81. „ГОСПОД ВОСКРЕСНА”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 28:2-4, 11-15
Ноќта на првиот ден од седмицата полека поминувала. Настапил најмрачниот час, час кој му претстои на осамнувањето. Христос сѐ уште бил затвореник во Својот тесен гроб. Големиот камен бил на своето место, римскиот печат не бил оштетен, а римските стражари ја чувале својата стража. Тука се наоѓале и невидливи стражари. Војска на зли ангели се собрале околу гробот. Кога би било можно, кнезот на темнината и неговата војска вечно би го задржале запечатен гробот во кој се наоѓал Божјиот Син. Меѓутоа, гробот го опкружувала и небесна војска. Ангелите, чија сила е голема, го чувале гробот и чекале да го поздрават со добредојде Кнезот на животот. {КВ 779.1}
„И, ете настана голем земјотрес, зашто слезе Господов ангел од небото”. Тој ангел излегол од небесните дворови облечен во Божјо оружје. Пред него оделе зраците на Божјата слава и му го осветлувале патот. „Лицето му светеше како молња, а облеката му беше бела како снег. Од страв пред него се стресоа стражарите и станаа како мртви”. {КВ 779.2}
А сега, свештеници и поглавари, каде е сега силата на вашите стражари? Храбрите војници кои никогаш не се плашеле од човечка сила, сега биле заробени без меч и копје. Лицето кое тие го гледаат не е лице на некој смртен борец, туку лице на најсилниот од Господовата војска. Тој гласник ја заземал положбата од која сатаната паднал. Тоа е оној, кој на бреговите на Витлеем го објавил Христовото раѓање. Земјата се тресела кога тој се приближил, а војските на злото се разбегале и кога го турнал каменот, изгледало како небото да се симнува на Земјата. Војниците виделе како го отстранува каменот како да е некое камче и го слушнале неговиот извик: „Сине Божји, излези; те вика Твојот Татко”. Го виделе Исуса како излегува од гробот и ги слушнале Неговите зборови над отворениот гроб: „Јас сум воскресение и живот”. Кога се појавил во величество и во слава, војската ангели длабоко се поклониле пред Откупителот и Го поздравиле со песни на пофалба. {КВ 779.3}
Еден земјотрес го означил моментот кога Христос го положил Својот живот, а друг земјотрес го посведочил моментот кога Тој победоносно повторно се вратил во живот. Оној, Кој ги победил гробот и смртта, излегол од гробот со чекор на победник, среде тетеравењето на земјата, блескање на молњите и пукање на громовите. Кога повторно ќе дојде на Земјата, Тој ќе ја потресе „не само Земјата, туку и небото”. „Земјата ќе се тетерави како пијан човек и ќе се премести како колиба”. „Небесата ќе се свиткаат како свиток,“ „состојките ќе се растопат при голема топлина и Земјата ќе изгори со сите нејзини дела”. Но, „Господ ќе биде прибежиште на Својот народ и крепост на синовите Израелеви”. (Евреите 12:26; Исаија 24:20; 34:4; 2. Петрово 3:10; Јоил 3:16) {КВ 780.1}
При Исусовата смрт војниците виделе како Земјата среде пладне се обвиткува во темнина, а при воскреснувањето, како славата на ангелите ја расветлува ноќта и слушнале како жителите на небото во голема радост и триумф пеат: „Ти го победи сатаната и силите на темнината; Ти преку победа ја надвладеа смртта!“ {КВ 780.2}
Христос излегол од гробот прославен и римските стражари Го виделе. Нивните погледи биле приковани во лицето на Оној, Кого неодамна Го исмевале и на Кого Му се подбивале. Во тоа величествено Суштество тие го препознале затвореникот кого го виделе во судницата, кому му исплеле трнов венец. Тоа бил Оној, Кој без да се спротивстави стоел пред Пилат и Ирод и чие тело било рането со свирепо шибање. Тоа бил Оној прикован на крстот, и кон Кого свештениците полни со самозадоволство, одмавнувале со главите, велејќи: „Спасуваше други, а самиот Себе не може да се спаси”. (Матеј 27:42) Тоа бил Оној, Кого го положиле во Јосифовиот нов гроб. Со небесна наредба Затвореникот бил ослободен. Кога планините и горите би биле ставени на Неговиот гроб, не би можеле да Го спречат да излезе. {КВ 780.3}
При појавата на ангелите и прославениот Спасител, римските стражари малаксале и паднале како мртви. Кога небесната придружба исчезнала од нивниот поглед, станале и брзо, колку што можеле да ги носат нивните треперливи нозе, тргнале кон капијата на градот. Тетеравејќи се како пијани, брзо отишле во градот и ја соопштиле прекрасната вест на оние кои ги среќавале. Имале намера да одат кај Пилат, но нивниот извештај стигнал до еврејските власти и првосвештениците, и поглаварите барале прво да дојдат кај нив. Овие војници изгледале чудно. Треперејќи од страв и со бледи лица, сведочеле за Христовото воскресение. Војниците раскажале сѐ онака како што виделе. Тие немале време да мислат или да зборуваат ништо друго освен вистината. Тие болно рекле: „Оној што беше распнат на крст беше Божји Син. Го чувме ангелот кој го прогласи за небесно Величество, за Цар на славата”. {КВ 781.1}
Лицата на свештениците биле како пица на мртовци. Кајафа се обидел да зборува. Неговите усни се движеле, но тој не изговорил ништо. Војниците се подготвувале да излезат од судницата, кога еден глас ги задржал. Конечно, Кајафа успеал да проговори. „Чекајте, чекајте,“ рекол тој. „Никому не зборувајте за она што сте го виделе”. {КВ 781.2}
Тогаш, на војниците им било предложено да шират лажни гласини. Свештениците им рекле: „Кажете, дојдоа Неговите ученици ноќе и Го украдоа додека ние спиевме”. Со тоа свештениците сами се измамиле. Како војниците можеле да кажат дека учениците го украле телото додека тие спиеле? Ако спиеле, како можеле да го знаат тоа? И кога учениците би го украле Христовото тело, зар свештениците не би биле први што би ги осудиле? Или, кога стражарите би спиеле покрај гробот, зар свештениците не би биле први што ќе ги обвинат кај Пилат? {КВ 781.3}
Војниците биле згрозени од помислата да навлечат на себе обвинение дека спиеле на стража. Ова било казниво со смрт. Дали лажно да сведочат, да го мамат народот и да ги изложат на опасност своите животи? Зар будно не ја држеле својата заморна стража? Како можат да го поднесат судскиот процес и лажно да се заколнат, дури и од љубов кон парите? {КВ 782.1}
За да го замолчат сведоштвото од кои се плашеле, свештениците им ветувале на стражарите дека ќе ги заштитат и велеле дека и Пилат, како и тие, не сака да се шират такви гласини. Римските војници им ја продале својата чесност на Евреите за пари. Тие се појавиле пред свештениците носејќи една најпотресна вест на вистина; заминале натоварени со пари и со лажен извештај на усните што за нив го исконструирале свештениците. {КВ 782.2}
Во меѓувреме, извештајот за Христовото воскресение допрела и до Пилат. Тој бил релативно рамнодушен за тоа, иако токму тој бил одговорен што Го испратил Христа во смрт. Иако Го осудил Спасителот против своја волја и со чувство на сожалување, сѐ до тој момент не почувствувал вистинска грижа на совеста. Во ужас, сега се затворил во својот дом и не сакал никого да види. Меѓутоа, свештениците нашле начин да излезат пред него, му ја кажале сторијата што ја измислиле и упорно молеле од него да им прости на стражарите поради тоа што ја занемариле должноста. Пред да се согласи со тоа, тој лично разговарал со стражарите. Стравувајќи за сопствената безбедност, тие не се осмелиле нешто да сокријат; така Пилат дознал за сѐ што се случило. Не продолжил со истрагата, но од тој момент тој веќе немал мир. {КВ 782.3}
Кога Исус бил положен во гробот, сатаната триумфирал. Се надевал дека Спасителот никогаш повторно нема да оживее. Тој полагал право на Неговото тело и поставил своја стража околу гробот со намера да го задржи Христа како затвореник. Бил огорчен и лут што неговите ангели побегнале кога се приближил небесниот гласник. Кога видел како Христос победоносно излегува од гробот, сатаната знаел дека на Неговото царство ќе му дојде крај и дека конечно ќе мора да умре. {КВ 782.4}
Осудувајќи Го Христа на смрт, свештениците станале сатански орудија. Сега биле целосно во негова власт. Се фатиле во стапицата од која немало друг излез освен да ја продолжат својата борба против Христа. Кога слушнале за Неговото воскресение, се исплашиле од гневот на народот. Чувствувале дека животот им е во опасност. Нивната единствена надеж се состоела во тоа да докажат дека Христос бил измамник, одречувајќи дека Тој воскреснал. Ги поткупиле војниците и го обезбедиле Пилатовото молчење. Насекаде ширеле лажни извештаи. Меѓутоа, постоеле сведоци кои не можеле да ги замолчат. Многумина слушнале од војниците сведоштво за Христовото воскресение. Некои од починатите кои воскреснале со Христа, им се јавиле на многумина и објавиле дека Тој воскреснал. На свештениците им било укажано на лицата кои ги виделе воскреснатите и го слушнале нивното сведоштво. Тие биле во постојан страв на улица или во својот дом да не се најдат лице во лице со Христа. Чувствувале дека за нив не постои никаква сигурност. Резите и бравите биле слаба заштита од Божјиот Син. Дење и ноќе пред очи им се појавувала онаа ужасна сцена во судницата кога извикале: „Неговата крв нека биде врз нас и врз нашите деца”. (Матеј 27:25) Никогаш од нивните сеќавања нема да избледи таа сцена. Никогаш повеќе мирен сон нема да дојде на нивната перница. {КВ 785.1}
Кога се слушнал гласот на моќниот ангел крај Христовиот гроб: „Твојот Татко Те вика,“ Спасителот излегол од гробот, благодарение на животот што се наоѓал во Него. Така се докажала вистинитоста на Неговите зборови: „Јас го давам Мојот живот за пак да го земам… Имам власт да го положам и имам власт повторно да го земам”. Тогаш се исполнило пророштвото што им го дал на свештениците и поглаварите: „Урнете го овој храм и за три дни Јас ќе го подигнам”. (Јован 10:17,18; 2:19) {КВ 785.2}
Над отворениот Јосифов гроб, Христос победоносно изјавил: „Јас сум воскресение и живот”. Тие зборови можело да ги изговори само Божеството. Сите создадени суштества живеат благодарение на Божјата сила и волја. Тие се зависни приматели на живот од Бога. Сите, од највисокиот серафим до најпримитивното живо суштество, се напојуваат од Изворот на животот. Само Оној, Кој е едно со Бога може да каже: „Имам власт да Го положам Својот живот и имам власт повторно да го земам”. Во Својата божествена сила, Христос имал сила да ги раскине оковите на смртта. {КВ 785.3}
Христос воскреснал од мртвите како прв плод на оние кои заспале. Тој бил остварување на старозаветниот симбол за вртениот сноп и Неговото воскресение се случило токму оној ден, кога требало да се принесе тој сноп на Господа. Овој симболичен обред се вршел повеќе од илјада години. Од жетвените ниви биле собирани првите зрели класја и кога народот Доаѓал во Ерусалим на Пасха, мавтал со нив во знак на благодарност пред Господа. Додека овој обред не се извршил, српот не почнувал да жнее и житото да се собира во снопови. Снопот посветен на Бога ја претставувал жетвата. Така, Христос како првина ја претставувал големата духовна жетва, која ќе се собере за Божјото царство. Неговото воскресение е симбол и залог за воскресение на сите мртви праведници. „Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така и оние кои спијат во Исуса, Бог ќе ги доведе со Него”. (1. Солунјаните 4:14) {КВ 785.4}
Кога Христос воскреснал, извел многу заробеници од гробот. Земјотресот при Неговата смрт ги отворил гробовите и кога Тој воскреснал, тие излегле со Него. Тоа некогаш биле Божји соработници, кои по цена на сопствениот живот, сведочеле за вистината. Сега требало да бидат сведоци за Оној, Кој ги воскреснал од мртвите. {КВ 786.1}
За време на Својата служба Исус подигнувал мртви во живот. Го воскреснал синот на вдовицата од Наин, Јаировата ќерка и Лазар. Меѓутоа, тие не биле облечени во бесмртност. Иако подигнати од мртвите, тие останале подложни на смртта. Меѓутоа, оние кои при Христовото воскресение излегле од гробот, станале за вечен живот. Тие се вознеле со Него, како трофеи на Неговата победа над смртта и гробот. „Овие веќе не се заробеници на сатаната,“ рекол Христос, „бидејќи Јас ги откупив. Јас Ги подигнав од гробот како први плодови на Мојата моќ, за да бидат со Мене таму каде што сум Јас и никогаш повеќе да не видат смрт, ниту да искусат болка”. {КВ 786.2}
Тие отишпе во градот и се појавиле на многумина, зборувајќи: „Христос воскресна од мртвите и ние сме подигнати со Него”. Така била овековечена светата вистина за воскресението. Воскреснатите свети сведочеле за вистинитоста на зборовите: „Твоите мртви ќе оживеат, заедно со Моето тело тие ќе станат”. Нивното воскресение било илустрација за исполнување на пророштвото: „Разбудете се и ликувајте вие, жители на правот! Зашто росата Твоја е роса на растенијата и земјата ќе ги исфрли мртовците”. (Исаија 26:19) {КВ 786.3}
За верникот Христос е воскресение и живот. Во нашиот Спасител е обновен животот изгубен поради гревот, бидејќи Тој има живот во Себе и може да воскресне кога сака. Нему му е дадено право да дарува бесмртност. Животот кој во човечката природа го положил, Тој повторно го зема и го дава на човечкиот род. „Јас дојдов да имаат живот и да го имаат во изобилство”. „А оној што ќе пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; туку, водата што ќе му ја дадам Јас, во него ќе стане извор на вода што тече во живот вечен”. „Кој го јаде телото Мое и ја пие крвта Моја, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден”. (Јован 10:10; 4:14; 6:54) {КВ 786.4}
За верникот смртта е безначајно прашање. Христос зборува за неа како да има мала важност. „Оној што ќе ги запази Моите зборови, никогаш нема да види смрт,“ „тој никогаш нема да вкуси смрт”. (Јован 8:51,52) За христијаните смртта е само сон, само момент на молчење и темнина. Животот е сокриен со Христа во Бога и „кога ќе се појави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се појавите со Него во слава“ (Колосјаните 3:4) {КВ 787.1}
Мртвите го слушнале гласот кој одекнал под крстот: „Се сврши”. Тој глас ги пробил ѕидовите на гробниците и оние кои спиеле ги повикал да станат. Така ќе биде и кога Христовиот глас ќе се слушне од небото. Тој глас ќе продре во гробовите, ќе ги отвори и умрените во Христа ќе станат. При воскресението на Спасителот се отвориле неколку гробови, но при Неговото второ доаѓање сите драгоцени мртви ќе го слушнат Неговиот глас и ќе излезат во славен, бесмртен живот. Онаа иста сила која го подигнала Христа од мртвите, ќе ја подигне и Неговата црква и ќе ја прослави со Него над сите началства, над сите сили, над секое име што се спомнува, не само во овој свет, туку и во светот што Доаѓа. {КВ 787.2}