41. КРИЗА ВО ГАЛИЛЕЈА
Оваа поглавје е засновано на Јован 6:22-71.
Кога не му дозволил на народот да го прогласи за цар, Христос знаел дека настапил пресврт во Неговиот живот. Мноштвото што денес сакало да го издигне на престолот, утре ќе се одврати од Него. Нивната љубов ќе се претвори во омраза, а нивното славење во проколнување, бидејќи не се исполниле нивните себични амбиции. Иако го знаел тоа, Тој не преземал ништо за да ја спречи кризата. Уште од самиот почеток Тој не им пружал на Своите следбеници никаква надеж во земни награди. На еден што посакувал да стане Негов ученик, Тој му рекол: „Лисиците имаат легла и птиците небесни гнезда, а Синот Човечки нема каде да ја потпре главата”. (Матеј 8:20) Кога луѓето би можеле да го имаат светот и Христа, мноштвото народ би ја понудил својата приврзаност, но таква служба Тој не можел да прифати. Меѓу оние кои тогаш се наоѓале околу Него, многумина биле привлечени од надежта во светското царство. Тие мораат да бидат изведени од заблудата. Длабоката духовна поука што ја содржело чудото со лебовите не била сфатена. Тоа мора да се објасни. Ова ново откровение ќе донесе со себе уште потешка проба. {КВ 383.1}
Чудото со лебовите се прочуло надалеку и следното утро мноштво народ се насобрал во Витсаида да го види Исуса. Луѓето Доаѓале во голем број по копно и по море. Оние што си заминале минатата ноќ, повторно се вратиле, очекувајќи дека ќе го најдат тука, бидејќи немало никаков чамец со кој би можел да премине на другата страна. Меѓутоа, напразно го барале, па многумина од нив се вратиле во Капернаум. {КВ 383.2}
Во меѓувреме, по отсуство од само еден ден, Тој дошол во Генисарет. Кога се дознало дека е тука, луѓето „го облетаа сиот оној крај и почнаа да носат болни на постели таму каде што слушнале дека се наоѓа Тој”. (Марко 6:55) {КВ 384.1}
По извесно време, Тој отишол во синагогата и таму го нашле оние што дошле од Витсаида. Од Неговите ученици дознале како преминал преку морето. Учениците верно му раскажале на мноштвото колку бурата била жестока, колку многу часови напразно веслале спротивно на неповолниот ветар, како Христос се појавил одејќи по водата, како тоа ги исплашило, Неговите зборови на уверување, што направил Петар и што се случило потоа, како бурата одненадеж стивнала и како чамецот пристигнал на брегот. Меѓутоа, не задоволувајќи се со тоа, многумина се собирале околу Исуса, прашувајќи: „Учителе, кога дојде ваму?“ Очекувале од Неговите усни да слушнат дополнително објаснување за споменатото чудо. {КВ 384.2}
Исус не ја задоволил нивната љубопитност. Тој тажно рекол: „Ме барате не затоа што ги видовте чудата, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте”. Не го барале од некој достоен мотив, туку затоа што биле нахранети од лебовите и затоа што се надевале дека поврзувајќи се со Него, ќе стекнат земна полза. Спасителот им рекол: „Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за живот вечен”. Не барајте само материјална корист. Вашиот труд не треба да биде посветен на грижата за овој сегашен живот, туку барајте духовна храна, онаа мудрост што ќе опстане и низ вечниот живот. Тоа може да го даде само Божјиот Син, „зашто врз Него сложил печат Бог Таткото”. {КВ 384.3}
За момент се разбудил интересот на слушателите. Тие извикале: „Што да сториме за да правиме Божји дела?“ Тие извршувале многу тешки дела за да се препорачаат себеси на Бога и биле подготвени да го слушнат секое ново упатство за да стекнат уште поголеми заслуги. Нивното прашање значело: „Што треба да правиме за да го заслужиме Небото? Која е цената што треба да ја платиме за да го стекнеме идниот живот?“ {КВ 385.1}
„Исус им одговори и рече: Ова е Божјото дело; да верувате во Оној што го испрати Тој”. Цената за Небото е Исус. Патот за Небото е единствено преку верата во „Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. (Јован 1:29) {КВ 385.2}
Меѓутоа, народот не одлучил да ги прифати тие зборови на божествената вистина. Исус го направил токму она дело кое пророштвото го претскажало дека Месијата ќе го направи, но тие не го виделе она што во своите себични надежи го замислувале како Негово дело. Христос навистина еднаш нахранил мноштво со пет лебови; но во времето на Мојсеј, Израел четириесет години бил хранет со мана и многу поголеми благослови се очекувале од Месијата. Нивните незадоволни срца се прашувале зошто Исус, кога може да прави такви чуда какви што виделе, не би можел да даде здравје, сила и богатство на целиот Свој народ, да го ослободи од своите поробувачи и да го издигне до моќ и чест? Фактот што Тој тврдел дека е Божји Син, а Сепак одбивал да биде цар на Израел претставувал тајна во која тие не можеле да проникнат. Неговото одбивање било погрешно толкувано. Многумина констатирале дека Тој не се осмелувал да ги спроведе Своите тврдења, бидејќи и Самиот се сомневал во божествениот карактер на Својата мисија. Тие ги отвориле своите срца за неверие и семето што сатаната го посеал вродило плод, плод на погрешно разбирање и изневерување. {КВ 385.3}
Тогаш, еден рабин потсмешливо запрашал: „Каков знак ќе ни покажеш за да ти веруваме кога ќе го видиме? Кое е Твоето дело? Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што стои напишано: ‘Им даде леб од небото да јадат’”. {КВ 385.4}
Евреите му оддавале чест на Мојсеј, како оној што ја дал маната, припишувајќи му ја славата на орудието и губејќи го од вид Оној, преку Кого било извршено делото. Нивните татковци мрмореле против Мојсеј и се сомневале и ја порекнувале неговата божествена мисија. Сега, со истиот дух потомството го отфрлило Оној, Кој им ја донел Божјата порака. „Тогаш Исус им рекол: ‘Вистина, вистина ви велам; не ви даде Мојсеј леб од небото’”. Оној што ја дал маната се наоѓал меѓу нив. Сам Христос ги водел Евреите низ пустината и секојдневно ги хранел со леб од небото. Таа храна била симбол на вистинскиот небесен леб. Животодавниот Дух, Кој произлегува од бесконечната Божја полнота е вистинската мана. Исус рекол: „Божји леб е Оној што слегува од Небото и му дава живот на светот”. (Јован 6:33) {КВ 385.5}
Претпоставувајќи дека Исус сѐ уште мислел на земната храна, некои Негови слушатели извикале: „Господе, давај ни го секогаш тој леб”. Исус јасно одговорил: „Јас сум лебот на животот”. {КВ 386.1}
Стилската фигура што ја употребил Христос им била позната на Евреите. Мојсеј, вдахнат од Светиот Дух, рекол: „Човекот не живее само од леб, туку од секој збор што излегува од Божјата уста”. А пророкот Еремија напишал: „Ги најдов Твоите зборови и ги голтав; зборовите Твои ми беа за радост и веселба на срцето мое”. (Второзаконие 8:3; Еремија 15:16) И рабините имале поговорка која вели дека јадењето на лебот во духовна смисла значи проучување на законот и правење добри дела. Често се зборувало дека при доаѓањето на Месијата цел Израел ќе биде нахранет. Учењето на пророците јасно ја објаснувало духовната поука за чудото со лебовите. Христос се трудел да им ја објасни таа поука на Своите слушатели во синагогата. Кога тие би го разбрале Светото Писмо, тие би ги разбрале и Неговите зборови, кога рекол: „Јас сум лебот на животот”. Само пред еден ден, големото мноштво на изморени и исцрпени луѓе било нахрането со лебот што Тој го дал. Како што тој леб им дал телесна сила и освежување, така тие можеле да добијат од Христа духовна сила за вечен живот. Тој рекол: „Оној што Доаѓа кај Мене, никогаш нема да огладни. Оној што верува во Мене, сигурно нема никогаш да ожедни”. Меѓутоа, додал: „Вие и Ме видовте и пак не верувате”. {КВ 386.2}
Тие го виделе Христа во сведоштвото на Светиот Дух, во откровението што Бог им го дал на нивните души. Живи докази за Неговата сила биле пред нивните очи од ден на ден, но тие Сепак барале уште некој знак. И да им го дал бараниот знак, тие исто така не би верувале како и дотогаш. Ако тие не биле уверени од она што го виделе и слушнале, би било бескорисно да им се покажат повеќе чудесни дела. Неверувањето секогаш ќе најде оправдување за сомнеж и преку резонирање ќе го отфрли и најочигледниот доказ. {КВ 386.3}
Христос повторно им се обратил на тие тврдоглави срца. „Оној што ќе дојде кај мене, нема да го истерам надвор”. „Сите што ќе го примат со вера“ рекол Тој, „ќе имаат вечен живот”. Според тоа, нема никаква потреба фарисеите и садукеите да се расправаат околу идниот живот. Луѓето не треба во безнадежна болка да тажат по своите мртви. „Желба на мојот Татко е, секој што го гледа Синот и верува во Него, да добие живот вечен и Јас да го воскреснам во последниот ден”. {КВ 386.4}
Меѓутоа, водачите на народот биле навредени „и зборуваа: Нели е тоа Исус, Јосифовиот син, чијшто татко и мајка ги знаеме? Како може сега да каже: Јас слегов од небото?“ Се обидувале да ги поттикнат предрасудите, посочувајќи подбивно на Исусовото скромно потекло. Тие со презир укажувале на Неговиот живот како галилејски работник и на неговото сиромашно и скромно семејство. Тврдењата на тој необразован дрводелец зборувале тие не се достојни за да се посвети внимание на нив. А за Неговото таинствено раѓање, тие инсинуирале дека Тој потекнувал од сомнително родителство, прикажувајќи ги на тој начин човечките околности на Неговото раѓање, како дамка во Неговиот живот. {КВ 387.1}
Исус не се обидел да ја објасни тајната на Своето раѓање. Тој не одговарал на прашањата што се однесувале на Неговото доаѓање од Небото, како што не одговарал на прашањата за тоа како преминал преку езерото. Не се трудел да го привлече вниманието со чудата што го обележувале Неговиот живот. Доброволно се откажал од угледот и земал на Себе облик на слуга. Меѓутоа, Неговите зборови и дела го откривале Неговиот карактер. Сите оние чии срца биле отворени за божественото просветлување, ќе го препознаат во Него „Единородниот од Таткото, полн со благодат и вистина”. (Јован 1:14) {КВ 387.2}
Предрасудите на фарисеите биле вкоренети подлабоко, отколку што тоа го покажувале нивните прашања коренот на тоа се наоѓал во изопаченоста на нивното срце. Секој Исусов збор и секоја Негова постапка предизвикувале непријателство во нив, зашто духот што тие го негувале не можел да пронајде во Него никаков одѕив. {КВ 387.3}
„Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Таткото, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам него во последниот ден. Во пророците стои напишано: ‘Сите ќе бидат поучени од Бога. Секој што слушал од Таткото и се поучил, Доаѓа кај Мене’”. Кај Христа нема да дојде никој друг, освен оние што се одѕиваат на привлечната сила на Татковата љубов. Меѓутоа, Бог го привлекува кај Себе секое срце и само оние што се спротивставуваат на Неговата привлечна сила не доаѓаат кај Христа. {КВ 387.4}
Изговарајќи ги зборовите: „Сите ќе бидат поучени од Бога,“ Исус го имал во предвид пророштвото на Исаија: „Сите твои синови ќе бидат поучени од Господа и голем ќе биде мирот на Твоите деца”. (Исаија 54:13) Евреите сметале дека тие зборови се однесуваат на нив. Се фалеле дека Бог е нивен Учител. Меѓутоа, Исус покажал колку напразно е тоа тврдење, бидејќи рекол: „Секој што слушал од Таткото и се поучил, Доаѓа кај Мене”. Само преку Христа можеле да стекнат знаење за Таткото. Човекот не може да ја издржи сцената на Неговата слава. Оние кои учеле од Бога, го слушале гласот на Неговиот Син и во Исус од Назарет го препознале Оној, Кој преку природата и откривањето го објавил Таткото. {КВ 387.5}
„Вистина, вистина, ви велам, оној што верува во Мене има живот вечен”. Преку саканиот Јован, кој ги слушал тие зборови, Светиот Дух им објавил на црквите: „Ова е тоа сведоштво, дека Бог ни дал вечен живот и тој живот е во Неговиот Син. Оној што го има Синот, има живот”. (1. Јованово 5:11,12) Исус рекол: „Јас ќе го воскреснам во последниот ден”. Христос станал едно во телото со нас, за и ние да станеме едно во духот со Него. Благодарение на тоа единство, ние ќе излеземе од гробот, не само затоа што тоа ќе биде манифестирање на Христовата сила, туку и затоа што преку вера, Неговиот живот ќе стане наш живот. Вечен живот имаат оние, кои го гледаат Христа во Неговиот вистински карактер и кои го примаат во своето срце. Христос престојува во нас преку Духот, а Духот Божји, примен во срцето преку вера, претставува почеток на вечниот живот. {КВ 388.1}
Присутните му посочиле на Христа на маната што ја јаделе нивните татковци во пустината, како давањето на таа храна да било поголемо чудо од она што го направил Христос, но Тој им покажал колку е ситен тој дар во споредба со благословите што Тој дошол да ги подели. Маната можела да го одржи само земниот опстанок, а не го спречувала пристапот на смртта, ниту обезбедувала бесмртност. Меѓутоа, Небесниот леб ја храни душата за вечен живот. Спасителот рекол: „Јас сум лебот на животот. Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. Ова е лебот што слегува од Небото, и оној што јаде од него нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од Небото. Оној што јаде од овој леб ќе живее довека”. На оваа симболика Христос додава и друга. Само доколку Тој умре, ќе може да им даде живот на луѓето и во зборовите што следат Тој укажува на Својата смрт, како на средство за спасение. „Лебот што ќе го дадам Јас е Моето тело, што го давам за живот на светот”. {КВ 388.2}
Евреите се подготвувале во Ерусалим да го прослават празникот Пасха и споменот на ослободувањето на Израел онаа ноќ, кога ангелот уништувач удрил по домовите во Египет. Бог сакал во пасхалното јагне тие да го видат Божјото Јагне и преку тој симбол да го примат Оној, Кој го дал Својот живот за спасение на човечкиот род. Меѓутоа, Евреите отишле толку далеку што му придавале на симболот најголемо значење, додека неговата смисла била незабележана. Тие не го препознале Господовото тело. Истата таа вистина, која симболично е прикажана во пасхалната служба, се содржела во Христовите зборови. Меѓутоа, таа вистина останала незабележана. {КВ 388.3}
Тогаш рабините луто повикале: „Како може овој Човек да ни го даде Своето тело да го јадеме?“ Се преправале дека ги сфаќаат Неговите зборови во иста буквална смисла, како што го направил тоа Никодим, прашувајќи: „Како може човек да се роди, кога е стар?“ (Јован 3:4) Тие всушност во извесна мера ја сфаќале смислата на Исусовите зборови, но не сакале да го признаат тоа. Извртувајќи ги Неговите зборови, тие се надевале дека ќе го предизвикаат нерасположението на народот против Него. {КВ 389.1}
Христос не го ублажил Своето симболично излагање. Тој ја изнел вистината со уште посилни зборови: „Вистина, вистина ви велам, ако не го јадете телото на Синот Човечки и ако не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе. Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Моето тело е вистинско јадење и Мојата крв е вистинско пиење. Оној што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, пребива во Мене и Јас во него”. {КВ 389.2}
Да се јаде Христовото тело и да се пие Неговата крв значи да се прими како личен Спасител, да се верува дека Тој ги простува нашите гревови и дека сме совршени во Него. Набљудувајќи ја Неговата љубов, размислувајќи за неа, напојувајќи се од неа, ние стануваме учесници во Неговата природа. Она што е храна за телото тоа Христос мора да биде за душата. Храната не ни е од полза ако не ја јадеме, ако не стане дел од нашето битие. Така Христос не ни е од никаква полза, ако не го примиме како свој личен Спасител. Теоретското знаење нема да ни биде од никаква полза. Мораме да се храниме со Него, да го примиме во своето срце, така што Неговиот живот да стане наш живот. Неговата љубов и Неговата благодат мора да станат дел од нас. {КВ 389.3}
Меѓутоа, дури ни тие симболи не можеле да им прикажат какви предности содржи односот на верникот со Христа. Исус продолжува: „Како што ме прати Мене живиот Татко и Јас живеам преку Таткото, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене”. Како што Божјиот Син живеел преку вера во Таткото, така и ние мораме да живееме преку вера во Христа. Исус целосно бил предаден на Божјата волја, така што Таткото единствено се манифестирал во Неговиот живот. Иако бил искушуван во сѐ како и ние, стоел пред светот неизвалкан од гревот што го опкружувал. Така и ние треба да победиме, како што победил Христос. {КВ 389.4}
Дали си Христов следбеник? Ако си, тогаш сѐ што е напишано за духовниот живот е напишано и за тебе и можеш да го досегнеш, ако се соединиш себеси со Исуса. Дали твојата ревност попушта? Дали твојата прва љубов се оладила? Прифати ја повторно понудената Христова љубов. Јади од Неговото тело, пиј од Неговата крв, и ќе станеш едно со Таткото и со Синот. {КВ 389.5}
Евреите што не верувале ја виделе само буквалната смисла во зборовите на Спасителот. Обредниот закон им забранувал да вкусат крв и затоа тие ги протолкувале Христовите зборови како светогрдие и се расправале меѓу себе околу тоа. Дури и многумина меѓу учениците рекле: „Тешки се овие зборови, кој може да ги слуша?“ {КВ 390.1}
Спасителот им одговорил: „Зар ова ве соблазнува? А уште да го видите Синот Човечки како се вознесува горе таму каде што бил порано? Духот е тој што оживува, а телото ништо не помага. Зборовите што Јас ви ги кажав се дух и живот”. {КВ 390.2}
Христовиот живот, кој дава живот на светот се наоѓа во Неговата Реч. Со Својата Реч, Исус лекувал болни и истерувал демони. Со Својата Реч ја стивнал бурата и ги подигал мртвите и народот бил сведок дека Неговата Реч имала сила. Тој ја зборувал Божјата Реч, како што зборувал преку сите пророци и учители во Стариот Завет. Целата Библија е манифестација на Христа и Спасителот сакал верата на Своите следбеници да ја утврди кон Речта. Кога Неговото видливо присуство ќе биде повлечено, Речта мора да биде извор на нивната сила. Како нивниот Учител и тие требало да живеат „од секој збор што излегува од Божјата уста”. (Матеј 4:4) {КВ 390.3}
Како што својот телесен живот го одржуваме со помош на храна, така и нашиот духовен живот се одржува со помош на Божјата Реч. Секоја душа за себе треба да прима живот од Божјата Реч. Како што сами мораме да јадеме за да примиме сила, така и сами мораме да ја примиме Речта. Не можеме да ја добиеме со посредство на некој друг. Треба внимателно да ја проучуваме Библијата, молејќи му се на Бога со помош на Светиот Дух да можеме да ја разбереме Неговата Реч. Треба да земеме еден стих и да ги насочиме мислите, трудејќи се да ја пронајдеме смислата што Бог ја ставил за нас во него. Треба да размислуваме за таа мисла, сѐ додека таа не стане наша сопствена мисла и ние не дознаеме „што говори Господ”. {КВ 390.4}
Во своите ветувања и опомени Исус мислел на мене. Бог толку го љуби светот што го дал и својот Единороден Син, за јас со тоа што ќе верувам во Него да не загинам, туку да имам вечен живот. Искуствата изложени во Божјата Реч мораат да станат мои искуства. Молитвите и ветувањата, начелата и опомените сето тоа ми припаѓа мене. „Јас сум распнат со Христа; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, и животот кој сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме возљуби и се предаде Себеси за мене”. (Галатјаните 2:20) Кога верата така ги прима и присвојува начелата на вистината, тие стануваат составен дел на битието и движечка сила во животот. Примена во душата, Божјата Реч ги обликува мислите и влијае на развојот на карактерот. {КВ 390.5}
Гледајќи постојано на Исуса со окото на верата ние стануваме посилни. Бог ќе му даде најдрагоцени откровенија на Својот гладен и жеден народ. Таквиот ќе увиди дека Христос е личен Спасител. Кога се хранат со Неговата Реч, луѓето увидуваат дека таа е дух и живот. Речта ја уништува вродената земна природа и дава нов живот во Исуса Христа. Светиот Дух Доаѓа како Утешител на душата. Со помош на Неговата благодат што преобразува, во ученикот се репродуцира Божјиот лик и тој станува ново создание. Љубовта Доаѓа на местото на омразата, а срцето станува слично на Бога. Тоа значи да се живее „од секој збор што излегува од Божјата уста”. Тоа значи да се јаде Лебот што слегува од Небото. {КВ 391.1}
Христос изговорил една света, вечна вистина во поглед на односот помеѓу Себеси и Своите следбеници. Тој го познавал карактерот на оние што тврделе дека се Негови ученици, а Неговите зборови ја ставиле нивната вера на проба. Тој рекол дека тие треба да веруваат и да постапуваат според Неговото учење. Сите што ќе го примат, ќе бидат учесници во Неговата природа и ќе се прилагодат на Неговиот карактер. Тоа значело дека мораат да се откажат од своите омилени амбиции. Тоа барало целосно да се предадат на Исуса. Мораат да бидат самопожртвувани, понизни и кротки во срцето. Мораат да одат по тесната патека по која одел Човекот од Голгота, доколку сакаат да имаат удел во дарот на животот и во славата на Небото. {КВ 391.2}
Пробата била премногу тешка. Исчезнало воодушевувањето на оние што се обидувале со сила да го прогласат за цар. Тие зборувале дека таа беседа во синагогата ги отворила нивните очи. Сега се отрезниле. Според нивното мислење, Неговите зборови претставувале директно признавање дека Тој не е Месијата и дека никаква земна награда не може да се постигне врз основа на поврзаноста со Него. Тие и посакале добредојде на Неговата чудотворна моќ; биле желни да бидат ослободени од болестите и страдањата, но не сакале да се прилагодат на Неговиот самопожртвуван живот. Не им било грижа за таинственото духовно царство за коешто Тој зборувал. Оние неискрените и себичните што го барале, не го посакувале повеќе. Кога не сакал да ги употреби силата и влијанието за да издејствува нивно ослободување од Римјаните, тие не сакале да имаат ништо со Него. {КВ 391.3}
Исус јасно им кажал: „Но меѓу вас има некои што не веруваат”. Потоа додал: „Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене, ако не му е дадено од Таткото”. Тој посакувал тие да сфатат дека, доколку тие не се привлечени кон Него, тоа е од причина што нивните срца не се отворени за Светиот Дух. „Земниот човек не го прима она што Доаѓа од Божјиот Дух, зашто тоа е лудост за него и не може да го спознае, затоа што за тоа треба да се расудува на духовен начин”. (1. Коринтјаните 2:14) Преку вера душата ја гледа Исусовата слава. Таа слава е сокриена, сѐ додека со силата на Светиот Дух не се разгори вера во душата. {КВ 391.4}
Бидејќи биле јавно укорени заради своето неверие, тие ученици уште повеќе се отуѓиле од Исуса. Тие биле многу незадоволни и сакале да го повредат Спасителот и да ја задоволат злобата на фарисеите, па затоа му свртеле грб и го напуштиле со презир. Тоа бил нивен избор земале форма без дух, лушпа без јатка. Никогаш подоцна не ја измениле својата одлука, бидејќи веќе не оделе по Исуса. {КВ 392.1}
„Лопатата е во Неговата рака и Тој ќе го очисти Своето гумно и ќе го собере Своето жито во житницата”. (Матеј 3:12) Тоа бил еден од периодите на чистење. Со зборовите на вистината, плевелот бил одвоен од пченицата. Многумина се одвратиле од Исуса, бидејќи биле премногу суетни и самоправедни за да примат укор, премногу го сакале овој свет за да прифатат живот исполнет со понизност. Многумина денес го прават истото. Душите и денес се ставаат на проба, како што биле на проба тие ученици во синагогата во Капернаум. Кога вистината ќе се открие во нивното срце, тие увидуваат дека нивниот живот не е во склад со Божјата волја. Тие увидуваат дека е потребно да се изменат, но не се подготвени да го започнат делото на самооткажување. Затоа стануваат гневни, кога ќе се откријат нивните гревови. Тие заминуваат соблазнети, како што и учениците го напуштиле Христа, мрморејќи: „Тешки се овие зборови; кој може да ги слуша?“ {КВ 392.2}
Пофалбите и ласкањата би биле пријатни за нивните уши, но вистината е непожелна; тие не можеле да ја слушаат. Кога го следеле многу народ и кога толпата била нахранета и се слушале извици на триумф, нивните гласови силно се слушале во пофалба. Но, кога Божјиот Дух го открил нивниот грев и ги повикал да се откажат од него, тие и свртеле грб на вистината и веќе не оделе по Исуса. {КВ 392.3}
Кога овие незадоволни ученици се одвратиле од Христа, со нив завладеал поинаков дух. Веќе не наоѓале ништо привлечно во Оној, Кој порано толку ги привлекувал. Тие ги побарале Неговите непријатели, бидејќи биле во хармонија со нивниот дух и дело. Тие погрешно ги толкувале Неговите зборови, ги изопачувале Неговите изјави и ги оспорувале Неговите побуди. Своето однесување го поткрепувале со тоа што собирале сѐ што би можело да се употреби против Него. Тие лажни извештаи предизвикале таков гнев, што Неговиот живот бил во опасност. {КВ 392.4}
Брзо се проширила веста дека Исус од Назарет, според сопственото признавање, не е Месијата. Така и во Галилеја, расположението на народот се свртело против Него, како што се случило една година порано во Јудеја. Тешко на Израел! Тие го отфрлиле својот Спасител, зашто копнееле по освојувач, кој би им подарил земна сила. Сакале јадење што поминува, а не она што останува вечно. {КВ 393.1}
Со копнежливо срце Исус видел како оние кои биле Негови ученици си заминуваат од Него Животот и Светлината на светот. Свеста дека луѓето не го ценат Неговото сочувство, дека не ја возвраќаат Неговата љубов и го отфрлаат Неговото спасение го исполнила со неискажлива жалост. Таквиот развој на настаните како овој го направиле Човек на болката, Кој ја познава тагата. {КВ 393.2}
Не обидувајќи се да ги спречи оние што го напуштиле, Исус се свртел кон дванаесеттемина и им рекол: „Дали и вие ќе си заминете?“ {КВ 393.3}
Петар одговорил со прашање: „Господе, кај кого да одиме?“ „Ти имаш зборови на вечен живот“ додал тој. „Ние веруваме и сме сигурни дека Ти си Христос, Син на живиот Бог”. {КВ 393.4}
„Кај кого да одиме?“ Учителите на Израел биле робови на формализмот. Фарисеите и садукеите постојано се расправале. Да се остави Исус, би значело да се упадне меѓу поборниците на обредите и церемониите и меѓу славољубивите луѓе, кои ја барале својата слава. Учениците нашле повеќе мир и радост откако го примиле Христа, отколку во целиот поранешен живот. Како можеле да се вратат кај оние што го презреле и прогонувале Пријателот на грешниците? Тие долго го очекувале Месијата; сега Тој дошол и тие не можеле да се одвратат од Неговото присуство и да им пристапат на оние кои го барале Неговиот живот, а нив ги прогонувале затоа што станале Негови следбеници. {КВ 393.5}
„Кај кого да одиме?“ Не од Христовото учење, од Неговите поуки на љубов и милост кон темнината на неверието и злобноста на светот. Додека Спасителот го оставиле многумина кои биле сведоци на Неговите прекрасни дела, Петар ја изразил верата на учениците „Ти си Христос”. Самата помисла да ја изгубат оваа котва на нивните души ги исполнувала со страв и болка. Да се напушти Спасителот, би значело да се биде препуштен на судбината на темното и разбранувано море. {КВ 393.6}
Многу Христови зборови и дела изгледаат таинствени за ограничените умови, но секој збор и дело имале одредена цел во делото на нашето спасение; секое било испланирано за да постигне свои резултати. Кога би биле во состојба да ги сфатиме Неговите цели, сѐ би изгледало значајно, целосно и во хармонија со Неговата мисија. {КВ 393.7}
Иако сега не можеме да ги сфатиме Божјите дела и патишта, можеме да ја распознаеме Неговата голема љубов, која лежи во основата на сите Негови односи со луѓето. Оној што живее близу Исуса, ќе разбере многу од тајната на побожноста. Ќе ја препознае милоста која дава укори, го испитува карактерот и ги расветлува намерите на срцето. {КВ 394.1}
Кога Исус ја изнел пробната вистина која предизвикала толкав број Негови ученици да се одвратат, Тој знаел каков ќе биде резултатот на Неговите зборови, но сакал да изврши една цел на милоста. Тој видел дека во часот на искушението секој од Неговите љубени ученици ќе биде ставен на страшна проба. Неговата агонија во Гетсиманија, предавството, судењето и распнувањето, за нив ќе претставуваат најголема проба. Кога не би постоел претходен тест, со учениците би биле поврзани мнозина поттикнати само од себични побуди. Кога нивниот Господ ќе биде осуден во судницата; кога мноштвото луѓе, кои некогаш го поздравувале Него како нивен цар му се исмејувале и го навредувале; кога мноштвото народ што се подбивал, викал: „Распни го!“ кога се разочарале во своите световни амбиции овие себични луѓе, откажувајќи ја својата верност кон Исуса, би им нанеле на учениците уште една горчлива и тешка болка, како додаток на нивната тага и разочарување поради пропаѓање на нивните најдраги надежи. Во тој час на темнина, примерот на оние што се одвратиле од Него, можел да повлече и други со нив. Затоа Исус ја предизвикал оваа криза уште додека со Своето лично присуство можел да ја зајакне верата на Своите вистински следбеници. {КВ 394.2}
Сочувствителниот Откупител, целосно свесен за судбината што го очекува, нежно ја израмнувал патеката за учениците, подготвувајќи ги за нивната најтешка проба и засилувајќи ги за крајниот испит! {КВ 394.3}