87. „КАЈ СВОЈОТ ОТЕЦ И ВАШИОТ ОТЕЦ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 24:50-53; Дела 1:9-12.

Дошло време Христос да се вознесе до Татковиот престол. Како божествен победник, Тој се подготвувал во небесните дворови да се врати со трофеите на Својата победа. Пред Својата смрт Тој му изјавил на Својот Татко: „Ја завршив работата што ми ја даде да ја свршам”. (Јован 17:4) По Своето воскресение, Христос уште извесен период престојувал на Земјата, за да можат Неговите ученици да Го запознаат и во Неговото воскреснато и прославено тело. Сега бил подготвен да се раздели од нив. Тој ја докажал веродостојноста на фактот дека Тој е жив Спасител. Неговите ученици за Него веќе не морале да мислат како за Оној, Кој лежи во Јосифовиот гроб. Тие за Него треба да мислат како за Оној, Кој се прославил пред целата вселена. {КВ 829.1}

За Своето вознесение, Христос одбрал место кое толку често било посветено со Неговото присуство додека престојувал меѓу луѓето. Ниту гората Сион каде што се наоѓал Давидовиот град, ниту гората Морија каде што се наоѓал храмот, не требало да бидат почестени на тој начин. На тие места Спасителот бил исмеван и отфрлен. Тука срцата кои биле тврди како карпа ги одбивале брановите на милоста, кои повторно се враќале во изливи на уште поголема љубов. Оттаму Исус, уморен и со тешко срце, отишол понатаму да бара мир на Маслиновата Гора. Тука светиот облак на Божјата слава, заминувајќи од првиот храм, запрел на источната гора, како да не може да се одвои од избраниот град. Така и Христос сега стоел на Маслиновата Гора и го набљудувал Ерусалим, додека срцето му било исполнето со копнеж. Шумичките и долините на таа гора биле посветени од Неговите молитви и солзи. Од нејзините брегови се огласувале триумфалните извици на мноштвото кое го прогласило за цар. На нејзините коси падини Тој нашол дом кај Лазар од Витанија. На нејзиното подножје се наоѓала Гетсиманската градина, местото каде што се молел сам и бил во агонија. Од таа гора Тој требало да се вознесе на небото. На нејзиниот врв ќе се спуштат Неговите нозе кога повторно ќе дојде, но не како човек на болката и срамот, туку како прославен и триумфален Цар. Тогаш ќе стои на Маслиновата Гора, додека еврејските извици „Алелуја“ ќе се мешаат со незнабожечкото „Осана“, а гласовите на спасените како силна војска ќе се слеат во извикот: „Крунисајте го Господарот над Господарите”. {КВ 829.2}

Сега со единаесетмината ученици Исус се упатил кон таа гора. Кога минувале низ ерусалимската порта, многу зачудени погледи ја набљудувале таа мала група, предводени од Оној, Кој пред само неколку седмици поглаварите го осудиле и распнале. Учениците не знаеле дека тоа е нивна последна средба со Учителот. Исус го поминал времето во разговор со нив, повторувајќи им ги Своите порано дадени упатства. Кога се приближиле кон Гетсиманската градина, Тој запрел за тие да можат да се потсетат на поуките што Тој им ги дал во ноќта на Својата голема агонија. Уште еднаш ја набљудувал лозата со која го прикажал единството на Својата црква со Себе и со Својот Татко; уште еднаш ги повторил вистините кои тогаш им ги изнел. Секаде околу Него се наоѓале докази за Неговата невозвратена љубов. Дури и учениците, кои биле толку драги на Неговото срце, во моментот на Неговото понижување Го осрамотиле и Го напуштиле. {КВ 830.1}

Христос престојувал на овој свет триесет и три години. Тој бил презрен, навредуван и исмеван; Тој бил отфрлен и распнат од овој свет. Сега, кога се подготвувал да се вознесе до Својот престол на славата размислувајќи за неблагодарноста на оние кои дошол да ги спаси нема ли да ги повлече од нив Своето сочувство и љубов? Нема ли Неговата љубов да се сосредоточи на она царство каде што Го ценат и каде што безгрешните ангели чекаат да го извршат Неговиот налог? Не, Неговото ветување дадено на оние што ги сака и што ги остава на Земјата, гласи: „Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот”. (Матеј 28:20) {КВ 830.2}

Кога стигнале до Маслиновата Гора, Исус ги повел преку врвот во близина на Витанија. Тука застанал и учениците се собрале околу Него. Додека ги набљудувал со поглед полн со љубов, изгледало дека светлина зрачи од Неговото лице. Не ги прекорувал заради нивните грешки и недостатоци; туку зборови со најголема нежност биле последните зборови што ги слушнале од усните на својот Учител. Раширувајќи ги Своите раце за да ги благослови и како да им ветува Своја заштита, Тој полека се издигнувал од нив, привлечен кон небото со сила посилна од која било земна привлечна сила. Додека Тој се издигнувал кон небото, вчудовидените ученици ги напрегале своите очи за да го фатат и последниот поглед на нивниот Господ, Кој се вознесувал. Облак од слава Го сокрил од нивните погледи и додека Го прифаќала ангелска копа слична на облак, до нив допирале зборовите: „Еве, Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот”. Во исто време до нив стигнала најумилна и најрадосна музика на ангелски хор. {КВ 830.3}

Додека учениците сѐ уште зачудено гледале во небото, некој им се обратил со глас, кој звучел како најраскошна музика. Се свртеле и виделе двајца ангели во човечки облик, кои им рекле: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Истиот овој Исус, кој се вознесе на небото меѓу вас, пак ќе се врати исто онака како што Го видовте дека заминува на небото”. {КВ 831.1}

Овие ангели припаѓале на онаа група, која во блескав облак чекала да Го испрати Исуса до Неговиот небесен дом. Највозвишени во ангелското мноштво, тие двајца дошле на Христовиот гроб при Неговото воскресение, а тие биле покрај Него и во текот на Неговиот целокупен живот на Земјата. На небото сите со најдлабок копнеж очекувале да заврши Неговото задржување на овој свет осквернет од проклетството на гревот. Сега дошол моментот небесната вселена да го прими Својот Цар. Зар овие двајца ангели не копнееле да му се придружат на мноштвото кое со добредојде го поздравувало Исуса? Меѓутоа, во сочувство и љубов кон оние кои Тој ги оставил, тие почекале за да ги утешат. „Зар не се сите тие службени духови испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?“ (Евреите 1:14) {КВ 832.1}

Христос се вознел на небото во човечки облик. Учениците виделе облак кој Го прифатил. Оној Исус, Кој некогаш пешачел, разговарал и се молел со нив, Кој го кршел лебот, седел заедно со нив во нивниот чамец на езерото и Кој со нив тој ден напорно се искачувал на Маслиновата гора тој Исус, сега заминал да го дели престолот на Својот Татко. Ангелите им дале уверување дека токму тој Исус, Кого Го виделе како заминува на небо, повторно ќе дојде на истиот начин како што заминал. Тој ќе дојде „со облаци и ќе го види секое око”. „Зашто сам Господ со заповед, со архангелски глас и со звук на Божја труба ќе слезе од небото и најпрво ќе воскреснат умрените во Христа”. „Синот Човечки ќе дојде во Својата слава во придружба на сите ангели, а потоа ќе седне на престолот на Својата слава“ (Откровение 1:7; 1. Солунјаните 4:16; Матеј 25:31) Така ќе се исполни Господовото ветување што им го дал на Своите ученици: „Кога ќе заминам и ќе ви приготвам место, ќе се вратам да ве земам кај Себе и вие да бидете таму каде што сум Јас”. (Јован 14:3) Учениците навистина можеле да се радуваат во надежта дека нивниот Господ повторно ќе се врати. {КВ 832.2}

Кога учениците се вратиле во Ерусалим, луѓето ги набљудувале со вчудовидување. По судењето на Христа и по Неговото воскресение, се сметало дека тие ќе изгледаат потиштени и посрамени. Нивните непријатели очекувале на нивното лице да видат израз на тага и пораз. Наместо тоа, на нивното лице сега се одразувало само радост и триумф. Биле озарени од среќа која не потекнувала од Земјата. Тие не ги оплакувале неостварените надежи, туку биле исполнети со оддавање слава и благодарност на Бога. Со радост раскажувале за чудесните настани за Христовото воскресение и вознесување на небото и многумина го прифатиле нивното сведоштво. {КВ 832.3}

Учениците веќе не гледале со недоверба во иднината. Знаеле дека Исус е на небото и дека Неговата љубов кон нив не се изменила. Знаеле дека имаат пријател крај Божјиот престол и желно сакале да ги упатат своите молитви кон Таткото во Христово име. Со свечено стравопочитување се поклониле во молитва, повторувајќи го уверувањето: „Што и да побарате од Таткото во Мое име, ќе ви даде. Досега не баравте ништо во Мое име. Барајте и ќе примите, за радоста ваша да биде потполна”. (Јован 16:23,24) Сѐ повеќе и повеќе ги подавале рацете на верата, повикувајќи се на силниот аргумент: „Исус Христос Кој умре, па уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и Кој посредува за нас”. (Римјаните 8:34) Големиот ден на Педесетница им донел полнина на радост во појавата на Утешителот, токму онака, како што ветил Христос. {КВ 833.1}

Цело небо се подготвувало да Му посака добредојде на Спасителот при враќањето во небесните дворови. Вознесувајќи се од Земјата, Тој предводел мноштво заробеници ослободени при Неговото воскресение. Војски ангели со извици и восклици на слава и небесни песни, ја следеле радосната поворка. {КВ 833.2}

Кога се приближиле кон Божјиот град, ангелите кои се наоѓале во Христова придружба, повикале: {КВ 833.3}

„Порти, подигнете ги своите надвратници,

Подигнете се вечни порти,

Да влезе Царот на славата!“ {КВ 833.4}

Радосно возвратила стражата што чекала: {КВ 833.5}

„Кој е тој Цар на славата?“ {КВ 833.6}

Ова го кажале не затоа што тие не знаеле кој е Тој, туку затоа што сакаат да го слушнат одговорот на возвишена фалба: {КВ 833.7}

„Господ моќен и силен,

Господ силен во бој.

Порти, подигнете ги своите надвратници,

Подигнете се вечни порти,

Да влезе Царот на славата!“ {КВ 833.8}

Повторно се слушнал повикот: „Кој е тој Цар на славата?“ зашто ангелите никогаш не се уморуваат да слушаат како се возвишува Неговото име. Ангелите од Христовата придружба одговориле:  {КВ 833.9}

„Господ над војските,

Тој е Царот на славата”. (Псалм 24:7-10) {КВ 833.10}

Тогаш ширум се отвориле портите на Божјиот град, а триумфалната поворка на чело со Христа и со мноштво ангели, во придружба на величествена музика, влегла во градот. {КВ 833.11}

Тука е престолот, а околу него виножитото на ветувањето. Тука се херувимите и серафимите. Тука се заповедниците на ангелските чети, Божјите синови, претставниците на безгрешните светови. Небесниот совет пред кој некогаш Луцифер го обвинувал Бога и Неговиот Син, претставниците на оние безгрешни царства над кои сатаната сакал да го воспостави своето царство сите се тука за да Му посакаат добредојде на Спасителот. Тие се желни да ја прослават Неговата победа и да Го прослават својот Цар. {КВ 834.1}

Меѓутоа, Тој ги задржал, мавтајќи им со раката. Уште не; уште не може да го прими венецот на славата и царската облека. Тој излегува пред лицето на Својот Татко. Ја покажува ранетата глава, прободените ребра, повредените нозе; ги подига Своите раце со лузни од клиновите. Тој покажувал на знаците на Својата победа. Тој, како лелеави снопови му ги претставува на Таткото оние што воскреснале заедно со Него како претставници на она силно мноштво што ќе воскресне од гробот при Неговото второ доаѓање. Тој Му се приближува на Таткото, Кој секогаш се радува кога еден грешник се кае и Кој се радува над секој таков со песна. Пред да бидат поставени темелите на оваа Земја, Таткото и Синот се согласиле со свечен завет дека ќе го спасат човекот доколку тој биде измамен од сатаната. Ги стегнале Своите раце во свечен завет дека Христос ќе стане гаранција за човечкиот род. Христос целосно го исполнил тој завет. Кога на крстот извикал: „Се сврши,“ Тој му се обратил на Таткото. Спогодбата била целосно исполнета. Сега Тој изјавил: „Татко, свршено е. Ја исполнив Твојата волја, Боже Мој. Го извршив делото на откупувањето. Ако Твојата правда е задоволена, сакам оние што ми ги даде да бидат со Мене каде што сум Јас”. (Јован 19:30; 17:24) {КВ 834.2}

Тогаш се слушнал Божјиот глас, Кој објавил дека правдата е задоволена. Сатаната е победен. Христовите следбеници кои се борат и мачат на Земјата, се „примени во Возљубениот”. (Ефесјаните 1:6) Пред небесните ангели и пред претставниците на безгрешните светови, тие се прогласени за оправдани. Каде што е Христос, таму ќе биде и Неговата црква. „Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се прегрнат”. (Псалм 85:10) Таткото Го прегрнал Својот Син и била искажана Речта: „Нека Му се поклонат сите Божји ангели”. (Евреите 1:6)  {КВ 834.3}

Со неискажана радост поглаварите, началствата и властите ја признале врховната власт на Кнезот на животот. Ангелските војски паднале ничкум пред Него, додека радосните извици ги исполнувале сите небесните дворови: „Достојно е Јагнето, Кое е заклано да прими сила и богатство, мудрост, моќ, чест, слава и благослов”. (Откровение 5:12) {КВ 834.4}

Победничките песни се слеале со музиката од ангелските харфи, сѐ додека не изгледало дека целото Небо е преплавено со радост и пофалба. Љубовта победила. Изгубеното е најдено. Небото одѕвонувало во возвишени песни кои објавуваат: „На Оној што седи на престолот и на Јагнето: благослов и чест, слава и власт во сите векови”. (Откровение 5:13) . {КВ 834.5}

Од таа сцена на небесна радост, до нас на Земјата ни се враќаат како одек прекрасните Христови зборови: „Се враќам кај Мојот Татко и кај вашиот Татко, кај Мојот Бог и кај вашиот Бог”. (Јован 20:17) Небесното и земното семејство станале едно. Заради нас Христос се вознел и заради нас Тој живее. „Затоа може целосно да ги спаси оние кои преку Него доаѓаат кај Бога, зашто секогаш живее за да посредува за нив”. (Евреите 7:25) {КВ 835.1}

Сподели го ова:

Слични објави