72. „ПРАВЕТЕ ГО ОВА ЗА МОЈ СПОМЕН”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 26:20-29; Марко 14:17-25; Лука 22:14-23; Јован 13:18-30.
„Господ Исус онаа ноќ во која беше предаден го зеде лебот и заблагодари, го раскрши и рече: Ова е телото Мое кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен. Исто така, по вечерата ја зеде чашата и рече: Оваа чаша е новиот завет во Мојата крв. Правете го ова, секогаш кога ја пиете, за Мој спомен. Зашто секогаш кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта Господова додека Тој не дојде”. (1. Коринтјаните 11:23-26) {КВ 652.1}
Христос стоел на преодната точка меѓу два завета и нивните два големи празници старозаветната Пасха и новозаветната Спомен служба. Како невино Божјо Јагне, Тој се подготвувал да го предаде Својот живот на жртва за гревот на човечкиот род и со тоа да стави крај на системот од симболи и обреди, кои четири илјади години укажувале на Неговата смрт. Онаа вечер, кога со Своите ученици последен пат јадел Пасха, Тој наместо неа, воспоставил служба која требала да претставува спомен на Неговата голема жртва. Пасхата, како еврејски национален празник, требало засекогаш да ја изгуби важноста. Наместо тоа, Христовите следбеници во сите земји и низ сите векови требало да ја вршат службата што Тој ја воспоставил. {КВ 652.2}
Пасхата била воспоставена како спомен на ослободувањето на Израел од египетското ропство. Бог наредил од година во година, како што децата прашуваат за значењето на таа установа, историјата да се повторува. На тој начин чудесното ослободување требало да биде свежо во умот на секој Израелец. Службата Господова вечера е спомен на големото ослободување остварено со Христовата смрт. Овој обред треба свечено да се извршува сѐ додека по втор пат Исус не дојде во сила и слава. На тој начин Неговото големо дело треба да биде свежо во нашите умови. {КВ 652.3}
Во времето на своето ослободување од Египет, Израелевите синови го јаделе пасхалното јагне стоејќи, со опашани бедра и со стап во рацете, подготвени за патување. Начинот на кој Израелците ја празнувале оваа установа, во таа прилика бил во сообразност со постоечките услови; ним непосредно им претстоело брзо излегување од египетската земја и мачно и тешко патување низ пустината. Меѓутоа, во времето на Христа состојбата била поинаква. Тогаш на Евреите не им претстоело брзо излегување од некоја туѓа земја, бидејќи живееле во својата татковина. Во склад со почивката што им била дадена, јаделе Пасха во полулежечка положба. Околу трпезата биле поставени седишта во вид на лежалки и гостите се сместувале на нив, потпирајќи се со левата рака за да можат слободно да земаат од јадењето. Во таква положба гостинот можел да ја потпре главата на градите на оној што седел зад него. Нозете биле спуштени кон надворешната страна на лежалката, така што оној што имал задача да им ги измие нозете на гостите, можел тоа да го стори минувајќи околу надворешноста на кругот. {КВ 653.1}
Христос се наоѓал на трпезата на која била поставена пасхалната вечера. Пред Него се наоѓал бесквасен леб кој се употребувал за време на пасхалната свеченост. На трпезата се наоѓало и непревриено пасхално вино. Христос ги употребил тие симболи за да ја прикаже Својата беспрекорна жртва. Ништо што е расипано со ферментација, симболот на гревот и на смртта, не може да го претставува „невиното и пречисто Јагне”. (1. Петрово 1:19) {КВ 653.2}
„Додека јадеа, Исус зеде леб, го благослови, го раскрши и им го даде на учениците, зборувајќи: Земете, јадете. Ова е телото Мое. Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде, велејќи: Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на новиот завет, што се пролева за мнозина за простување на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам повеќе од овој лозов род до оној ден кога ќе го пијам со вас нов во царството на Мојот Татко”. {КВ 653.3}
Предавникот Јуда присуствувал на овој свет обред. И тој од Христовата рака ги примил симболите на Неговото рането тело и Неговата пролеана крв. Тој ги слушнал зборовите: „Ова правете го за Мој спомен”. Седејќи во непосредно присуство на Божјото Јагне, предавникот размислувал за своите мрачни намери и бил задлабочен во своите подмолни, одмаздољубиви мисли. {КВ 653.4}
При миењето на нозете Христос дал убедлив доказ дека го познава карактерот на Јуда. „Не сте сите чисти“ (Јован 13:11), рекол Тој. Тие зборови го осведочиле лажниот ученик дека Христос ја читал неговата тајна намера. Сега Христос зборувал поотворено. Додека така седеле на трпезата, Исус, набљудувајќи ги Своите ученици, рекол: „Не зборувам за сите вас. Јас ги знам оние кои ги избрав; но за да се исполни Писмото: Оној што јаде леб со Мене ја подигна својата пета против Мене”. {КВ 653.5}
Дури и сега учениците не се посомневале во Јуда. Меѓутоа, тие забележале дека Христос изгледа многу вознемирен. Над сите нив се надвил облак, како претчувство на некоја страшна несреќа, чија природа не можеле да ја сфатат. Додека јаделе во тишина, Исус рекол: „Вистина ви велам, еден од вас ќе Ме предаде”. Тие зборови предизвикале кај нив изненадување и вчудовиденост. Не можеле да сфатат како некој од нив би можел предавнички да постапи кон нивниот божествен Учител. Заради што би Го предал? И кому? Во чие срце би можела да се роди таква намера? Секако не во срцето на еден од омилените дванаесетмина мислеле тие, кои повеќе од останатите имале можност да го слушаат Неговото учење, кои ја почувствувале Неговата чудесна љубов и кон кои покажал толкаво внимание со тоа што одржувал блиска врска со нив! {КВ 654.1}
Кога го сфатиле значењето на Неговите зборови и се сетиле колку вистинити биле Неговите досегашни изјави, ги опфатил страв и секој почувствувал недоверба кон самиот себеси. Секој почнал да го испитува сопственото срце за да види да не се крие тука некоја мисла против Учителот. Со најболно чувство, еден по еден го поставувале прашањето: „Да не сум јас, Господе?“ Меѓутоа, Јуда седел и молчел. Конечно Јован во длабок јад прашал: „Господе, кој е тоа?“ Исус одговорил: „Оној што ќе макне со Мене во чинијата, тој ќе ме предаде. И така, Синот Човечки си заминува како што е пишано за Него; но тешко на оној човек преку кого ќе биде предаден Синот Човечки! Добро би било за тој човек ако не беше се родил”. Учениците внимателно го набљудувале лицето еден на друг додека прашувале: „Да не сум јас, Господе?“ Бидејќи Јуда молчел, сите погледи се насочиле кон него. Поради многубројните прашања и изразите на вчудовиденост, Јуда не ги слушнал зборовите што ги изговорил Исус, одговарајќи на Јовановото прашање. Меѓутоа, за да го избегне испрашувањето од страна на учениците, запрашал како и тие: „Да не сум јас, Учителе?“ Исус одговорил: „Ти рече”. {КВ 654.2}
Изненаден и збунет што е откриена неговата намера, Јуда станал, со намера веднаш да ја напушти собата. „Исус пак му рече: Што мислиш да правиш, прави го бргу… Тогаш Јуда, откако го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ”. Ноќ владеела и во срцето на предавникот кој се одвратил од Христа и заминал во темнината. {КВ 654.3}
Сѐ додека не го направил овој чекор, Јуда сѐ уште имал можност да се покае, но кога го напуштил друштвото на својот Господ и на своите соученици, паднала конечната одлука. Ја преминал граничната линија. {КВ 654.4}
Чудесно било Исусовото трпение кон оваа душа што била во искушение. Сѐ што можело да се направи за спас на Јуда, било направено. Иако веќе двапати ветил дека ќе го предаде Господа, сѐ уште Исус му давал можност за покајание. Читајќи ги тајните намери на предавничкото срце, Христос му дал најубедлив и најголем доказ за Своето божество. Тоа бил последен повик за покајание на овој лажен ученик. Не бил пропуштен ниту еден повик којшто божествено-човечкото Христово срце можел да го даде. Брановите на милост кои гордоста упорно ги одбивала, се враќале како посилна плима на љубовта што покорува. Меѓутоа, иако изненаден и загрижен поради тоа што била откриена неговата вина, Јуда станал уште порешителен. Заминал од Светата вечера, за да го доврши своето дело на предавство. {КВ 655.1}
Велејќи за Јуда дека подобро ќе беше да не се родеше, Христос имал одредена намера на милост за Своите ученици. Со тоа Тој им дал најголем доказ за Своето месијанство. „Тоа ви го кажувам сега, пред да се случи,“ рекол, „за да верувате кога ќе се случи, дека ЈАС СУМ”. Кога Исус би молчел како да не знае што ќе се случи со Него, учениците би можеле да помислат дека нивниот Учител нема божествена моќ на предвидување и дека ненадејно и со измама е предаден во рацете на крволочното мноштво. Една година порано, Исус им рекол на Своите ученици дека Тој ги избрал дванаесетмината и дека еден меѓу нив е ѓавол. Зборовите кои сега му ги упатил на Јуда дека неговото предавство му е познато на Учителот, биле изговорени со цел да ја охрабрат верата на Христовите вистински следбеници во моментот на Неговото понижување. Кога Јуда ќе го заврши својот живот на ужасен начин, тие ќе се сетат на јадот (кобноста), која Исус ја изрекол над предавникот. {КВ 655.2}
Меѓутоа, Спасителот имал уште една намера. Тој не го лишил од Својата служба човекот за кого знаел дека е предавник. Учениците не ги разбрале зборовите изговорени при миењето на нозете: „Не сте сите чисти,“ ниту пак кога на трпезата рекол: „Оној кој јаде леб со Мене, ја подига својата пета на Мене“ (Јован 13:11,18) Подоцна, кога го сфатиле значењето на овие зборови, можеле да размислуваат за божественото трпение и милост кон оној кој бил во најтешка заблуда. {КВ 655.3}
Иако го познавал Јуда од почеток, Исус Сепак му ги измил нозете. Предавникот имал предност заедно со Христа да земе учество во Светата вечера. Милостивиот Спасител трпеливо и на сите можни начини го повикувал грешникот да го прими, да се покае и да се очисти од нечистотијата на гревот. Тоа е пример за нас. Кога за некого претпоставуваме дека е во заблуда или грев, не треба да се одвојуваме од него. Не треба заради лекомислено одвојување да го препуштиме како плен на искушението и да го турнеме на сатанското бојно поле. Тоа не е Христов метод. Тој им ги измил нозете на Своите ученици заради тоа што тие биле во заблуда и имале недостатоци и со тоа сите, освен еден, биле наведени на покајание. {КВ 655.4}
Христовиот пример забранува ексклузивност при Господовата вечера. Вистина е дека јавниот грев го исклучува виновникот. Светиот Дух јасно го учи тоа (1. Коринтјаните 5:11). Меѓутоа, повеќе од тоа никој не смее да изрече суд. Бог не им дозволил на луѓето да одлучуваат за тоа кој треба да присуствува во вакви прилики, зашто кој може да го чита срцето? Кој може да го разликува каколот од житото? „Секој нека се испита себеси, па потоа нека јаде од лебот и нека пие од чашата”. Зашто „секој што недостојно го јаде овој леб и недостојно ја пие оваа чаша Господова, ќе биде виновен за телото и за крвта Господова”. „Зашто кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово”. (1. Коринтјаните 11:28,27,29) {КВ 656.1}
Кога верниците ќе се соберат на Света вечера, тука се присутни и гласниците кои човечкото око не може да ги види. Можеби меѓу присутните се наоѓа и некој Јуда, па ако е така, тука се и гласниците на кнезот на темнината, бидејќи тие ги следат сите оние кои не сакаат да се потчинат на контролата на Светиот Дух. Небесните ангели, се исто така присутни. Тие невидливи сведоци, секогаш присуствуваат на овој обред. Меѓу присутните можат да се најдат личности кои во своето срце не се слуги на вистината и светоста, но кои сакаат да учествуваат во обредот. Тоа не треба да им се забранува. Тука се присутни и сведоците кои присуствувале кога Исус му ги измил нозете на Јуда. Сцената не ја набљудуваат само човечките очи. {КВ 656.2}
Христос со Светиот Дух е присутен, за да стави печат на Својот обред. Тој е тука за да ги осведочи и омекне срцата. Ниту еден поглед, ниту една мисла на покајание не го избегнува Неговото забележување. Тој чека на оние кои се каат и кои се со скршени срца. Сѐ е подготвено за таквите души да бидат прифатени. Оној кој и на Јуда му ги измил нозете, копнее да го измие секое срце од нечистотијата на гревот. {КВ 656.3}
Никој не треба да се исклучува себеси од Светата вечера затоа што е присутен некој недостоен. Секој ученик е повикан со јавно учество во овој обред да посведочи дека Го прима Христа како свој личен Спасител. При таквите Негови состаноци, Христос се среќава со Својот народ и со Своето присуство ги охрабрува и зајакнува. Срцето и рацете на оние кои го извршуваат овој обред можат да бидат недостојни, но Христос е тука за да им послужи на Своите деца. Сите што пристапуваат кон ова со цврста вера во Него ќе примат голем благослов. Оние кои ги запоставуваат овие сесии на од Бога дадените предности ќе претрпат загуба. На таквите можат да се применат Христовите зборови: „Не сте сите чисти”. {КВ 656.4}
Земајќи учество во лебот и виното заедно со Своите ученици, Христос се заветувал Себеси дека ќе биде нивен Откупител. Тој им го доверил Новиот завет, со кој сите што ќе го прифатат стануваат Божји деца и Христови сонаследници. Со тој завет се стекнува право на секој благослов што Небото може да го подари во овој и во идниот живот. Тој завет морал да биде потврден со Христовата крв. А намената на Светата вечера се состои во тоа постојано да ги потсетува учениците на неизмерната жртва за секој од нас поединечно како припадници на паднатиот човечки род. {КВ 656.5}
Меѓутоа, обредот Света вечера не треба да биде време на жалост. Тоа не е негова цел. Како Христови ученици, верниците не треба да се собираат околу Неговата трпеза за да се сетат на своите недостатоци и да ги оплакуваат. Тоа не е момент кога треба да се задржат на своите поранешни верски искуства, без оглед дали тие биле такви што можат да го издигнат човекот или да го обесхрабрат. Не треба да се сеќаваат на своите меѓусебни несогласувања со своите браќа. Сето тоа било опфатено со службата за подготовка. Самоиспитувањето, признавањето на гревот, отстранувањето на несогласувањата сето тоа веќе е извршено. Тие сега доаѓаат да се сретнат со Христа; затоа не треба да стојат во сенката на крстот, туку во неговата спасоносна светлина. Својата душа треба да ја отворат за светлите зраци на Сонцето на праведноста. Со срца очистени со скапоцената Христова крв, потполно свесни за Неговото присуство иако е невидливо, тие треба да ги слушнат Неговите прекрасни зборови: „Ви оставам мир; Својот мир ви го давам; не ви го давам како што дава светот”. (Јован 14:27) {КВ 659.1}
Нашиот Господ вели: „Свесни за својот грев, имајте на ум дека умрев заради вас. Кога ќе ве угнетуваат и прогонуваат заради Мене и заради евангелието, сетете се на Мојата љубов, која беше толку голема, што Го дадов и Својот живот за вас. Кога должноста ќе ви изгледа сурова и мачна, а вашите животни товари претешки, сетете се дека заради вас го претрпев крстот, презирајќи го срамот. Кога срцето ви се набира пред тешките проби, сетете се дека вашиот Спасител живее за да посредува за вас”. {КВ 659.2}
Обредот Света вечера укажува и на Христовото повторно доаѓање. Тој е одреден постојано да ја освежува оваа надеж во мислите на учениците. Секогаш кога ќе се сретнат во спомен на Неговата смрт, тие ќе се сеќаваат како Тој „ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде, велејќи: Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата крв на новиот завет, што се пролева за мнозина за простување на гревовите. Но, ви велам, отсега нема да пијам повеќе од овој лозов род до оној ден кога ќе го пијам со вас нов во царството на Мојот Татко”. Во своите неволји тие ќе најдат утеха во надежта за враќањето на својот Господ. Мислата: „секогаш кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта Господова додека Тој не дојде“ (1. Коринтјаните 11:26), за нив била неискажливо драгоцена. {КВ 659.3}
Тоа се работи што никогаш не смееме да ги заборавиме. Своето сеќавање на Христовата љубов и нејзината сила која задвижува, треба постојано да ја освежуваме. Христос ја воспоставил оваа служба со цел таа да им зборува на нашите чувства за Божјата љу6ов изразена кон нас. Единство меѓу нашите души и Бога може да се оствари само преку Христа. Единството и љубовта меѓу двајца браќа може цврсто да се соедини и направи вечна само преку Христовата љубов. Христос морал да умре за таа љубов да стане делотоворна за нас. Само благодарение на Неговата смрт можеме радосно да го очекуваме Неговото второ доаѓање. Неговата жртва е центар на нашата надеж. На тоа мораме да ја сосредоточиме својата вера. {КВ 660.1}
Обредите што укажуваат на понижувањето и страдањата на нашиот Господ премногу се набљудуваат како форма. Тие се воспоставени со одредена цел. За да ја сфатиме тајната на побожноста, нашите сетила треба да се разбудат. За таа цел, на сите ни се дава предност, многу повеќе отколку што вообичаено изгледа, да ги сфатиме Христовите страдања кои биле за искупување на нашите гревови. „И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината,“ исто така треба да се подигне Синот Човечки, „за секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен”. (Јован 3:14,15) Нашиот поглед мора да биде насочен кон крстот на Голгота, на кој Спасителот умира. Нашето вечно добро зависи од манифестирањето на вера во Христа. {КВ 660.2}
Нашиот Господ рекол: „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе… Зошто Моето тело е вистинско јадење и Мојата крв вистинско пиење”. (Јован 6:53-55) Тоа е вистина и во поглед на нашата телесна природа. Дури и овој земен живот го имаме благодарение на Христовата смрт. Со раните на Своето измачено тело, Тој го откупил лебот што го јадеме. Водата што ја пиеме е откупена со Неговата крв, пролеана за нас. Земајќи ја својата секојдневна храна, секој од нас без разлика дали е верник или не се храни со Христовото тело и крв. Крстот на Голгота е втиснат на секој леб, неговиот отсјај може да се види на водата на секој извор. Христос го опфатил сето ова со поуката содржана во симболот на лебот и виното како симболи на Неговата голема жртва. Светлината што блеска од Светата вечера во горната соба ги посветува и намирниците за нашиот секојдневен живот. Семејната трпеза станува Господова трпеза, а секој оброк причест. {КВ 660.3}
Колку вистинити се овие Христови зборови во поглед на нашата духовна природа! Тој вели: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен”. Ние можеме да живееме свет живот само ако го примиме животот кој заради нас е жртвуван на голготскиот крст. Тој живот го примаме ако ја прифатиме Неговата Реч и ги извршуваме оние нешта кои Тој ги заповедал. На тој начин стануваме едно со Него. Тој вели: „Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, пребива во Мене и Јас во него. Како што Мене ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене ќе живее преку Мене”. (Јован 6:54,56,57) Овие стихови посебно се однесуваат на Светата вечера. Кога со вера размислуваме за големата жртва на нашиот Господ, во својот духовен живот стануваме слични на Христа. Таквата душа на секоја Господова вечера ќе прими нова духовна сила. Така оваа служба претставува жива врска која ги врзува верниците со Христа, а преку Него и со Таткото. Во посебна смисла таа претставува врска меѓу зависносто човечко суштество и Бога. {КВ 660.4}
Кога ги земаме лебот и виното кои симболично го претставуваат Христовото скршено тело и пролеаната крв, ние во мислите присуствуваме на Светата вечера во горната соба и минуваме низ градината посветена од агонијата на Оној, Кој ги понесе гревовите на светот. Присуствуваме на борбата со која е извојувано нашето помирување со Бога. Пред нас се наоѓа распнатиот Христос. {КВ 661.1}
Набљудувајќи го распнатиот Откупител, ние стекнуваме поцелосно сфаќање на големината и смислата на жртвата што Христос Височеството на Небото ја поднел заради нас. Планот на спасението се издига пред нас во слава, а помислата на Голгота буди во нашето срце живи и свети чувства. Пофалба на Бога и на Јагнето оддаваме со срцата и усните, бидејќи горделивоста и самообожавањето не можат да се одржат во душата која постојано ја држи во својот ум свежо сцената од Голгота. {КВ 661.2}
Размислувањето за Христовата неспоредлива љубов ја воздига мислата на верникот, го прочистува срцето и го преобразува карактерот. Тој ќе оди во светот за да биде светлина на светот и во извесна мера да ја одразува таа таинствена љубов. Колку повеќе размислуваме за Христовиот крст, толку поцелосно ги прифаќаме зборовите на апостолот кога рекол: „Господ да не даде да се фалам со нешто друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку кого светот е распнат за мене и јас за светот”. (Галатјаните 6:14) {КВ 661.3}