21. ВИТЕЗДА И СИНЕДРИОНОТ
Оваа поглавје е засновано на Јован 5.
„Во Ерусалим, кај Овчата врата, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови. Во нив лежеа мнозина болни, слепи, хроми, кои чекаа водата да се разбрани”. {КВ 201.1}
Во одредено време водите во оваа бања се раздвижувале и било распространето верувањето дека тоа било резултат на некоја натприродна сила и дека оној, кој прв ќе влезе во бањата, откако водата ќе се раздвижи, ќе оздрави без оглед од каква болест да боледува. Стотици болни доаѓале во таа бања. Меѓутоа, ги имало толку многу што, кога водата ќе се раздвижела, секој навалувал да влезе, газејќи сѐ пред себе, мажи, жени и деца, кои биле послаби од него. Многумина и не можеле да се приближат до бањата. Некои, кои успевале да дојдат до неа, умирале на нејзиниот раб. Околу бањата биле подигнати засолништа за да можат болните да се заштитат од горештините дење и од студот ноќе. Имало и болни, кои минувале неколку ноќи под тие тремови, од ден на ден ползејќи до водата, попусто надевајќи се дека ќе оздрават. {КВ 201.2}
Исус повторно дошол во Ерусалим. Додека одел сам, размислувал и се молел. Тој дошол до бањата. Видел несреќни и болни, кои чекале на она што го сметале како своја единствена можност да оздрават. Тој копнеел да ја употреби Својата моќ на исцелување и да го исцели секој болен. Меѓутоа, било сабота. Мноштво луѓе оделе на богослужение во храмот и Исус знаел дека таквото дело на исцелување толку би ги поттикнало предрасудите на Евреите, што би ја сопрело Неговата работа. {КВ 201.3}
Меѓутоа, Спасителот видел еден човек во многу лоша состојба. Тоа бил човек што триесет години бил беспомошен инвалид. Неговата болест во голема мера била последица на неговиот грев и била сметана како Божја казна. Осамен и без пријатели, чувствувајќи дека е исклучен од Божјата милост, овој болен многу години поминал во страдање. Во времето, кога се очекувало водата да се раздвижи, оние кои го сожалувале во неговата немоќ, би го однеле до тремот. Меѓутоа, во соодветниот момент не се нашол никој, кој би можел да му помогне. Тој видел како водата се бранува, но никогаш не бил во состојба да оди подалеку од работ на бањата. Други, посилни од него, скокале во водата пред него. Не можел успешно да се бори со себичната толпа, која навалувала. Неговите истрајни напори насочени кон една единствена цел и неговата вознемиреност и постојаното разочарување брзо ја исцрпувале и онаа малку сила која му преостанала. {КВ 202.1}
Болниот лежел на својот одар и од време на време ја подигнувал главата за да фрли поглед кон водата. Тогаш едно нежно лице со израз на сочувство се наведнало над него и неговото внимание го привлекле зборовите: „Сакаш ли да оздравиш?“ Надежта се разбудила во срцето на Болниот. Почувствувал дека на некој начин ќе му биде пружена помош. Меѓутоа, светлината на охрабрувањето брзо исчезнала. Се сетил колку пати се обидувал да стигне до водата, а сега имал мали изгледи дека ќе живее, додека водата повторно не се разбрани. Се свртел изморено и рекол: „Господине, немам човек да ме спушти во бањата, кога ќе се разбранува водата; а додека дојдам јас, друг слегува пред мене”. {КВ 202.2}
Исус од овој страдалник не барал да покаже вера во Него. Тој едноставно рекол: „Стани, подигни ја својата постела и оди”. Меѓутоа, верата на болниот се фатила за овие зборови. Секој негов нерв и мускул се исполниле со нов живот и здравјето се вратило во неговите осакатени екстремитети. Без приговор, тој се покорил на Христовата наредба и сите негови мускули се покориле на неговата волја. Скокнал на нозе и почувствувал дека е здрав човек. {КВ 202.3}
Исус не му ветил божествена помош. Болниот би можел да се посомнева и на тој начин би ја пропуштил единствената можност да оздрави. Меѓутоа, тој верувал во Христовите зборови и постапувајќи според нив, добил сила. {КВ 203.1}
Со истата вера и ние можеме да стекнеме духовно исцелување. Гревот не одвоил од животот во Бога. Нашите души се парализирани. Сами по себе, ние не сме во состојба да живееме свет живот, како што немоќниот човек не бил способен да оди. Многу луѓе увидуваат дека се беспомошни и копнеат по оној духовен живот, кој ќе ги доведе во склад со Бога; тие попусто се обидуваат да го постигнат тоа. Во очај, тие викаат: „Беден човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова смртно тело?“ (Римјаните 7:24) Нека тие луѓе, кои очајуваат и кои се борат, го подигнат својот поглед. Спасителот се наведнува над оние, кои ги откупил со Својата крв и со неискажана нежност и сочувство вели: „Сакаш ли да оздравиш?“ Тој те повикува да станеш во здравје и мир. Не чекај да почувствуваш дека си исцелен. Верувај во Неговата Реч и таа ќе се исполни. Стави ја својата волја на страната на Христа. Имај волја да му служиш и постапувајќи според Неговата Реч, ќе добиеш сила. Колку и да е зла навиката, какви и да се страстите, кои по долгото попуштање ги врзуваат душата и телото, Христос може и копнее да те ослободи. Тој ќе и даде духовен живот на душата која е „мртва поради престапите”. (Ефесјаните 2:1) Тој му дава слобода на робот, врзан од слабостите, несреќите и синџирите на гревот. {КВ 203.2}
Исцелениот човек се наведнал да ја подигне својата постела, која се состоела од само една простирка и ќебе, а кога се исправил со чувство на огромно задоволство, се завртел околу себе, барајќи го со поглед својот Избавител, но Исус веќе исчезнал во мноштвото. Тој се плашел дека нема да го препознае ако повторно го сретне. Одејќи со цврст, силен чекор, фалејќи го Бога и радувајќи се на својата новооткриена сила, тој сретнал неколку фарисеи и веднаш им раскажал како оздравел. Бил изненаден, кога видел како тие студено го сослушале. {КВ 203.3}
Со смуртени чела тие го прекинале, прашувајќи го зошто ја носи својата постела, во саботен ден. Строго го предупредиле дека не е дозволено да се носи товар во Господовиот ден. Во својата радост, човекот заборавил дека е сабота. Сепак, не чувствувал дека згрешил што се покорил на заповедта на Оној, Кој имал таква моќ од Бога, па смело одговорил: „Оној што ме исцели ми рече: ‘Земи ја својата постела и оди’”. Тие го прашале кој го направил тоа, но тој не можел да им каже. Тие поглавари знаеле дека постоел само Еден, Кој можел да го направи тоа чудо, но сакале да имаат јасен доказ дека тоа бил Исус, за да можат да го осудат за прекршување на саботата. Според нивното фарисејско мислење, Тој не само што го прекршил законот со тоа што излекувал болен во сабота, туку направил сквернавење што му рекол на исцелениот човек да ја носи својата постела во сабота. {КВ 203.4}
Евреите толку го изопачиле законот, што дури го претвориле во ропски јарем. Нивните бесмислени барања станале изрека кај другите нации. Особено саботата била оградена со сите можни бесмислени ограничувања. За нив таа не била радост, свет Господов ден. Книжевниците и фарисеите направиле празнувањето на саботата да стане неподнослив товар. На Евреинот не му било дозволено да запали оган, па дури ниту да запали свеќа во сабота. Поради тоа, тие зависеле од незнабошците за многу услуги, кои нивните правила им забранувале сами да ги прават. Тие не помислувале дека доколку тие постапки значат престап, тогаш и оние што ги вработуваат другите да им направат услуга се исто толку виновни, како самите да ја извршиле. Тие сметале дека спасението е наменето само за Евреите и дека состојбата на другите, бидејќи е веќе безнадежна, не може да биде полоша. Меѓутоа, Бог не дал никаква заповед, која сите не би можеле да ја послушаат. Неговите закони не одобруваат никакви неразумни или себични ограничувања. {КВ 204.1}
Во храмот Исус го сретнал човекот што го излекувал. Тој дошол тука да принесе жртва за грев и жртва на благодарност за големата милост што ја примил. Наоѓајќи го меѓу верниците, Исус му се претставил со зборови на опомена: „Ете, сега си здрав. Не греши повеќе за да не ти се случи нешто уште полошо”. {КВ 204.2}
Излекуваниот човек бил многу среќен, кога го сретнал својот Спасител. Не знаејќи за непријателството кон Исуса, тој им раскажал на фарисеите дека тоа е Оној, Кој го излекувал. „Затоа Евреите го прогонуваа Исуса и го бараа да го погубат, бидејќи тоа го сторил во сабота”. {КВ 204.3}
Исус бил изведен пред Синедрионот да одговара за наводно прекршување на саботата. Ако Евреите во тој период биле независен народ, таквото обвинување би им послужило на нивната цел да го погубат Христа. Тоа било оневозможено заради нивната потчинетост кон Рим. Евреите немале право да изречат смртна пресуда, а обвинувањата против Христа не би имале никакво значење пред римскиот суд. Меѓутоа, постоеле и други цели, кои се надевале дека ќе ги постигнат. Наспроти нивното настојување да го осуетат Неговото дело, Христос стекнал, дури и во Ерусалим, поголемо влијание кај народот, отколку што имале тие. Мноштвата, кои немале интерес во осудувачките говори на рабините биле привлечени од Неговото учење. Тие можеле да ги разберат Неговите зборови и нивните срца биле загреани и утешени. Тој не зборувал за Бога како за некој одмаздољубив Судија, туку како за нежен Татко и им го откривал Божјиот лик, Кој се одразувал во Него. Зборовите му биле како мелем за ранетата душа. Со Своите зборови и дела на мислордие, Тој ја кршел угнетувачката моќ на старите традиции и човечките заповеди, и ја прикажувал Божјата љубов во сета нејзина неисцрпност. {КВ 204.4}
Во едно од најраните пророштва за Христа било кажано: „Царскиот жезол нема да се оддели од Јуда, ниту законодавач од неговите нозе додека не дојде Шајло, и во Него ќе се собираат народите”. (Создавање 49:10) Народот се собирал околу Христа. Сочувствителните срца на мноштвото примале поуки на љубов и добродетелство претпочитувајќи ги пред строгите обреди што ги барале свештениците. Кога свештениците и рабините не би правеле проблеми, Неговото учење би издејствувало таква реформација, каква што светот никогаш не доживеал. Меѓутоа, поглаварите одлучиле да го уништат Исусовото влијание за да ја сочуваат својата власт. Со изведување на Исуса пред Синедрионот и со јавното осудување на Неговото учење, се надевале дека ќе го постигнат тоа, бидејќи народот сѐ уште имал многу стравопочит кон своите верски поглавари. Секој, кој би се осмелил да ги осуди рабинските прописи или да го олесни товарот што тие прописи му го предизвикувале на народот, бил сметан за виновник не само за богохулење, туку и за предавство. Рабините се надевале дека врз основа на ова ќе предизвикаат недоверба во Христа. Го прикажувале како некој, кој сака да ги сруши воспоставените обичаи и со тоа да предизвика неслога кај народот и да го подготви патот за целосно подјармување од страна на Римјаните. {КВ 205.1}
Меѓутоа, тој план на чие остварување рабините ревно работеле, потекнувал од еден друг совет, а не од Синедрионот. Бидејќи не успеал да го совлада Христа во пустината, сатаната ги собрал своите сили за да му се спротивстави во Неговата служба и ако е можно да го попречи Неговото дело. Она што не можел да го постигне со непосредни, лични напори, одлучил да го постигне преку стратегија. Откако се повлекол по судирот во пустината, тој заедно со ангелите кои биле во сојуз со него, смислил план уште повеќе да го заслепи разумот на Евреите, за да не го препознаат својот Откупител. Направил план да работи преку своите претставници во верскиот свет, исполнувајќи ги со своето непријателство кон поборникот на вистината. Тој сакал да ги наведе да го отфрлат Христа и да му го направат животот колку што е можно погорчлив, надевајќи се дека со тоа ќе го обесхрабрат во Неговата мисија. И израелските поглавари станале сатанско орудие во борбата против Спасителот. {КВ 205.2}
Исус дошол да „го возвеличи и прослави законот”. Тој не ја намалил неговата достоинственост, туку ја издигнал. Светото Писмо вели: „Тој нема да изнемошти, ниту ќе се обесхрабри, додека не постави суд на Земјата”. (Исаија 42:21,4) Тој дошол да ја ослободи саботата од тешките прописи поради кои, наместо благослов, се претворила во проклетство. {КВ 206.1}
Од таа причина ја избрал саботата да го изврши делото на исцелување во Витезда. Можел да го исцели болниот во кој било друг ден во седмицата или едноставно можел да го исцели не кажувајќи му да ја носи својата постела. Меѓутоа, тоа не би му ја пружило можноста што ја посакувал. Секоја постапка на Христовиот живот на Земјата се засновал на некоја одредена цел. Сѐ што направил Тој било значајно само по себе и по својата поучност. Меѓу страдалниците во бањата го избрал најтешкиот болен на него да ја манифестира Својата моќ на исцелување и му кажал на тој човек да ја носи својата постела низ градот, за да го објави големото дело, кое било извршено над него. На тој начин ќе се поттикне прашањето за тоа што според законот може да се прави во саботен ден и ќе му го отвори патот да ги осуди еврејските ограничувања во врска со Господовиот ден и да ги прогласи нивните традиции за неважечки. {КВ 206.2}
Исус рекол дека делото на исцелување на болните е во склад со законот за саботата, како и со делото и задачата на Божјите ангели, кои постојано се симнуваат и качуваат помеѓу Небото и Земјата, за да му помогнат на човештвото што страда. Исус рекол: „Мојот Татко досега работи и Јас работам”. Сите денови се Божји во кои треба да се спроведуваат Неговите планови за човечкиот род. Кога еврејското толкување на законот би било точно, тогаш греши и Јехова, чие дело оживува и го одржува секое живо суштество откако ги поставил темелите на Земјата. Тоа би значело дека Оној, Кој го прогласил Своето дело за добро и Кој ја воспоставил саботата како спомен на завршување на истото, мора да ја сопре Својата работа и да го запре бескрајниот тек на вселената. {КВ 206.3}
Треба ли Бог да му забрани на Сонцето да ја врши својата должност во сабота, да ги скрати своите благотворни зраци, кои ја загреваат Земјата и ги хранат растенијата? Дали движењето на световите мора да запре во тој свет ден? Дали Бог треба да им нареди на потоците да не ги залеваат полињата и шумите и на морските бранови да не создаваат плими и осеки? Дали пченицата и пченката треба да престанат да растат, а зрелиот грозд да го запре руменилото на својата зрелост? Дали дрвјата и цвеќињата не смеат да пупат и да цветаат во сабота? {КВ 206.4}
Во тој случај на луѓето би им недостигале плодовите на земјата и благословите што го прават животот пожелен. Природата мора да го продолжи својот непроменлив тек. Бог, ниту за еден момент не може да ја запре Својата рака, инаку човекот би изнемоштил и би починал. Тој ден и човекот мора да работи. Мора да се обрне внимание на животните потреби, болниот мора да се негува, на сиромашните и страдалниците мора да им се укаже помош. Не е без вина оној што занемарува да ги олесни страдањата во саботниот ден. Божјиот свет ден за одмор е создаден за човекот и делата на милосрдие се во склад со намената на саботата. Бог не сака Неговите созданија ниту за еден час да ги поднесуваат страдањата, кои би можеле да се отстранат во сабота или кој било друг ден. {КВ 207.1}
Барањата кон Бога се дури поголеми во саботата, отколку во другите денови. Неговиот народ тогаш ја напушта својата вообичаена работа и времето го поминува во размислување и во богослужение. Верниците во сабота бараат од Бога повеќе благонаклонетост, отколку во некој друг ден. Тие бараат Негово посебно внимание и копнеат по Неговите посебни благослови. Бог не чека да помине саботата и дури тогаш да ги услиши тие барања. Небото никогаш не престанува да работи и луѓето никогаш не треба да одмораат од правење добро. Саботата не треба да биде време поминато во некорисна активност. Законот забранува световна работа во Господовиот ден за одмор; работата заради земно задоволство или добивка не е дозволена според законот. Меѓутоа, како што Бог го прекинал Своето дело на создавање и се одморил во сабота и ја благословил, така човекот треба да ги остави своите секојдневни работи и тие свети моменти да ги посвети на здрав одмор, богослужение и свети дела. Христовото дело при исцелувањето на болниот било во совршен склад со законот. Тоа манифестирало почит кон саботата. {КВ 207.2}
Исус изјавил дека во извршување на делата, кои се исто толку свети и според карактерот се истоветни со делата на небесниот Татко, има право да постапува исто како Него. Меѓутоа, тоа уште повеќе ги раздразнило фарисеите. Според нивното толкување, Исус не само што го прекршил законот, туку нарекувајќи го Бога „Свој сопствен Татко,“ се прогласил Себеси за еднаков со Бога. (Јован 5:18) {КВ 207.3}
Целиот еврејски народ го нарекувал Бога свој Татко и затоа поглаварите толку не би се разгневиле доколку Христос се прикажал Себеси, како да се наоѓа во ист таков однос со Бога. Меѓутоа, самиот факт што го обвиниле за богохулство, покажува дека тие сфатиле оти Тој го полага тоа право во највозвишена смисла. {КВ 207.4}
Тие Христови противници не располагале со никакви докази со кои би ги негирале вистините за кои Тој ја убедил нивната совест. Тие само можеле да ги наведуваат своите обичаи и традиции, а тие докази биле слаби и бледи во споредба со оние што Исус ги црпел од Божјата Реч и од постојаниот тек на природата. Ако чувствувале каква и да е желба да добијат светлина, рабините би биле уверени дека Исус ја зборува вистината. Но тие ги отфрлале доказите што Тој ги изнесувал во поглед на саботата и се труделе да го поттикнат гневот против Него, затоа што тврдел дека е еднаков со Бога. Гневот на поглаварите не познавал граници. Да не се плашеле од народот, свештениците и рабините би го убиле Исуса на самото место. Меѓутоа, наклонетоста на народот кон Него била силна. Многумина во Исуса препознале Пријател, Кој ги исцелил од нивните болести и ги утешил во нивната тага и сметале дека добро постапил што го излекувал болниот во Витезда. На тој начин поглаварите биле принудени извесен период да ја придушуваат својата омраза кон Него. {КВ 208.1}
Исус го одбил обвинувањето за богохулство. „Моја власт е,“ рекол, „да го извршувам ова дело за кое ме обвинувате, а тоа Доаѓа оттаму што Јас сум Божји Син, што сум едно со Таткото по природа, во волјата и во целта. Во сите Негови дела на создавање и провидение, Јас соработувам со Бога”. „Синот не може да стори ништо сам од Себе, туку само она што гледа дека го прави Таткото”. Свештениците и рабините го повикале Божјиот Син на одговорност токму за она дело за чие извршување бил испратен. Со своите гревови тие се одвоиле од Бога и во својата горделивост постапувале независно од него. Тие сметале дека се доволно способни за сѐ и не чувствувале дека им е потребна повозвишена мудрост да управува со нивните постапки. Меѓутоа, Божјиот Син бил подреден на Татковата волја и се потпирал на Неговата сила. Христос толку се испразнил Себеси од Своето ,,јас“, што не правел никакви планови за Себе. Тој ги прифатил плановите што Бог ги одредил за Него, а Таткото од ден на ден ги откривал Своите намери. И ние треба во толкава мера да зависиме од Бога, така што нашиот живот ќе биде едноставно спроведување на Неговата волја. {КВ 208.2}
Кога се подготвувал да го гради светилиштето како Божјо престојувалиште, Мојсеј добил упатства се да направи според она што му било покажано на гората. Мојсеј бил исполнет со ревност да го изврши Божјото дело. Најталентираните, најспособните луѓе биле тука за да ги извршуваат Мојсеевите налози. Сепак, секое ѕвонче, секоја калинка, секоја ресичка, секој раб, секоја завеса и секој сад во светилиштето морале да одговараат на примерокот што му бил покажан. Бог го повикал на гората и му ги открил небесните работи. Господ го осветлил со Својата слава за да може да го види примерокот, според кој се направени сите предмети. Така на Израел, на тој народ во чија средина сакал да направи Свое престојувалиште, Бог му го открил Својот величествен идеал на карактерот. Примерокот е покажан на планината, кога е даден законот на Синај и кога Господ, поминувајќи покрај Мојсеј, објавил: „Господ, Господ Бог, милостив, жалостив, долготрпелив, богат со добрина и вистина, Кој им укажува милост на илјадници, ги простува беззаконијата, неправдите и гревовите”. (Излез 34:6,7) {КВ 208.3}
Израелците го избрале својот пат. Тие не ѕидале според образецот. Меѓутоа, Христос вистинскиот храм за Божјо престојувалиште, ја обликувал секоја поединост од Својот земен живот во сообразност со Божјиот идеал. Тој рекол: „Наоѓам задоволство да ја творам Твојата волја, о мој Боже; Законот Твој го носам во срцето”. (Псалм 40:8) Така и нашиот карактер треба да биде изграден за „живеалиште Божјо преку Духот”. (Ефесјаните 2:22) Ние треба да „направиме сѐ според образецот,“ по углед на Оној, „Кој пострада за нас и нам ни остави пример да одиме по Неговите стапки”. (Евреите 8:5; 1. Петрово 2:21) {КВ 209.1}
Христовите зборови не учат дека сме неразделно поврзани со нашиот небесен Татко. Во каква било ситуација да се наоѓаме, ние зависиме од Бога, Кој во Свои раце ја држи судбината на секој од нас. Тој ни дал задача и не надарил со способности и средства за извршување на тоа дело. Сѐ додека се покоруваме на Божјата волја и се надеваме во Неговата сила и мудрост, Тој ќе не води по сигурни патеки, за да го исполниме нашиот дел во Неговиот голем план. Меѓутоа, оној што се потпира на сопствената мудрост и сила, себеси се одвојува од Бога. Наместо да работи во складност со Христа, таквиот човек ги исполнува целите на непријателот на Бога и на човекот. {КВ 209.2}
Спасителот продолжил: „Што прави Тој (Таткото), тоа го прави и Синот… Како Таткото што воскреснува од мртви и оживува, така и Синот ги оживува оние, коишто сака”. Садукеите сметале дека телото не може да воскресне, а Исус рекол дека едно од најголемите дела на Неговиот Татко е воскреснувањето на мртвите и дека и Тој сам има моќ тоа да го прави. „Доаѓа час и веќе е тука, кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син и кога ќе го чујат, ќе оживеат”. Фарисеите верувале во воскресение на мртвите. Христос рекол дека меѓу нив е силата што им дава живот на мртвите и дека тие ќе видат манифестирање на таа моќ. Истата таа сила на воскресение им дава живот на сите што се „мртви во престапи и гревови”. (Ефесјаните 2:1) Тој дух на живот во Исуса Христа, „силата на Неговото воскресение,“ ги ослободува луѓето „од законот на гревот и смртта”. (Филипјаните 3:10; Римјаните 8:2) Власта на злото е нарушена, а душата преку вера е чувана од гревот. Оној, кој го отвора своето срце на Христовиот Дух, станува учесник во силната моќ, која ќе го подигне неговото тело од гробот. {КВ 209.3}
Понизниот Назареќанец, тогаш го открил Своето благородничко потекло. Тој се издигнал над човештвото, ги отфрлил облеките на гревот и срамот и се открил како Оној, Кого ангелите го почитуваат како Божји Син, Кој е едно со Творецот на вселената. Неговите слушатели биле потресени. Никогаш човек не изговорил такви зборови, како што Тој изговорил тогаш, ниту некој некогаш имал толку величествено царско држење. Неговите зборови биле јасни и разбирливи, тие во целост ја објавувале Неговата мисија и должност на светот. „Зашто Таткото не суди никому, туку сиот суд му го даде на Синот за сите да го почитуваат Синот, како што го почитуваат Таткото. Кој не го почитува Синот, не го почитува ни Таткото, Кој го прати… Зашто, како Таткото што има живот во Себе, така и на Синот му даде да има живот во Себе и му даде власт да суди, зашто е Син Човечки“. {КВ 210.1}
Свештениците и поглаварите се прогласиле за судии, кои ќе го осудат Христовото дело, но Тој изјавил дека Тој е нивен судија, како и судија на целата вселена. Светот му е доверен на Христа и преку Него Доаѓа секој Божји благослов за грешниот човечки род. Тој бил Спасител и пред и по Своето отелотворување. Веднаш штом се појавил гревот, се појавил и Спасителот. Тој на секому му дал светлина и живот, и според дадената светлина ќе му се суди секому. Оној, Кој ја дал светлината, Оној, Кој со најнежно молење ја повикува душата, сакајќи да ја оттргне од гревот и да ја привлече во светоста Тој истовремено е нејзин и Бранител и Судија. Откако на Небото започнала големата борба, сатаната го одржува своето дело со помош на измама, а Христос требало да ги разоткрие неговите планови и да ја скрши неговата моќ. Тој се спротивставил на измамникот и низ сите векови настојувал да ги ослободи робовите од неговите канџи. Тој ќе изрече суд над секоја душа. {КВ 210.2}
И Бог „му даде власт да суди, зашто е Син Човечки”. Затоа што до дно ги искусил човечките страдања и искушенија, затоа што ги разбира слабостите и гревовите на човекот, затоа што заради нас победоносно им се спротивставил на сатанските искушенија, затоа што праведно и нежно постапува со душите заради чие спасение ја пролеал Својата крв заради сето тоа на Синот Човечки му е дадена власт да суди. {КВ 210.3}
Меѓутоа, Христовата мисија не била за да суди, туку да ги спасува луѓето. „Бог не го испрати Својот Син на светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него”. (Јован 3:17) Пред Синедрионот Исус изјавил: „Оној што ја слуша Мојата Реч и му верува на Оној што ме прати, има живот вечен. Тој не Доаѓа на суд, туку преминал од смрт во живот”. (Јован 5:24) {КВ 210.4}
Повикувајќи ги своите слушатели да не се восхитуваат на тоа, Христос уште повеќе им ги отворил погледите во поглед на тајната на иднината. „Доаѓа час,“ рекол Тој, „кога сите што се во гробовите ќе го чујат Неговиот глас и ќе излезат од нив: Кои правеле добро во воскресение за живот, а кои правеле зло во воскресение за суд”. (Јован 5:28, 29) {КВ 211.1}
Тоа ветување за иден живот било она на што Израелците толку долго чекале и на што се надевале дека ќе го добијат при доаѓањето на Месијата. Сега ги осветлила единствената светлина што може да ја осветли темнината на гробот. Самоволието е слепо. Исус ги повредил традициите на рабините и не го почитувал нивниот авторитет и тие не сакале да поверуваат. {КВ 211.2}
Времето, местото, приликата, силните чувства што го исполнувале собирот сето тоа заедно направило Исусовите зборови пред Синедрионот да остават силен впечаток. Највисоките верски власти на народот го барале животот на Оној, Кој се објавил Себеси како Обновител на Израел. Господарот на саботата бил изведен пред земен суд заради наводно кршење на заповедта за нејзиното празнување. Кога Тој толку неустрашливо ја објавил Својата мисија, Неговите судии го набљудувале со вчудовидување и бес, но не можеле да одговараат на Неговите зборови. Не можеле да го осудат. Тој го порекнал правото свештениците и рабините да го испитуваат или да го попречуваат Неговото дело. Ним не им била дадена таква власт. Нивните тврдења се засновале на нивната горделивост и ароганција. Тој одбил да ја признае вината што му ја припишувале и не дозволувал тие да го поучуваат за верата. {КВ 211.3}
Наместо да се извинува за делото за кое тие приговарале или да објаснува од која причина го направил тоа, Исус им се спротивставил на поглаварите и обвинетиот станал тужител. Тој ги укорил поради нивното тврдо срце и поради непознавање на светите списи. Рекол дека тие ја отфрлиле Божјата Реч, бидејќи го отфрлиле Него, Кој бил испратен од Бога. „Проучувајте ги Писмата, зашто мислите дека во нив имате живот вечен. И тие сведочат за Мене”. (Јован 5:39) {КВ 211.4}
Славата на Божјиот Син ја осветлува секоја страница на Стариот завет, без разлика дали таа содржи историја, пропис, или пророштво. Сѐ што било од божествено потекло во целиот систем на Јудаизмот било компактно пророштво за евангелието. За Христа „сведочат сите пророци”. (Дела 10:43) Од ветувањето дадено на Адам, преку патријархалната линија и обредниот систем, величествена небесна светлина ги направила јасни стапките на Спасителот. Пророците ја виделе Ѕвездата од Витлеем, Шајло, Кој требало да дојде, додека идните настани минувале пред нивните очи, во својот таинствен процес. Христовата смрт е прикажана во секоја жртва. Во секој облак од темјан се издигнувала Неговата праведност. Во звукот на секоја јубилејна труба одѕвонувало Неговото име. Во величествената тајна на светињата над светињите престојувала Неговата слава. {КВ 211.5}
Евреите ги поседувале светите списи и сметале дека имаат вечен живот со тоа што имале само формално познавање на Божјата Реч. Меѓутоа, Христос рекол: „Вие ја немате Неговата Реч во себе”. Бидејќи го отфрлиле Христа во Неговата Реч, тие го отфрлиле и лично. „И не сакате да дојдете кај Мене,“ рекол Тој, „за да имате живот”. {КВ 212.1}
Еврејските водачи ги проучувале пророштвата за царството на Месијата, но тоа не го правеле со искрена желба да ја дознаат вистината, туку со цел да пронајдат докази, кои ги поткрепуваат нивните славољубиви надежи. Кога Христос дошол на начин што бил спротивен на нивните очекувања, не сакале да го примат и, за да се оправдаат себеси, се труделе да го прикажат како измамник. Кога еднаш тргнале по тој пат, тогаш на сатаната му било лесно да го зацврсти нивното противење на Христа. Токму тие зборови, кои требало да бидат примени како доказ за Неговото божество, биле протолкувани против Него. Така тие ја претвориле Божјата вистина во лага и колку Спасителот им се обраќал понепосредно преку Своите дела на милост, толку тие поодлучно пружале отпор на светлината. {КВ 212.2}
Исус рекол: „Јас не примам чест од луѓе”. Тој не барал признание од Синедрионот, ниту сакал нивно одобрување. Нивното признание за Него не била никаква почест. Нему му било дадено чест и авторитет од Небото. Доколку Тој би посакал, ангелите би дошле да му укажат поклонение. Таткото повторно би сведочел за Неговото божество. Меѓутоа, поради нив, поради народот чии поглавари биле, Исус сакал еврејските старешини да го распознаат Неговиот карактер и да ги примат благословите што Тој дошол да им ги даде. {КВ 212.3}
„Јас дојдов во името на мојот Татко, а вие не ме примате. Кога би дошол друг во свое име, него би го примиле”. Исус дошол со Божјо овластување, носејќи го Неговиот лик, исполнувајќи ја Неговата Реч и барајќи ја Неговата слава; Сепак, водачите во Израел не го прифатиле. Меѓутоа, кога би дошле други, кои би го присвоиле Христовиот карактер, но кои би постапувале според својата волја и би копнееле по сопствена слава, тие би биле примени. Зошто? Затоа што оној што бара сопствена слава го привлекува желбата за самоизвишување и потврда пред другите. На таквите повици Евреите можеле да прифатат такви повици. Тие би прифатиле лажен учител, бидејќи тој би ласкал на нивната горделивост со тоа што би ги одобрувал нивните негувани ставови и традиции. Меѓутоа, Христовото учење не се согласувало со нивните сфаќања. Тоа имало духовен белег и барало жртвување на сопственото „јас“. Затоа тие не сакале да го примат тоа учење. Тие не биле запознаени со Бога и Неговиот глас преку Христа бил глас на туѓинец. {КВ 212.4}
Зар истото не се повторува и во наше време? Зар нема многумина, дури и меѓу верските водачи, чии стврднати срца се спротивставуваат на Светиот Дух, што им оневозможува да го препознаат Божјиот глас? Зар тие не ја отфрлаат Божјата Реч само за да ги сочуваат сопствените традиции? {КВ 213.1}
Исус рекол: „Кога би му верувале на Мојсеј, би ми верувале и Мене, затоа што тој пишуваше за Мене. Но ако не верувате на неговите списи, како ќе им верувате на Моите зборови?“ Исус му зборувал на Израел преку Мојсеј. Кога би го слушале божествениот глас, кој зборувал преку нивниот голем водач, тие би го препознале во него Христовото учење. Кога би му верувале на Мојсеј, тие би му верувале и на Оној, за Кого Мојсеј пишувал. {КВ 213.2}
Исус знаел дека свештениците и рабините биле одлучни да му го одземат животот, а Сепак јасно им го објаснил Своето единство со Таткото и Својот однос со светот. Тие виделе дека со ништо не може да се оправда нивното непријателство кон Него, но Сепак нивната убиствена омраза не била згасната. Се исплашиле, кога биле сведоци на убедливата сила што ја следела Неговата служба, но се спротивставувале на Неговите повици и на тој начин самите себеси се заклучиле во темнина. {КВ 213.3} Тие претрпеле целосен неуспех во обидот да го поткопаат Исусовиот авторитет или да ги уништат почитта и вниманието на народот, од кои многумина биле убедени преку Неговите зборови. И поглаварите длабоко ја почувствувале својата вина, кога Неговите зборови се пробиле во нивната совест, но тоа уште повеќе ги огорчило против Него. Биле одлучни да му го одземат животот. Испратиле гласници по целата земја да го предупредат народот против Исуса, како да е Тој измамник. Биле испратени шпиони за да внимаваат на Него и да известуваат за тоа што зборува и што работи. Драгоцениот Спасител сега најсигурно стоел под сенката на крстот. {КВ 213.4}