79. „СЕ СВРШИ”
Оваа поглавје е засновано на Матеј 27:31-53; Марко 15:20-38; Лука 23:26-46; Јован 19:16- 30.
Христос не Го предал Својот живот сѐ додека не Го завршил делото заради кое дошол, а тогаш во Својот последен здив извикал: „Се сврши”. (Јован 19:30) Битката била добиена. Неговата десница и света рака му донела победа. Тој како Победник го истакнал Своето знаме на вечните висини. Зар меѓу ангелите немало радост? Цело Небо ликувало поради победата на Спасителот. Сатаната бил поразен и знаел дека Неговото царство е загубено. {КВ 758.1}
За ангелите и безгрешните светови, зборовите „Се сврши“ имале длабоко значење. Заради нив, како и заради нас било извршено големото дело на откуп. Тие заедно со нас ги уживаат плодовите на Христовата победа. {КВ 758.2}
Сѐ до Христовата смрт, карактерот на сатаната не им бил јасно откриен на ангелите и безгрешните светови. Архиотпадникот толку се служел со измами, што дури ниту светите суштества не ги разбирале неговите побуди. Тие целосно не ја сфаќале природата на неговата побуна. {КВ 758.3}
Против Бога се побунило суштество кое имало чудесна сила и слава. Господ кажал за Луцифер: „Ти беше печат на совршенството, полн со мудрост и чудесно убав”. (Езекиел 28:12) Луцифер бил херувим засолнувач. Престојувал во светлината на Божјото лице. Тој бил најголем од сите создадени суштества и бил најистакнат во откривањето на Божјата намера на вселената. Кога се побунил, неговата моќ да измамува станала уште поголема, а неговиот карактер уште потешко можел да се разоткрие, бидејќи заземал висока положба кај Таткото. {КВ 758.4}
Бог можел да го уништи сатаната и неговите приврзаници толку лесно, како кога човек фрла некое камче, но Тој не го направил тоа. Бунтот не требало да се совлада по пат на примена на сила. Принуда постои само под сатанската власт. Господовите начела не се од таков вид. Неговата власт се заснова на добрина, милост и љубов и токму манифестирањето на тие особини е средство кое треба да се искористи. Божјото владеење е морално, а вистината и љубовта треба да бидат сила што преовладува. {КВ 759.1}
Божјата цел била сѐ да се постави на темел на вечна безбедност и затоа во небесниот совет бил одлучено да му се остави време на сатаната за да ги развие начелата кои претставуваат темел на неговиот систем на владеење. Тој тврдел дека неговите начела се посупериорни од Божјите. На сатанските начела им е дадено време да се развиваат, за да може целата вселена да ги согледа. {КВ 759.2}
Сатаната ги навел луѓето на грев и тогаш планот на спасението бил ставен во функција. Четири илјади години Христос работел за издигнување на човекот, а сатаната на негово рушење и деградирање. Сето тоа го набљудувала небесната вселена. {КВ 759.3}
Кога Исус дошол на светот, сатанската сила се свртела против Него. Уште од моментот кога Исус се појавил како мало дете во Витлеем, бунтовникот работел на тоа да го предизвика Неговото уништување. Тој се трудел на сите можни начини да го спречи Исуса во развивање на совршено детство, безгрешна зрелост, света служба и жртва без мана. Меѓутоа, доживеал пораз. Тој не успеал да го наведе Исуса на грев. Не можел да Го обесхрабри, ниту да го одврати од делото заради кое дошол на Земјата. Од пустината па до Голгота, бурата на сатанскиот гнев навалувала на Исуса, но колку што бурата станувала понемилосрдна, толку поцврсто Божјиот Син ја држел раката на Својот Татко и порешително продолжувал по патеката попрскана со крв. Сите напори на сатаната да го потчини и совлада Исуса, овозможувале Исусовиот беспрекорен карактер да блеска со уште почиста светлина. {КВ 759.4}
Цело Небо и сите безгрешни светови биле сведоци на таа борба. Со какво внимание ги следеле завршните сцени на судирот! Виделе кога Спасителот влегол во Гетсиманската градина и како душата му била притисната од ужасот на голема темнина. Го слушнале Неговиот извик: „Татко, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша”. (Матеј 26:39) Кога Таткото се повлекол, го виделе во жалосна горчина на болката, која ја надминувала онаа од последната голема борба со смртта. Крвави капки пот избивале од Неговите пори и капеле на земјата. Три пати Неговите усни изговориле молитва за избавување. Небото веќе не можело да ја издржи таа сцена и на Божјиот Син му бил упатен гласник на утеха. {КВ 759.5}
Небото видело како Жртвата била предадена во рацете на убиственото мноштво и како со потсмев и насилство ја водат од еден суд до друг. Слушнало како прогонителите му се потсмеваат поради Неговото скромно потекло. Слушнало како еден од Неговите омилени ученици се одрекува од Него со клетва и заколнување. Го видело гневното сатанско дело и неговата моќ над срцата на луѓето. Каква ужасна сцена! Христос, фатен на полноќ во Гетсиманската градина, влечен ваму таму од палатата до судницата, двапати изведуван пред свештениците, двапати пред Синедрионот, двапати пред Пилат и еднаш пред Ирод, исмеван, шибан, осуден и изведен да биде распнат, носејќи го тешкиот товар на крстот, среде плачот на ерусалимските ќерки и подбивањето на толпата. {КВ 760.1}
Небото со болка и чудење набљудувало како Христос виси на крстот, како крвта тече од Неговите ранети слепоочници, како крупни капки пот обоени со крв го облеваат Неговото чело. Од Неговите раце и нозе крвта во капки се слевала на карпата издлабена за подножје на крстот. Се ширеле раните од клиновите на Неговите раце, затоа што тежината на Неговото тело сега почивало на рацете. Неговото отежнато дишење станувало сѐ побрзо, затоа што Неговата душа страдала под товарот на гревовите на светот. Цело небо се восхитило кога Христос сред Своите ужасни маки ја упатил молитвата: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават”. (Лука 23:24) Но сепак тука стоеле луѓе, создадени според Божјиот лик, кои се здружиле да го уништат животот на Неговиот Единороден Син. Каква сцена било тоа за небесната вселена! {КВ 760.2}
Поглаварствата и властите на темнината се собрале околу крстот, фрлајќи пеколна сенка на неверие во срцето на луѓето. Кога Господ ги создал тие суштества да стојат пред Неговиот престол, тие биле прекрасни и славни. Нивната убавина и нивната светост била во склад со нивната возвишена положба. Тие биле збогатени со Божја мудрост и биле опремени со сето небесно оружје. Тоа биле Господови слуги. Меѓутоа, кој би можел во паднатите ангели да го препознае славниот серафим, кој некогаш служел во небесните дворови? {КВ 760.3}
Сатанските сили здружени со злите луѓе го поттикнувале народот да верува дека Христос е најголем грешник и дека затоа треба да го презираат. Оние што Му се потсмевале на Христа, Кој бил распнат на крст, биле проникнати со духот на првиот бунтовник. Тој ги исполнил со грди и одвратни зборови. Тој ги поттикнувал нивните навреди. Но од сето ова не добил ништо. {КВ 760.4}
Кога во Христа би можел да се најде барем еден грев, кога во најмала ситница би му попуштил на сатаната за да ги избегне ужасните маки непријателот на Бога и на човекот би триумфирал. Христос ја спуштил главата и починал, но цврсто се држел за својата вера и покорност на Бога. „И чув силен глас на небото како зборува: Сега настапи спасението, силата и царството на нашиот Бог и власта на неговиот Христос, зашто е исфрлен клеветникот на нашите браќа кој ги клеветеше дење и ноќе пред нашиот Бог”. (Откровение 12:10) {КВ 761.1}
Сатаната сфатил дека неговата маска е разоткриена. Неговото владеење било откриено пред безгрешните ангели и пред небесната вселена. Тој се покажал како убиец. Пролевајќи ја крвта на Божјиот Син, сатаната конечно ја загубил секоја наклоност на небесните суштества. Од тогаш неговото делување е ограничено. Каков став и да заземел, веќе не можел да ги дочекува ангелите кога доаѓаат од небесните дворови и пред нив да ги обвинува Христовите браќа дека се облечени во облеки на црнило, осквернети од гревот. Прекината била и последната алка на наклонетост помеѓу сатаната и небесниот свет. {КВ 761.2}
Сепак, сатаната не бил уништен. Ангелите ниту тогаш не сфатиле што сѐ е опфатено во оваа голема борба. Уште поцелосно требало да се откријат начелата за кои станува збор. Заради човекот постоењето на сатаната морало да се продолжи. И луѓето и ангелите треба да ја увидат разликата помеѓу Кнезот на светлината и кнезот на темнината. Човекот мора да одлучи кому ќе му служи. {КВ 761.3}
На почетокот на големата борба сатаната тврдел дека Божјиот закон не може да се држи, дека правдата не е во склад со милоста и дека на грешникот не може да му се прости доколку го прекрши законот. За секој грев мора да следи казна тврдел сатаната; и кога Бог би пропуштил да го казни гревот, Тој не би бил Бог на вистината и правдата. Сатаната ликувал кога луѓето го кршеле Божјиот закон и кога постапувале спротивно на Неговата волја. Тој изјавил оти е докажано дека луѓето не можат да му се покоруваат на законот, дека не може да им се прости. Бидејќи и по својот бунт бил прогонет од небото, упорно тврдел дека и човечкиот род мора засекогаш да биде исклучен од Божјата милост. Бог не може да биде праведен, истакнувал сатаната и истовремено да манифестира љубов кон грешникот. {КВ 761.4}
Меѓутоа, иако човекот бил грешник, неговата положба се разликувала од положбата на сатаната. Луцифер на небото згрешил во светлината на Божјата слава. Нему, како и на други создадени суштества, им било дадено откровението на Божјата љубов. Иако го сфаќал Божјиот карактер и ја познавал Неговата добрина, сатаната одлучил да постапува според сопствената себична, независна волја. Тој избор бил конечен. Бог веќе не можел да направи ништо за да го спаси. Меѓутоа, човекот е измамен, а неговиот ум замрачен од сатанските лаги. Тој не ја познавал височината и длабочината на Божјата љубов. За него постоела надеж во познавањето на Божјата љубов. Тој можел да се врати кај Бога со набљудување на Неговиот карактер. {КВ 761.5}
Преку Исуса, Божјата милост им се открила на луѓето, но таа не ја укинала правдата. Законот ги открива својствата на Божјиот карактер и ниту најмала ситница во него не може да се измени поради грешниот човек. Бог не го променил Својот закон, туку се жртвувал Себеси во Христа за да го откупи човекот. „Бог го помири светот со Себе во Христа”. (2. Коринтјаните 5:19) {КВ 762.1}
Законот бара праведност праведен живот, совршен карактер а човекот не е во состојба да го даде тоа. Тој не може да удоволи на барањата на Божјиот свет закон. Меѓутоа, Христос, Доаѓајќи на Земјата како човек, живеел свет живот и изградил совршен карактер. Тој го нуди тоа како бесплатен дар на сите што сакаат да го примат. Неговиот живот е замена за животот на луѓето. Така, благодарение на Божјото трпение, тие добиваат простување за минатите гревови. Повеќе од тоа, Христос ги исполнува луѓето со Божји особини. Тој изградува човечки карактер според божествениот, ускладувајќи ја духовната сила и убавина. Така, во оној што верува во Христа се исполнува праведноста на законот. Така, Бог може да биде „праведен и да го оправдува оној што верува во Исуса”. (Римјаните 3:26) {КВ 762.2}
Божјата љубов се изразува во Неговата правда исто толку колку и во Неговата милост. Правдата е основа на Неговиот престол и плод на Неговата љубов. Сатаната сакал да ја одвои милоста од вистината и правдата. Сакал да докаже дека праведноста на Божјиот закон е непријател на мирот. Меѓутоа, Христос покажал дека тие во Божјиот план се неразделно поврзани и дека едното не може да постои без другото. „Милоста и вистината ќе се сретнат; праведноста и мирот ќе се бакнат”. (Псалм 85:10) {КВ 762.3}
Со Својот живот и со Својата смрт Христос докажал дека Божјата правда не ја уништува Неговата милост, туку дека гревот може да биде простен, дека законот е праведен и дека тој во потполност може да се држи. Биле отфрлени сатанските обвинувања. Бог му дал на човекот несоборлив доказ за Својата љубов. {КВ 762.4}
Сега требало да се појави една нова измама. Сега сатаната тврди дека милоста ја уништила правдата, дека Христовата смрт го укинала Татковиот закон. Кога би било можно да се промени или укине законот, Христос не би морал да умре. Меѓутоа, укинувањето на законот би значело овековечување на престапот и ставање на светот под власт на сатаната. Христос бил издигнат на крстот токму затоа што законот е непроменлив, зашто човекот може да се спаси единствено покорувајќи се на Неговите одредби. Тие средства, со чија помош Христос го воспоставил законот, сатаната ги прикажал како средства кои го уништуваат. Токму на тоа подрачје ќе дојде до последен судир во големата борба помеѓу Христа и сатаната. {КВ 762.5}
Сега сатаната истапува со тврдење дека законот што го објавил Бог со Својот глас е погрешен; дека некои негови одредби се укинати. Тоа е последната голема измама, која тој ќе му ја понуди на светот. Тој нема потреба да го напаѓа целиот закон; целта ќе ја постигне дури и ако ги наведе луѓето да не почитуваат само еден пропис. Зашто, „оној што го држи целиот закон, а ќе згреши само во едно, виновен е за сѐ”. (Јаков 2:10) Луѓето потпаѓаат под сатанската власт прифаќајќи да престапат една заповед. Сатаната ќе се труди да завладее со светот, заменувајќи го Божјиот закон со човечки. Тоа дело е претскажано и во пророштвата. За големата отпадничка сила, која е претставник на сатаната се вели: „Тој ќе зборува големи зборови против Севишниот, ќе ги угнетува светиите на Севишниот и ќе помислува да ги измени времињата и законите и светиите ќе бидат предадени во неговите раце”. (Даниел 7:25) {КВ 763.1}
Луѓето сигурно ќе воспоставуваат свои закони за да делуваат наспроти Божјите закони. Ќе настојуваат да ја присилат совеста на другите и во својата ревност да ги наметнат тие закони, ќе ги угнетуваат своите ближни. {КВ 763.2}
Борбата против Божјиот закон, која започнала на небото, ќе продолжи сѐ до крајот на времето. Секој човек ќе биде ставен на тест. Послушност или непослушност е прашање за кое треба да се одлучи светот. Сите ќе бидат повикани да изберат помеѓу Божјиот закон и човечките закони. Тука ќе се повлече линија на одвојување. Ќе има само две класи на луѓе. Секој карактер ќе биде целосно развиен и секој ќе покаже дали се определил за послушност или за бунт. {КВ 763.3}
Тогаш ќе дојде крајот. Бог ќе го оправда Својот закон и ќе го ослободи Својот народ. Сатаната ќе биде уништен, а со него и сите оние кои му се придружиле во бунтот. Ќе биде уништен и гревот и грешниците, коренот и гранките (Малахија 4:1) сатаната како корен, а неговите следбеници како гранки. Ќе се исполни Речта упатена кон кнезот на злото: „Бидејќи своето срце го изедначи со Божјото… ќе те уништам херувиме засолнувач, од средината на огнените камења… ти ќе станеш за ужас и нема да те има повеќе”. Потоа „грешникот нема да постои; ќе го бараш неговото место, а него ќе го нема повеќе;“ „тие ќе бидат како никогаш да не биле”. (Езекиел 28:6-19; Псалм 37:10; Авдија 16) {КВ 763.4}
Тоа не е никаков акт на самоволие од Божја страна. Оние, кои ја отфрлиле Неговата милост, го жнеат она што го посеале. Бог е извор на животот и кога човекот ќе одлучи да му служи на гревот, се одвојува од Бога и така сам себеси се лишува од животот. Тој е „отуѓен од Божјиот живот”. Христос вели: „Сите што Ме мразат Мене, ја љубат смртта”. (Ефесјаните 4:18; Изреки 8:36) Бог дозволува извесен период да живеат, за да можат да го развијат својот карактер и да ги откријат своите начела. Кога тоа време ќе истече, тие примаат плодови на својот избор. Преку живот на побуна, сатаната и сите што се обединуваат со него, се ставаат себеси во таква несообразност со Бога, што и самото Негово присуство за нив е оган кој запалува. Нив ги уништува славата на Оној, Кој е љубов. {КВ 764.1}
На почетокот на големата борба ангелите не го сфатиле тоа. Кога сатаната и неговата војска би биле препуштени да ги жнеат последиците на својот грев, тие би пропаднале; но за небесните суштества не би изгледало дека тоа е неизбежна последица на гревот. Сомнежот во Божјата добрина би останала во нивниот ум како зло семе, кое би го донело својот смртоносен плод на грев и несреќа. {КВ 764.2}
Меѓутоа, тоа нема да биде така кога ќе заврши големата борба. Кога планот на спасението ќе биде завршен, Божјиот карактер ќе се открие на сите разумни созданија. Тогаш ќе се види дека одредбите на Неговиот закон се совршени и непроменливи. Тогаш гревот ќе ја покаже својата природа, а сатаната својот карактер. Тогаш искоренувањето на гревот ќе ја оправда Божјата љубов и ќе ја воздигне Неговата чест пред вселената чии суштества наоѓаат радост да ја творат Неговата волја и во чии срца се наоѓа Неговиот закон. {КВ 764.3}
Затоа ангелите можеле да се радуваат набљудувајќи го Спасителот на крстот; зашто, иако тогаш не сфатиле сѐ, знаеле дека уништувањето на гревот и сатаната за секогаш станало извесно, дека е осигурен откупот на човекот и дека вселената станала вечно безбедна. Самиот Христос во целост ги сфатил последиците на жртвата принесена на Голгота. Сето ова го гледал пред Себе, кога на крстот извикал: „Се сврши”. {КВ 764.4}