44. ВИСТИНСКИ ЗНАК

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 15:29-39; 16:1-12; Марко 7:31-37; 8:1-21.

„И кога излезе пак од пределите на Тир, дојде преку Сидон на Галилејското Море, низ пределите на Декаполис”. (Марко 7:31) {КВ 404.1}

Тука биле излекувани двајцата што биле обземени од лоши духови. Тука народот, вознемирен поради уништувањето на свињите, го принудил Исуса да замине од нивниот крај. Меѓутоа, тие ги слушале гласниците кои Тој ги оставил зад Себе и во нив се разбудила желбата да го видат. Кога повторно се вратил во тој регион, околу Него се собрало мноштво народ и кај Него бил доведен еден глув човек кој пелтечел. Исус не го излекувал овој човек само со еден збор, како што правел вообичаено. Издвојувајќи го од народот, Тој ги ставил Своите прсти во неговите уши и му го допрел јазикот. Погледнувајќи кон небото, воздивнал при помислата на ушите што нема да се отворат за вистината и на јазиците што не сакале да го признаат Спасителот. На зборовите: „Отвори се“ на човекот му се вратила моќта на говорот и тој, не обрнувајќи внимание на заповедта никому ништо да не зборува, насекаде раскажувал за тоа како бил излекуван. {КВ 404.2}

Исус отишол на една гора и тука околу Него се собрале мноштво луѓе, кои донесувале болни и хроми и ги ставале пред Неговите нозе. Сите ги излекувал, а луѓето, иако биле незнабошци го славеле Израелевиот Бог. Три дена се туркале околу Спасителот, спиејќи ноќе под ведро небо, а собирајќи се цел ден околу Христа, желни за да ги слушаат Неговите зборови и да ги гледаат Неговите дела. При крај на третиот ден им снемало храна. Исус не сакал да ги отпушти гладни, па им рекол на Своите ученици да им дадат храна. Учениците повторно го покажале своето неверие. Во Витсаида имале можност да видат како со Христов благослов, нивната малечка резерва била доволна да го нахрани мноштвото; Сепак, сега не изнеле сѐ што имаат со доверба дека Неговата сила ќе го умножи тоа за гладното мноштво. Покрај тоа, оние што ги нахранил во Витсаида биле Евреи, додека овие биле незнабошци. Еврејските предрасуди сѐ уште биле силни во срцата на учениците, па тие му одговориле на Исуса: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?“ Сепак, тие се покориле на Неговата Реч и му донеле сѐ што имале седум лебови и две риби. Сите се наситиле и преостанале седум големи кошници. Така биле закрепнати четири илјади мажи, освен жени и деца, и Исус ги пуштил со весели и благодарни срца. {КВ 404.3}

Тогаш со Своите ученици влегол во еден чамец и преминал преку езерото во Магдала, на јужниот крај на Генисаретската низина. На границата меѓу Тир и Сидон бил освежен од довербата на една Сирофениќанка. Незнабошците од Декаполис радосно го примиле. Сега, кога повторно стигнал во Галилеја, каде што Неговата сила се манифестирала на највпечатлив начин, каде што извршил најголем број од Своите дела на милост и каде го поучувал народот, го дочекале со презриво неверие. {КВ 405.1}

На една група фарисеи им се придружиле претставниците на богатите и достоинствени садукеи партијата на свештениците, скептиците и народните благородници. Овие две секти биле во огорчено непријателство. Садукеите и се додворувале на власта за да ја сочуваат својата положба и авторитет. Фарисеите од друга страна, ја поттикнувале народната омраза против Римјаните, копнеејќи по времето, кога ќе бидат во состојба да го отфрлат јаремот на освојувачот. Меѓутоа, сега садукеите и фарисеите се обединиле против Христа. Сличните се привлекуваат и злото, каде и да постои, се здружува со злото за да се уништи доброто. {КВ 405.2}

Сега фарисеите и садукеите дошле кај Спасителот, барајќи од Него видлив знак од Небото. Кога во времето на Исус Навин, Израелците тргнале во борба против Хананците кај местото Веторон, на заповед на водачот сонцето запрело додека не била извојувана победа, и во нивната историја се случиле многу слични чуда. Некој таков знак тие барале од Исуса. На Евреите не им биле потребни никакви знаци. Ним не можел да им користи никаков надворешен доказ. Она што им било потребно не било просветлување на разумот, туку духовна обнова. {КВ 406.1}

„Лицемери“ рекол Исус, „изгледот на небото можете да го распознавате“ преку гледање во небото тие можеле да го претскажат времето „но не можете ли да ги распознаете знаците на времето?“ Христовите зборови, изговорени со сила на Светиот Дух која го открила нивниот грев, претставувале знак што го дал Бог заради нивно спасение. Дадени се и знаци непосредно од Небото за да се потврди Христовата мисија. За него сведочеле песната на ангелите упатена до пастирите, ѕвездата што ги водела мудреците, гулабот и Гласот од небото при Неговото крштевање. {КВ 406.2}

„Тој воздивна длабоко во Својот дух и рече: Зошто ова поколение бара знак?“ „Но нема да му се даде знак, освен знакот на пророкот Јона”. „Како што Јона поминал три дена и три ноќи во стомакот на китот,“ Христос ќе помине исто толку време „во срцето на земјата”. Како што проповедањето на Јона било знак за жителите на Ниневија, така Христовото проповедање било знак за Неговата генерација. Меѓутоа, колку различно била примена Речта! Народот на големиот незнабожечки град затреперил, кога го слушнал Божјото предупредување. Царот и благородниците се понизиле; луѓето на висока и ниска положба во општеството повикале кон небесниот Бог, Кој бил милостив кон нив. „Ниневјаните ќе излезат на суд со ова поколение“ рекол Исус, „и ќе го осудат, зашто тие се покајаа, кога ја слушнаа проповедта на Јона. А еве, овде е некој поголем од Јона”. (Матеј 12:40,41) {КВ 406.3}

Секое чудо што го извршил Христос било знак за Неговото божество. Тој ги правел токму оние дела што биле претскажани за Месијата, но за фарисеите овие дела на милост претставувале директна соблазна. Еврејските водачи биле рамнодушни и нечувствителни кон човечките страдања. Во многу случаи нивната себичност и угнетување било причина за неволјата, која ја отстранил Христос. Затоа Неговите чуда претставувале прекор за нив. {КВ 406.4}

Она што ги навело Евреите да го отфрлат делото на Спасителот претставувало највозвишен доказ за Неговиот божествен карактер. Најголемото значење на Неговите чуда се состои во фактот дека тие чуда биле благослов за човештвото. Највозвишениот доказ за тоа дека Тој дошол од Бога било тоа што Неговиот живот го откривал Божјиот карактер. Тој правел Божји дела и зборувал Божји зборови. Таквиот живот е најголемо од сите чуда. {КВ 406.5}

Денес, кога се објавува веста на спасението, има многумина, кои како Евреите извикуваат: „Покажи ни знак. Направи некое чудо”. Христос не направил никакво чудо на барање на фарисеите. Тој не направил никакво чудо во пустината, како одговор на сатанските инсинуации. Тој не ни дава никаква моќ да се оправдаме себеси или да ги задоволуваме барањата на неверието и гордоста. Меѓутоа, евангелието не е без знак за своето божествено потекло. Зар не е чудо што можеме да се ослободиме од ропството на сатаната? Непријателството кон сатаната не е природно за човечкото срце, туку се добива преку Божјата благодат. Кога човекот што бил потчинет на упорната самоволност ќе се ослободи од тоа и со цело срце ќе се потчини на привлекувањето на Божјите небесни сили, зар тоа не е вистинско чудо? Истото се случува, кога човекот што бил под силна измама ќе ја сфати моралната вистина. Секогаш, кога една душа ќе се обрати и учи да го љуби Бога и да ги почитува Неговите заповеди тогаш се исполнува Божјото ветување: „Ќе ви дадам ново срце и нов дух ќе вдахнам во вас”. (Езекиел 36:26) Промената на човечкото срце, преобразувањето на човечкиот карактер тоа е чудото што го открива Спасителот, Кој секогаш живее и Кој се залага за спасение на душата. Доследниот живот во Христа е големо чудо. Во проповедање на Божјата Реч, знакот што треба да се манифестира денес и секогаш е присуството на Светиот Дух, така што Речта ќе има моќ на преобразување на оние кои ја слушаат. Тој е Божји сведок пред светот за божествената мисија на Неговиот Син. {КВ 407.1}

Срцата на оние кои од Исуса барале знак биле толку стврднати во неверие, што во Неговиот карактер не забележувале сличност со Бога. Тие не сакале да видат дека Неговата мисија претставува исполнување на Светото Писмо. Во приказната за богатиот човек и Лазар, Исус им рекол на фарисеите: „Ако не ги слушаат Мојсеј и пророците, нема да бидат убедени дури и ако некој воскресне од мртвите”. (Лука 16:31) На таквите не би можел да им користи никаков знак ниту на небото, ниту на Земјата. {КВ 407.2}

Исус „воздивна длабоко во Својот дух“ и завртувајќи се од групата на ситничари, повторно влегол во чамецот со Своите ученици. Во тажна тишина повторно преминале преку езерото. Меѓутоа, тие не се вратиле на местото од каде што тргнале, туку се упатиле кон Витсаида, во близина на местото каде што биле нахранети пет илјади луѓе. Кога преминале на другата страна, Исус рекол: „Внимавајте и чувајте се од квасецот фарисејски и садукејски”. Уште од времето на Мојсеј, Евреите имале обичај за време на Пасха да не чуваат квасец во своите домови и така биле поучени дека квасецот е симбол на гревот. Сепак, учениците не сфатиле што всушност Исус сакал да каже. Заминувајќи ненадејно од Магдала, тие заборавиле да понесат леб, така што со себе имале само една векна леб. Тие мислеле дека Христос го напомнува тоа за да ги предупреди да не купуваат леб кај фарисеите и садукеите. Недостатокот на вера и духовно разбирање често ги наведувал погрешно да ги толкуваат Неговите зборови. Сега Исус ги прекорил што помислиле дека Тој, Кој нахранил илјадници со неколку риби и јачменови лебови, во оваа свечена опомена посочил само на земната храна. Постоела опасност фарисеите и садукеите со своите лукави зборови да внесат квасец на неверие во учениците, наведувајќи ги лекомислено да ги сфатат Христовите дела. {КВ 407.3}

Учениците биле склони да веруваат дека нивниот Учител требало да го задоволи барањето во поглед на знак од небото. Тие биле убедени дека Тој е во состојба да го направи тоа и дека таквиот знак би ги замолкнал Неговите непријатели. Тие не го распознале лицемерието на овие ситничари. {КВ 408.1}

По неколку месеци, „кога се собрало големо мноштво народ, така што се газеа едни со други,“ Исус го повторил истото учење. „Тогаш почна да им зборува најпрво на Своите ученици: ‘Пазете се од квасецот фарисејски, кој е лицемерие’”. (Лука 12:1) {КВ 408.2}

Квасецот ставен во тестото делува незабележливо, менувајќи го тестото во сообразност со својата природа. Ако во срцето постои лицемерие, тоа се проткајува низ карактерот и животот. Христос веќе истакнал еден впечатлив пример на фарисејско лицемерие, кога го осудил обичајот „Корван“ со кој запоставувањето на должностите на синот се прикривале со наводната дарежливост кон храмот. Книжевниците и фарисеите незабележително подметнувале лажни начела. Тие ја прикривале вистинската природа на своите доктрини и ја користеле секоја можност вешто да ја втиснат во душите на своите слушатели. Овие лажни начела, ако се прифатат делуваат како квасец во тестото и го проткајуваат и менуваат карактерот. Поради тоа лажно учење на народот му било толку тешко да ги прими Христовите зборови. {КВ 408.3}

Истите влијанија и денес делуваат преку оние што се обидуваат да го објаснат Божјиот закон, така што ќе го прилагодат на своите постапки. Оваа класа на луѓе не го напаѓаат законот отворено, туку шират шпекулативни теории кои ги поткопуваат неговите начела. Тие го објаснуваат законот, така што ја уништуваат неговата сила. {КВ 408.4}

Лицемерието на фарисеите било производ на нивната себичност. Целта на нивниот живот била да се прославуваат самите себеси. Тоа ги навело да го извртуваат и погрешно да го толкуваат Светото Писмо и ги заслепило, така што не ја виделе целта на Христовата мисија. Дури и Христовите ученици се наоѓале во сериозна опасност да го негуваат тоа подмолно зло. Забелешките на фарисеите во голема мера влијаеле и на оние кои се вбројувале како Негови следбеници, но кои не се откажале од сѐ за да станат Негови ученици. Тие честопати се колебале помеѓу верата и неверието и не ги забележувале ризниците на мудрост скриени во Христа. Дури и учениците, иако навидум се откажале од сѐ заради Христа, не престанале во срцето да посакуваат да постигнат нешто големо. Тој дух предизвикал расправа околу тоа кој треба да биде најголем. Тој дух се испречил меѓу нив и Христа и поради тоа имале толку малку разбирање за Неговата самопожртвувана мисија, така што бавно ја сфаќале тајната на откупувањето. Како што квасецот, доколку се дозволи да ја заврши својата работа ќе предизвика расипување и распаѓање, така и себичниот дух, доколку се негува, доведува до сквернавење и пропаст на душата. {КВ 409.1}

Меѓу следбениците на нашиот Господ и денес како и порано, е распространет тој подмолен, измамлив грев! Колку често и нашата служба за Христа и нашата заедница еден со друг, е нарушена со тајната желба за самоиздигнување! Колку лесно Доаѓа мислата за самофалење и копнежот за човечко одобрување! Самољубието и склоноста кон полесен живот од оној што го одредил Бог доведуваат до тоа човечките традиции и теории да доаѓаат на местото на божествените прописи. Христос им упатил зборови на предупредување на Своите ученици: „Внимавајте и чувајте се од квасецот фарисејски”. {КВ 409.2}

Христовата вера е искрена. Ревноста за Божјата слава е поттик всаден од Светиот Дух, и само успешното делување на Духот може да го всади тој поттик. Само Божјата сила може да ја истера себичноста и лицемерието. Оваа промена е знак за Неговото влијание. Кога верата што ја примаме ќе ги уништи себичноста и преправањето, кога ќе не наведе да ја бараме Божјата слава, а не својата, тогаш можеме да бидеме сигурни дека тоа е вистинскиот пат. „Татко, прослави го Своето име“ (Јован 12:28), било основно начело на Христовиот живот, и ако ние го следиме Него, тоа ќе биде основно начело и во нашиот живот. Тој ни заповеда „да живееме како што живеел Тој,“ и „по тоа знаеме дека го познаваме, ако ги држиме Неговите заповеди”. (1. Јованово 2:6,3) {КВ 409.3}

Сподели го ова:

Слични објави