40. НОЌ НА ЕЗЕРОТО
Оваа поглавје е засновано на Матеј 14:22-33; Марко 6:45-52; Јован 6:14-21.
Седејќи на рамнината обрасната со трева во квечерината на пролетната вечер, народот јадел од храната што Христос ја обезбедил. Зборовите што тие луѓе ги слушале тој ден им Доаѓале како Божји глас. Делата на исцелување чиишто сведоци биле тие, биле такви што само божествената сила можела да ги оствари. Меѓутоа, чудото со лебовите ги привлекло сите во тоа големо мноштво. Сите имале корист од тоа чудо. Во времето на Мојсеј, Бог го хранел Израел со мана во пустината; и кој е Овој што ги нахранил тој ден, ако не Оној, за Кого пророкувал Мојсеј? Никаква човечка сила не можела да создаде доволно храна од пет јачменови лебови и две мали риби, за да се заситат илјадници гладни луѓе. Затоа си зборувале еден на друг: „Ова навистина е Пророкот, Кој требаше да дојде на светот”. {КВ 377.1}
Ова уверување станувало сѐ посилно во текот на денот. Овој завршен чин бил уверување дека меѓу нив се наоѓа долгоочекуваниот Избавител. Надежта на луѓето станувала сѐ посилна и посилна. Тоа е Оној што ќе направи од Јудеја рај на Земјата, земја во која тече мед и млеко. Тој може да ја задоволи секоја желба. Тој може да ја скрши силата на омразените Римјани. Тој може да ја избави Јудеја и Ерусалим. Тој може да ги излекува војниците што се ранети во битка. Тој може да снабдува цели армии со храна. Тој може да ги покори народите и да му го даде на Израел долгоочекуваното царство. {КВ 377.2}
Во своето воодушевување, народот бил подготвен веднаш да го круниса за цар. Тие увиделе дека Тој не се обидува да привлече внимание на Себе, ниту пак да си обезбеди почести. Во ова Тој суштински се разликувал од свештениците и поглаварите, па затоа се плашеле дека никогаш нема да го бара Своето право на Давидовиот престол. Советувајќи се меѓусебно, тие се согласиле да го земат и со сила да го прогласат за цар на Израел. Учениците се соединиле со мноштвото во објавувањето дека престолот на Давид со право му припаѓа на нивниот Учител. Христовата скромност е причината што Тој одбива таква почест велеле тие. Народот треба да го воздигне својот Избавител. Нека арогантните свештеници и поглавари бидат принудени да му укажат чест на Оној, Кој дошол наметнат со божествен авторитет. {КВ 378.1}
Тие желно ги извршувале подготовките да го извршат својот план, но Исус видел што се подготвува и го сфатил она што тие не можеле да го сфатат каков ќе биде резултатот на таквиот потфат. Дури и во тој момент свештениците и поглаварите го барале Неговиот живот. Тие го обвинувале дека го одвојува народот од нив. Кога народот би се обидел да го подигне на престолот, би дошло до насилство и бунт, а делото на воспоставување на духовно царство би било попречено. Тие обиди мораат да се запрат без одложување. Исус ги повикал Своите ученици и им наредил веднаш да го земат чамецот и да се вратат во Капернаум, препуштајќи му Нему да го распушти народот. {КВ 378.2}
Никогаш дотогаш не им изгледало толку невозможно да исполнат една Христова заповед. Учениците одамна очекувале дека ќе се појави некое народно движење што ќе го постави Исуса на престолот. Тие не можеле да ја поднесат помислата дека од целото тоа воодушевување нема да произлезе ништо. Мноштвото што се собирало заради празнување на празникот Пасха, било желно да го види новиот Пророк. На Неговите следбеници тоа им изгледало како поволна можност да го постават својот сакан Учител на престолот на Израел. Во жарот на тој нов копнеж, ним им било тешко да заминат сами и да го остават Исуса сам на пустиот брег. Тие се побуниле, но сега Исус им прозборел со авторитет со каков што никогаш порано не им се обратил. Тие знаеле дека нивното понатамошно спротивставување би било бескорисно, па во тишина се свртеле кон морето. {КВ 378.3}
Тогаш Исус му заповедал на мноштвото да се разотиде; а Неговиот став бил толку решителен, што тие не се осмелувале да не послушаат. Зборовите на благодарност и величење замреле во нивните усни. Во моментот, кога тргнале со сила да го прогласат за цар, нивните чекори биле запрени, а изразот на радост и копнеж исчезнал од нивните лица. Во тоа мноштво се наоѓале луѓе со силен ум и цврста решителност; меѓутоа, Исусовото царско држење и неколкуте Негови спокојно изговорени зборови на заповед ја стивнале вревата и ги осуетиле нивните намери. Тие препознале во Него сила поголема од секоја земна власт и без прашање се покориле. {КВ 378.4}
Кога сите заминале, Исус „се искачи на гората за да се моли насамо”. Неколку часа поминал во молитва. Тогаш не му се молел на Бога за Себе, туку за луѓето. Се молел Бог да му даде сила да им го открие на луѓето божествениот карактер на Својата мисија, за сатаната да не го заслепи нивниот разум и да не ги изопачи нивните мисли. Спасителот знаел дека деновите на Неговата лична служба на Земјата се при крај и дека малкумина ќе го примат Него како свој Откупител. Во душевни маки се молел за Своите ученици. Нивните проби ќе бидат многу тешки. Нивните долго негувани надежи што се засновале на популарните заблуди, ќе бидат разочарани на многу болен и понижувачки начин. Наместо да бидат сведоци на Неговото воздигнување на Давидовиот престол, тие ќе бидат сведоци на Неговото распнување. Тоа ќе биде навистина Неговото вистинско крунисување. Меѓутоа, тие не го увиделе тоа и затоа ќе ги снајдат силни искушенија, а ќе им биде тешко да увидат дека тоа се искушенија. Ако Светиот Дух не го просветли умот и не го прошири сфаќањето на учениците, нивната вера ќе падне. За Исуса било Болно што сфаќањата на Неговите ученици за Неговото царство во толку голем степен биле ограничени на земните почести и величење. Заради нив, товар ја притискал Неговата душа и Тој со горчлива агонија и солзи ги упатувал Своите молитви кон Бога. {КВ 379.1}
Учениците не отпловиле веднаш во чамецот како што им наредил Исус. Чекале извесен период, надевајќи се дека Исус ќе дојде кај нив. Меѓутоа, кога виделе дека се спушта мрак, тие „влегоа во чамецот и се упатија преку морето во Капернаум”. Го оставиле Исуса со незадоволни срца, со поголемо нетрпение кон Него, повеќе од кога и да е откако го прифатиле за свој Господ. Тие се жалеле затоа што не им било дозволено да го прогласат за цар. Се обвинувале себеси што толку лесно ја послушале Неговата заповед. Мислеле дека би ја оствариле својата цел доколку биле поупорни. {КВ 379.2}
Неверието земало власт над нивните умови и срца. Честољубието ги заслепило. Знаеле дека фарисеите го мразат Исуса и копнееле по тоа да го видат Него воздигнат, како што мислеле дека треба да биде. Да се биде соединет со Учител, Кој може да прави силни чуда, а Сепак да бидат нагрдувани како измамници тоа било проба, која тие тешко можеле да ја поднесат. Зар секогаш ќе бидат сметани како следбеници на лажен пророк? Зар Христос никогаш нема да ја преземе Својата власт како цар? Зошто Тој, Кој има толкава сила не го покаже Својот вистински карактер и не направи нивниот пат да биде помалку болен? Зошто не го спасил Јован Крстителот од насилна смрт? Така размислувале учениците, додека не западнале во голема духовна темнина. Дури и се прашувале да не е можеби Исус некој измамник како што тврделе фарисеите? {КВ 380.1}
Учениците тој ден присуствувале на чудесните Христови дела. Изгледало како Небото да се спуштило на Земјата. Сеќавањето на тој прекрасен, величествен ден требало да ги исполни со вера и надеж. Кога тие, од изобилието на своите срца, би разговарале заедно во врска со тие нешта, тие не би западнале во искушение. Меѓутоа, нивните мисли биле окупирани со нивното разочарување. Тие не обрнале внимание на Христовите зборови: „Соберете ги парчињата,… за ништо да не пропадне”. Тоа биле благословени моменти за учениците, но тие го заборавиле сето тоа. Се наоѓале среде разбранети води. Нивните мисли биле вознемирени и неразумни, а Господ им дал нешто друго што ќе им зададе болка на нивните души и ќе ги обземе нивните мисли. Бог често постапува така со луѓето, кога тие сами си создаваат бремиња и тешкотии. Не било потребно учениците да создаваат неволји. Опасноста веќе брзо се приближувала. {КВ 380.2}
Им претстоела силна бура, а тие не биле подготвени за неа. Тоа било неочекувано, бидејќи изминатиот ден бил прекрасен, па кога бурата се судрила со нив, тие се исплашиле. Заборавиле на своите чувства на ненаклонетост, неверување и нетрпение. Правеле сѐ што можеле за чамецот да не им потоне. Патот од Витсаида до местото каде што очекувале дека ќе се сретнат со Исуса бил краток и во мирни услови пловидбата траела само неколку часа, но сега бурата ги туркала се подалеку од местото на кое сакале да стигнат. Се мачеле веслајќи до четвртата ноќна стража. Конечно, изморени тие го прифатиле фактот дека нема да преживеат. Во бурата и темнината морето им покажало колку се беспомошни и затоа копнееле по присуството на својот Учител. {КВ 380.3}
Исус не ги заборавил. Како Стражар на брегот видел како тие исплашени луѓе се борат со бурата. Ниту за еден момент не ги изгубил од вид Своите ученици. Со длабока загриженост Неговите очи го следеле чамецот со драгоцениот товар, кого бурата го фрлала на сите страни, бидејќи тие луѓе требало да бидат светлина на светот. Како што мајката со нежна љубов го набљудува своето дете, така сочувствителниот Учител ги набљудувал Своите ученици. Кога нивните срца се покориле, кога стивнале нивните несвети амбиции, кога понизно молеле за помош помошта им била пружена. {КВ 381.1}
Во моментот кога помислиле дека се изгубени, еден блесок на светлина им открил дека им се приближува некоја таинствена фигура по водата. Меѓутоа, тие не знаеле дека тоа е Исус. За Оној, Кој им дошол на помош тие сметале дека е непријател. Ги опфатил ужас. Рацете кои ги држеле цврсто веслата со мускули како од железо, веќе не ги држеле истите. Брановите го лулале чамецот онака како што сакале, а сите очи биле насочени во ова видение на човек, кој одел по пенливите бранови на разбранетото езеро. {КВ 381.2}
Помислиле дека тоа привидение е предзнак на нивната пропаст и извикале од страв. Исус одел, како да ќе помине покрај нив. Конечно го препознале и повикале, молејќи за помош. Нивниот сакан Учител се свртел, а Неговиот глас го стивнал нивниот страв: „Бидете храбри; Јас сум, не плашете се”. {КВ 381.3}
Кога поверувале во таа чудесна реалност, Петар бил речиси вон себеси од радост. Како едвај да можел да поверува, тој извикал: „Господе, ако си Ти, нареди ми да дојдам кај Тебе по водата. А Тој му рече: ‘Дојди’!“ {КВ 381.4}
Насочувајќи го погледот кон Исуса, Петар чекорел безбедно; но, кога во самозадоволство се свртел да ги погледне своите другари во чамецот, неговите очи веќе не го гледале Спасителот. Ветрот страшно дувал. Високите бранови се испречиле меѓу него и Учителот и тој се исплашил. За миг Христос бил скриен од неговиот поглед и неговата вера попуштила. Почнал да тоне. Но додека брановите се заканувале со смрт, Петар ги подигнал своите очи над бесните бранови и насочувајќи ги кон Исуса, извикал: „Господе, спаси ме”. Исус веднаш ја фатил подадената рака и рекол: „Маловерен, зошто се посомнева?“ {КВ 381.5}
Одејќи еден покрај друг, додека Раката на Петар била во раката на Учителот, тие влегле во чамецот. Меѓутоа, сега Петар бил покорен и мирен. Повеќе немал никаква причина да се фали пред останатите ученици, бидејќи поради неверие и самовозвишување речиси ќе го загубел својот живот. Кога го одвоил својот поглед од Исуса, го изгубил тлото под нозете и почнал да тоне помеѓу брановите. {КВ 381.6}
Кога ќе не снајде неволја, Колку често ние сме како Петар! Гледаме во брановите, наместо да го држиме погледот во Спасителот. Чекорите ни стануваат несигурни, а разбрануваната вода почнува да ни ја поплавува душата. Исус не го повикал Петар кај Себе за да загине. Тој не нѐ повикува ниту нас да тргнеме по Него, па потоа да се одрече од нас. Тој вели: „Не плаши се, зашто Јас те откупив, те повикав по твоето име, ти си Мој. Кога ќе поминуваш низ води, Јас ќе бидам со тебе; или низ реки, тие нема да те потопат. Кога ќе поминуваш низ оган, нема да се изгориш и нема пламен да те обгори. Зашто Јас сум Господ Бог твој, Светецот Израелев, твојот Спасител”. (Исаија 43:1-3) {КВ 382.1}
Исус го познавал карактерот на Своите ученици. Знаел Колку тешко ќе биде испробана нивната вера. Во настанот на езерото Тој сакал на Петар да му ја открие неговата сопствена слабост да му покаже дека неговата безбедност е во постојана зависност од божествената сила. Низ сите бури на искушение тој ќе може да оди без опасност, само ако целосно ја отфрли самодовербата и ако се надева во Спасителот. Петар бил слаб токму во она во што сметал дека е силен и сѐ додека не ја увидел својата слабост, не можел да ја разбере својата потреба да се надева во Христа. Кога би ја примил поуката што Исус сакал да му ја даде со овој настан на езерото, тој не би доживеал неуспех тогаш, кога го стигнала големата проба. {КВ 382.2}
Бог од ден на ден ги поучува Своите деца. Со помош на околностите од секојдневниот живот, Тој ги подготвува да ја одиграат својата улога на пошироката сцена, улога што ја одредило Неговото провидение. Резултатот од секојдневните проби одлучува дали во големата криза на животот ќе извојуваат победа или ќе претрпат пораз. {КВ 382.3}
Искушението ќе ги совлада оние, кои не увидуваат дека постојано зависат од Бога. Можеме да претпоставуваме дека нашите нозе цврсто стојат и дека никогаш нема да се поместиме. Со доверба можеме да кажеме: „Знам во кого поверував; ништо не може да ја поколеба мојата вера во Бога и во Неговата Реч”. Меѓутоа, сатаната има намера да ги искористи нашите наследени и стекнати особини на карактерот за да не заслепи, така што нема да ги видиме своите потреби и недостатоци. Ние можеме да одиме без опасност, само ако ја увидиме својата слабост и ако постојано го држиме погледот во Исуса. {КВ 382.4}
Кога Исус го зазел Своето место во чамецот, ветрот стивнал и „чамецот се најде веднаш на брегот каде што одеа”. По ужасната ноќ, се појавила светлината на утрото. Учениците и другите што биле во чамецот паднале пред Исусовите нозе со благодарни срца, велејќи: „Навистина ти си Син Божји!“ {КВ 382.5}