62. ГОЗБА ВО ДОМОТ НА СИМОН

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 26:6-13; Марко 14:3-11; Лука 7:36-50; Јован 11:55-57; 12;1-11.

Симон од Витанија се сметал за Исусов ученик. Тој бил еден од неколкуте фарисеи кои отворено им се придружиле на Христовите следбеници. Тој го признал Исуса за учител и се надевал дека Тој би можел да биде Месијата, но не го прифатил како Спасител. Неговиот карактер не се преобразил, неговите начела останале неизменети. {КВ 557.1}

Симон бил исцелен од лепра и тоа било она што го привлекло кон Исуса. Тој посакувал да ја покаже својата благодарност и, кога Христос последен пат бил во Витанија, тој подготвил гозба за Спасителот и за Неговите ученици. На оваа гозба биле собрани и многу Евреи. Бо тоа време во Ерусалим владеела голема возбуда. Христос и Неговата мисија привлекувале поголемо внимание од било кога порано. Оние што дошле на гозбата внимателно го следеле Неговото движење, а некои од нив тоа го правеле со непријателски поглед. {КВ 557.2}

Спасителот стигнал во Витанија само шест дена пред Пасха и според Својот обичај, побарал одмор во домот на Лазар. Мноштвото патници кои поминувале низ градот, ја рашириле веста дека Тој се наоѓа на Својот пат кон Ерусалим и дека за време на саботата ќе се одмори во Витанија. Кај народот владеел голем ентузијазам. Многумина се собирале во Витанија, некои од наклоност кон Исуса, а други од љубопитност, за да го видат човекот кој воскреснал од мртвите. {КВ 557.3}

Многумина очекувале дека од Лазар ќе ја слушнат чудесната сторија за сцените на кои бил сведок по смртта. Биле изненадени, кога тој не им раскажал ништо. Немал што да им раскаже. Вдахновението изјавува; „Мртвите не знаат ништо… исчезнала и нивната љубов и нивната омраза и нивната завист”. (Проповедник 9;5,6) Меѓутоа, Лазар имал да изнесе едно чудесно сведоштво во Христовото дело. Поради тоа и бил воскреснат од мртвите. Изјавил со сигурност и сила дека Исус е Божји Син. {КВ 557.4}

Извештаите што ги однеле назад во Ерусалим оние што биле во Витанија, ја зголемиле возбудата. Народот бил желен да го види и слушне Исуса. Сеопшто било прашањето дали Лазар ќе го придружува Него до Ерусалим и дали Пророкот ќе биде крунисан за цар за време на Пасха. Свештениците и поглаварите виделе дека нивната власт над народот е сѐ послаба и нивниот револт кон Исуса станал уште поогорчен. Едвај чекале прилика засекогаш да го отстранат од својот пат. Како што минувало времето, тие почнале да стравуваат дека Тој на крајот на краиштата можеби нема да дојде во Ерусалим. Се сеќавале колку пати ги попречил нивните убиствени намери, па се плашеле дека и сега проникнал во нивните намери и дека ќе остане настрана. Не можеле да ја прикријат својата загриженост, па се прашувале меѓусебно: „Што мислите, нема ли да дојде на празникот?“ {КВ 558.1}

Бил повикан совет на свештеници и фарисеи. По воскреснувањето на Лазар, чувствата на народот биле толку целосно наклонети кон Христа, така што било опасно јавно да се уапси. Затоа властите решиле тајно да го уапсат и колку што е можно потивко да го спроведат судењето. Се надевале дека непостојаната плима на јавното мислење ќе се сврти во нивна полза, кога ќе се дознае дека Тој е осуден. {КВ 558.2}

Така приготвиле план да го уништат Исуса. Меѓутоа, свештениците и рабините знаеле дека нема да бидат сигурни сѐ додека Лазар е жив. Самото постоење на еден човек кој четири дена бил во гроб и кого Исусовата Реч го вратила во живот, би предизвикала реакција порано или подоцна. Народот би им се одмаздил на своите водачи поради убиството на Оној, Кој можел да изврши такво чудо. Затоа Синедрионот одлучил дека и Лазар исто така мора да умре. Зависта и предрасудите на еврејските водачи пораснале до таа мера, што сакале да му го одземат животот на човекот, кого бесконечната сила го избавила од гробот. {КВ 558.3}

Додека во Ерусалим се ковал заговор, Исус и Неговите пријатели биле поканети да присуствуваат на гозбата кај Симон. Спасителот седнал на трпезата до Симон, кого го излекувал од одвратна болест, додека на другата страна се наоѓал Лазар, кого го воскреснал од мртвите. Марта служела околу трпезата, додека Марија внимателно го слушала секој збор што Доаѓал од Исусовите усни. Во Својата милост, Исус и ги простил гревовите, го повикал да излезе од гробот нејзиниот сакан брат, па нејзиното срце било полно со благодарност. Слушнала како Исус зборува за Својата блиска смрт, па во Својата длабока љубов и тага сакала да му укаже чест. По цена на голема лична жртва купила сад од алабастер со „миро од нард, многу скапоцено“ со кое сакала да го помаже Неговото тело. Меѓутоа, сега многумина изјавувале дека Тој скоро ќе биде крунисан за цар. Нејзината тага се претворила во радост и таа била желна прва да му оддаде почест на својот Господ. Таа го скршила садот со мирото и го излеала врз Исусовата глава и нозе и потоа, клекнувајќи и плачејќи ги квасела со солзи Неговите нозе, а потоа ги избришала со својата долга распуштена коса. {КВ 558.4}

Не сакала да привлекува внимание и нејзината постапка би поминала незабележано, но мирото ја исполнило просторијата со својот мирис, па нејзината постапка била откриена на сите присутни. Јуда кон оваа постапка гледал со големо незадоволство. Наместо да причека и да слушне што ќе каже Христос за тоа, тој почнал да им шепоти за своето негодување на оние што биле во негова близина, префрлувајќи му на Христа што дозволува такво растурање. Неговите подмолни сугестии биле насочени кон тоа да предизвикаат незадоволство. {КВ 559.1}

Јуда извршувал должност на благајник меѓу учениците, па од нивните мали резерви тајно земал за себе, поради што нивните средства толку се намалиле, што останало многу малку. Тој бил желен да стави во ковчежето сѐ што можел да добие. Од ковчежето често се земало за да им се помогне на сиромашните, а кога се купувало нешто што Јуда сметал дека не е неопходно, тој би рекол: „Зошто такво растурање? Зошто таа вредност не се стави во ковчежето што го носам за сиромашните?“ Постапката на Марија била во очигледна спротивност со неговата себичност, па тој се засрамил и според својот обичај настојувал да му припише некоја благородна побуда на својот приговор на нејзиниот дар. Обраќајќи им се на учениците, тој прашал: „Зошто ова миро не се продаде за триста гроша и тоа не им се даде на сиромасите? Но ова го кажа не затоа што се грижеше за сиромасите туку затоа што беше крадец, кај кого беше ковчежето и кој го носеше она што се ставаше во него”. Јуда немал срце за сиромашните. Кога мирото на Марија би било продадено и кога парите би дошле во негово владение, сиромашните не би имале никаква корист. {КВ 559.2}

Јуда имал високо мислење за своите раководителни способности. Себеси се сметал дека поради своите финансиски способности е далеку супериорен над останатите ученици, наведувајќи ги да го гледаат во таква светлина. Ја стекнал нивната доверба и имал силно влијание врз нив. Тие биле измамени од неговата наводна наклонетост кон сиромашните и неговите лукави навестувања ги навеле со недоверба да гледаат на преданоста на Марија. Околу трпезата се слушнало мрморење: „Какво е ова растурање? Зашто ова миро можеше скапо да се продаде и да им се даде на сиромасите”. {КВ 559.3}

Марија ги слушнала зборовите на критика. Нејзиното срце затреперило. Се плашела дека сестра и ќе ја прекори за нејзината екстраваганција. Можеби Учителот ќе помисли дека била непромислена. Се подготвувала да се повлече без извинување или правдање, кога го слушнала гласот на својот Господ: „Оставете ја, зошто и создавате непријатности?“ Видел дека била засрамена и вознемирена. Знаел дека со својата постапка таа ја изразила својата благодарност што и се простени гревовите и што Тој и донел олеснување на нејзината душа. Подигајќи го Својот глас над мрморечките критики, Тој рекол: „Таа направи добро дело за мене. Сиромаси секогаш ќе имате со вас, и кога сакате можете да им направите добро, но Мене ме немате секогаш. Тоа што можеше таа го направи; го помаза предвреме Моето тело за погребување”. {КВ 560.1}

Мирисливиот подарок со кој Марија сакала раскошно да го помаже мртвото тело на Спасителот, сега го излеала врз Неговото живо тело. На погребот неговиот мирис би се ширел низ гробот, а сега го израдувал Неговото срце со доказот за нејзината вера и љубов. Јосиф од Ариматеја и Никодим не му го понудиле својот дар на љубовта на Исуса за време на Неговиот живот. Со горчливи солзи ги донеле своите скапоцени мириси за Неговото студено, бесвесно тело. Жените кои донеле мирис на гробот увиделе дека нивниот труд бил напразен, бидејќи Исус воскреснал. Излевајќи го својот мирис на Спасителот додека Тој бил свесен за нејзината преданост, Марија го помазала за погребување. И кога Тој слегол во темнината на Својата голема неволја, Исус го понел со себе и сеќавањето на таа постапка како залог на љубовта која кон Него засекогаш ќе ја негуваат оние кои ги откупил. {КВ 560.2}

Многумина носат драгоцени дарови на мртвите. Додека стојат покрај студеното, безживотно тело, тие слободно упатуваат зборови на љубов. Нежноста, ценењето, преданоста сето тоа изобилно се укажува на оној кој не слуша и не гледа. Кога тие зборови би биле изговорени на уморниот дух, кога му биле толку потребни, кога увото би можело да слушне и срцето да почувствува колку драгоцен би бил нивниот мирис! {КВ 560.3}

Марија не ја сфатила вистинската смисла на својата постапка која произлегувала од љубовта. Таа не можела да им одговори на своите обвинители. Не можела да објасни зошто ја одбрала таа прилика за да Го помаже Исуса. Светиот Дух планирал за неа и таа се потчинила на Неговиот налог. Вдахновението слегува не давајќи објаснување. Тоа е невидливо и како такво му се обраќа на разумот и душата и го поттикнува срцето на делување. Тоа е оправдување само за себе. {КВ 560.4}

Христос и открил на Марија каква била смислата на нејзината постапка и на тој начин Тој и дал повеќе отколку што примил. Тој рекол: „Таа, излевајќи го тој мирис врз телото Мое, Ме приготви за погреб”. Како што се скршил садот од алабастер и ја исполнил куќата со својот мирис, така Христос ќе умре, Неговото тело ќе биде скршено, но кога ќе воскресне, мирисот на Неговиот живот ќе ја исполни Земјата. Христос „не љубел и се предал Себеси за нас како принос и жртва пријатен мирис на Бога”. (Ефесјаните 5:2) {КВ 560.5}

„Навистина ви велам,“ изјавил Христос, „каде и да се проповеда ова евангелие по сиот свет, ќе се каже и она што го стори таа, за нејзин спомен”. Гледајќи во иднината, Спасителот зборувал со сигурност за Своето евангелие. Тоа требало да се проповеда по целиот свет. Секаде каде што ќе се проповеда евангелието, дарот на Марија ќе го шири својот мирис и нејзината спонтана постапка ќе благослови многу срца. Царства ќе се создаваат и ќе пропаѓаат, имињата на владетелите и освојувачите ќе паѓаат во заборав, но делото на оваа жена ќе остане бесмртно на страниците на светата историја. Сѐ додека времето постои, скршениот алабастерски сад ќе ја раскажува приказната за огромната Божја љубов кон паднатиот човечки род. {КВ 563.1}

Постапката на Марија била во очигледна спротивност со она што Јуда имал намера да го направи. Каква остра поука можел да му даде Христос на оној кој во душите на учениците фрлал семе на критика и лоши мисли. Колку оправдано обвинителот би можел да биде обвинет! Оној, Кој ги чита побудите на сечие срце и ја разбира секоја постапка, можел и да ги отвори пред присутните на гозбата мрачните поглавја од искуството на Јуда. Би можеле да бидат разоткриени празните претендирања на кои предавникот ги засновал своите зборови, бидејќи тој не им бил наклонет на сиромашните, туку земал пари што ним им биле наменети. Против него можело да се предизвика огорченост заради тоа што ги угнетувал вдовиците, сирачињата и надничарите. Кога Христос би го разоткрил, тоа би се навело како причина за предавството. Иако би бил обвинет како крадец, Јуда би стекнал наклонетост дури и меѓу учениците. Спасителот не го укорил и така не му дал изговор за неговото предавство. {КВ 563.2}

Меѓутоа, погледот што Исус го фрлил на Јуда, го уверил дека Спасителот проникнал во неговото лицемерие и дека го познавал неговиот низок и презрен карактер. Пофалувајќи ја толку остро критикуваната постапка на Марија Христос го укорил Јуда. Сѐ до овој момент, Спасителот никогаш не го укорувал директно. Сега укорот го вознемирил неговото срце и тој одлучил да се одмазди. Од вечерата, отишол право во палатата на првосвештеникот, каде што го затекол советот на заседание и понудил да Го предаде Исуса во нивни раце. {КВ 563.3}

Свештениците многу се израдувале. На тие Израелски поглавари им била дадена привилегија да го примат Христа како свој Спасител, без пари или нешто друго. Меѓутоа, тие го одбиле драгоцениот дар што им бил понуден во најнежен дух на силна љубов. Одбиле да го примат спасението што е подрагоцено од злато и го купиле својот Господ за триесет сребреници. {КВ 564.1}

Јуда попуштал на алчноста, така што на крај таа ја совладала секоја добра одлика во неговиот карактер. Тој негодувал за секој дар донесен на Исуса. Неговото срце горело од завист што Спасителот добил еден дар кој одговара за земните владетели. Го предал Учителот за износ што бил значително помал од цената на садот со мирис. {КВ 564.2}

Учениците не биле како Јуда. Тие го сакале Спасителот. Меѓутоа, тие не го ценеле правилно Неговиот возвишен карактер. Кога би сфатиле што направил Тој за нив, тие не би сметале дека е залудно потрошено што и да му се подари. Мудреците од Исток, кои многу малку знаеле за Исуса, покажале повистинито вреднување на честа која му припаѓа. Тие донеле драгоцени дарови за Спасителот и му се поклониле полни со почит, додека Тој уште бил новороденче во јасли. {КВ 564.3}

Христос ги цени делата на љубезност што произлегуваат од срдечната учтивост. Кога некој би му направил некаква услуга, Тој го благословувал со небесна учтивост. Тој не го одбивал дури ни обичниот цвет, кој е набран од детска рака и кој му бил понуден со љубов. Ги примал даровите на децата и ги благословувал дарителите, запишувајќи ги нивните имиња во книгата на животот. Во Светото Писмо Марија се издвојува од другите жени по тоа што Го помазала Исуса. Постапките што произлегуваат од љубов и почит кон Исуса, даваат доказ за верата во Него како во Божји Син. А како докази за преданоста на една жена кон Христа, Светиот Дух наведува: „Ако на светиите им миела нозе, ако им помагала на неволните, и ако одела по секое добро дело”. (1. Тимотеј 5:10) {КВ 564.4}

Христос се воодушевувал поради искрената желба на Марија да ја врши волјата на својот Господ. Тој го примал изобилството од чиста љубов која Неговите ученици не ја сфатиле и не сакале да ја разберат. Желбата на Марија да ја направи таа служба за својот Господ на Христа му била подрагоцена, отколку сите драгоцени мира кои постојат во светот, бидејќи во тоа била изразено нејзиното уважување на Спасителот на светот. Христовата љубов било она што ја натерало на тоа. Неспоредливата извонредност на Христовиот карактер ја исполнило нејзината душа. Тоа миро било симбол на срцето на дарителот. Тоа бил надворешна демонстрација на љубовта, напојувана од небесните потоци, сѐ додека не се излеала. {КВ 564.5}

Делото на Марија било токму онаа поука што им била потребна на учениците за да им биде покажано дека изразите на нивната љубов за Христа му се угодни Нему. Тој за нив бил сѐ и не сфаќале дека наскоро ќе бидат лишени од Неговото присуство, и нема да можат да му понудат нешто во знак на нивната благодарност за Неговата голема љубов. Учениците никогаш не ја разбирале, ниту ја ценеле осаменоста на Христа, Кој бил одвоен од небесните дворови и Кој живеел како човек. Често бил ожалостен што Неговите ученици не му го давале она што требало да го добие од нив. Знаел дека никаква жртва не би била доволна за да ја изразат духовната љубов на срцето, кога тие би се наоѓале под влијание на небесните ангели што го следеле. {КВ 565.1}

Нивото подоцнежно знаење им дало вистинска смисла за многуте нешта што можеле да ги направат за Исуса додека бил со нив и на тој начин да дадат израз на љубовта и благодарноста на своето срце. Кога Исус веќе не бил со нив и кога се чувствувале како овци без пастир, почнале да увидуваат колку внимание можеле да му укажат и со тоа да го израдуваат Неговото срце. Веќе не ја обвинувале Марија, туку себеси. О, кога би можеле да ги повлечат своите приговори, своето тврдење дека сиромасите се подостојни да примат дар отколку Христос! Затоа чувствувале грижа на совеста, кога го симнале од крстот ранетото тело на својот Господ. {КВ 565.2}

Истата потреба е очигледна и денес во овој свет. Има малкумина што го ценат сѐ она што Христос претставува за нив. Кога би го ценеле, би се покажала големата љубов на Марија и не би се штедело помазанието. Не би сметале дека помазанието со скапоцено миризливо масло претставува растурање. Ништо не би се сметало премногу скапо за да се даде на Христа, никакво самооткажување и никакви жртви не би изгледале премногу големи да се поднесат заради Него. {КВ 565.3}

Луто изговорените зборови: „Какво е ова растурање?“; предизвикале во Христа жива претстава за најголемата жртва која некогаш е принесена, дарот на самиот Себе како помирување за еден изгубен свет. Господ бил толку дарежлив кон Својот човечки род, па никој не може да каже дека Тој можел да даде повеќе. Давајќи го Исуса, Бог го дал целото Небо. Од човечка гледна точка, таквата жртва претставувала безгрижно растурање. Според човечки мерила, целокупниот план на спасение претставува растурање на милост и ресурси. Насекаде наидуваме на самооткажување и сесрдна жртва. Небесната војска навистина има право со чудење да го набљудува човечкото семејство кое одбива, да се воздигне и да се збогати со неизмерната љубов изразена во Христа. Таа навистина може да извикне „Зошто толку големо растурање?“ {КВ 565.4}

Меѓутоа, помирувањето за еден изгубен свет требало да биде целосно, изобилно и комплетно. Христовата жртва била толку голема, што била доволна за секоја душа што ја создал Бог. Таа не можела да се ограничи, така што нема да го пречекори бројот на оние кои сакаат да го примат големиот Дар. Сите луѓе не се спасени, меѓутоа планот на откупување не е растурање, бидејќи не го остварува сето она што толку дарежливо истиот го овозможил. Мора да има доволно, дури и да остане. {КВ 565.5}

Домаќинот Симон бил под влијание на Јудиното критикување за дарот на Марија и бил изненаден од Исусовото однесување. Неговата фарисејска гордост била повредена. Знаејќи дека многу негови гости гледаат на Христа со недоверба и неодобрување, Симон рекол во себе: „Кога овој Човек би бил пророк, би знаел каква е оваа жена што се допира до Него, бидејќи таа е грешница”. {КВ 566.1}

Исцелувајќи го Симон од лепра, Христос го спасил да не биде жив мртовец. Сега Симон се прашувал дали Спасителот е пророк. Бидејќи Христос дозволил да му се приближи таа жена, бидејќи не ја оттурнал луто од Себе, како суштество чии гревови се премногу големи за да можат да се простат, бидејќи Тој не покажал дека сфатил, дека таа во минатото била во грев Симон паднал во искушение да мисли дека Тој не е пророк. Мислел дека Исус не знае ништо за таа жена, која била толку слободна во своите постапки, бидејќи кога би знаел, не би и дозволил да Го допре. {КВ 566.2}

Симон размислувал така затоа што не го познавал ниту Бога ниту Христа. Не знаел дека Божјиот Син мора да постапува на божествен начин со сочувство, нежност и милост. Според Симон, Тој требало да не обрне никакво внимание на покајничката постапка на Марија. Помазувајќи Го Христа со миризливо миро и бакнувајќи Му ги нозете, таа го раздразнила Симоновото нечувствително срце. Сметал дека ако Христос е пророк, би бил во состојба да ги препознае грешниците и да ги укори. {КВ 566.3}

На тие неискажани мисли, Спасителот одговорил: „Симоне, имам нешто да ти кажам… Еден заемодавец имаше двајца должници. Едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Бидејќи не можеа да му вратат, тој им прости на двајцата. Кој од нив ќе го сака повеќе? Симон одговори: ‘Мислам оној на кого повеќе му е простено’. А Исус му рече: ‘Правилно пресуди’“. {КВ 566.4}

Како што постапил Натан со Давид, така Христос ја дал Својата силна поука во облик на парабола. Тој го префрлил врз Својот домаќин товарот на изговарање пресуда врз себеси. Симон ја навел на грев жената која сега ја презирал. Тој и сторил длабока неправда. Двајцата должници во параболата ги претставувале Симон и жената. Исус немал намера да каже дека обврските на двајцата споменати должници биле различни според степенот, бидејќи секој од нив должел благодарност која никогаш не може да се врати. Меѓутоа Симон сметал дека е поправеден од Марија, а Исус сакал тој да увиди колкава е всушност голема неговата вина. Тој сакал да му покаже колку неговиот грев е поголем од нејзиниот, како што долгот од петстотини денарии е поголем од долгот од педесет денарии. {КВ 566.5}

Симон почнал да се гледа себеси во нова светлина. Видел што мисли за Марија Оној, Кој бил многу повеќе од пророк. Видел дека Христос, со Своето остро пророчко око ја согледал љубовта и преданоста во нејзиното срце. Тој се засрамил и сфатил дека се наоѓа во присуство на Оној, Кој е неспоредливо повозвишен од него. {КВ 567.1}

„Јас влегов во твојот дом,“ рекол Христос, „но ти не ми даде вода за Моите нозе,“ а Марија со солзи на покајание, поттикнати од љубовта, ми ги изми нозете и ми ги избриша со косата на својата глава. „Ти не ми даде целив, но оваа жена“ која ти ја презираш „откако влегов, не престанува да ми ги бакнува нозете”. Христос укажал на приликите што ги имал Симон за да ја покаже својата љубов кон својот Господ и да покаже дека го цени она што е направено за него. Отворено, а Сепак со нежна учтивост, Спасителот им покажал на Своите ученици дека е тажен во Своето срце, кога Неговите деца не Му покажуваат благодарност со своите зборови и со делата на љубовта. {КВ 567.2}

Испитувачот на срцето знаел според кои побуди се раководела Марија, а исто така видел од каков дух произлегле Симоновите зборови. „Ја гледаш ли оваа жена?“ Тој му рекол нему. „Таа е грешница. Ти велам, простени и се многу гревови, и затоа има голема љубов; а кому малку му е простено, тој малку љуби”. {КВ 567.3}

Симоновото студенило и запоставеност кон Спасителот покажале колку малку ја ценел милоста што ја примил. Тој сметал дека му укажал чест на Исуса што го поканил во својот дом. Сега всушност увидел каков е. Додека мислел дека ги чита мислите на својот Гостин, Гостинот ги читал неговите мисли. Видел колку точно Христос го проценил. Неговата вера била облека на фарисејството. Тој го презирал Спасителовото сочувство. Тој не го препознал Исуса како Божји претставник. Додека Марија била грешница на која и било простено, тој бил грешник чии гревови не биле простени. Строгото правило на правдата што сакал да го примени врз неа го осудило него. {КВ 567.4}

Симон бил трогнат од Исусовата љубезност, бидејќи не го укорил јавно пред гостите. Кон него не се постапувало онака како што сакал тој да се постапува кон Марија. Видел дека Исус не сакал на другите да им укаже на неговата вина, туку сака, изнесувајќи ја вистинската состојба на работите, да влијае на неговиот разум и со сочувство и љубезност да го придобие неговото срце. Строгата осуда би го навела Симона да го стврдне срцето против покајанието, но трпеливиот совет го навел да ја увиди својата грешка. Видел колку многу му должи на својот Господ. Неговата горделивост била понижена, тој се покајал и горделивиот фарисеј станал понизен, самопожртвуван ученик. {КВ 567.5}

Марија била сметана за голема грешница, но Христос знаел какви околности влијаеле на нејзиниот живот. Тој можел да ја изгасне секоја искра надеж во нејзината душа, но не го направил тоа. Тој ја подигнал од очајот и пропаста. Седум пати слушнала како ги растерува демоните кои владееле со нејзиното срце и разум. Ги слушнала Неговите силни повици кон Својот Татко за неа. Знаела колку е навредлив гревот за Неговата неизвалкана чистота и победила со помош на Неговата сила. {КВ 568.1}

Иако според мислењето на луѓето нејзиниот случај изгледал безнадежен, Христос видел дека Марија е во состојба да прави добро. Тој ги видел подобрите особини во нејзиниот карактер. Планот на спасение му овозможил широки можности на човештвото, а Марија била подготвена да ги искористи тие можности. Преку Неговата благодат таа станала учесник во божествената природа. Онаа која паднала и во чија душа се населиле демони, станала многу блиска до Спасителот во заедништвото и службата. Марија седела крај Исусовите нозе и учела од Него. Таа ја помазала Неговата глава со скапоцено миро и ги измила Неговите нозе со своите солзи. Марија стоела покрај крстот и одела по Него до гробот. Марија била прва на гробот по Неговото воскресение. Марија прва го објавила воскреснатиот Спасител. {КВ 568.2}

Исус ги познава околностите во кои се наоѓа секоја душа. Ти можеш да кажеш: „Јас сум грешен, многу грешен”. Можеби и си грешен, но колку си погрешен, толку повеќе ти е потребен Исус. Тој не одбива никого кој му приоѓа со солзи и покајание. Тој никому не му кажува сѐ што би можел да открие, туку ја охрабрува секоја исплашена душа. Со задоволство им простува на сите кои доаѓаат кај Неги заради прошка и обновување. {КВ 568.3}

Христос би можел да им нареди на небесните ангели да ги излеат чашите на Својот гнев врз нашиот свет, за да бидат уништени оние што се исполнети со омраза кон Бога. Тој би можел да ја избрише оваа темна дамка од Својата вселена. Меѓутоа, Тој не го прави тоа. Тој денес стои пред олтарот за принесување темјан и ги изнесува пред Бога молитвите на оние што копнеат по Негова помош. {КВ 568.4}

Оние души кои во Него бараат засолниште, ги издигнува над обвинувањата и јазиците кои креираат расправии. Ниту луѓето, ниту злите ангели не можат да ги обвинат и отфрлат овие души. Христос ги соединува со Својата божествено-човечка природа. Тие се наоѓаат покрај големиот Носител на гревовите, во светлината што излегува од Божјиот престол. „Кој ќе ги обвини Божјите избраници? Бог е, Кој ги оправдува. Кој е тој што ќе суди? Исус Христос, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десна страна на Бога и Кој се застапува за нас”. (Римјаните 8:33,34) {КВ 568.5}

Сподели го ова:

Слични објави