80. ВО ЈОСИФОВИОТ ГРОБ

Сподели го ова:

Конечно Христос почивал. Долгиот ден на срам и маки завршил. Кога со последните зраци на сонцето кое заоѓало настапила саботата, Божјиот Син спокојно почивал во гробот на Јосиф. Завршувајќи го Своето дело со раце склопени во мир, Тој се одморал во светите часови на саботниот ден. {КВ 769.1}

Во почетокот, по создавањето, Таткото и Синот се одморале во саботата. Кога „се доврши небото и Земјата и сета нивна војска“ (Создавање 2:1), Творецот и сите небесни суштества се радувале додека ја набљудувале таа величествена сцена. Тогаш „пееја заедно утринските ѕвезди и сите Божји синови извикуваа од радост”. (Јов 38:7) Сега Христос се одморал по извршеното дело на откупот, и иако владеела тага помеѓу оние што Го сакале на Земјата, на небото владеела радост. Славно било ветувањето за иднината во очите на небесните суштества. Обновеното создавање, откупениот човечки род, кој го победил гревот и веќе никогаш нема да може да падне тоа јасно го виделе Бог и ангелите, како плод на Христовото завршено дело. Со тие настани засекогаш е поврзан денот во кој Исус починал. Зашто „Неговото дело е совршено“ и „сѐ што твори Бог, тоа останува довека”. (Второзаконие 32:4; Проповедник 3:14) „Кога ќе биде обновено сѐ, за кое Бог навестуваше од дамнина преку устата на сите Свои свети пророци“ (Дела 3:21), саботата на создавањето денот во кој Исус почивал во Јосифовиот гроб сѐ уште ќе биде ден за одмор и радост. Небото и Земјата ќе се обединат во славењето „од сабота до сабота“ (Исаија 66:23), а мноштвото спасени радосно ќе Му се поклонуваат на Бога и на Јагнето. {КВ 769.2}

Во завршните настани на денот на распетието, бил даден нов доказ за исполнување на пророштвата, ново сведоштво за Христовото божество. Кога темнината се подигнала од крстот и кога одекнал Спасителовиот претсмртен извик, се слушнал уште еден глас, кој рекол: „Навистина, Овој беше Божји Син”. (Матеј 27:54) {КВ 770.1}

Тие зборови не биле изговорени со шепот. Сите се свртеле да видат од каде доаѓаат тие зборови. Кој го кажал тоа? Тоа бил капетанот, римски војник. Божественото трпение на Спасителот и Неговата ненадејна смрт со извик на победа на усните, оставиле длабок впечаток врз овој незнабожец. Во ранетото, скршено тело кое висело на крстот, капетанот го препознал ликот на Божјиот Син. Тој не можел да се воздржи да не ја изрази својата вера. На тој начин повторно бил даден доказ за тоа дека нашиот Спасител ќе го види трудот на својата душа. На денот на Неговата смрт, тројца луѓе кои меѓусебно многу се разликувале, ја изразиле својата вера заповедникот на римската стража, човекот што го носел крстот на Спасителот и злосторникот кој умрел на крстот покрај Него. {КВ 770.2}

Ноќта полека настапувала, а над Голгота лебдела натприродна тишина. Мноштвото почнало да се разотидува и многумина се вратиле во Ерусалим во дух значајно изменет од оној што го покажале тоа утро. Многумина дошле да го видат распнувањето од љубопитност, а не од омраза кон Христа. Сепак тие сѐ уште верувале на обвинувањата на свештениците и го сметале Христа за престапник. Под дејство на неприродна возбуда, тие се соединиле со џганот во навредувањето на Христа. Меѓутоа, кога Земјата ја обвиткала темнина, застанале обвинети од сопствената совест, чувствувајќи се виновни за големото зло. Никаква шега и никаков потсмев не се слушнале во таа ужасна темнина, а кога темнината се подигнала, луѓето тргнале кон своите домови во свечена тишина. Биле уверени дека обинувањата на свештениците биле лажни, дека Исус не е измамник. Неколку седмици подоцна, кога Петар проповедал на Денот на Педесетница, тие се наоѓале меѓу илјадниците кои се обратиле во Христа. {КВ 770.3}

Меѓутоа, еврејските водачи биле непроменети од настаните на кои биле сведоци. Нивната омраза кон Исуса не се намалила. Темнината која ја обвиткала Земјата при распнувањето не била погуста од темнината која сѐ уште ги обвиткувала душите на свештениците и поглаварите. При Христовото раѓање ѕвездата Го препознала Исуса и ги водела мудреците до јаслите во кои Тој лежел. Небесните војски Го препознале и пееле песна над полињата на Витлеем. Морето Го препознало Неговиот глас и се покорувало на Неговата заповед. Болеста и смртта ја препознале Неговата моќ и му го вратиле својот плен. Сонцето Го препознало и го сокрило своето лице за да не ги гледа Неговите претсмртни маки. Карпите Го препознале и се затресле, распаѓајќи се на парчиња од Неговиот извик. Неживата природа Го препознала Христа и сведочела за Неговото божество, меѓутоа, свештениците и поглаварите на Израел не го познавале Божјиот Син. {КВ 770.4}

Сепак, свештениците и поглаварите немале спокој. Тие ја оствариле целта убивајќи Го Христа, но го немале она победоносно чувство што го очекувале. Дури и во мигот на нивниот привиден триумф, биле измачувани од неизвесноста за тоа што ќе се случи потоа. Тие ги слушнале извикот: „Се сврши”. „Татко, во Твои раце Го предавам Својот Дух”. (Јован 19:30; Лука 23:46) Виделе како се кршат карпите, почувствувале силен земјотрес и биле неспокојни и вознемирени. {КВ 771.1}

Тие биле љубоморни на Христа поради влијанието кај народот додека бил жив, па дури и сега кога издивнал. Тие повеќе се плашеле од мртвиот Христос отколку од живиот. Тие се плашеле од тоа вниманието на народот и понатаму да биде насочено кон настаните кои го придружувале Христовото распнување. Тие се плашеле од последиците на она што го направиле тој ден. Во никој случај не сакале Неговото тело да остане на крстот во текот на саботата. Саботата се приближувала и светоста на саботата би била повредена кога телата би останале на крстот. Така, еврејските поглавари користејќи го овој изговор, барале од Пилат да се забрза смртта на жртвите и нивните тела да се тргнат пред заоѓање на сонцето. {КВ 771.2}

И Пилат не сакал Исусовото тело да остане на крстот. Бидејќи добиле негова согласност, војниците им ги скршиле нозете на двајцата злосторници за да ја забрзаат нивната смрт, но Христос веќе бил мртов. На суровите војници влијаело она што го виделе и слушнале од Христа и затоа се воздржале од кршењето на Неговите нозе. Така, при жртвувањето на Божјото Јагне бил исполнет пасхалниот Закон: „Нека не остават од неа за наутро, нека не скршат ниту една коска на неа. Нека ја слават според прописите на Пасха”. (Броеви 9:12) {КВ 771.3}

Свештениците и поглаварите биле вчудовидени кога се констатирало дека Христос е мртов. Умирањето на крстот вообичаено траело долго и тешко можело да се утврди кога престанал животот. Никогаш не се слушнало човек да умре шест часа по распнувањето. Свештениците сакале да се уверат дали Исус навистина умрел, па на нивно убедување, еден војник со копје ги пробол Неговите ребра. Од раната која била создадена, потекле два обилни и различни млазеви едниот крв, а другиот вода. Тоа го забележале сите присутни, а Јован многу сигурно го опишува тој настан. Тој вели: „Еден од војниците му ги прободе ребрата со копје и веднаш потече крв и вода. Сведочи оној што го виде ова неговото сведоштво е вистинито и тој знае дека ја зборува вистината, за да поверувате вие. Тоа се случи, за да се исполни Писмото: Коска Негова нема да се скрши. А на друго место Писмото вели: Ќе погледнат на Оној, Кого Го прободоа”. (Јован 19:34-37) {КВ 771.4}

По воскресението свештениците и поглаварите ширеле гласови дека Исус не умрел на крстот, туку дека само се онесвестил и потоа оживеал. Друга вест тврдела дека во гробот не било положено тело од месо и коски, туку дека било направено нешто слично на тело и спуштено во гроб. Постапката на римските војници ги побило тие невистини. Тие не Му ги скршиле нозете, бидејќи Тој веќе бил мртов. За да ги задоволат свештениците, му Ги проболе ребрата со копје. Кога Неговиот живот не би бил згаснат таа рана би предизвикала моментална смрт. {КВ 772.1}

Меѓутоа, Исусовата смрт не била предизвикана од прободувањето со копје, ниту од маките на крстот. Тој извик изговорен „со силен глас“ (Матеј 27:50; Лука 23:46) во моментот на смртта, млазот крв и вода кои излегле од Неговото тело сетоа тоа покажува дека Христос умрел затоа што срцето Му препукнало. Срцето Му препукнало од душевна болка. Христа Го убиле гревовите на светот. {КВ 772.2}

Со Христовата смрт пропаднале надежите на Неговите ученици. Тие ги набљудувале Неговите склопени очи, наведнатата глава, косата извалкана од крв, прободените раце и нозе и трпеле неописливи душевни маки. Тие до крај не верувале дека Тој ќе умре; сега едвај можеле да поверуваат дека Тој навистина умрел. Совладани од тага, не се сеќавале на Неговите зборови со кои го претскажал тој настан. Ништо од она што Тој го зборувал, не им пружило утеха во тој момент. Го виделе само крстот и на него крвавата Жртва. Иднината им изгледала мрачна и полна со очај. Нивната вера во Исуса исчезнала, но тие никогаш повеќе не Го љубеле својот Господ како во тој момент. Никогаш порано до таа мера не ја почувствувале Неговата вредност, никогаш порано не почувствувале колку им е потребно Неговото присуство. {КВ 772.3}

Дури и во смртта, Христовото тело било многу драгоцено за Неговите ученици. Тие сакале достоинствено да Го погребаат, но не знаеле како да го направат тоа. Тој бил осуден како бунтовник против римската власт и лицата погубени поради такво злосторство биле погребувани на посебно место одредено за тој вид злосторници. Јован, со жените од Галилеја останал покрај крстот. Тие не можеле да дозволат телото на нивниот Господ да биде симнато од крстот од страна на бесчувствителните војници и да биде погребано на срамно место. Меѓутоа, не можеле тоа да го спречат. Тие не можеле да очекуваат никаква благонаклонетост од еврејската власт, а врз Пилат тие немале никакво влијание. {КВ 772.4}

Во таа тешка ситуација на учениците им дошле на помош Јосиф од Ариматеја и Никодим. Двајцата биле членови на Синедрионот и го познавале Пилат. Двајцата биле богати и влијателни луѓе. Тие одлучиле да го погребаат Исусовото тело со соодветни почести. {КВ 773.1}

Јосиф смело отишол кај Пилат и го замолил за Исусовото тело. Тогаш Пилат прв пат дознал дека Исус навистина умрел. Нему му биле доставувани противречни извештаи за настаните кои го придружувале распнувањето, веста за Исусовата смрт намерно била криена од него. Свештениците и поглаварите го предупредиле Пилат дека Христовите ученици можат да направат измама со Неговото тело. Затоа Пилат, кога ја слушал молбата на Јосиф, го повикал капетанот кој службено бил присутен на погубувањето за да дознае дали Исус навистина умрел. Пилат исто така се потрудил да добие известување од него за сцените на Голгота, со што било потврдено ЈосиФовото сведоштво. {КВ 773.2}

Јосифовата молба била услишена. Додека Јован бил загрижен околу погребот на својот Учител, Јосиф се вратил со Пилатовиот налог дека може да го погреба Христовото тело. Дошол и Никодим и донел околу четириесет и пет литри скапоцена мешавина од смирна и алое, за помазание на Христовото тело. На најпочитуваната личност во целиот Ерусалим не би можела да и се укаже поголема почест при смртта. Учениците биле многу изненадени кога виделе дека тие богати поглавари покажуваат ист интерес кон погребот на нивниот Господ како и самите тие. {КВ 773.3}

Ниту Јосиф, ниту Никодим не Го прифатиле јавно Спасителот додека Тој бил жив. Тие знаеле дека поради тоа би биле исклучени од Синедрионот, а се надевале дека ќе можат да Го штитат со своето влијание во советите на истиот. Извесен период изгледало дека ќе успеат во тоа, но лукавите свештеници, воочувајќи ја нивната наклонетост кон Христа, ги спречиле нивните намери. Во нивно отсуство Исус бил осуден и предаден на распнување. Сега кога Исус бил мртов, тие веќе не ја прикривале својата приврзаност кон Него. Додека учениците стравувале отворено да се прикажат како Негови следбеници, Јосиф и Никодим храбро им дошле на помош. Помошта на тие богати и почитувани луѓе била многу потребна во тоа време. Тие можеле да го направат за мртвиот Учител она што било невозможно за сиромашните ученици, а нивното богатство и углед во голема мера ги заштитило учениците од злобата на свештениците и поглаварите. {КВ 773.4}

Полека и со почит тие го симнале со свои раце Исусовото тело од крстот. Додека Го набљудувале Неговото рането и измачено тело, од очите им течеле солзи на сочувство. Јосиф поседувал еден нов гроб, издлабен во карпа. Гробот бил подготвен за него, но бидејќи се наоѓал близу Голгота, сега тој го подготвил за Исуса. Заедно со мирисите што ги донел Никодим, грижливо го завиткале Христовото тело во ленено платно и Го однеле до гробот. Тука тројцата ученици ги исправиле повредените нозе и ги прекрстиле ранетите раце на безживотните гради. Жените од Галилеја дошле да се уверат дали е направено сѐ што може да се направи за безживотното тело на нивниот сакан Учител. Потоа тие го виделе тешкиот камен, кој бил навален на влезот од гробот и Спасителот бил положен да почива. Жените биле последни кај крстот и последни на Христовиот гроб. Додека се спуштале вечерните сенки, Марија Магдалена и другата Марија се задржувале кај местото на починка на нивниот Господ, леејќи солзи жалосници над судбината на Оној, Кого Го љубеле. „И тие се вратија… и во сабота мируваа според заповедта”. (Лука 23:56) {КВ 774.1}

Тоа била сабота што никогаш нема да ја заборават натажените ученици, а исто така и свештениците, поглаварите, книжниците и народот. При заоѓањето на сонцето, во приквечерината на денот на подготовка, се огласиле труби, објавувајќи дека започнала сабота. Пасха се славела онака како што се празнувала со векови, додека Оној на Кого укажувал овој празник, лежел во Јосифовиот гроб, убиен од рацете на зли луѓе. Во сабота, предворјето на Храмот било полно со верници. Првосвештеникот кој бил на Голгота бил таму, облечен во сјајна свештеничка облека. Свештениците во бели капи, потполно зафатени, ја извршувале својата служба. Некои од присутните не биле спокојни додека крвта на овните и јунците била принесувана за грев. Тие не биле свесни дека симболот веќе бил остварен, дека била принесена бесконечна жртва за гревовите на светот. Исто така, не знаеле дека вршењето на овие обреди веќе нема никакво значење. Меѓутоа, верниците никогаш не присуствувале на овие обреди со толку противречни чувства. Трубите, музичките инструменти и гласовите на пејачите одѕвонувале јасно и силно како и обично. Меѓутоа, сите чувствувале дека се случува нешто необично. Еден по друг, луѓето поставувале прашања за чудниот настан што се случил. Дотогаш многу строго бил чуван пристапот кон светињата над светињите од оние кои не смееле таму да влезат. Сега било отворено за сечиј поглед. Тешката извезена завеса од ленено платно и прекрасно извезена со злато, со скерлет и пурпур, била раскината на два дела. Местото каде што Јехова се среќавал со првосвештеникот, за да ја објави Својата слава, местото кое било Божја света приемница, сега била отворено за сечие око тоа место веќе Господ не го признавал. Свештениците со мрачни претчувства ја вршеле службата. Разоткривањето на светата мистерија на најсветото место ги исполнувало со ужас заради несреќата која доаѓала. {КВ 774.2}

Многумина биле обземени од мислите предизвикани од сцените на Голгота. Од распнувањето до воскресението, многу будни очи постојано ги истражувале пророштвата; некои за да ја дознаат вистинската смисла на празникот кој тогаш се прославувал, некои да најдат докази дека Исус не бил она што тврдел дека е, а други со болно срце трагале по докази дека Тој е вистинскиот Месија. Иако истражувале со различни намери, сите биле убедени во иста вистина дека пророштвото се исполнило во настаните кои се случиле во неколкуте изминати денови и дека Распнатиот бил Откупителот на светот. Многумина од оние кои тогаш присуствувале на службата, никогаш веќе не учествувале во пасхалните обреди. Дури и многу свештеници биле осведочени за вистинскиот карактер на Исуса. Нивното проучување на пророштвата не било напразно и по Неговото воскресение тие Го признале за Божји Син. {КВ 775.1}

Кога Никодим го видел Исус подигнат на крстот, се сетил на зборовите што Тој ги изговорил онаа ноќ на Маслиновата Гора: „Како што Мојсеј подигна змија во пустината, така мора да биде подигнат Синот Човечки, за секој што верува во Него да има живот вечен”. (Јован 3:14,15) Таа сабота, кога Христос лежел во гробот, Никодим имал можност да размислува. Појасна светлина го осветлила неговиот ум и зборовите што Исус му ги упатил веќе не биле таинствени. Чувствувал дека многу изгубил поради тоа што не се поврзал со Спасителот за време на Неговиот живот. Сега се присетил на настаните на Голгота. Христовата молитва за Неговите убијци и Неговиот одговор на молбата на разбојникот кој умирал, му зборувале на срцето на учениот советник. Повторно во мислите го видел Спасителот во Неговите претсмртни маки, повторно го слушнал оној последен извик „Се сврши,“ искажан како извик на победник. Повторно видел како земјата се лула, небото помрачува, завесата во храмот се раскинува, а камењата се распаѓаат и неговата вера засекогаш се зацврстила. Истиот настан кој ги уништил надежите на учениците, го осведочил Јосиф и Никодим во Исусовото божество. Нивниот страв бил победен со храброста на цврстата и непоколеблива вера. {КВ 775.2}

Христос никогаш толку не го привлекувал вниманието на мноштвото како сега кога бил положен во гроб. По навика, луѓето ги донесувале своите болни и неволни во предворјето на храмот и прашувале: „Кој може да ни каже нешто за Исус од Назарет?“ Многумина дошле од далеку за да Го побараат Оној што исцелувал болни и воскреснувал мртви од гробот. Насекаде се слушнале зборовите: „Го бараме Исуса Исцелителот”. Во таа прилика свештениците прегледале многумина за кои се сомневало дека имаат лепра. Многумина морале да слушнат како нивните мажи, жени или деца се прогласени за лепрозни и ги осудуваат да го напуштат својот дом и наклонетоста на своите пријатели, за оддалеку да ги предупредуваат минувачите со својот тажен извик: „Нечист, нечист!“ Пријателските Исусови раце, кои никогаш не одбивале со Својот допир да ја исцелат одвратната лепра, биле прекрстени на Неговите гради. Молчеле усните кои на нивните молби одговарале со утешните зборови: „Сакам, очисти се”. Многумина се обраќале за сочувство и олеснување на главните првосвештеници и поглавари, но попусто. Очигледно било дека одлучно сакале да го имаат живиот Христос во нивната средина. Упорно и срдечно се распрашувале за Него. Не сакале да отстапат. Но тие биле истерани од предворјата на храмот и на портите поставиле војници за да го одбиваат мноштвото кое Доаѓало со своите болни и оние на смртна постела и барало да влезе. {КВ 776.1}

Страдалниците кои дошле да побараат лек за својата болест, се разочарале и обесхрабриле. Улиците биле полни со луѓе кои лелекале. Болните умирале во недостаток на исцелувачкиот допир на Исуса. Попусто барале совет од лекарите; никој не поседувал таква вештина како Оној, Кој лежел во Јосифовиот гроб. {КВ 776.2}

Тажните извици на страдалниците осведочиле многумина дека од овој свет исчезнала една голема светлина. Без Христа Земјата била мрак и темнина. Многумина чии гласови го засилувале извикот: „Распни Го, Распни Го,“ сега сфаќале каква несреќа ги снашла и со задоволство би повикале: „Пушти ни Го Исуса,“ кога Тој сѐ уште би бил жив. {КВ 776.3}

Кога луѓето дознале дека свештениците Го погубиле Исуса, тие почнале да се распрашуваат за Неговата смрт. Деталите за Христовото судење биле чувани во тајност колку што било можно, но во времето кога Тој лежел во гробот, Неговото име го изговарале илјадници усни и насекаде се раскажувало за срамното судење и за нехуманоста на свештениците и поглаварите. Луѓето склони на размислување, барале од свештениците и поглаварите да ги објаснат пророштвата од Стариот завет кои се однесувале на Месијата, и додека се обидувале во одговорот да вплеткаат некоја лага, станувале како безумни. Не можеле да ги објаснат пророштвата кои укажувале на Христовите страдања и смрт, така што многумина биле осведочени дека светите списи се исполниле. {КВ 776.4}

Свештениците се надевале дека одмаздата ќе им биде слатка, но таа веќе им станувала горчлива. Знаеле дека се соочиле со остро народно неодобрување; знаеле дека токму оние кои ги поттикнувале против Исуса, биле ужасени од своето срамно дело. Овие свештеници се обидувале да веруваат дека Исус е измамник, но тоа било напразно. Некои од нив стоеле покрај гробот на Лазар и виделе како мртовецот се враќа во живот. Трепереле од страв самиот Христос да не воскресне од мртвите и да не се појави пред нив. Слушнале кога рекол дека има моќ да го положи сопствениот живот и повторно да го врати. Се сеќавале кога рекол: „Урнете го овој Храм и за три дни ќе го подигнам”. (Јован 2:19) Јуда ги кажал зборовите што Исус им ги упатил на Своите ученици на патот за Ерусалим: „Еве, одиме во Ерусалим, каде што Синот Човечки ќе им биде предаден на првосвештениците и на книжниците и тие ќе Го осудат на смрт и ќе им Го предадат на незнабошците да Му се подбиваат, да Го камшикуваат и да Го распнат; и Тој ќе воскресне на третиот ден”. (Матеј 20:18,19) Кога ги слушнале тие зборови, Му се потсмевале и подбивале. Но, сега се сеќавале дека Исусовите пророштва до тој момент се исполниле. Рекол дека ќе воскресне на третиот ден, а кој може да каже дека и тоа нема да се случи? Сакале да ги оттргнат тие мисли од себе, но не успевале. Како и нивниот татко, ѓаволот, и тие верувале и трепереле. {КВ 777.1}

Сега, кога возбудувањето престанало, Христовиот лик почнал да им се наметнува на нивните умови. Го виделе како стои мирен и достоинствен пред Своите непријатели, поднесувајќи го без никакво мрморење нивниот подбив и злоставување. Сите настани во врска со Неговото судење и распнување повторно се враќале пред нив заедно со надмоќното убедување дека Тој е Божји Син. Чувствувале дека секој момент може да се појави пред нив, дека обвинетиот може да стане обвинител, осудениот осудувач, а убиениот да бара задоволување на правдата за смртта на своите убијци. {КВ 777.2}

Ниту за време на саботата немале мир. Иако не се осмелувале да го пречекорат прагот на незнабошците од страв да не се осквернат, Сепак одржале едно советување за Христовото тело. Смртта и гробот мораат да Го задржат Оној, Кого тие Го распнале. „Се собраа првосвештениците и фарисеите кај Пилата и му рекоа: Господине, се сетивме дека овој измамник уште додека беше жив, рече: ‘По три дена ќе воскреснам’. Затоа нареди да се чува гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици ноќе и да го украдат и на народот да му кажат: Воскресна од мртвите, па последната измама ќе биде полоша од првата. А Пилат им рече: Еве ви стража; одете и чувајте како знаете”. (Матеј 27:62-65) {КВ 777.3}

Свештениците дале упатства како да се обезбеди гробот. На влезот бил поставен еден голем камен. Преку овој камен префрлиле јаже, чии краеви ги прицврстиле за карпите и ги запечатиле со римски печат. Каменот не можел да се помрдне, а да не се повреди римскиот печат. Околу гробот поставиле стража од сто римски војници за да го спречат секој кој би се обидел да стори нешто. Свештениците направиле сѐ што можеле за Христовото тело да остане таму каде што Го положиле. Бил толку сигурно запечатен во гробот, како вечно да ќе остане во него. {КВ 778.1}

Така мислеле и планирале бедните луѓе. Овие убијци воопшто не сфаќале колку напразни биле сите нивни напори. Меѓутоа, Бог се прославил со оваа нивна постапка. Токму тие напори направени за да се спречи Христовото воскресение, претставуваат најубедлив доказ дека тоа навистина се случило. Колку повеќе војници биле поставени на гробот, толку посилно ќе биде сведоштвото дека Тој воскреснал. Стотици години пред Христовата смрт, Светиот Дух изјавил преку Псалмистот: „Зошто се гневат народите и племињата замислуваат суети? Се креваат земните цареви и кнезовите се собираат заедно против Господа и против Неговиот Помазаник… Оној што живее на небесата им се смее, Господ им се потсмева”. (Псалм 2:1-4) Римските стражари и римското оружје немале сила да го задржат во гробот Господарот на животот. Се приближува часот на Неговото ослободување. {КВ 778.2}

Сподели го ова:

Слични објави