7. ИСУС КАКО ДЕТЕ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Лука 2:39,40.

Детството и младоста Исус ги поминал во едно мало планинско село. На Земјата не постои ниту едно место што не би било почестено со Неговото присуство. Царските дворци би биле почестени да го примат како гостин. Но, Тој ги заобиколил домовите на богатите, царските дворови и славните центри на науката, за да се настани во непознатиот и презрен Назарет. {КВ 68.1}

Од исклучително значење е краткиот запис за Неговото рано детство: „А Детето растеше и се засилуваше во духот, исполнувајќи се со мудрост; и Божјата милост почиваше врз Него”. Озарен со наклонетоста на Својот Татко, Исус „напредуваше во мудроста, во растот и во милоста пред Бога и пред луѓето”. (Лука 2:52) Неговиот ум бил активен и прониклив, поседувајќи промисленост и мудрост над очекуваната, која би била својствена за Неговите години. Сепак, Неговиот карактер бил прекрасен по својата симетрија. Силата на умот и телото постепено се развивале во согласност со законите на детството. {КВ 68.2}

Како дете, Исус манифестирал посебна убавина во Неговата личност. Неговите вредни раце секогаш биле подготвени да им служат на другите. Тој покажувал трпеливост, која ништо не можело да ја наруши и чесност, која никогаш не би го жртвувала интегритетот. Во начелата цврст како карпа, Неговиот живот откривал несебична учтивост. {КВ 68.3}

Со длабока срдечност, Исусовата мајка набљудувала како се развиваат Неговите сили и забележала печат на совршенство во Неговиот карактер. Со радост настојувала да го поттикне развојот на Неговиот блескав, приемчив ум. Преку Светиот Дух добила мудрост да соработува со небесните претставници во развојот на тоа Дете, чиј Татко можел да биде само Бог. {КВ 69.1}

Уште од најрани времиња верните Израелци посветувале големо внимание на воспитување на младите. Господ дал упатства, според кои децата уште од најрано детство мора да се поучуваат на Неговата добрина и големина, посебно онака, како што се откриле во Неговиот закон и се прикажале во историјата на израелскиот народ. Песните, молитвите и поуките од Светото Писмо морале да бидат прилагодени кон умот што се развива. Татковците и мајките требало да ги поучат своите деца дека Божјиот закон е израз на Неговиот карактер и дека Божјиот лик се врежува во умот и душата, кога со срце ќе се примат начелата на законот. Во најголем дел поучувањето било усно, но децата учеле и да ги читаат еврејските списи, а можеле да ги проучуваат и пергаментските свитоци на Стариот Завет. {КВ 69.2}

Во Христово време се сметало дека гратчето или градот, во кој нема верска настава за младите се наоѓа под Божјо проклетство. Меѓутоа, учењето станало формалност. Традициите го заменувале Светото Писмо. Правилното воспитување би ги поттикнало младите да „го бараат Бога, со цел некако да го напипаат и да го најдат”. (Дела 17:27) Меѓутоа, еврејските учители обрнувале внимание само на обредите. Тие го полнеле разумот со идеи, кои биле без вредност за учениците и кои не биле признати во повозвишеното училиште на Небесните дворови. Во воспитниот систем немало место за искуство, кое се стекнува преку лично прифаќање на Божјата Реч. Окупирани со церемонијални обреди, учениците не можеле да најдат време за тивки моменти, кои би му ги посветиле на Бога. Тие не го слушнале Неговиот глас, како му зборува на срцето. Барајќи знаење, тие се оддалечувале од Изворот на мудроста. Било запоставено она што е најсуштествено во Божјата служба. Начелата на законот биле замаглени. Она што се сметало за високо образование, било најголема пречка на вистинскиот напредок. Начинот на кој рабините ги поучувале своите ученици, ги потиснувале способностите на младите. Нивните умови станале ограничени и тесногради. {КВ 69.3}

Детето Исус не примило поучување во школите на синагогите. Неговата мајка била негов прв земен учител. Од нејзините усни и од записите на пророците, Тој ги запознал небесните вистини. Оние исти зборови, кои Тој му ги давал на Израел преку Мојсеј, сега ги запознавал и самиот Тој, седејќи во скутот на Својата мајка. Како што растел од детството до младоста, Тој не ги посетувал рабинските школи. Не му било потребно образование стекнато на такви извори, бидејќи Бог бил Негов учител. {КВ 70.1}

Прашањето што било поставено за време на службата на Спасителот: „Како Овој ги познава Писмата, кога не ги учел?“; не укажува на тоа дека Исус не знаел да чита, туку дека не бил поучуван од рабините. (Јован 7:15) Исус стекнал знаење, онака како што можеме да стекнеме и ние; Неговото темелно познавање на Светото Писмо покажува како во своите рани години вредно ја проучувал Божјата Реч. Пред Него се протегала големата библиотека на делата, кои Бог ги создал. Оној, Кој создал сѐ што постои, ги проучувал и поуките, кои Неговата сопствена рака ги напишала на земјата, морето и на небото. Одвоен од грешните патишта на овој свет, Тој црпел од природата огромно научно знаење. Го проучувал животот на растенијата и животните и животот на човекот. Од Своите најрани години, Тој се посветил само на една цел; живеел за да ги благословува другите. За остварување на таа цел наоѓал средства во природата. Нови мисли за божествените патишта се буделе во Неговиот ум, додека го проучувал растителниот и животинскиот свет. Постојано се обидувал од нештата што ги гледал да извлече примери, со чија помош би ги претставувал живите вистини на Божјата Реч. Параболите со чија помош за време на Својата служба ги поучувал Своите поуки на вистината, покажуваат колку Неговиот разум бил приемчив за влијанието на природата и како од она што го опкружувало во секојдневниот живот црпел духовна наука. {КВ 70.2}

Така Исус проникнал во смислата на Божјите зборови и дела, додека се трудел да ја сфати смислата на создаденото. Небесните суштества биле покрај Него, а Тој негувал свети мисли и заедница со Бога. Од моментот кога станал свесен за околината, Тој постојано напредувал во духовната благодат и во познавањето на вистината. {КВ 70.3}

Секое дете може да стекне знаење, онака како што го стекнал Исус. Кога се обидуваме да се запознаеме со нашиот небесен Татко преку Неговата Реч, ангелите ни се приближуваат, нашиот разум зајакнува, додека карактерот се издигнува и облагородува. Тогаш стануваме слични на нашиот Спасител. И кога ја гледаме убавината и големината на природата, нашата љубов се насочува кон Бога. Разумот е исполнет со стравопочитување, додека душата се зајакнува доаѓајќи во допир со Бесконечниот, преку Неговите дела. Заедницата со Бога преку молитва ги развива духовните и моралните способности, а духовната сила зајакнува додека размислуваме за она што е духовно. {КВ 70.4}

Исусовиот живот бил живот на хармонија со Бога. Додека бил дете, мислел и зборувал како дете, но никаква трага од грев не го помрачувал Божјиот лик во Него. Сепак, не бил поштеден од искушенија. Жителите на Назарет биле споменувани во поговорка, заради својата безбожност. Со прашањето на Натанаил е искажано мислењето за нивниот лош глас: „Може ли од Назарет да излезе нешто добро?“ (Јован 1:46) Исус бил поставен таму, каде што Неговиот карактер ќе биде ставен на проба. Тој постојано морал да внимава за да ја сочува Својата чистота. Бил подложен на сите борби со кои ние мораме да се бориме, за да ни послужи како пример во детството, младоста и во зрелоста. {КВ 71.1}

Сатаната неуморно се трудел да го победи Детето од Назарет. Небесните ангели го чувале Исуса од Неговите најрани години, но целиот Негов живот бил една долга борба против силите на темнината. Тоа дека на Земјата постоел еден Живот, во Кого ја немало валканоста на злото, била навреда и збунетост за кнезот на темнината. Тој ги употребил сите можни средства за да го вовлече Исуса во својата стапица. Ниедно дете на човечкиот род некогаш ќе биде повикано да живее свет живот во услови на толку жестока борба со искушението, како што живеел нашиот Спасител. {КВ 71.2}

Исусовите родители биле сиромашни и биле зависни од својата секојдневна работа. Исус бил запознаен со сиромаштијата, со самооткажувањето и со скудноста. Ова искуство било Негова заштита. Во Неговиот живот исполнет со трудољубивост, немало часови на безделничење, во кои би бил изложен на искушенија. Немало бесцелни моменти, кои би му ја отвориле вратата за расипничко дружење. Колку што било возможно, Тој ја затворал вратата пред искушувачот. Ниту добивката, ниту задоволството, ниту одобрувањето, ниту укорот не можеле да го наведат на лоша постапка. Бил мудар да го препознае злото и силен да му се спротивстави. {КВ 72.1}

Христос бил единствениот што на Земјата живеел без грев, а Сепак речиси триесет години поминал меѓу злите жители на Назарет. Тој факт го побива тврдењето на оние што сметаат дека беспрекорниот живот зависи од местото на живеење, од благосостојбата и успехот. Искушението, сиромаштијата, тешкотиите тоа е она што е потребно за да се стекне чистота и непоколебливост. {КВ 72.2}

Исус живеел во селска куќа и верно и радосно го носел Својот дел од товарот во домаќинството. Тој бил небесен Војсководец и ангелите радосно ја исполнувале Неговата Реч, а сега бил верен слуга, послушен син полн со љубов. Го научил занаетот и со Своите сопствени раце работел со Јосиф во дрводелската работилница. Во едноставна облека на обичен работник, Тој чекорел низ улиците на тоа место, одејќи и враќајќи се од Својата скромна работа. Не ја употребувал Својата божествена сила за да го ублажи Своето бреме, ниту за да ја олесни Својата работа. {КВ 72.3}

Бидејќи Исус работел во детството и младоста, Неговиот дух и тело се развивале. Своите телесни сили не ги употребувал негрижливо, туку го чувал здравјето, за да може на секое поле да го постигне најдоброто. Тој не посакувал несовршеност, дури ни во ракувањето со својот алат. Бил совршен како занаетчија, како што бил совршен и во карактерот. Со својот пример, Тој не поучил дека наша должност е да бидеме вредни, дека мораме совесно и темелно да ја извршуваме својата работа и дека таквата работа е достојна за почит. Вежбите со кои рацете се учат да бидат корисни и со кои младите суштества се навикнуваат да сносат свој дел од животниот товар, ја зголемуваат нивната физичка сила и ги развиваат сите способности. Сите мораме да научиме да работиме нешто што ќе биде благотворно за нас и што ќе биде од корист за другите. Бог одредил работата да биде благослов и само вредниот работник наоѓа вистинска среќа и радост во животот. Божјиот благослов со љубов почива врз децата и младите, кои радосно ги извршуваат своите должности во семејството, преземајќи на себе дел од товарот на мајката и таткото. Кога таквите деца ќе го напуштат својот дом, тие ќе бидат корисни членови на општеството. {КВ 72.4}

Во текот на целиот Свој живот на Земјата, Христос бил ревен и истраен работник. Тој многу очекувал и затоа многу се трудел. Кога ја започнал Својата служба, Тој рекол: „Јас треба да ги извршувам делата на Оној, Кој ме прати додека е ден. Настапува ноќ, кога никој не ќе може да работи”. (Јован 9:4) Исус не ги избегнувал грижите и одговорностите, како што го прават тоа многумина кои тврдат дека се Негови следбеници. Многумина се слаби и некорисни, затоа што настојуваат да го избегнат таквото воспитување. Тие можат да имаат драгоцени и пожелни особини, но стануваат малодушни и речиси бескорисни, кога е потребно да се надминат тешкотиите и да се совладаат пречките. Со истата онаа истрајност што ја манифестирал Христос, и ние мораме во себе да развиваме одлучност и енергија, непоколебливост и сила на Христовиот карактер. Тогаш и ние ќе ја примиме милоста што ја примил Тој. {КВ 73.1} Сѐ додека живеел меѓу луѓето, нашиот Спасител ја делел судбината на сиромашните. Тој од искуство ги познавал нивните грижи и нивните тешкотии и умеел да ги теши и охрабри сите понизни работници. Оние, кои правилно го сфаќаат учењето на Неговиот живот, никогаш нема да сметаат дека мора да биде направена разлика помеѓу класите, дека богатите треба повеќе да се почитуваат, отколку достојните сиромаси. {КВ 73.2}

Во Својата работа, Исус внесувал ведрина и такт. Потребно е многу трпение и духовна сила, за да се внесе библиската вера во домашниот живот и во работилницата, за да се издржи притисокот на земните работи и истовремено секогаш да се има во предвид единствено Божјата слава. Во тоа, Христос бил помошник. Тој никогаш не бил толку исполнет со земни грижи, за да нема време да размислува за небесните вистини. Често, радоста на Своето срце ја изразувал со пеење псалми или небесни песни. Честопати, жителите на Назарет го слушале Неговиот глас, како се воздига во слава и благодарност кон Бога. Со помош на песната Тој одржувал заедница со Небото. Кога Неговите другари би се жалеле дека се изморени од работата, прекрасната песна од Неговите усни ги разведрувала и ги храбрела. Изгледало дека Неговата песна ги изгонува лошите демони и како темјан го исполнува просторот со мирис. Мислите на оние што го слушале се оддалечувале од земното прогонство и се издигнувале до небесниот дом. {КВ 73.3}

За светот Исус бил извор на исцелувачка милост и низ сите тие години, додека живеел повлечено во Назарет, Неговиот живот се излевал во бранови на љубов и нежност. Старите луѓе, страдалниците и грешниците, децата во игра и во својата невина радост, малечките созданија во шумичките, трпеливите домашни животни сето тоа било посреќно во Негово присуство. Оној, чија моќна Реч ги одржувала световите, се наведнувал за да и помогне на ранетата птица. Не постоело ништо што не би го привлекло Неговото внимание, ништо што би го сметал недостојно за Својата помош. {КВ 74.1}

И така, додека се развивал во мудроста и ставата, исто така напредувал и во милоста пред Бога и пред луѓето. Манифестирајќи способност да сочувствува со сите, Тој будел љубов во сечие срце. Околу Себе создавал атмосфера на надеж и храброст и затоа бил благослов за секој дом. Често во сабота го повикувале да ги чита во синагогата поуките на Пророците, а срцата на слушателите би затрепериле од радост, кога нова светлина блескала од познатите зборови на светиот текст. {КВ 74.2}

Сепак, Исус го избегнувал надворешното покажување. Во текот на сите години што ги поминал во Назарет Тој не ја употребувал Својата чудотворна моќ. Не барал високи положби или некои титули. Неговиот мирен и спокоен живот, па дури и молчењето на Светото Писмо во поглед на Неговото детство претставуваат значајна поука. Доколку животот на едно дете е поспокоен и поедноставен, со помалку вештачки возбудувања, а повеќе во хармонија со природата, дотолку е поповолен за развој на телесните, умствените и духовните способности. {КВ 74.3}

Исус е наш пример. Многу луѓе со интерес размислуваат за периодот на Неговата јавна служба, но не обрнуваат внимание на поуките од Неговото детство. Меѓутоа, Неговиот живот во семејството е совршен пример за сите деца и млади. Спасителот ја прифатил сиромаштијата за да ни покаже колку ние во скромни животни услови можеме да одиме блиску со Бога. Тој живеел за да Му угоди, даде почит и да Го прослави Својот Татко во секојдневниот живот. Тој го започнал Своето дело, така што се посветил на скромната работа на обичните занаетчии, кои работат за својот секојдневен леб. Работејќи во дрводелска работилница, Тој му служел на Бога исто онака, како кога правел чуда во корист на мноштвото народ. И секој млад човек што ќе го следи примерот на верност и послушност, Кој го покажал Тој во Својот скромен дом, може да полага право на зборовите, кои за Него ги изговорил Таткото преку Светиот Дух: „Еве го Мојот слуга што го поддржувам, Мојот избраник, кон Кого благоволи Мојата душа”. (Исаија 42:1) {КВ 74.4}

Сподели го ова:

Слични објави