13. ПОБЕДА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 4:5-11; Марко 1:12, 13; Лука 4:5-13.

Тогаш сатаната го одведе во Светиот град, го постави на врвот на храмот и му рече: ‘Ако си Син Божји, скокни долу, зашто е напишано’: {КВ 124.1}

‘На ангелите свои ќе заповеда за Тебе

И на раце ќе те земат

За да не си ја удриш ногата на камен'”. {КВ 124.2}

Сатаната сега претпоставува дека со Исуса се сретнал на Негово тло. Лукавиот непријател сам ги изнесува зборовите што произлегле од Божјата уста. Тој сѐ уште се појавува како ангел на светлината и истакнува дека е запознаен со Светото Писмо и дека го разбира значењето на она што е напишано. Како што Исус претходно ја користел Божјата Реч за да ја зацврсти Својата вера, така искушувачот сега ја користи за да ја поткрепи својата измама. Тој тврди дека само ја проверувал Исусовата верност, а сега ја фали Неговата цврстина. Бидејќи Спасителот покажал доверба во Бога, сатаната бара од Него да покаже уште некој друг доказ за Својата вера. {КВ 124.3}

Меѓутоа, на искушението повторно му претходи навестување на недоверба: „Ако си Син Божји”. Христос е искушуван да одговори на „ако“, но Тој се воздржал и од најмало прифаќање на сомнежот. Тој не сакал да го изложи Својот живот на опасност, за да му даде доказ на сатаната. {КВ 124.4}

Искушувачот повторно се обидел да ја искористи Христовата човечка природа и да го наведе на претпоставка. Меѓутоа, иако сатаната може да сугерира, тој не може да не принуди на грев. Тој му рекол на Исуса: „Скокни долу,“ знаејќи дека не може да го фрли долу, зашто Бог би се вмешал да го спаси. Ниту сатаната можел да го принуди Исуса сам да се фрли. Христос можел да биде победен, само ако би се согласил на искушение. Ниту сета сила на Земјата или пеколот не можела да го принуди и во најмала мера да се одвои од волјата на Својот Татко. {КВ 125.1}

Искушувачот никогаш не може да не принуди да правиме зло. Тој не може да владее со умот, освен ако човекот не се потчини на неговата власт. Дури кога волјата ќе се согласи, кога верата ќе се откаже од својата доверба во Христа, сатаната може да стекне власт над нас. Со секоја грешна желба што ја негуваме ние му го отстапуваме теренот. Секоја точка во која не го задоволуваме божественото мерило претставува отворена врата низ која тој може да влезе за да не искушува и уништи. Секој наш пропуст или пораз му пружаат можност да му приговара на Христа. {КВ 125.3}

Кога сатаната го цитирал ветувањето: „На ангелите свои ќе заповеда за Тебе,“ ги изоставил зборовите „да те чуваат на сите Твои патишта,“ т.е. на сите патишта што ги избрал Бог. Исус одбил да скршне од патеката на послушноста. Манифестирајќи совршена доверба кон Својот Татко, Тој не сакал непотребно да се доведе Себеси во положба во која би морал да се вмеша Неговиот Татко за да го спаси од смрт. Не сакал да го принудува Провидението да му помогне и со тоа да пропушти на луѓето да им покаже пример на доверба и покорност. Исус му рекол на сатаната: „Пишано е повторно: ‘Немој да го искушуваш Господ, твојот Бог’”. Овие зборови им ги изговорил Мојсеј на синовите Израелеви, кога биле жедни во пустината и барале Мојсеј да им даде вода, извикувајќи: „Дали е Господ меѓу нас или не е?“ (Излез 17:7) Господ за нив направил толку чуда, но сега во неволја тие се посомневале во Него и барале доказ дека е со нив. Во своето неверие сакале да го искушуваат. И сатаната го наведувал Христа да постапува исто така. Бог веќе посведочил дека Исус е Негов Син; да се бара сега доказ дека е Божји Син, би значело Божјата Реч да се става на испит да се искушува. Исто би било, кога би се барало нешто што Бог не го ветил. Со тоа би се манифестирала недоверба, а тоа би значело испитување или искушување. Не треба да ги упатуваме своите молби на Бога за да ни докаже дали ќе ја исполни Својата Реч, туку затоа што ќе ја исполни; не за да ни докаже дека не љуби, туку затоа што не љуби. „Без вера не е можно да му се угоди на Бога, зашто оној, кој Доаѓа кај Бога, треба да верува дека Бог постои и дека ги наградува оние кои вредно го бараат”. (Евреите 11:6) {КВ 125.4}

Меѓутоа, верата нема никаква врска со претпоставката. Само оној што поседува вистинска вера е заштитен од претпоставка. Претпоставката е сатански фалсификат на верата. Верата полага право на Божјите ветувања и донесува род во послушноста. Претпоставката, исто така полага право на ветувањата, но ги користи како што правел сатаната за да се правдаат престапите. Верата би ги навела нашите прародители да имаат доверба во Божјата љубов и да се покоруваат на Неговите заповеди. Претпоставката ги навела да го престапат Неговиот закон, верувајќи дека Неговата голема љубов ќе ги спаси од последиците на нивниот грев. Да се полага право на наклонетоста на Небото, а да не се исполнуваат условите под кои се дарува милоста тоа не е вера. Вистинската вера има своја основа во ветувањата и во сѐ она што ни го даваат Писмата. {КВ 126.1}

Сатаната, честопати не успева да предизвика во нас недоверба, па затоа не наведува на претпоставка. Ако може да не наведе непотребно да се изложуваме на искушенија, тогаш знае дека победата ќе му припадне нему. Бог ќе ги сочува сите што одат по патеката на послушноста; но да се скршне од неа, значи да се премине на теренот на сатаната. Тогаш сигурно ќе паднеме. Спасителот ни наложил: „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение”. (Марко 14:38) Размислувањето и молитвата ќе не сочуваат да не скршнуваме непотребно кон патот на опасноста и така ќе бидеме сочувани од многу порази. {КВ 126.2}

Сепак, не треба да губиме храброст, ако бидеме изложени на искушение. Честопати, кога ќе се најдеме во некоја тешка околност се сомневаме дека Божјиот Дух не води. Меѓутоа, Духот бил Тој, Кој го водел и Исуса во пустината за да биде искушуван од сатаната. Кога Бог не доведува на проба, Тој со тоа сака да постигне нешто за наше добро. Исус не се дрзнал на Божјите ветувања со тоа што своеволно пошол во искушенија, ниту паднал во очај, кога се нашол во искушение. Така треба да се поставиме и ние. „Верен е Бог и нема да дозволи да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го поднесете”. (1. Коринтјаните 10:13) Тој вели: „Принеси му на Бога жртва благодарна и исполни му ги на Севишниот своите завети! И повикај ме во денот на тегоба: Јас ќе те ослободам, а ти ќе ме прославиш”. (Псалм 50:14,15) {КВ 126.3}

Исус бил победник и во второто искушение и сега сатаната го покажува својот вистински карактер. Меѓутоа, тој не се појавува како некое страшно чудовиште со канџи на нозете и со крилја како лилјак. Иако е паднат, тој е моќен ангел. Тој се смета себеси за водач на бунтот и за бог на овој свет. {КВ 129.1}

Откако го поставил Исуса на една висока планина, сатаната, на живописен начин, ги прикажал пред Него царствата на овој свет. Сонцето ги осветлувало градовите со храмовите, мермерните палати, плодните полиња и лозјата со богат род. Трагите на злото биле скриени. Исусовите очи, кои пред малку почивале на мрачнина и пустош, сега набљудувале една глетка на недостижна убавина и напредок. Тогаш се слушнал гласот на искушувачот: „Тебе ќе ти ја дадам сета власт над нив и славата што им припаѓа, зашто мене ми е предадена и јас му ја давам на кого што сакам. Ако ми се поклониш сето тоа ќе биде Твое”. {КВ 129.2}

Христовата мисија можела да се оствари само со страдање. Пред Него се наоѓал живот на тага, неволји, судири и на една срамна смрт. Морал да ги понесе гревовите на целиот свет. Морал да се одвои од љубовта на Својот Татко. Сега искушувачот му понудил да му ја предаде власта што насилно ја грабнал. Признавајќи ја врховната власт на сатаната, Христос можел да ја избегне страшната иднина. Но, да се направи тоа, би значело да се откаже од победата во големата борба. Сатаната згрешил на Небото, бидејќи сакал да се издигне над Божјиот Син. Кога сега би надвладеал, тоа би значело победа на бунтот. {КВ 129.3}

Кога сатаната му кажал на Христа дека царството и славата на овој свет му се предадени нему и дека ќе му ги даде на оној што сака, тој само делумно ја кажал вистината и тоа само затоа што со тоа сакал да ја постигне својата намера да измами. Сатаната го грабнал своето царство од Адама, но Адам бил намесник на Творецот. Тој не бил независен владетел. Земјата му припаѓа на Бога, а Тој се му доверил на Својот Син. Адам требало да владее во потчинетост на Христа. Кога Адам ја предал својата власт во рацете на сатаната, Сепак Христос останал законски Цар. Така Господ му рекол на царот Навуходоносор: „Севишниот има власт над човечкото царство и Тој му го дава на кого што сака”. (Даниел 4:17) Сатаната може да ја спроведува својата узурпирана власт, само доколку Бог му го дозволи тоа. {КВ 129.4}

Кога искушувачот му ги понудил на Христа царството и славата на овој свет, предложил Христос да се откаже од божественото право над светот и да владее потчинет на сатаната. Тоа било истото она царство во кое Евреите ги полагале своите надежи. Тие сакале царство на овој свет. Доколку Христос се согласил да им понуди такво царство, тие би го прифатиле со задоволство. Меѓутоа, врз тоа царство почивало проклетството на гревот со сите страдања. Христос му изјавил на искушувачот: „Бегај од мене, сатано, зашто е пишано: Поклони му се на Својот Господ Бог и единствено Нему служи му”. {КВ 130.1}

Оној што се побунил на Небото, му го понудил на Христа царството на овој свет, за да го купи Неговото поклонение кон начелата на злото, но Тој не дозволил да се поткупи; Тој дошол да основа царство на праведност и не сакал да се откаже од Својата намера. Со ова исто искушение сатаната им приоѓа и на луѓето и со нив има повеќе успех отколку со Христа. Тој им го нуди на луѓето царството на овој свет под услов да ја признаат неговата врховна власт. Бара да ја жртвуваат чесноста, да се откажат од совеста, да и попуштат на себичноста. Христос ги повикува најнапред да го бараат Божјото царство и Неговата праведност, но сатаната им се приближува на луѓето и им шепоти: „Што и да е вистина во врска со вечниот живот, морате да ми служите мене за да имате успех во овој свет. Вашата среќа е во мои раце. Јас можам да подарам богатство, задоволство, чест и среќа. Послушајте го мојот совет. Не дозволувајте да ве занесат некакви необични сфаќања за чесноста и самопожртвуваноста. Јас ќе го подготвам патот пред тебе”. Така измамил многу луѓе. Тие се согласуваат да живеат за да си служат себеси и сатаната е задоволен. Заведувајќи ги луѓето да копнеат по власт, тој стекнува власт над нивните души. Но, тој го нуди она што не му припаѓа нему, што не е во состојба да го подари и што наскоро ќе биде одземено од него. Во замена за тоа, тој со измама им го одзема на луѓето нивното право на наследството на Божјите синови. {КВ 130.2}

Сатаната поставил прашање дали Исус е Божји Син. Во зборовите со кои на сатаната му било кажано да замине имало доказ кој тој не можел да го негира. Божеството блеснало низ напатената човечка природа. Сатаната немал сила да се спротивстави на заповедта. Грчејќи се од понижување и бес, морал да се повлече од присуството на Откупителот на светот. Како што Адамовиот пад бил целосен, така сега била целосна Христовата победа. {КВ 130.3}

Така и ние можеме да се спротивставиме на искушенијата и да го принудиме сатаната да не напушти. Исус извојувал победа со покорност и вера во Бога и Тој ни зборува преку апостолот: „Покорете му се на Бога, а противете му се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас”. (Јаков 4:7,8) Ние сами не можеме со сопствени сили да се спасиме од силата на искушувачот; тој го освоил човештвото и ако се обидеме да му се спротивставиме со сопствени сили, ќе станеме плен на неговото лукавство; но „името Господово е цврста купа; кај Него прибегнува праведникот и наоѓа засолниште”. (Изреки 8:10) Сатаната трепери и бега од најслабата душа, која наоѓа прибежиште во тоа силно име. {КВ 130.4}

Кога непријателот се оддалечил, Исус, смртно блед и исцрпен, паднал на земјата. Небесните ангели ја набљудувале оваа борба и виделе како нивниот љубен Заповедник минува низ неискажливи страдања, за нам да ни го отвори патот за бегство. Тој издржал потешки и поголеми искушенија од која било проба, која ние мораме да ја издржиме. Тогаш ангелите му служеле на Божјиот Син, додека лежел како некој кој умира. Го закрепнале со храна и го утешиле со веста за љубовта на Неговиот Татко и со уверувањето дека целото Небо ја прославува Неговата победа. Враќајќи се во живот, Неговото срце било исполнето со симпатии кон човекот и Тој пошол да го доврши делото што го започнал, и нема да се одмори сѐ додека непријателот не биде победен и паднатиот човечки род откупен. {КВ 131.1} Цената на нашето откупување нема да се сфати сѐ додека откупените не застанат со својот Откупител пред Божјиот престол. Тогаш, кога славата на вечниот дом ќе засветли пред нашите восхитени сетила, ќе се сетиме дека Исус го напуштил сето тоа заради нас, дека не само што станал изгнаник од небесните дворови, туку поради нас се изложил на опасноста да доживее неуспех и вечна загуба. Тогаш ќе ги положиме своите круни пред Неговите нозе и ќе запееме: „Достојно е Јагнето, Кое беше заклано да прими моќ, богатство, сила, чест, слава и благослов”. (Откровение 5:12) {КВ 131.2}

Сподели го ова:

Слични објави