38. „ДОЈДЕТЕ… И ПОЧИНЕТЕ СИ МАЛКУ”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 14:1,2,12,13; Марко 6:30-32; Лука 9:7-10.
Бидејќи се вратиле од своето мисионско патување, „апостолите пак се собраа околу Исуса и го известија за сѐ што направиле и што поучувале. А тој им рече: ‘Дојдете вие сами, на осамено место и починете си малку;’ бидејќи мнозина Доаѓаа и си заминуваа, а тие немаа време ни да јадат”. {КВ 359.1}
Учениците дошле кај Исуса и го информирале за сѐ. Нивниот Близок однос со Него ги охрабрувал да му раскажуваат за своите пријатни и непријатни доживувања, за својата радост што ги гледаат резултатите од својот труд и за својата тага поради неуспехот, поради недостатоците и нивните слабости. Во почетокот на својата работа како евангелисти, тие направиле грешки и кога отворено му раскажувале на Христа за тоа, Тој видел дека им се потребни уште многу поуки. Тој исто така видел дека се изморени од нивната работа и дека им е потребен одмор. {КВ 359.2}
Меѓутоа, таму каде што се наоѓале не можеле да ја имаат потребната осаменост, „бидејќи мнозина Доаѓаа и си заминуваа, а тие немаа време ни да јадат”. Луѓето се туркале околу Христа со желба да бидат исцелени, желни да ги слушаат Неговите зборови. Мнозина биле привлечени кон Него, бидејќи Тој за нив изгледал како да е извор на сите благослови. Многумина од оние кои се туркале околу Христа за да го добијат драгоцениот благослов на здравје, го примиле Него како свој Спасител. Многу други кои тогаш се плашеле да го признаат Него, поради фарисеите, се обратиле при слегувањето на Светиот Дух и пред гневните свештеници и поглавари го признале Него како Божји Син. {КВ 359.3}
Меѓутоа сега Исус копнеел по осаменост за да биде со Своите ученици; бидејќи имал да им каже многу нешта. Во својата работа тие поминале низ проба на судири и наидувале на спротивставувања во разновидни облици. Дотогаш за сѐ барале совет од Христа, но извесен период биле сами и понекогаш им било многу тешко да одлучат што треба да направат. Тие наоѓале многу охрабрувања во својата работа, бидејќи Христос не ги испратил без Својот Дух и со вера во Него тие направиле многу чуда, но сега им било потребно да се нахранат со Лебот на Животот. Било потребно да се повлечат на некое осамено место за да разговараат со Исуса и да добијат упатства за својата идна работа. {КВ 360.1}
„А тој им рече: Дојдете вие сами, на осамено место и починете си малку”. Христос е полн со нежност и сочувство кон сите што се во Неговата служба. Тој сакал да им покаже на своите ученици дека Бог не бара жртва, туку милост. Тие се залагале со сите свои сили за народот и тоа ги исцрпело нивните телесни и умствени сили. Нивна должност била да се одморат. {КВ 360.2}
Бидејќи учениците виделе успех во својата работа, тие се наоѓале во опасност тоа да си го припишат себеси како заслуга, во опасност од духовна горделивост, и така паѓајќи под искушенијата на сатаната. Пред нив се наоѓало големо дело и тие пред сѐ морале да знаат дека нивната сила не лежи во нив, туку во Бога. Како Мојсеј во Синајската пустина, како Давид на бреговите во Јудеја или како Илија кај потокот Хорат, на учениците им било потребно да се одвојат од сцените на нивната активност, за да бидат во врска со Исуса, со природата и со своите срца. {КВ 360.3}
Додека учениците биле отсутни на своето мисионерско патување, Исус посетил други градови и села, проповедајќи го евангелието за царството. Во тој период ја примил и веста за смртта на Јован Крстителот. Тој настан јасно му го прикажал крајот кон кој воделе Неговите чекори. Над Неговата патека надвиснувале темни сенки. Свештениците и рабините барале прилика за да ја постигнат Неговата смрт, шпиони го следеле на секој чекор и на сите страни се умножувале заговори за Негово уништување. Веста за проповедањето на учениците низ цела Галилеја допрела до Ирод, насочувајќи го неговото внимание на Исуса и на Неговата работа. „Тоа е Јован Крстителот“ рекол Ирод „тој воскреснал од мртвите“ и изразил желба да го види Исуса. Ирод живеел во постојан страв потајно да не се организира бунт со цел тој да биде симнат од престолот и еврејскиот народ да се ослободи од римскиот јарем. Кај народот созревал дух на незадоволство и бунт. Било јасно дека Христовата јавна работа во Галилеја нема да трае уште долго. Се приближувале сцените на Неговото страдање и Тој копнеел за тоа извесен период да биде одвоен од мешаницата на мноштвото. {КВ 360.4}
Со тажни срца Јовановите ученици го пренеле неговото обезглавено тело и го погребале. Тогаш тие „дојдоа и го известија Исуса”. Тие ученици биле љубоморни на Исуса, кога им се чинело дека Тој го одвраќа народот од Јована. Стоеле на страната на фарисеите и го обвинувале Него, кога Тој седел со цариниците на гозбата на Матеј. Се сомневале во Неговата божествена мисија, затоа што не го ослободил Крстителот. Сега, кога нивниот учител бил мртов и кога копнееле по утеха во својата голема тага и по патоказ за својата идна работа, дошле кај Исуса и го соединиле својот интерес со Неговиот. Ним исто така им било потребно извесно време на мир за заедница со Спасителот. {КВ 361.1}
Во близина на Витсаида, на северниот дел на езерото, се наоѓало едно осамено место, кое било разубавено од свежото пролетно зеленило и им нудело пријатно место за одмор на Исуса и на Неговите ученици. Тие тргнале кон тоа место, преминувајќи со чамец преку езерото. Сакале да бидат далеку од главните патишта, од градскиот метеж и врева. Самите сцени на природата им овозможувале одмор, промена која им одговара на сетилата. Тука можеле да ги слушаат Христовите зборови без гневни прекинувања, возвраќања и обвинувања од страна на книжевниците и фарисеите. Тука кратко време можеле да уживаат во драгоценото друштво на својот Господ. {КВ 361.2}
Одморот што си го дозволиле Христос и Неговите ученици не бил поради самоугодување. Времето што го поминале во повлеченост не било исполнето со барање на задоволства. Разговарале за Божјото дело, за можностите тоа да вроди со поголем плод. Тие постојано биле со Христа и го разбирале; ним не им било потребно да им се зборува во параболи. Им укажувал на нивните грешки и им објаснил како треба да им пристапуваат на луѓето. Тој многу поцелосно им го открил драгоценото богатство на божествената вистина. Биле освежени од божествената сила и вдахновени со надеж и храброст. {КВ 361.3}
Иако Исус можел да прави чуда и ги оспособил Своите ученици да вршат чуда, Сепак ги упатил Своите исцрпени слуги да одат во природа и да се одморат. Кога им рекол дека жетвата е голема, а работници има малку, не барал од учениците постојано напорно да работат, туку рекол: „Молете го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва”. (Матеј 9:38) Бог му одредил работа на секој човек во согласност со неговите способности (Ефесјаните 4:11-13) и не сакал неколкумина од нив да бидат оптоварени со одговорности, а останатите да останат без никаков товар, без обременети души. {КВ 361.4}
Христовите зборови на сочувство им се упатени на Неговите работници денес, исто онака, како што им биле упатени на Неговите ученици. „Дојдете вие сами,… и починете си малку”. Тој им се обраќа на оние кои се изморени и исцрпени. Не е мудро секогаш да се биде под товар на работа и возбуда, дури и кога им се служи на духовните потреби на народот, бидејќи на тој начин се запоставува личната побожност, а силите на духот, душата и телото се преоптоварени. Од Христовите ученици се бара самооткажување и поднесување на жртви, но исто така мора да се внимава поради претераната ревност сатаната да не ги искористи човечките слабости и со тоа да му се нанесе штета на Божјото дело. {КВ 362.1}
Рабините сметале дека постојаната активност претставува кулминација на побожноста. Тие се придржувале на некои надворешни форми за да ја покажат својата повозвишена побожност. На тој начин ги одвоиле своите души од Бога и се чувствувале добро заради својата самодоволност. Сѐ уште постојат истите опасности. Кога активноста се зголемува и кога луѓето постигнуваат успеси во извршувањето на каква и да е работа во Божјото дело, тогаш постои опасност од потпирање врз човечките планови и методи. Постои и склоност помалку да се посвети време на молитва и да се има помалку вера. Како и учениците, и ние доаѓаме во опасност да ја изгубиме од вид својата зависност од Бога, настојувајќи од својата активност да направиме спасител. Мораме постојано да го насочуваме својот поглед во Исуса, увидувајќи дека делото се врши благодарение на Неговата моќ. Треба да се залагаме за спасение на оние кои се загубени, но истовремено мораме да имаме време за размислување, за молитва и за проучување на Божјата Реч. Конечно на крајот ќе се види дека успех донела само онаа работа што била извршена со многу молитви и која била посветена преку Христовата заслуга. {КВ 362.2}
Никогаш животот на ниту еден човек не бил толку исполнет со работа и должности како што бил Христовиот живот, а Сепак, толку често го затекнувале на молитва! Колку постојана била Неговата заедница со Бога! Колку пати во историјата на Неговиот земен живот наоѓаме запишани зборови како што се овие: „А изутрината, додека сѐ уште беше мрак, отиде на осамено место и таму се молеше”. „Големо мноштво народ се собираше да го слуша и да се исцелува од своите болести. А Тој се повлекуваше на осамени места и се молеше на Бога”. „Во тоа време отиде Исус на гората да се моли, и помина цела ноќ во молитва кон Бога”. (Марко 1:35; Лука 5:15, 16; 6:12) {КВ 362.3}
Во животот кој целосно бил посветен на добро на другите, Спасителот сметал дека е потребно да се повлече од главните патишта и од мноштвото што одело по Него ден за ден. Морал да се одвои од животот на постојана активност и од допирот со човечките потреби, за да побара осаменост и непрекината заедница со Својот Татко. Како еден од нас, како учесник во нашите потреби и слабости, Тој целосно зависел од Бога и повлекувајќи се на некое тајно место поради молитва, барал божествена сила за да добие цврстина за должностите и тешкотиите. Во светот полн со грев, Исус издржал борби и душевни мачења. Одржувајќи врска со Бога, Тој го симнувал од Себе товарот на жалоста, која толку тешко го притискала. Тука наоѓал утеха и радост. {КВ 362.4}
Преку Христа молбите на човештвото стигнале до Таткото на бескрајната милост. Како човек, испраќал молитви кон Божјиот престол, така што човечкото во Него било исполнето со небесна струја, која треба да го спојува човечкото и божественото. Преку постојана заедница со Бога, Тој примал живот, за да може да му даде живот на светот. Неговото искуство треба да биде и наше искуство. {КВ 363.1}
„Дојдете вие сами“ не повикува Тој. Ако ги послушаме Неговите зборови, ќе бидеме посилни и покорисни. Учениците го нашле Исуса и сѐ му раскажале, а Тој ги храбрел и поучувал. Ако ние денес одвоиме време да се обратиме на Исуса и му ги кажеме нашите неволји, нема да бидеме разочарани; Тој ќе ни биде од десната страна за да ни помогне. Нам ни е потребно повеќе едноставност, повеќе вера и доверба во нашиот Спасител. Оној, Кому името му е „Бог силен, Татко вечен, Кнез на мирот“, за Кого е напишано дека „власта му е на рамото“ Тој е прекрасен Советник. Ние сме повикани од Него да бараме мудрост. Тој „на сите дава во изобилие и без укор”. (Исаија 9:6; Јаков 1:5) {КВ 363.2}
Во сите оние што се под Божјо обучување треба да се открие живот, кој не е во склад со овој свет, со неговите обичаи и практики, и секој треба да има лично искуство во здобивање знаење за Божјата волја. Секој од нас поединечно треба да слушне како Бог му зборува на срцето. Кога секој друг глас е стивнат и кога во тишина ние чекаме пред Него, Божјиот глас појасно се слуша во тишината на душата. Тој не повикува: „Стивнете и познајте дека Јас сум Бог”. (Псалм 46:10) Само тука може да се најде вистински одмор. Тоа е успешна подготовка за сите што работат за Бога. Среде раздвиженото мноштво и под притисокот на интензивната животна дејност, така освежената душа се опкружува со атмосфера на светлина и мир. Животот ќе даде мирис и во него ќе се манифестира божествената сила што ќе ги допре човечките срца. {КВ 363.3}