71. СЛУГА НА СЛУГИТЕ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 22:7-18.24; Јован 13:1-17.

Во горната соба во едно живеалиште во Ерусалим, Христос седел на трпезата со Своите ученици. Тие се собрале да го прослават празникот Пасха. Спасителот сакал на таа свеченост да биде сам со дванаесеттемина. Знаел дека дошол Неговиот час. Тој требало да биде вистинското пасхално јагне и да биде жртвуван за време на празникот. Мигот кога требало да ја испие чашата не гневот, веќе бил пред Него. Наскоро ќе мора да биде крстен со последното страдалничко крштевање. Меѓутоа, Му преостанувале уште неколку мирни часови, кои сакал да им ги посвети на Своите сакани ученици. {КВ 642.1}

Целиот Исусов живот бил посветен на несебична служба. „Не да Му служат, туку да служи“ (Матеј 20:28), била поуката на секое Негово дело. Меѓутоа, учениците сѐ уште не успеале да ја научат таа поука. На оваа последна пасхална вечера Исус го повторил ова Свое учење со таква сликовитост, која се втиснала засекогаш во мислите и срцата на учениците. {КВ 642.2}

Разговорите меѓу Христа и Неговите ученици обично се одвивале во атмосфера на спокојна радост, која сите високо ја ценеле. Пасхалните вечери претставувале посебно привлечна и интересна сцена. Меѓутоа, овој пат, Исус бил многу загрижен. На срцето носел огромен товар, а на лицето Му се гледала сенка на тага. Кога се собрале во горната соба, учениците забележале дека нешто тешко ја притиска Неговата душа и иако не знаеле што е причина за тоа, сочувствувале со Него во Неговата болка. {КВ 642.3}

Кога се собрале околу масата, со тажен глас Исус рекол: „Многу сакав да ја јадам со вас оваа пасха пред да пострадам, зашто ви велам дека нема повеќе да ја јадам, додека не се исполни во Божјото царство. Тогаш ја зеде чашата, заблагодари и рече: Земете ја и поделете ја меѓу себе, зашто ви велам дека отсега нема повеќе да пијам од лозовиот род додека не дојде Божјото царство”. {КВ 643.1}

Христос знаел дека настапило времето кога треба да го напушти овој свет и да му се врати на Својот Татко. Бидејќи ги љубел Своите кои биле во светот, Тој ги љубел до крај. Сега Тој се наоѓал во сенката на крстот и болка Го притискала Неговото срце. Знаел дека ќе биде напуштен во часот на Неговото предавање. Знаел дека ќе биде погубен на начин кој најмногу понижува и кој се применува на најголемите злосторници. Тој ја знаел неблагодарноста и суровоста на оние кои дошол да ги спаси. Му била позната големината на жртвата која морал да ја поднесе, како и фактот дека таа жртва за многумина ќе биде напразна. Бидејќи знаел што Го очекува, можеби би било природно да биде обземен од мислите за Своето понижување и страдање. Меѓутоа, Тој ги набљудувал Своите дванаесет ученици, оние кои биле со Него како Негови најблиски и кои по Неговото срамно и Болно понижување, Неговите маки и страдања, ќе останат сами да се борат во светот. Неговите размислувања за страдањата што Го очекуваат секогаш биле поврзани за учениците. Тој не размислувал за Себе. Неговата грижа за нив била на прво место во Неговиот ум. {КВ 643.2}

Таа последна вечер која ја поминал со Своите ученици, Исус имал многу да им каже. Кога тие би биле подготвени да го примат она што Тој сакал да им го пренесе, би биле поштедени од многу душевни маки, разочарувања и сомнежи. Меѓутоа, Исус видел дека тие не можат да го поднесат она што требало да им го каже. Кога погледнал во нивните лица, зборовите на опомена и утеха би запреле на Неговите усни. Миговите поминувале во тишина. Изгледало дека Исус нешто очекува. Учениците се чувствувале непријатно. Како да исчезнало она сочувство и нежност, кои Христовата тага ги разбудила во нивното срце. Неговите зборови полни со болка, зборови кои укажувале на Неговото страдање, не оставиле голем впечаток на нив. Погледите што си ги упатувале еден на друг откривале љубомора и расправија. {КВ 643.3}

И „настана препирање меѓу нив околу тоа кој од нив бил требало да се смета за најголем”. Таа расправа, која продолжувала и во Христово присуство, го ожалостила и Болно Го навредила. Учениците цврсто се држеле за својата омилена идеја дека Христос ќе ја воспостави Својата власт и ќе го заземе Своето место на Давидовиот престол. И секој од нив во својата душа копнеел по највисока положба во тоа царство. Имајќи лично мислење за себе и за другите, наместо да си укажуваат почест еден на друг, секој себеси се ставал на прво место. Барањето на Јаков и Јован да седнат еден од левата, а друг од десната страна на Христовиот престол, предизвикало разлутеност кај останатите. Осмелувајќи се да бараат највисока положба, Јаков и Јован предизвикале револт кај останатите десетмина до таа мера што се заканувала опасност од отуѓување. Сметале дека овие двајца погрешно расудувале за останатите, потценувајќи ја нивната лојалност и нивните спосо6ности. Во осудувањето на Јаков и Јован, Јуда бил најостар. {КВ 643.4}

Кога учениците влегле во собата каде што им била подготвена вечера, срцата им биле полни со огорченост. Јуда се протуркал до Христа и седнал од Неговата лева страна; од десната страна бил Јован. Ако постоело највисоко место, Јуда бил одлучен тој да го заземе, а тоа место, според неговото мислење, било веднаш до Христа. Јуда всушност бил предавник. {КВ 644.1}

Се појавила уште една причина за неслога. За време на празникот постоел обичај еден слуга да ги измие нозете на гостите и во оваа прилика биле извршени сите подготовки за тоа. Садот со вода, мијалникот, крпата сѐ што било потребно за миење на нозете било тука; но немало слуга, па должноста морале да ја извршат самите ученици. Меѓутоа, поведувајќи се од чувството на повредена гордост, секој еден од учениците бил одлучен да не врши должност на слуга. Сите покажувале студена рамнодушност, наводно несвесни за задачата која морала да се изврши. Со своето молчење тие одбиле да се понизат себеси. {КВ 644.2}

Како Христос можел да ги освести тие бедни души, за сатаната да не ги совлада целосно? Како да им покаже дека самото исповедање дека се ученици не ги прави Негови ученици и дека тоа не може да им овозможи место во Неговото царство? На кој начин може да им покаже дека службата извршена со љубов и вистинската понизност ја претставуваат вистинската големина? Како да се разбуди љубовта во нивното срце и да се оспособат да го сфатат она што толку посакувал да им го каже? {КВ 644.3}

Ниту еден од учениците не направил ниту најмало движење со цел да им послужи на своите браќа. Исус чекал извесно време да види што ќе направат тие. Потоа Тој божествениот Учител, станал од трпезата. Соблекувајќи ја надворешната облека што би му пречела во работата, Тој ја земал крпата и се опашал. Изненадени, учениците гледале во Него и во тишина, набљудувале што ќе се случи понатаму. „Потоа налеа вода во мијалникот и почна да им ги мие нозете на учениците и да им ги брише со крпата со која беше опашан”. Таа постапка конечно им ги отворила очите на учениците. Срцето им се исполнило со горчлив срам и понижување. Го сфатиле неискажаниот прекор и се согледале себеси во целосно нова светлина. {КВ 644.4}

Така Христос ја изразил Својата љубов кон Своите ученици. Нивниот себичен дух го исполнил со жалост, но не се впуштал во расправа во поглед на нивните меѓусебни тешкотии. Наместо тоа, Тој им дал пример кој тие никогаш нема да го заборават. Неговата љубов кон нив не можела ништо да ја поколеба или задуши. Знаел дека Таткото се Му предал во раце, дека дошол од Бога и дека повторно заминува кај Него. Тој бил наполно свесен за Своето божество, но ја оставил настрана Својата царска круна и царската облека и зел на Себе облик на слуга. Една од последните постапки на Неговиот живот на оваа Земја била да се опаше како слуга и да изврши должност на слуга. {КВ 644.5}

Пред Пасха, Јуда и по вторпат се сретнал со свештениците и книжниците и склучил спогодба да им Го предаде Исуса во раце. Сепак, по сето тоа Тој повторно се вмешал меѓу учениците како да не направил никакво зло и заедно со нив учествувал во подготовката за празникот. Учениците не знаеле ништо за целта на Јуда. Само Исус можел да ја прочита таа тајна. Сепак, Тој не сакал да го изобличи. Исус копнеел по неговата душа. Ја чувствувал по него истата онаа болка што Го обземала кога, набљудувајќи го Ерусалим, заплакал над градот осуден на пропаст. Срцето тажно вапело: „Како да те дадам?“ Силата на таа љубов ја почувствувал и Јуда. Кога Христос со Своите раце ги миел валканите нозе и ги бришел со крпа, Јудиното срце затреперило и почувствувал потреба веднаш да го признае својот грев. Но не сакал да се понизи. Тоа срце било премногу тврдо за да може да се покае и старите побуди, кои за момент биле потиснати, повторно завладеале со него. Јуда се соблазнил што Исус им ги миел нозете на Своите ученици. „Кога Исус можел да се понизи до таа мера“ мислел Јуда „тогаш Тој не е Израелски цар”. Сета надеж за световна чест во едно земно царство, пропаднала. Јуда бил уверен дека не може да добие ништо доколку и понатаму оди со Христа. Кога видел дека Христос според негово мислење сам се деградирал, Јуда уште поцврсто одлучил да се откаже од Него и да се прикаже како да бил измамен. Тој целосно се предал на власта на демоните и одлучил до крај да го спроведе планот на кој се согласил, предавајќи го својот Господ. {КВ 645.1}

Бирајќи место на трпезата, Јуда сам се ставил себеси на прво место, па Христос, во улога на слуга, прв му послужил нему. Јован, кон кого Јуда чувствувал толку голема горчина, бил оставен последен. Меѓутоа, Јован не го сметал тоа како укор или омаловажување. Набљудувајќи ги Христовите постапки, учениците биле длабоко возбудени. Кога дошол ред на Петар, тој извикал во чудење: „Господе, зар Ти ќе ги миеш моите нозе?“ Христовата понизност му го скршила срцето. Помислата дека ниту еден од учениците не се согласил да ја изврши таа должност го исполнувала со срам. Тој рекол: „Она што го правам Јас, ти сега не знаеш, но ќе го разбереш подоцна”. Петар не можел да гледа како неговиот Господ, за Кого бил убеден дека е Божји Син, извршува работа на еден слуга. Со сета душа се противел на таквото понижување. Не сфатил дека токму поради тоа Христос дошол на овој свет. За да го нагласи тоа, категорично изјавил: „Никогаш Ти нема да ги измиеш Моите нозе!“ {КВ 645.2}

Христос му рекол на Петар: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене”. Службата што Петар ја одбивал била симбол на повозвишено очистување. Христос дошол да го измие срцето од нечистотијата на гревот. Не дозволувајќи му на Христа да му ги измие нозете, Петар го одбивал повозвишеното чистење, кое било вклучено во пониското. Тоа всушност значело да се отфрли Господ. Бог не се понижува со тоа што ќе Му дозволиме да го изврши делото кое ќе не очисти. Вистинската понизност се состои во тоа со благодарни срца да примиме сѐ што ни е понудено и срдечно да Му служиме на Христа. {КВ 646.1}

На зборовите: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене“, Петар се откажал од својата горделивост и самоволност. Помислата дека може да биде одвоен од Христа за него била неподнослива, тоа за него би значело смрт. Тој рекол: „Не само моите нозе, туку и рацете и главата. Исус му одговори: На измиениот треба само нозете да му се измијат, зашто целиот е чист”. {КВ 646.2}

Овие зборови значат повеќе од чистота на телото. Христос сѐ уште зборува за она повозвишено чистење, кое симболично го прикажува со миење на нозете. Оној кој Доаѓа од бањата е чист, но нозете во сандали брзо се запрашуваат, па мораат повторно да се мијат. Така Петар и неговите браќа биле испрани во Големиот Извор, Кој е отворен за отстранување на гревот и нечистотијата. Христос ги признал како Свои. Меѓутоа, искушението ги навело на зло и сѐ уште им била потребна Неговата благодат која прочистува. Кога Исус се опашал со крпата за да им ги измие нозете кои биле извалкани од пешачењето, Тој сакал да ги измие нивните срца од меѓусебно отуѓување, љубомора и горделивост. Тоа било многу поважно од самото миење на правливите нозе. Со духот кој тогаш го манифестирале, ниту еден од нив не бил подготвен за заедница со Христа. Сѐ додека не станале понизни и полни со љубов, тие не биле подготвени ниту за пасхална вечера, ниту за спомен-службата која Христос имал намера да ја воспостави. Нивните срца морале да се очистат. Гордоста и себичноста создаваат неслога и омраза, но Христос сето тоа го измил со миење на нивните нозе. Сега биле обземени со други чувства. Гледајќи ги, Исус сега можел да каже: „Вие сте чисти”. Сега завладеало единство на срцето и меѓусебна љубов. Тие станале понизни и отворени да примат поучување. Освен Јуда, секој бил подготвен да го отстапи највисокото место на другиот. Сега, кога срцата им биле потчинети и полни со благодарност, биле во состојба да ги примат Христовите зборови. {КВ 646.3}

Слично на Петар и неговите браќа, и ние сме биле измиени со Христовата крв, но поради постојаниот допир со злото, душата што била очистена, повторно се валка. Затоа мораме да му се обратиме на Христа и да ја бараме Негова благодат која прочистува. Петар се набрал од помислата дека рацете на неговиот Господ ќе ги допрат неговите правливи нозе; а колку често нашето грешно, извалкано срце Доаѓа во допир со Христовото срце! Колку го жалости нашиот зол темперамент, нашата суета и нашата гордост! Сепак треба да Му ги донесеме Нему нашите слабости и осквернетост. Единствено Тој може да не измие. Ако не сме исчистени од Неговата сила, ние не сме подготвени за заедница со Него. {КВ 646.4}

Исус им рекол на Своите ученици: „Вие сте чисти, но не сите”. Тој му ги измил нозете и на Јуда, но срцето не можел да го измие, бидејќи Јуда не го дозволил тоа. Тој не се потчинил, ниту Му се предал на Христа. {КВ 649.1}

Кога им ги измил нозете на учениците, ја облекол горната облека и повторно седнал на трпезата; тогаш им рекол: „Знаете ли што ви сторив Јас вам? Вие Мене ме викате Учител и Господ и право велите, зашто Јас сум тоа. Па кога Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете вам, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг; зашто Јас ви дадов пример и вие да правите така како што Јас ви сторив вам. Вистина, вистина ви велам, слугата не е поголем од својот господар ниту пратеникот е поголем од оној што го пратил”. {КВ 649.2}

Христос сакал Неговите ученици да го сфатат фактот дека Неговото достоинство како Господ и Учител ни најмалку не е намалено со тоа што им ги измил нозете. „Вие ме нарекувате Учител и Господ и право велите, зашто Јас сум тоа”. Затоа што бил неспоредливо повозвишен од нив, Тој ја направил оваа служба привлечна и значајна. Никој не бил толку возвишен како Христос, а Сепак се наведнал за да изврши најпонизна служба. Со оваа постапка Христос лично дал пример на понизност, а со тоа овозможил Неговиот народ да не биде заведен од себичноста која живее во природното срце и која, кога човекот си угодува себеси, станува сѐ посилна. Не дозволил човекот да одлучува за ова толку важно прашање. Сметал дека тоа е толку значајно, што лично Тој, иако еднаков со Бога, се согласил да биде слуга на Своите ученици. Додека тие меѓусебно се бореле за највисока положба, Тој, пред Кого ќе клекне секое колено, за кого ангелите сметаат дека е чест да му служат, се наведнал да им ги измие нозете на оние кои Го викале Господ. Му ги измил нозете дури и на Својот предавник. {КВ 649.3}

Со Својот живот и со Своето учење Христос дал совршен пример на несебична служба која го има своето потекло во Бога. Бог не живее само за Себе. Создавајќи и одржувајќи во живот сѐ што создал, Тој постојано им служи на другите. „Тој прави Неговото сонце да изгрева на злите и на добрите и им дава дожд на праведните и на неправедните”. (Матеј 5:45) Овој идеал на служба Бог му го доверил на Својот Син. Исус имал задача да стои на чело на човечкиот род и со личен пример да покаже што значи да им се служи на другите. Неговиот живот во целост бил под законот на служба. Им служел на сите, им помагал на сите. Така го живеел Божјиот закон и со Својот пример покажал како треба да му се покоруваме на истиот. {КВ 649.4}

Тоа начело Исус постојано се обидувал да им го всади во срцето на Своите ученици. Кога Јаков и Јован го изнеле своето барање да им се даде превласт, Тој рекол: „Кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга”. (Матеј 20:26) „Во Моето царство за начелото на првенство или надмоќ нема место. Единствена големина е големината на понизноста. Единственото одликување се наоѓа во посветеноста во служење на другите”. {КВ 650.1}

Откако им ги измил нозете на учениците, Исус рекол: „Јас ви дадов пример и вие да правите така како што Јас ви сторив вам”. Со овие зборови Христос не сакал да препорача само покажување гостољубивост. Миењето нозе значело многу повеќе од самото отстранување на правта која се залепила на гостите при патувањето. Христос со тоа воспоставил верска служба. Со оваа постапка на нашиот Господ, тој обред на понизност станал посветен религиозен обред. На учениците им било наложено да го применуваат, за пред очите постојано да им биде Неговата поука за понизноста и службата. {КВ 650.2}

Христос го одредил овој обред како подготовка за службата на Светата вечера. Сѐ додека владеат горделивоста, неслогата и борбата за првенство, срцето не може да стапи во блиска врска со Христа и ние не сме подготвени за „заедница со Неговото тело и крв”. Затоа Исус одредил на Светата вечера да и претходи споменот на Неговата служба на понизност. {КВ 650.3}

Применувајќи го ова, Божјите деца секогаш треба да ги имаат на ум зборовите на Господарот на животот и славата: „Знаете ли што ви сторив Јас вам? Вие Мене ме викате Учител и Господ и право велите, зашто Јас сум тоа. Па кога Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете вам, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг; зашто Јас ви дадов пример и вие да правите така како што Јас ви сторив вам. Вистина, вистина ви велам, слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној што го пратил. Кога го знаете ова, блажени сте ако го исполнувате”. Според својата природа, човекот е склон себеси да се смета за подобар од својот брат, да работи за себе, да копнее по највисока положба, а тоа често доведува до зли претпоставки и огорченост. Обредот кој и претходи на Господовата вечера има цел да ги отстрани тие недоразбирања и да го ослободи човекот од неговата себичност и пиедесталот на самовоздигнувањето и да го насочи кон понизност на срцето, што ќе го наведе да им служи на своите браќа. {КВ 650.4}

На оваа свеченост е присутен светиот Стражар од Небото за да направи од истата време за самоиспитување, за уверување за гревот и за стекнување на блажено убедување за простени гревови. Тука се наоѓа Христос во сета полнина на Својата благодат да го измени текот на мислите кои биле насочени по каналите на себичноста. Светиот Дух поттикнува чувствителност кај оние кои се угледуваат на примерот на нашиот Господ. Додека размислуваме за понизноста на Спасителот, нашите мисли се поврзуваат една со друга, се појавуваат многу спомени спомени за големата Божја добрина и за благонаклоноста и нежноста на земните пријатели. Тогаш се сеќаваме на заборавените благодети, злоупотребената милост, омаловажената љубезност. Се откриваат корените на горчина кои ја задушувале драгоцената билка на љубовта. Се сеќаваме на своите карактерни недостатоци, запоставувани должности и неблагодарност кон Бога и студенило кон своите браќа. Гревот се појавува во светлината во која го гледа Бог. Тогаш нашите мисли не се веќе мисли на самозадоволство, туку на остра самокритика и понизност. Умот добива сила да ја сруши секоја бариера која причинила отуѓување. Човекот веќе не мисли ниту пак зборува лошо за другите. Гревовите се признаени и простени. Христовата благодат која потчинува ја освојува душата, а Неговата љубов ги привлекува срцата во едно благословено единство. {КВ 650.5}

Ако вака се прими поуката за службата на подготовката, во срцето се јавува желба за еден повозвишен духовен живот. Божествениот сведок кој е присутен тука, ќе одговори на ваквата желба. Душата ќе биде воздигната. Ќе учествуваме во Светата вечера и ќе бидеме осведочени дека гревовите ни се простени. Сончевата светлина на Христовата праведност ќе ги осветли сите катчиња на умот и храмот на душата. Ќе можеме да кажеме, го видовме „Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. (Јован 1:29) {КВ 651.1}

За оние кои ќе ја сфатат смислата и намената на оваа служба, таа никогаш нема да биде само една формалност. За нив таа ќе претставува постојана поука: „Служете си од љубов еден на друг”. (Галатјаните 5:13) Со тоа што им ги измил нозете на Своите ученици, Христос дал доказ дека е подготвен на секаква служба, Колку и да е таа понижувачка, за да ги направи Свои сонаследници на неминливото небесно богатство. Кога го вршат овој свет обред, учениците се заветуваат дека на ист начин ќе им служат на своите браќа. Кога правилно се извршува, овој обред ги доведува Божјите деца во свето сродство, што им овозможува да си помагаат меѓусебно и еден на друг да си бидат на благослов. Тие се заветуваат дека ќе го посветат својот живот на несебична служба и тоа не само да си служат еден на друг во црквата. Нивното попе на работа ќе биде исто толку широко како што било она на Учителот. Светот е полн со страдалници на кои нашата помош и служба им се неопходни. Сиромашни, беспомошни и неуки има насекаде. Оние кои со Христа во горната соба примиле „заедница на Христовото тело и крв,“ ќе тргнат да им служат на другите како што служел и Тој. {КВ 651.2}

Исус, на Кого Му служеле сите, дошол да им биде слуга на сите. Бидејќи им служел на сите, повторно сите ќе Му служат и ќе Му оддадат чест. Сите што сакаат да имаат дел во Неговите божествени карактерни особини и со Него да ја делат радоста, набљудувајќи ги душите на откупените, мораат да се угледаат на Неговиот пример на несебична служба. {КВ 651.3}

Сето ова било опфатено со зборовите на Спасителот: „Јас ви дадов пример и вие да правите како што Јас ви сторив вам!“ Тоа била целта на службата што ја воспоставил. Тој вели: „Кога го знаете ова,“ ако ја сфаќате смислата на Неговата поука, „блажени сте ако го исполнувате”. {КВ 651.4}

Сподели го ова:

Слични објави