85. УШТЕ ЕДНАШ ПОКРАЈ МОРЕТО
Оваа поглавје е засновано на Јован 21:1-22.
Христос одредил да се сретне со Своите ученици во Галилеја и набрзо по пасхалната седмица, тие се упатиле таму. Нивното отсуство од Ерусалим за време на празникот би се протолкувало како нелојалност и ерес и затоа останале до крај. Меѓутоа, кога празникот завршил, тие радосно тргнале во своето родно место да се сретнат со Спасителот, како што Тој им заповедал. {КВ 809.1}
Во групата што тргнала имало седум ученици. Тие биле облечени во скромна рибарска облека; биле сиромашни во земните добра, но богати во познавање на вистината и нејзиното применување, што во очите на небото им давало највисока положба како учители. Тие не посетувале пророчки школи, но три и пол години ги поучувал најголемиот Учител, Кој некогаш го познавал светот. Под Негови инструкции тие станале благородни, интелигентни и префинети, орудија преку кои луѓето можеле да бидат доведени во познавање на вистината. {КВ 809.2}
Во текот на Својата јавна служба Христос поминал многу време во близина на Галилејското Море. Кога учениците се собрале на едно место каде што најверојатно нема да бидат вознемирувани, сѐ што виделе околу себе ги потсетувало на Исуса и на Неговите силни дела. На тоа исто море, Исус одел по огромните бранови да ги спаси, кога нивните срца биле исполнети со ужас, а жестоката бура им се заканувала со уништување. Тука, Неговата Реч ја стивнала бесната бура. Пред нив се наоѓал брегот на кој биле нахранети околу десет илјади луѓе со неколку мали лебови и риби. Недалеку бил Капернаум, местото во кое Христос направил толку многу чуда. Додека ги набљудувале тие предели, нивните умови се исполнувале со зборовите и делата на својот Спасител. {КВ 809.3}
Вечерта била пријатна, а Петар, кој сѐ уште ја чувствувал старата наклонетост кон чамците и риболовот, им предложил на останатите да испловат и да ги фрлат мрежите. Сите биле подготвени да се придружат; им била неопходна храна и облека и ако имаат успех во риболовот, ќе можат да ги задоволат своите потреби. Отпловиле со својот чамец, но не уловиле ништо. Цела ноќ работеле, но без никаков успех. Во текот на тие заморни часови тие разговарале за својот отсутен Учител и се сеќавале на прекрасните настани на кои биле сведоци за време на Неговата служба. Размислувале за неизвесноста на својата иднина и се натажиле поради изгледите кои биле пред нив. {КВ 810.1}
За цело тоа време еден осамен набљудувач на брегот ги следел со Својот поглед, додека самиот Тој бил невидлив за нив. Конечно осамнала зората. Чамецот бил малку оддалечен од брегот и учениците здогледале еден непознат човек како стои на брегот, кој им се обратил со прашањето: „Деца, имате ли нешто за јадење?“ Кога одговориле: „Немаме,“ Тој им рекол: „Фрлете ја мрежата на десната страна од чамецот и ќе најдете. Тие ја фрлија и не можеа да ја извлечат од мноштво риби”. {КВ 810.2}
Јован Го препознал странецот, па му рекол на Петар: „Тоа е Господ”. Петар бил толку среќен и толку радосен што во својата ревност скокнал во водата и наскоро стоел покрај својот Учител. Останатите ученици со чамец дошле до брегот, влечејќи ја со себе мрежата со риби. „Кога излегоа на копно, видоа разгорен оган и на него ставено риба и леб”. {КВ 810.3}
Тие биле премногу воодушевени за да прашаат од каде потекнуваат храната и огнот. „Исус им рече: Донесете од рибите што ги фативте сега”. Петар побрзал до мрежата која ја оставил и им помогнал на своите браќа да ја извлечат на брегот. Кога ја завршиле својата работа и извршиле подготовка, Исус ги повикал да јадат. Додека ја кршел храната и ја делел, сите седуммина Го препознале. Чудото што го направил на падината на гората, кога нахранил пет илјади луѓе, повторно оживеало во нивните сеќавања; но ги обзела таинствена стравопочит и без зборови го набљудувале својот воскреснат Спасител. {КВ 810.4}
Живо се сеќавале на сцената крај морето кога Исус првпат ги повикал да тргнат по Него. Се сеќавале како на Негова заповед отишле во длабината и ги фрлиле мрежите и како уловот бил толку изобилен, што мрежата дури им се кинела. Тогаш Исус ги повикал да ги остават своите рибарски чамци и им ветил дека ќе ги направи ловци на луѓе. За да ги потсети на тој настан и споменот да биде повпечатлив, Тој го направил тоа чудо. Неговата постапка била обновување на налогот што им го дал на учениците. На тој начин им покажал дека смртта на нивниот Учител не ја намалила нивната обврска да ја извршат задачата која им била наменета. Иако ќе бидат лишени од личното дружење со Него и од средствата за живот што ги стекнувале со својата поранешна работа, воскреснатиот Спасител и понатаму ќе се грижи за нив. Сѐ додека го вршеле Неговото дело, Тој ќе се погрижи за нивните потреби. Тоа што им рекол да ги фрлат мрежите од десната страна на чамецот, било кажано со одредена цел. Тој стоел токму од таа страна на брегот. Тоа била страната на верата. Ако работат во заедница со Него Неговата божествена моќ соединета со нивните човечки напори тогаш успехот не може да изостане. {КВ 810.5}
Христос имал да даде и друга поука, која се однесувала особено на Петар. Петар се откажал од својот Господ, што било во срамна спротивност со неговата претходно дадена изјава за лојалност. Тој Го обесчестил Христа и предизвикал недоверба кај своите браќа. Тие мислеле дека нема да му биде дозволено да ја заземе својата поранешна положба меѓу нив и самиот тој чувствувал дека ја изиграл својата доверба. Пред да биде повикан повторно да ја преземе својата апостолска должност, тој пред сите морал да даде доказ за своето покајание. Без тоа, неговиот грев, иако се покајал поради него, би можел да го уништи неговото влијание како Христов слуга. Спасителот му пружил можност повторно да ја стекне довербата на своите браќа и колку што е можно, да го отстрани срамот што му го нанел на евангелието. {КВ 811.1}
Тука се наоѓа поука за сите Христови следбеници. Евангелието никогаш не создава компромис со злото. Тоа не може да го оправда гревот. Тајните гревови мораат тајно да му се признаат на Бога; но за отворениот грев е потребно и отворено признавање. Срамот поради гревот на ученикот, се префрла на Христа. Поради тоа сатаната ликува, а колебливите души се сопнуваат. Давајќи доказ за своето покајание, ученикот, колку што е во негова моќ, треба да го отстрани овој срам. {КВ 811.2}
Додека Христос и учениците заедно јаделе на морскиот брег, Спасителот му рекол на Петар: „Симоне, сине Јонин, Ме љубиш ли повеќе од овие?“; мислејќи при тоа на неговите браќа. Петар во една прилика изјавил: „Ако сите се соблазнат поради Тебе, јас нема никогаш да се соблазнам”. (Матеј 26:33) Меѓутоа, сега дал поверна оценка за себе. Тој рекол: „Да, Господе, Ти знаеш дека Те љубам”. Тука немало никакво бурно уверување дека неговата љубов е поголема од љубовта на неговите браќа. Сега веќе не давал свое лично мислење за својата преданост. Тој го препуштил судот за својата искреност на Оној, Кој ја чита секоја мисла и ја знае секоја побуда на срцето „Ти знаеш дека Те љубам”. Исус му рекол: „Паси ги Моите јагниња”. {КВ 811.3}
Исус повторно го ставил Петар на проба, повторувајќи ги Своите порано изговорени зборови: „Симоне, сине Јонин, Ме љубиш ли?“ Овој пат не го прашал Петар дали Го љуби повеќе од своите браќа. Вториот одговор бил сличен на првиот, без претерано уверување: „Да, Господе, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рекол: „Паси ги Моите овци”. Уште еднаш Спасителот му го поставил тоа болно прашање: „Симоне, сине Јонин, Ме љубиш ли?“ Мислејќи дека Исус се сомнева во неговата љубов, Петар се растажил. Знаел дека неговиот Господ има причини да се сомнева во него, па со срце полно со болка, одговорил: „Господе, Ти сѐ знаеш! Ти знаеш дека те љубам!“ Исус уште еднаш му одговорил: „Паси ги Моите овци”. {КВ 812.1}
Три пати Петар отворено се откажал од својот Господ и три пати Исус добил од него цврсто уверување за неговата љубов и лојалност, упатувајќи му го тоа прашање, како остра стрела во неговото рането срце. Пред насобраните ученици, Исус ја открил длабочината на Петровото покајание и покажал колку длабоко се понизил ученикот кој некогаш се фалел. {КВ 812.2}
Петар по природа бил брз и избувлив и сатаната ги користел тие негови особини за да го совлада. Непосредно пред Петар да падне, Исус му рекол: „Еве, сатаната посака да може да ве просее како пченица, но Јас се молев за тебе твојата вера да не ослабне. А ти, кога ќе се обратиш, зацврсти ги своите браќа”. (Лука 22:31,32) Тоа време сега настапило и преобразувањето на Петар било очигледно. На отворените и толку болно поставени прашања, Учителот сега не добил ниту еден единствен непромислен и самоуверен одговор. Поради таа своја понизност и покајание, Петар бил подобро од кога било подготвен да делува како пастир на стадото. {КВ 812.3}
Прва работа што Христос му ја доверил на Петар била да ги пасе јагнињата. Тоа била работа за која Петар имал малку искуство. Таа должност бара многу грижа и нежност, многу трпение и истрајност. Бил повикан да им служи на оние кои се млади во верата, да ги поучува неупатените, да ги отвора пред нив Светите Списи и да ги подготвува за корисни работници во служба за Христа. До тој период Петар не бил подготвен за таа должност, ниту пак да го сфати нејзиното значење. Меѓутоа, сега Исус го повикал да ја врши оваа работа. За извршување на оваа задача го приготвиле личното искуство на страдање и покајание. {КВ 812.4}
Пред својот пад, Петар секогаш зборувал непромислено, според моменталната побуда. Секогаш бил подготвен да ги коригира другите и да донесува свој суд пред да има јасна претстава за себе или за она што треба да го каже. Меѓутоа, обратениот Петар бил многу поинаков. Тој го сочувал својот поранешен жар, но Христовата благодат правилно ја насочила неговата ревност. Тој веќе не бил избувлив, самоуверен и вообразен, туку спокоен, трпелив и поучлив. Тогаш бил во состојба да ги храни јагнињата и овците во Христовото стадо. {КВ 812.5}
Начинот на кој Спасителот постапил со Петар, претставувал поука и за него и за неговите браќа. Тоа ги научило со престапникот да постапуваат трпеливо, сочувствително и со љубов која простува. Иако Петар се откажал од својот Учител, љубовта со која Исус се однесувал кон него никогаш не се поколебала. Таква, токму таква љубов треба да чувствува секој потпастир кон овците и јагнињата доверени на негова грижа. Сеќавајќи се на своите слабости и пропусти, Петар требало да постапува нежно со своето стадо, исто толку нежно, како што Христос постапувал кон него. {КВ 815.1}
Значајно било прашањето што Христос му го поставил на Петар. Тој споменал само еден услов за учеништво и служба. „Ме љубиш ли?“ рекол Тој. Тоа е суштинска квалификација. Иако Петар можел да ги има сите други услови, без Христова љубов, не би можел да биде верен пастир на Неговото стадо. Знаењето, добродетелноста, речитоста, благодарноста и ревноста сите тие особини се од помош во добрата работа, но без Христовата љубов во срцето, работата на христијанскиот проповедник е промашена работа. {КВ 815.2}
Исус одел сам со Петар, бидејќи имало нешто што сакал да му соопшти само нему. Пред Својата смрт, Исус му рекол: „Каде што одам Јас, ти сега не можеш да Ме следиш, но после ќе Ме следиш”. На ова Петар одговорил: „Господе, зошто сега не можам да Те следам? Животот ќе го дадам за Тебе”. (Јован 13:36,37) Кога го кажал тоа, Петар многу малку знаел до какви височини и длабочини овојпат ќе Го поведат Христовите нозе. Петар не се одржал кога наишла пробата, но повторно ќе му биде дадена можност да ја докаже својата љубов кон Христа. За да зајакне за последната проба на својата вера, Спасителот му ја открил неговата иднина. Му кажал дека по неговото корисно живеење, кога годините на животот ќе ја исцрпат неговата сила, навистина ќе го следи својот Господ. Тој му рекол: „Кога беше млад, се опашуваше себеси и одеше каде што сакаше, но кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете и друг ќе те опашува и ќе те одведе каде што не сакаш. Тоа го кажа означувајќи со каква смрт тој ќе Го прослави Бога”. {КВ 815.3}
На тој начин Исус го запознал Петра со начинот на кој ќе умре. Претскажал дека и рацете ќе му бидат раширени на крст. Повторно му наложил на Својот ученик: „Следи Ме!“ Ова откровение не го обесхрабрило Петар. Тој бил подготвен да претрпи секаква смрт за својот Господ. {КВ 815.4}
До тогаш Петар го познавал Христа само во човечки облик, како што многумина и денес Го познаваат; но не требало и понатаму да биде така ограничен. Тој не го познавал повеќе Него онака како што го познавал порано додека се дружел со Него во човечки облик. Тогаш Го љубел како човек, како учител испратен од небото, но сега Го љубел како Бог. Ја учел поуката дека Христос за него е сѐ во сѐ. Сега бил подготвен да учествува во самопожртвуваната мисија на својот Господ. Кога на крај бил доведен до крстот, Петар, на свое лично барање, бил распнат со главата свртена надоле. Сметал дека за него е премногу голема чест да пострада на ист начин како и неговиот Учител. {КВ 815.5}
Христовите зборови: „Следи ме,“ за Петар биле полни со поука, не само во поглед на неговата смрт, туку и во поглед на секој чекор во неговиот живот. До тогаш Петар бил склон да делува независно. Се обидувал да прави планови за Божјото дело, наместо малку да почека и да го следи Божјиот план. Меѓутоа, не постигнал ништо со тоа што избрзувал пред Учителот. Исус му наложил: „Следи Ме”. „Не трчај пред Мене, за да не мораш сам да се судираш со силите на сатаната. Дозволи Јас да одам пред тебе и тогаш непријателот нема да те совлада”. {КВ 816.1}
Одејќи така покрај Исуса, Петар забележал дека по нив оди и Јован. Тогаш кај него се јавила желба да ја дознае неговата иднината, и тој „му рече на Исуса: Господе, а што ќе се случи со овој? Исус му одговори: Ако сакам тој да остане додека не дојдам пак, што те засега тоа тебе? Ти следи Ме”. Петар требало да има на ум дека неговиот Господ ќе му открие сѐ што би било најдобро за него да го знае. Должност на секој поединец е да го следи Христа, не грижејќи се многу за задачата што им е наменета на другите. Зборувајќи за Јована: „Ако сакам тој да остане додека не дојдам пак,“ Христос не дал никакво уверување дека тој ученик ќе живее до Господовото второ доаѓање. Тој само ја потврдил Својата врховна власт и дека, дури и кога би сакал да биде така, тоа воопшто нема да влијае на задачата на Петар. Иднината на двајцата, и на Петар и на Јован, била во рацете на нивниот Господ. Послушноста во чекорењето по Него била должност која се барала од двајцата. {КВ 816.2}
Колку има денес такви кои се слични на Петар! Тие се интересираат што прават другите и желни се да ја запознаат нивната должност, додека се во опасност да ги занемарат своите обврски. Наша работа е да гледаме во Христа и да одиме по Него. Ние ќе најдеме грешки во животите на другите и мани во нивниот карактер. Човечката природа е подложна на слабости. Меѓутоа, во Христа ќе најдеме совршенство. Гледајќи во Него, ние ќе се преобразиме. {КВ 816.3}
Јован доживеал длабока старост. Бил очевидец на разурнувањето на Ерусалим и на рушењето на величествениот храм Симболот на конечната пропаст на светот. Тој го следел својот Господ до своите последни денови. Суштината на неговото сведоштво за црквите била: „Возљубени, да се сакаме еден со друг,“ „оној што останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него”. (1. Јованово 4:7,16) {КВ 816.4}
Петар бил вратен во неговото апостолство, но честа и авторитетот што ги примил од Христа не му дале никаква превласт над неговите браќа. Тоа Христос јасно го истакнал кога, одговарајќи на прашањето на Петар: „Што ќе биде со овој?“; Тој рекол: „Што те засега тоа тебе? Ти следи Ме!“ На Петар не му била дадена честа да биде глава на црквата. Наклонетоста која Христос му ја укажал, простувајќи му го одметнувањето и доверувајќи му да го пасе стадото и неговата лична верност во одењето по Христа, Петар ја стекнал довербата на своите браќа. Неговото влијание во црквата било големо. Меѓутоа, поуката која Христос му ја дал на брегот на Галилејското Море, Петар ја носел со себе во текот на целиот свој живот. Пишувајќи им на црквите под вдахновение на Светиот Дух, тој рекол: {КВ 817.1}
„Старешините меѓу вас ги повикувам јас, кој самиот сум старешина и сведок на Христовите страдања и учесник во славата што ќе се покаже: Пасете го Божјото стадо што е меѓу вас и надгледувајте го, не со сила, туку драговолно; не со желба за валкана добивка, туку од добро срце. Не како господари над Божјото наследство, туку бидете му пример на стадото. И кога ќе се појави врховниот Пастир, ќе примите круна на слава што не венее”. (1. Петрово 5:1-4) {КВ 817.2}