53. ПОСЛЕДНОТО ПАТУВАЊЕ ОД ГАЛИЛЕЈА

Сподели го ова:

Во Христовиот начин на работа настапила промена, кога се приближувал крајот на Неговата служба. До тоа време Тој настојувал да не предизвикува возбуда и да не привлекува внимание во јавноста. Одбивал да прима почести од народот и брзо заминувал од место во место, секогаш кога изгледало дека воодушевувањето на народот за Него е претерано изразено. Многупати наредил никој да не разгласува за Него дека е Христос. {КВ 485.1}

За време на празникот Сеници, Неговото патување до Ерусалим било брзо и тајно. Кога Неговите браќа барале јавно да се прикаже Себеси Месија, Тој одговорил: „Моето време сѐ уште не е дојдено”. (Јован 7:6) Допатувал до Ерусалим незабележан и влегол во градот ненајавен и непрославен од мноштвото. Но, Неговото последно патување не било такво. Тој поради злобата на свештениците и учителите го напуштил Ерусалим за извесен период. Меѓутоа сега, кога се враќал назад, патувал јавно по еден заобиколен пат, а однапред најавувајќи го Своето доаѓање како што тоа не го направил никогаш порано. Одел напред кон местото на Својата голема жртва и кон тоа морало да биде привлечено вниманието на народот. {КВ 485.2}

„И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така мора да биде подигнат Синот човечки”. (Јован 3:14) Како што очите на сите Израелци биле вперени во подигнатата змија, симбол назначен за нивно исцелување, така сите очи мора да бидат привлечени кон Христа Жртвата што донесува спасение за изгубениот свет. {КВ 485.3}

Браќата го советувале Исус на празникот Сеници јавно да истапи пред народот, затоа што имале погрешна претстава за Месијанското дело и недостаток на вера во Неговиот Божествен карактер. Меѓутоа, раководени од сличен Дух, учениците сега Го одвраќале од патувањето за Ерусалим. Се сетиле на Неговите зборови за тоа што ќе му се случи таму, знаеле за смртното непријателство на верските водачи, па затоа настојувале да го одвратат својот Учител да не оди таму. {КВ 485.4}

На Христос му било тешко да се бори против сите стравови, разочарувања и неверувања на Своите сакани ученици. Било тешко да ги води низ агонијата и очајот што ги очекувале во Ерусалим. И сатаната бил присутен да го напаѓа Човечкиот Син со своите искушенија. Зошто да оди сега во Ерусалим, во сигурна смрт? Околу Него се наоѓаат душите кои се гладни за лебот на животот. Насекаде страдалниците го чекале Неговиот збор на исцелување. Штотуку започнало делото што требало да го оствари евангелието на Неговата благодат. А Тој бил во полна сила на својот мажествен период. Зошто да не појде во големите полиња во светот, со зборовите на Својата благодат и со допирот на Својата исцелувачка сила? Зошто да не си создаде Себеси радост, давајќи светлина и радост на тие милиони што се наоѓале во темнина и жалост? Зошто собирањето на жетвата да го остави на учениците, кои се толку слаби во верата, кои толку тешко сфаќаат и кои се толку спори да дејствуваат? Зошто сега да се соочи со смртта и да го остави делото во повој? Непријателот кој во пустината се соочил со Исуса, сега Го напаѓал со свирепи и подмолни искушенија. Ако Исус за момент попуштил, ако и малку го променил Својот начин на работа за да се спаси Себеси, агентите на сатаната би триумфирале, а светот би бил загубен. {КВ 486.1}

Но Исус „решително го насочил Своето лице да оди во Ерусалим”. Единствен закон во Неговиот живот била Татковата волја. Кога, како дете го посетил храмот, и рекол на Марија: „Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во делото на Мојот Татко“? (Лука 2:49) Во Кана, кога Марија посакала Тој да ја покаже Својата чудотворна сила, Неговиот одговор бил: „Уште не дошол Мојот час”. (Јован 2:4) Истите тие зборови им ги кажал на Своите браќа, кога навалувале на Него да оди на празникот. Но во големиот Божји план бил одреден час, кога Тој ќе се жртвува Себеси за гревовите на светот и тој час само што не чукнал. Тој нема да се откаже, ниту ќе се поколеба. Неговите чекори се насочени кон Ерусалим, каде што Неговите непријатели одамна планирале заговор против Неговиот живот; сега Тој ќе го положи. Решително се упатил таму, каде што го очекува прогонство, одрекнување, отфрлање, осудување и смрт. {КВ 486.2}

И „Тој прати гласници пред Себе. Тие Отидоа и влегоа во едно самарјанско село да приготват место за Него”. Но народот не сакал да го прими, зашто патувал кон Ерусалим. Според нивното мислење, тоа значело дека Исус е повеќе наклонет кон Евреите, кои ги мразеле со силна огорченост. Кога би дошол да го обнови храмот и службата за Бога на гората Гаризим, тие радосно би Го примиле, но Тој одел кон Ерусалим и затоа не сакале да му укажат гостопримство. Тие не биле свесни дека на тој начин ја затвораат својата врата за најдобриот небесен Дар. Исус ги повикувал луѓето да го примат, Тој побарал услуги од нивните раце, за да им се приближи и да им подари најбогати благослови. За секоја укажана добрина Тој возвраќал давајќи им ја Неговата драгоцена благодат. Меѓутоа, Самарјаните го изгубиле сето тоа заради своите предрасуди и нетолеранција. {КВ 486.3}

Јаков и Јован, Христовите пратеници биле многу огорчени од оваа нанесена навреда на нивниот Господ. Биле огорчени од таквата грубост кон Него од страна на тие луѓе на кои им укажувал почест со Своето присуство. Кратко време пред тоа биле со Него на гората на преобразувањето и виделе како Бог го прославил и како му укажувале почести Мојсеј и Илија. Оваа очигледна навреда од страна на Самарјаните, според нивното мислење, не смеела да помине без забележителна казна. {КВ 487.1}

Доаѓајќи кај Христа, го известиле за зборовите на тие луѓе, велејќи му дека тие одбиле да му дадат преноќиште. Сметале дека му е направена голема неправда и гледајќи во далечината на гората Кармил, на која Илија ги погубил лажните пророци, рекле: „Сакаш пи да заповедаме да слезе оган од небото и да ги уништи, како што направи Илија?“ Биле изненадени, кога виделе дека Исуса го заболеле нивните зборови, а уште повеќе се изненадиле, кога до нивните уши допреле зборови на прекор: „Вие не знаете со каков дух сте. Синот човечки не дојде да ги уништи човечките животи, туку да ги спаси”. Потоа, Тој заминал во друго село. {КВ 487.2}

Да се принудуваат луѓето да Го примат тоа не било дел од Христовата мисија. Сатаната и луѓето што ги води неговиот дух настојуваат да ја присилат совеста. Под изговор дека ревнуваат за праведност, луѓето што се во сојуз со лошите ангели нанесуваат страдања врз своите ближни за да ги придобијат за своите верски идеи, меѓутоа Христос секогаш покажува милост, секогаш копнее да ги придобие со Својата љубов. Тој не може да дозволи во душата никаков ривал, ниту пак прифаќа делумна служба, туку сака само доброволна служба, доброволно потчинување на срцето под принуда на љубовта. Нема посилен доказ дека поседуваме сатански дух од склоноста да им наштетиме и да ги уништиме оние што не ја ценат нашата работа или што постапуваат во спротивност со нашите идеи. {КВ 487.3}

Секое човечко суштество е Божја сопственост со телото, душата и духот. Христос умрел за да ги откупи сите. Ништо не може да биде поголема навреда за Бога отколку, кога луѓето поради верска нетрпеливост, им нанесуваат страдања на они што Спасителот ги откупил со Својата крв. {КВ 488.1}

„И Тој стана оттаму и дојде во јудејските краишта, од онаа страна на Јордан и пак се собра околу Него мноштво народ, а Тој, според Својот обичај, повторно ги учеше”. (Марко 10:1) {КВ 488.2}

Значителен дел од последните месеци од својата служба Христос ги поминал во Переја, областа „од онаа страна на Јордан“ спроти Јудеја. Тука народот во голем број се собирал околу Него, како на почетокот на Неговата служба во Галилеја и тука повторил многу од Своите поранешни учења. {КВ 488.3}

Како што ги испратил дванаесетмината, така избрал „уште седумдесетмина и ги испрати по двајца пред себе во секој град и место каде што и Самиот имаше намера да дојде“ (Лука 10:1) Овие ученици извесен период биле со Него и се подготвувале за своето дело. Кога дванаесетмината биле испратени на својата прва самостојна мисија, останатите ученици го следеле Исуса на Неговиот пат низ Галилеја. Тие ја имале таа предност да бидат Блиски со Него и да добијат непосредни лични упатства. Сега, овој поголем број на ученици исто така требало да тргне на посебна мисија. {КВ 488.4}

Упатствата дадени на седумдесетмината биле слични на упатствата дадени на дванаесетмината. Меѓутоа, заповедта што била дадена на дванаесетмината да не влегуваат во градовите на незнабошците или Самарјаните, не била дадена и на седумдесетмината. Иако Самарјаните само што го отфрлиле Христа, Неговата љубов кон нив останала неизменета. Кога тргнале во Негово име, седумдесетмината најпрвин ги посетиле самарјанските градови. {КВ 488.5}

Спасителовата лична посета на Самарија и подоцна пофалбата на добриот Самарјанин, како и благодарната радост на лепрозниот Самарјанин, кој единствен од десетмината се вратил да му се заблагодари на Христа, имале големо значење за учениците. Таа поука длабоко се врежала во нивните срца. Укажувајќи им на нивната должност непосредно пред Своето вознесение, Исус заедно со Ерусалим и Јудеја ја споменал и Самарија, како места во кои тие најпрво треба да го проповедаат евангелието. Неговото учење ги подготвило да ја исполнат таа должност. Кога во име на својот Учител заминале во Самарија, виделе дека народот е подготвен да ги прими. Самарјаните слушнале за Христовите пофални зборови и за Неговите милосрдни дела кон припадниците на нивниот народ. Иако грубо се однесувале кон Него, се увериле дека Неговите мисли се исполнети со љубов кон нив и нивните срца биле придобиени. По вознесението на Спасителот, тие срдечно ги пречекале Неговите гласници и учениците собрале драгоцена жетва меѓу оние кои некогаш биле нивни најогорчени непријатели. Скршената трска нема да ја здроби, и чадливата ламба нема да ја угасне; ќе суди според вистината”. „Во Негово име ќе се надеваат народите”. (Исаија 42:3; Матеј 12:21) {КВ 488.6}

Испраќајќи ги седумдесетмината, Исус им заповедал, како што им заповедал и на дванаесетмината, да не се наметнуваат онаму каде што не се добредојдени. Тој рекол: „Ако влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете: ‘Дури и правот од вашиот град што се залепил за нашите нозе го истресуваме против вас’. Но знајте го ова, дека се приближи до вас Божјото царство”. Тие требало да постапат така, за да покажат колку е ужасно да се отфрли пораката на Спасителот или Неговите гласници, а не поради огорченост или повредено достоинство. {КВ 489.1}

„Ви кажувам,“ додал Исус, „дека на Содом ќе му биде полесно во оној ден, отколку на тој град”. Тогаш се сетил на галилејските градови во кои поминал толку време од Својата служба. Со глас во кој се одразувала длабока тага, Тој извикал: „Тешко тебе Хоразине, тешко тебе Витсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон се извршија чудата што станаа кај вас, одамна би се покајале седејќи во вреќи и во пепел. Но на Тир и Сидон ќе им биде полесно на судот отколку вам. И ти, Капернауме, што си се издигнал до небото, ќе паднеш до пеколот”. {КВ 489.2}

Тие прометни градови околу Галилејското Море биле дарежливо понудени со најбогатите небесни благослови. Од ден на ден, Кнезот на животот Доаѓал во нив и заминувал од нив. Божјата слава, која копнееле да ја видат пророците и царевите, го осветлувало мноштвото што секој ден се собирало околу Спасителот. Но тие Сепак го отфрлиле Дарот од Небото. {КВ 489.3}

Манифестирајќи голема внимателност, рабините го предупредувале народот да не ја прима новата наука што ја проповеда Тој нов Учител, бидејќи Неговите теории и постапки се спротивни од оние на татковците. Народот имал доверба во она што го учеле свештениците и фарисеите, наместо сам да се труди да го разбере Божјиот збор. Луѓето покажувале почит кон свештениците и поглаварите, наместо да му покажуваат почитување на Бога и ја отфрлиле вистината, само за да можат да ги зачуваат своите традиции. Многумина биле импресионирани и скоро убедени, но не постапувале според своите убедувања и не биле вброени меѓу оние, кои се на Христова страна. Сатаната ги напаѓал со своите искушенија, додека светлината не им станала како темнина. Така многумина ја отфрлиле вистината што би им донела спас на нивните души. {КВ 489.4}

Вистинскиот сведок кажува: „Еве стојам пред вратата и чукам”. (Откровение 3:20) Секоја опомена, укор, и молба изнесена во Божјиот збор или преку Неговите гласници претставува чукање на вратата на срцето. Тоа е Исусовиот глас кој бара да влезе. Со секое тропање на кое не се одговара, подготвеноста да се отвори вратата е сѐ помала. Ако денес го запоставиме делувањето на Светиот Дух, утре нема да биде толку силно. Срцето станува помалку приемчиво, запаѓа во опасна несвесност за краткиот век на животот и за големата вечност потоа. На страшниот суд нема да бидеме осудени затоа што сме биле во заблуда, туку затоа што сме ги пропуштиле можностите кои ни ги дало Небото за да научиме што е вистина. {КВ 489.5}

Како и апостолите, седумдесетмината добиле натприродни спосо6ности, како печат за нивната мисија. Кога го завршиле своето дело, тие радосно се вратиле говорејќи: „Господе, дури и демоните ни се покоруваа во Твое име”. Исус одговорил: „Го гледав сатаната како падна од небото како молња”. {КВ 490.1}

Исус јасно ги гледал сцените од минатото и од иднината. Го видел Луцифер како бил фрлен од небесните дворови. Ги видел сцените од иднината на Својата сопствена агонија, кога пред сите светови ќе се открие карактерот на измамникот. Го слушнал извикот: „Се сврши“ (Јован 19:30), објавата дека спасението на загубениот човечки род е засекогаш обезбедено, дека Небото е засекогаш ослободено од обвинувањата, измамите и претензиите кои сатаната би ги поттикнувал. {КВ 490.2}

Преку крстот на Голгота, со Неговите душевни маки и срам, Исус однапред го видел последниот голем ден, кога кнезот на силите на темнината ќе биде уништен на Земјата, која толку долго била извалкана од неговиот бунт. Исус видел како делото на злото е завршено и како Божјиот мир ги исполнува Небото и Земјата. {КВ 490.3}

Отсега па натаму Христовите следбеници треба да го сметаат сатаната како победен непријател. Исус извојувал на крстот победа за нив и Тој посакувал тие да ја примат таа победа како своја сопствена. „Еве,“ рекол Тој, „ви давам власт да газите на змии и скорпии и над секоја непријателска сила и ништо не ќе може да ви напакости”. {КВ 490.4}

Семоќната сила на Светиот Дух претставува одбрана на секоја покајничка душа. Христос не дозволува под непријателска власт да дојде кој било од оние што во покајание и вера ја бараат Неговата заштита. Спасителот секогаш е покрај оние Свои следбеници што се во искушение и во неволја. Кај Него нема неуспех, загуби, неможност или пораз; сѐ можеме да постигнеме преку Оној, Кој ни дава сила. Кога ќе наидат искушенија и неволји, не чекајте да ги совладате сите тешкотии, туку гледајте кон Исуса, вашиот Помошник. {КВ 490.5}

Има христијани кои премногу мислат и зборуваат за силата на сатаната. Тие мислат на својот непријател, во молитви го споменуваат, разговараат за него и тој изгледа сѐ поголем и поголем во нивната фантазија. Вистина е дека сатаната е моќно суштество, но благодарение на Бога, ние имаме моќен Спасител кој го исфрлил непријателот од Небото. На сатаната му е угодно, кога ја величаме неговата сила. Зошто да не разговараме за Исуса? Зошто да не ја величаме Неговата моќ и Неговата љубов? {КВ 493.1}

Вечно сведоштво за тоа дека „Бог толку го возљуби светот, што го даде и Својот Единороден Син, за ниту еден што верува, да не загине, туку да има живот вечен“ е виножитото на ветувањето што го обвиткува престолот на Небото. Тоа и сведочи на вселената дека Бог никогаш нема да го заборави Својот народ во неговата борба против злото. Со тоа ни се ветени сила и заштита сѐ додека постои престолот. {КВ 493.2}

Исус додал: „Но не се радувајте што ви се покоруваат духовите, туку радувајте сѐ што вашите имиња се запишани на небесата”. Не се радувајте што имате моќ, за да не ја изгубите од вид својата зависност од Бога. Внимавајте да не бидете задоволни со себеси, и да не работите во сопствената сила, туку во духот и силата на својот Учител. Човекот секогаш е подготвен секој успех во делото да си го припише како своја заслуга, секогаш да си ласка себеси и да се издигнува и така во другите души не се создава впечаток дека Бог е сѐ и во сѐ. Апостол Павле кажува: „Зашто кога сум слаб, тогаш сум силен”. (2. Коринтјаните 12:10) Кога ја увидуваме својата слабост, тогаш настојуваме да се потпреме на една сила која не е од нас. Ништо не може толку силно да влијае на срцето, како чувството на нашата одговорност кон Бога. Ништо не допира толку суштински до најдлабоките побуди на нашите постапки, како свеста за Христовата љубов, која простува. Ние мора да комуницираме со Бога и тогаш ќе бидеме исполнети со Неговиот Свет Дух, што ни овозможува да се зближиме со своите ближни. Тогаш радувајте сѐ што преку Христа сте поврзани со Бога, што сте членови на небесното семејство. Доколку го насочувате погледот над себе, постојано ќе ја чувствувате слабоста на човештвото. Доколку помалку го негувате своето „јас“, дотолку појасно и поцелосно ќе го сфатите совршенството на својот Спасител. Колку повеќе се приближувате кон изворот на светлина и моќ, толку повеќе светлината ќе блеска и вие ќе имате поголема сила да работите за Бога. Радувајте сѐ што сте едно со Бога, едно со Христа и со целото небесно семејство. {КВ 493.3}

Додека седумдесетмината ги слушале Христовите зборови, Светиот Дух ги импресионирал нивните умови со живи стварности и ја испишувал вистината во душата. Иако мноштво луѓе се наоѓале околу нив, тие како да биле издвоени и како да биле сами со Бога. {КВ 494.1}

Знаејќи дека тие биле свесни за светоста на тој час, Исус „се зарадува во духот и рече: ‘Ти благодарам Татко, Господару на Небото и Земјата, што си го сокрил ова од мудрите и умните, а им го објави на малечките. Да, Татко, зашто таква беше волјата Твоја’. Сѐ ми е предадено од Мојот Татко. Никој не знае Кој е Синот освен Таткото и никој не знае Кој е Таткото освен Синот и оној на кого Синот сака да му открие”. {КВ 494.2}

Луѓето на кои светот им укажува чест, таканаречените великани и мудри луѓе, ниту покрај сета своја мудрост не можеле да го разберат Христовиот карактер. Тие го оценувале според надворешниот изглед, според понижувањето што го доживеал во својство на човечко суштество. Меѓутоа, на рибарите и цариниците им било овозможено да го видат Невидливиот. Дури ни учениците не го сфатиле сето она што Исус сакал да им го открие, но од време на време нивниот разум станувал просветлен, кога се потчинувале на силата на Светиот Дух. Тие сфаќале дека меѓу нив се наоѓа моќниот Бог, облечен во човечки лик. Исус се радувал што ова сознание, кое не го поседувале мудрите и умните, им било откриено на овие скромни луѓе. Често, кога им ги изнесувал содржините на Стариот завет и им покажувал како тоа се однесува на Него и на Неговото дело на помирување, тие биле разбудени од делувањето на Неговиот Дух и се воздигнувале во небесна атмосфера. Тие ги сфатиле духовните вистини што ги проповедале пророците многу појасно и од самите изворни писатели. Кога потоа го читале Стариот завет, тие не го сфатиле тоа како наука на книжевниците и фарисеите, ниту како зборови на мудри луѓе кои починале, туку, како ново откровение од Бога. Тие го гледале Оној „Кого светот не може да го прими, зашто не го гледа ниту го познава. Вие Го познавате, зашто престојува со вас и ќе биде во вас”. (Јован 14:17) {КВ 494.3}

Единствен начин на кој можеме да стекнеме посовршено сфаќање на вистината се состои во тоа нашето срце да биде благо и потчинето на Христовиот Дух. Душата мора да се очисти од суетата и гордоста, од неа мора да се исфрли сето она што ја обземало и Христос мора да биде востоличен во неа. Човечката наука е премногу ограничена за да може да го сфати помирувањето. Планот на спасението е толку далекусежен, што не може да се објасни со никаква филозофија. Тој засекогаш ќе остане тајна во која не може да проникне дури ни најдлабокото размислување. Науката за спасението не може да се објасни, но може да се запознае со лично искуство. Спасителовото совршенство може да го сфати само оној, кој ја увидува својата грешност. {КВ 494.4}

Поуките што ги изнесувал Христос додека полека одел по патот од Галилеја кон Ерусалим биле полни со упатства. Народот со копнеж ги слушал Неговите зборови. Во Переја, како и во Галилеја, луѓето биле помалку под власт на еврејските предрасуди отколку во Јудеја и Неговото учење наишло на одѕив во нивните срца. {КВ 495.1}

Во текот на овие последни месеци од Својата служба, Христос ги кажал повеќето свои параболи. Свештениците и рабините го прогонувале со сѐ поголема огорченост, а опомените што им ги давал биле обвиткани со симболи. Тие можеле да го сфатат нивното значење, но во Неговите зборови не можеле да најдат ништо на што би можеле да ги засноваат обвинувањата против Него. Во параболата за фарисејот и цариникот, самодоволната молитва: „Боже, ти благодарам што не сум како другите луѓе,“ стои во остра спротивност со молбата на покајникот „Биди ми милостив на мене грешникот”. (Лука 18:11,13) На тој начин Христос ги укорил Евреите заради нивното лицемерие. Со симболиката за неродната смоква и за големата вечера, Тој ја претскажал пропаста, која неминовно ќе ја снајде непокајаната нација. Оние што со презир го отфрлиле повикот да дојдат на евангелската гозба, ги слушнале Неговите зборови на опомена: „Јас ви велам дека ниту еден од оние што беа повикани нема да вкуси од мојата вечера”. (Лука 14:24) {КВ 495.2}

На учениците им биле дадени многу драгоцени поуки. Параболата за упорната вдовица и за пријателот што барал леб на полноќ им дале нова сила на Неговите зборови: „Молете и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви се отвори”. (Лука 11:9) Често нивната поколебана вера била зајакната со сеќавањата на Христовите зборови: „Зар Бог да не ги одбрани Своите избраници што го молат ден и ноќ, имајќи трпение со нив? Ви велам, бргу ќе ги одбрани”. (Лука 18:7,8) {КВ 495.3}

Христос ја повторил прекрасната парабола за загубената овца. Тој уште повеќе ја продлабочил поуката што таа ја содржела со параболата за загубениот денар и за загубениот син. Во тоа време, учениците не ја оцениле во целост силата на тие поуки. Меѓутоа, кога по излевањето на Светиот Дух го виделе обратувањето на незнабошците и љубоморниот гнев на Евреите, тие подобро ја сфатиле поуката за загубениот син и можеле да ја чувствуваат радоста на Христовите зборови: „Требаше да се веселиме и да се радуваме,“ зашто овој син ми беше мртов и оживеа, беше загубен и се најде”. (Лука 15:32, 24) Кога тргнале низ светот во името на својот Учител, изложувајќи се на потсмев, сиромаштија и прогонство, често ги зајакнувале своите срца повторувајќи го упатството што им го дал на ова последно патување: „Не бој се, малечко стадо, зашто вашиот Татко благоволи да ви го даде царството. Продајте го својот имот и давајте милостина. Згответе си торби што не ветват непоминливо богатство на небесата, каде што крадец не се притајува, ниту молец уништува. Зашто каде што е вашето богатство, таму ќе биде и вашето срце”. (Лука 12:32-34) {КВ 495.4}

Сподели го ова:

Слични објави