59. ЗАГОВОР НА СВЕШТЕНИЦИТЕ
Оваа поглавје е засновано на Јован 11:47-54.
Витанија била толку близу до Ерусалим, што во тој град набргу се расчуло како Лазар воскреснал од мртвите. Преку шпионите кои присуствувале на чудото, еврејските поглавари бргу биле известени за фактите. Веднаш бил повикан Советот за да се одлучи што треба да се направи. Христос во целост ја покажал Својата власт над смртта и гробот. Тоа силно чудо било најголем доказ што Бог им го дал на луѓето за тоа дека го испратил Својот Син на светот заради нивно спасение. Тоа бил знак на божествената сила, доволен да го увери секој ум кој бил под контрола на разумот и просветлената совест. Многумина кои присуствувале на Лазаровото воскресение почнале да веруваат во Исуса. Но тоа уште повеќе ја зголемило омразата на свештениците. Тие ги отфрлиле сите помали докази за Неговото божество и ова ново чудо само уште повеќе ги разгневило. Мртовецот воскреснал сред бел ден и пред мноштво очевидци. Таков доказ не можел да се оспори со лукавство. Токму од таа причина непријателството на свештениците станало уште поогорчено. Тие повеќе од кога и да е, одлучиле да сторат крај на Христовото дело. {КВ 537.1}
Иако не биле наклонети кон Христа, садукеите не биле толку полни со злоба кон Него како фарисеите. Нивната омраза не била толку огорчена. Меѓутоа, сега биле мошне вознемирени. Тие не верувале во воскресение на мртвите. Потпирајќи се на таканаречената наука, тие резонирале дека е невозможно мртвото тело да оживее. Меѓутоа, биле доволни неколку Христови зборови да биде соборена нивната теорија. Се покажало дека тие не го познаваат Светото Писмо, ниту Божјата сила. Тие не виделе никаква можност да го избришат впечатокот што чудото го оставило кај народот. Како може луѓето да бидат одвратени од Оној, Кој успеал на гробот да му го оттргне неговиот мртовец? Ширеле разни гласини, но чудото не можеле да го негираат и не знаеле како да дејствуваат против влијанието на истото. До тоа време садукеите не го поддржувале планот за убиството на Христа. Но, по Лазаровото воскреснување тие дошле до заклучок дека само Неговата смрт може да стави крај на обвиненијата што Тој без страв ги изнесувал против нив. {КВ 537.2}
Фарисеите верувале во восресението и тие не можеле, а да не увидат дека тоа чудо е доказ дека Месијата се наоѓа меѓу нив. Но тие отсекогаш биле противници на Христовото дело. Го мразеле од почетокот, бидејќи Тој ги открил нивните лицемерни претензии. Тој ја разоткрил завесата на строгите обреди зад која се криела нивната морална расипаност. Чистата вера што Тој ја проповедал ја осудувала нивната формална побожност. И поради тие директни укори, тие биле жедни за одмазда. Настојувале да Го предизвикаат да каже или да направи нешто што ќе им послужи како можност за да Го осудат. Неколку пати се обиделе да Го каменуваат, но Тој мирно се повлекувал и тие Го губеле од вид. {КВ 538.1}
Чудата што ги извршил во сабота биле за олеснување на оние во неволја, но фарисеите настојувале да Го обвинат за престап на саботата. Настојувале да ги поттикнат Иродовците против Него. Тврделе дека Тој се обидува да основа противничко царство и се договарале со Иродовците за тоа како да Го убијат. За да ги поттикнат Римјаните против Него, велеле дека Тој сака да ја собори нивната власт. Се обидувале под секој изговор да го прекинат Неговото влијание на народот. Но до тој момент, нивните обиди биле безуспешни. Мноштвото народ што ги гледало Неговите дела на милосрдие и ги слушало Неговите чисти и свети поуки знаело дека тоа не биле дела и зборови на некој што ја крши саботата или хули на Бога. Неговите зборови оставале силен впечаток дури и на оние што ги испраќале фарисеите, така што тие не можеле да положат раце врз Него. Во очај, Евреите конечно издале наредба да се исклучи од синагогата секој што исповеда вера во Исуса. {КВ 538.2}
И така, кога свештениците, поглаварите и старешините се состанале да се посоветуваат, било цврсто одлучено да се замолчи Оној, Кој извршил толку чудесни дела на кои сите луѓе се восхитувале. Фарисеите и садукеите биле повеќе обединети, речиси, како никогаш порано. Дотогаш поделени, тие се соединиле во нивното спротивставување на Христа. Никодим и Јосиф, во поранешните советувањата спречиле Исус да биде осуден, па поради тоа овој пат не биле повикани. На советувањето присуствувале други влијателни луѓе кои верувале во Исуса, но нивното влијание било немоќно да се спротивстави на злобните фарисеи. {КВ 538.3}
Сепак членовите на овој совет не биле целосно сложни. Синедрионот (големиот совет) во тоа време не бил некое законско собрание. Постоел само поради тоа што го толерирале. Некои негови членови поставувале прашања дали е мудро да се усмрти Христос. Се плашеле тоа да не предизвика некоја буна кај народот, па Римјаните да ја укинат поддршката на свештениците и да им ја одземат онаа мала власт која сѐ уште ја имале. Садукеите биле единствени во својата омраза кон Христа, но сакале да бидат внимателни во своите постапки, плашејќи се Римјаните да не им ја одземат нивната висока положба. {КВ 539.1}
На тој собир кој се состанал за да ја планира Христовата смрт бил присутен Сведок, кој ги слушнал зборовите на фалење на Навуходоносор, кој присуствувал на идолопоклоничката гозба на Валтазар и кој бил присутен, кога Христос во Назарет се објавил Себеси за Помазаник. Тој Сведок сега ги импресионирал поглаварите со делото што тие го вршеле. Пред нивните очи се прикажувал Христовиот живот и тоа толку јасно, што ги вознемирувал. Се сетиле на сцената во храмот, кога Исус како дванаесетгодишно дете стоел пред учените толкувачи на законот и им поставувал прашања на кои тие се чуделе. А чудото што сега го направил сведочело дека Исус не е никој друг освен Синот Божји. Во нивните мисли како молња заблескала вистинската смисла на пророштвата на Стариот завет за Христа. Збунети и вознемирени, поглаварите се прашувале: „Што ќе правиме?“ Во Советот постоела поделеност. Под дејство на Светиот Дух, свештениците и поглаварите не можеле да се ослободат од впечатокот дека се борат против Бога. {КВ 539.2}
Кога конфузијата на собирот достигнала кулминација, станал свештеничкиот поглавар Кајафа. Кајафа бил горд и суров човек, премногу насилен и нетолерантен. Тој имал семејни врски со садукеите кои биле горди, дрски, безобѕирни, амбициозни и сурови, но тоа го криеле под превезот на наводната праведност. Кајафа ги проучувал пророштвата и иако не ги сфаќал нивните вистински значења, зборувал со голем авторитет и сигурност: „Вие ништо не знаете ниту помислувате дека е подобро за нас еден човек да умре за народот, отколку целиот народ да пропадне”. Дури и ако Исус е невин, тврдел првосвештеникот, Тој мора да се отстрани од патот. Тој создавал неволји, го привлекувал народот кон Себе и го намалувал авторитетот на поглаварите. Тој бил само еден и било подобро да умре Тој, отколку да ослабне авторитетот на поглаварите. Ако народот ја изгуби довербата во своите поглавари, ќе биде уништена националната моќ. Кајафа тврдел дека по ова чудо Исусовите следбеници веројатно ќе подигнат бунт. „Така Римјаните,“ рекол тој, „ќе дојдат и ќе го затворат нашиот храм, ќе ги укинат нашите закони и ќе не уништат како нација”. Што вреди животот на Тој Галилеец во споредба со животот на нацијата? Ако Тој го попречува патот на благосостојбата на Израел, зар нема да му се стори услуга на Бога доколку Тој се отстрани? Подобро да умре еден човек, отколку да биде уништена цела нација. {КВ 539.3}
Велејќи дека еден човек треба да умре за народот, Кајафа покажал извесно познавање на пророштвата, иако тоа било ограничено. Опишувајќи го тој настан, Јован се посветил само на пророштвото и укажал на неговата широка и длабока смисла. „И не само за таа нација, туку и за да ги собере во едно расеаните Божји деца,“ велел тој. Колку несвесно горделивиот Кајафа ја признал Спасителовата мисија! {КВ 540.1}
На Кајафовите усни таа драгоцена вистина се претворила во лага. Политиката што тој ја застапувал се засновала на начелото земено од незнабошците. Свеста на незнабошците за тоа дека некој треба да умре за човечкиот род довела до принесување луѓе како жртва. Поради тоа, Кајафа предложил со помош на жртвувањето на Исус да се спаси народот, но не да се спаси од грев, туку во грев, па така и понатаму да продолжи во гревот. Со тој аргумент настојувал да ги замолчи приговорите на оние што би се осмелиле да кажат дека Исус дотогаш не направил ништо што би заслужило смрт. {КВ 540.2}
На овој совет Исусовите непријатели биле длабоко уверени. Светиот Дух ги импресионирал нивните умови. Меѓутоа, сатаната се трудел да ги потчини кон себе. Тој им укажувал на незгодите што ги имале поради Христа, на тоа како Тој малку ја ценел нивната праведност. Исус презентирал многу поголема праведност, каква што мораат да имаат сите оние што сакаат да бидат Божји деца. Не обрнувајќи внимание на нивната форми и обреди, Тој ги поттикнувал грешниците директно да Му се обраќаат на Бога како на милосрден Татко и да Му ги изнесуваат своите потреби. Според нивното мислење, Тој со тоа го отфрлил свештенството. Тој одбил да ја признае теологијата на рабинските школи. Тој ги изложил лошите дела на свештениците и им нанел ненадоместлива штета на нивното влијание. Го намалил значењето на нивните прописи и традиции, тврдејќи дека и покрај тоа што строго ги спроведувале обредните прописи го омаловажиле Божјиот закон. Сето тоа сатаната го изнел на нивните умови. {КВ 540.3}
Сатаната им рекол дека мораат да Го убијат Исуса за да го сочуваат својот авторитет. Тие го прифатиле тој совет. Можноста да ја изгубат власта што ја имале, според нивно мислење била доволна причина да донесат одлука. Со исклучок на неколкумина кои не се осмелувале да го изнесат своето мислење, Синедрионот ги примил зборовите на Кајафа како Божји зборови. Советот почувствувал олеснување исчезнала неслогата. Одлучиле да Го убијат Христа, кога ќе им се укаже првата поволна прилика. Отфрлајќи го доказот за Исусовото божество, свештениците и поглаварите се затвориле себеси во непробивна темнина. Тие целосно потпаднале под власт на сатаната, кој ќе ги турне од работ на провалијата во вечна пропаст. Но Сепак нивната измама била толку голема, што тие биле доста задоволни со себе. Се сметале себеси за патриоти кои го спасуваат народот. {КВ 541.1}
Меѓутоа, Синедрионот се плашел да преземе непретпазливи мерки против Исуса, за народот да не се разлути и злото што го подготвувале за Него да не се урне врз нив самите. Од таа причина Советот го одложил извршувањето на пресудата што ја донел. Спасителот знаел за заговорот на свештениците. Знаел дека тие копнеат да го отстранат и дека нивната намера наскоро ќе биде извршена. Меѓутоа, Негова должност не била да ја забрза кризата, па затоа со Своите ученици се повлекол од таа област. Така, со сопствен пример Исус повторно го истакнал упатството што им го дал на учениците: „Кога ќе ве гонат од еден град, бегајте во друг”. (Матеј 10:23) Постоело широко поле за делото на спасување на душите и Господовите слуги не смеат да го изложуваат својот живот на опасност, освен ако тоа не го бара преданоста кон Него. {КВ 541.2}
Во тоа време Исус веќе три години јавно работел за светот. Пред нив бил Неговиот пример на самооткажување и несебична добрина. На сите им бил познат Неговиот живот исполнет со чистота, страдање и предаденост. Сепак, тој краток временски период од три години бил најдолг период во кој светот можел да го поднесе присуството на својот Спасител. {КВ 541.3}
Неговиот живот бил исполнет со прогонства и навреди. Протеран од Витлеем од страна на еден љубоморен цар, отфрлен од страна на Своите сограѓани во Назарет, неправедно осуден на смрт во Ерусалим, Исус, со неколку Свои верни следбеници нашол привремено засолниште во еден туѓ град. Оној што секогаш бил трогнат од човечките неволји, Кој ги исцелувал болните, им враќал вид на слепите, слух на глувите и говор на немите, Кој ги хранел гладните и ги тешел несреќните, бил прогонет од народот за чие спасение се залагал. Оној што одел по бурните бранови и со еден збор го смирил нивното бесно завивање, Кој ги истерувал ѓаволите, наведувајќи ги да го признаат како Божји Син, Кој го разбудил мртвиот од сонот на смртта, Кој илјадници ги држел како маѓепсани со Своите зборови на мудрост, не бил во состојба да допре до срцата на оние кои биле заслепени од предрасудите и омразата и кои упорно ја отфрлале Светлината. {КВ 541.4}