70. „НА ЕДЕН ОД ОВИЕ МОИ НАЈМАЛИ БРАЌА”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 25:31-46.
„Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава, во придружба на сите свети ангели, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава и пред Него ќе се соберат сите народи и Тој ќе ги раздели едни од други”. Така Христос, на Маслиновата Гора им ги опишал на Своите ученици сцените на големиот суден ден и навестил дека одлуката на тој суд ќе зависи од една работа што ја истакнал. Кога сите народи ќе бидат собрани пред Него, ќе постојат само две групи, а нивната вечна судбина ќе биде одредена според она што го направиле или пак пропуштиле да го направат за Него во лицата на сиромашните и страдалниците. {КВ 637.1}
Тој ден Христос нема да им го прикаже на луѓето големото дело кое Тој го направил за нив, давајќи го Својот живот за нивно откупување, туку верно ќе им го прикаже она што го направиле за Него. На оние кои ќе ги постави од Својата десна страна, Тој ќе им каже: „Дојдете, благословени на Мојот Татко, наследете го царството што ви е приготвено од создавањето на светот; Зашто бев гладен и Ми дадовте да јадам; бев жеден и Ме напоивте, бев странец и Ме примивте; бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во затвор и дојдовте при Мене”. Меѓутоа, оние на кои Христос ќе им ги упати овие зборови, не знаат дека Му го направиле тоа. На нивните поставени прашања полни со чудење, Тој одговара: „Доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене ми направивте”. {КВ 637.2}
Исус им рекол на Своите ученици дека ќе ги замразат сите луѓе, дека ќе ги прогонуваат и ќе им задаваат болка. Многумина од нив ќе бидат истерани од своите домови и изложени на сиромашност. Многумина ќе се најдат во неволја поради болест или сиромаштија. Многумина ќе завршат во затвор. На сите оние што ќе се откажат од пријателите и семејството заради Него, Тој им ветил стократно повеќе во овој живот. Сега им ветил посебен благослов на сите што ќе им помогнат на своите браќа. Во сите што страдаат поради Моето име, рекол Исус, треба да Ме препознаете Мене. Сѐ што би направиле за Мене, тоа треба да го направите и за нив. Тоа е доказ дека сте Мои ученици. {КВ 637.3}
Сите оние што се родени во небесното семејство се во една посебна смисла Христови браќа. Христовата љубов ги поврзува меѓусебно членовите на Неговото семејство и секаде каде што се манифестира таква љубов, се открива и божественото сродство. „Секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога“ (1. Јованово 4:7) {КВ 638.1}
Оние кои Христос ќе ги пофали на судниот ден можеби многу малку знаат за теологијата, но се придржувале за Неговите начела. Под влијание на Божествениот Дух тие биле благослов за својата околина. Дури и меѓу незнабошците има луѓе што негуваат дух на љубезност. Тие биле пријателски расположени кон мисионерите пред да допрат зборовите на живот до нивните уши, па дури и им служеле, изложувајќи го на опасност сопствениот живот. Меѓу незнабошците има луѓе кои, без да знаат, Му служат на Бога, луѓе на кои светлината никогаш не им била пренесена преку некое човечко орудие, но кои Сепак нема да пропаднат. Иако не знаеле за пишаниот Божји закон, тие Го слушнале Неговиот глас како им зборува во природата и го правеле она што го барал Законот. Нивните дела говорат дека Светиот Дух ги допрел нивните срца и тие ќе бидат признаени како Божји деца. {КВ 638.2}
Колкумина ќе бидат изненадени и колку ќе се израдуваат неистакнатите и понизни луѓе меѓу разните незнабожечки народи, кога од усните на Спасителот ќе ги слушнат зборовите на признание: „Доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене ми направивте”. Колку радосно ќе заигра срцето на Бескрајната љубов, кога со зборови на одобрување ќе ги изненади и израдува Своите следбеници! {КВ 638.3}
Меѓутоа, Христовата љубов не се ограничува на некој одреден круг на луѓе. Тој се поистоветува со секое дете на човечкото семејство. Тој станал член на земното семејство за ние да станеме членови на небесното семејство. Тој станал Син Човечки, а на тој начин и брат на секој син и ќерка на Адамовото семејство. Неговите следбеници не смеат да се чувствуваат одвоени од светот што пропаѓа околу нив. Тие се составен дел на големото ткиво на човештвото; и Небото гледа на нив како на браќа на грешниците, како и на светиите. Христовата љубов го прегрнува паднатиот, заблудениот и грешниот; секое дело на љубовта направено за да се подигне една падната душа, секоја постапка на милосдрие се прифаќа како да му е сторена на Христа. {КВ 638.4}
Небесните ангели се испратени да им служат на оние кои ќе бидат наследници на спасението. Ние сега сѐ уште не знаеме кои се тие, сѐ уште не се знае кој ќе извојува победа и ќе учествува во наследството на светите во светлината; меѓутоа, небесните ангели поминуваат насекаде низ Земјата, настојувајќи да ги утешат тажните, да ги заштитат загрозените, да ги придобијат срцата на луѓето за Христа. Тие не запоставуваат никого ниту го заобиколуваат. Бог не гледа на тоа кој е кој и Тој подеднакво води грижа за секоја душа која е Негово создание. {КВ 639.1}
Кога ќе ја отворите својата врата за Христовите сиромашни и оние кои страдаат, вие ги примате со добредојде невидливите ангели. Со тоа го повикувате друштвото на небесните суштества. Тие донесуваат со себе света атмосфера на радост и мир. Тие доаѓаат со благодарност на своите усни, а одекот од тоа се слуша на Небото. Секое дело на милост на Небото, одѕвонува како музика. Таткото на Својот престол ги вбројува несебичните работници во свое најдрагоцено богатство. {КВ 639.2}
Оние кои Христос ќе ги стави од Својата лева страна, оние кои Го запоставиле во лицата на сиромашните и на оние кои страдаат, не се свесни за својата вина. Сатаната ги заслепил и тие не увиделе што им должат на своите браќа. Тие биле обземени од себе и не се грижеле за потребите на другите. {КВ 639.3}
На богатите Бог им дал богатство, за да им помогнат и да ги ублажат страдањата на Неговите деца што страдаат, но тие премногу често се рамнодушни кон потребите на другите. Тие се сметаат себеси за посупериорни од своите сиромашни браќа. Тие не се ставаат себеси во положба на сиромашните. Тие не ги разбираат искушенијата и борбите на сиромашните и во срцата на таквите, умира милоста. Не само во своите скапоцени живеалишта, туку и во величествените цркви, богатите се повлекуваат од сиромашните. Средствата кои, според Божјата намена, би требало да послужат на благослов на другите, се трошат на угодување на горделивоста и себичноста. Сиромашните секојдневно се поткрадуваат од спознавањето што тие треба да го имаат во поглед на нежната Божја милост затоа што Тој изобилно се погрижил за тие да бидат снабдени со основните животни потреби. Тие се принудени да трпат сиромаштија која го ограничува начинот на живот и често доаѓаат во искушение да станат љубоморни, завидливи и полни со зли претпоставки. Оние што не почувствувале сиромаштија, мошне често постапуваат со презир кон сиромасите и со своите постапки им ставаат на знаење дека ги сметаат за бедни луѓе. {КВ 639.4}
Меѓутоа, Христос го гледа сето тоа и Тој вели: „Јас бев оној што беше гладен и жеден. Јас бев оној што беше странец. Јас бев оној што беше болен. Јас бев оној што беше во затвор. Додека вие се насладувавте на своите раскошно поспани трпези, јас гладував во колиба или на улица. Додека вие уживавте во своите раскошни домови, Јас немав каде да ја засолнам главата. Додека вие натрупувавте за себе скапоцена облека, Јас живеев во скудност. Додека вие уживавте во задоволствата, Јас гниев во затвор”. {КВ 639.5}
„Ако на гладниот сиромав човек сте му дале парче леб, ако сте му дале некоја износена облека за да се заштити од студот, дали сте помислиле дека сте Му дале на Господ на славата? Секој ден од вашиот живот Јас бев блиску до вас во лицето на тие страдалници, но не Ме баравте. Не сакавте да бидете во заедница со Мене. Јас не ве познавам. {КВ 640.1}
Да се има можност да се посетат местата во кои престојувал Христос додека престојувал на Земјата, да се оди по патеките по кои пешачел Тој, да се набљудува езерото покрај кое Тој сакал да поучува и планините и долините на кои толку често се одморал Неговиот поглед, многумина сметаат дека е голема привилегија. Меѓутоа, за да одиме по Исусовите стапки не е потребно да одиме во Назарет, Капернаум или Витанија. Неговите стапки можеме да ги најдеме покрај постелата на Болниот, во колибите на сиромашните, на преполните улици на големите градови и на секое место каде што човечките срца копнеат за утеха. По Христовите стапки одиме тогаш кога постапуваме онака како што постапувал Тој додека бил на Земјата. {КВ 640.2}
Секој од нас може нешто да направи. „Сиромасите ги имате секогаш при себе“ (Јован 12:8), рекол Исус, и никој не треба да чувствува дека нема место каде што би можело да се работи за Него. Милиони и милиони човечки души, подготвени да пропаднат во оковите на незнаење и грев, никогаш не ни слушнале за Христовата љубов кон нив. Кога ние би се нашле во нивна положба, а тие во наша, што би сакале тие да направат за нас? Наша свечена обврска е да го правиме сето тоа за нив колку што е во наша моќ. Христовото животно правило, врз основа на кое секој од нас ќе опстане или падне на судот, гласи: „Сѐ што сакате вам да ви прават луѓето, правете им и вие ним”. (Матеј 7:12) {КВ 640.3}
Спасителот го дал Својот драгоцен живот за да основа една таква црква, која ќе биде во состојба да води грижа за душите што се ожалостени и што се изложени на искушение. Една група верници, кои иако можеби се сиромашни, необразовани и непознати може, со Христова помош, да извршуваат работа во домот, во соседството, во црквата, па дури и во далечни краишта, чијшто резултат ќе биде далекусежен како вечноста. {КВ 640.4}
Поради тоа што ова дело се запоставува, многумина од помладите ученици не отишле во христијанското искуство подалеку од првите букви од азбуката. Помагајќи им на оние на кои им е потребна помош, тие во своето срце би ја зачувале онаа светлина што ги осветлила кога Христос проговорил: „Ти се простуваат твоите гревови”. Нескротливата енергија која многу често за младите претставува извор на опасност, би можела да се насочи во канали преку кои се влевала во река на благослови. Тогаш, со сесрдно залагање за доброто на другите себичноста би била целосно заборавена. {КВ 640.5}
На оние што им служат на другите, ќе им послужи Големиот Пастир. Тие самите ќе пијат од водата на животот и ќе бидат напоени. Тие нема да копнеат по возбудливи задоволства, ниту по какви било промени во својот живот. Прашањето што ги интересира многу повеќе од сѐ друго гласи: Како да ги спасиме душите што се на работ на пропаста? Во тој случај нивното дружење со другите ќе биде корисно. Љубовта кон Откупителот ги обединува срцата на луѓето. {КВ 641.1}
Кога ќе сфатиме дека сме Божји соработници, тогаш за Неговите ветувања не можеме рамнодушно да зборуваме. Тие ветувања тогаш ќе пламтат во нашето срце и ќе одѕвонуваат од нашите усни. Кога бил повикан да му служи на еден неук, недисциплиниран и бунтовен народ, Бог на Мојсеј му дал ветување: „Моето лице ќе врви со тебе и ќе ти дадам одмор”. И Тој рекол: „Несомнено, Јас ќе бидам со тебе“ (Излез 33:14; 3:12) Ова ветување важи за сите оние, кои наместо Христа се залагаат за Неговите неволни и страдалници. {КВ 641.2}
Љубовта кон човекот е земски израз на љубовта кон Бога. Царот на славата стана едно со нас за да ја всади таа љубов во нас, за да не направи деца на едно семејство. Кога ќе се исполнат Неговите зборови што ги кажал пред заминување: „Да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив вас”. (Јован 15:12); кога ќе го сакаме овој свет како што го сакал Тој, тогаш е остварена Неговата мисија за нас. Тогаш сме подготвени за Небото, бидејќи Небото се наоѓа во нашето срце. {КВ 641.3}
Меѓутоа, „ако се воздржиш да ги избавиш оние што ги водат во смрт и оние кои ги носат на губилиште. Ако кажеш: Ете, ние не го знаевме тоа, не разбира ли Оној, Кој ги испитува срцата? И не знае ли Оној, Кој ти ја чува душата? И нели му плаќа Тој секому според неговите дела?“ (Изреки 24:11,12) Во тој голем ден на судот, сите оние кои не работеле за Христа, кои живееле мислејќи само на себе и грижејќи се само за себе, Судијата на целата Земја ќе ги постави заедно со оние што чинеле зло. Тие ќе примат иста осуда. {КВ 641.4}
На секоја душа и е доверена некоја должност. Големиот Пастир ќе му постави прашање на секој поединец: „Каде е стадото што ти беше доверено, твоето убаво стадо?“ И, „што ќе кажеш кога Тој ќе те казни?“ (Еремија 13:20,21) {КВ 641.5}