45. НАВЕСТУВАЊЕ НА КРСТОТ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 16:13-28; Марко 8:27-38; Лука 9:18-27.

Христовото дело на Земјата брзо се приближувало кон крајот. Пред Неговите очи сликовито се откривале сцените кон кои оделе Неговите чекори. Уште пред да земе на Себе човечки облик, Тој ја согледал целата должина на патот што мора да го помине, за да го спаси она што е загубено. Секоја болка што му ја ранувала душата, секоја навреда што му била нанесена, секоја тешкотија што морал да ја поднесе сето тоа Тој го видел пред да ја положи Својата круна и царската облека и пред да слезе од престолот за да го облече Своето божество во човечка природа. Пред Неговите очи се протегал целиот пат, од јаслите до Голгота. Тој знаел какви душевни маки ќе го снајдат. Сето тоа го знаел, а Сепак рекол: „Еве Доаѓам, во книгата е запишано за Мене: ‘Наоѓам задоволство да ја вршам Твојата волја, Боже мој; законот Твој е во Моето срце’”. (Псалм 40:7,8) {КВ 410.1}

Секогаш пред Себе ги гледал резултатите на Својата мисија. Изгледите дека сите тие маки нема да бидат напразни го разведрувале Неговиот земен живот, исполнет со тешкотии и самопожртвување. Давајќи го Својот живот заради животот на луѓето, Тој ќе го придобие светот повторно кон нивната верност кон Бога. Иако прво морал да прими крштевање со крв, иако гревовите на светот ја притискале Неговата невина душа, иако над Него лебдела сенката на неискажливи страдања, Сепак, поради радоста која била пред Него, одлучил да го претрпи крстот и да го презре срамот. {КВ 410.2}

Сцените што Тој ги видел, сѐ уште биле скриени од избраните соработници во Неговата служба, но бил блиску моментот, кога тие ќе мораат да ја гледаат Неговата агонија. Тие ќе мора да видат како Оној, Кого го љубеле и во Кого се надевале е предаден во рацете на Неговите непријатели и како виси на Голготскиот крст. Наскоро ќе мора да ги остави сами во светот, без утеха на Неговото видливо присуство. Тој знаел како ќе ги прогонува огорчената омраза и неверие и сакал да ги подготви за нивните неволји. {КВ 410.3}

Исус и Неговите ученици дошле во еден од градовите околу Ќесарија Филипова. Биле надвор од границите на Галилеја, во областа во која преовладувало идолопоклонството. Тука учениците не се наоѓале под силното влијание на јудаизмот и дошле во поблизок допир со идолопоклонството. Тука можеле да се видат облици на суеверие, кои постоеле во сите делови на светот. Исус сакал, кога тие ќе го видат тоа, да бидат водени да ја почувствуваат својата должност кон незнабошците. За време на Својот престој во таа област, Тој настојувал да се повлече од поучување на народот и поцелосно да им се посвети на Своите ученици. {КВ 411.1}

Имал намера да ги извести за страдањата кои му претстоеле. Меѓутоа, прво отишол насамо и се молел нивните срца да бидат подготвени да ги примат Неговите зборови. Откако им се придружил, Тој веднаш не им го соопштил она што сакал да им го каже. Пред да го направи тоа, Тој им дал можност да ја исповедаат Својата вера во Него, за да зајакнат за идните неволји. „Што велат луѓето, кој е Синот Човечки?“ – прашал Тој. {КВ 411.2}

Учениците со жалење морале да го признаат фактот дека Израел не го препознал својот Месија. Некои навистина, кога ги виделе Неговите чуда, објавиле за Него дека е Давидов Син. Мноштвото што било нахрането во Витсаида копнеело да го прогласи за цар на Израел. Многумина биле подготвени да го примат како пророк, но не верувале дека Тој е Месијата. {КВ 411.3}

Сега Исус поставил друго прашање што се однесувало на самите ученици: „А вие, што мислите, кој сум Јас?“ Петар одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог”. {КВ 411.4}

Петар уште од почеток верувал дека Исус е Месијата. Многу други, кои биле осведочени од проповедањето на Јован Крстителот и кои го прифатиле Христа, почнале да се сомневаат во Јовановата мисија, кога тој бил фрлен в затвор и бил погубен, а сега се сомневале дека Исус бил Месијата, Кој толку долго го очекувале. Многу ученици кои желно очекувале Исус да го заземе Своето место на Давидовиот престол го напуштиле, кога согледале дека Тој нема таква намера. Меѓутоа, Петар и неговите другари не се одвратиле од својата приврзаност. Колебливоста на оние кои вчера славеле, а денес осудувале, не ја уништила верата на вистинските следбеници на Спасителот. Петар изјавил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог”. Тој не чекал неговиот Господ да го крунисаат со царско достоинство, туку го примил Него во Неговата понизност. {КВ 411.5}

Петар ја изразил верата на дванаесетмината. Меѓутоа, учениците сѐ уште биле далеку од тоа да ја сфатат Христовата мисија. Спротивставувањето и искривоколчувањето од страна на свештениците и поглаварите не можеле да ги одвратат од Христа, но Сепак им причинувале големи забуни. Тие не го гледале јасно својот пат. Влијанието на поранешното воспитување, учењето на рабините и силата на традициите, сѐ уште не им дозволувале јасно да ја видат вистината. Од време на време ги осветлувале драгоцените зраци на Христовата светлина, но често се однесувале како луѓе кои тапкаат во темнина. Меѓутоа, оној ден, пред да бидат соочени со големата проба на својата вера, Светиот Дух во сила се излеал врз нив. Нивните очи за кратко време се одвоиле од она „што е видливо“ за да го гледаат „она што е невидливо”. (2. Коринтјаните 4:18) Под човечкиот лик тие ја препознале славата на Божјиот Син. {КВ 412.1}

Исус му одговорил на Петар: „Бпажен си ти Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Татко, Кој е на Небото”. {КВ 412.2}

Вистината што ја искажал Петар претставува темел на верата на верникот. Тоа е она за што Христос кажал дека е вечен живот. Сепак поседувањето на тоа знаење не било причина за самопрославување. Тоа не му се открило на Петар заради неговата сопствена мудрост или добрина. Човекот никогаш не може со сопствени сили да дојде до сознание за божественото. „Повисоко е од небото: што можеш да сториш? Подлабоко е од пеколот: што можеш да дознаеш?“ (Јов 11:8) Единствено духот на посинувањето може да ни ги открие Божјите длабочини, „што окото не видело, што увото не чупо, ниту пак човечкото срце помислило”. „А нам тоа ни го открил Бог преку Неговиот Дух, зашто Духот испитува сѐ, па дури и Божјите длабочини”. (1. Коринтјаните 2:9,10) „Тајната Господова е со оние што се бојат од Него“, а Петровото препознавање на Христовата слава било доказ дека тој бил „поучен од Бога”. (Псалм 25:14; Јован 6:45) Ех, навистина, „блажен си ти Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Татко, Кој е на Небото”. {КВ 412.3}

„А Јас ти кажувам“ продолжил Исус, „дека ти си Петар и на оваа карпа Јас ќе ја изградам Мојата црква и портите на пеколот нема да ја надвладеат”. Зборот Петар значи камен, камен што се тркала. Петар не бил карпата на која е втемелена црквата. Портите на пеколот го надвладеале, кога со клетви и пцовки се откажал од својот Господ. Црквата е изградена врз Оној, Кого портите на пеколот не можеле да го надвладеат. {КВ 412.4}

Многу векови пред Христовото доаѓање, Мојсеј укажал на Карпата на Израелевото спасение. Псалмистот пеел за „мојата силна Карпа”. Исаија напишал: „Вака вели Господ Бог: ‘Поставувам во Сион за основа камен, испробан камен, скапоцен камен аголен, темелен’”. (Второзаконие 32:4; Псалм 62:7; Исаија 28:16) Самиот Петар, пишувајќи под вдахновение го применил ова пророштво на Исуса. Тој кажува: „Ако сте вкусиле дека Господ е добар; пристапете кон Него, Живиот камен, Кого навистина луѓето го отфрлија, но Кој е од Бога избран, скапоцен, па и вие самите како живи камења, изградувајте се како духовно здание”. (1. Петрово 2:3-5) {КВ 413.1}

„Никој не може да постави друг темел, освен оној што е веќе поставен, а тоа е Исус Христос”. (1. Коринтјаните 3:11) „На оваа карпа“ рекол Исус, „ќе ја изградам Мојата црква”. Во присуство на Бога и сите небесни суштества, во присуство на невидливите војски на пеколот, Христос ја основал Својата црква врз живата Карпа. Карпата е самиот Тој Неговото тело, мачено и рането заради нас. Портите на пеколот не можат да ја надвладеат црквата соѕидана на овој темел. {КВ 413.2}

Колку слаба изгледала црквата, кога Христос ги изговорил овие зборови! Постоеле само неколку верници против кои се дигнала сета сила на демоните и злите луѓе. Меѓутоа, Христовите следбеници немале од што да се плашат. Соѕидани на Карпата на нивната сила, тие не можеле да бидат надвладеани. {КВ 413.3}

Верата се темели на Христа во текот на шест илјади години. Шест илјади години поплавите и виорот на сатанскиот гнев навалуваат на Карпата на нашето спасение, но таа останала цврста. {КВ 413.4}

Петар ја изговорил вистината која претставува темел на верата на црквата и Исус му укажал чест како на претставник на сите верници. Тогаш Христос рекол: „Тебе ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, па сѐ што ќе сврзеш на Земјата, ќе биде сврзано и на небесата, а сѐ што ќе разврзеш на Земјата, ќе биде разврзано и на небесата”. Верата се темели на Христа во текот на шест илјади години. Шест илјади години поплавите и виорот на сатанскиот гнев навалуваат на Карпата на нашето спасение, но таа останала цврста. {КВ 413.5}

 „Клучеви од небесното царство“ тоа се Христовите зборови. Сите зборови на Светото Писмо се Негови и се опфатени со ова. Тие зборови имаат сила да го отворат и затворат небото. Тие ги откриваат условите под кои луѓето се примаат или отфрлаат. Така делото на оние кои го проповедаат евангелието е животен мирис за живот или смртен мирис за смрт. Нивната мисија се мери со вечни резултати. {КВ 413.6}

Спасителот не му го доверил делото на евангелието лично на Петар. Подоцна, повторувајќи ги зборовите што му ги изговорил на Петар, Тој ги аплицирал директно на црквата. И истото во суштина било изговорено на дванаесетмината, како на претставници на сите верници. Ако Исус му одредил некоја посебна власт на еден од учениците над другите, ние не би читале за тоа како често се расправале кој од нив треба да биде најголем. Тие би се покориле на желбата на својот Господ и би го почитувале оној што Тој го одбрал. {КВ 414.1}

Наместо да именува еден кој ќе биде главен, Христос им рекол на учениците: „Не се нарекувајте Рави“; „ниту пак се нарекувајте учители, зашто имате само еден Учител Христос”. (Матеј 23:8,10) {КВ 414.2}

„Христос е глава на секој маж”. Бог, Кој се покорил под стапалата на Спасителот, „Него го постави за глава над сѐ во црквата, која е Негово тело полнина на Оној, Кој исполнува сѐ во сѐ”. (1. Коринтјаните 11:3; Ефесјаните 1:22,23) Црквата е изградена на Христа како на свој темел; таа треба да му се покорува на Христа како на своја глава. Таа не смее да зависи од човек, ниту да биде под контрола на човек. Многумина тврдат дека некоја положба од доверба во црквата им дава право да диктираат во што треба другите да веруваат и што треба да работат. Бог не го одобрува ова тврдење. Спасителот вели: „Сите вие сте браќа”. Сите се изложени на искушенија и сите можат да погрешат. Карпата на верата е Христовото живо присуство во црквата. На неа можат да се потпрат и најслабите, а оние кои се сметаат себеси за најсилни, ќе се покажат како најслаби, ако Христос не биде нивната сила. „Проклет да е оној човек што се потпира врз човек и слабото тело го смета за своја мишка”. Господ „е Карпата и Неговото дело е совршено”. „Благословени се оние кои се надеваат во Него”. (Еремија 17:5; Второзаконие 32:4; Псалм 2:12) {КВ 414.3}

По признавањето на Петар, Исус им заповедал на учениците никому да не зборуваат дека Тој е Христос. Тој им го дал овој налог поради одлучното спротивставување на книжевниците и фарисеите. Но поголема причина било тоа што народот, па дури и учениците имале толку погрешна претстава за Месијата, така што јавното објавување на тоа име не би дало точен поим за Неговиот карактер или за Неговото дело. Меѓутоа, Тој од ден на ден им се откривал како Спасител и на тој начин сакал да им даде вистинско сфаќање за Себе како Месија. {КВ 414.4}

Учениците сѐ уште очекувале дека Христос ќе владее како земен цар. Иако Тој толку долго ги прикривал Своите намери, тие верувале дека Тој нема секогаш да остане во сиромаштија и непознатост, дека е близу денот, кога Тој ќе го воспостави Своето царство. Дека омразата на свештениците и рабините никогаш нема да биде совладана, дека Христос ќе биде отфрлен од Неговиот сопствен народ, дека Тој ќе биде осуден како измамник и распнат како злосторник такво нешто учениците никогаш не помислувале. Меѓутоа, се приближувал часот на силата на темнината, па Исус морал да им укаже на Своите ученици на судирот што им претстоел. Тој бил тажен, бидејќи ја очекувал претстојната неволја. {КВ 415.1}

До тој момент Исус се воздржувал да им каже на учениците нешто што би се однесувало на Неговото страдање и смрт. Разговарајќи со Никодим, Тој рекол: „Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен”. (Јован 3:14,15) Меѓутоа, учениците не го слушнале тоа, а и да го слушнале, тие не би разбрале. Меѓутоа, сега биле околу Него, ги слушале Неговите зборови, ги набљудувале Неговите дела сѐ до моментот, кога и покрај скромноста на Неговите околности и спротивставувањето на свештениците и на народот му се придружиле на сведоштвото на Петар: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог”. Сега дошол моментот да се подигне превезот што ја прикривал иднината. „Оттогаш, Исус почна да им кажува на Своите ученици дека мора да оди во Ерусалим и да пострада многу од старешините, од главните свештеници и од книжевниците, и да биде убиен и дека на третиот ден ќе воскресне”. {КВ 415.2}

Учениците слушале неми од болка и чудење. Христос го прифатил Петровото признавање за Него како Божји Син и сега Неговите зборови, кои укажувале на Неговите страдања и смрт изгледале несфатливи. Петар не можел да молчи. Го фатил својот Учител, како да сака да го заштити од тешката судбина што го очекувала, па извикал: „Боже сочувај! Тебе такво нешто не може да ти се случи!“ {КВ 415.3}

 Петар го сакал Господа, но Исус не го пофалил што на тој начин ја манифестирал желбата да го заштити од страдањето. Зборовите на Петар не можеле да му пружат на Исуса помош и утеха во големата неволја што му претстоела. Тие зборови не биле во согласност со Божјата цел на благодатта кон еден загубен свет, ниту со поуката за самопожртвување, која Исус дошол да ја даде со Својот сопствен пример. Во Христовото дело Петар не сакал да го види крстот. Впечатокот што го оставиле зборовите на Петар бил во целосна спротивност со впечатокот што Христос сакал да го остави во умот на Своите следбеници и затоа Спасителот бил принуден да го изговори еден од најострите прекори кои некогаш ги слушнале од Неговите усни; „Бегај од Мене сатано! Ти си соблазна за мене, зашто не мислиш за она што е Божјо, туку за она што е човечко”. {КВ 415.4}

Сатаната се обидел да го обесхрабри Исуса и да го одврати од Неговата мисија, а Петар во својата слепа љубов давал поддршка на искушението. Кнезот на злото бил творец на тие мисли. Зад таа импулсивна изјава се наоѓал неговиот поттик. Сатаната во пустината му нудел на Христа да се откаже од Својот пат на понижување и жртвување нудејќи му да владее со овој свет. Сега во тоа исто искушение го довел Христовиот ученик. Тој се обидувал да го насочи погледот на Петар на земната слава, за да не може да го види крстот на кој Исус сакал да го насочи Својот ученик. И преку Петар, сатаната повторно го наметнувал тоа искушение врз Исуса. Но, Спасителот не го земал тоа во обѕир; Неговите мисли биле за Неговиот ученик. Сатаната се испречил помеѓу Петар и неговиот Учител со цел да го спречи срцето на ученикот да не биде допрено со визијата за Христовото понижување заради него. Христовите зборови не биле упатени на Петар, туку на оној, кој се обидувал да го одвои од неговиот Откупител. „Бегај од Мене, сатано”. Не се поставувај повеќе помеѓу Мене и Мојот заблуден слуга. Јас сакам директно да му се обратам на Петар, за да му ја откријам тајната на Мојата љубов. {КВ 416.1}

За Петар тоа била горчлива поука, поука која тешко ја сфаќал дека Христовиот пат минува низ агонија и понижувања. Ученикот се стаписал при помислата да биде учесник во страдањата на својот Господ. Меѓутоа, во пламенот на огнот требало да го дознае благословот на тие страдања. Многу подоцна, кога неговото тело било свиткано под товарот на годините и работата, тој напишал: „Возљубени, не чудете се на огненото испитување што се појави меѓу вас, за да ве испита, небаре ви се случува нешто необично. Напротив, радувајте сѐ што сте учесници во Христовите страдања, за да можете да се радувате со преголема радост при откровението на Неговата слава”. (1. Петрово 4:12,13) {КВ 416.2}

Исус сега им објаснил на Своите ученици дека Неговиот живот на самооткажување треба да биде пример за тоа каков треба да биде нивниот живот. Повикувајќи ги поблизу кон Себе учениците и народот што се наоѓал во близина, Тој рекол: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст секојдневно и нека оди по Мене”. Крстот бил знак на силата на Рим. Тој бил орудие на најсвиреп и најпонизен облик на смрт. Најлошите злосторници морале да го носат крстот до местото на кое се извршувала смртната казна и често, кога го поставувале врз нивните рамена, тие се спротивставувале со очајна сила, сѐ додека не биле совладани и орудието за мачење било приврзано за нив. Меѓутоа, Исус ги повикал Своите следбеници да го земат крстот и да го носат по Него. На учениците Неговите зборови, иако нејасно разбрани, посочувале кон нивната покорност на најогорченото понижување покорност дури до смрт заради Христа. Христовите зборови не можеле да илустрираат покомплетно самопредавање. Меѓутоа, Тој се согласил на сето тоа заради нив. Исус не сакал да остане на Небото, додека ние бевме загубени. Тој ги напуштил небесните дворови, за да живее живот на понижување и навреди и да умре со срамна смрт. Тој, Кој имал непроценливо богатство на Небото, станал сиромашен за ние да се збогатиме преку Неговата сиромаштија. Наша должност е да одиме по патот по кој Тој одел. {КВ 416.3}

Љубовта кон душите заради кои Христос умрел, значи дека себичноста мора да се распне. Оној кој е Божјо дете мора уште отсега да се смета себеси како алка во синџирот спуштен од Небото за спасение на светот, едно со Христа во Неговиот план на милост, одејќи напред со Него да ги бара и да ги спаси загубените. Христијанинот мора секогаш да биде свесен за тоа дека му се посветил на Бога и со својот карактер мора да го открива Христа на светот. Самопожртвуваноста, сочувството, љубовта манифестирани во Христовиот живот, мораат повторно да се манифестираат во животот на Божјиот работник. {КВ 417.1}

„Оној што сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби, а оној што ќе ја загуби душата своја заради Мене и евангелието, тој ќе ја спаси”. Себичноста е смрт. Ниту еден орган во телото не би можел да живее доколку би служел само на себе. Срцето кое би престанало да испраќа крв на раката и главата брзо би ја загубило својата моќ. Како крвта во телото, така и Христовата љубов тече низ сите делови на Неговото симболично тело. Ние сме меѓусебно поврзани и онаа душа, која одбива да споделува, мора да пропадне. „Каква полза има човекот“ рекол Исус, „ако го придобие сиот свет, а ја загуби својата душа? Или каков откуп може да даде човекот за својата душа?“ {КВ 417.2}

Зад сегашната сиромаштија и понижување, Тој им укажал на учениците за Своето доаѓање во слава, не во блесокот на земниот престол, туку со славата на Бога и на небесните војски. „И тогаш“ рекол Тој, „ќе му даде секому според неговите дела”. За да ги охрабри, го дал ова ветување: „Вистина, вистина ви велам, тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат Синот Човечки како Доаѓа во Своето царство”. Меѓутоа, учениците не ги сфатиле Неговите зборови. Таа слава им изгледала многу далечна. Нивните погледи биле насочени на она што се наоѓало близу на земниот живот на немаштија, на понижувања и страдања. Зар мораат да се откажат од своите блескави надежи за царството на Месијата? Зар нема да видат како нивниот Господ е воздигнат на Давидовиот престол? Дали е можно Христос да живее како скромен бездомник и патник, за да биде презрен, отфрлен и погубен? Тага ги притискала нивните срца, бидејќи го љубеле својот Учител. Сомнежи ги мачеле нивните души, бидејќи им изгледало несфатливо Божјиот Син да биде изложен на толку свирепо понижување. Тие се прашувале зошто Тој доброволно би одел во Ерусалим да биде изложен на такво однесување за кое им зборувал дека треба да го поднесе. Како Тој може да се помири со таквата судбина, а нив да ги остави во темнина поголема од онаа во која се наоѓале пред Тој да им се открие? {КВ 417.3}

Според мислењето на учениците, Христос во областа Ќесарија Филипова бил надвор од досегот на Ирод и Кајафа. Тука Тој не морал да се плаши од омразата на Евреите, ниту од римската сила. Зошто не би работел тука, далеку од фарисеите? Зошто е потребно да се предаде Себеси на смрт? Ако треба да умре, како тогаш ќе биде воспоставено толку цврсто Неговото царство, што ниту портите на пеколот нема да можат да го надвладеат? За учениците тоа навистина била тајна. {КВ 418.1}

Сега тие патувале по должината на брегот на Галиелјското Езеро, кон градот каде што ќе бидат уништени сите нивни надежи. Не се осмелувале да му се спротивстават на Христа, но разговарале меѓу себе со тивок, тажен глас за тоа каква ќе биде иднината. Дури и во своето колебање, тие цврсто се држеле за мислата дека ќе се појават некои непредвидливи околности и ќе ја спречат несреќата што го очекувала нивниот Господ. Така, шест долги, тажни денови жалеле и се сомневале, се надевале и стравувале. {КВ 418.2}

Сподели го ова:

Слични објави