34. ПОВИК

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 11:28-30.

„Дојдете кај Мене сите кои се трудите и сте обременети и Јас ќе ви дадам одмор”. {КВ 328.1}

Овие зборови на утеха биле изговорени на мноштвото што одело по Исуса. Спасителот рекол дека луѓето само преку Него можат да го запознаат Бога. За Своите ученици зборувал, како за луѓе на кои им е дадено знаење за небесните нешта. Меѓутоа, Тој не дозволил никој да се чувствува лишен од Неговата грижа и љубов. Сите што се трудат и кои се обременети можат да дојдат кај Него. {КВ 328.2}

Книжевниците и рабините со своето строго почитување на верските обреди чувствувале дека им недостига нешто што обредите на покајание не можат никогаш да го задоволат. Цариниците и грешниците можеле да се преправаат дека се задоволни од телесното и земното, но во нивното срце владееле недоверба и страв. Исус ги набљудувал луѓето притиснати со јад и товар, луѓе чии надежи избледеле, луѓе кои сакале со земни радости да ги смират копнежите на душата, па сите ги повикал во Него да најдат одмор. {КВ 328.3}

Тој нежно ги повикал сите намачени: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене; зашто Јас сум кроток и понизен по срце и ќе најдете покој за своите души”. {КВ 328.4}

Со овие зборови Христос му се обраќа на секое човечко суштество. Без разлика дали го знаат тоа или не, сите се изморени и натоварени. Сите се притиснати под товарот што само Христос може да го отстрани. Најтешкиот товар што го носиме е товарот на гревот. Кога би морале сами да го носиме, тој би не скршил. Но, Безгрешниот го зазел нашето место. „Господ ги возложи на Него сите наши беззаконија”. (Исаија 53:6) Тој го понел товарот на нашата вина. Тој ќе го земе товарот од нашите изморени рамења. Тој ќе ни даде одмор. Тој ќе го понесе и товарот на грижата и тагата. Тој не повикува да ги префрлиме на Него сите наши грижи, бидејќи не носи во Своето срце. {КВ 328.5}

Постариот Брат на нашиот род е покрај вечниот престол. Тој гледа на секоја душа, која го врти своето лице кон Него, како на Спасител. Тој од искуство знае какви се човечките слабости, какви се нашите потреби и каде лежи силата на нашите искушенија, бидејќи бил искушуван во сѐ како и ние, но без грев. Тој бдее над тебе, Божјо дете, кое трепериш. Дали си во искушение? Тој ќе те ослободи. Дали си слаб? Тој ќе те зајакне. Дали си во незнаење? Тој ќе те просветли. Дали си ранет? Тој ќе те исцели. Господ „го знае бројот на ѕвездите“ па Сепак, „Тој ги лекува оние што се со скршено срце и ги преврзува нивните рани”. (Псалм 147:4,3) „Дојдете кај Мене“ е Неговиот повик. Какви и да се вашите стравувања и неволји, изнесете го својот случај пред Господа. Вашиот дух ќе биде засилен да издржи. Пред вас ќе се отвори пат по кој ќе се спасите од засраменоста и тешкотиите. Колку повеќе се чувствувате слаби и немоќни, толку повеќе ќе станете посилни во Неговата сила. Колку се потешки вашите бремиња, толку поблагословен е одморот, кога ќе го ставите товарот врз Носителот на бремињата. Одморот што Христос го дава зависи од услови, но тие услови се јасно одредени. Тоа се услови што сите можат да ги исполнат. Тој точно ни кажува како можеме да најдеме одмор во Него. {КВ 329.1}

„Земете го Мојот јарем на себе“ вели Исус. Јаремот е орудие на служба. Говедата се ставени во јарем за да работат, и јаремот е неопходен за да можат да работат ефективно. Со таа споредба Христос не учи дека сме повикани да служиме додека сме живи. Треба да го земеме на себе Неговиот јарем за да станеме Негови соработници. {КВ 329.2}

Јаремот што не впрегнува во служба е Божјиот закон. Големиот закон на љубовта, откриен во Едем, објавен на Синај и во Новиот Завет запишан во срцето е она што го врзува работникот за Божјата волја. Кога би биле препуштени да се поведуваме по своите склоности, да одиме таму, каде што не води нашата волја, би паднале во сатанските редови и би ги поседувале неговите особини. Затоа Бог не ограничува со Својата волја, која е возвишена, благородна и воздигнувачка. Тој сака трпеливо и мудро да ги земеме должностите на служба. Христос во човечкиот облик го понел јаремот на служба. Тој рекол: „Наоѓам задоволство да ја творам Твојата волја, Боже мој; законот Твој е во Моето срце”. (Псалм 40:8) „Јас не слегов од Небото да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме прати”. (Јован 6:38) Љубовта кон Бога, ревноста за Неговата слава и љубовта кон паднатите луѓе го довеле Исуса на Земјата да страда и да умре. Тоа била силата што управувала со Неговиот живот. Тој не повикува да го усвоиме тоа начело. {КВ 329.3}

Има многу луѓе чие срце се стега под товарот на грижи, бидејќи се трудат да го достигнат стандардот на овој свет. Тие ја избрале неговата служба, ги прифатиле неговите грижи и ги усвоиле неговите обичаи. Со тоа го извалкале својот карактер и својот живот го направиле заморен. За да ги задоволат световните желби, тие ја рануваат совеста и врз себе си ставаат дополнителен товар на грижа на совеста. Постојаната грижа ги исцрпува нивните животни сили. Нашиот Господ сака да го оставиме тој јарем на ропство. Тој не повикува да го примиме Неговиот јарем и вели: „Мојот јарем е благ и Моето бреме е лесно”. Тој не повикува најнапред да го бараме Божјото царство и Неговата праведност, а потоа ветува дека ќе ни се даде сѐ што ни е потребно за овој живот. Грижата е слепа и не може да ја согледа иднината, но Исус го гледа крајот од самиот почеток. За секоја тешкотија Тој има подготвен пат за да ни донесе олеснување. Нашиот небесен Татко има илјадници начини да се погрижи за нас, за кои ние не знаеме. Оние кои ќе го прифатат ова начело службата за Бога и Неговата слава да им биде на прво место ќе видат како грижите ќе исчезнат и ќе здогледаат јасен пат пред своите нозе. {КВ 330.1}

„Поучете се од Мене“ вели Исус „зашто Јас сум кроток и понизен по срцето и ќе најдете покој”. Мораме да одиме во Христовата школа и да се поучиме од Неговата кротост и понизност. Избавувањето е процес со кој душата се обучува за Небото. Тоа обучување значи познавање на Христа. Тоа подразбира ослободување од идеите, навиките и практиките стекнати во школата на кнезот на темнината. Душата мора да се ослободи од сѐ што е во спротивност со верноста кон Бога. {КВ 330.2}

Во Христовото срце, кое било во совршена хармонија со Бога, царувал совршен мир. Никогаш не се воздигал поради одобрувањата, ниту ја загубил храброста поради прекорите или разочарувањата. Останувал со бодар дух и во најголемото спротивставување и најсуровите постапки. Меѓутоа, многумина кои тврдат дека се Негови следбеници се загрижени и вознемирени, бидејќи се плашат да се доверат себеси на Бога. Тие не се предаваат целосно, плашејќи се од последиците од кои едно такво предавање ги повлекува со себе. Ако целосно не се предадат, тие не можат да најдат мир. {КВ 330.3}

Немирот Доаѓа од љубовта кон себеси. Кога ќе бидеме родени одозгора, во нас ќе биде истиот ум кој бил во Исуса, ум кој го навел да се понизи Себеси за ние да можеме да бидеме спасени. Тогаш нема да копнееме по највисоките места. Најголема желба ќе ни биде да седиме покрај Исусовите нозе и да учиме од Него. Ќе сфатиме дека вредноста на нашата работа не се состои во тоа да се преправаме и да предизвикаме врева во светот, ниту да работиме и ревнуваме во нашата сопствена сила. Вредноста на нашата работа е во сооднос со примањето на Светиот Дух. Довербата во Бога донесува посвети својства на умот, така што во трпение можеме да ја сочуваме својата душа. {КВ 330.4}

Јаремот им служи на воловите за да им помогне во влечењето на товарот, за да им го олесни товарот. Така е и со Христовиот јарем. Кога нашата волја ќе исчезне во Божјата волја и ако ги користиме Неговите дарови за да бидеме благослов за другите, ќе видиме дека товарот на животот е лесен. Човекот што оди по патот на Божјите заповеди е во друштво на Христа и во Неговата љубов срцето наоѓа мир. Кога Мојсеј се молел: „Покажи ми го Својот пат, за да те познаам,“ Господ му одговорил: „Јас Самиот ќе одам со тебе и ќе те успокојам”. (Излез 33:13,14) И преку пророците ни е дадена пораката: „Вака вели Господ: Застанете на вашите патишта и распрашајте се за старите патеки, каде е добриот пат и врвете по него и ќе најдете спокој за своите души”. (Еремија 6:16) И Тој вели: „О, да внимаваше на Моите заповеди, мирот твој ќе беше како река, а праведноста твоја како бранови морски”. (Исаија 48:18) {КВ 331.1}

Оние кои се држат за Христовата Реч и ја предаваат својата душа на Негова грижа и својот живот на Неговото водство ќе најдат мир и спокојство. Ништо од овој свет не може да ги растажи, бидејќи Исус ги прави радосни со Своето присуство. Во совршеното помирување се наоѓа совршен мир. Господ вели: „На оној, кој се држи за Тебе му даваш совршен мир, зашто се надева во тебе”. (Исаија 26:3) Нашиот живот може да ни изгледа многу замрсен, но ако се довериме на грижата на мудриот Бог, Тој ќе креира модел на живот и карактер, кои ќе бидат на Негова слава. И оној карактер, кој одразува слава Христовиот карактер ќе биде примен во Божјиот рај. Обновеното човештво ќе чекори со Него во бели облеки, бидејќи ќе биде достојно. {КВ 331.2}

Кога ќе примиме мир преку Христа, овде за нас започнува Небото. Ние одговараме на Неговиот повик: „Дојдете, и поучете се од мене“ и така Доаѓајќи ние го започнуваме вечниот живот. Небото е постојано приближување на Бога преку Христа. Колку подолго сме во блаженството на Небото, сѐ повеќе и повеќе ќе ни се отвора славата пред нас и колку повеќе го познаваме Бога, толку поголема ќе биде нашата среќа. Чекорејќи со Исуса во овој живот, можеме да бидеме исполнети со Неговата љубов, задоволени со Неговото присуство. Уште во овој живот можеме да примиме сѐ што може да поднесе човечката природа. Меѓутоа, што е тоа во споредба со она што Доаѓа? Тие „стојат пред Божјиот престол и му служат ден и ноќ во Неговиот храм. А Оној што седи на престолот, ќе живее со нив. И нема веќе да огладнат, ниту пак да ожеднат; нив нема да ги пече ниту сонцето ниту каква и да е жега, зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори на жива вода. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи”. (Откровение 7:15-17) {КВ 331.3}

Сподели го ова:

Слични објави