49. НА ПРАЗНИКОТ СЕНИЦИ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 7:1-15, 37-39.

Поради верските свечености Евреите имале должност трипати годишно да се соберат во Ерусалим. Обвиткан во стол6 од облак, невидливиот Водач на Израел, дал упатства во поглед на овие собири. За време на ропството, Евреите не можеле да ги одржуваат тие празници, но кога народот се вратил во својата земја, празнувањето на тие спомен-обичаи било повторно воспоставено. Божја намера била тие годишнини да го потсетуваат народот на Него. Меѓутоа, со неколку исклучоци, свештениците и поглаварите на народот ја изгубиле од вид таа цел. Оној, Кој одредил да се одржуваат овие народни собири и Кој го сфаќал нивното значење, бил сведок на нивното изопачување. {КВ 447.1}

Празникот Сеници бил последниот собир во годината. Божја намера била во оваа прилика народот да размислува за Неговата добрина и милост. Целата земја била под Негова заштита и го примила Неговиот благослов. Неговата грижа не престанувала ни дење ни ноќе. Сонцето и дождот правеле земјата да ги дава своите плодови. Жетвата била собрана од палестинските долини и низини. Маслинките биле собрани и драгоценото масло складирано. Палмата го дала својот плод. Румените гроздови веќе биле изгазени во бурето за вино. {КВ 447.2}

Празникот траел седум дена и поради таа прослава Израелците од Палестина и од многу други земји ги напуштале своите домови и Доаѓале во Ерусалим. Луѓето Доаѓале од далеку и од близу, донесувајќи во раце знак на својата радост. Старите и младите, богатите и сиромашните, сите донесувале некаков дар во знак на благодарност на Оној што ја крунисал годината со Својата добрина, од чии стапки капело изобилство. Сѐ што можело да го задоволи окото и да даде израз на сеопштата радост, било донесено од шумите, така што градот прилегал на некоја прекрасна шума. {КВ 448.1}                       

Овој празник не значел само оддавање на благодарност за добрата жетва, туку потсетувал и на Божјата заштита и грижа за Израел во пустината. Како спомен на својот живот под шатори, Израелците за време на празникот живееле во сеници или шатори од зелени гранки. Тие биле подигнати на улиците, во предворјето на храмот или на покривите од куќите. Планините и долините околу Ерусалим исто така биле исполнети со овие засолништа од лисја и со луѓе во движење. {КВ 448.2}

Верниците го прославувале овој настан со свети песни и со благодарност. Малку пред празникот бил Денот на Помирувањето, кога откако ги исповедале своите гревови, за луѓето било објавено дека се помирени со Небото. На тој начин бил подготвен патот за радоста на празникот. Зборовите „Фалете го Господа, зашто е добар, зашто е вечна Неговата милост“ (Псалм 106:1), величествено се издигале кон небото, проследени со извиците „Осана“ и секаков вид музика. Храмот бил центар на сеопшта радост. Тука се извршувале раскошните жртвени обреди. Тука, нареден од двете страни на белите мермерни скали на светото здание, хорот на Левитите го предводел пеењето. Мноштвото верници, мавтајќи со палмите и гранчињата од мирта, се придружиле кон песната и го повторувале рефренот; потоа и други се приклучувале кон песната од близу и од далеку, така што сите околни ритчиња одѕвонувале од фалбоспевот. {КВ 448.3}

Храмот и неговите предворја блескале цела ноќ со вештачка светлина. Музиката, мавтањето со палмови гранчиња, радосните извици „Осана“ големата маса народ, над кои се излевала светлина од висечките фенери, поворките на свештеници и величествените обреди сето тоа заедно создавало сцена што оставала длабок впечаток врз набљудувачите. Меѓутоа, највпечатлив бил обредот наменет за обновување на споменот на еден настан за време на престојот во пустината, обред кој предизвикал најголема радост. {КВ 448.4}

Рано в зори, свештениците со долг продорен звук затрубиле од своите сребрени труби, на што им одговарале други труби, а се слушале и радосни извици на народот од нивните сеници, така што сѐ ечело низ планините и долините поздравувајќи го празничниот ден. Потоа, свештеникот земал еден сад со вода од бистриот поток Кедрон, го подигал на рамо и додека трубите трубеле, се качувал на широките скапи од храмот, полека и одмерено, држејќи чекор со музиката и објавувајќи: „Нашите нозе веќе стојат пред портите твои, О, Ерусалиме”. (Псалм 122:2) {КВ 448.5}

Свештеникот го донесувал садот до олтарот, кој бил поставен во средината на предворјето за свештениците. Тука се наоѓале два сребрени сада, а покрај секој стоел еден свештеник. Во еден сад била ставана водата од садот, а во други виното од друг сад; содржината на двата сада истекувала во една цевка што била поврзана со потокот Кедрон и оттаму во Мртвото Море. Тоа истекување на посветената вода го претставувало изворот, кој на Божја заповед потекол од карпата за да ја изгаси жедта на децата Израелеви. Тогаш тие радосно запеале: „Господ Јехова ми е сила и песна;“ „затоа со радост ќе црпите вода од изворот на спасението”. (Исаија 12:2,3) {КВ 449.1}

Кога Јосифовите синови се подготвувале да присуствуваат на празникот Сеница, забележале дека Исус со ништо не покажува дека и Тој ќе дојде. Тие загрижено внимавале на Него. По исцелувањето во Витезда Тој не присуствувал на националните собири. За да ги избегне бескорисните судири со водачите во Ерусалим, Тој ја ограничил Својата работа само во Галилеја. Неговото привидно запоставување на големите верски собири и непријателството што кон Него го покажувале свештениците и рабините, ги вознемирувале луѓето околу Него, а дури и Неговите избрани ученици и Неговите роднини. Во Своите поуки Тој зборувал за благословите што потекнуваат од покорноста кон Божјиот закон, но изгледало дека Тој е рамнодушен кон службата која била воспоставена од Бога. Се дружел со цариниците и со други луѓе што ги биел лош глас, не обрнувал внимание на рабинските прописи и без притеснување ги отфрлил традиционалните обичаи во поглед на саботата. Сето тоа изгледало дека го доведувало во судир со верските власти и предизвикувало многу прашања. Неговите браќа сметале дека греши што се отуѓува од големите и учени луѓе во народот. Сметале дека тие луѓе мораат да бидат во право и дека Исус греши што се поставува Себеси во непријателство со нив. Меѓутоа, биле сведоци на Неговиот беспрекорен живот и Неговите дела оставиле длабок впечаток на нив, иако не се вбројувале себеси како Негови ученици. Неговата популарност во Галилеја и годела на нивната амбиција, па се надевале дека Тој ќе даде доказ за Својата сила, која ќе ги принуди фарисеите да увидат дека Тој е тоа што тврдел дека е. А што ако Тој е навистина Месијата, Принцот на Израел! Тие горделиво ја негувале во себе оваа мисла. {КВ 450.1}

Толку многу го посакувале тоа, што го поттикнувале Христа да појде со нив во Ерусалим: „Излези одовде“ велеле, „и оди во Јудеја за да можат и Твоите ученици да ги видат Твоите дела што ги правиш, зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат јавно. Ако Ти ги вршиш овие работи, покажи му се на светот”. Зборот „ако“ изразувал сомневање и неверие. Му припишувале страшливост и слабост. Ако знаел дека е Месијата, зошто тогаш таа чудна повлеченост и неактивност? Ако навистина имал таква сила, зошто да не оди храбро во Ерусалим и го докаже Своето тврдење? Зошто да не ги изврши во Ерусалим оние прекрасни дела за кои се раскажувало во Галилеја? „Немој да се криеш во зафрлени области и да вршиш силни дела за доброто на неуките селани и рибари. Покажи се во престолнината, осигурај ја поддршката на свештениците и поглаварите, обедини го народот во воспоставување на новото царство”. {КВ 450.2}

Тие му го зборувале ова на Исуса од себични побуди, кои често се гледаат во срцата на оние што сакаат да се истакнат. Тој дух бил владеечки дух на светот. Биле соблазнети затоа што Христос, наместо да копнее по земно царство, за Себе рекол дека е лебот на животот. Тие биле многу разочарани, кога го напуштиле толку многу од Неговите ученици. Самите се одвратиле од Него за да го избегнат крстот од признавањето на она што го откривале Неговите дела дека Тој е испратен од Бога. {КВ 451.1}

„Тогаш Исус им рече: ‘Моето време уште не дошло, а за вас секогаш е згодно време. Светот не може да ве мрази вас, но Мене ме мрази, затоа што Јас сведочам за него дека делата му се зли. Вие одете горе на празникот, Јас не одам на овој празник, зашто Моето време уште не се исполнило’. Тоа им го кажа и остана во Галилеја”. Неговите браќа му зборувале со глас на авторитет, одредувајќи му што треба да работи. Тој го возвратил нивниот прекор врз нив, на тој начин што не ги сместил меѓу Своите ученици полни со самооткажување, туку меѓу светот. „Светот не може да ве мрази вас“ рекол Тој, „но Мене ме мрази затоа што Јас сведочам за него дека делата му се зли”. Светот не ги мрази оние што му се слични по духот; тој ги сака како свои. {КВ 451.2}

Светот за Христа не бил место за удобност и самоиздигнување. Тој не чекал можност да ја зграби Неговата сила и слава, ниту пак светот му овозможувал таква награда. Светот бил место во кое го испратил Неговиот Татко. Тој бил даден за живот на светот, за да го изработи големиот план на откупувањето. Тој го вршел Своето дело за паднатиот човечки род. Меѓутоа, Тој не смеел да биде непромислен, ниту требало да брза во опасност да предизвика криза. Секој настан во Неговото дело имал свој одреден момент. Морал трпеливо да чека. Знаел дека мора да ја прими омразата на светот, знаел дека Неговото дело ќе го одведе во смрт, но прерано да се изложи на ова не би било според волјата на Неговиот Татко. {КВ 451.3}

Веста за Христовите чуда брзо се раширила од Ерусалим насекаде каде што живееле Евреите; иако веќе многу месеци не присуствувал на празниците, интересот за Него не се намалил. Многумина од сите делови на светот дошле на празникот Сеници, надевајќи се дека ќе го видат. На почетокот на празникот многумина се распрашувале за Него. Фарисеите и поглаварите очекувале дека Тој ќе дојде и се надевале дека ќе им се пружи можност да го осудат. Желно прашале: „Каде е Тој?“; но никој не знаел. Сите биле окупирани со мислата за Него. Од страв од свештениците и поглаварите, никој не се осмелувал да го истакне своето убедување дека Тој е Месијата, но насекаде тивко и сериозно се зборувало за Него. Многумина го бранеле како Божји пратеник, додека други го осудувале како измамник на народот. {КВ 451.4}

Во меѓувреме, Исус незабележано стигнал во Ерусалим. Тој одлучил да дојде по спореден пат, за да ги избегне патниците кои од сите страни Доаѓале на празникот. Кога би се придружил на кој било караван кој Доаѓал на празникот, при влегувањето во градот би го привлекол вниманието на светот, па би дошло до јавни манифестации во Негова полза, со што би ја предизвикал власта против Себе. За да го избегне тоа, одлучил да патува сам. {КВ 452.1}

За време на свеченоста, кога возбудувањето поради Него достигнало кулминација, Тој во присуство на мноштво луѓе, влегол во предворјето на храмот. Заради Неговото отсуство од празникот, се зборувало дека Тој не се осмелувал да се појави пред свештениците и поглаварите и сите биле изненадени од Неговата појава. Сите замолкнале. Сите се восхитувале на Неговото достоинство и храброст да се појави меѓу моќните непријатели кои сакале да го уништат. {КВ 452.2}

Стоејќи така во центарот на вниманието на собраниот народ, Исус им се обратил како што ниту еден човек не направил дотогаш. Неговите зборови покажале такво познавање на законот и институциите на Израел, жртвените обреди и учењата на пророците, кое далеку го надминувало знаењето на свештениците и рабините. Ги срушил бариерите на формализмот и традициите. Изгледало како пред Него да лежат отворени настаните на идниот живот. Зборувал со неприкосновен авторитет за земното и небесното, за човечкото и божественото, како Некој, Кој го гледал Невидливиот. Неговите зборови биле совршено јасни и убедливи и народот, како и во Капернаум, бил зачуден од Неговото учење, „бидејќи Неговото слово беше силно”. (Лука 4:32) Со помош на разни примери ги предупредил своите слушатели на несреќата што ќе ги снајде сите оние што ќе ги отфрлат благословите кои Тој дошол да им ги донесе. Им дал секакви можни докази за тоа дека дошол од Бога и се обидувал на сите можни начини да ги наведе на покајание. Тој не сакал да биде отфрлен и убиен од Неговиот сопствен народ и настојувал да ги спаси од вината за таквото дело. {КВ 452.3}

Сите се чуделе на Неговото познавање на законот и на пророштвата и се прашувале еден со друг: „Како овој ги познава Писмата кога не учел?“ Се сметало дека верски учител не може да биде некој кој не учел во рабинските школи, а и Исус и Јован Крстителот биле прикажани како неуки, бидејќи не примиле такво образование. Меѓутоа, нивните слушатели биле изненадени од нивното познавање на светите списи, бидејќи ниту еден од нив „не учел”. Навистина, тие не учеле од луѓе, но небесниот Бог бил нивен Учител и од Него ја примиле највозвишената мудрост. {КВ 453.1}

Додека Исус зборувал во дворот на храмот, луѓето го слушале како маѓепсани. Оние исти луѓе, кои биле најогорчени противници се чувствувале немоќни да му наштетат. За тоа време заборавиле на сѐ останато. {КВ 453.2}

Од ден на ден Тој го учел народот сѐ до последниот „големиот ден на празникот”. Тој ден наутро, кога народот веќе се заморил од долгото празнување, Исус неочекувано го подигнал Својот глас, кој одѕвонувал низ предворјето на храмот: {КВ 453.3}

„Ако некој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие. Кој верува во Мене како што е кажано во Писмото од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода”. Со оглед на состојбата во која се наоѓал народот, тој повик бил многу силен. Присутните постојано ги набљудувале сцените на раскош и празнување, нивните очи биле заслепени од светлината во разни бои, а нивните уши заглушени од најраскошна музика, но во сите тие церемонии немало ништо што ги задоволува потребите на духот, ништо што може да ја изгаси жедта на душата за она што е нераспадливо и непоминливо. Исус ги повикал да дојдат да се напијат од изворот на животот, од она што во нив ќе биде извор на жива вода, која тече во вечен живот. {КВ 453.4}

Тоа утро свештеникот извршил обред во спомен на удирањето во карпата во пустината. Таа карпа била симбол на Оној, Кој со Својата смрт ќе отвори жив извор на спасение, кој ќе потече кон сите оние кои се жедни. Христовите зборови биле водата на животот. Тука, во присуство на собраното мноштво, Тој се поставил Себеси да биде биен, за водата на животот да потече кон светот. Биејќи го Христа, сатаната имал намера да го уништи Кнезот на животот, но од удрената карпа потекла жива вода. Додека Исус му зборувал на народот, нивните срца биле обземени од некое необично стравопочитување и многумина биле подготвени да извикаат како Самарјанката: „Дај ми ја таа вода да не жеднеам повеќе”. (Јован 4:15) {КВ 454.1}

Исус знаел по што копнеат душите. Сјајот, богатството и почестите не можат да ја задоволат душата. „Ако некој е жеден, нека дојде кај Мене”. Богатите и сиромашните, моќните и скромните сите се добредојдени. Тој ветува дека ќе го олесни товарот на душата, дека ќе го утеши оној кој тагува и дека ќе му влее надеж на оној кој е во очај. Меѓу оние кои го слушале Исуса се наоѓале многумина што тагувале поради разочараните надежи, многумина кои тајно страдале, многумина кои настојувале да го задоволат својот неспокоен копнеж со нештата од овој свет и пофалбата од луѓето. Меѓутоа, кога го постигнале сето тоа, тие увиделе дека се мачеле само за да дојдат до напукнат резервоар од кој не можеле да ја изгаснат својата жед. Стоеле тука незадоволни и тажни среде сјајот на веселата прослава. Неочекуваниот извик „Ако некој е жеден“ ги оттргнал од нивното тажно размислување и додека понатаму слушале, во душата им се разбудила една нова надеж. Светиот Дух пред нив го изнел симболот, така што на крај сфатиле дека во него се наоѓа понуда на непроценливиот дар на спасението. {КВ 454.2}

Повикот што Христос го упатил кон жедните сѐ уште одѕвонува и тој повик ни се упатува и нам со уште поголема сила, отколку на оние кои го слушнале последниот ден од празникот. Изворот е достапен за секого. На уморните и исцрпените им се нуди освежувачка напивка на вечниот живот. Исус сѐ уште зборува: „Ако некој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие”. „Кој е жеден, нека дојде и кој сака, нека земе дарум од водата на животот”. „Оној што пие од водата што ќе му ја дадам Јас, никогаш нема да ожедни туку водата што ќе му ја дадам, ќе стане во него извор на вода, што тече во вечен живот”. (Откровение 22:17; Јован 4:14) {КВ 454.3}

Сподели го ова:

Слични објави