19. НА ЈАКОВОВИОТ ИЗВОР
Оваа поглавје е засновано на Јован 4:1-42.
На патот кон Галилеја Исус поминал низ Самарија. Било пладне, кога стигнал во прекрасната долина Сихем. На почетокот на таа долина се наоѓал Јакововиот извор. Изморен од патот, Исус седнал да се одмори, додека Неговите ученици отишле да купат храна. {КВ 183.1}
Евреите и Самарјаните биле огорчени непријатели и колку што можеле избегнувале меѓусебна врска. Рабините сметале дека според законот е дозволено тргување со Самарјаните во случај на потреба, но го осудувале секое дружење со нив. Евреинот не би позајмувал од Самарјанин, ниту од него би примал каква и да е услуга, па дури ни парче леб или чаша вода. Купувајќи храна, учениците постапувале соодветно на обичаите на својот народ. Меѓутоа, повеќе од тоа не правеле. Дури ниту на Христовите ученици не им паѓало на ум да бараат некаква услуга од Самарјаните, ниту пак да се обидат на некој начин да им помогнат. {КВ 183.2}
Додека седел покрај изворот, Исус чувствувал исцрпеност од глад и жед. Патувањето од рано наутро било долго, а сега печело пладневното сонце. Жедта уште повеќе се зголемила со помислата на студена, свежа вода, која му била толку близу, а Сепак недостапна, бидејќи немал ни јаже, ни сад, а бунарот бил длабок. Тој ја делел човечката судбина и затоа чекал некој да дојде да нацрпи вода. {КВ 183.3}
Тогаш се приближила една жена Самарјанка и, како да не го забележува Неговото присуство, го наполнила својот сад со вода. Кога се свртела да си оди, Исус побарал од неа вода. Таква услуга на Исток никој не би одбил. На Исток водата се нарекува „Божји дар”. Да се напои жеден патник се сметало за толку света должност, што Арапите во пустината би скршнале од својот пат за да ја исполнат. Постоечката омраза помеѓу Евреите и Самарјаните ја спречило Самарјанката да му понуди љубезност на Христа. Сепак Спасителот се трудел да најде клуч за нејзиното срце и со такт, кој бил плод на божествената љубов барал, а не понудил услуга. Понудената услуга можела да биде одбиена, но довербата буди доверба. Царот на вселената и пристапил на таа отфрлена душа и од неа побарал услуга. Оној, Кој го создал океанот, Кој владее со најдлабоките водени површини, Кој ги создал изворите и реките на Земјата, се одморал од заморот на Јакововиот извор и зависел од добрината на една туѓинка да ја изгасне Неговата жед. {КВ 183.4}
Самарјанката видела дека Исус е Евреин. Во своето изненадување таа заборавила да го направи она што Тој ја замолил, но сакала да ја дознае причината за тоа. „Како тоа,“ рекла таа, „ти Јудеец, бараш од мене, Самарјанка, да пиеш?“ {КВ 184.1}
Исус одговорил: „Кога би го знаела Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели: Дај ми да пијам; ти би барала од Него и Тој би ти дал жива вода”. „Се чудиш што барам толку малечка услуга како што е голтка вода од бунарот крај нашите нозе. Кога би барала од Мене, јас би ти дал да пиеш од водата на вечниот живот”. {КВ 184.2}
Самарјанката не ги разбрала Христовите зборови, но го почувствувала нивното возвишено значење. Нејзиното лекомислено однесување почнало да се менува. Претпоставувајќи дека Исус зборува за изворот што се наоѓал пред нив, таа рекла: „Господине, ти немаш со што да нацрпиш, а изворот е длабок; тогаш од каде имаш жива вода? Зар ти си поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој бунар и самиот тој пиеше од него?“ Пред себе гледала само еден жеден патник, изморен од патот и правлив од одењето пеш. Во своите мисли го споредила со почитуваниот патријарх Јаков. Таа сметала, што е сосема природно дека ниеден друг извор не може да се спореди со овој што им останал сочуван уште од прататковците. Се сеќавала на предците од минатото и го очекувала доаѓањето на Месијата, додека Надежта на предците, Самиот Месија се наоѓал пред неа, но таа не го препознала. Колку многу жедни души денес се наоѓаат покрај живиот извор, а Сепак толку далеку го бараат изворот на животот! „Не вели во своето срце: ‘Кој ќе се качи на небото?’; (односно да го симне Христа) ниту: ‘Кој ќе влезе во бездната?’ (односно, да го изведе Христа од мртвите)… Словото е близу до тебе, во твојата уста и во твоето срце… ако исповедаш со својата уста дека Исус е Господ и ако во срцето веруваш дека Бог го воскресна од мртвите, ќе бидеш спасен”. (Римјаните 10:6-9) {КВ 184.3}
Исус не одговорил веднаш на прашањето што се однесувало на Него, туку со свечена сериозност рекол: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам Јас ќе стане во него извор на вода што тече во живот вечен”. {КВ 187.1}
Оној што бара да ја згасне својата жед на изворите на овој свет, ќе пие и пак ќе биде жеден. Луѓето насекаде се незадоволни. Тие копнеат по нешто што ќе ја задоволи потребата на душата. Само Еден може да ја задоволи таа потреба. Потребата на светот „Копнежот на сите народи“ е Христос. Божествената благодат која само Тој може да ја даде тоа е живата вода што чисти, освежува и ја закрепнува душата. {КВ 187.2}
Исус со ништо не навестил дека на оној, кој е жеден за водата на животот ќе му биде доволно само еднаш да се напие. Оној што еднаш ќе ја вкуси Христовата љубов, тој постојано копнее да добие повеќе, но и не бара ништо друго. Него не го привлекуваат богатствата, почестите и задоволствата на овој свет. Постојаниот повик на Неговото срце е: „Повеќе од Тебе”. А Оној, кој и ги открива на душата нејзините потреби, чека да ја задоволи нејзината глад и жед. Секој човечки извор и секое надевање во човекот се чини недоволно. Сите резервоари можат да се исцрпат, бунарите да се испразнат, но нашиот Спасител е непресушен извор од Кој можеме да се напиеме и од Кој секогаш ќе наоѓаме свежа вода. Оној во кого живее Христос, тој има во себе извор на благослови „извор на вода што тече во живот вечен”. Од овој извор тој може да црпи сила и благодат доволни за сите негови потреби. {КВ 187.3}
Кога Исус зборувал за живата вода, жената го набљудувала со чудење и внимание. Тој го разбудил нејзиниот интерес и таа посакала да го добие дарот за кој зборувал Тој. Таа сфатила дека Тој не зборува за водата од Јакововиот извор, бидејќи таа постојано ја употребувала таа вода пиела, но и повторно ожеднувала. Таа рекла: „Господине, дај ми ја таа вода да не жеднеам повеќе и да не Доаѓам ваму по вода”. {КВ 187.4}
Тогаш Исус брзо го променил предметот на разговор. Пред оваа душа да може да го прими дарот што Тој копнеел да и го подари, таа морала да ги увиди своите гревови и да го познае својот Спасител. Тој и рекол: „Оди повикај го својот сопруг и врати се ваму”. Таа одговорила: „Немам сопруг”. Се надевала дека на тој начин ќе ги избегне сите прашања во тој поглед. Но Спасителот продолжил: „Добро кажа, немам сопруг; зашто си имала пет сопрузи, а оној што го имаш сега не ти е сопруг; право рече”. {КВ 187.5}
Самарјанката затреперила. Некоја таинствена рака ги вртела страниците на историјата на нејзиниот живот, откривајќи го она што се надевала дека засекогаш ќе остане скриено. Кој е Овој што можел да ги чита тајните на нејзиниот живот? Нејзе и дошле мисли за вечноста, за идниот суд, кога сето она што е сега скриено ќе биде откриено. Во оваа светлина се разбудила нејзината совест. {КВ 187.6}
Не можела ништо да негира, но се трудела да го избегне споменувањето на нешто што и е толку непријатно. Со длабока почит таа рекла: „Господине, гледам дека Ти си пророк”. Потоа, надевајќи се дека ќе ја замолчи совеста, почнала да зборува за некои спорни верски точки. Ако Тој е пророк, сигурно може да и даде упатства за тие прашања, кои толку долго биле спорни. {КВ 188.1}
Исус трпеливо дозволил Самарјанката да го насочи разговорот во насока во која сакала. Во меѓувреме чекал можност да ја влее вистината во нејзиното срце. Таа рекла: „Нашите татковци се поклонуваа на оваа гора, а вие велите дека во Ерусалим е местото, каде што треба да се поклонуваме”. Токму пред нивните очи се наоѓала гората Гаризим. Храмот на неа бил срушен, останал само олтарот. Тоа место на богослужение било предмет на расправа меѓу Евреите и Самарјаните. Некои предци на самарјанскиот народ некогаш му припаѓале на Израел, но поради нивните гревови Господ дозволил да ги победи еден идолопоклонички народ. Во текот на многу поколенија тие се мешале со идолопоклониците, чија вера постепено ја заразила нивната вера. Навистина, тие сметале дека нивните идоли треба само да ги потсетуваат на живиот Бог, Владетелот на вселената, но народот Сепак бил наведен да има стравопочитување на нивните кипови. {КВ 188.2}
Кога за време на Ездра, храмот во Ерусалим бил повторно граден, Самарјаните сакале да се здружат со Евреите во неговото подигање. Таа нивна желба била одбиена и помеѓу овие два народа избила огорчена омраза. Самарјаните подигнале сопернички храм на гората Гаризим. Тука имале богослуженија соодветно со Мојсеевите церемонии, иако целосно не се откажале од идолопоклонството. Меѓутоа, ги снаоѓале несреќи; нивните непријатели им го срушиле храмот и изгледало дека се наоѓаат под проклетство. Сепак, тие цврсто се држеле за своите традиции и своите форми на богослужение. Не го признавале храмот во Ерусалим како Божја куќа, ниту пак признавале дека религијата на Евреите е посупериорна од нивната. {КВ 188.3}
Одговарајќи и на Самарјанката, Исус рекол: „Верувај ми, Доаѓа час, кога нема да му се поклонувате на Таткото, ниту на оваа гора, ниту во Ерусалим. Вие не знаете на што се поклонувате; ние знаеме на што се поклонуваме, зашто спасението Доаѓа од Евреите“. Исус покажал дека Тој немал никакви еврејски предрасуди против Самарјаните. Сега се трудел да ги отстрани предрасудите на Самарјаните против Евреите. Навестувајќи го фактот дека идолопоклонството ја расипало верата на Самарјаните, Тој истовремено рекол дека големите вистини за спасението им биле доверени на Евреите и дека меѓу нив ќе се појави ветениот Месија. Во светите списи го имале јасно прикажан Божјиот карактер и начелата на Неговото владеење. Исус се сместил Себеси меѓу Евреите, како оние на кои Бог им дал знаење за Себе. {КВ 188.4}
Исус сакал мислите на Самарјанката да ги издигне над нештата во врска со формата, церемониите, како и спорните прашања. Тој рекол: „Доаѓа час и веќе е тука, кога вистинските поклоници ќе му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. Бог е Дух и оние што му се поклонуваат, мора да му се поклонуваат во дух и во вистина”. {КВ 189.1}
Овде е објавена истата вистина што му ја открил Исус на Никодим, кога рекол: „Ако некој не се роди одозгора, не може да го види Божјото царство”. (Јован 3:3) Никој не може да дојде во врска со Небото со тоа што копнее по некоја света планина или по некој свет храм. Верата не смее да се ограничи на надворешни облици и церемонии. Верата што Доаѓа од Бога е единствената вера која води кон Бога. За да му служиме на Бога како што треба, мораме да бидеме родени од божествениот Дух. На тој начин се чисти срцето и се обновува умот, така што не оспособува да го запознаеме и да го љубиме Бога. На тој начин доброволно се покоруваме на сите Негови барања. Тоа е вистинско обожавање на Бога. Тоа е плод на делување на Светиот Дух. Духот проникнува во секоја искрена молитва, а таквата молитва Бог ја прифаќа. Секогаш, кога душата посегнува по Бога, тука се забележува влијанието на Светиот Дух и Бог и се открива на таквата душа. Тој бара такви поклоници. Тој чека да ги прими и да ги направи свои синови и ќерки. {КВ 189.2}
Разговарајќи со Исуса, Самарјанката била импресионирана од Неговите зборови. Никогаш не слушнала дека свештениците од нејзиниот народ или еврејските свештеници да изразуваат такви чувства. Кога пред очите и се појавил нејзиниот дотогашен живот, таа станала свесна за својот голем недостаток. Таа ја сфатила жедта на својата душа, жед, која сихарскиот извор никогаш не би можел да ја изгаси. Ништо со што дотогаш Доаѓала во допир толку не ја разбудило нејзината потреба за нешто повозвишено. Исус ја уверил дека ги читал тајните на нејзиниот живот, а таа Сепак чувствувала дека Тој и е пријател што сочувствува со неа и што има љубов кон неа. Иако самата чистота на Неговото присуство го осудувала нејзиниот грев, Тој не изговорил ниту еден збор на осуда, туку и зборувал за Својата благодат, која може да ја обнови душата. Таа почнала да има одредено убедување за Неговиот карактер. Во нејзината душа се појавило прашањето: „Дали можеби ова е долгоочекуваниот Месија?“ Му рекла: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос. Кога ќе дојде Тој сѐ ќе ни каже”. Исус одговорил: „Јас сум, Кој зборувам со тебе”. {КВ 189.3}
Кога Самарјанката ги слушнала овие зборови, во нејзиното срце се родила вера. Го прифатила прекрасното објавување од усните на божествениот Учител. {КВ 190.1}
Умот на оваа Самарјанка бил во состојба да може да цени. Таа била подготвена да го прими најблагородното откровение, бидејќи се интересирала за светите списи, а Светиот Дух ја подготвил нејзината душа да прими повеќе светлина. Таа ги проучувала ветувањата од Стариот завет: „Пророк, како што сум јас, од твојата средина, од твоите браќа, ќе ти подигне твојот Господ Бог. Него слушајте го”. (Второзаконие 18:15) Копнеела да го сфати тоа пророштво. Светлината веќе блескала во нејзиниот ум. Водата на животот, духовниот живот што Христос и го дава на секоја жедна душа, почнала да извира во нејзиното срце. Господовиот Дух работел со неа. {КВ 190.2}
Јасните зборови што Христос и ги упатил на оваа жена не можеле да им бидат упатени на самоправедните Евреи. Христос бил многу повоздржан, кога ним им се обраќал. Она што неа и било откриено, тоа им било скратено на Евреите, а на учениците им било кажано дека тоа мораат да го држат во тајност. Исус видел дека таа ќе го употреби своето знаење за да придобие и други да учествуваат во Неговата благодат. {КВ 190.3}
Кога се вратиле од својата задача, учениците се изненадиле, гледајќи дека нивниот Учител разговара со жената. Тој не ја земал освежителната вода што ја барал, ниту пак го прекинал разговорот за да земе од храната што ја донеле Неговите ученици. Кога жената заминала, учениците го молеле Исуса да јаде. Виделе дека е молчалив, задлабочен, потонат во длабоко размислување. Светлина блескала на Неговото лице и учениците се плашеле да ја прекинат Неговата заедница со Небото. Меѓутоа, знаејќи дека е исцрпен и изморен, сметале дека е нивна должност да го потсетат на Неговите телесни потреби. Уважувајќи ја нивната нежна грижа, Тој рекол: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете”. {КВ 190.4}
Учениците се чуделе кој можел да му донесе храна, но Тој им објаснил: „Мојата храна се состои во тоа да ја извршувам волјата на Оној што ме прати и да го извршам Неговото дело”. (Јован 4:34) Исус се радувал што со Своите зборови ја разбудил совеста на оваа жена. Ја видел како ја пие водата на животот и затоа Неговата глад и жед биле задоволени. Извршувањето на мисијата заради која го напуштил Небото, го закрепнало Спасителот во Неговата работа и го издигнало над човековите секојдневни потреби. Да се задоволат потребите на душата што е гладна и жедна за вистината, за Него било многу поважно од јадењето и пиењето. За Него тоа било утеха и освежување. Добродетелството било живот за Неговата душа. {КВ 190.5}
Нашиот Спасител жеднее за препознавање. Тој е гладен за наклонетост и љубов од оние коишто ги купил со Својата крв. Со неискажлива желба копнее да дојдат кај Него и да имаат живот. Како што мајката очекува насмевка на препознавање од своето новороденче, која зборува за будење на разумот, така и Христос очекува израз на благодарност и љубов, кој покажува дека во душата започнал духовен живот. {КВ 191.1}
Жената била исполнета со радост додека ги слушала Христовите зборови. Речиси била совладана од чудесното откровение. Оставајќи го својот сад, се вратила во градот да им ја однесе веста и на другите. Исус знаел зошто отишла. Фактот дека го оставила својот сад јасно покажувал колкаво било влијанието на Исусовите зборови. Таа имала искрена желба во душата да стекне жива вода и таа заборавила зошто дошла на изворот, заборавила за жедта на Спасителот, која имала намера да ја задоволи. Со срце што кипело од радост, брзала по патот да им ја однесе на другите светлината што ја примила. {КВ 191.2}
„Дојдете да го видите човекот што ми кажа сѐ што сум сторила,“ им рекла на луѓето во градот. „Да не е тоа Христос?“ Нејзините зборови ги допреле нивните срца. Нејзиното лице имало некој нов израз, а целата нејзина појава покажувала промена. Тие посакале да го видат Исуса. „Тие излегоа од градот и дојдоа кај Него”. {КВ 191.3}
Исус сѐ уште седел покрај изворот и ги набљудувал житните полиња што се простирале пред Него и чие нежно зеленило го милувала златната сончева светлина. Покажувајќи им ја на учениците таа сцена, Тој истата ја употребил како симбол: „Не велите ли вие дека уште четири месеци ќе настапи жетва? Еве, ви велам: Подигнете ги очите и видете ги нивите како побелеле за жетва!“ Додека зборувал, ги набљудувал групите што пристигнувале на бунарот. До жетвата имало уште четири месеци, но овде веќе узреала жетвата за жетварите. {КВ 191.4}
„Жетварот,“ рекол Тој „прима плата и собира род за живот вечен, за да се радуваат заедно и сејачот и жетварот”. Овде се обистинува поговорката: „Еден сее, а друг жнее”. Тука Христос ја истакнал светата служба, која се должни да ја извршуваат пред Бога оние што ќе го примат евангелието. Тие мора да бидат Негови живи претставници. Тој бара нивна лична служба. Било да сееме или да жнееме, ние работиме за Бога. Еден сее семе, друг го собира родот; но и сејачот и жетварот примаат плата. Тие заеднички се радуваат за наградата на својот труд. {КВ 191.5}
Исус им рекол на Своите ученици: „Јас ве пратив да жнеете таму, каде што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд”. Спасителот овде однапред ја видел големата жетва на денот Педесетница. Учениците тоа не смееле да го сметаат за резултат на нивните напори. Тие влегле во трудот на други луѓе. Почнувајќи од Адамовиот грев, Христос им го доверувал семето на Својата Реч на Своите избрани слуги да го посеат во човечките срца. Една невидлива, но семоќна сила делувала тивко, но делотворно, за да произведе жетва. Росата, дождот и сонцето на Божјата благодат се дадени да го залеваат и да го хранат семето на вистината. Христос се подготвувал да го залее семето со Својата сопствена крв. Неговите ученици ја имале предноста да бидат Божји соработници. Биле соработници на Божјиот Син и на светите луѓе од дамнина. Со излевање на Светиот Дух на Педесетница, илјадници биле обратени во еден ден. Тоа бил резултатот на Христовото сеење, тоа била жетвата на Неговата работа. {КВ 192.1}
Во зборовите изговорени на жената на изворот било посеано добро семе и колку брзо настапила жетвата! Самарјаните дошле, го слушале Христа и поверувале во Него. Собирајќи се околу Него на изворот, тие го опсипале со прашања и жедно ги примале Неговите објаснувања за многу прашања што им биле нејасни. Додека слушале, нивната збунетост постепено исчезнувала. Прилегале на луѓе, кои биле во длабока темнина и кои, тргнувајќи по неочекуван зрак светлина, излегле на светлината на денот. Но тие не биле задоволни од таа кратка средба, сакале да слушнат повеќе и нивните пријатели да го слушнат прекрасниот Учител. Го повикале во својот град и го молеле да остане со нив. Исус два дена престојувал во Самарија и уште многу други поверувале во Него. {КВ 192.2}
Фарисеите ја презирале Исусовата едноставност. Тие ги игнорирале Неговите чуда и барале некој знак дека Тој е Божји Син. Меѓутоа, Самарјаните не барале никаков знак и Исус меѓу нив не извршил никакво чудо, освен што на изворот и ги открил на Самарјанката тајните на нејзиниот живот. Сепак, многумина го примиле. Во својата нова радост, тие и рекле на жената: „Сега не веруваме поради твоето кажување, бидејќи сами чувме и знаеме дека Тој навистина е Христос, Спасителот на светот”. {КВ 192.3}
Самарјаните верувале дека Месијата ќе дојде не само како Спасител на Евреите, туку на целиот свет. Светиот Дух го претскажал Него преку Мојсеј, како пророк испратен од Бога. Преку Јаков било претскажано дека кон Него ќе се соберат народите, а преку Авраам дека во Него ќе бидат благословени сите народи на светот. На тие записи народот на Самарија ја засновал својата вера во Месијата. Фактот дека Евреите погрешно ги толкувале подоцнежните пророци, припишувајќи му ја на првото Христово доаѓање славата на второто доаѓање, ги навело Самарјаните да ги отфрлат сите свети списи, освен оние, кои се дадени преку Мојсеј. Меѓутоа, кога Спасителот ги отфрлил тие лажни толкувања, многумина ги прифатиле подоцнежните пророштва и Христовите зборови за Божјото царство. {КВ 193.1}
Исус почнал да го руши ѕидот што ги делел Евреите од незнабошците и да го проповеда спасението на светот. Иако бил Евреин, Тој слободно се мешал со Самарјаните, не придавајќи никаква важност на фарисејските обичаи на Својот народ. И покрај нивните предрасуди, Тој го прифатил гостопримството на тој презрен народ. Спиел под нивен покрив, јадел со нив на нивните трпези земајќи храна што ја подготвувале и послужувале нивните раце, проповедал по нивните улици и се однесувал кон нив со најголема љубезност и учтивост. {КВ 193.2}
Во ерусалимскиот храм еден низок ѕид го одвојувал предворјето од сите други делови на светата зграда. На тој ѕид се наоѓале натписи на разни јазици дека само на Евреите им е дозволено да ја преминат оваа граница. Кога некој незнабожец би се осмелил да влезе во внатрешноста на храмот, тој би го обесветил истиот и тој престап би го платил со својот живот. Меѓутоа, Исус основачот на храмот и на неговата служба ги привлекол незнабошците кон Себе со врски на човечко сочувство, додека Неговата божествена благодат им донела спасение што Евреите го отфрлиле. {КВ 193.3}
Исусовиот престој во Самарија бил благослов за Неговите ученици, кои сѐ уште биле под влијание на еврејската верска нетрпеливост. Тие сметале дека верноста кон сопствениот народ бара од нив негување на непријателство кон Самарјаните. Се чуделе на Христовото однесување. Не можеле да одбијат да се угледаат на Неговиот пример и за време на дводневниот престој во Самарија заради верност кон Него ги држеле предрасудите под контрола, но во душата не се помириле со тоа. Многу бавно сфаќале дека нивниот презир и омраза мораат да му отстапат место на сочувството и сожалувањето. Меѓутоа, по Христовото вознесување, Неговите поуки им се вратиле во сеќавање со ново значење. По излевањето на Светиот Дух тие се сетиле на Спасителовиот став, Неговите зборови, почит и нежност што ги покажувал кон тие презрени туѓинци. Кога отишол во Самарија да проповеда, Петар го внел тој ист дух во своето дело. Кога бил повикан во Ефес и Смирна, Јован се сетил на доживувањата во Сихар и бил исполнет со благодарност кон божествениот Учител, Кој, предвидувајќи им ги тешкотиите на кои мораат да наидат, им пружил помош со Својот сопствен пример. {КВ 193.4}
Христос сѐ уште го врши делото што го започнал, кога и понудил на Самарјанката вода на животот. Оние што се нарекуваат Негови следбеници можат да ги презираат и избегнуваат оние што се отфрлени, но никакви околности во врска со раѓањето или народноста, никакви животни услови не можат да ја одвратат Неговата љубов од луѓето. На секоја душа, колку и да е грешна, Исус вели: „Ако побараш од Мене, јас ќе ти дадам жива вода”. {КВ 194.1}
Повикот на евангелие не смее да се ограничи и не смее да се упати само на неколку избрани, кои, како што си претпоставуваме, ќе ни направат чест ако го прифатат. Веста мора да им се даде на сите. Секаде каде што срцата се отворени да ја прифатат вистината, Христос е подготвен да ги поучи. Тој им го открива Таткото и богослужението што е прифатливо за Оној, Кој го чита срцето. За таквите Тој не користи параболи. Ним, како и на жената на изворот, Тој им вели: „Јас сум, Кој зборувам со тебе”. {КВ 194.2}
Кога седнал да одмори покрај Јакововиот извор, Исус Доаѓал од Јудеја, каде што Неговата служба донела малку плод. Свештениците и рабините го отфрлиле, а дури и оние што тврделе дека се Негови следбеници не го препознале неговиот божествен карактер. Бил исцрпен и изморен, а Сепак не ја пропуштил можноста да се обрати само на една жена, иако била туѓинка, странец за Израел, и живеела во отворен грев. {КВ 194.3}
Спасителот не чекал да се собере мноштво. Често ги започнувал Своите поуки само за неколкумина собрани околу Себе, но минувачите, еден по еден, застанувале да слушаат, сѐ додека не се насобрало мноштво, кое со восхитување и со стравопочитување ги слушало Божјите зборови на Учителот испратен од Небото. Христовиот работник не смее да мисли дека не може со истата срдечност да зборува пред неколку слушатели, како пред еден голем собир. Можеби ќе има само една душа да ја слушне пораката, но кој може да каже колку далекусежно ќе биде нејзиното влијание? Дури и учениците на Спасителот сметале дека е мала работа за Спасителот да го троши Своето време во разговор со Самарјанката. Но, Тој резонирал со неа посрдечно и поелоквентно, отколку со цареви, советници или првосвештеници. Поуките што и ги дал на таа жена биле повторени дури до најоддалечените краеви на земјата. {КВ 194.4}
Веднаш штом го нашла Спасителот, Самарјанката донела други кај Него. Таа се покажала како поуспешен мисионер од Неговите сопствени ученици. Во Самарија учениците не забележале ништо што би укажувало на поволно поле. Нивните мисли биле сосредоточени на едно големо дело што треба да се изврши во иднина. Тие не забележале дека околу нив се наоѓа жетва, која треба се собере. Меѓутоа, преку жената што тие ја презирале, жителите на цел еден цел град дошле да го слушаат Спасителот. Таа веднаш им ја однела светлината на своите сонародници. {КВ 195.1} Оваа жена го претставува дејството на практичната вера во Христа. Секој вистински ученик се раѓа за Божјото царство како мисионер. Оној што пие од живата вода, станува извор на животот. Примателот станува давател. Христовата благодат во душата е како извор во пустина што извира да ги освежи сите и кај оние што се близу до смртта да создаде голема желба да пијат од водата на животот. {КВ 195.2}