58. „ЛАЗАРЕ, ИЗЛЕЗИ НАДВОР”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 10:38-42; Јован 11:1-44.

Лазар од Витанија бил меѓу најнепоколебливите Христови ученици. Од нивната прва средба, неговата вера во Христа била силна, неговата љубов кон Учителот многу длабока, а и Исус многу го сакал него. За Лазар Христос го направил Своето најголемо чудо. Спасителот ги благословувал сите оние што барале Негова помош; Тој го сака целото човечко семејство, но со некои го поврзуваат посебни нежни врски. Неговото срце било врзано со силна врска на љубов со семејството од Витанија, па за еден член од тоа семејство го направил Своето најголемо чудо. {КВ 524.1}

Во домот на Лазар, Исус често пронаоѓал одмор. Спасителот немал Свој дом, туку зависел од гостопримството на Своите пријатели и ученици, па затоа често, кога бил изморен и кога му било потребно друштво, со радост наоѓал засолниште во тоа спокојно семејство, далеку од сомнежите и зависта на гневните фарисеи. Тука наидувал на срдечен пречек и на чисто и свето пријателство. Тука можел да зборува едноставно и потполно слободно, знаејќи дека тие ќе го разберат и високо ќе ги ценат Неговите зборови. {КВ 524.2}

Нашиот Спасител ценел тивок дом и заинтересирани слушатели. Тој копнеел за човечка нежност, учтивост и љубов. Оние чие срце ги примало небесните поуки што Тој секогаш бил подготвен да ги изнесува, примале обилни благослови. Кога мноштвото народ одело по Христа преку широките полиња, Тој им ги откривал убавините на природата. Тој се трудел да ги отвори нивните духовни очи за да ја видат Божјата рака која го одржува светот. Сакајќи да ги наведе своите слушатели да ја ценат Божјата добрина и благонаклонетост, Тој им укажувал на нежната роса, тивкиот дожд и на блескавите сончеви зраци што подеднакво се даваат и на добрите и на лошите. Сакал луѓето во потполност да го сфатат вниманието што Бог им го подарува како на Свои созданија. Сепак, мноштвата бавно ја сфаќале таа поука, а во семејството во Витанија Христос се одморал од тие заморни конфликти во јавниот живот. Тука, пред внимателните слушатели, Тој ја отворал книгата на Провидението. Во тие приватни разговори Тој на Своите слушатели им го изложувал она што не се обидувал да му го каже на мноштвото народ составено од секакви луѓе. Не Му било потребно да им зборува на Своите пријатели во параболи. {КВ 524.3}

Кога Христос ги давал Своите драгоцени поуки, Марија со стравопочит и преданост слушала, седејќи покрај Неговите нозе. Во една прилика Марта, под стрес на грижата околу подготвувањето на храната, му пристапила на Христос, велејќи: „Господе, зар тебе не ти е грижа што сестра ми ме остави сама да служам? Кажи и да ми помогне”. Тоа било во времето на првата Христова посета на Витанија. Непосредно пред тоа Спасителот и Неговите ученици пешачејќи поминале долг и напорен пат од Ерихон. Марта сакала да ги угости што е можно подобро и во таа своја желба заборавила на љубезноста што ја должела на својот Гостин. Исус и одговорил со благи и трпеливи зборови: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а Сепак само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да и се одземе”. Марија го исполнувала својот ум со драгоцените зборови што Доаѓале од усните на Спасителот, зборови, кои за неа биле подрагоцени од најскапите земни скапоцености. {КВ 525.1}

На Марта „едно и било потребно,“ спокоен, посветен дух, подлабока желба за знаењето во врска со иднината, бесмртниот живот и за особините што се потребни за духовен напредок. Било потребно помалку да се грижи за она што е минливо, а повеќе за она што останува вечно. Исус сака да ги поучи Своите деца да ја искористат секоја прилика за да го стекнат она знаење, кое ќе ги направи мудри за спасението. Во Христовото дело неопходни се грижливи и енергични работници. За жените како што е Марта постои широко поле за нивната ревност во активна религиозна работа. Но тие претходно треба да седат со Марија покрај Исусовите нозе. Трудољубивоста, ажурноста и енергијата треба прво да бидат посветени од Христовата благодат и тогаш животот ќе биде непобедлива сила за добро. {КВ 525.2}

Но во мирниот дом во кој Исус се одморал влегла тага. Лазар бил совладан од ненадејна болест и неговите сестри му испратиле порака на Спасителот, говорејќи: „Господе, ете оној кого го љубиш е болен”. Тие ја виделе суровоста на болеста која му се случила на нивниот брат, но знаеле дека Христос се покажал Себеси дека е во можност да ја исцели секоја болест. Биле уверени дека Тој ќе сочувствува со нив во нивната неволја и поради тоа не го молеле веднаш да дојде, туку само му испратиле доверлива порака: „Оној кого го љубиш е болен”. Тие мислеле дека Тој веднаш ќе одговори на нивната порака и дека ќе дојде кај нив онолку скоро колку што ќе му треба време да дојде во Витанија. {КВ 525.3}

Нетрпеливо чекале Христос да им упати каков било збор. Сѐ додека во нивниот брат се одржувала и најмала искра на живот, тие се молеле и чекале Исус да дојде. Но гласникот дошол без Него. Сепак, тој ја донел пораката: „Оваа болест не е смртоносна“ и тие цврсто се држеле за надежта дека Лазар ќе живее. Нежно тие се обидувале да му упатуваат зборови на надеж и охрабрување, на речиси бесвесниот страдалник. Кога Лазар умрел, биле горко разочарани, но ја чувствувале поддршката на Христовата благодат и поради тоа не фрлале вина на Спасителот. {КВ 526.1}

Кога Христос ја слушнал пораката на учениците им се причинило дека тоа ја примил студено. Тој не ја манифестирал онаа жалост која очекувале Тој да ја покаже. Погледнувајќи ги, Тој рекол: „Оваа болест не е смртоносна туку за Божја слава, за да се прослави Божјиот син преку неа”. Два дена Тој останал во местото каде што бил. За учениците тоа задржување било мистериозно. Каква утеха би им донело Неговото присуство на натаженото семејство! размислувале тие. Неговите нежни чувства кон семејството во Витанија им биле добро познати на учениците и тие биле изненадени што Тој не се одѕвал на тажната вест: „Оној кого го љубиш е болен”. {КВ 526.2}

Во текот на тие два дена изгледало како Христос да ја отстранил пораката од својот ум, бидејќи воопшто не зборувал за Лазар. Учениците се сетиле на Јован Крстителот, Христовиот предвесник. Се прашувале зошто Исус и покрај Својата моќ да извршува прекрасни чуда, дозволил Јован да биде во затвор и да умре со насилна смрт. Зошто Исус, кога располага со таква сила, не го спасил животот на Јован? Тоа прашање често го поставувале фарисеите и го изнесувале како сигурен аргумент против Христовото тврдење дека е Божји Син. Спасителот ги предупредил Своите ученици на неволји, загуби и прогонства. Дали Тој ќе ги заборави во неволја? Некои се прашувале дали погрешно ја сфатиле Неговата мисија. Сите биле длабоко вознемирени. {КВ 526.3}

По дводневното чекање, Исус им рекол на учениците: „Ајде да одиме повторно во Јудеја”. Учениците се прашувале зошто Исус чекал два дена, кога веќе имал намера да оди во Јудеја. Но во тоа време тие биле обземени од загриженост за Христа и за себеси. Во постапката што Исус планирал да ја преземе тие не виделе ништо друго освен опасност. „Учителе,“ рекле тие, „Јудејците сега сакаат да те каменуваат, а Ти повторно одиш таму? Исус одговори: ‘Зар денот нема дванаесет часа? Мене ме води Мојот Татко и сѐ додека ја вршам Неговата волја, животот ми е безбеден. Сѐ уште не завршиле Моите дванаесет часа од денот. Се приближувам кон крајот на Моите дванаесет часа во денот, но додека тој трае, не ми се заканува никаква опасност’”. {КВ 526.4}

„Ако некој оди дење,“ продолжил Исус, „не се сопнува, зошто ја гледа светлината на овој свет”. Кој ја врши Божјата волја, кој оди по патот кој Бог го одредил, тој не може да се сопне и да падне. Светлината на Божјиот Дух која го води, му овозможува на таквиот човек јасно да ја сфати својата должност и да го води право до крајот на неговото дело. „Но ако некој оди ноќе, се сопнува, затоа што нема во себе светлина”. Кој оди по патот кој што го избрал, на кој Бог не го повикал, тој ќе се сопне. За него денот се претвора во ноќ и каде и да е, тој не е безбеден. {КВ 527.1}

„Тоа им го кажа, а потоа продолжи: ‘Нашиот пријател Лазар спие, но одам да го разбудам’”. „Нашиот пријател Лазар спие”. Колку трогателни зборови, колку полни со сочувство! Помислувајќи на опасноста на која ќе се изложи нивниот Учител одејќи во Ерусалим, учениците скоро го заборавиле натаженото семејство во Витанија. Но тоа не било случај со Христа. Учениците почувствувале прекор. Тие биле разочарани што Исус побргу не одговорил на пораката. Дошле во искушение да мислат дека Исус кон Лазар и неговите сестри не чувствува нежна љубов, како што претпоставувале тие, инаку Тој би побрзал веднаш со гласникот. Но зборовите „Нашиот пријател Лазар спие,“ во нив разбудиле исправни чувства. Биле уверени дека Христос не ги заборавил Своите пријатели кои страдале. {КВ 527.2}

„Потоа Неговите ученици му рекоа: Господе, ако спие ќе оздрави. Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за почивка во сон. На Своите деца кои веруваат Христос им ја прикажал смртта како спиење. Нивниот живот со Христа е сокриен во Бога и додека не затруби последната труба, оние кои умираат, ќе спијат во Него. {КВ 527.3}

„Тогаш Исус им рече отворено: ‘Лазар е мртов. И Јас се радувам заради вас што не бев таму, за да поверувате; туку да одиме при него’”. Тома не можел да види ништо друго за својот Учител освен смрт ако тој замине за Јудеја; но тогаш се охрабрил и им рекол на останатите ученици: „Ајде да одиме за и ние да умреме со Него”. Тој знаел колку Евреите го мразат Исуса. Нивната намера била да го убијат, но нивната цел не се остварила затоа што сѐ уште не било завршено времето кое му било одредено. За тоа време Исус го чувале небесните ангели, па ништо не можело да му се случи, дури ни во пределите на Јудеја, каде што рабините заговарале како да Го фатат и да Го убијат. {КВ 527.4}

Учениците се чуделе на Христовите зборови кога рекол: „Лазар умре. И Јас се радувам… што не бев таму”. Дали Спасителот сам одбрал да го избегне домот на Своите пријатели кои страдале? Изгледало дека сестрите и Лазар, кој бил на смртна постела биле препуштени самите на себе. Но тие не биле сами. Христос видел сѐ што се случува и по смртта на Лазар, Неговата благодат ги поддржувала ожалостените сестри. Исус видел како тага ги раскинува нивните срца додека нивниот брат се борел со својот страшен непријател, со смртта. Тој ја чувствувал сета тежина на болката, кога им рекол на Своите ученици: „Лазар умре”. Меѓутоа, Христос не можел да мисли само на саканите од Витанија; Тој морал да мисли и на обучувањето на Своите ученици. Тие требало да бидат Негови претставници во светот, со цел Татковиот благослов да ги опфати сите луѓе. Поради нив дозволил Лазар да умре. Кога би го излекувал Лазар од болеста, не би било направено чудото кое било најсигурен доказ за Неговиот божествен карактер. {КВ 528.1}

Кога Христос би се наоѓал во собата на Болниот, Лазар не би умрел, бидејќи сатаната не би имал никаква моќ над него. Смртта не би можела да ја фрли својата стрела на Лазара во присуство на Оној што дарува живот. Затоа Христос останал настрана. Тој му дозволил на непријателот да ја употреби својата сила за да може да го потисне победениот непријател. Тој дозволил Лазар да потпадне под власта на смртта и неговите несреќни сестри доживеале братот да им биде погребан. Христос знаел дека нивната вера во Него како Спасител ќе биде ставена на тешка проба кога ќе го гледаат лицето на својот мртов брат. Но Тој исто така знаел дека нивната вера уште посилно ќе заблеска по борбата низ која минувале тогаш. Ја чувствувал сета тежина на болката низ која минувале тие. Тој не ги љубел помалку затоа што доцнел, но знаел дека за нив, за Лазар, за Себе и за Своите ученици мора да извојува победа. {КВ 528.2}

„Заради вас,“ „за да поверувате”. Токму во моментот на најголемото обесхрабрување, божествената помош е најблиска за сите оние кои бараат Божјата рака да ги води. Тие подоцна со благодарност ќе се сеќаваат на најмрачниот дел од својот пат. „Господ знае како да ги избави побожните”. (2. Петрово 2:9) Од секое искушение, од секоја неволја, Тој ги изведува со поцврста вера и со побогато искуство. {КВ 528.3}

Одложувајќи го Своето доаѓање кај Лазар, Христос сакал уште еднаш да им укаже милост на оние што не Го примиле. Тој го одложувал Своето доаѓање со цел со воскресението на Лазар да му даде на тврдоглавиот народ кој не верувал уште еден доказ за тоа дека Тој навистина е „воскресението и животот”. Му било тешко да се откаже од целокупната надеж во поглед на Својот народ од сиротите, заталкани овци на Израелевиот дом. Неговото срце се кинело заради нивната непокајаност. Во Својата милост имал намера да им даде уште еден доказ за тоа дека Тој е Избавител, дека само Тој може да ги изнесе на виделина животот и бесмртноста. Тоа требало да биде доказ кој свештениците нема да можат погрешно да го протолкуваат. Од таа причина не заминал веднаш во Витанија. Тоа најголемо чудо подигањето на Лазар од мртвите требало да стави Божји печат на Неговото дело и на Неговото тврдење за Своето божество. {КВ 529.1}

На патот кон Витанија, Исус, според Својот обичај, им служел на болните и несреќните. Доаѓајќи во гратчето, испратил еден гласник кај сестрите со вест за Своето доаѓање. Христос не влегол веднаш во куќата, туку се задржал на едно мирно место во близина на патот. Многубројните надворешни обреди кон кои се придржувале Евреите при смртта на некој роднина или пријател не биле во сообразност со Христовиот дух. Тој го слушал ридањето на жените кои биле изнајмени да оплакуваат и не сакал да се сретне со сестрите на местото каде што владеела таква збрка. Меѓу ожалостените пријатели се наоѓале и роднините на тоа семејство, од кои поединци заземале истакнати положби во Ерусалим. Меѓу нив биле и некои од најогорчените Христови непријатели. Христос ги знаел нивните намери и затоа не се појавил веднаш. {КВ 529.2}

Веста и била пренесена толку тивко на Марта, што никој друг во собата не ја слушнал. Обземена од својата болка, Марија не ги слушнала зборовите. Марта веднаш станала и тргнала во пресрет на својот Господ. Мислејќи дека Марта заминала таму каде што бил погребан Лазар, Марија седела тивко во својата болка, не плачејќи на глас. {КВ 529.3}

Марта брзала да се сретне со Исуса, додека во душата и се бореле спротивставени чувства. На Неговото изразливо лице ја видела истата љубов и нежност кои секогаш се одразувале на него. Нејзината доверба во Него не била поколебана, но таа сега мислела на својот толку сакан брат, кој и Исус многу го сакал. Со болка која и го раскинувала срцето затоа што Христос не дошол порано, а Сепак со надеж дека Тој дури и сега ќе направи нешто за да ги утеши, таа рекла: „Господе, да беше овде, мојот брат немаше да умре”. Одново и одново, среде вревата на оплакувачите, сестрите ги повториле овие зборови. {КВ 529.4}

Со човечко и божествено сочувство Исус гледал во нејзиното тажно и од грижи изморено лице. Марија не сакала да го повтори минатото; сѐ било изразено преку жалосните зборови: „Господе, да беше овде, мојот брат немаше да умре”. Меѓутоа, гледајќи во лицето на кое се одразувала љубов, таа додала: „Но и сега знам дека Бог ќе ти даде што и да побараш од Него”. {КВ 529.5}

Исус ја охрабрил нејзината вера со зборовите: „Твојот брат ќе воскресне!“ Неговиот одговор не бил насочен кон тоа да разбуди надеж дека веднаш ќе се случи некоја промена. Тој ги повел нејзините мисли преку сегашното воскресение на нејзиниот брат и ги насочил кон воскресението на праведните. Тој го направил тоа, за Марта да го сфати воскресението на Лазар како гаранција за воскресение на сите мртви праведници и како уверување дека тоа ќе се исполни со силата на Спасителот. {КВ 530.1}

Марта одговорила: „Знам дека ќе воскресне при воскресението во последниот ден”. {КВ 530.2}

Сакајќи уште еднаш да ја насочи нејзината вера во добра насока, Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот”. Во Христа се наоѓа живот исконски, непозајмен, ненаследен. „Кој го има Синот, има живот”. (1. Јованово 5:12) Христовото божество е уверување на верникот за вечен живот. Исус рекол: „Кој верува во Мене, и ако умре, ќе живее. И ниту еден што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли во ова?“ Овде Христос мисли на времето на Своето второ доаѓање. Тогаш мртвите праведници ќе воскреснат како нераспадливи, а живите праведници ќе се преобразат и вознесат на Небото, не вкусувајќи смрт. Чудото што Христос наскоро требало да го направи, воскреснувајќи го Лазара од мртвите, го претставува воскресението на сите мртви праведници. Со Своите зборови и дела Тој рекол дека е Творец на воскресението. Тој, Кој и самиот набргу ќе умре на крстот, ги држел клучевите на смртта, како победник на гробот и го потврдил Своето право и сила да даде вечен живот. {КВ 530.3}

На зборовите од Спасителот: „Веруваш ли?“ Марта одговорила: „Да, Господе, јас верувам дека Ти си Христос, Син Божји, што треба да дојде на светот”. Таа не го сфатила во целост значењето на Христовите зборови, но ја исповедала својата вера во Неговото божество и својата доверба дека Тој е во состојба да направи сѐ што ќе посака. {КВ 530.4}

„Кога го кажа тоа, таа отиде и ја повика својата сестра Марија тајно, велејќи: Учителот е дојден и те вика”. Тоа и го соопштила колку што е можно потивко, бидејќи свештениците и поглаварите биле подготвени да го уапсат Исуса, кога ќе им се укаже можност за тоа. Плачот на оплакувачите спречил нејзините зборови да бидат слушнати. {КВ 530.5}

Откако ја слушнала веста, Марија бргу станала и со возбуден поглед на лицето ја напуштила собата. Оплакувачите тргнале по неа, мислејќи дека тргнала кон гробот за да плаче. Кога стигнала до местото каде што ја чекал Исус, таа клекнала при Неговите нозе и со треперлив глас рекла: „Господе, да беше Ти овде, мојот брат немаше да умре”. Пискотите на оплакувачите тешко ги поднесувала, бидејќи таа копнеела мирно да проговори насамо неколку зборови со Исуса. Меѓутоа, знаела дека некои од присутните негуваат завист и љубомора во своето срце кон Христа, па се воздржувала во потполност да му ја открие својата болка. {КВ 533.1}

„Исус пак, кога ја виде како плаче и како плачат Евреите што дојдоа со неа, Тој офнал во душата и бил вознемирен”. Тој ги читал срцата на сите собрани. Видел дека многумина од нив се преправале дека се тажни. Знаел дека некои од тоа мноштво, кои сега лицемерно ја искажувале својата болка, наскоро ќе прават план за убиство не само на силниот Чудотворец, туку и на човекот кој требало да воскресне од мртвите. Христос можел да ја обелодени нивната лажна тага, но го задржал Својот праведен гнев. Зборовите што можел да ги изговори со полно право, не ги изговорил поради тие драги души, кои во својата болка клечеле покрај Неговите нозе и кои навистина верувале во Него. {КВ 533.2}

„Каде го положивте?“ прашал. Тие му рекоа: Господе, дојди и види”. Заедно тргнале кон гробот. Тоа била тажна глетка. Многу го сакале Лазара, а сестрите со скршени срца плачеле по него, додека оние кои му биле негови пријатели лееле солзи заедно со нив. Гледајќи ја таа сцена на човечка болка и знаејќи дека ожалостените пријатели тагуваат по покојникот додека покрај нив стои Спасителот на светот, „Исус заплака”. Иако бил Божји Син, Тој зел на Себе човечка природа и ја чувствувал човечката тага. Неговото нежно, милостиво срце секогаш имало сочувство кон страдалниците. Тој плаче со оние кои плачат и се радува со оние кои се радуваат. {КВ 533.3}

Меѓутоа, Исус не плачел само од сочувство кон Марија и Марта. Во Неговите солзи постоела тага, која била толку возвишена над човечката тага, како што небото е повисоко од земјата. Христос не плачел поради Лазар, бидејќи се подготвувал да го воскресне од гробот. Плачел затоа што многумина од оние кои тагувале по Лазара, наскоро ќе ја планираат смртта на Оној, Кој е воскресение и живот. Меѓутоа, колку Евреите кои не верувале, погрешно ги толкувале Неговите солзи! Некои кои не гледале ништо друго како причина за Неговата болка освен надворешните околности околу Него, тивко рекле: „Гледај колку го љубел”. Други, кои се труделе да уфрлат семе на неверие во срцата на присутните, со потсмев рекле: „Зар не можеше Овој, Кој му ги отвори очите на слепиот, да стори и овој да не умре?“ Ако во Христова моќ било да го спаси Лазара, зошто Тој дозволил да умре? {КВ 533.4}

Со своето пророчко око Христос го видел непријателството на фарисеите и садукеите. Знаел дека тие ја подготвуваат Неговата смрт. Знаел дека некои од оние кои сега се преправале дека се наклонети, наскоро ќе ја затворат пред себе вратата на надежта и портите на Божјиот град. Се ближел еден настан Неговото понижување и распнување, кое ќе резултира со уништувањето на Ерусалим, и во тоа време никој нема да ги оплакува мртвите. Тој јасно ја согледал заслужената казна што ќе го снајде Ерусалим. Видел како римските легии го опколуваат Ерусалим. Знаел дека многумина кои сега го оплакуваат Лазар, ќе умираат при опсадата на градот и дека во нивната смрт нема да има никаква надеж. {КВ 534.1}

Христос не плачел само поради призорот што се наоѓал пред Него. Врз Него лежел товарот на вековната тага. Ги видел страшните последици на кршењето на Божјиот закон. Видел дека во историјата на светот, започнувајќи од смртта на Авел, борбата меѓу доброто и злото била постојана. Фрлајќи поглед кон иднината, видел дека судбината на човештвото ќе биде страдање и болка, солзи и смрт. Срцето му се кинело, кога ја гледал болката на човечкото семејство низ сите векови и сите земји. Неволјите на грешниот човечки род тешко ја притискале Неговата душа. Тој копнеел да ги олесни нивните страдања и затоа му потекле солзи. {КВ 534.2}

„Исус повторно офнал во Себеси и дојде до гробот”. Лазар бил погребан во една пештера во карпа, а пред влезот се наоѓал голем камен. „Тргнете го каменот,“ рекол Христос. Мислејќи дека Христос само сака да го види покојникот, Марта приговорила велејќи дека телото е погребано веќе четири дена и дека веќе почнало да се распаѓа. Овие зборови, изговорени пред Лазар да воскресне, не им оставале никаква можност на Христовите непријатели да тврдат дека тоа била измама. Порано фарисеите ширеле лаги за најчудесните знаци на Божјата сила. Кога ја вратил во живот ќерката на Јаир, Христос рекол: „Девојчето не е умрено, туку спие”. (Марко 5:39) Бидејќи девојчето било Болно само кратко време и воскреснало веднаш по смртта, фарисеите зборувале дека тоа всушност и не било мртво и дека и самиот Христос зборувал дека тоа заспало. Тие се труделе да прикажат дека Христос не може да ја излекува болеста и дека Неговите чуда се нечесна игра. Меѓутоа, во овој случај никој не можел да оспори дека Лазар навистина бил мртов. {КВ 534.3}

Кога Господ има намера да стори некое дело, сатаната влијае врз некого да му се спротивстави. Христос рекол: „Тргнете го каменот”. Подгответе го колку што е можно патот за Моето дело. Меѓутоа, тука се манифестирала решителната и амбициозна природа на Марта. Таа не сакала други да го видат телото кое се распаѓа. Човечкото срце бавно ги сфаќа Христовите зборови, а верата на Марта не го сфатиле вистинското значење на Неговото ветување. {КВ 535.1}

Христос ја укорил Марта, но Неговите зборови биле изговорени со најголема благост. „Нели ти реков дека ако веруваш ќе ја видиш Божјата слава?“ Зошто да се сомневаш во Мојата моќ? Зошто резонираш во спротивност со Моите барања? Го имате Мојот збор. Ако верувате, ќе ја видите Божјата слава. Она што по природен пат е невозможно, не може да го спречи делото на Семоќниот. Скептицизмот и неверието не претставуваат понизност. Безусловната вера во Христовата Реч претставува вистинска понизност, вистинско самопредавање. {КВ 535.2}

„Поместете го каменот”. Христос можел да му заповеда на каменот да се отстрани и тој би се покорил на Неговиот глас. Можел да им нареди на ангелите кои се наоѓале покрај Него тие да го направат тоа. На Негова наредба невидливи раце би го тргнале каменот. Меѓутоа, требало да биде отстранет од човечки раце. Со тоа Христос сакал да им покаже на луѓето дека треба да соработуваат со божеството. Божествената сила не е повикана да го направи она што може да го направи човечката сила. Бог не ја отфрла човечката помош. Тој му дава сила на човекот, соработува со него, кога човекот ги користи силите и способностите што му се дадени. {КВ 535.3}

Заповедта била извршена. Каменот бил отстранет. Сѐ било направено јавно и со цел. Секому му била дадена можност да се увери дека не станува збор за никаква измама. Во гробот во пештерата лежело телото на Лазар, студено, немо и мртво. Тажењето на оплакувачите запрело. Изненадено и во исчекување, мноштвото стоело околу гробницата, чекајќи да види што ќе се случи. {КВ 535.4}

Христос мирно стоел покрај влезот. Завладеала света сериозност. Доближувајќи се до гробот и подигајќи ги Своите очи кон небото, Тој рекол: „Татко, ти благодарам што Ме услиши”. Малку пред тоа, Неговите непријатели го обвинувале за богохулство и сакале да Го каменуваат, бидејќи тврдел дека е Божји Син. Го обвинувале дека прави чуда со помош на силата на сатаната. Меѓутоа, тука Христос повторно тврди дека Бог е Негов Татко и со целосна доверба објавува дека Тој е Божји Син. {КВ 535.5}

Во сѐ што правел, Христос соработувал со Својот Татко. Секогаш се трудел да покаже дека не постапува независно од Бога. Своите чуда ги правел преку вера и молитва. Христос сакал сите да знаат каков е Неговиот однос со Неговиот Татко. „Татко,“ рекол Тој, „ти благодарам што Ме услиши. Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш, но ова го реков заради народот што е присутен овде, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил”. Со тоа на учениците им бил даден најубедлив доказ за односот што постои помеѓу Христа и Бога. Со тоа им било покажано дека Христовото тврдење не е измама. {КВ 536.1}

„Кажувајќи го тоа, викна со силен глас: ‘Лазаре, излези надвор’”. Неговиот глас, јасен и продорен, продрел до ушите на умрениот. Додека зборувал, божеството блеснало низ човечкото. На Неговото лице, осветлено од Божјата слава, народот видел уверување за Неговата сила. Секое око било насочено кон влезот на пештерата. Секое уво го наслушнувало и најмалиот шум. Со силен и грижлив интерес сите очекувале доказ за Христовото божество, доказ кој ќе го поткрепи Неговото тврдење дека е Божји Син или засекогаш ќе ја изгасне надежта во тоа. {КВ 536.2}

Одеднаш, во тивкиот гроб нешто се поместило и на влезот од гробницата се појавил оној кој бил мртов. Мртовечкиот повој со кој бил положен во гробот му ги попречувал неговите движења и Христос им рекол на вчудовидените гледачи: „Одвиткајте го и пуштете го да оди”. Повторно им било покажано дека човекот треба да соработува со Бога. Човекот треба да работи за човек. Го одврзале Лазара и тој стоел пред мноштвото, не како човек исцрпен од болеста, со слаби, тетерави екстремитети, туку како човек во најдобри години од животот и во силата на благородната мажественост. Од неговите очи блескал разум и љубов кон Спасителот. Во чин на обожавање, тој се фрлил пред Исусовите нозе. {КВ 536.3}

Присутните за момент биле без зборови и вчудовидени, а потоа настапила сцена на неискажлива радост и благодарност. Сестрите го примиле својот брат како Божји дар и со солзи радосници ја изразувале својата благодарност кон Спасителот. Додека братот, сестрите и пријателите се радувале на ова повторно соединување, Исус се повлекол од сцената. Кога го побарале Животодавецот, не можеле да Го најдат. {КВ 536.4}

Сподели го ова:

Similar Posts