Сепак, Откупителот не плачел и офкал со тага во душата, не заради тие потсетници на агонијата што се приближувала. Неговата тага не била себична. Помислата на сопствената агонија не ја исплашила таа благородна, самопожртвувана душа. Исусовото срце било прободено од сцената на Ерусалим Ерусалим кој го отфрлил Божјиот Син и ја презрел Неговата љубов кој не сакал да биде убеден од Неговите моќни чуда и кој се подготвувал да му го одземе животот. Тој видел дека градот е виновен за отфрлање на својот Спасител, видел што би можел да биде доколку го прифати Оној, Кој единствено можел да ги излекува неговите рани. Тој дошол да го спаси, и како можел да се откаже од него? {КВ 576.1}
Израел бил народ кон кого било покажано благонаклоност; неговиот храм бил Божјо живеалиште и бил „прекрасна возвишеност, радост на целата земја”. (Псалм 48:2) Тука се наоѓа извештај на преку илјада години на заштитничка Христова грижа и нежна љубов, како што таткото се грижи за својот единец. Во тој храм пророците ги изговориле своите свечени опомени. Тука свештениците мавтале со кадилниците, додека кон Бога се воздигал мирисот на темјан помешан со молитвите на верниците. Тука течела крвта на жртвуваните животни, која ја прикажувала Христовата крв. Тука Господ ја откривал Својата слава над престолот на милоста. Тука свештениците служеле, тука со векови се одвивал раскошот на симболите и церемониите. Меѓутоа, сето ова мора да има крај. {КВ 576.2}
Исус ја подигнал Својата рака која толку често ги благословувала болните и страдалниците и покажувајќи со неа во правец на градот кој бил осуден на пропаст, извикал со глас, испрекинат од болка: „Да беше узнал барем во овој твој ден, она што е потребно за твојот мир!“ Тука Спасителот запрел, не кажувајќи што би било со Ерусалим, кога би ја прифатил помошта што Бог сакал да му ја даде дарот на Неговиот сакан Син. Кога Ерусалим би го знаел она што можел да го знае, кога би обрнал внимание на светлината што му ја испратило Небото, тој би стоел во гордоста на својот просперитет, како цар на сите царства, слободен во својата од Бога дадена сила. На неговите порти не би стоеле вооружени војници, ниту од неговите ѕидини би се вееле римски знамиња. Пред Божјиот Син се појавила славата и големината со која Ерусалим би бил благословен доколку го примил својот Откупител. Тој видел дека преку Него Ерусалим би се излекувал од својата тешка болест, би се ослободил од ропството и би станал моќна престолнина на светот. Од неговите ѕидини гулабот на мирот би полетал кон сите народи. Тој би бил славна круна на светот. {КВ 576.3}
Меѓутоа, пред очите на Спасителот исчезнала прекрасната слика за Ерусалим. Бил свесен дека тој град сега е под римски јарем, имајќи го врз себе Божјиот гнев, дека е осуден на Неговите казни. Затоа Тој ја продолжува прекинатата нишка на својата таженка: „Но сега тоа е скриено за твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат и ќе те притиснат од сите страни. И ќе те срамнат до земја тебе и твоите деца со тебе; и нема да остане во тебе камен на камен, зашто не го позна времето кога беше посетен”. {КВ 577.1}
Христос дошол да го спаси Ерусалим со неговите деца, но фарисејската горделивост, лицемерност, љубомора и злоба Го спречиле да ја оствари Својата намера. Исус знаел каква страшна одмазда ќе го снајде осудениот град. Го видел Ерусалим опколен со војска, со опседнати жители како умираат од глад, со мајки кои се хранат со мртвите тела на своите деца, додека родителите и децата си го грабале последниот залак храна, бидејќи болките на гладот ја уништиле природната љубов. Видел дека тврдоглавоста на Евреите, која се покажала во нивното отфрлање на Неговото спасение, ќе доведе до тоа да не се покорат на напаѓачката војска. Ја видел Голгота на која требало да биде издигнат, густо покриена со крстови како шума со дрвја. Ги видел бедните жители како страдаат на справи за мачење и како се распнати на крст, прекрасните палати разурнати, храмот во урнатини, така што од неговите масивни ѕидови не останал ниту камен на камен, додека градот бил преоран како нива. Навистина Спасителот имал причина да заплаче во душевна болка, кога ја здогледал таа ужасна сцена! {КВ 577.2}
Ерусалим бил дете за кое Тој се грижел и како што таткото тагува по својот заталкан син, така и Исус плачел над саканиот град. Како можам да се откажам од тебе? Како можам да те гледам осуден на пропаст? Дали морам да те пуштам да ја наполниш чашата на своето беззаконие? Една душа е толку драгоцена, што во споредба со неа, целиот свет станува безначаен а сега требало да биде загубен цел еден народ! Кога сонцето што брзо заоѓало ќе се изгуби од хоризонтот, ќе заврши и денот на милоста за Ерусалим. Кога поворката запрела на врвот на Маслиновата Гора сѐ уште не било доцна Ерусалим да се покае. Ангелот на милоста веќе ги склопувал своите крилја за да се симне од златниот престол и да го отстапи местото на правдата и казната, која бргу се приближува. Меѓутоа, Христовото големо срце на љубов сѐ уште се заземало за Ерусалим, кој се подбивал на Неговата милост, ги презрел Неговите опомени и сега се подготвувал да ги намокри своите раце со Неговата крв. Кога Ерусалим би се покајал, сѐ уште не би било доцна. Додека зраците на сонцето што заоѓало, сѐ уште ги осветлувале храмот, кулата и врвот, зар нема некој добар ангел да го поведе Ерусалим кон Спасителовата љубов и да ја спречи неговата пропаст? Прекрасен и несвет граду, кој каменуваше пророци, кој го отфрли Божјиот Син, кој со својата непокајаност се окова во синџири на ропството денот на твојата милост веќе е при крај! {КВ 577.3}
Сепак, Божјиот Дух повторно му проговорил на Ерусалим. Пред да заврши денот, било дадено уште едно сведоштво за Христа. Гласот на сведокот се подигнал, одѕивајќи се на повикот од пророчкото минато. Ако Ерусалим го слушне повикот, ако го прими Спасителот што влегува низ неговите порти сѐ уште може да биде спасен. {КВ 578.1}
До поглаварите во Ерусалим стигнале гласови дека Исус се приближува кон градот со голема поворка луѓе. Меѓутоа, тие не му подготвиле добредојде на Божјиот Син. Тие со страв Му излегле во пресрет, надевајќи се дека ќе го растераат мноштвото. Кога поворката скоро почнала да слегува од Маслиновата Гора, поглаварите ги пресретнале, распрашувајќи се за причините на таа гласна радост. Кога прашале: „Кој е тој?“ учениците, исполнети со духот на вдахновение, одговарале елоквентно, повторувајќи вдахновени пророштва за Христа: {КВ 578.2}
„Адам ќе ви каже: ‘Тој е семето на жената што ќе ја рани главата на змијата’. {КВ 578.3}
Прашајте го Авраам, па ќе ви каже: ‘Тој е „Мелхиседек, цар Салимски, Цар на Мирот’”. (Создавање 14:18) {КВ 578.4}
„Јаков ќе ви каже: ‘Тој е Шајло од племето на Јуда’. {КВ 578.5}
Исаија ќе ви каже: ‘Емануел,’ ‘Прекрасен, Советник, Бог силен, Татко вечен, Кнез на мирот’”. (Исаија 7:14; 9:6) {КВ 578.6}
„Еремија ќе ви каже: ‘Изданок на Давида’, ‘Господ нашата праведност’”. (Еремија 23:6) {КВ 578.7}
„Даниел ќе ви каже: ‘Тој е Месијата’. {КВ 579.1}
Осија ќе ви каже: ‘Тој е Господ Бог над војските Јехова е Неговиот спомен’”. (Осија 12:5) {КВ 579.2}
„Јован Крстителот ќе ви каже: ‘Тој е Јагнето Божјо, Кое ги зема на Себе гревовите на светот’”. (Јован 1:29) {КВ 579.3}
„Големиот Јехова објавил од Својот престол: ‘Ова е Мојот возљубен син’”. (Матеј 3:17) {КВ 579.4}
„Ние, Неговите ученици, изјавуваме: ‘Тоа е Исус, Месијата, Кнезот на животот, Откупителот на светот’. {КВ 579.5}
А го признава и кнезот на силите на темнината, велејќи: ‘Те знам кој си Ти; Светец Божји’”. (Марко 1:24) {КВ 579.6}