32. РИМСКИОТ КАПЕТАН

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 8:5-13; Лука 7:1-17.

Христос му рекол на благородникот чијшто син го исцелил: „Ако не видите знаци и чудеса, не верувате”. (Јован 4:48) Бил тажен што Неговиот народ бара некакви надворешни знаци за Неговото месијанство. Меѓутоа, бил восхитен од верата на капетанот што дошол кај Него. Капетанот не се сомневал во моќта на Спасителот. Тој дури и не барал да дојде лично и да го изврши чудото. „Само кажи збор“ рекол тој, „и мојот слуга ќе оздрави”. {КВ 315.1}

Слугата на капетанот бил погоден со парализа и лежел на смртна постела. Кај Римјаните слугите биле робови, кои биле купувани и продавани на пазарите и со нив се постапувало грубо и свирепо, но капетанот бил нежно приврзан за својот слуга и многу сакал тој да оздрави. Тој верувал дека Исус може да го исцелува. Тој не го видел Спасителот, но извештаите што ги слушнал за Него му влевале вера. И покрај еврејскиот формализам, овој Римјанин бил убеден дека нивната религија е повозвишена од неговата. Тој веќе ги срушил преградите на националните предрасуди и на омразата, кои ги разделувале освојувачите од покорените. Манифестирал почитување кон Божјата служба и покажал љубезност кон Евреите како Негови обожаватели. Во Христовото учење, онака, како што му било пренесено, го нашол она што ја задоволувало потребата на неговата душа. Сѐ што било духовно во него се одѕвало на зборовите на Спасителот. Меѓутоа, се чувствувал недостоен лично да излезе пред Христа, па ги замолил еврејските старешини да ја изнесат молбата за исцелување на неговиот слуга. Сметал дека тие го познаваат големиот Учител и дека знаат како треба да му пристапат за да ја придобијат Неговата наклонетост. {КВ 315.2}

Кога Исус влегол во Капернаум, го пресретнала една делегација старешини, кои му кажале за желбата на капетанот. „Достоен е“ ургирале тие, „да му го сториш тоа, зашто го сака нашиот народ и синагога тој ни изгради”. {КВ 316.1}                                              

Исус веднаш се упатил кон домот на капетанот, но притиснат од мноштвото народ, Тој напредувал полека. Веста за Неговото доаѓање стигнала пред Него, па капетанот, во својата недоверба, испратил порака: „Господе, не труди се, зашто јас не сум достоен да влезеш под мојот покрив”. Меѓутоа, Спасителот продолжил, па капетанот конечно се осмелил да му се приближи и да ја доврши пораката, велејќи: „Затоа и не се сметав за достоен да Ти пристапам туку кажи само збор и ќе оздрави мојот слуга. Зашто и јас сум човек подвластен, имам под себе војници, па кога ќе му речам на еден од нив: Оди! и тој оди; а на друг: Дојди! и тој Доаѓа; и на мојот слуга: Направи го тоа! и тој го прави”. Како што јас сум претставник на силата на Рим и како што моите војници ја признаваат мојата власт за врховна, така и Ти ја претставуваш силата на Бесконечниот Бог, па сѐ што е создадено ти се покорува на Твојот збор. Ти можеш да и заповедаш на болеста да исчезне и таа ќе те послуша. Можеш да ги повикаш Своите небесни гласници и тие ќе ти дадат исцелителна сила. Изговори само еден збор и мојот слуга ќе биде излекуван. {КВ 316.2}

„Кога го слушна тоа, Исус му се восхити, па се сврте кон мноштвото што го следеше и рече: ‘Ви велам, ни во Израел не најдов толкава вера’”. А на капетанот му рекол: „Нека ти биде како што си верувал. И неговиот слуга оздрави во истиот час”. {КВ 316.3}

Еврејските старешини, што го препорачале капетанот на Христа, покажале колку се оддалечени од духот на евангелието. Не го сфатиле фактот дека право на Божјата милост ни дава единствено нашата голема потреба. Во својата самоправедност тие го препорачале капетанот заради благонаклонетоста што тој ја покажал кон „нашиот народ”. Но капетанот рекол за себе: „Не сум достоен”. Неговото срце било допрено од Христовата благодат. Ја сфатил својата недостојност, но Сепак не се плашел да побара помош. Не се надевал во својата добрина; негов аргумент била неговата голема потреба. Неговата вера се фатила за Христа и Неговиот вистински карактер. Тој не верувал во Него само како во Чудотворец, туку и како Пријател и Спасител на човештвото. {КВ 316.4}

Така, секој грешник може да дојде кај Христа. Дој не спаси не заради праведните дела што сме ги сториле ние, туку по Својата милост”. (Тит 3:5) Кога сатаната ти зборува дека си грешник и дека не можеш да се надеваш да примиш благослов од Бога, кажи му дека Христос дошол на светот за да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо што би не препорачало кај Бога; но молбата која можеме сега и секогаш да ја изнесеме е нашата целосно беспомошна состојба. Таа состојба прави Неговата откупувачка сила да биде неопходна. Откажувајќи се од секоја самодоверба, треба да го насочиме погледот кон крстот на Голгота и да кажеме: {КВ 317.1}

„Јас не носам ништо за да платам;

туку за Твојот крст се држам”. {КВ 317.2}

Евреите уште од своето детство добивале поуки што се однесувале на делото на Месијата. Ги познавале вдахновените зборови на патријарсите и пророците и симболичното значење на жртвените обреди. Меѓутоа, тие ја игнорирале светлината, па затоа сега во Исуса не наоѓале ништо поради што би го посакале. Меѓутоа, капетанот, роден во незнабоштвото, воспитан во идолопоклонството на римската империја, обучен како војник, навидум преку своето воспитување и околината одвоен од духовниот живот, и како додаток на тоа бил отфрлен од предрасудите на Евреите и презирот на своите сонародници кон еврејскиот народ тој човек ја воочил вистината за која Авраамовите деца биле слепи. Тој не чекал да види дали самите Евреите ќе го прифатат Оној, Кој тврдел дека е нивен Месија. Како што „светлината, која го осветлува секој човек што Доаѓа на овој свет“ (Јован 1:9), светлела над него, тој, иако оддалеку, ја препознал славата на Божјиот Син. {КВ 317.3}

За Исуса тоа било гаранција за она важно дело што евангелието требало да го изврши меѓу незнабошците. Тој со радост гледал во иднината, кога душите од сите народи ќе се соберат во Неговото царство. Со длабока тага им укажал на присутните Евреи за последиците на нивното отфрлање на Неговата благодат: „Јас ви велам дека многумина ќе дојдат од исток и од запад и ќе седнат на масата со Авраама, со Исака и со Јакова, во небесното царство; но синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина каде ќе има плачење и чкртање со заби”. Ах, колку има такви кои и денес се подготвуваат за тоа кобно разочарување! Додека душите во темнината на незнабоштвото ја прифаќаат Неговата благодат, колку има многу во христијанските земји на кои светлината им свети само за да ја игнорираат. {КВ 317.4}

Околу триесетина километри од Капернаум, на една висорамнина, која овозможувала широк поглед на пространата, прекрасна израелска низина, се наоѓало селото Наин, кон кое се упатил Исус. Со Него биле учениците и многу други, а попатно му приоѓале други луѓе, кои копнееле по Неговите зборови на љубов и милосрдие, донесувајќи ги своите болни за Тој да ги излекува и секогаш со надеж дека Оној, Кој располагал со толку чудесна сила ќе се објави како цар на Израел. Мноштво народ го притискало Него на секој чекор и тоа била радосна поворка, полна со исчекување, која го следела Него по каменливата патека кон портите на планинското село. {КВ 318.1}

Додека се приближувале кон градот, на капијата се појавила посмртна поворка. Со бавни и тажни чекори поворката се упатувала кон гробиштата. Телото на мртовецот било носено на носила на чело на поворката, а по него оделе оплакувачите, чие лелекање го исполнувало воздухот. Изгледало како да се собрале жителите на цел град за да оддадат чест на покојникот и да укажат сочувство на ожалостените. {КВ 318.2}

Тоа била сцена што предизвикувала сочувство. Покојникот бил единец на својата мајка, а таа била вдовица. Осамената тажалка го придружувала до гробот, својата единствена земна потпора и утеха. „Кога Господ ја виде, се сожали над неа”. Додека се движела како слепа, плачејќи и не забележувајќи го Неговото присуство, Тој и пристапил и благо и рекол: „Не плачи”. Иако имал намера за неколку моменти да ја претвори нејзината тага во радост, Сепак не можел да се воздржи од тој израз на нежно сочувство. {КВ 318.3}

„Тогаш се приближи и го допре носилото”. Него не можел да го оскверни ниту допирот со мртовецот. Носачите застанале, а плачот на оплакувачите престанал. Две групи се собрале околу мртовечкиот ковчег, надевајќи се иако немало надеж. Тука се наоѓал Оној, Кој истерувал болести и совладувал демони; дали и смртта е под контрола на Неговата сила? {КВ 318.4}

Со јасен и авторитативен глас Исус ги изговорил зборовите: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Тој глас продрел до ушите на покојникот и момчето ги отворило очите. Потоа Исус го фатил за рака и го подигнал. Неговиот прв поглед запрел на онаа, која плачела покрај него, па мајката и синот се соединиле во долга, цврста и радосна прегратка. Мноштвото гледало без зборови, како маѓепсани. „И страв ги опфати сите”. Молчејќи и со стравопочитување стоеле извесно време, како да се наоѓале во присуство на Бога. Тогаш тие „го прославија Бога велејќи: ‘Голем пророк се појави меѓу нас и Господ го посети Својот народ’”. Погребната поворка се вратила во Наин како триумфална поворка. „И се рашири овој глас за Него низ сета Јудеја и низ сета околина”. {КВ 318.5}

Оној, Кој стоел покрај натажената мајка крај портите на Наин, бдее со секој што оплакува крај мртовечката постела. Тој сочувствува со нас во секоја наша жалост. Тоа срце, кое знаело да сака и да тагува, е срце со непроменлива нежност. Неговите зборови што подигале мртви во живот, не се помалку делотворни и денес, отколку тогаш, кога му биле упатени на момчето од Наин. Тој вели: „Ми се даде сета власт на Небото и Земјата”. (Матеј 28:18) Таа сила не е намалена со течењето на годините, ниту исцрпена заради постојаното делување на Неговата преобилна благодат. Тој сѐ уште е наш жив Спасител за сите што веруваат во Него. {КВ 319.1}

Враќајќи го синот на мајката, Исус ја претворил нејзината болка во радост. Но Сепак, момчето било повикано во овој земен живот за да ги искуси животните Болки, тешката работа, животните опасности и повторно да дојде под власта на смртта. Меѓутоа, во нашата тага за мртвите, Исус не теши со веста на бесконечната надеж: „Јас сум Оној што живее и беше мртов и ете жив сум за сите векови… и ги имам клучевите од адот и смртта”. „Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, за преку смртта да го уништи оној, кој имаше власт над смртта, односно ѓаволот; и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство”. (Откровение 1:18; Евреите 2:14,15) {КВ 320.1}

Сатаната не може да ги задржи мртвите под своја власт, кога Божјиот Син ќе ги повика во живот. Тој не може да држи во духовна смрт една душа, која со вера ја прима силата на Христовата Реч. Бог им зборува на сите што се мртви во гревот: „Разбуди се ти кој спиеш, воскресни од мртвите”. (Ефесјаните 5:14) Таа Реч е вечен живот. Како што Божјата Реч го повикала првиот човек во живот и денес ни дава живот, како што Христовата Реч: „Момче, тебе ти велам, стани“ му дала живот на момчето од Наин, така и Речта „воскресни од мртвите“ е живот за душата што ќе ја прими. Бог „не избави од власта на темнината и не пренесе во царството на Својот драг Син”. (Колосјаните 1:13) Сето тоа ни е понудено во Неговата Реч. Ако ја примиме Речта, ќе бидеме ослободени. {КВ 320.2}

И „ако Духот на Оној што го воскресна Исуса од мртвите, пребива во вас, Оној што го воскресна Исуса Христа од мртвите, ќе ги оживее и вашите смртни тела преку Својот Дух кој пребива во вас”. „Зашто Самиот Господ ќе слезе од небото со заповеднички повик, со архангелски глас и со звук на Божја труба и најпрво ќе воскреснат мртвите во Христа. А потоа ние живите кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во пресрет на Господа. И така засекогаш ќе бидеме со Господа”. (Римјаните 8:11; 1. Солунјаните 4:16,17) Ова се зборови на утеха со кои Тој ни заповеда да се утешуваме еден со друг. {КВ 320.3}

Сподели го ова:

Слични објави