22. ЗАТВОРАЊЕТО И СМРТТА НА ЈОВАН
Оваа поглавје е засновано на Матеј 11:1-11; 14:1-11; Марко 6:17-28; Лука 7:19-28.
Јован Крстителот прв го навестувал Христовото царство, но исто така и прв страдал. Одвоен од слободата што ја имал во пустината и мноштвото, кое со копнеж ги очекувало неговите зборови, затворен меѓу ѕидините на затворската ќелија, станал затвореник во тврдината на Ирод Антипа. Поголемиот дел од својата служба Јован ја поминал во областа источно од Јордан, со која владеел Антипа. И Ирод ги слушал Јовановите проповеди. Распуштениот цар треперел, кога го слушнал повикот на покајание. „А Ирод се плашеше од Јован, бидејќи знаеше дека е праведен и свет човек… И кога го слушаше, тој чинеше многу нешта и го слушаше со задоволство”. Јован доследно се однесувал кон него, осудувајќи ја неговата грешна врска со Иродијада, жената на својот брат. Извесно време Ирод се обидувал да ги раскине синџирите на страстите кои го врзале, но Иродијада уште поцврсто го вплеткала во своите мрежи и му се одмаздила на Јован Крстителот на тој начин што го навела Ирод да го фрли во затвор. {КВ 214.1}
Јовановиот живот бил исполнет со постојана активност, па тешко му паѓале неактивноста и мрачниот затворски живот. Како поминувале седмиците, не донесувајќи со себе никакви промени, во него почнале да се вовлекуваат очајот и сомнежот. Неговите ученици не го заборавиле. Им бил дозволен пристап во затворот, па му донесувале новости за Исусовите дела и му раскажувале за тоа како народот се собира околу Него. Меѓутоа, тие се прашувале зошто тој нов учител, ако навистина е Месијата, не направи нешто за Јовановото ослободување? Како може да дозволи Неговиот верен гласник да биде лишен од слободата, а можеби и од животот? {КВ 214.2}
Овие прашања не останале без влијание. На Јован му биле дошепнувани сомнежи кои инаку никогаш не би се појавиле. Сатаната се радувал слушајќи ги зборовите на овие ученици и гледајќи како тие ги рануваат душите на Господовиот гласник. О, Колку често оние што себеси се сметаат за пријатели на еден добар човек и кои сакаат да му ја покажат својата верност се всушност негови најопасни непријатели! Колку пати нивните зборови, наместо да ја зајакнат неговата вера, предизвикуваат потиштеност и обесхрабрување. {КВ 215.1}
Како и учениците на Спасителот, Јован Крстителот не ја сфатил природата на Христовото царство. Тој очекувал дека Исус ќе го заземе Давидовиот престол. И како што времето минувало, а Спасителот не барал царска власт, Јован станувал збунет и вознемирен. Тој му објавил на народот дека мора да се исполни пророштвото на Исаија за да се подготви патот на Господа; сите планини и брегови мора да се спуштат, кривините да се исправат, а нерамнините да се измазнат. Тој очекувал дека човечката горделивост и власт ќе бидат симнати. Тој зборувал за Месијата како за Оној, Кој ја држи лопатата во Своите раце, Кој ќе го исчисти Своето гумно, Кој ќе го собере житото во Своите амбари и Кој ќе го запали плевелот со неизгаслив оган. Како пророкот Илија, во чиј дух и сила дошол во Израел, Јован очекувал Господ да се открие како Бог, Кој одговара со оган. {КВ 215.2}
Во текот на својата мисија Јован неустрашливо го осудувал беззаконието и кај оние на високи, и кај оние на ниски положби. Тој се осмелил отворено да го осуди гревот на царот Ирод. Тој не го сметал својот живот драгоцен, само за да ја заврши задачата што му била наменета. И сега, во затворот, очекувал Лавот од Јудиното племе да ја отфрли горделивоста на угнетувачите, да ги избави сиромашните и оние кои плачеле. Меѓутоа, изгледало дека Исус се задоволува со тоа да собира ученици околу Себе, да исцелува и да го поучува народот. Тој јадел на трпезата на цариниците, додека римскиот јарем секој ден сѐ повеќе и повеќе го притискал Израел, додека царот Ирод и неговата зла љубовница ја спроведувале својата волја и додека лелекањата на сиромашните и страдалниците се издигале до Небото. {КВ 215.3}
За пророкот од пустината сето тоа изгледало како тајна што ја надминува неговата моќ на сфаќање. Имало момент, кога неговата душа ја мачеле шепотењата на демоните и кога над него се надвиснувала сенка на ужасен страв. Можно ли е одамна очекуваниот Избавител сѐ уште да не се појавил? Тогаш што значела пораката што тој самиот бил поттикнат да ја изнесува. Јован бил горко разочаран во резултатот на својата мисија. Тој очекувал дека Божјата вест ќе има исто онакво дејство, како, кога законот бил читан во времето на Јосија и Ездра (2. Летописи 34; Неемија 8:9) и дека ќе настапи темелно дело на покајание и враќање кон Господа. Целиот свој живот го жртвувал за успехот на таа мисија. Зар сето тоа било попусто? {КВ 216.1}
Јован бил вознемирен, кога видел дека неговите ученици од љубов кон него негувале неверие кон Христа. Дали неговото залагање за нив останало без плод? Дали бил неверен во својата мисија, кога сега е спречен во работата? Ако ветениот Избавител дошол и ако Јован верно одговорил на својот повик, зар Исус не би ја срушил моќта на угнетувачот и не би го ослободил Својот гласник? {КВ 216.2}
Меѓутоа, Јован не се откажал од својата вера во Христа. Сеќавањето на Гласот од Небото и на слетувањето на гулабот, беспрекорната Исусова чистота и силата на Светиот Дух, која почивала врз Јован, кога бил во присуство на Спасителот и сведоштвото на пророчките списи сето тоа сведочело дека Исус од Назарет е навистина Ветениот. {КВ 216.3}
Јован не сакал со своите ученици да зборува за своите сомнежи и вознемирувања. Одлучил да упати порака до Исуса и да го праша за тоа. Таа порака им ја доверил на двајца свои ученици со надеж дека разговорот со Спасителот ќе ја зацврсти нивната вера и ќе ги убеди нивните браќа. Исто така, копнеел за тоа Христос непосредно да му се обрати. {КВ 216.4}
Учениците дошле кај Исуса со порака: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ {КВ 216.5}
Колку неодамна Јован, укажувајќи на Исуса, зборувал: „Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. „Тој е Оној што Доаѓа по мене и е над мене”. (Јован 1:29,27) А сега прашањето: „Ти ли си Оној што треба да дојде?“ Тоа било болно и горчливо разочарување за човечката природа. Кога Јован, верниот предвесник, не ја сфаќа Христовата мисија, што може да се очекува од себичното мноштво? {КВ 216.6}
Спасителот веднаш не одговорил на прашањето на овие ученици. Додека тие стоеле, зачудени од Неговото молчење, болните и оние во неволја му приоѓале на Исуса за да бидат исцелени. Слепите го напипкувале својот пат низ толпата; болни од сите слоеви, некои сами си го пробивале патот, други на носила, носени од своите пријатели, желно се потиснувале во Исусовото присуство. Гласот на моќниот Исцелител продирал во ушите на глувиот. Еден збор, еден допир на Неговата рака ги отворал очите на слепите за да ја видат светлината на денот, убавината на природата, лицата на пријателите и лицето на Избавителот. Исус ја укорувал болеста и ја протерувал треската. Неговиот глас стигнал до ушите на смртниците и тие станувале во здравје и виталност. Парализираните, кои биле опседнати со лоши духови ги послушале Неговите зборови, нивната малоумност ги напуштила и тие му се поклонувале. Додека ги исцелувал болните, Тој го учел народот. Сиромашните селани и работници, кои рабините ги избегнувале како нечисти, се собирале околу Него и Тој им зборувал зборови за вечен живот. {КВ 216.7}
Така поминал денот и Јовановите ученици виделе и слушнале сѐ. На крај, Исус ги повикал кај Себе, им рекол да одат и да му раскажат на Јован сѐ што виделе, додавајќи: „Блазе на оној што нема да се соблазни поради Мене”. (Лука 7:23) Доказот за Неговото божество се наоѓал во прилагодување на потребите на човештвото што страдало. Неговата слава се манифестирала во тоа што Тој се понижил до нашата ниска положба. {КВ 217.1}
Учениците ја однеле пораката и тоа било доволно. Јован се сетил на пророштвото во поглед на Месијата: „Зашто ме помаза Господ, ме прати да им проповедам радосна вест на кротките, да ги исцелам скршените срца; на заробените да им навестам слобода и на затворените ослободување; да ја прогласам годината на Господова благонаклонетост”. (Исаија 61:1,2) Христовите дела не само што покажувале дека Тој е Месија, туку покажувале на кој начин ќе биде воспоставено Неговото царство. На Јован му била покажана истата онаа вистина што Илија ја спознал во пустината, кога наишол на „голем и силен ветер, кој ридови урива и соборува карпи, но Господ не беше во ветрот; по ветрот настана земјотрес, но Господ не беше во земјотресот; а по земјотресот оган, но Господ не беше во огнот,“ а по огнот Господ му зборувал на пророкот со тивок и малечок глас”. (1. Цареви 19:11,12) На сличен начин Исус требал да го изврши Своето дело не со помош на оружје и рушење на престоли и царства, туку обраќајќи им се на срцата на луѓето по пат на милосрден и самопожртвуван живот. {КВ 217.2}
Начелото на самооткажување на кое се засновал животот на Јован Крстителот било начело на царството на Месијата. Јован добро знаел колку сето тоа е далеку од начелата и надежта на водачите на Израел. Она што за него бил убедлив доказ за Христовото божество, за нив не претставувал никаков доказ. Тие очекувале таков Месија, каков што не бил ветен. Јован видел дека мисијата на Спасителот кај нив може само да предизвика омраза и осуда. Тој предвесникот морал да пие од чашата, која Христос ќе треба да ја испие до дно. {КВ 218.1}
Зборовите на Спасителот: „Блазе на оној што нема да се соблазни поради Мене,“ биле благ укор за Јован Крстителот. Тоа не било напразно. Сфаќајќи ја сега појасно Христовата мисија, Јован му се покорил на Бога, очекувајќи од Него живот или смрт, онака, како што ќе биде најкорисно за делото, кое тој го љубел. {КВ 218.2}
Кога тие гласници заминале, Исус му зборувал на народот за Јован. Срцето на Спасителот било исполнето со сочувство кон верниот сведок што лежел во затворот кај Ирод. Тој не сакал народот да дојде до заклучок дека Бог го заборавил Јована или дека верата на пророкот попуштила во моментот на неволја. Исус рекол: „Што сте излегле да гледате во пустина? Трска ли што ја лелее ветрот?“ {КВ 218.3}
Високите трски што растеле покрај Јордан и што се виткале на секое ветерче, соодветно ги прикажувале рабините, кои ја критикувале и осудувале мисијата на Крстителот. Тие се виткале на оваа или на онаа страна во зависност од ветерот на народното расположение. Не сакале да се понизат за да ја примат веста на Крстителот, која ги испитува срцата, а од страв кон народот не се осмелиле отворено да се спротивстават на неговото дело. Меѓутоа, Божјиот гласник немал толку плашлив дух. Мноштвото што се собирало околу Христа било сведок за Јовановата работа. Тоа слушнало како Јован бестрашно го укорувал гревот. На самоправедните фарисеи, свештениците, садукеите, на Ирод и неговите дворјани, на кнезовите и на војниците, на цариниците и селаните, Јован им зборувал со иста отвореност. Тој не бил трска што се лула, која ја виткаат ветриштата на човечките пофалби или предрасуди. Во затворот бил исто толку верен на Бога и приврзан кон правдата, како кога ја проповедал Божјата вест во пустината. Во својата верност кон начелото бил цврст како карпа. {КВ 218.4}
Исус продолжил: „Туку што излеговте да видите? Човек облечен во меки облеки? Ете, тие што носат меки облеки и живеат раскошно се во царските дворови”. Јован бил повикан да ги укорува гревовите и претерувањето на своето време и неговата едноставна облека и живот исполнет со самооткажување биле во склад со природата на неговата мисија. Богатата облека и раскошот на овој живот не се дел од Божјите слуги, туку се дел од оние, кои живеат „во царските дворови,“ на владетелите на овој свет, на кои им припаѓаат земното богатство и моќ. Исус сакал да покаже каква спротивност постои помеѓу Јовановата облека и облеката што ја носат свештениците и поглаварите. Тие се облекувале во раскошни облеки и се украсувале со скапоцени украси. Тие го сакале надворешниот сјај, сакале да го восхитат народот и на тој начин да влеат уште поголема почит. Тие повеќе се труделе да предизвикаат восхит кај луѓето, отколку да стекнат чисти срца за да му угодат на Бога. На тој начин покажале дека не се приврзани кон Бога, туку кон царството на овој свет. {КВ 218.5}
Исус рекол: „Па тогаш што сте излегле да видите? Пророк? Да, ви велам, и повеќе од пророк, зашто Јован е оној за кого е пишано: {КВ 219.1}
‘Ете, јас Го праќам Мојот гласник пред Твоето лице, Тој ќе Го приготви Твојот пат пред Тебе’. {КВ 219.2}
Навистина, ви велам, меѓу родените од жена не се подигнал поголем од Јован Крстителот”. Во зборовите упатени на Захарија пред Јованото раѓање, ангелот рекол: „Тој ќе биде голем пред Бога”. (Лука 1:15) Што ја сочинува големината во очите на Небото? Не она што светот го смета за големина; не богатството, положбата, или благородничкото потекло или интелектуалната надареност, сама по себе. Доколку интелектуалната големина, независно од секоја повисока цел, би била достојна за почит, тогаш би биле должни да го почитуваме сатаната, бидејќи неговата интелектуална моќ никогаш не ја достигнал ниту еден човек. Но, ако се злоупотребува за задоволување на личните барања, колку е поголем дарот, толку поголемо станува проклетството. Бог ја цени моралната вредност. Љубовта и чистотата се највозвишени атрибути во Неговите очи. Јован бил голем во Неговите очи, кога пред пратениците на Синедрионот, пред народот и пред своите ученици одбил да бара почести за себе, туку укажал на Исус, како на Ветениот. Неговата несебична радост во Христовата служба претставува највозвишен облик на благородност која човекот некогаш ја достигнал. {КВ 219.3}
Оние, кои го слушнале неговото сведоштво за Исуса, посведочиле по неговата смрт за него: „Јован не направи ниту едно чудо, но сѐ што кажа за овој Човек е вистина”. (Јован 10:41) На Јован не му било дадено да повика оган од небото или да подигнува мртви, како што правел Илија, ниту во Божјо име да ракува со чудотворен стап, како Мојсеј. Тој бил повикан да го најавува доаѓањето на Спасителот и најпонизно да го повика народот да се подготви за Неговото доаѓање. Така, тој верно ја исполнил својата мисија, така што народот, кога се сеќавал што им проповедал Јован за Исуса, можел да каже: „Сѐ што кажа Јован за овој човек е вистина”. Секој Христов ученик е повикан исто така да сведочи за Него. {КВ 219.4}
Како предвесник на Месијата, Јован бил „многу повеќе од пророк”. Додека пророците оддалеку го гледале Христовото доаѓање, на Јован му било дозволено да го види, да го слушне небесното сведоштво за Неговото месијанство и да му го претстави на Израел како Испратен од Бога. Сепак, Исус рекол: „Најмалиот во небесното царство е поголем од него”. {КВ 220.1}
Како пророк, Јован ја претставува алката помеѓу Стариот и Новиот завет. Како Божји претставник тој го прикажал односот помеѓу законот, пророците и христијанската епоха. Тој бил помала светлина, по која Доаѓала поголема. Јовановиот ум бил просветлен од Светиот Дух за да го осветли неговиот народ, но ниту една светлина никогаш нема да свети толку јасно, како онаа, која произлегува од Христовото учење и пример. Христос и Неговата мисија биле нејасно сфатени преку симболот на жртвите. Дури ни Јован не го сфатил целосно идниот бесмртен живот преку Спасителот. {КВ 220.2}
Освен радоста што Јован ја наоѓал во својата мисија, неговиот живот бил полн со тага. Неговиот глас ретко се слушал, освен во пустината. Бил осамен. Не му било дозволено да ги види плодовите на својата работа. Немал среќа да биде со Христа и да биде сведок на божествената сила, која ја придружувала поголемата светлина. Не му било дадено да гледа како на слепите им се враќа видот, како болните се исцелуваат и мртвите се враќаат во живот. Не ја здогледал Светлината што светела низ секој Христов збор и ги осветлувала со слава пророчките ветувања. Најмалиот ученик, кој ги видел силните Христови дела и ги слушнал Неговите зборови, во тој поглед се наоѓал во поголема предност од Јован Крстителот и затоа за таквиот е кажано дека е поголем од него. {КВ 220.3}
Преку мноштвото народ што ги слушало Јовановите зборови, гласот за него брзо се расчул низ земјата. Луѓето со длабок интерес очекувале како ќе заврши неговото затворање. Меѓутоа, неговиот беспрекорен живот и силната народна наклонетост кон него наведувале на верување дека против него нема да се преземат некои свирепи мерки. {КВ 220.4}
Ирод верувал дека Јован е Божји пророк и сосема имал намера да го пушти на слобода. Меѓутоа, стравувајќи од Иродијада, го одложувал остварувањето на оваа своја намера. {КВ 220.5}
Иродијада знаела дека со непосредни мерки никогаш нема да го придобие Ирод за да ја одобри Јовановата смрт, па одлучила со стратегија да ја постигне својата цел. На роденденот на царот требало да се приготви забава за дворските големци и благородници. Се надевала дека Ирод, под влијание на храната и пијалакот ќе стане невнимателен, па ќе успее да влијае на него за да ја изврши својата волја. {КВ 221.1}
Кога дошол големиот ден и кога царот и неговите големци се оддале на јадење и пиење, Иродијада ја испратила својата ќерка во свечената сала со својата игра да ги забавува гостите. Салома била во цветот на младоста и нејзината сензуална убавина ги занела сетилата на големците кои пирувале. Не бил обичај на вакви свечености да се појавуваат дворски дами, па на Ирод му се упатени ласкави пофалби, кога оваа ќерка на израелските свештеници и кнезови играла за да ги забавува неговите гости. {КВ 221.2}
Царот бил зашеметен од виното. Со него загосподарила страста, додека разумот бил отфрлен. Ја гледал само свечената сала со гостите кои пирувале, богатата трпеза, пенливото вино, блескавата светлина и младата девојка, која играла пред него. Во тој момент на непромисленост сакал да направи нешто со што ќе ги воодушеви големците од своето царство. Под заклетва и ветил на ќерката на Иродијада дека ќе и даде сѐ што ќе побара, дури и половина царство. {КВ 221.3}
Салома брзо се доближила до својата мајка за да ја запраша што да побара. Одговорот бил подготвен главата на Јован Крстителот. Салома не знаела за желбата за одмазда во срцето на својата мајка, па се притеснувала да ја искаже оваа желба, но одлучноста на Иродијада победила. Девојката се вратила со ужасното барање: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на послужавник главата на Јован Крстителот”. (Марко 6:25) {КВ 221.4}
Ирод се стаписал и се збунил. Разузданата веселба престанала и во местото на пирување завладеала кобна тишина. Царот се ужаснувал од помислата да му го одземе животот на Јован. Меѓутоа, дал збор, па не сакал да испадне променлив или брзоплет. Заклетвата била дадена во чест на неговите гости и кога еден од нив би го подигнал својот глас против исполнување на ветувањето, тој со задоволство би му го поштедил животот на пророкот. Им била дадена можност да се заземат за овој затвореник. Тие поминувале големи далечини за да го слушаат проповедањето на Јован и знаеле дека тој човек нема никаква вина и дека е Божји слуга. Иако потресени од барањето на девојката, биле премногу пијани за да дадат некоја забелешка. Ниеден глас не се подигнал за да го спаси животот на овој небесен гласник. Тие луѓе заземале високи, доверливи положби во нацијата, но во толкава мера се оддале на јадење и пиење, така што нивните сетила биле умртвени. Вртоглавата сцена на музиката и играта им го заматил разумот, а совеста заспала. Со своето молчење тие изговориле смртна пресуда над Божјиот пророк, за да се задоволи одмаздливоста на една развратна жена. {КВ 221.5}
Ирод попусто чекал некој да го ослободи од дадената заклетва, а потоа и неволно наредил пророкот да се погуби. Набргу Јовановата глава била донесена пред царот и неговите гости. Засекогаш биле затворени усните, кои верно го предупредувале Ирод да се одврати од грешниот живот. Никогаш повеќе нема да го слушне тој глас како ги повикува луѓето на покајание. Пирувањето таа ноќ го чинело живот еден од најголемите пророци. {КВ 222.1}
О, колку често се жртвува животот на невините поради неумереноста на оние кои би требало да бидат чувари на правдата! Оној, кој принесува чаша алкохол кон своите усни, станува одговорен за сета неправда што ќе ја направи под негово дејство. Бидејќи сетилата отапуваат, човекот не може спокојно да расудува и да има јасна претстава за доброто и злото. Тој го отвора патот на сатаната за преку него да ги угнетува и да ги уништува невините. „Виното е потсмевач, а жестокиот пијалак бунтовник, и секој, кој е измамен од нив не е мудар”. (Изреки 20:1) Поради тоа, „правдата е потисната,… а оној што го избегнува злото, станува плен”. (Исаија 59:14,15) Оние што имаат судска надлежност над своите ближни, прават злосторство ако подлегнат на неумереност. Сите оние, кои го применуваат законот, мораат да се придржуваат на законот. Таквите луѓе мораат да владеат самите со себе. Тие мораат целосно да владеат со своите телесни, духовни и морални сили, за да имаат свежина на интелектот и високо чувство за правда. {КВ 222.2}
Главата на Јован Крстителот била однесена на Иродијада, која ја примила со злобно задоволство. Ликувала во својата одмазда и се залажувала дека совеста на Ирод веќе нема да биде немирна. Но, од нејзиниот грев не произлегла никаква среќа. Нејзиното име станало познато по зло и замразено, а Ирод чувствувал уште поголема грижа на совест, отколку од времето, кога пророкот го предупредувал. Влијанието на Јовановото учење не било уништено; тоа влијание ќе се чувствува во сите поколенија до крајот на светот. {КВ 222.3}
Ирод секогаш го имал пред очи својот грев. Тој постојано се обидувал да најде олеснување од обвинувањата на виновната совест. Неговата верба во Јован останала непоколеблива. Кога се сеќавал на Јовановото самооткажување, на неговите свечени, понизни повици, на неговото здраво расудување и кога притоа би помислил на каков начин умрел Ирод не можел да најде мир. Зафатен со државните работи и почестен од страна на луѓето, Ирод имал насмеано лице и достоинствено држење, но во себе криел вознемирено срце, притиснато од страв дека над него почивало проклетство. {КВ 223.1}
Јовановите зборови дека ништо не може да се сокрие од Бога оставиле длабок впечаток на Ирод. Бил уверен дека Бог се наоѓа на секое место, дека го видел пирувањето во салата за приредби, дека слушнал кога била издадена наредбата на Јован да му се отсече главата, дека го видел ликувањето на Иродијада и начинот на кој ја навредувала отсечената глава на оној што ја укорувал. Многу поуки кои Ирод ги слушнал од усните на пророкот, сега и зборувале многу појасно на неговата совест, отколку проповедањето во пустината. {КВ 223.2}
Кога слушнал за Христовите дела, Ирод ужасно се вознемирил. Мислел дека Бог го подигнал Јован од мртвите и дека го испратил со уште поголема сила да го осуди гревот. Постојано стравувал дека Јован ќе се одмазди за својата смрт, осудувајќи го него и неговиот дом. Кај Ирод се повторувало она што го кажал Бог дека ќе биде последица на гревот на грешниот живот „треперливо срце, потонати очи, мачна душа. Животот ќе ти виси на нишка; ќе се плашиш и дење и ноќе и нема да имаш сигурност за својот живот. Од стравот што ќе ти го стега срцето и од сцените што ќе ги гледаат твоите очи, наутро ќе велиш: ‘О, да е веќе вечер!’, а навечер ќе зборуваш: ‘О, да е веќе утро’!“ (Второзаконие 28:65-67) Мислите на грешникот се негови обвинувачи и не постои поголемо мачење од осилото на немирната совест што не му дава мир ни дење ни ноќе. {КВ 223.3}
Судбината на Јован Крстителот за многумина е обвиткана со длабока тајна. Тие се прашуваат зошто Јован бил оставен да гние и да умре во затвор. Нашиот човечки ум не може да проникне во тајната на ова мрачно провидение, но тоа никогаш не треба да ја поколеба нашата доверба во Бога, кога знаеме дека Јован бил само учесник во Христовите страдања. Сите што го следат Христа, ќе носат круна на жртва. Тие сигурно ќе наидат на неразбирање од страна на себични луѓе и ќе бидат цел на жестоки сатански напади. Царството на сатаната е основано за да се уништи тоа начело на самопожртвуваност и тој ќе војува против тоа начело секаде, каде што ќе се манифестира. {КВ 223.4}
Одлучноста и моралната сила биле карактеристика на Јовановото детство, младост и зрелост. Сатаната стравувал за своето царство, кога од пустината се слушнал неговиот глас: „Подгответе му го патот на Господа и израмнете му ги Неговите патеки”. (Матеј 3:3) Грешноста на гревот е откриена на тој начин што луѓето трепереле. Сатанската власт над многумина кои биле потчинети била скршена. Сатаната неуморно се трудел да го одвои Крстителот од животот на безусловна преданост на Бога, но не успеал. Исто така, не успеал да го совлада ниту Исуса. При искушувањето во пустината, сатаната бил поразен и тоа многу го разбеснило. Убивајќи го Јован, одлучил да му зададе удар на Христа. Сакал да му нанесе болка на Оној, Кого не можел да го наведе на грев. {КВ 224.1}
Исус не интервенирал за да го избави Својот слуга. Тој знаел дека Јован ќе го истрае тестот. Спасителот со задоволство би дошол кај Јован со Своето присуство да ја осветли темнината во затворот. Меѓутоа, Тој не сакал да се стави во рацете на непријателот и да ја доведе во опасност Својата сопствена мисија. Тој со задоволство би го избавил Својот верен слуга. Меѓутоа, Јован морал да ја испие чашата на маченик заради илјадници луѓе, кои подоцна, од затвор преминувале во смрт. Кога Исусовите следбеници ќе гнијат во затворските ќелии, или ќе гинат од меч, на справи за мачење или гилотина, кога ќе изгледа дека се заборавени и од Бога и од луѓето каква потпора тогаш ќе им биде помислата дека Јован Крстителот, за чија верност сведочел Христос, минувал низ слично искуство! {КВ 224.2}
На сатаната му било дозволено да го скрати земниот живот на Божјиот гласник, но тој не може да посегне по оној живот, кој е „сокриен со Христа во Бога”. (Колосјаните 3:3) Сатаната ликувал што му нанел болка на Христа, но не успеал да го победи Јована. Смртта само засекогаш го отстранила Јован од досегот на силата на искушението. Во таа борба сатаната го открил својот карактер. Пред цела вселена го манифестирал своето непријателство кон Бога и кон човекот. {КВ 224.3}
Иако на Јован не му било дадено никакво чудесно избавување, тој не бил заборавен. Тој секогаш бил во друштво на небесните ангели, кои го упатувале на пророштвата за Христа и на драгоцените ветувања од Светото Писмо. Тоа била неговата потпора, како што ќе биде потпора и на Божјиот народ низ сите векови. На Јован Крстителот и на оние што доаѓаат по него им е дадено ветувањето: „Еве, Јас сум со вас во сите дни, дури до крајот на светот”. (Матеј 28:20) {КВ 224.4}
Бог никогаш не ги води Своите деца по пат кој и самите не би го одбрале, кога од почеток би можеле да го видат крајот и да ја согледаат величествената цел што ја остваруваат како Божји соработници. Ниту Енох, кој бил жив пренесен на Небото, ниту Илија, кој се вознел со огнени кочии, не биле поголеми и со поголема чест од Јован Крстителот, кој загинал сам во затворот. „Заради Христа вам ви е дадено не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него”. (Филипјаните 1:29) Од сите дарови што Небото може да им ги даде на луѓето, заедницата со Христа во Неговите страдања, претставува најголема доверба и највозвишена чест. {КВ 224.5}