61. ЗАКХЕЈ
Оваа поглавје е засновано на Лука 19:1-10.
На пат за Ерусалим, Исус „влезе во Ерихон и минуваше низ него”. На неколку километри од Јордан, на западниот крај на долината што овде се проширувала во низина, лежел градот среде тропско зеленило и раскошна убавина. Со своите палми и раскошни градини што ги залевале живи извори, градот блескал како смарагд опкружен со варовнички ридови и пусти клисури кои се наоѓале помеѓу Ерусалим и градот во низината. {КВ 552.1}
Многу каравани на нивниот пат за празникот минувале низ Ерихон. Нивното пристигање секогаш создавало празнично расположение, но сега кај народот се разбудил подлабок интерес. Се дознало дека меѓу мноштвото се наоѓа галилејскиот Учител, Кој неодамна го воскреснал Лазара и иако кружеле многубројни гласини за заговорите на свештениците, народот бил желен да му оддаде почит. {КВ 552.2}
Ерихон бил еден од градовите кои во старо време биле одвоени за свештениците и во тоа време во него живееле многу свештеници. Меѓутоа, градот исто така имал разновидно население. Тој бил голем сообраќаен центар во кој се наоѓале римските службеници и војници, како и странци од разни земји, додека наплатата на царина го направил дом на многу цариници. {КВ 552.3}
„Началникот на цариниците,“ Закхеј, бил Евреин, од кого се гнаселе неговите сонародници. Неговата положба и богатство биле награда за повикот што тие го презирале и го сметале за симбол на неправдата и изнудувањето. Сепак, богатиот царински службеник ни најмалку не бил целосно закоравен светски човек како што изгледал. Под изгледот на световност и гордост се наоѓало срце осетливо на божествените влијанија. Закхеј слушнал за Исуса. Гласовите за Оној, Кој бил љубезен и учтив кон презрените сталежи се рашириле на сите страни. Кај овој началник на цариниците се разбудил копнеж за подобар живот. Само на неколку километри од Ерихон, Јован Крстителот проповедал на Јордан и Закхеј го слушнал повикот за покајание. Упатството дадено на цариниците „не барајте повеќе од она што ви е одредено“ (Лука 3:13), на неговиот ум оставило впечаток, иако тоа не било забележано. Тој го познавал Светото Писмо и бил уверен дека неговиот живот не е праведен. Сега, слушајќи ги зборовите за кои било кажано дека доаѓаат од големиот Учител, тој се чувствувал како грешник во Божјите очи. Сепак, тоа што го слушнал за Исуса разбудило надеж во неговото срце. Покајанието и реформацијата во животот биле достапни дури и за него. Зар еден од учениците на овој нов Учител, во кого Тој имал најмногу доверба не бил цариник? Закхеј веднаш почнал да се придружува кон своето ново уверување и да им надоместува на оние кои ги оштетил. {КВ 552.4}
Веќе почнал да ги исправа своите минати чекори, кога низ Ерихон се разнел глас дека Исус влегувал во градот. Закхеј бил одлучен да Го види. Почнал да увидува колку се горчливи плодовите на гревот и колку е тежок патот на оној што се обидува да се врати од погрешен начин на живеење. Да се биде погрешно разбран, да се биде дочекан со сомнеж и со недоверба кога настојувал да ги исправи своите грешки, било тешко за поднесување. Началникот на цариниците со сето срце копнеел да го погледне во лице Оној чии зборови разбудиле надеж во неговото срце. {КВ 553.1}
Улиците биле преполни и Закхеј, кој бил мал по раст, од главите на луѓето не можел да види ништо. Никој не сакал да го пропушти. Затоа богатиот цариник потрчал малку понапред пред народот, до местото на кое имало широко разгранета смоква и се искачил и седнал меѓу гранките, а од таму можел да ја набљудува поворката што поминувала подолу. Мноштвото се приближувало поминувајќи по патот и Закхеј со жеден поглед ја барал онаа појава што сакал да ја види. {КВ 553.2}
Покрај сета викотница на свештениците и рабините и извиците на добредојде од страна на народот, неискажаната желба на старешината на цариниците се пробила до Исусовото срце. Одеднаш, токму под смоквата застанала една група; застанале и оние што се движеле и однапред и одзади. Еден човек го подигнал погледот горе и тој поглед изгледал како да ја чита душата. Речиси не верувајќи им на сетилата, човекот што седел на дрвото ги слушнал зборовите: „Закхеј слези бргу, затоа што денеска треба да бидам во твојот дом”. {КВ 553.3}
Мноштвото му направило пат на Закхеј, кој одејќи како во сон, го предводел Спасителот кон својот дом. Меѓутоа, рабините го набљудувале тоа со намуртени пица и мрмореле во незадоволство и презир, бидејќи „отиде да биде гостин во куќа на еден грешник”. {КВ 554.1}
Закхеј бил длабоко восхитен, зачуден и занемен затоа што Христос со Својата љубов се понизил и се спуштил до него толку недостојниот. Сега љубовта и лојалноста кон новопронајдениот Учител ги отвориле неговите усни. Тој решил да го изрази јавно своето признавање на гревот и своето покајание. {КВ 554.2}
Во присуство на мноштвото, „Закхеј застана и му рече на Господа: ‘Господе, еве половината од мојот имот ќе им го дадам на сиромасите, и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе му го вратам четирикратно’. {КВ 555.1}
А Исус му рече: ‘Денес дојде спасението на оваа куќа, зашто и тој е син Авраамов’.“ {КВ 555.2}
Кога младиот богат поглавар се оддалечил од Исуса, учениците се чуделе на зборовите на својот Учител велејќи: „Колку им е тешко на оние што се потпираат на своето богатство да влезат во Божјото царство!“ Тие изненадено извикале еден на друг: „Тогаш кој може да се спаси?“ Сега виделе демонстрација на вистината на Христовите зборови: „Што им е невозможно на луѓето, возможно му е на Бога”. (Марко 10:24,26; Лука 18:27) Виделе како благодарение на Божјата благодат и богатиот може да влезе во Божјото царство. {КВ 555.3}
Уште пред да го здогледа Исусовото лице, Закхеј го започнал делото со кое покажал дека вистински се покајал. Тој ги признал своите гревови уште пред луѓето да го обвинат. Се потчинил на осведочувањето на Светиот Дух и почнал да го спроведува учењето напишано за стариот Израел, како и за нас самите. Господ одамна пред тоа рекол: „Ако осиромаши твојот брат и ако изнемогне при тебе, поткрепи го исто така како да е твој странец или гостин, та нека живее при тебе. Не земај од него ни лихва ни печалба, туку бој се од својот Бог и твојот брат нека живее со тебе. Немој да му позајмуваш пари со камата, ниту за печалба да му даваш храна”. „Никој од вас нека не му нанесува штета на својот сонародник, туку бој се од својот Бог”. (Левит 25:35-37,17) Тие зборови ги изговорил самиот Исус, кога бил обвиен во столб од облак, а првиот Закхеев одѕив на Христовата љубов се состоел токму во тоа што покажал сожалување кон сиромашните и оние кои страдале. {КВ 555.4}
Меѓу цариниците постоел сојуз, така што можеле да ги угнетуваат луѓето и да се поддржуваат еден со друг во своите измамнички практики. Меѓутоа, тие со својата изнуда, го правеле само она што станало речиси општа пракса. Дури и свештениците и рабините, кои ги презирале цариниците, се богателе на нечесен начин, прикривајќи се зад својот свет повик. Меѓутоа, кога Закхеј се покорил на влијанието на Светиот Дух, веднаш ја отфрлил секоја пракса спротивна на чесноста. {КВ 555.5}
Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата праведност не е наметка за покривање на неисповеданите и неоставените гревови, туку едно животно начело што го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога, целосно предавање на срцето и животот на небесните начела кои треба да живеат во душата. {КВ 555.6}
Во својот деловен живот, христијанинот мора да му го прикажува на светот начинот на кој нашиот Господ би управувал со деловните потфати. Во секоја трансакција христијанинот мора да покаже дека Бог е негов Учител. „Светост Господова“ тие зборови мораат да бидат напишани на сите деловни книги, имотни листови, на сите признаници и меници. Оние кои тврдат дека се Христови следбеници и кои истовремено работат нечесно таквите даваат лажно сведоштво против карактерот на светиот, праведен и милостив Бог. Како Закхеј, секој обратен човек покажува дека Христос влегол во неговото срце со тоа што ги напушта неправедните постапки, кои дотогаш го обележувале неговиот живот. Слично на началникот на цариниците, таквиот човек ќе даде доказ за својата искреност со тоа што ќе ја надомести нанесената штета. Господ вели: „Ако грешникот го врати залогот, ако го плати она што го грабнал и ако почне да живее според одредбите на животот, не правејќи беззаконија… сите негови гревови што ги сторил нема да му бидат споменати… тој сигурно ќе живее”. (Езекиел 33:15,16) {КВ 556.1}
Ако сме ги оштетиле другите со некоја неправедна Бизнис трансакција, ако сме прелажале некого во трговијата или сме измамиле некој човек, дури и ако тоа било во рамките на законот, треба да ја признаеме својата грешка и да ја надоместиме создадената штета колку што е тоа во наша моќ. Праведно би било да го вратиме не само она што сме го зеле, туку и сѐ она што со текот на времето би се акумулирало со правилна и мудра употреба на тие средства додека биле во наша сопственост. {КВ 556.2}
Спасителот му рекол на Закхеј: „Денес дојде спасението на оваа куќа”. Не бил благословен само Закхеј, туку и целото негово семејство. Христос дошол во неговиот дом за да му даде поуки за вистината и да го поучи неговото семејство во поглед на она што се однесува на Божјото царство. Тие биле исклучени од синагогата поради презирот од страна на рабините и верниците. Меѓутоа, сега станале најпривилегирано семејство во цел Ерихон и се собрале во својот дом околу божествениот Учител за да ги слушаат зборовите на животот. {КВ 556.3}
Кога ќе го примиме Христа како свој личен Спасител, тогаш Доаѓа спасение за душата. Закхеј не го примил Исуса само како еден минлив гостин во својот дом, туку како Оној, Кој ќе престојува во храмот на душата. Книжевниците и фарисеите го обвинувале дека бил грешник, тие мрмореле против Христа затоа што станал негов гостин, но Господ го признал како Авраамов син. Зашто „оние кои се од верата се Авраамови деца”. (Галатјаните 3:7) {КВ 556.4}