84. „МИР ВАМ”
Оваа поглавје е засновано на Лука 24:33-48; Јован 20:19-29.
Стигнувајќи до Ерусалим, двајца ученици влегле во градот низ источната капија, која е отворена ноќе за време на празникот. Куќите потонале во мрак и тишина, но патниците оделе по својот пат низ тесните улички, осветлени од Светлината на месечината. Отишле во горната соба, каде што Исус ги поминал часовите од последната вечер пред Својата смрт. Знаеле дека тука ќе ги најдат своите браќа. Иако било доцна, знаеле дека учениците нема да спијат, додека со сигурност не дознаат што се случило со телото на нивниот Господ. Вратата на собата била цврсто заклучена. Тропнале за да ги пуштат, но не добиле никаков одговор. Сѐ било тивко. Кога ги кажале своите имиња, вратата внимателно била отклучена, тие влегле, а со нив влегол и Оној, Кој бил Невидлив. Потоа вратата повторно била заклучена за да не влезат шпиони. {КВ 802.1}
Патниците ги затекле сите присутни изненадени и возбудени. Се слушнале гласовите на оние во просторијата како оддаваат благодарност и пофалба со зборовите: „Навистина воскресна Господ и му се јави на Симон”. Тогаш двајцата патници, задишани од брзината со која патувале, го раскажале чудниот настан како Исус им се открил. Штотуку завршиле, а некои рекле дека не можат да веруваат, бидејќи е премногу добро за да биде вистинито, кога одеднаш пред нив стоел уште една личност. Сите погледи биле насочени кон Странецот. Никој не тропнал за да влезе. Не се слушал никаков шум на чекори. Изненадени, учениците се прашувале што треба да значи тоа. Тогаш слушнале глас, кој можел да биде само гласот на нивниот Учител. Од Неговите усни се слушнале јасни и разбирливи зборови: „Мир вам”. {КВ 802.2}
„А тие, збунети и исплашени, мислеа дека гледаат дух. А Тој им рече: ‘Зошто сте збунети и зошто се раѓаат такви сомнежи во вашите срца? Погледнете ги Моите раце и Моите нозе Јас сум. Допрете Ме и видете. Духот нема коски и месо, а како што гледате, Јас имам’. Кога го кажа тоа, им ги покажа рацете и стапалата”. {КВ 803.1}
Тие ги набљудувале рацете и нозете сурово повредени со грубите клинови. Го препознале Неговиот глас, кој се разликувал од кој било друг што некогаш го слушнале. „Бидејќи тие уште не можеа од радост да веруваат и бидејќи се чудеа, Тој ги праша: ‘Имате ли овде нешто за јадење?’ А тие му дадоа парче печена риба и мед во саќе. Тој ги зеде и јадеше пред нив”. „Тогаш учениците се израдуваа што Го видоа Господа”. Верата и радоста го зазеле местото на неверието и тие Го признале својот воскреснат Спасител со чувства кои со зборови не можат да се опишат. {КВ 803.2}
При Исусовото раѓање, ангелите објавиле: „Мир на Земјата и меѓу луѓето добра волја”. А сега, при Неговата прва појава меѓу учениците по Своето воскресение, Спасителот им се обратил со благословените зборови: „Мир вам”. Исус секогаш е подготвен да донесе мир на душите што се оптоварени со сомнежи и стравувања. Тој чека да Му ја отвориме вратата на своето срце и да Му кажеме: „Остани кај нас”. Тој вели: „Еве стојам пред вратата и тропам. Ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него и тој со Мене”. (Откровение 3:20) {КВ 803.3}
Исусовото воскресение било слика на конечното воскресение на сите кои починале во Него. Ликот на Спасителот, Кој воскреснал од гробот, Неговите постапки, Неговите зборови сето тоа им било добро познато на Неговите ученици. Како што Исус воскреснал од мртвите, така ќе воскреснат и оние кои заспале во Него. Ние ќе ги знаеме своите пријатели, како што учениците го познавале Исуса. Во овој живот подложен на смрт, тие можеби биле изобличени, болни или унакажени, но ќе воскреснат совршено здрави и складни. Меѓутоа, и во тоа совршено тело, целосно ќе ја задржат својата личност. „Тогаш ќе познаеме како што и ние сме и самите познати”. (1. Коринтјаните 13:12) Во ликовите кои ќе зрачат со светлина од Исусовото лице, ќе ги препознаеме цртите на оние што ги сакаме. {КВ 804.1}
Кога Исус се сретнал со Своите ученици, Тој ги потсетил на зборовите што ги изговорил пред Својата смрт; дека мора да се исполни сѐ што е напишано за Него во Мојсеевиот закон, во пророците и псалмите. „Тогаш им го отвори умот за да го разберат Писмото, па им рече: Така стои напишано дека Христос мора да пострада и третиот ден да воскресне од мртвите и да се проповеда покајание и проштавање на гревовите на сите народи во Негово име, почнувајќи од Ерусалим. Вие сте сведоци за ова”. {КВ 804.2}
Учениците почнале да ја сфаќаат природата и обемот на својата задача. Тие требало да му ги проповедаат на светот прекрасните вистини кои Христос им ги доверил. Настаните од Неговиот живот, Неговата смрт и воскресение, пророштвата кои укажувале на тие настани, светоста на Божјиот закон, тајната на планот на спасението, Исусовата сила да ги простува гревовите на сето тоа тие биле сведоци и тоа требало да го објават на светот. Требало да го проповедаат евангелието на мирот и спасението, кое се добива со покајание и благодарение на силата на Спасителот. {КВ 805.1}
„Кога ги кажа тие зборови, дувна во нив и им рече: Примете го Светиот Дух! На оние што ќе им ги простите гревовите, простени им се; на оние на кои ќе им ги задржите, задржани им се”. Светиот Дух не се манифестирал целосно, бидејќи Христос сѐ уште не бил прославен. До изобилно давање на Духот дошло дури по Христовото вознесение. Сѐ додека не Го примиле, учениците не можеле да го исполнат налогот да го проповедаат евангелието низ светот. Меѓутоа, во оваа прилика Духот им бил даден со посебна цел. Тие не можеле да ги исполнат своите должности во врска со црквата, сѐ додека Христос не ги вдахнал со Својот Дух. Тој им доверил најсвета доверба и сакал добро да сфатат дека тоа дело не може да се изврши без Светиот Дух. {КВ 805.2}
Светиот Дух е здив на духовниот живот во душата. Давањето на Духот значи давање на Христовиот живот. Тој го исполнува примателот со Христови особини. Само оние кои Бог ги учи на тој начин, во кои делува Духот и во чиј живот се манифестира Христовиот живот, треба да стојат како луѓе претставници и да служат во корист на црквата. {КВ 805.3}
„На оние на кои ќе им ги простите гревовите, простени се;… на оние на кои ќе им ги задржите, задржани им се”. Со ова Христос не дава право на ниту еден човек да изрече суд на другите. Тој го забранил тоа во Проповедта на Гората. Тоа му припаѓа само на Господа. Меѓутоа, на организираната црква Тој и дава одговорност за секој верник. Оние кои ќе паднат во грев црквата е должна да ги опоменува, да ги поучува и ако е можно, да ги обнови. „Укорувај, предупредувај, охрабрувај,“ кажува Господ, „со сета долготрпеливост и поука”. (2. Тимотеј 4:2) Постапувајте верно со оние кои грешат. Опоменете ја секоја душа која е во опасност. Не дозволувајте некој да падне во самоизмама. Нарекувајте го гревот со неговото вистинско име. Зборувајте го она што го кажал Бог во поглед на лажењето, кршењето на саботата, кражбата, идолопоклонството и сите други зла. „Оние што чинат такви нешта, нема да го наследат Божјото царство”. (Галатјаните 5:21) Ако упорно останат во гревот, Небото ќе им го изрече судот што сте им го изрекле според Божјата Реч. Определувајќи се за гревот, тие се откажале од Христа. Црквата мора да им покаже дека не ги одобрува нивните постапки, инаку сама би Го обесчестила својот Господ. Таа мора да го каже за гревот она што Бог го вели за него. Таа мора да постапува со него онака како што и заповедал Бог и нејзините постапки ќе бидат потврдени на небото. Оној што го презира авторитетот на црквата, го презира авторитетот на Самиот Христос. {КВ 805.4}
Меѓутоа, постои и една посветла страна на оваа слика. „На оние на кои ќе им ги простите гревовите, простени им се”. Оваа мисла нека ви биде најважна. Во работата за заблудените секој нека го насочи својот поглед кон Христа. Пастирите секогаш нежно нека се грижат за Господовото стадо. На заблудените нека им зборуваат за милоста на Спасителот која проштава. Нека го поттикнуваат грешникот на покајание и вера во Оној, Кој може да даде простување. Врз основа на Божјата Реч нека изјават: „Ако ги признаеме нашите гревови, Тој е верен и праведен да ни ги прости нашите гревови и да не очисти од секоја неправедност”. (1. Јованово 1:9) Сите што ќе се покајат имаат уверување: Дој пак ќе ни се смилува нам, под нозе ќе ги стави нашите беззаконија. Сите нивни гревови Ти ќе ги фрлиш во морските длабочини”. (Михеј 7:19) {КВ 806.1}
Црквата нека го прифати покајанието на грешникот со благодарно срце. Оној што се кае нека се изведе од темнината на неверството во светлината на верата и праведноста. Неговите треперливи раце нека се стават во Исусовите раце полни со љубов. Таквото простување се потврдува на небото. {КВ 806.2}
Единствено во таа смисла црквата има власт да му прости на грешникот. Простување на гревот може да се добие единствено преку Христовите заслуги. На ниту еден човек, на ниту една група луѓе не е дадена сила да ја ослободи душата од вината. Христос ги задолжил Своите ученици да проповедаат простување на гревовите во Негово име на сите народи, но тие самите не се овластени да отстранат ниту една дамка од гревот. Исусовото име е единствено „име под небото дадено на луѓето преку кое би можеле да се спасиме”. (Дела 4:12) {КВ 806.3}
Кога Исус првпат се сретнал со учениците во горната одаја, Тома не бил со нив. Тој слушнал што зборувале другите и добил изобилство докази за тоа дека Исус воскреснал од мртвите, но неговото срце било исполнето со мрачнина и неверие. Кога слушнал како учениците раскажуваат за прекрасниот начин на кој се покажал воскреснатиот Спасител, тој паднал во уште подлабок очај. Ако Исус навистина воскреснал од мртвите, тогаш веќе нема надеж дека ќе се оствари земното царство. Покрај тоа, неговата суета била повредена кога мислел дека неговиот Учител им се јавил на сите ученици, освен на него. Одлучил да не верува и цела седмица го мачела потиштеност, која се чинела сѐ помрачна наспроти надежта и верата на неговите браќа. {КВ 806.4}
Во меѓувреме, тој неколку пати изјавил: „Додека не видам на Неговите раце лузни од клиновите и не ставам свој прст во раните од клиновите и додека не ставам своја рака во Неговите ребра нема да верувам”. Тој не сакал да гледа со очите на своите браќа, ниту да покаже вера, која би зависела од нивното сведоштво. Тој срдечно го љубел Господа, но дозволил љубомората и неверието да завладеат со неговиот ум и срце. {КВ 807.1}
Некои ученици во тоа време привремено престојувале во споменатата соба, а навечер се собирале сите со исклучок на Тома. Една вечер Тома одлучил да се состане со другите. И покрај сето свое неверие, тој негувал извесна надеж дека радосната вест е вистинита. Додека вечерале учениците разговарале за доказите кои Христос им ги дал во пророштвата. „Додека вратата беше затворена, дојде Исус, застана среде нив и рече: Мир вам!“ {КВ 807.2}
Свртувајќи се кон Тома, Исус рекол: „Пружи го својот прст ваму и гледај ги Моите раце. Подај ја својата рака и стави ја во Моите ребра и не биди повеќе неверлив, туку верувај”. Овие зборови покажале дека на Исуса му се познати и мислите и зборовите на Тома. Сомнежливиот ученик знаел дека никој од неговите другари не Го видел Исуса една седмица. Тие не можеле да му раскажат на Учителот за неговото неверие. Во Оној, Кој стоел пред него го препознал својот Господ. Веќе не барал никаков друг доказ. Неговото срце заиграло со радост и фрлајќи се пред Исусовите нозе, тој извикал: „Господ мој и Бог мој”. {КВ 807.3}
Исус го прифатил неговото признавање, но благо го укорил за неговото неверие. „Тома, ти поверува затоа што Ме виде. Блазе на оние што не виделе, а веруваат”. Верата на Тома би му била угодна на Христа, кога Тома би бил подготвен да верува врз основа на сведоштвата на своите браќа. Доколку светот денес го следи примерот на Тома, никој не би поверувал за спасение, бидејќи сите кои денес Го примаат Христа, мораат да го прават тоа врз основа на сведоштвата на другите. {КВ 807.4}
Многумина кои се сомневаат, го правдаат својот став велејќи дека би верувале кога би имале таков доказ каков што добил Тома од неговите другари. Тие не увидуваат дека им е даден не само тој доказ, туку и нешто многу повеќе. Многумина, кои како Тома чекаат да се отстрани причината за нивните сомневања, никогаш нема да ја остварат својата желба. Тие постепено сѐ подлабоко тонат во неверувањето. Оние кои се навикнуваат да ја гледаат само мрачната страна, кои мрморат и се жалат, не знаат што прават. Тие сеат семе на сомнеж и затоа ќе мораат да жнеат жетва на сомневање. Во моментот кога верата и довербата се најнеопходни, многумина ќе се најдат себеси немоќни да се надеваат и веруваат. {КВ 807.5}
Со својата постапка кон Тома Исус им дал поука на Своите следбеници. Неговиот пример покажува како треба да постапуваме кон оние чија вера е слаба и кои ги истакнуваат своите сомнежи. Исус не го опсипал Тома со прекори, ниту стапил во расправа со него. Тој се открил Себеси на оној што се сомневал. Тома бил многу неразумен кога поставувал услови за својата вера но, Исус во Својата великодушна љубов и обѕир ги отстранил сите бариери. Неверувањето ретко може да се победи со препирање, бидејќи тогаш се потпира на самоодбрана и наоѓа нова поддршка и оправдување. Но, дозволете Исус, во Својата љубов и милост, да се открие како распнатиот Спасител и од усните на многумина кои некогаш се противеле, ќе се слушне признавањето на Тома: „Господ мој и Бог мој”. {КВ 808.1}