83. НА ПАТОТ ЗА ЕМАУС

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 24:13-33

Доцна попладнето на денот на воскресението, двајца ученици оделе по патот кон Емаус, мало место оддалечено околу тринаесет километри од Ерусалим. Тие двајца ученици не заземале никакво истакнато место во Христовото дело, но искрено верувале во Него. Тие дошле во градот за да ја прослават Пасха и биле многу збунети од настаните што се одиграле. Ја слушнале веста на тоа утро за отстранување на Христовото тело од гробот, а исто така и за извештајот на жените кои виделе ангели и Го сретнале Исуса. Сега се враќале во своите домови да размислуваат и да се молат. Таа вечер жалосно оделе по патот, разговарајќи за сцените од судењето и од распнувањето. Никогаш дотогаш не биле толку целосно обесхрабрени. Без надеж и вера, тие оделе во сенката на крстот. {КВ 795.1}

Не отишле далеку на својот пат, кога им се придружил еден непознат човек. Меѓутоа, тие биле толку длабоко задлабочени во својата мрачнина и разочарување, така што не го загледале подобро. Продолжиле да разговараат, изразувајќи ги мислите на своето срце. Зборувале за поуките кои ги дал Христос, а за кои изгледало како тие да не биле во состојба да ги сфатат. Додека зборувале за она што се случило, Исус копнеел да ги утеши. Ја видел нивната тага, ги сфатил нивните противречни мисли што ги збунувале и што во нивните умови ја внесувале мислата: „Може ли тој човек, кој дозволил така да Го понижат, да биде Христос?“ Не можеле да ја совладаат својата болка, па плачеле. Исус знаел дека нивните срца преку љубов се поврзани со Него и копнее да ги избрише нивните солзи и да ги исполни со радост и веселба. Но најпрво морал да им даде поуки кои тие никогаш нема да ги заборават. {КВ 795.2}

„А Тој им рече: Каков е тој разговор што го имате меѓу себе додека одите по пат и зошто сте тажни? Едниот од нив по име Клеопа му рече: Дали си Ти само еден странец во Ерусалим, кој не знае што се случи овие денови во него?“ Му раскажале за Своето разочарување во поглед на својот Учител, „кој беше пророк силен во дела и збор пред Бога и пред сиот народ,“ но „првосвештениците и нашите старешини,“ рекле тие, „го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа”. Со срца во болка од разочарување и треперливи усни, тие додале: „А ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израел; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако се случи ова”. {КВ 796.1}

Необично е тоа што учениците не се сеќавале на Христовите зборови и што не сфатиле дека Тој ги претскажал настаните што се случиле. Тие не сфатиле дека последниот дел од Неговото откровение ќе се оствари токму онака како што се остварил и првиот дел, дека во третиот ден Тој ќе воскресне. Требало да се сеќаваат на тој дел. Свештениците и поглаварите не го заборавиле тоа. „А утредента, по денот на подготовка, се собраа поглаварите свештенички и фарисеите кај Пилата и му рекоа: Господине, се сетивме дека овој измамник уште додека беше жив, рече: По три дена ќе воскреснам”. (Матеј 27:62,63) Но учениците не се сеќавале на овие зборови. {КВ 796.2}

„Тогаш им рече: О, неразумни и со срце кое бавно верува во сѐ она што го кажаа пророците. Зар не требаше Христос да го претрпи тоа и да влезе во Својата слава?“ Учениците се прашувале кој може да биде странецот, кога е во состојба така да проникне во нивните души и да зборува со толкава сериозност, нежност и сочувство и со толку надеж. Првпат откако Христос бил предаден, тие почнале да чувствуваат надеж. Често внимателно го набљудувале својот сопатник и помислувале дека Неговите зборови биле токму оние зборови кои Христос би ги изговорил. Биле исполнети со воодушевување, а срцата почнале да им чукаат во радосно исчекување. {КВ 796.3}

Почнувајќи од Мојсеј, самиот почеток на библиската историја Христос од целото Писмо го изложувал она што се однесувало на Него. Кога веднаш би им се открил, нивните срца би биле задоволни. Во својата голема радост тие не би гладувале за ништо повеќе. Меѓутоа, било потребно да го сфатат сведоштвото дадено за Него преку симболи и пророштва од Стариот завет. На тоа мора да се заснова нивната вера. Исус не направил никакво чудо за да ги увери, туку Негово прво дело било да им го објасни Писмото. Во Неговата смрт тие гледале уништување на сите свои надежи. Сега врз основа на пророците им покажал дека токму тоа било најголем доказ за нивната вера. {КВ 796.4}

Поучувајќи ги овие ученици, Исус го покажал значењето на Стариот завет како сведоштво за Неговата мисија. Денес, многумина кои се сметаат за христијани го отфрлаат Стариот завет тврдејќи дека тој нема никаква вредност. Меѓутоа, тоа не било Христовото учење. Тој толку високо го ценел Стариот завет, па во една прилика рекол: „Ако не ги слушаат Мојсеј и пророците, нема да веруваат ниту ако некој воскресне од мртвите”. (Лука 16:31) {КВ 799.1}

Христовиот глас зборува преку патријарсите и пророците, започнувајќи од Адамови денови, па сѐ до завршните настани на овој свет. Стариот завет јасно го открива Спасителот исто како и Новиот завет. Светлината од пророчкото минато го осветлувала јасно и убаво Христовиот живот и учењето на Новиот завет. Христовите чуда се доказ за Неговото божество, но уште посилен доказ за тоа дека Тој е Откупител на светот се наоѓа во споредбата на пророштвата на Стариот завет со историјата на Новиот завет. {КВ 799.2}

Резонирајќи од пророштвата, Христос им дал на Своите ученици правилна претстава за тоа што Тој требал да биде во човечкото тело. Погрешно било нивното очекување дека Месијата ќе го заземе Својот престол и царската власт во согласност со желбите на луѓето. Тоа не би се ускладило со правилното сфаќање на Неговото спуштање од највисоката до најниската положба која може да се заземе. Христос сакал поимите на Неговите ученици да бидат чисти и точни во секој поглед. Тие мораат колку што е тоа можно да го сфатат сето она што се однесува на чашата на страдањата, која Му била одредена. Тој им покажал дека ужасната борба која тие сѐ уште не можеле да ја сфатат претставува исполнување на заветот, сторен уште пред да се постават темелите на светот. Христос мора да умре, како што мора да умре секој престапник на законот, ако продолжи да греши. Сето тоа мора да се случи, но не треба да заврши со пораз, туку со величествена, вечна победа. Исус им рекол дека мораат да се вложат сите можни напори за светот да се спаси од гревот. Неговите следбеници мораат да живеат како што живеел Тој и да работат како што работел Тој, вложувајќи силни, истрајни напори. {КВ 799.3}

Така Христос разговарал со Своите ученици, отворајќи го нивниот разум за да можат да ги сфатат Писмата. Учениците биле уморни, но разговорот не престанувал. Од усните на Спасителот излегувале зборови на живот и уверување. Но нивните очи биле сѐ уште затворени. Кога им зборувал за падот на Ерусалим, тие со плачење го набљудувале тој град, осуден на пропаст. Меѓутоа, тие сѐ уште не ни претпоставувале Кој бил нивниот сопатник. Не помислувале дека покрај нив се наоѓа Оној, на Кого се однесувал разговорот, бидејќи Христос зборувал за Себе како за некоја друга личност. Тие сметале дека Тој е еден од оние кои присуствувале на големиот празник, па сега се враќал во својот дом. Одел исто толку внимателно како и тие преку грубите карпи, застанувајќи повремено заедно со нив за малку да се одмори. Така напредувале по планинската патека, додека покрај нив чекорел Оној, Кој наскоро ќе го заземе Своето место од десната страна на Бога и Кој можел да каже: „Ми се даде сета власт на Небото и на Земјата”. (Матеј 28:18) {КВ 800.1}

Додека патувале, сонцето почнало да заоѓа и пред патниците да стигнат до местото каде што ќе се одморат, работниците на полињата веќе ја напуштиле својата работа. Кога учениците сакале да влезат во својот дом, изгледало како странецот да има намера да го продолжи патот. Меѓутоа, учениците чувствувале дека Тој ги привлекува. Нивните души копнееле да слушнат повеќе од Него. „Остани со нас,“ рекле учениците. Бидејќи изгледало дека Тој не го прифатил повикот, тие навалувале велејќи: „Зашто ноќта наближува и денот е веќе одминат”. Христос попуштил на нивната молба и „влезе да остане со нив”. {КВ 800.2}

Кога учениците не би биле упорни во својот повик, тие не би дознале дека нивниот сопатник е воскреснатиот Господ. Христос никогаш никому не му го наметнува Своето присуство. Тој се грижи за оние на кои им е потребен. Тој со задоволство ќе влезе и во најскромниот дом и ќе го израдува и најпонизното срце. Меѓутоа, ако луѓето се премногу рамнодушни за да мислат на небесниот Гостин или не Го повикуваат да престојува кај нив, Тој продолжува понатаму. Така многумина се соочуваат со голема загуба. Тие не Го препознаваат Христа, како што не Го препознале ни учениците, додека оделе со Него по патот. {КВ 800.3}

Брзо им била приготвена едноставна вечера од леб. Лебот бил поставен пред гостинот, кој го зазел местото на чело на трпезата. Потоа ги испружил рацете за да ја благослови храната. Учениците биле многу изненадени кога нивниот сопатник ги раширил рацете токму онака како што тоа го правел нивниот Учител. Погледнале повторно и ете на Неговите раце ги виделе трагите од клиновите. Двајцата одеднаш извикале: „Ова е Господ Исус! Тој воскресна од мртвите!“ {КВ 800.4}

Тие станале за да Му се фрлат пред нозе и да Му оддадат чест, но Тој исчезнал од нивниот поглед. Го погледнале местото каде што се наоѓал Оној, Кој неодамна бил положен во гроб и зборувале едни на други: „Не гореа ли нашите срца во нас додека патем ни зборуваше и ни го толкуваше Писмото?“ {КВ 801.1}

Не можеле повторно да седнат и да разговараат, бидејќи требале да им ја соопштат и на останатите таа голема вест. Исчезнал нивниот глад и замор. Го оставиле недопрен својот оброк и исполнети со радост веднаш тргнале по истиот пат по кој дошле, брзајќи да им ја однесат радосната вест на учениците во Ерусалим. Патот на некои места бил опасен, па тие се качувале на стрмните падини и се лизгале на мазните карпи. Тие не гледале и не знаеле дека ги штити Оној, Кој по тој пат патувал со нив. Со својот патнички стап во раката брзале, сакајќи да одат побрзо отколку што можеле. Ја губеле стазата и повторно ја наоѓале. Понекогаш трчале, понекогаш се сопнувале, оделе напред, а за сето тоа време во нивна непосредна близина се наоѓал Невидливиот сопатник. {КВ 801.2}

Ноќта била мрачна, но нив ги осветлувало Сонцето на праведноста. Срцата им трепереле од радост. Им се чинело како да се наоѓаат во еден нов свет. Христос е жив Спасител. Не тагувале повеќе за Него како за мртовец. Христос е воскреснат тоа повторно и повторно го повторувале. Тоа била вест што ја носеле на оние кои тагувале. Морале да им ја раскажат прекрасната сторија од патот за Емаус. Морале да им кажат кој им се придружил попатно. Ја носеле најголемата вест која некогаш била дадена на светот, радосна вест на која се заснова надежта на човештвото за време и за вечноста. {КВ 801.3}

Сподели го ова:

Слични објави