86. „ОДЕТЕ И НАУЧЕТЕ ГИ СИТЕ НАРОДИ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 28:16-20

Стоејќи само еден чекор од Својот небесен престол, Христос им дал налог на Своите ученици: „Дадена ми е сета власт на Небото и на Земјата,“ рекол Тој. „Одете и научете ги сите народи”. „Одете насекаде низ светот и проповедајте го евангелието на секое создание”. (Марко 16:15) Овие зборови биле повторени повеќепати за учениците да можат го сфатат нивното значење. Сите жители на Земјата големи и мали, богати и сиромашни треба да бидат осветлени од јасните и силни зраци на небесната светлина. Учениците требало да соработуваат со својот Откупител во делото на спасување на светот. {КВ 818.1}

Налогот им бил даден на дванаесетмината кога Христос се сретнал со нив во горната соба; но сега требало да биде даден на еден поголем број. На средбата одржана на една гора во Галилеја се собрале сите верници кои можеле да бидат повикани. Времето и местото на одржување на овој собир, го одредил Христос уште пред Својата смрт. Ангелот на гробот ги потсетил учениците на Неговото ветување дека ќе се сретне со нив во Галилеја. Ова ветување им било повторено на верниците кои се собрале во Ерусалим за време на пасхалната седмица, а преку нив допрело до многу осамени поединци кои ја оплакувале смртта на својот Учител. Сите тие со голем интерес ја очекувале оваа средба. За да не предизвикаат сомневање кај љубоморните Евреи, оделе по споредни патеки, така што на местото за средба пристигнувале од различни насоки. Дошле со восхитени срца, прераскажувајќи ги радосните вести за Христовото воскресение кои допреле до нив. {КВ 818.2}

Во закажаното време на падината на гората во помали групи се собрале околу петстотини верници кои сакале да дознаат сѐ што можело да се дознае за Христа од оние кои Го виделе по Неговото воскресение. Учениците оделе од група до група, прераскажувајќи сѐ што виделе и слушнале од Исуса, резонирајќи од Светото Писмо, како што правел и Тој, кога зборувал со нив. Тома ја раскажал сторијата за своето неверие и како биле растерани неговите сомнежи. Одеднаш меѓу нив се појавил и Исус. Никој не бил во состојба да каже од каде и на кој начин дошол. Многумина од присутните никогаш порано не Го виделе, но на Неговите раце и нозе ги гледале трагите од распнувањето. Неговото лице било како Божјо лице и кога Го здогледале, Му се поклониле. {КВ 818.3}

Меѓутоа некои се сомневале. Така ќе биде секогаш. Има личности кои тешко веруваат и се поставуваат на страната на сомнежот. Таквите губат многу поради своето неверување. {КВ 819.1}

Тоа бил единствениот разговор што го имал Исус со многу верници по Своето воскресение. Пристапувајќи кон нив, им се обратил со овие зборови: „Ми се даде секоја власт на Небото и на Земјата”. Учениците Му се поклониле уште пред да проговори; меѓутоа, Неговите зборови, излегувајќи од усните што биле затворени за време на смртта, ги проникнале со посебна сила. Сега Тој бил воскреснатиот Спасител. Многумина од нив биле сведоци на манифестирање на Неговата моќ во лекувањето на болните и совладувањето на сатанските сили. Биле уверени дека имал моќ да воспостави Свое царство во Ерусалим, сила да ги совлада Своите противници и власт над силите на природата. Тој го стивнувал бесното море, одел по врвовите на неговите пенливи бранови. Тој воскреснувал мртви. Сега Тој изјавува дека Му е дадена „сета власт”. Неговите зборови ги издигнале мислите на Неговите слушатели над сѐ што е земно и минливо и ги насочиле кон она што е небесно и вечно. Тие се издигнале до највисоката претстава за Неговото достоинство и слава. {КВ 819.2}

Христовите зборови изговорени на падината на гората потврдувале дека Неговата жртва за човештвото била потполна и совршена. Условите на помирување на човекот со Бога биле исполнети; било извршено делото заради кое Тој дошол на овој свет. Тој бил на пат кон Божјиот престол, каде што ќе Му се поклонуваат и ќе Му служат ангелите, поглаварствата и силите. Тој го започнал Своето посредничко дело. Облечен со неограничена власт, им дал налог на Своите ученици: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот”. (Матеј 28:19,20) {КВ 819.3}

Еврејскиот народ бил сметан за чувар на светите вистини; меѓутоа, фарисејството ги претворило во најисклучителен народ со најголеми предрасуди од сите други народи. Сето она што се однесувало на свештениците и поглаварите нивната облека, обичаи, обреди преданија сето тоа ги направило несоодветни за да бидат светлина на светот. Меѓутоа, Христос им наредил на Своите ученици да проповедаат вера и начин на служење на Бога што не е врзан за некој општествен слој или територија, вера која ќе биде прилагодена на сите луѓе, сите народи и сите општествени класи. {КВ 819.4}

Пред да се одвои од Своите ученици, Христос јасно ја опишал природата на Своето царство. Ги потсетил на сето она што веќе им го кажал во врска со тоа. Им рекол дека Негова цел не било да основа минливо земно царство, туку едно духовно царство. Тој нема како земен цар да владее на Давидовиот престол. Уште еднаш им ги отворил Светите Списи, покажувајќи им дека сето она низ што поминал било одредено на небото, во советот одржан помеѓу Него и Таткото. Луѓето вдахнати од Светиот Дух сето тоа одамна го претскажале. „Гледате,“ рекол Тој, „дека се случи сето она што ви го открив дека ќе бидам отфрлен како Месија. Се исполни сѐ што ви зборував во поглед на понижувањата кои морам да ги претрпам и смртта со која ќе умрам. Третиот ден Јас повторно станав. Проучувајте ги повнимателно Светите Списи и ќе се уверите дека пророштвата што се однесуваат на Мене се исполниле во сите детали”. {КВ 820.1}

Христос им наложил на Своите ученици да ја извршат задачата која им ја препуштил, започнувајќи од Ерусалим. Ерусалим било местото на кое се случило Неговото зачидувачко понижување за човечкиот род. Тука страдал, бил отфрлен и осуден. Јудеја била Неговото родно место. Тука Тој, облечен во човечка природа, одел со луѓето, а само неколку од нив увидувале колку небото се доближило до Земјата додека Исус бил меѓу нив. Делото доверено на учениците мора да започне од Ерусалим. {КВ 820.2}

Со оглед на сѐ што претрпел Христос во него и работата која ја вложил таму, а не се ценела, учениците можеле да бараат да им одреди поле на работа кое повеќе ветува, но тие не го направиле тоа. Тие требало да ја работат токму онаа нива што Тој лично ја посеал со семето на вистината, бидејќи семето посеано тука, ќе никне и ќе донесе богата жетва. Поради љубомората и омразата на Евреите, учениците морале да поднесуваат прогонства во својата работа, но и нивниот Учител го претрпел сето тоа, па затоа ниту тие не смеат да го избегнат тоа. Милоста прво мора да се понуди на убијците на Спасителот. {КВ 820.3}

Многумина од ерусалимските жители тајно верувале во Исуса, а многумина биле измамени од свештениците и поглаварите. Ним исто така требало да им се објави веста на евангелието. Тие требало да бидат повикани на покајание. Морала јасно да се изложи прекрасната вистина дека простувањето на гревот може да се добие само преку Христа. Додека жителите на Ерусалим сѐ уште биле под впечаток од возбудливите настани што се одиграле во текот на неколкуте изминати седмици, проповедањето на евангелието ќе остави најдлабок впечаток. {КВ 820.4}

Меѓутоа, делото на смее тука да запре. Тоа треба да се прошири до најоддалечените краеви на Земјата. Христос им рекол на Своите ученици: „Вие бевте очевидци на Мојот живот на самопожртвување во корист на светот. Бевте сведоци на Моите напори вложени за Израел. Иако не сакаа да дојдат кај Мене за да имаат живот, иако свештениците и поглаварите го направија со Мене она што сакаа, иако Ме отфрлија како што е претскажано во Писмото, Сепак уште еднаш ќе им биде дадена можност да Го примат Божјиот Син. Видовте дека секој што ќе дојде кај Мене, признавајќи ги своите гревови, го примам безусловно. Јас никогаш нема да го отфрлам оној што ќе дојде кај Мене. Секоја душа која го сака тоа, може да се помири со Бога и да добие вечен живот. На вас, Моите ученици, ви ја доверувам оваа порака на милост. Таа прво мора да му се објави на Израел, а потоа на сите народи, јазици и племиња. Таа треба да им се проповеда и на Евреите и на незнабошците. Сите што ќе поверуваат, треба да се соберат во една црква”. {КВ 821.1}

Благодарение на дарот на Светиот Дух, учениците требало да примат чудесна сила. Нивното сведоштво ќе биде потврдено со знаци и чуда. Сила да прават чуда ќе имаат не само апостолите, туку и оние што ќе ја прифатат нивната порака. Исус рекол: „Во Мое име тие ќе истеруваат ѓаволи; ќе зборуваат нови јазици; ќе земаат змии со раце; ако испијат нешто смртоносно, нема да им наштети; ќе стават раце врз болни и тие ќе оздравуваат”. (Марко 16:17,18) {КВ 821.2}

Труењето во тоа време често се практикувало. Несовесните луѓе не се двоумеле на таков начин да ги отстранат оние што стоеле на патот на нивните амбиции. Исус знаел дека животот на Неговите ученици ќе биде изложен на таква опасност. Многумина ќе ги предаваат на смрт Неговите сведоци и ќе мислат дека му вршат служба на Бога. Затоа Исус им ветил дека ќе бидат заштитени од таквата опасност. {КВ 821.3}

На учениците им е ветена истата онаа сила што ја имал Христос да лекуваат „секаков вид болест и секаква немоќ кај луѓето”. „Исцелувајќи ги во Негово име болестите на телото, тие ќе сведочат за Неговата моќ да ја исцели и душата”. (Матеј 4:23; 9:6) Тогаш им е ветен и еден нов дар. Учениците требало да проповедаат меѓу другите народи и ќе добијат моќ да зборуваат на други јазици. Апостолите и нивните соработници биле необразовани луѓе, но преку излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетница, нивниот говор како на мајчин, така и на странски јазик станал чист, едноставен и правилен како во изразот, така и во изговорот. {КВ 821.4}

Така Христос им ги одредил должностите на Своите ученици. Тој се погрижил за сѐ што било потребно за да продолжи делото и на Себе ја презел одговорноста за неговиот успех. Сѐ додека ја слушаат Неговата Реч и работат поврзани со Него, не можат да доживеат неуспех. Одете кај сите народи, им наложил Тој. Одете до најоддалечените места на Земјата и знајте дека и таму ќе бидам присутен. Работете со вера и доверба, бидејќи никогаш нема да дојде време кога ќе ве оставам. {КВ 822.1}

Во налогот што Христос им го дал на Своите ученици се вклучени сите верници. Тој ги вклучува сите верници во Христа до крајот на времето. Фатална е заблудата да се претпоставува дека делото на спасение на душите зависи само од ракоположениот проповедник. Евангелието е доверено на секој што добива небесно вдахновение. Секој што ќе го прими Христовиот живот е ракоположен да работи за спасение на своите ближни. Заради тоа е основана црквата и секој што ќе го прифати на себе светиот завет, се обврзува дека ќе биде Христов соработник. {КВ 822.2}

„Духот и невестата зборуваат: Дојди. И кој ќе чуе, нека каже: Дојди”. (Откровение 22:17) Секој што го слуша ова треба да ја повтори поканата. Без оглед на животниот повик, прва должност на секој поединец треба да биде придобивање души за Христа. Можеби тој не е во состојба да зборува пред собранија, но затоа може да се залага за поединци. Тој може да им ги пренесува поуките што ги примил од својот Господ. Службата не се состои само во држење проповеди. Делото на евангелието го вршат и оние кои ги ублажуваат страдањата на болните и несреќните, кои им помагаат на сиромашните и им упатуваат зборови на утеха на потиштените и на маловерните. Насекаде околу нас, близу и далеку, се наоѓаат души што се притиснати од чувство на вина. Изопаченоста на човечкиот род не произлегува од неговите тешкотии, неволји и сиромаштија, туку од вината и правењето зло. Тоа донесува немир и незадоволство. Христос сака Неговите слуги да им служат на душите заболени од грев. {КВ 822.3}

Учениците требало да го започнат своето дело таму каде што се наоѓале. Не смееле да го заобиколат најтешкото поле, кое најмалку ветувало. Така, секој Христов работник треба да започне таму каде што се наоѓа. Во нашето семејство можеби има души кои се жедни за сочувство, души кои гладуваат за лебот на животот. Можеби има деца кои треба да се воспитаат за Христа. Постојат незнабошци покрај нашите порти. Да ја извршиме верно задачата која ни е најблиска. Потоа нашите напори треба да се прошируваат онолку далеку колку што нè води Божјата рака. Делото на многумина можеби изгледа ограничено од постоечките околности, но каде и да е, ако се врши верно и ревносно, влијанието на таквото дело ќе се почувствува и во најоддалечените краеви на светот. Изгледало дека и Христовото дело за време на Неговиот живот се ограничувало на едно тесно попе, но Неговата порака ја слушнале мноштва од сите земји на светот. Бог често со наједноставни средства остварува најголеми резултати. Негов план е секој дел од Неговото дело да зависи од секој друг дел, како тркало во тркало, кои работат хармонично. Поттикнат од Светиот Дух, и најпонизниот работник ќе допре невидливи жици чии вибрации ќе кружат до крајот на Земјата и ќе сочинат мелодија низ сета вечност. {КВ 822.4}

Меѓутоа, не смееме да ја изгубиме од вид заповедта: „Одете по сиот свет”. Повикани сме да го подигнеме својот поглед и на пределите од другата страна. Христос го срушил ѕидот на одвојување, поделеноста од националните предрасуди и не учи да ги сакаме сите членови на човечкото семејство. Тој ги подига луѓето од тесниот круг што ја одредува нивната себичност и ги укинува сите територијални граници и вештачки создадени бариери во општеството. Тој не прави никаква разлика помеѓу соседите и странците, помеѓу пријателите и непријателите. Тој нè учи дека секому кому му е потребна помош да го сметаме за свој брат, а цел свет за свое работно поле. {КВ 823.1}

Кога Спасителот рекол: „Одете,… и научете ги сите народи,“ Тој исто така рекол: „Оние кои ќе поверуваат, ќе ги следат овие знаци; во Моето име ќе истеруваат лоши духови; ќе зборуваат нови јазици; ќе земаат змии во раце; ако испијат нешто смртоносно, нема да им наштети; ќе ставаат раце врз болни и тие ќе оздравуваат”. Ветувањето било исто толку далекусежно како и дадениот налог. На секој верник не му се даваат сите дарови. Духот му дава „секому како што сака”. (1. Коринтјаните 12:11) Меѓутоа, даровите на Духот му се ветени на секој верник во сообразност со неговите потреби во Господовото дело. Тоа ветување и денес е исто толку цврсто и веродостојно, како што било во времето на апостолите. „Оние кои ќе поверуваат, ќе ги следат овие знаци”. Тоа е привилегија на Божјите деца, а верата треба цврсто да се држи за сѐ она што е можно да се прими со вера. {КВ 823.2}

„Ќе ставаат раце врз болни и тие ќе оздравуваат”. Овој свет е една голема болница, но Христос дошол да ги исцели болните, да објави слобода на сите што станале робови на сатаната. Во Него имало здравје и сила. Тој го давал Својот живот на болните, несреќните и оние кои биле опседнати со демони. Тој не одбил ниту една душа која дошла да ја прими Неговата исцелувачка моќ. Знаел дека оние кои Му се обраќале за помош најчесто сами на себе ја навлекле болеста, а Сепак не одбил да ги исцели. Кога Неговата сила влегла во тие бедни души, тие станале свесни за својот грев и многумина биле исцелени не само од телесните, туку и од духовните болести. Евангелието сѐ уште ја има таа иста моќ и зошто и денес не би биле сведоци на истите резултати? {КВ 823.3}

Христос го чувствува јадот на секој страдалник. Кога злите духови измачуваат едно човечко суштество, Христос го чувствува тоа проклетство. Кога грозницата ја исцрпува животната енергија, Христос ја чувствува агонијата. Тој и денес е исто толку подготвен да го излекува секој болен исто така како што правел кога бил на Земјата. Христовите слуги се Негови претставници, канали преку кои Тој делува. Преку нив Тој сака да ја манифестира Својата исцелувачка моќ. {КВ 823.4}

Начинот на кој Спасителот ги лекувал болните содржи поука за Неговите ученици. Во еден случај, на човекот кој бил слеп, му ги помазал очите со кал и му рекол: „Оди и изми се во бањата Силоам… Тој отиде, се изми и се врати гледајќи“ (Јован 9:7) Исцелувањето можело да се изврши само со силата на Големиот Исцелител, но Христос Сепак користел едноставни средства од природата. Иако не давал поддршка на печењето со лекови, ја одобрил употребата на едноставни и природни лекови. {КВ 824.1}

На мнозина болни кои примиле исцелување, Христос им рекол: „Не греши повеќе за да не те снајде нешто полошо”. (Јован 5:14) Со тоа го потврдил учењето дека болеста е последица од кршењето на Божјите закони, во природен или духовен поглед. Кога луѓето би живееле во склад со планот на Создателот, во светот не би постоела големата беда. {КВ 824.2}

Христос бил Водач и Учител на стариот Израел и ги учел дека здравјето е награда за покорувањето на Божјите заповеди. Големиот Лекар, Кој ги исцелувал болните во Палестина, му зборувал на Својот народ преку столб од облак, упатувајќи ги што треба да прават и што ќе направи Бог за нив. „Ако сесрдно го слушаш гласот на својот Господ Бог,“ рекол Тој, „правејќи што е право во Неговите очи, ако го насочуваш увото кон Неговите заповеди и ако ги држиш сите Негови повелби, нема да ви пратам ниту една болест од болестите што ги пратив на Египќаните; зашто Јас сум Господ, Кој те лекува”. (Излез 15:26) Христос им дал на Израелците детални упатства во поглед на нивните животни навики и им дал цврсто ветување: „Господ ќе ја отстрани од тебе секоја болест”. (Второзаконие 7:15) Кога тие ги исполниле условите, им се потврдило ветувањето: „И немаше ниту еден болен во нивните племиња”. (Псалм 105:37) {КВ 824.3}

Овие поуки се за нас. Постојат одредени услови кои мораат да ги исполнат сите што сакаат да го сочуваат своето здравје. Сите треба да знаат кои се тие услови. Непознавањето на божествените закони, било во природен или во духовен поглед, не му е по волја на Господа. Ние треба да соработуваме со Бога во обновување на здравјето на телото како и на душата. {КВ 824.4}

И ние треба да ги поучуваме и другите како да го сочуваат или повратат здравјето. За лекување на заболените треба да се употребат средства кои Бог ги обезбедил во природата и ние треба да ги упатиме на Оној, Кој единствено може да ги излекува. Наша задача е болните и страдалниците во прегратките на својата вера да ги донесеме кај Христа. Мораме да ги учиме таквите да веруваат во Големиот Исцелител. Ние треба да се потпреме на Неговите ветувања и потоа во молитва да побараме манифестирање на Неговата сила. Суштината на евангелието е обновување и Спасителот сака на болните, безнадежните и несреќните да им наложиме да се држат за Неговата сила. {КВ 824.5}

Во сето Христово дело на исцелување се манифестирала силата на љубовта и само ако со вера учествуваме во таа љубов, можеме да бидеме орудија за Неговото дело. Ако занемариме со божествена врска да се поврземе со Христа, струјата на животодавната енергија не може преку нас изобилно да тече на другите. Имало места каде што ниту Спасителот не можел да изврши многу силни чуда поради нивното неверување. Така и денес неверувањето ја одвојува црквата од нејзиниот божествен Помошник. Таа слабо се држи за вечните стварности. Поради нејзиниот недостаток на вера, Бог е разочаран и лишен од Својата слава. {КВ 825.1}

На црквата и е ветено Христово присуство, ако го извршува Неговото дело. „Одете и научете ги сите народи“, рекол Тој; „и ете, Јас сум со вас во сите денови до крајот на светот”. Да се земе Неговиот јарем е еден од првите услови за примање на Неговата сила. Самиот живот на црквата зависи од нејзината верност во извршување на Господовиот налог. Да се запостави оваа задача значи да се повика духовната слабост и пропаста. Каде што нема активна работа за други, љубовта исчезнува, а верата темнее. {КВ 825.2}

Христова намера е проповедниците да бидат воспитувачи на црквата во делото на евангелието. Тие треба да ги учат луѓето како да ги бараат и спасуваат загубените. Дали тие го извршуваат тоа дело? За жал, колкумина од нив се трудат да ја разгорат искрата на животот во црквата подготвена да умре! За колку цркви, како за болни јагниња, се грижат оние кои би требало да ги бараат загубените овци! За сето тоа време милиони и милиони души пропаѓаат без Христа. {КВ 825.3}

Божјата љубов кон човекот се раздвижила до своите несфатливи длабочини и ангелите се вчудовидени кога гледаат дека оние на кои им е укажана толку голема љубов, само површно се благодарни. Ангелите се чудат што луѓето толку малку ја ценат Божјата љубов. Небото негодува заради немарноста која се манифестира кон човечките души. Дали сакаме да знаеме како Христос гледа на тоа? Што би чувствувале таткото и мајката кога би знаеле дека нивното дете се изгубило во студ и снег и дека било одминато и оставено да пропадне од оние кои можеле да го спасат? Зар тие не би биле длабоко ожалостени и многу лути? Зар не би ги обвинувале тие убијци со гнев жежок како нивните солзи и длабок како нивната љубов? Страдањата на секое човечко суштество се страдања на едно Божјо дете и оние кои не пружаат рака за помош на своите ближни кои пропаѓаат, го предизвикуваат Неговиот праведен гнев. Тоа е гневот на Јагнето. На оние што тврдат дека имаат заедница со Христа, а се рамнодушни кон потребите на своите ближни, Тој ќе им изјави на големиот суден ден: „Не ве познавам од каде сте; отстапете од Мене сите што вршите беззаконие”. (Лука 13:27) {КВ 825.4}

Во налогот што го оставил на Своите ученици, Христос не само што им ја одредил нивната задача, туку им ја дал и пораката која треба да ја објавуваат. „Научете го народот,“ рекол Тој, „да држи сѐ што вам ви заповедав”. Учениците требало да го поучуваат она што Христос го поучувал. Со тоа било опфатено сѐ што Тој кажал, не само лично, туку и преку пророците и учителите од Стариот Завет. Човечките учења се исклучени. Тука нема места за традиции, ниту за човечки теории и заклучоци или за црковни прописи. Тој налог не опфаќа никакви закони издадени од страна на црковни авторитети. Христовите слуги не треба да проповедаат ништо од тоа. „Законот и пророците,“ заедно со она што е запишано за Христовите зборови и дела тоа богатство доверено на учениците требало да го пренесат на светот. Христовото име било нивна лозинка, знак за нивно распознавање, врска на нивното единство, овластување за нивната работа и извор на нивниот успех. Во Христовото царство не треба да се признава ништо што не носи Негов натпис. {КВ 826.1}

Евангелието не треба да се проповеда како некоја безживотна теорија, туку како една жива сила која го менува животот. Бог сака оние кои ќе ја примат Неговата благодат да бидат сведоци на нејзината сила. Тој со задоволство ги прима оние кои со своите постапки најмногу Го навредувале; кога таквите ќе се покајат, Тој им го дарува Својот божествен Дух, ги поставува на најдоверливи положби и потоа ги испраќа кај неверните за да ја објават Неговата безгранична милост. Бог сака Неговите слуги да го посведочат фактот дека преку Неговата благодат луѓето можат да развијат карактер сличен на Христовиот и да се радуваат на уверувањето за Неговата љубов. Тој сака да пружиме сведоштво за фактот дека Тој не може да биде задоволен сѐ додека човечкиот род не се поврати и додека повторно не ги добие светите предности како на Негови синови и ќерки. {КВ 826.2}

Во Христа се наоѓаат нежноста на пастирот, љубовта на родителите и неспоредливата благодат на сочувствителниот Спасител. Тој ги прикажува Своите благослови со најпривлечни зборови. Тој не се задоволува само да ги објави тие благослови, туку ги прикажува на најпривлечен начин, така што кај луѓето предизвикува желба да ги поседуваат. Така и Неговите слуги треба да го прикажуваат богатството на славата на тој неискажлив Дар. Прекрасната Христова љубов го растопува срцето и го потчинува, додека со самото повторување на доктрината не се постигнува ништо. „Тешете го, тешете го Мојот народ, вели вашиот Бог”. „Качи се на висока гора, Сионе, веснику на радосната вест! Подигни го силно гласот свој, Ерусалиме, веснику на радосната вест! Подигни го и не бој се, кажи им на градовите јудејски: Еве го вашиот Бог… Како пастир Тој ќе го пасе стадото свое, во Своите раце тој ќе ги собере јагнињата и ќе ги носи во Своите прегратки”. (Исаија 40:1,9-11) Зборувајте му на народот за Оној, Кој е „Најдобар меѓу десет илјади“ и Кој е „сиот мил”. (Песна над песните 5:10,16) Тоа не може да се изрази само со зборови. Нека тоа се одрази во карактерот и манифестира во животот. Христос сака Неговиот лик да се наслика во секој Негов ученик. Бог предодредил секој да „се преобрази според ликот на Својот Син”. (Римјаните 8:29) Христовата љубов која долго трпи, Неговата светост, кротост, милост и вистина треба да им се манифестираат на светот во секој еден од нив. {КВ 826.3}

Првите ученици отишле да ја проповедаат Речта. Во својот живот, тие го откривале Христа. Господ работел со нив „и ја потврдуваше Речта со чудесата што ја придружуваа”. (Марко 16:20) Меѓутоа, учениците се подготвувале за ова дело. Пред денот Педесетница тие се зближиле меѓусебно и ја отфрлиле секоја неслога. Тие биле еднодушни. Верувале во Христовото ветување дека ќе им биде даруван благословот и му се молеле на Бога со вера. Овој благослов не го барале само заради себе, туку ги притискала тежината за спасување на душите. Евангелието требало да се однесе до најдалечните места на Земјата и затоа го барале дарот на силата што им била ветена од Христа. Тогаш на нив се излеала силата на Светиот Дух и илјадници луѓе се обраќале во еден ден. {КВ 827.1}

Така може да биде и сега. Наместо човечки шпекулации, нека се проповеда Божјата Реч. Христијаните треба да ги отфрлат своите меѓусебни несогласувања и во потполност да се предадат на Бога за спасување на изгубените. Нека со вера го бараат благословот и тој ќе дојде. Излевањето на Светиот Дух во деновите на апостолите бил „ран дожд,“ а резултатите биле величествени. Но, „позниот дожд“ ќе биде поизобилен. (Јоил 2:23) {КВ 827.2}

Сите оние кои со душа, тело и дух ќе Му се посветат на Бога, постојано ќе примаат нов дар на телесна и ментална сила. На располагање им се неисцрпните небесни извори. Христос им го дава здивот на Својот Дух, животот на Својот живот. Светиот Дух ги дава своите најдобри сили да работат во срцето и умот. Божјата благодат ги проширува и ги умножува нивните способности и сето совршенство на божествената природа им Доаѓа на помош во делото на спасување на душите. Соработувајќи со Христа, тие стануваат комплетни во Него и се оспособуваат во својата човечка слабост да ги вршат делата на Семоќниот. {КВ 827.3}

Спасителот копнее да ја манифестира Својата благодат, да стави Свој печат врз карактерот на целиот свет. Тој сака луѓето да ги направи слободни суштества, да бидат чисти и свети, бидејќи тие се Негова откупена сопственост. Иако сатаната се труди да ја попречи оваа цел, Сепак благодарение на пролеаната крв за светот, ќе бидат извојувани многу победи, кои ќе му донесат слава на Бога и на Јагнето. Христос нема да се задоволи сѐ додека победата не биде потполна и „Тој ќе го види трудот на Својата душа и ќе биде задоволен”. (Исаија 53:11) Сите народи на Земјата ќе го слушнат евангелието на Неговата благодат. Сите нема да ја примат Неговата благодат; меѓутоа „едно потомство ќе му служи Нему. За Господа ќе се кажува на следното поколение”. (Псалм 22:30) „А царството, власта и величеството под сите небеса ќе му се дадат на народот на светите на Севишниот,“ и „Земјата ќе биде полна со знаење за Господа, како морето што е полно со вода”. „До запад ќе се бојат од името Господово и од славата Негова од сончевиот (исток) изгрев”. (Даниел 7:27; Исаија 11:9; 59:19) {КВ 827.4}

„Колку се красни на горите нозете на оној што носи радосни гласови, кој огласува мир; на оној што носи добри вести, кој навестува спасение; на оној што му вели на Сион: твојот Бог царува!… Радувајте се, ликувајте урнатини… зашто Господ го утеши Својот народ… Ја засука Господ Својата света мишка пред очите на сите народи и сите земни краишта ќе го видат спасението на нашиот Бог”. (Исаија 52:7-10) {КВ 828.1}

Сподели го ова:

Слични објави