73. „ДА НЕ СЕ ВОЗНЕМИРУВА ВАШЕТО СРЦЕ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 13:31-38; 14-та до 17-та глава

Набљудувајќи ги Своите ученици со божествена љубов и со најнежно сочувство, Христос рекол: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него”. Јуда ја напуштил горната соба и сега Христос бил со единаесетмината. Тој се подготвувал да им зборува за Својата разделба со нив, но пред тоа им укажал на големата цел на Неговата мисија. Тој секогаш го имал тоа пред очите. Неговата радост се состоела во тоа што со сето Свое понижување и страдање ќе го прослави Татковото име. Кон тоа ги насочил и мислите на Своите ученици. {КВ 662.1}

Потоа, обраќајќи им се со зборот „дечиња,“ продолжил: „Уште малку сум со вас; ќе Ме барате, но како што веќе им реков на Јудејците, сега ви кажувам и вам: Каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете”. {КВ 662.2}

Учениците не можеле да се радуваат кога го слушнале ова. Ги обзел страв и уште поблиску се туркале околу Спасителот. Нивниот Господ, нивниот Учител и најдобар Пријател им бил помил од животот. Од Него очекувале помош во секоја нивна тешкотија, утеха во нивната тага и разочарување. Сега требало да ги напушти и да останат сами во својата немоќ. Мрачни претчувства им го исполниле срцето. {КВ 662.3}

Меѓутоа, зборовите што им ги упатил Спасителот биле полни со надеж. Тој знаел дека непријателот ќе ги напаѓа и дека сатаната најуспешно ги применува своите лукавства на луѓето тогаш кога тие се притиснати од тешкотии. Затоа настојувал да го сврти нивниот поглед од она „што е видливо“ кон она „што е невидливо”. (2. Коринтјаните 4:18) Тој ги одвратил нивните мисли од прогонството што ги очекува и ги пренасочил кон небесниот дом. {КВ 662.4}

„Да не се вознемирува вашето срце,“ рекол, „верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Татко има многу живеалишта; да не беше така, Јас би ви кажал. Одам да ви приготвам место. И кога ќе заминам и ќе ви приготвам место, пак ќе се вратам да ве земам кај Себе и вие да бидете таму каде што сум Јас. А знаете каде одам Јас и патот го знаете”. Поради вас дојдов на светот. За вас се залагав во Својата работа. И кога ќе заминам уште повеќе ќе се залагам за вас. Дојдов на светот за да ви се откријам и за да можете да верувате во Мене. Се враќам кај Таткото да соработувам со Него за ваше добро”. Целта на Христовото заминување била спротивна на она од што учениците се плашеле. Таа не значела конечна разделба. Заминал за да им подготви место, со цел повторно да дојде и да ги земе со Себе. Додека Тој за нив подготвува живеалишта, тие треба да го изградуваат карактерот според божествената сличност. {КВ 663.1}

Сепак учениците сѐ уште биле збунети. Тома кој постојано бил вознемирен од сомнежи, рекол: „Господе, не знаеме каде одиш; и како можеме да го знаеме патот? Исус му рече: Јас сум патот, вистината и животот. Никој не Доаѓа кај Таткото освен преку Мене. Кога би ме познавале Мене, би го познавале и Мојот Татко. И отсега го познавате и сте го виделе”. {КВ 663.2}

Не постојат многу патишта за влез на Небото. Не може секој да избере сопствен пат. Христос кажува: „Јас сум патот… никој не Доаѓа кај Таткото освен преку Мене”. Уште од првата евангелска порака, изречена во Едем, кога било објавено дека семето на жената ќе и ја рани главата на змијата, Христос бил воздигнат како патот, вистината и животот. Тој бил патот кога Адам живеел, кога Авел ја принел на Бога крвта на погубеното јагне, која ја прикажувала крвта на Откупителот. Христос бил патот по кој нашле спасение патријарсите и пророците. Тој е единствен пат по кој и ние можеме да Му пристапиме на Бога. {КВ 663.3}

„Кога би ме познавале Мене, рекол Христос, „би го познавале и Мојот Татко. И отсега го познавате и сте го виделе”. Меѓутоа сѐ уште учениците не разбрале. „Господе, покажи ни го Таткото,“ извикал Филип, „и тоа ни е доволно”. {КВ 663.4}

Зачуден од неговото бавно сфаќање, Христос запрашал со болно изненадување: „Толку време сум со вас и не си ли Ме познал Филипе?“ Зар е можно да не го видовте Таткото во делата што ги изврши преку Мене? Зар не верувате дека Јас дојдов да сведочам за Таткото? „И како ти велиш: Покажи ни го Таткото?“ „Кој ме видел Мене, го видел Таткото”. Христос не престанал да биде Бог кога станал човек. Иако се понизил, земајќи на Себе човечки лик, Божеството било сѐ уште Негово. Единствено Христос можел да им даде на луѓето претстава за Бога, а како таков учениците имале предност да Го гледаат три години. {КВ 663.5}

„Верувајте ми дека Јас сум во Таткото и Таткото е во Мене. Ако пак не, верувајте во Мене заради делата”. Нивната вера можела безбедно да почива на доказите дадени преку Христовите дела, дела кои ниту еден човек, сам од себе, некогаш ги извршил, ниту некогаш може да ги изврши. Христовите дела сведочеле за Неговото божество. Преку Него Таткото се открил на светот. {КВ 664.1}

Кога учениците би верувале во таа животна врска меѓу Таткото и Синот, нивната вера не би се поколебала тогаш, кога виделе како Христос страда и умира, за да го спаси светот што пропаѓа. Христос настојувал да ја издигне нивната вера која се наоѓала на толку низок степен до искуство какво што би можеле да имаат кога би сфатиле дека Тој е Бог во тело на човек. Сакал тие да го сфатат фактот дека со вера мораат повеќе да Му се приближат на Бога и дека таму ќе најдат своја потпора. Колку срдечно и истрајно се трудел нашиот сочувствителен Спасител да ги подготви Своите ученици за бурата на искушенија која наскоро ќе се сруши врз нив. Сакал тие да бидат со Него скриени во Бога. {КВ 664.2}

Додека Христос ги изговарал овие зборови, Божјата слава блескала од Неговото лице и учениците чувствувале свето стравопочитување, слушајќи ги Неговите зборови со најголемо внимание. Срцата им биле поодлучно привлечени до Христа, а приближувајќи се кон Него со поголема љубов, се приближувале повеќе и еден кон друг. Почувствувале дека Небото им е близу и дека зборовите што ги слушаат претставуваат порака на Небесниот Татко упатена до нив. {КВ 664.3}

„Вистина, вистина ви велам,“ продолжил Христос, „кој верува во Мене и тој ќе ги прави делата што ги правам Јас”. Спасителот длабоко копнеел Неговите ученици да сфатат со каква цел Тој ја соединил божествената природа со човечката. Тој дошол на овој свет за да им ја открие Божјата слава на луѓето, за нејзината обновувачка сила да ги воздигне. Бог се открил во Него, за да може Тој да се открие во нив. Исус не покажувал никакви особини, ниту користел некои сили кои човекот, верувајќи во Него, не би можел да ги поседува преку вера. Совршенството што Тој го покажал во човечко тело може да го достигне секој Негов следбеник ако му се потчини на Бога онака како што Тој се потчинувал. {КВ 664.4}

„Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам кај Мојот Татко”. Со ова Христос не сакал да каже дека делото на Неговите ученици ќе биде повозвишено по карактер од Неговото, туку дека ќе има поголем обем. Исус не мислел само на правењето чуда, туку на сѐ она што ќе се случи под делувањето на Светиот Дух. {КВ 664.5}

По Христовото вознесување учениците доживеале исполнување на Неговото ветување. Сцените на Неговото распнување, воскресение и вознесување за нив биле жива реалност. Тие се осведочиле дека пророштвата буквално се исполниле. Го истражувале Светото Писмо и со вера и уверување го прифаќале учењето изнесено во него. Знаеле дека сѐ она што божествениот Учител го тврдел за Себе е навистина така. Зборувајќи подоцна за она што го доживеале, тие ја воздигале Божјата љубов, така што срцата биле трогнати и покорени, па многумина поверувале во Исуса. {КВ 667.1}

Ветувањето што Спасителот им го дал на Своите ученици е наменето за Неговата црква до крајот на времето. Бог не предвидел дека Неговиот чудесен план на откупување ќе донесе само незначителни резултати. Сите оние што ќе ја прифатат работата, не потпирајќи се врз она што самите можат да го направат, туку на она што Бог може да го направи преку нив, сигурно ќе доживеат исполнување на Неговото ветување. „Ќе прави и поголеми од овие, зашто Јас одам кај Мојот Татко”. {КВ 667.2}

Дотогаш учениците не ги познавале неограничените ресурси и силата на Спасителот. Тој им рекол: „Досега не баравте ништо во Мое име”. (Јован 16:24) Им објаснил дека тајната на нивниот успех лежи во барањето сила и благодат во Негово име. Тој ќе биде присутен пред Таткото и ќе се моли за нив. Молитвите на понизните души Тој ги изнесува како Своја лична желба во нивна корист. Секоја искрена молитва се слуша на Небото. Ако таквата молитва и не е точно изговорена, а е изговорена од срце, таа ќе се издигне до светилиштето каде што Исус служи и Тој ќе му ја принесе на Таткото без ниту еден невешт, пелтечки збор, туку прекрасна и миризлива со темјанот на Своето совршенство. {КВ 667.3}

Патот на искреност и чесност не е пат без препреки, но во секоја тешкотија треба да гледаме повик на молитва. Ниедно суштество не располага со сила која не е примена од Бога, а Изворот од Кој Доаѓа таа сила е достапен и на најслабото човечко суштество. „Сѐ што ќе побарате во Мое име,“ рекол Исус, „ќе го сторам за да се прослави Таткото во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам тоа”. {КВ 667.4}

Христос им рекол на Своите ученици да се молат „во Мое име”. Христовите следбеници треба во Негово име да излегуваат пред Бога. Вредноста на жртвата што е поднесена заради нив им дава висока цена во Божјите очи. Тие се сметаат драгоцени заради Христовата праведност која им е засметана. Заради Христа, Таткото им простува на оние што се бојат од Него. Тој во нив не гледа ништожни грешници, туку забележува сличност со Својот Син во Кого тие веруваат. {КВ 667.5}

Господ е тажен кога Неговиот народ се потценува себеси. Тој сака оние кои го претставуваат Неговото одбрано наследство да се ценат себеси според цената што Тој ја ставил врз нив. Тие му се потребни на Бога, инаку не би го испратил Својот Син за да ги откупи со толку висока цена. Тој им дал една задача и многу е задоволен кога тие во своите молитви бараат највисоки предимства за да Го прослават Неговото име. Ако имаат вера во Неговите ветувања, тие можат да очекуваат големи нешта. {КВ 668.1}

Меѓутоа, да се молиме во Христово име значи навистина многу. Тоа значи дека мораме да го усвоиме Неговиот карактер, да го манифестираме Неговиот Дух и да ги вршиме Неговите дела. Ветувањата на Спасителот се условно дадени. Тој вели: „Ако Ме љубите, држете ги Моите заповеди”. Тој ги спасува луѓето не во гревот туку од гревот, а оние што Го љубат, ќе ја покажат својата љубов преку послушност. {КВ 668.2}

Секоја вистинска послушност Доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако Му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со Своите, а нашето срце и ум ќе ги усклади со Својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и нашата најголема радост се состои во тоа да Му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да Го познаваме, нашиот живот станува живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен. {КВ 668.3}

Како што Христос го живеел законот во човечката природа, така и ние можеме да го постигнеме тоа ако се фатиме за Неговата сила. Меѓутоа, одговорноста за своите должности не треба да ги префрламе на другите и да чекаме тие да ни кажат што треба да правиме. Не можеме да зависиме за совет од луѓето. Господ ќе не поучи на нашите должности исто толку волно како што ќе ги поучува и другите. Ако Му се обратиме со вера, Тој лично ќе ни зборува за Своите тајни. Срцето ќе ни гори во градите кога Тој ќе се приближи да разговара со нас исто како што разговарал со Енох. Оние кои се подготвени да не прават ништо што не Му е угодно на Бога, ќе знаат кога во молитва да го изнесат својот случај пред Него, по кој пат треба да тргнат. Тие ќе бидат надарени не само со мудрост, туку и со сила. За да можат да послушаат и верно да ја извршуваат својата служба, ќе им биде подарена силата што Христос им ја ветил. Сѐ што му е дадено на Христа – сѐ што е потребно за да се задоволат потребите на грешните луѓе – дадено му е Нему како на Поглавар и претставник на човештвото. И „што и да побараме, ќе примиме од Него, зашто ги држиме Неговите заповеди и правиме што му е Нему угодно”. (1. Јованово 3:22) {КВ 668.4}

Пред да се принесе Себеси како жртва, Христос го побарал најдрагоцениот и најсовршен дар за Своите следбеници, дар што ќе им ги приближи неисцрпните ресурси на благодатта. Тој рекол: „Јас ќе го помолам Таткото, па ќе ви даде друг Утешител кој ќе остане со вас засекогаш: Духот на вистината, Кого светот не може да го прими, зашто ниту го гледа, ниту го познава. Вие го познавате зашто Тој престојува при вас и ќе биде со вас. Нема да ве оставам сирачиња. Ќе дојдам при вас”. (Јован 14:16-18) {КВ 668.5}

Духот и претходно бил на овој свет. Тој делувал на срцата на луѓето од самиот почеток на делото на откупувањето. Додека Христос бил на Земјата, на учениците не им бил потребен друг помошник. Меѓутоа, кога ќе бидат лишени од Неговото присуство, тие ќе почувствуваат потреба за дарот на Светиот Дух и тогаш Тој ќе дојде. {КВ 669.1}

Светиот Дух е Христов претставник, но не во човечки лик и не зависи од него. Оптоварен од човечката природа, Христос не можел лично да биде на секое место. Затоа, во нивен интерес било Тој да се врати кај Таткото и да го испрати Духот да биде негов наследник на Земјата. Тогаш никој нема да биде посебно привилегиран само поради местото во кое живее или поради својот личен допир со Христа. Со посредство на Духот, Спасителот ќе биде достапен на сите. Во таа смисла Тој ќе им биде поблизу отколку кога не би се вознел на Небото. {КВ 669.2}

„Кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко и Јас ќе го љубам и ќе му се објавам Себеси”. Исус знаел каква ќе биде иднината на Неговите ученици. Еден видел на губилиште, друг на крст, трет во прогонство меѓу осамени карпи на пуст остров, други прогонувани и убивани. Затоа ги храбрел со ветувањето дека во секоја неволја Тој ќе биде со нив. Тоа ветување ниту малку не загубило од својата сила. Господ знае сѐ за Своите верни слуги кои поради Него лежат во затвор или се прогонети на осамени и пусти острови. Тој ги теши со Своето присуство. Кога верникот заради вистината ќе се најде на обвинителна клупа и тоа пред неправедни судии, Христос стои покрај Него. Секое обвинување против него, паѓа на Христа. Христос повторно се осудува во лицето на ученикот. Кога некој од нив ќе се најде како затвореник меѓу затворските решетки, Христовата љубов го исполнува срцето со свет занес. Кога некој мора и да умре заради Него, Христос вели: „Јас сум Оној што живее и беше мртов и ете жив сум за сите векови… и ги имам клучевите од адот и смртта”. (Откровение 1:18) „Животот што се жртвува заради Мене, ќе биде сочуван за вечна слава”. {КВ 669.3}

Во сите времиња и на секое место, во сите страдања и во секоја болка, кога изгледите се мрачни, а иднината неизвесна, кога се чувствуваме беспомошни и осамени, Утешителот ќе биде испратен како одговор на молитвата со вера. Околностите можат да не одвојат од сите земни пријатели, но никакви околности, никаква оддалеченост не може да не одвои од небесниот Утешител. Каде и да сме, каде и да одиме, Тој секогаш ни е од десната страна за да не поддржува, помага, да не подига и охрабрува. {КВ 669.4}

Учениците сѐ уште не ги сфатиле Христовите зборови во нивната духовна смисла и Тој повторно им го објаснил нивното значење. Нагласил дека Тој ќе им се открива и јавува преку Светиот Дух. „Утешителот, Светиот Дух, што ќе ви го испрати Мојот Татко во Мое име, ќе ве научи на сѐ”. Нема повеќе да кажете: Јас не можам да сфатам. Нема повеќе да гледате како низ стакло, нејасно, туку ќе можете „да сфатите заедно со сите свети која е широчината, должината, длабочината и висината и да ја запознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење”. (Ефесјаните 3:18,19) {КВ 670.1}

Учениците требало да сведочат за Христовиот живот и работа. Преку нивните зборови Тој ќе им зборува на сите народи на Земјата. Меѓутоа, при Христовото понижување и смрт, тие ќе бидат изложени на тешки проби и болно разочарување. Потоа за нивните изјави да бидат веродостојни, Исус ветил дека Утешителот ќе ги „потсети на сѐ што ви реков”. {КВ 670.2}

„Уште многу имам да ви кажам,“ продолжил Исус, „но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати на секоја вистина; зашто нема да зборува сам од Себе, туку ќе го кажува она што ќе го слушне и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат. Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и тоа ќе ви го објави вам”. Исус пред Своите ученици отворил едно широко подрачје на вистината. Меѓутоа, ним сѐ уште им било многу тешко да ја воочат јасната разлика меѓу Неговите поуки и преданијата и начелата на фарисеите. Тие биле воспитани учењето на рабините да го прифатат како Божји глас и тоа сѐ уште имало силно влијание врз нивните умови и во обликувањето на нивното мислење. Во нивното срце земните идеи и минливите работи сѐ уште заземале големо место. Тие не ја сфатиле духовната природа на Христовото царство, иако Тој многупати им ја објаснувал. Нивните умови биле збунети. Не ја сфаќале вредноста на библиските стихови кои Христос ги изнесувал. Многу од поуките што им ги упатил како да биле напразни. Исус видел дека тие не ја сфатиле вистинската смисла на Неговите зборови. Затоа во сочувствување им ветил дека Светиот Дух повторно ќе ги потсети на зборовите што Тој им ги зборувал. Исто така, Духот ќе им го открие и сето она што не можел да им го каже, бидејќи гледал дека не Го разбираат. Светиот Дух ќе ја оживее моќта на разбирањето, така што ќе можат да го сфатат она што е небесно. „Кога ќе дојде Тој, Духот на вистината,“ рекол Исус, „Тој ќе ве упати на секоја вистина”. {КВ 670.3}

Утешителот е наречен „Духот на вистината”. Негова задача е да ја открие и разјасни вистината. Тој прво престојува во срцето како Дух на вистината и на тој начин станува Утешител. Вистината донесува мир и утеха, но вистинскиот мир и утеха не можат да се најдат во лагата. Со посредство на лажни теории и традиции сатаната стекнува власт над душите на многумина. Упатувајќи ги луѓето на лажни идеали, тој го изопачува карактерот. Меѓутоа, Светиот Дух и зборува на душата преку Светото Писмо и ја втиснува вистината во срцето. На тој начин Тој ја разоткрива заблудата и ја протерува од душата. Со Духот на вистината, кој делува преку пишаната Божја Реч, Христос ги потчинува Своите избраници. {КВ 671.1}

Опишувајќи им го на Своите ученици делото на Светиот Дух, Исус настојувал да ги израдува и охрабри со радоста и надежта која го исполнувала Неговото срце. Се радувал што на Неговата црква и е обезбедена изобилна помош. Светиот Дух е највозвишен од сите дарови кои можел да ги побара од Таткото со цел да ги воздигне Своите следбеници. Духот ќе им биде даруван заради преродување, а без тоа Христовата жртва би била безуспешна. Моќта на злото зајакнувала низ вековите и било неверојатно колку луѓето немоќно се потчинувале на ропството на сатаната. Да се пружи отпор на гревот и да се совлада може само со моќното делување на Третото Лице на Божеството, Кој не Доаѓа со никаква ограничена енергија, туку со целосна божествена сила. Духот го спроведува во дело она што го извојувал Спасителот на светот. Со силата на Светиот Дух срцето се чисти од гревот. Со помош на Светиот Дух верникот станува учесник во божествената природа. На Своите следбеници Христос им го дава Својот Дух, како божествена сила, за да ги совладаат сите наследени и стекнати склоности кон злото и црквата да го прими печатот на Неговиот карактер. {КВ 671.2}

Исус рекол за Духот: „Тој ќе ме прослави Мене”. Спасителот дошол да го прослави Таткото, демонстрирајќи ја Неговата љубов; така и Духот ќе го прослави Христа, откривајќи ја на светот Неговата благодат. Во луѓето мора повторно да се одрази Божјиот лик. Во усовршувањето на карактерот на Божјиот народ во прашање е Божјата чест, Христовата чест. {КВ 671.3}

Кога Тој (Духот на вистината) ќе дојде, ќе му укаже на светот за гревот, за праведноста и за судот”. Проповедањето на Речта нема да има никакво влијание без постојаното присуство и помошта на Светиот Дух. Тоа е единствениот делотворен учител на божествената вистина. Вистината може да ја разбуди совеста и да го преобрази животот само ако е внесена во срцето со силата на Светиот Дух. Човекот може да биде способен да го изнесе словото на Божјата Реч, може да биде запознаен со сите Божји заповеди и ветувања, но ако Светиот Дух не ја всади вистината во срцата на слушателите, ниту една душа нема да падне на Карпата и да се скрши. Никакво образование, никакви предности, колку и да се големи не можат да го претворат човекот во орудие на светлината, без соработката на Божјиот Дух. Сеењето на семето на евангелието нема да има успех ако небесната роса не го оживее семето. Пред да биде напишана која и да е книга на Новиот завет, пред да биде одржана која и да е евангелска проповед по Христовото воскресение, Светиот Дух се симнал на апостолите кои биле собрани на молитва. Тогаш сведоштвото на нивните непријатели било: „Го наполнивте Ерусалим со својата наука”. (Дела 5:28) {КВ 671.4}

Христос на Својата црква и го ветил дарот на Светиот Дух и тоа ветување не им припаѓа само на првите ученици туку и на нас. Меѓутоа, како и секое друго ветување, тоа е дадено под одредени услови. Многумина велат дека веруваат и полагаат право на Господовото ветување, тие зборуваат за Христа и за Светиот Дух, а Сепак немаат никаква полза од тоа. Тие не ја потчинуваат својата душа на контролата и водството на божествената сила. Ние не можеме да го употребуваме Светиот Дух, туку Тој треба да не употребува нас. Преку Него Бог влијае на Неговиот народ „да сака и да постапува според Неговата волја”. (Филипјаните 2:13) Меѓутоа, многумина не се подготвени да се покорат на тоа. Тие сакаат да управуваат сами со себе. Поради тоа тие не го примаат небесниот дар. Духот се дава само на оние кои понизно Го чекаат Бога и кои го очекуваат Неговото водство и благодат. Таа божествена сила подготвено чека да ја побараме и ќе ја примиме. Побаран со вера, овој ветен благослов ги донесува со себе и сите останати благослови. Тој се дава во сообразност со изобилството на Христовата благодат, а Тој е подготвен на секоја душа да и даде онолку колку што таа е способна да прими. {КВ 672.1}

Во говорот одржан на учениците, Исус не дал никакви тажни навестувања за Своите страдања и смрт. Неговата последна оставнина за нив била оставнина на мир. Тој рекол: „Ви оставам мир; Својот мир ви го давам; не ви го давам како што дава светот. Да не се вознемирува вашето срце, ниту да се бои”. {КВ 672.2}

Пред да ја напушти горната соба, Спасителот заедно со Своите ученици отпеал песна на благодарност. Во тонот на Неговиот глас не се насетувало тажно оплакување, туку радосен призвук на пасхален фалбоспев: {КВ 672.3}

„Фалете го Господа сите народи,

Славете го сите племиња,

Зошто голема е Неговата милостива љубезност кон нас,

И Господовата вистина останува довека.

Алелуја!” (Псалм 117) {КВ 672.4}

По химната тие излегоа. Поминале низ улиците полни со луѓе, излегле низ градската капија и се упатиле кон Маслиновата Гора. Оделе полека и секој бил обземен со свои мисли. Кога се приближиле кон гората, Исус рекол со глас со најдлабока жалост: „Сите вие, уште оваа ноќ, ќе се соблазните поради Мене, зашто е пишано: Ќе го удрам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат”. (Матеј 26:31) Учениците слушале со болка и вчудовидување. Тоа ги потсетило на оној настан, кога Исус во синагогата во Капернаум зборувал за Себе како леб на животот и како мнозина се соблазниле и се одвоиле од Него. Меѓутоа, овие дванаесетмина не се покажале неверни. Зборувајќи во име на своите браќа, Петар ја изразил својата преданост на Христа. Тогаш Спасителот рекол: „Нели ве избрав Јас вас дванаесетмина и Сепак еден од вас е ѓавол?“ (Јован 6:70) Во горната соба Исус рекол дека еден од дванаесетмината ќе Го предаде и дека Петар ќе се откаже од Него. Но сега Неговите зборови се однесувале на сите. {КВ 673.1}

Тогаш се слушнал гласот на Петар како енергично протестира: „Ако навистина сите се соблазнат, јас нема да се соблазнам”. Во горната соба изјавил: „Душата моја ќе ја положам за Тебе”. Исус го предупредил дека уште истата ноќ ќе се откаже од својот Спасител. Сега Христос ја повторил таа опомена: „Навистина ти велам дека токму денес, уште ноќеска, пред да запее петел двапати, трипати ќе се откажеш од Мене“. Меѓутоа, Петар уште „порешително тврдел: Кога би морал да умрам со Тебе, сигурно не би се откажал од Тебе. Така зборуваа и сите други”. (Марко 14:29-31) Во својата самодоверба тие ја негирале повторената изјава на Оној, Кој знае сѐ. Не биле подготвени за таа проба; ги сфатиле своите слабости дури тогаш кога искушението ги совладало. {КВ 673.2}

Кога Петар рекол дека ќе го следи својот Господ во затвор и смрт, тој навистина го мислел тоа, секој збор од кажаното, но тој не се познавал себеси. Во неговото срце биле скриени сите елементи на злото што околностите ќе ги оживеат. Ако не стане свесен за опасноста во која се наоѓа, тоа ќе го доведе до вечна пропаст. Спасителот видел во него самољубие и уверување што ќе ја надминат и неговата љубов кон Христа. Во неговиот дотогашен живот се манифестирале многу слабости, многу непобедени гревови, лекомислен дух, непосветена природа и склоност непотребно да се изложува на искушенија. Со Христовата опомена Петар бил повикан да го испита своето срце. Не смеел да се надева сам во себе и требало да има подлабока вера во Христа. Кога понизно би ја примил опомената, тој би се обратил на Пастирот на стадото да ги сочува Своите овци. Кога на Галилејското езеро се заканила опасност да потоне, тој повикал: „Господи, спаси ме”. (Матеј 14:30) Тогаш Христос ја испружил Својата рака и го фатил за неговата. Така и сега би бил запазен, кога би повикал кон Исуса: „Спаси ме од мене самиот!“ Меѓутоа, Петар сметал дека во него Спасителот немал доверба и сметал дека тоа било сурово. Навреден, тој станал уште поупорен во својата самодоверба. {КВ 673.3}

Исус со сочувство ги набљудувал Своите ученици. Тој не можел да ги спаси од неволјите, но не ги оставил без утеха. Ги тешел со ветувањето дека ќе ги раскине оковите на гробот и дека Неговата љубов кон нив никогаш нема да исчезне. „Кога ќе воскреснам,“ рекол Тој, „ќе отидам пред вас во Галилеја”. (Матеј 26:32) Уште пред откажувањето тие имале уверување за простување. По Неговата смрт и воскресение тие знаеле дека им е простено и дека сѐ уште се мили на Христовото срце. {КВ 674.1}

Исус и учениците се приближувале кон Гетсиманија, при подножјето на Маслиновата Гора на кое Тој често заминувал за да размислува и да се моли. Спасителот им ја објаснувал на Своите учениците Својата мисија во светот и духовната врска која тие треба да ја одржуваат со Него. Тогаш сликовито им изнел една поука. Месечината која во тоа време била полна, откривала во Неговиот поглед една родна лоза. Насочувајќи го вниманието на учениците на таа лоза, Тој ја употребил како симбол. {КВ 674.2}

„Јас сум вистинска лоза,“ рекол. Наместо прекрасната палма, величествениот кедар или силниот даб, Исус симболично се прикажал Себеси преку лозата со своите ластари кои се превиткуваат. Палмата, кедарот и дабот можат сами да стојат. Ним не им е потребна потпора. Меѓутоа, лозата се испреплеткува околу потпорите и така се искачува кон небото. Така Христос во Својата човечка природа се потпирал на божествената сила. „Јас не можам да правам ништо од Себе,“ рекол Тој. (Јован 5:30) {КВ 674.3}

„Јас сум вистинска лоза”. Евреите отсекогаш сметале дека лозата е најблагородна билка и дека е симбол на сѐ што е силно, извонредно и плодно. Израел бил прикажан како лоза која Бог ја засадил во ветената земја. Евреите ја засновале својата надеж во спасението на својата врска со Израел. Меѓутоа, Исус вели: „Јас сум вистинска лоза. Не мислете дека заради својата врска со Израел ќе станете учесници во Божјиот живот и наследници на Неговите ветувања. Само преку Мене се добива духовен живот”. {КВ 675.1}

„Јас сум вистинска лоза и Мојот Татко е лозар”. На ритчињата на Палестина нашиот небесен Татко ја засадил таа убава Лоза, а самиот Тој бил лозарот. Убавината на таа Лоза привлекла многумина и тие признале дека таа навистина е од небесно потекло. Меѓутоа, на еврејските поглавари таа Лоза им изгледала како корен од сува земја. Тие ја откорнале, искршиле и фрлиле под своите грешни нозе. Нивната намера била засекогаш да ја уништат. Меѓутоа, небесниот Лозар никогаш не ја изгубил од вид Својата садница. Кога луѓето сметале дека ја уништиле, Тој ја земал и повторно ја засадил од другата страна на ѕидот. Лозата веќе не се гледала. Била скриена од суровите напади на луѓето. Но прачките на оваа Лоза виселе над ѕидот. Тие ја претставувале Лозата. Преку нив калемите сѐ уште можеле да се соединат со Лозата. На нив виселе гроздови готови за берба, кои минувачите можеле да ги наберат. {КВ 675.2}

„Јас сум Лозата, а вие сте прачки,“ им рекол Христос на Своите ученици. Иако наскоро требало да се одвои од нив, нивното духовно единство со Него требало да остане непроменето. „Поврзаноста на прачката со лозата,“ рекол Тој, „ја претставува врската што вие треба да ја одржувате со Мене”. Калемот се калеми на жива прачка и влакно по влакно, жиличка по жиличка зараснува со лозата. Животот на лозата претставува живот на прачката. Така и душата, мртва заради престапот и гревот, добива живот преку врската со Христа. Таа врска се создава со вера во него како во личен Спасител. Грешникот ја обединува својата немоќ со Христовата сила, својата празнина со Христовото изобилство, својата слабост со Христовата неминлива моќ. Тогаш тој добива Христов ум. Примајќи човечка природа, Христос дошол во допир со нашата природа, а нашата природа дошла во допир со божеството. На тој начин преку Светиот Дух човекот станува учесник во божествената природа и е прифатен во Саканиот. {КВ 675.3}

Тоа единство со Христа, еднаш воспоставено, мора да се одржува. Христос рекол: „Бидете во Мене и Јас ќе останам во вас. Како прачката што не може да роди род сама од себе ако не биде на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене”. Тоа не е никаков случаен допир, никаква минлива врска. Гранката станува дел од живата лоза. Пренесувањето на животот, на силата и плодноста од лозата на прачката е непречено и постојано. Ако се одвои од лозата, прачката не може да живее. „Исто така,“ рекол Исус, „вие не можете да живеете одвоено од Мене. Животот што го добивте од Мене може да се одржи единствено во заедница со Мене. Без Мене не можете да совладате ниту еден грев, не можете да се спротивставите ниту на едно искушение”. {КВ 676.1}

„Бидете во Мене и Јас ќе останам во вас”. Да се биде во Христа значи постојано да се прима Неговиот Дух, значи да се живее живот на безусловна преданост на Неговата служба. Каналот на комуникација меѓу човекот и неговиот Бог не смее никогаш да се прекине. Како што прачката постојано црпи животен сок од лозата, така ние мораме цврсто да се држиме за Исуса и со вера да примаме од Него сила и совршенство на Неговиот карактер. {КВ 676.2}

Коренот праќа храна преку прачката до најоддалечените гранчиња. Така Христос пренесува на секој верник духовна сила. Сѐ додека душата е обединета со Христа, нема опасност дека ќе овене или ќе изумре. {КВ 676.3}

Животот на лозата ќе се покаже во пријатен плод на лозата. Исус вели: „Оној што останува во Мене и Јас во него, ќе роди многу род, зашто без Мене не можете да сторите ништо”. Ако живееме со вера во Божјиот Син, плодовите на Духот ќе се покажат во нашиот живот и ниту еден од нив нема да ни недостига. {КВ 676.4}

„Мојот Татко е лозарот. Тој ја сече секоја прачка на Мене што не раѓа род”. Иако калемот надворешно е споен со лозата, Сепак може да не постои животна врска. Во тој случај нема да има раст ниту плод. Исто така, и човекот може да покажува надворешна врска со Христа без вистинска поврзаност со Него преку вера. Со исповедање на верата луѓето стануваат членови на црквата, но нивниот карактер и постапки покажуваат дали тие се поврзани со Христа. Ако не донесуваат род, тие се лажни лози. Нивната пропаст заради тоа што не одржуваат постојана врска со Христа е неминовна, исто така како што прачката која ќе се исуши не може да остане на лозата. „Оној што не останува во Мене,“ вели Христос, „ќе се исфрли како прачка надвор и ќе се исуши. Потоа таквите ги собираат и ги фрлаат во оган да горат”. {КВ 676.5}

„Секоја прачка што раѓа род Тој ќе ја прочисти за да роди повеќе род”. Од избраните дванаесетмина што го придружувале Исуса, еден брзо ќе биде отфрлен како сува прачка, а останатите ќе дојдат под „ножиците“ на горчливата проба. Исус со свечена нежност ја објаснил целта на лозарот. Кастрењето ќе биде Болно, но ножиците се во рацете на Таткото. Тој не работи со немилосрдна рака, ниту со рамнодушно срце. Има и такви прачки кои се влечат по земјата; тие треба да се одвојат од земјината подлога за која се прицврстиле со своите ластари и да се насочат кон небото, за да најдат своја потпора во Бога. Излишните лисја кои ги одземаат животворните сокови неопходни за плодот, треба да се отстранат. Премногу густите гранки треба да се отсечат за да не го спречуваат продирањето на исцелувачките зраци на Сонцето на праведноста. Лозарот ги сече штетните изданоци за плодот да биде поубав и пообилен. {КВ 676.6}

„Мојот Татко ќе се прослави со тоа,“ рекол Исус, „што ќе родите многу род”. Бог сака преку нас да ја покаже Својата светост, добрина и сочувство белезите на Неговиот карактер. Сепак, Спасителот не им наредува на учениците да се напрегаат за да родат плод. Тој им кажува да останат во Него. „Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, тогаш што и да посакате, барајте и ќе ви биде”. Христос живее во Своите следбеници преку Својата Реч. Тоа е истата онаа животна врска која е симболично прикажана со земање на Неговото тело и Неговата крв. Христовите зборови се дух и живот. Прифаќајќи ги тие зборови, ние го примаме животот на Лозата. Тогаш живееме „од секој збор што излегува од Божјата уста”. (Матеј 4:4) Христовиот живот во нас ги раѓа истите оние плодови кои се виделе во Него. Ако живееме во Христа, прилепувајќи се до Христа, ако Тој постојано не одржува и храни тогаш плодот што ќе го донесеме ќе биде сличен на Неговиот. {КВ 677.1}

На последната средба со Своите ученици, Исус изразил голема желба да се љубат еден со друг како што ги љуби Тој. Тој многупати зборувал за тоа. „Оваа заповед ви ја давам,“ повторувал Тој, „да се љубите еден со друг”. Кога биле сами со Него во горната соба, Неговиот прв налог бил: „Нова заповед ви давам: Да се љубите еден со друг, како јас што ве љубев вас, така и вие љубете се еден со друг”. За учениците оваа заповед била нова заради тоа што тие не се љубеле еден со друг онака како што Христос ги љубел нив. Тој видел дека со нив мораат да завладеат целосно нови идеи и нови побуди, дека мораат да спроведуваат нови начела во животот, преку Неговиот живот и смрт требало да стекнат поинаква претстава и нов поим за љубовта. Во Светлината на Неговата жртва, заповедта да се љубат еден со друг добила ново значење. Целокупното дело на благодатта е една постојана служба на љубов, самооткажување, еден постојан напор на самопожртвување. Божјата љубов се излевала преку Христа како незапирлива река за цело време на Неговиот престој на Земјата. Сите оние што се исполнети со Неговиот Дух ќе љубат онака како што љубел Тој. Во сите свои меѓусебни односи ќе се раководат според начелото со кое се раководел Христос. {КВ 677.2}

Љубовта требала да биде доказ дека сите тие се Негови ученици. „Така сите ќе познаат дека сте Мои ученици,“ рекол Исус, „ако имате љубов меѓу себе”. Кога луѓето се меѓусебно здружени и поврзани не со сила или со лични интереси туку со љубов, тие ќе покажат делување на една сила која е повозвишена од човечката. Таквото единство претставува очигледен доказ дека Божјиот лик е обновен во човечкиот род, дека е всадено едно ново начело на животот. Тоа покажува дека во божествената природа постои сила која е во состојба да се спротивстави на натприродните сили на злото и дека Божјата благодат ја потчинува себичноста што е вродена во човечкото срце. {КВ 678.1}

Таквата љубов покажана во црквата, сигурно ќе предизвика гнев кај сатаната. Христос не им укажал на Своите ученици на песна и удобна патека. „Ако светот ве мрази вас,“ рекол, „знајте дека прво ме мразеше Мене. Кога би му припаѓале на светот, светот би ги љубел своите. Бидејќи не му припаѓате на светот Јас ве избрав од светот затоа светот ве мрази. Спомнете си за зборовите што ви ги кажав: Слугата не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа Мене и вас ќе ве прогонуваат. Ако ја држеа Мојата Реч и вашата ќе ја држат. Но сето ова ќе го прават заради Моето име, зашто не го познаваат Оној што Ме прати”. Евангелието мора да се шири со одлучна борба, наспроти спротивставувањето, опасноста, загубите и страдањата. Меѓутоа, оние кои прават така, едноставно одат по стапките на својот Учител.  {КВ 678.2}

Како Откупител на светот, Христос постојано бил изложен на привиден неуспех. Се чинело дека Тој Гласникот на милоста за нашиот свет малку постигнал во делото на издигање и спасување. Сатанските влијанија постојано работеле за да му се спротивстават. Меѓутоа, Тој не дозволил да се обесхрабри. Преку пророштвото на Исаија Тој вели: „Напразно се мачев и напразно ја потрошив Мојата сила. Сепак, кај Господа е Моето право и кај Мојот Бог наградата Моја… Ако Израел и не се собере, пак ќе се прославам пред Господа и Мојот Бог ќе биде Моја сила”. На Христа му е дадено ветување: „Вака вели Господ, Откупителот Израелев, Светецот негов, на Оној што го презираат и од кого се гадат народите… Вака вели Господ… Те запазив и те поставив за завет на народот, за да ја востановиш земјата и да причиниш наследување на опустеното наследство; за да им кажеш на затворениците: Излезете; а на оние што се во мрак: Покажете се… Нема повеќе да гладуваат ниту да жеднеат, нема да ги мачи жега ни сонце, зашто ќе ги води Оној што им се смилувал, ќе ги доведе на извори водни”. (Исаија 49:4,5,7-10)  {КВ 678.3}

Христос се потпирал врз оваа Реч и не му попуштал на сатаната. Кога се подготвувал да ги преземе последните чекори на Своето понижување, кога најдлабока тага ја обземала Неговата душа, Христос им рекол на Своите ученици: „Се приближува кнезот на овој свет и тој нема ништо во Мене”. „Кнезот на овој свет е осуден”. Сега тој ќе биде истеран. (Јован 14:30; 16:11; 12:31) Со пророчко око Христос ги видел сцените што ќе се одиграат во Неговиот последен голем судир. Знаел дека цело небо ќе триумфира кога Тој ќе извика: „Се сврши!“ До Неговото уво како веќе да допирала далечната музика и победничките извици од небесните дворови. Знаел дека тогаш ќе заѕвони последното посмртно ѕвоно на сатанското царство и дека Христовото име ќе се разгласи и издигне од планета до планета низ цела вселена. {КВ 679.1}

Христос се радувал што за Своите следбеници ќе може да направи многу повеќе отколку што тие можат да побараат или да замислат. Зборувал со сигурност, знаејќи дека бил донесен декрет од Семоќниот уште пред создавањето на светот. Знаел дека во судирот со злото ќе победи вистината вооружена со семоќната сила на Светиот Дух и дека над Неговите следбеници триумфално ќе завиори со крв попрсканото знаме. Знаел дела животот на Неговите верни ученици ќе биде како и Неговиот, постојана низа на победи, кои овде луѓето нема да ги видат како такви, но кои ќе се покажат како такви во идниот живот. {КВ 679.2}

„Ова ви го кажав,“ рекол, „за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате неволји, но не плашете се, зашто Јас го победив светот”. Христос не малаксал ниту бил обесхрабрен, па и Неговите ученици морале да покажат исто толку цврста вера. Требало да живеат како што живеел Тој, да работат како што работел Тој, бидејќи тие се надеваат во Него како во свој голем Поглавар и Учител. Тие мораат да бидат храбри, енергични и истрајни. Преку Негова благодат мораат да одат напред, иако привидни тешкотии ќе им се испречуваат на нивниот пат. Наместо да се жалат на своите тешкотии, треба да се издигнат над нив. Тие не треба да очајуваат од ништо и да се надеваат на сѐ. Христос ги приврзал за Божјиот престол со златен синџир на Својата неспоредлива љубов. Негова желба е тие да го поседуваат највозвишеното влијание во вселената, која произлегува од изворот на семоќта. Тие мораат да примат сила за да можат да се спротивстават на гревот и злото, сила која ниту земјата, ниту смртта, ниту гробот не можат да ја победат, сила која ќе им овозможи да победат како што победил Христос. {КВ 679.3}

Христос сака небесниот поредок, небесниот план на владеење и небесната божествена хармонија да бидат прикажани во Неговата црква на Земјата. На тој начин Тој ќе биде прославен во Своите следбеници. Преку нив зраците на Сонцето на праведноста ќе го осветлат светот со непоматен сјај. Христос и дал изобилни предности на Својата црква за Тој да може да прими голема добивка на слава од Својата избавена, откупена сопственост. Тој на Своите следбеници им подарил способности и благослови за да го прикажуваат неисцрпното богатство на Неговата моќ. Црквата, надарена со Христовата праведност, е Негов склад и во неа богатствата на Неговата милост, благодат и љубов треба да се појават во својот најголем сјај. Во Својот народ, во неговата чистота и совршенство, Христос ја гледа наградата за Своето понижување и додатокот на Својата слава Христос, Големиот Центар од Кого зрачи сета слава. {КВ 680.1}

Спасителот ги завршил Своите поуки со силни зборови полни со надеж. Потоа во молитва за Своите ученици го излеал товарот на Својата душа. Подигајќи го погледот кон небото, ја изговорил молитвата: „Татко, дојде часот; прослави го Својот Син, за и Твојот Син да те прослави Тебе и, како што си му дал власт над секое тело, та да им даде живот вечен на сите што му ги даде. А ова е живот вечен: Да те запознаат Тебе, единствениот вистински Бог и Исуса Христа, Кого си го пратил”. {КВ 680.2}

Христос го завршил делото што му било доверено. Тој го прославил Бога на Земјата. Го објавил името на Таткото. Ги собрал оние што ќе го продолжат Неговото дело меѓу луѓето. Рекол: „Јас се прославив во нив. И не сум повеќе во светот. А тие остануваат во светот, а Јас Доаѓам кај Тебе. Свет Татко, запази ги во Свое име оние што Ми ги даде, да бидат едно како што сме ние”. „Не се молам само за нив, туку и за оние коишто ќе поверуваат во Мене преку нивните зборови, за сите да бидат едно… Јас во нив, а Ти во Мене, да станат потполно едно и за светот да познае дека Ти ме прати и дека ги љубеше нив како што Ме љубеше Мене”. {КВ 680.3}

Така Христос, со зборови на Оној, Кој има божествен авторитет ја предал Својата избрана црква во рацете на Таткото. Како посветен Првосвештеник, Тој посредува кај Таткото за Својот народ. Како верен Пастир, Тој го собрал Своето стадо под сенката на Семоќниот, во силно и сигурно засолниште. Нему непосредно Му претстоела последната битка со сатаната и Тој тргнал напред да се соочи со неа. {КВ 680.4}

Сподели го ова:

Similar Posts