18. „ТОЈ МОРА ДА РАСТЕ”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 3:22-36.

Влијанието на Јован Крстителот извесен период било посилно од влијанието на поглаварите, свештениците и владетелите. Доколку се прогласел за Месија и доколку би подигнал бунт против Рим, свештениците и народот би се собрале под неговото знаме. Сето она што упатува на славољубието на освојувачите на светот, сатаната бил подготвен да му го наметне на Јован Крстителот. Меѓутоа, иако пред себе имал докази за својата моќ, Јован решително ги одбивал тие сјајни можности. Вниманието што било сосредоточено на него, тој го насочувал на Друг. {КВ 178.1}

Сега видел како бранот на популарност се оддалечувал од него, насочувајќи се на Спасителот. Од ден на ден мноштвото околу него се намалувало. Кога Исус од Ерусалим дошол во областа Јордан, народот се собирал за да го слушне. Многумина Доаѓале заради крштевање и Христос, иако лично не крштевал, одобрувал тој обред да го извршуваат Неговите ученици. На тој начин ставил Свој печат на мисијата на Својот предвесник. Меѓутоа, Јовановите ученици љубоморно ја набљудувале сѐ поголемата популарност на Исус. Биле подготвени да го критикуваат Неговото дело и набргу, нашле можност за тоа. Помеѓу нив и Евреите се појавил судир околу тоа дали со крштевање се чисти душата од гревот. Тие тврделе дека Исусовото крштевање битно се разликува од Јовановото крштевање. Набргу се судриле со Христовите ученици во поглед на зборовите што треба да се употребуваат при крштевањето, а на крај и во поглед на правото на Христовите ученици да крштеваат. {КВ 178.2}

Јовановите ученици дошле кај него со своите поплаки, велејќи: „Рави, Оној што беше со тебе отаде Јордан, за кого сведочеше ти, ете, Тој крштева и сите одат кај Него”. Со тие зборови сатаната сакал да го искуша Јована. Иако неговата мисија веќе била при крај, тој Сепак можел да го попречува Христовото дело. Ако сакал да сочувствува со себеси и да изрази жалост или разочарување што е потиснат, Јован би посеал семе на раздор, би поттикнал завист и љубомора и сериозно би го загрозил напредокот на евангелското дело. {КВ 179.1}

По природа Јован имал мани и слабости својствени за секој човек, но се преобразил од допирот на божествената љубов. Тој живеел во атмосфера која не била заразена со себичност и желба за слава и високо над отровот на зависта. Тој не манифестирал симпатии со незадоволството на своите ученици, туку покажал колку јасно го сфаќа својот однос кон Месијата, колку радосно го дочекал Оној, за Кого го приготвил патот. {КВ 179.2}

Тој рекол: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од Небото. Вие сами сте ми сведоци дека реков: ‘Јас не сум Христос, туку сум пратен пред Него’. Оној што ја има невестата е младоженец. Но пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, од сѐ срце се радува што го слуша гласот на младоженецот”. Јован се претставил себеси како пријател, кој игра улога на посредник меѓу верниците, подготвувајќи го патот за свадбата. Кога младоженецот ќе ја добие невестата, мисијата на пријателот е завршена. Тој се радува на среќата на оние за чие соединување придонел. Така Јован бил повикан да го упати народот кон Исуса и тој со радост бил сведок на успехот на Спасителовото дело. Тој рекол: „И така оваа моја радост се исполни. Тој мора да расте, а јас да се намалувам”. (Јован 3:30) {КВ 179.3}

Гледајќи со вера кон Спасителот, Јован се издигнал до висина на самоодрекување. Тој не се трудел да ги привлече луѓето кон себе, туку да ги издигне нивните мисли сѐ повисоко и повисоко, сѐ додека тие не почиваат на Божјото Јагне. Тој бил само еден глас во пустината. Сега со радост прифатил молк и анонимност, за очите на луѓето да бидат вперени кон Светлината на животот. {КВ 179.4}

Оние што се верни на својот повик како Божји весници, нема да бараат почести за себе. Љубовта кон себеси, исчезнува во љубовта кон Христа. Никакво ривалство нема да го попречува драгоценото дело на евангелието. Таквите луѓе увидуваат дека нивното дело е да објават, како што тоа го направил Јован Крстителот: „Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот”. (Јован 1:29) Ќе го издигнат Исуса, а со Него ќе се издигне и човечкиот род. „Вака вели Вишниот и Возвишениот, Кој живее вечно и името му е Свети: ‘Престојувам во високо и свето место, но Јас сум и со оној што има скрушен и понизен дух, да го подигнам духот на понизните, да ги оживеам срцата на скрушените’”. (Исаија 57:13) {КВ 179.5}

Душата на пророкот, ослободена од своето „јас“ била исполнета со божествена светлина. Тој ја видел славата на Спасителот и зборовите што ги изговорил биле многу слични со зборовите што ги изговорил Христос во Својот разговор со Никодим. Јован рекол: „Кој Доаѓа одозгора, тој е над сите; кој е од Земјата, тој е земен и земно зборува. Кој Доаѓа од Небото, тој е над сите… Оној што го прати Бог, зборува Божји зборови, зашто Бог Нему му го дава Духот без мера”. Христос можел да каже: „Јас не ја барам Својата волја, туку волјата на Таткото, Кој Ме прати”. (Јован 5:30) За Него е објавено: „Ја љубеше правдата, а го мразеше беззаконието; затоа Бог, Твојот Бог, те помаза со масло на радост повеќе од Твоите соучесници”. (Евреите 1:9) Таткото „Нему му го дава Духот без мера”. {КВ 180.1}

Така е и со Христовите следбеници. Небесната светлина можеме да ја примиме само ако сме подготвени да се ослободиме од своето „јас”. Не можеме да го сфатиме Божјиот карактер, ниту да го примиме Христа со вера, ако не се согласиме секоја своја мисла во послушност да му ја покориме на Христа. На сите оние што постапуваат така, им се дава светлина и Свети Дух без мерка. Во Христа „пребива сета полнина на Божеството телесно, а вие сте исполнети во Него”. (Колосјаните 2:9,10) {КВ 181.1}

Јовановите ученици изјавиле дека сите одат кај Христа, но Јован, имајќи појасно разбирање, рекол: „Никој не го прима Неговото сведоштво;“ мал бил бројот на оние кои биле подготвени да го примат како Спасител од гревот. Меѓутоа, „оној што ќе го прими неговото сведоштво, потврдил дека Бог е вистинит”. (Јован 3:33) „Кој верува во Синот, има вечен живот”. Нема потреба од расправа дали Христовото или Јовановото крштевање чисти од гревот. Христовата благодат и дава живот на душата. Без Христа, крштевањето е како и секој друг обред, форма без вредност. „Оној што не верува во Синот, нема да има живот”. {КВ 181.2}

Властите во Ерусалим биле известени за успехот на Христовото дело, кое Крстителот го примил со огромна радост. Свештениците и рабините биле љубоморни на Јован, гледајќи дека под негово влијание народот ги напушта синагогите и заминува во пустина, но сега тука бил Оној, Кој имал уште поголема моќ да ги привлече мноштвата. Тие Израелски поглавари не биле подготвени да кажат како Јован: „Тој мора да расте, а јас да се намалувам”. Во нив се разбудила нова одлучност да му стават крај на делото, кое го одвојувало народот од нив. {КВ 181.3}

Христос знаел дека тие нема да штедат напори за да создадат раздор меѓу Неговите и Јовановите ученици. Тој знаел дека се подготвува бура, која ќе го понесе со себе еден од најголемите пророци, кои некогаш му биле дадени на светот. Сакајќи да избегне секаков повод за несогласувања или раздор, Тој тивко престанал со Својата работа и се повлекол во Галилеја. И ние исто така, останувајќи и верни на вистината, треба да се обидуваме да го избегнуваме сето она што би можело да доведе до несогласувања или неслога, зашто, кога тие ќе се појават, резултираат со загуба на души. Секогаш, кога настапуваат околности, кои се закануваат да предизвикаат неслога, ние треба да се угледаме на примерот на Христа и на Јован Крстителот. {КВ 181.4}

Јован бил повикан да биде водач на реформа. Поради тоа, неговите ученици се наоѓале во опасност да го сосредоточат своето внимание на него, сметајќи дека успехот на делото зависи од неговата работа и губејќи го од вид фактот дека тој само бил орудие со чија помош Бог делувал. Меѓутоа, Јовановото дело не било доволно да се постават темелите на христијанската црква. Кога тој ја исполнил својата мисија, морало да се изврши уште едно дело, кое не можело да се оствари со неговото сведоштво. Тоа не го сфатиле неговите ученици. Кога виделе дека Христос дошол да го преземе делото, тие биле љубоморни и незадоволни. {КВ 181.5}

Таква опасност сѐ уште постои. Господ го повикува човекот на некое дело, а кога човекот го извршува до онаа точка, каде што тоа одговара на неговите способности, Господ повикува други да ја продолжат започнатата задача. Меѓутоа, многумина, како Јовановите ученици, сметаат дека успехот на делото зависи од првобитните работници. Вниманието е сосредоточено на она што е земно, наместо на она што е небесно, се појавува завист, а напредокот на Божјото дело се попречува. Оној, кому на тој начин неоправдано му се укажуваат почести, Доаѓа во искушение да негува самоувереност. Таквиот човек не ја увидува својата зависност од Бога. Тој го поучува народот да се потпре на човечко водство, а со тоа народот паѓа во заблуда и се одвојува од Бога. {КВ 182.1} Божјото дело не смее да носи печат и натпис на човекот. Од време на време Господ употребува разновидни орудија со чија помош најуспешно можат да се остварат Неговите цели. Среќни се оние, кои имаат волја нивното „јас“ да биде понижено, велејќи со Јован Крстителот: „Тој треба да расте, а јас да се намалувам”. {КВ 182.2}

Сподели го ова:

Similar Posts