43. УРНАТИ ПРЕПРЕКИ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 15:21-28; Марко 7:24-36.

По судирот со фарисеите, Исус се повлекол од Капернаум и поминувајќи низ Галилеја, се упатил кон планинскиот предел на границите на Феникија. Гледајќи кон запад, Тој во долината можел да ги види древните градови Тир и Сидон со нивните незнабожечки храмови, величествени палати и трговски центри и со пристаништа полни со трговски бродови. Зад тоа се протегале сините пространства на Средоземното Море, преку кое гласниците на евангелието ќе ги понесат добрите вести во центрите на големото светско царство. Меѓутоа, тоа време сѐ уште не дошло. Делото што се наоѓало пред Него се состоело во тоа да ги подготви Своите ученици за нивната мисија. Доаѓајќи во таа област, се надевал дека тука ќе го најде мирот што не можел да го најде во Витсаида. Меѓутоа, тоа не била Негова единствена цел за доаѓање во оваа област. {КВ 399.1}

„И ете, дојде од тој крај жена Хананка и извикна, велејќи: ‘Смилувај ми се Господе, Сине Давидов! Ќерка ми многу ми ја мачи зол дух’.“ (Матеј 15:22) Народот од таа област имал старо хананско потекло. Тие биле идолопоклоници, а Евреите ги презирале и ги мразеле. На тој народ му припаѓала жената која сега дошла кај Исуса. Како припадничка на незнабожечки народ, таа била лишена од предноста што Евреите секојдневно ја уживале. Меѓу Фениќаните живееле многу Евреи и гласовите за Христовото дело продреле во таа област. Некои меѓу нив ги слушале Неговите зборови и биле сведоци на Неговите чудотворни дела. Оваа жена слушнала за пророкот кој, како што и кажале, лекувал од секаква болест. Кога слушнала за Неговата моќ, надеж се разбудила во нејзиното срце. Вдахната со мајчинска љубов, решила да му го изнесе случајот за својата ќерка. Мајката била цврсто решена да му ја изнесе својата неволја на Исуса. „Тој сигурно ќе го излекува нејзиното дете“ мислела таа. Барала помош од незнабожечките богови, но нејзините маки не биле ублажени. Така, од време на време Доаѓала во искушение да се запраша: „Што може да направи тој еврејски учител за мене?“ Меѓутоа, до неа стигнале гласови дека Тој лекува од секаква болест, без оглед на тоа дали оние што бараат помош од Него се богати или сиромашни. Одлучила да не ја пропушти својата единствена надеж. {КВ 399.2}

Христос знаел за ситуацијата на таа жена. Знаел дека таа душа копнее по Него и дошол на патеката по која одела таа. Помагајќи и во нејзината жалост, Тој можел живо да ја прикаже поуката што сакал луѓето да ја научат. Поради тоа ги довел Своите ученици во таа област. Сакал тие да видат какво незнаење постои по градовите и селата во близина на израелската земја. Луѓето на кои им биле овозможени сите можности да ја сфатат вистината, не знаеле за неволјите на оние што се наоѓале околу нив. Никој не се трудел да им помогне на душите во темнина. Ѕидот на поделба, кој го подигнала еврејската горделивост ги спречувал и учениците да чувствуваат наклонетост кон незнабожечкиот свет. Но тие препреки ќе бидат срушени. {КВ 400.1}

Христос не одговорил веднаш на молбата на таа жена. Тој ја прифатил оваа претставничка на една презрена раса онака, како што би го направиле тоа Евреите. Со ова сакал учениците да бидат импресионирани со студениот и бездушен начин на кој Евреите би постапиле во таков случај, покажувајќи го тоа со начинот на кој ја примил жената, како и сочувствителниот начин со кој Тој посакува тие да постапуваат со таква личност во неволја, каков што Тој манифестирал, кој го открил услишувајќи ја подоцна нејзината молба. {КВ 400.2}

Иако Исус веднаш не и одговорил, жената не ја загубила верата. Кога Тој поминал покрај неа, правејќи се дека не ја слуша, таа тргнала по Него, не престанувајќи со своите молби. Сметајќи дека таа им додева, учениците барале од Исуса да ја отпушти. Виделе како нивниот Учител постапува рамнодушно кон неа и затоа претпоставувале дека му годеле еврејските предрасуди кон Хананците. Меѓутоа личноста кон која оваа жена упатувала молба бил сочувствителниот Спасител и одговарајќи на барањето на учениците, Исус рекол: „Јас сум пратен само кај изгубените овци на домот Израелев”. Иако изгледало дека Неговиот одговор е во склад со еврејските предрасуди, тој содржел прекор за учениците, кој тие подоцна го разбрале и кој ги потсетувал на она што Тој често им го зборувал дека дошол на светот за да ги спаси сите оние што ќе го примат. {КВ 400.3}

Жената го изнесувала својот случај со уште поголема срдечност, поклонувајќи се пред Исусовите нозе и извикувајќи: „Господе, Помогни ми!“ Иако навидум ги одбивал нејзините молби во сообразност со бесчувствителните еврејски предрасуди, Исус и одговорил: „Не е право да се земе лебот од децата и да им се фрли на кучињата”. Тоа всушност значело дека не е праведно благословите, доделени на Божјиот благословен народ, да се растураат и да им се даваат на странците и туѓинците во Израел. Овој одговор целосно би обесхрабрил некој помалку срдечен молител. Меѓутоа, оваа жена видела дека настапила можноста што ја чекала. Под наводното Исусово одбивање, таа забележала сомилост која Тој не можел да ја сокрие. Таа одговорила: „Да, Господе! Но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари”. Децата во семејството јадат на татковата трпеза, но ниту кучињата не остануваат ненахранети. Тие имаат право на трошките што обилно паѓаат од трпезата. Според тоа, кога толкави благослови му се даваат на Израел, зар не преостанал еден благослов и за неа? Ако на неа се гледа како на пес, зар тогаш како таква нема ли право на една трошка од Неговото изобилство? {КВ 401.1}

Исус непосредно пред тоа се одвоил од Своето поле на работа затоа што книжевниците и фарисеите настојувале да му го одземат животот. Тие се жалеле и приговарале. Покажувале неверие и огорченост и го одбивале спасението што толку изобилно им се нудело. Сега Христос наишол на една жена што припаѓала на еден несреќен и презрен народ, кому не му била дадена светлината на Божјата Реч. Сепак, таа веднаш се покорила на Христовото божествено влијание и цврсто верувала дека Тој е во можност да ја услиши нејзината молба. Молела за трошките што паѓаат од трпезата на Господарот. Ако можела да има привилегија на куче, била подготвена да биде сметана за куче. Никакви национални или верски предрасуди или горделивост не влијаеле на нејзиното однесување и таа веднаш го признала Исуса како Спасител, Кој е во состојба да направи сѐ што таа побарала од Него. {КВ 401.2}

Спасителот бил задоволен. Нејзината вера во Него издржала одредена проба. Со Својата постапка кон неа, Тој покажал дека таа жена, која била отфрлена од Израел, веќе не е туѓинка, туку рамноправно дете на Божјото семејство. Како таква, таа има право да учествува во даровите на Таткото. Тогаш Христос ја услишил нејзината молба и така ја завршил поуката за учениците. Свртувајќи се кон неа со израз на сожалување и љубов, и рекол: „О, жено, голема е твојата вера, нека ти биде по желбата твоја”. Од тој момент нејзината ќерка оздравела. Лошиот дух не ја вознемирувал повеќе. Жената се оддалечила, признавајќи го својот Спасител, среќна што е примена нејзината молитва. {КВ 401.3}

Тоа било единственото чудо што го направил Исус за време на тоа патување. Само поради тоа Тој дошол до границите на Тир и Сидон. Сакал да и помогне на несреќната жена и истовремено да даде пример за Своето дело на милост кон припадниците на еден презрен народ, за корист на Неговите ученици, кога Тој веќе нема да биде со нив. Тој сакал Неговите ученици да ја отфрлат својата еврејска исклучивост и во нив да разбуди желба да се залагаат за другите, а не само за својот народ. {КВ 402.1}

Исус копнеел по тоа да ги открие длабоките тајни на вистината, кои биле скриени со векови и според кои незнабошците треба да бидат сонаследници со Евреите и „преку евангелието да бидат соучесници во Неговото ветување”. (Ефесјаните 3:6) Таа вистина учениците бавно ја примале, а божествениот Учител им давал поука по поука. Наградувајќи ја верата на капетанот во Капернаум и проповедајќи го евангелието на жителите во Сихар, Тој веќе им покажал дека не ја прифаќа еврејската нетрпеливост. Меѓутоа, Самарјаните имале извесно познавање за Бога, а капетанот покажал љубезност кон Израел. Сега, Исус ги довел Своите ученици во допир со една таква незнабошка која, според нивно мислење, немала причина да биде над кој било друг од нејзиниот народ и да очекува милост од Него. Сакал со личен пример да покаже како треба да се постапува со секој таков случај. Учениците сметале дека Исус премногу дарежливо ги давал даровите на Својата благодат. Тој сакал да покаже дека Неговата љубов не се ограничува само на една раса или на еден народ. {КВ 402.2}

Кога рекол „Јас сум испратен само кај изгубените овци на домот Израелев“ ја изнел вистината, а со своето дело за Хананката ја извршил Својата мисија. Таа жена била една од изгубените овци што Израел треба да ги спаси. Христос го извршувал делото што ним им било наменето, делото кое тие го запоставувале. {КВ 402.3}

Таа постапка уште поцелосно им укажала на учениците на делото кое им претстоело меѓу незнабошците. Тие го виделе широкото поле на дејност надвор од Јудеја. Ги виделе душите чии страдања им биле непознати на оние што биле поблагословени. Меѓу оние, кои тие биле поучени да ги презираат, се наоѓале души исполнети со копнеж за помош од силниот Исцелител, души кои биле гладни за светлината на вистината, која толку обилно им била дадена на Евреите. {КВ 402.4}

Подоцна, кога Евреите уште поупорно се оттргнувале од учениците, бидејќи тие тврделе дека Исус е Спасител на светот и кога со Христовата смрт бил срушен ѕидот на поделбата помеѓу Евреите и незнабошците, таа поука, заедно со сличните вистини што укажувале на евангелското дело без оглед на обичаите и народноста, имала силно влијание на Христовите претставници во насочување на нивната работа. {КВ 402.5}

Посетата на Спасителот на Феникија и чудото што било извршено тука, имале уште една подлабока намера. Делото не било извршено само за несреќната жена, ниту само за Неговите ученици и оние за кои тие се залагале, туку исто така „за да верувате дека Христос е Син Божји и верувајќи да имате живот преку Неговото име”. (Јован 20:31) Оние исти сили, кои ги одвојувале луѓето од Христа пред осумнаесет векови делуваат и денес. Сѐ уште е активен духот што го подигнал ѕидот на поделбата помеѓу Евреите и незнабошците. Горделивоста и предрасудите подигнале силни ѕидови на класна поделеност. Христос и Неговата мисија често погрешно се прикажуваат и многумина сметаат дека се исклучени од евангелското дело. Меѓутоа, тие не треба да се чувствуваат исклучени од Христа. Не постои ниту една препрека која човекот или сатаната би можеле да ја подигнат, а која верата не би можела да ја совлада. {КВ 403.1}

Жената од Феникија со вера се спротивставила на бариерите кои биле подигнати помеѓу Евреите и незнабошците. Наспроти обесхрабрувањето, не гледајќи на надворешните знаци кои би можеле да ја наведат да се посомнева, таа се надевала во љубовта на Спасителот. Христос сака и ние така да се надеваме во Него. Благословите на спасението се наменети за секоја душа. Ништо друго, освен сопствениот избор може да го спречи човекот да не стане учесник во Христовите ветувања преку евангелието. {КВ 403.2}

На Бога му се омразени поделбите по класи меѓу луѓето. Тој го игнорира сето она што е од таков карактер. Во Неговите очи душите на сите луѓе имаат иста вредност. Тој „сиот човечки род го извел од еден човек, за да живее по лицето на целата Земја, одредувајќи им на луѓето одредени времиња и граници на нивните живеалишта, со цел да го бараат Бога и на некој начин да го напипаат и да го најдат, иако Тој не е далеку од ниеден од нас”. Без оглед на разликите во поглед на годините, положбата, националноста или верските привилегии, сите се повикани да дојдат кај Него и да живеат. „Секој кој верува во Него, нема да се посрами. Бидејќи нема разлика”. „Нема веќе ни Евреин ниту Грк; нема веќе роб ниту слободен”. „Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг; обајцата ги создал Господ”. „Господ е еден и ист за сите, богат за сите што го призиваат, зашто секој што ќе го повика името Господово ќе се спаси”. (Дела 17:26,27; Галатјаните 3:28; Изреки 22:2; Римјаните 10:11-13) {КВ 403.3}

Сподели го ова:

Слични објави