74. ГЕТСИМАНИЈА
Оваа поглавје е засновано на Матеј 26:36-56; Марко 14:32-50;
Лука 22:39-53; Јован 18:1-12
Во друштво на Своите ученици Спасителот полека се упатил кон Гетсиманската градина. За време на празникот Пасха, небото секогаш било чисто, без ниеден облак и од него секогаш светела полна Месечина. Градот на шаторите од патниците кои дошле во Ерусалим за празникот, бил во тишина. {КВ 685.1}
Цело време додека патувале Исус разговарал со Своите ученици и срдечно ги поучувал, но кога се приближиле кон Гетсиманската градина станал необично молчалив. Тој често престојувал на ова место во размислување и молитва, но Неговото срце никогаш не било толку полно со тага како во таа ноќ на Неговата последна агонија. Во текот на целиот Свој живот на Земјата, Тој одел во светлината на Божјото присуство. Кога бил во судир со луѓето инспирирани од сатанскиот дух, можел да каже: „Оној што Ме прати е со Мене. Таткото не Ме остава сам, зашто Јас секогаш го чинам она што Му е Нему угодно”. (Јован 8:29) Сега изгледало како божествената светлина да не е повеќе со Него, како да нема помош од Божјото присуство. Сега се вбројувал меѓу престапниците. Морал да ја понесе вината на паднатиот човечки род. Дошол моментот кога врз Него, Кој не знаел за грев, да се положат беззаконијата на сите нас. Имајќи ја пред очите одвратноста на гревот и сета тежина на вината што мора да ја понесе, Доаѓал во искушение да стравува дека поради тоа засекогаш ќе биде одвоен од љубовта на Својот Татко. Знаејќи колку е ужасен Божјиот гнев кон престапот, извикал: „Душата ми е премногу нажалена, дури до смрт”. {КВ 685.2}
Додека се приближувале кон градината, учениците ја забележале промената кај својот Учител. Никогаш порано не Го виделе толку тажен и молчалив. Додека одел, таа необична тага станувала сѐ подлабока, но тие не се осмелувале да Го прашаат за причината. Неговото тело се тетеравело небаре ќе падне. Доаѓајќи во градината, учениците загрижено го побарале местото каде што Тој вообичаено се повлекувал, за да може да се одмори. Христос го правел секој чекор со напор. Гласно воздивнувал, како да страда под притисок на некој страшен товар. Неговите придружници го придржувале двапати, инаку Тој би паднал на земја. {КВ 685.3}
Близу до влезот на градината Исус се одвоил од сите ученици, освен од тројца, кои ги повикал да се молат за себе и за Него. Со Петар, Јаков и Јован, Тој се повлекол во најосамениот дел од градината. Овие тројца ученици биле негови најблиски придружници. Тие биле очевидци на Неговата слава на гората на преобразувањето; виделе како Мојсеј и Илија зборуваат со Него; слушнале глас од небото; сега, во Својата голема борба, Христос сакал тие да бидат во Негова близина. На ова место, тие често минувале ноќи заедно со Него. Во тие прилики, по период на бдеење и молитва, тие мирно би заспале недалеку од својот Учител, додека не ги будел наутро за одново да да тргнат на работа. Но сега тој сакал да ја поминат ноќта во молитва со Него. Сепак, не можел да поднесе дури и тие да бидат сведоци на душевните страдања кои морал да ги претрпи. {КВ 686.1}
„Почекајте овде,“ рекол, и „бдејте со Мене”. {КВ 686.2}
Се оддалечил малку од нив не многу, така што можеле да Го видат и да Го слушнат и паднал ничкум на земјата. Тој чувствувал дека заради гревот бил одвоен од Таткото. Бездната била толку широка, толку темна, толку длабока, што Неговиот Дух затреперил пред неа. Не смеел да ја користи Својата божествена сила за да ја избегне оваа агонија. Морал како човек да ги поднесе сите последици на човечкиот грев. Морал како човек да го искуси Божјиот гнев против престапот. {КВ 686.3}
Христос сега се наоѓал пред нив во положба во која никогаш порано не Го виделе. Неговите страдања најдобро можат да се опишат со зборовите на пророкот: „Разбуди се, О мечу против Мојот пастир, против човекот кој е Мој ближен, вели Господ над војските”. (Захарија 13:7) Како замена и гаранција за грешниот човек, Христос страдал под божествената правда. Видел што значи правдата. До тогаш Тој бил како посредник за другите; сега копнеел по тоа некој Нему да му биде посредник. {КВ 686.4}
Чувствувајќи дека Неговата врска со Таткото е прекината, Тој стравувал дека во човечка природа нема да биде во состојба да ја издржи претстојната борба со силите на темнината. Во пустината на искушението, на почетокот на Неговата мисија, се решавала судбината на човечкиот род. Тогаш Христос победил. Сега искушувачот дошол на последниот страшен двобој. Тој се подготвувал за тој момент во текот на тригодишната Христова служба. Сега вложил во тоа сѐ. Ако овде претрпи неуспех, сета Негова надеж дека ќе стекне власт над овој свет би била уништена, царствата на светот на крај би станале Христови, а самиот тој би бил совладан и отфрлен. Кога Христос би бил победен, Земјата би станала царство на сатаната и човечкиот род засекогаш би бил под негова власт. Христос знаел што е предмет на судирот што му претстои и помислата дека е одвоен од Бога му ја исполнувала душата со ужасен страв. Сатаната му зборувал дека доколку стане гаранција за грешниот свет, тоа одвојување ќе биде вечно. Со тоа Тој би се поистоветил со поданиците на сатанското царство и никогаш повеќе нема да биде едно со Бога. {КВ 686.5}
Што требало да се добие со таа жртва? Колку безнадежно изгледале вината и неблагодарноста на луѓето! Сатаната му ја прикажувал фактичката состојба на Откупителот во најцрни бои: „Те отфрли народот што тврди дека е над сите други во земните и во духовните предимства. Иако претставуваш темел, центар и печат на сите ветувања кои му се дадени како на избран народ, тој настојува да те уништи. Еден од Твоите ученици што ги слушаше Твоите поуки и беше меѓу првите во црковните активности, ќе Те предаде. Ќе се откаже од Тебе и еден од Твоите најревни следбеници. Сите ќе Те напуштат”. При таа помисла целото Христово битие се гнасело од таа помисла. Помислата дека со заговорот на сатаната ќе се соединат дури и оние за чие спасение се залагал, кои толку ги љубел, Му го скршила срцето. Борбата била ужасна. Нејзината големина можела да се мери со тежината на гревот на Неговиот народ, Неговите тужители и Неговиот предавник, со вината на светот кој бил обземен со зло. Товарот на човечките гревови тешко тежеле врз Христа, а свеста за Божјиот гнев против гревот го разорувала Неговиот живот. {КВ 687.1}
Набљудувајте Го како размислува за цената која треба да ја плати за човечката душа. Во Својата агонија Тој се прилепил за студената почва, како таа да може да го спречи уште повеќе да не се оддалечи од Бога. На Неговото соборено тело паѓала студена ноќна роса, но Тој не обрнувал внимание на тоа. Од Неговите бледи усни се оттргнал горкиот извик: „Татко Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша”. Меѓутоа, дури и сега додал: „Но нека не биде Мојата, туку Твојата волја”. {КВ 687.2}
Човечкото срце кое страда, копнее по сочувство. Христос го почувствувал овој копнеж во длабочината на Своето битие. Во Својата најголема душевна болка, Тој им пристапил на Своите ученици, копнеејќи да слушне некој збор на утеха од оние кои толку често ги благословувал и тешел, на кои им давал заштита кога биле тажни и во јад. Оној, Кој секогаш имал за нив зборови на сочувство, сега страдал со натчовечка агонија и копнеел по тоа тие да се молат за Него и за себе. Колку страшна била злобата на гревот! Ужасно било искушението да се остави човечкиот род сам да ги сноси последиците од својата вина, а Тој да остане чист пред Бога. Кога би можел да види дека барем Неговите ученици го разбираат и го ценат тоа, тоа би Го зајакнало. {КВ 687.3}
Подигајќи се со болен напор, Тој дошол до местото каде што ги оставил Своите придружници, но „ги нашол како спијат”. Кога би ги нашол како се молат, би Му олеснило. Кога би барале засолниште во Бога, за да не ги совлада сатаната со својата сила, нивната постојаност во верата би Му овозможила утеха. Меѓутоа, тие не ја послушале Неговата повторена опомена: „Бдејте и молете се”. На почетокот биле загрижени кога го виделе својот Учител, Кој вообичаено бил толку мирен и достоинствен, како се бори со тага, која им била несфатлива. Се молеле кога ги слушнале Неговите болни извици. Немале намера да го напуштат својот Господ, но биле парализирани од тапоста која можеле да ја отфрлат, доколку продолжиле да Му се молат на Бога. Не ја сфатиле неопходноста од стражарење и од понизна молитва, за да им се спротивстават на искушенијата. {КВ 688.1}
Истата таа ноќ додека се приближувале кон градината, Исус им рекол на учениците: „Сите вие ќе се соблазните заради Мене оваа ноќ”. Тие му дале најсилни уверувања дека се подготвени да појдат со Него во затвор и во смрт. Кутриот, самодоволен Петар додал: „И ако сите се соблазнат, Сепак јас нема да се соблазнам”. (Марко 14:27,29) Но, наместо во молитва да го бараат моќниот Помошник, како што ги советувал Христос, учениците имале премногу самодоверба. Така, кога на Спасителот му биле најпотребни нивните сочувства и молитви, Тој ги нашол како спијат. Дури и Петар спиел. {КВ 688.2}
И Јован, саканиот ученик кој таа вечер се потпирал на Христовите гради, исто така спиел. Навистина требало љубовта кон својот Учител да го одржи буден. Требало своите срдечни молитви да ги придружи кон молитвите на својот сакан Спасител, во моментот на Неговата најголема тага. Откупителот толку често поминувал цели ноќи во молитва за Своите ученици, за да не се поколеба нивната вера. Кога Исус сега би им го поставил прашањето на Јаков и Јован што еднаш им го поставил: „Можете ли да ја пиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштевањето со кое се крштевам Јас?“ тие не би се осмелиле да одговорат: „Можеме”. (Матеј 20:22) {КВ 689.1}
Исусовиот глас ги разбудил учениците, но тие едвај Го препознале, бидејќи болката го изменила Неговото лице. Обраќајќи му се на Петар, Исус рекол: „Симоне, спиеш? Зар не можеше да бдееш еден час? Бдејте и молете се за да не паднете во искушение. Духот навистина е бодар, но телото е слабо”. Слабоста на учениците разбудила кај Исуса сожалување. Се плашел дека нема да бидат во состојба да ја издржат пробата што ќе ги снајде при Неговото предавање и смрт. Не ги укорил, туку рекол: „Бдејте и молете се за да не паднете во искушение”. Дури и во Својата страшна агонија се трудел да најде оправдување за човечката слабост. „Духот навистина е бодар, но телото е слабо,“ рекол Тој. {КВ 689.2}
Повторно Божјиот Син го обземала натчовечка агонија, па изнемоштен и исцрпен, тетеревајќи се повторно се вратил на местото на Својата поранешна борба. Неговите страдања сега станале уште посилни отколку порано. Додека така се борел во душата, „потта му стана како големи капки крв што паѓаа на земја”. Чемпресите и палмите биле неми сведоци на Неговата болка. Од нивните лиснати гранки паѓала крупна роса врз Неговото исцрпено тело како природата да Го оплакувала својот Творец, Кој сам се борел со силите на темнината. {КВ 689.3}
Малку пред тоа, Исус стоел како еден силен кедар, спротивставувајќи и се на бурата од нападите на разбеснетите противници. Упорно и со срце полно со злоба и подлост, тие попусто се труделе да Го збунат и совладаат. Стоел во божествено величество како Божји Син. Сега бил како трска која е шибана и свиткувана од жестоките налети на бурата. Се приближувал кон крајот на Своето дело како Победник, бидејќи на секој чекор стекнувал победа над силите на темнината. Како Оној, Кој веќе е прославен, Тој тврдел дека е едно со Бога. Неговиот глас не треперел кога издигнувал фалбоспеви. На Своите ученици им кажувал зборови на охрабрување и нежност. Сега дошол часот на силите на темнината. Сега во тивкото ветерче на ноќта можел да се препознае Неговиот глас, но не со триумфален призвук, туку полн со човечка агонија. До ушите на сонливите ученици допреле зборовите на Спасителот: „Татко Мој, ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, а да не ја пијам, тогаш нека биде Твојата волја”. {КВ 689.4}
Првиот нагон на учениците бил да тргнат со Него, но Тој им рекол да останат тука, да стражарат и да се молат. Кога им се приближил, ги нашол како сѐ уште спијат. Повторно почувствувал копнеж да биде со нив, да чуе некои нивни зборови што би му донеле олеснување и би ја растерале темнината која речиси го совладала. Но нивните очи отежнале и „не знаеја што да Му одговорат”. Неговото присуство ги разбудило. Гледајќи го Неговото лице облеано со крвава пот на душевна мака, многу се исплашиле. Не можеле да ја сфатат Неговата душевна болка. „Неговиот лик беше толку обезличен, повеќе отколку на кој било друг човек и Неговиот облик повеќе од тој на синовите човечки”. (Исаија 52:14) {КВ 690.1}
Свртувајќи се, Исус повторно го побарал Своето тивко место и паднал ничкум на земја, совладан од ужасот на густата темнина. Човечката природа на Божјиот Син затреперила во тој час на проба. Сега Тој веќе не се молел за Своите ученици да не се расколеба нивната вера, туку за Својата искушана и измачена душа. Настапил страшниот момент момент во кој се решавала судбината на светот. Судбината на човечкиот род треперела на мерилата. Христос дури и овде, и сега можел да одбие да ја испие чашата наменета на грешниот човек. Сѐ уште не било предоцна. Можел да ја избрише крвавата пот од Своето чело и да дозволи човекот да пропадне во своето беззаконие. Можел да каже: „Престапникот нека ја прими казната за својот грев, а Јас ќе се вратам кај Својот Татко”. Дали Божјиот Син ќе ја испие горчливата чаша на понижување и агонија? Дали Невиниот ќе ги прими на Себе последиците од проклетството на гревот за да ги спаси виновните? Од бледите и треперливи усни биле изговорени зборовите: „Татко Мој, ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, а да не ја пијам, тогаш нека биде Твојата волја”. {КВ 690.2}
Три пати ја изговорил оваа молитва. Три пати човечката природа се набрала пред таа последна, највозвишена жртва. Сега, пред Откупителот на светот се покажала историјата на човечкиот род. Видел дека кога престапниците на законот би биле препуштени сами на себе, би морале да пропаднат. Ја видел човечката беспомошност и силата на гревот. Пред него се појавувале несреќите и тажењето на осудениот свет. Гледајќи ја претстојната судбина на светот, Тој ја донел Својата одлука. Тој ќе го спаси човечкиот род по секоја цена за Него. Го прифатил крштевањето со крв, за преку него милиони луѓе кои пропаѓаат, да стекнат вечен живот. Ги напуштил небесните дворови, каде што владее чистота, среќа и слава, за да спаси една загубена овца, еден свет, кој паднал поради престапот. Затоа нема да се откаже од Својата мисија. Ќе стане жртва на помирување за да го спаси родот кој самоволно го прифатил гревот. Сега Неговата молитва покажува само покорност: „Ако не е можно да Ме одмине оваа чаша, а да не ја пијам, тогаш нека биде Твојата волја”. {КВ 690.3}
Бидејќи донел одлука, паднал како мртов на земјата од која делумно бил подигнат. Каде се сега Неговите ученици со своите раце нежно да Му ја придржат главата на Својот изнемоштен Учител и да го избришат тоа чело, кое навистина било изобличено повеќе од тоа на синовите човечки? Спасителот сам морал да гази во кацата и никој не бил со Него. {КВ 693.1}
Меѓутоа, Бог страдал заедно со Својот Син. Ангелите ги набљудувале Спасителовите смртни маки. Го виделе својот Господ опкружен со легиони сатански сили; Неговата природа обземена од некој наежувачки, таинствен страв. Небото молчело. Не затреперила ниту една жица на ангелските харфи. Кога смртните луѓе би можеле да го видат чудењето на ангелските војски, кога во нема болка набљудувале како Таткото ги повлекува Своите зраци на светлина, љубов и слава од Својот сакан Син, тие подобро би сфатиле колку на Бога му е одвратен гревот. {КВ 693.2}
Жителите на безгрешните светови и небесните ангели со најголемо внимание следеле како оваа борба се ближи кон својот крај. Сатаната и сите негови сојузници во злото, отпаднатите легиони, внимателно ја гледале оваа голема криза во делото на откупување. Силите на доброто и злото чекале да видат каков ќе биде одговорот на трипати повторената Христова молитва. Ангелите копнееле да ги олеснат страдањата на Исуса, но тоа не им било дозволено. Не постоел никаков начин Божјиот Син да го одмине оваа чаша. Во таа страшна криза, кога сѐ било во прашање, кога таинствената чаша треперела во рацете на Страдалникот, небото се отворило и сноп блескава светлина се пробила низ бурната темнина во тој критичен момент и пред Христа застанал силен ангел, кој стои во Божјо присуство и кој ја зазел положбата од која паднал сатаната. Ангелот не дошол да ја земе чашата од Христовата рака, туку да Го охрабри да ја испие, уверувајќи Го во љубовта на Таткото. Дошол да му подари сила на божествено-човечкиот Молител. Му го покажал отвореното небо, зборувајќи му за душите што ќе бидат спасени со Неговите страдања. Го уверувал дека Неговиот Татко е поголем и помоќен од сатаната и дека царството на овој свет ќе им биде дадено на светците на Севишниот. Му рекол дека ќе го види трудот на Својата душа и ќе биде задоволен, зашто ќе види мноштво од човечката раса спасени, вечно спасени. {КВ 693.3}
Христовата агонија не престанала, но исчезнала Неговата потиштеност и обесхрабреност. Бурата не стивнала, но Оној, Кој бил нејзина мета, бил охрабрен да се спротивстави на нејзиниот бес. Од Својата борба излегол мирен и спокоен. На Неговото со крв испрскано лице почивал небесен мир. Го поднел она што ниту едно човечко суштество не би можело никогаш да го поднесе, бидејќи ги искусил претсмртните страдања за секој човек. {КВ 694.1}
Светлината што го осветлила Спасителот ненадејно ги разбудила од сон заспаните ученици. Го виделе ангелот наведнат над нивниот Учител, Кој лежел на земјата. Виделе како ја подига Христовата глава на своите гради, насочувајќи го Неговиот поглед кон небото. Го слушнале неговиот глас, кој прилегал на најслатка музика, како изговара зборови на утеха и надеж. Учениците се сетиле на сцената на гората на преобразување. Се сетиле на славата која во храмот го опкружила Исуса и на Божјиот глас кој се слушнал од облаците. Сега повторно се открила истата слава и тие веќе не стравувале за својот Учител. Тој бил под Божја грижа и еден моќен ангел бил испратен да Го заштити. Повторно учениците во својата измореност се предале на таа чудна тапост што ги совладала, па Исус повторно ги нашол како спијат. {КВ 694.2}
Гледајќи ги со болка и тага, Тој рекол: „Спијте сега и почивајте; еве се приближи часот и Синот човечки се предава во рацете на грешниците”. {КВ 694.3}
Уште додека ги изговарал овие зборови, ги слушнал чекорите на толпата што Го барала, па продолжил: „Станете да одиме; ете, наближи оној што Ме предава”. {КВ 694.4}
Кога Исус истапил да го сретне Својот предавник, на Него веќе не се гледала ниту трага од агонијата што ја преживеал пред неколку моменти. Стоејќи пред Своите ученици, Тој прашал: „Кого го барате?“ Тие одговорија: „Исуса од Назарет”. Исус одговорил: „Јас сум”. Кога биле изговорени тие зборови, ангелот кој пред малку време му служел на Исуса, истапил меѓу Него и толпата. Божествена светлина го осветлила лицето на Спасителот и над Него се надвила сенка во облик на гулаб. Крвожедното мноштво не издржало ниту миг во присуство на таа божествена слава. Тие затетеравено се повлекле. Свештениците, старешините, војниците, па дури и Јуда, паднале како мртви на земјата. {КВ 694.5}
Ангелот се повлекол и светлината полека исчезнала. Исус имал можност да побегне, но останал, мирен и присебен. Стоел прославен сред тие закоравени луѓе, кои немоќно лежеле пред Исусовите нозе. Учениците набљудувале занемени од чудење и стравопочит. {КВ 694.6}
Меѓутоа, сцената брзо се изменила. Толпата почнала да станува. Римските војници, свештениците и Јуда се собрале околу Исуса. Изгледало како да се засрамени од својата слабост и исплашени да не им побегне. Откупителот повторно го поставил прашањето: “Кого го барате?“ Тие луѓе имале очигледен доказ дека Оној што стои пред нив е Божји Син, но не сакале да го прифатат тоа. На прашањето: „Кого го барате?,“ тие повторно одговориле: „Исус од Назарет”. Тогаш Спасителот рекол“ „Ви кажав дека сум Јас и така ако ме барате Мене, пуштете ги овие да одат“ и покажал кон Своите ученици. Знаејќи колку е слаба нивната вера, настојувал барем тие да бидат поштедени од искушенијата и неволјите. Бил подготвен да се жртвува Себеси заради нив. {КВ 695.1}
Предавникот Јуда не ја заборавил улогата што требало да ја одигра. Кога толпата влегла во градината, тој одел напред, а веднаш по него одел првосвештеникот. На Исусовите прогонувачи им дал знак, велејќи: „Оној што ќе го бакнам, Тој е, држете го”. (Матеј 26:48) Сега се однесувал како да нема никаква врска со нив. Приближувајќи се кон Исуса, Го фатил за рака како Близок пријател. Со зборовите: „Здраво, Рави!“, Го бакнал неколку пати, преправајќи се дека плаче и сочувствува со Него во Неговата опасност. {КВ 695.2}
Исус му рекол: „Пријателе, зошто дојде?“ Гласот болно му треперел, кога додал: „Јуда, зар со бакнеж Го предаваш Синот Човечки?“ Овој апел требало да ја разбуди совеста на предавникот и да го трогне неговото тврдо и упорно срце; меѓутоа честа, верноста и човечката нежност исчезнале од неговата душа. Стоел дрско и предизвикувачки, не покажувајќи никаква склоност да попушти. Тој себеси се предал на сатаната и веќе немал сила да му се спротивстави. Исус не одбил да го прими бакнежот од предавникот. {КВ 696.1}
Гледајќи како Јуда го допира лицето кое само неколку мига пред тоа било прославено пред нивните очи, толпата се охрабрила. Го фатиле Исуса и почнале да ги врзуваат тие драгоцени раце, кои секогаш биле ангажирани да прават добро. {КВ 696.2}
Учениците мислеле дека нивниот Учител нема да дозволи да Го совладаат. Истата сила што ги соборила овие луѓе на земја и тие паднале како мртви, можела да ги направи немоќни додека Исус и Неговите следбеници не побегнат. Биле разочарани и огорчени, кога виделе како прогонувачите земаат јажиња за да ги врзат рацете на Оној, Кого тие го љубеле. Во својот гнев, Петар брзоплето го извлекол мечот и се обидел да го одбрани својот Учител, но само успеал да му го пресече увото на слугата на првосвештеникот. Гледајќи што се случило, Исус ги ослободил Своите раце, иако римските војници цврсто го држеле и рекол: „Оставете го тоа”. Тогаш го допрел ранетото уво и тоа веднаш оздравело. Тогаш му рекол на Петар: „Врати го својот меч на своето место, зашто сите што се фаќаат за меч, од меч ќе загинат. Зар мислиш дека не можам сега да го замолам Мојот Татко во овој миг да ми испрати повеќе од дванаесет легии ангели?“ легија на местото на секој еден од учениците. О, зошто Тој не се спаси себеси и нас? мислеле учениците. Одговарајќи на нивната неискажана мисла, Тој додал: „Но, како би се исполниле писмата, дека ова така треба да биде”. „Зар да не ја пијам чашата што ми ја даде Таткото?“ {КВ 696.3}
Достоинството на нивната положба не им пречела на еврејските поглавари да се придружат на потерата по Исуса. Неговото апсење било премногу важна работа за да им го доверат на потчинетите. Лукавите свештеници и старешини се приклучиле на чуварите на Храмот и на толпата во следењето на Јуда до Гетсиманија. Какво било тоа друштво за достоинствениците да му се придружат толпа која копнеела по возбуда и била вооружена со секакво оружје, како да гони некој див ѕвер! {КВ 696.4}
Свртувајќи се кон свештениците и старешините, Христос го насочил Својот поглед кој испитува кон нив. Зборовите кои тогаш им ги упатил нема да ги заборават додека се живи. Тие за нив биле како остри стрели на Семоќниот. Со достоинство Тој рекол: „Како на разбојник или крадец сте излегле со ножеви и со копје на Мене. Ден по ден јас поучував во храмот. Имавте секаква можност да ги положите своите раце врз Мене, но ништо не направивте. Ноќта повеќе ви одговара за вашата работа. Но ова е вашиот час и власт на темнината”. {КВ 697.1}
Учениците се ужаснале кога виделе дека Исус дозволил да Го фатат и да Го врзат. Биле соблазнети што дозволува така да Го понижуваат и Него и нив. Не можеле да го сфатат Неговото однесување и Го обвинувале што се покорил на толпата. Во таа огорченост и страв, Петар предложил да се спасат. Прифаќајќи го овој предлог, „тие Го оставија и побегнаа”. Но Христос го претскажал ова напуштање. „Ете,“ рекол „Доаѓа часот и веќе настапува, за да се разбегате секој на своја страна и да Ме оставите Мене сам; но Сепак Јас не сум сам, зашто Таткото е со Мене”. (Јован 16:32) {КВ 697.2}