25. ПОВИК УПАТЕН ПОКРАЈ МОРЕТО
Оваа поглавје е засновано на Матеј 4:18-22; Марко 1:16-20; Лука 5:1-11.
Над Галилејското Море се раѓал нов ден. Учениците, изморени од безуспешниот ноќен труд, сѐ уште се наоѓале во своите рибарски чамци на езерото. Исус дошол да помине еден мирен час покрај водата. Се надевал дека изутрината ќе има малку одмор од мноштвото луѓе, кои ден за ден оделе по Него. Меѓутоа, набргу народот почнал да се собира околу Него. Бројот на луѓето бил сѐ поголем, така што го притискале од сите страни. Во меѓувреме, учениците излегле на брегот. За да побегне од притисокот на мноштвото, Исус влегол во чамецот на Петар и го замолил малку да се оддалечи од брегот. Тука сите можеле подобро да го слушнат и да го видат Исуса, па од чамецот му проповедал на мноштвото собрано на брегот. {КВ 244.1}
Каква била таа сцена за размислување на ангелите! Нивниот славен Заповедник, седејќи во рибарскиот чамец што се лулал на немирните бранови, ја објавувал добрата вест за спасение на внимателното мноштво луѓе, кои се туркале сѐ до работ на водата! Оној, Кого Небото го почитувало, ги објавувал големите вистини за Своето царство на обичните луѓе под ведро небо. Сепак, Тој не можел да има посоодветно место за Својата работа. Езерото, планините, широките полиња, сонцето што ја осветлувало земјата сето тоа пружало примери преку кои можел да ги објасни Своите поуки, за тие длабоко да се втиснат во мислите. Ниту една Христова поука не останала бесплодна. Секоја порака од Неговите усни допрела до некоја душа, како зборови на вечен живот. {КВ 244.2}
Мноштвото на брегот секој момент станувало сѐ поголемо. Стари луѓе, потпирајќи се на своите стапови, силни селани од планините, рибари со својата мачна работа на езерото, трговци и рабини, богати и учени, стари и млади, донесувајќи ги своите страдалници сите тие се туркале да ги слушнат зборовите на божествениот Учител. Сцените како што е оваа, пророците однапред ги виделе и напишале: {КВ 245.1}
„Земјата Завулонова и земјата Нефталимова,
покрај морето од онаа страна на Јордан,
незнабожечката Галилеја;
Народот што живее во темнина виде голема светлина;
И оние што живееа во земјата на сенката на смртта
ги осветлила светлина”. {КВ 245.2}
Покрај мноштвото што ја слушало неговата беседа на бреговите на Генисаретското Езеро, Исус имал на ум и други слушатели. Гледајќи низ идните векови, Тој ги видел Своите верни следбеници во затвори и судници, во искушение, осаменост и неволја. Пред Неговите очи се нижеле сите сцени на радост, борба и збрка. Истите зборови кои им ги изговорил на оние што биле собрани околу Него, Тој им ги кажувал и на тие други души и тие ќе допрат до нив, како вест на надеж, во време на проба, утеха, во тага и небесна светлина во темнината. Преку Светиот Дух, тој Глас, Кој зборувал од рибарскиот чамец на Галилејското Езеро, ќе објавува мир на човечките срца до крајот на времето. {КВ 245.3}
Кога ја завршил проповедта, Исус се свртел кон Петар и му рекол да отплови на морето и да ја фрли мрежата. Меѓутоа, Петар бил обесхрабрен. Цела ноќ не уловил ништо. Во тие мигови на осаменост тој мислел на судбината на Јован Крстителот, кој малаксувал сам во затворот. Тој размислувал за иднината на Христа и Неговите ученици, за лошиот успех на мисијата во Јудеја и за злобата на свештениците и рабините. Дури и неговиот сопствен занает го изневерил; додека ја набљудувал својата празна мрежа, иднината му изгледала темна и обесхрабрувачка. „Учителу“ рекол тој „цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но на Твој збор ќе ја фрлам мрежата”. {КВ 245.4}
Ноќта била единственото поволно време за риболов со мрежа во бистрата езерска вода. По безуспешниот ноќен труд, изгледало безнадежно да се фрли мрежата дење. Меѓутоа, Исус дал заповед, па љубовта кон нивниот Учител ги поттикнала учениците да се покорат. Симон и неговиот брат заедно ја фрлиле мрежата. Кога се обиделе да ја извлечат, во неа се наоѓало толкаво количество риби, што почнала да се кине. Морале да ги повикаат Јаков и Јован да им помогнат. Кога ја извлекле мрежата, двата чамци биле толку полни, што постоела опасност да потонат. {КВ 246.1}
Меѓутоа, Петар сега веќе не мислел ниту на чамецот, ниту на товарот. Тоа чудо, повеќе од сите на кои бил сведок, за него претставувало манифестирање на божествената сила. Во Исуса го видел Оној, Кој целата природа ја имал под Своја контрола. Божественото присуство му ја открило неговата сопствена несветост. Тој бил совладан од љубовта кон својот Учител, срамот поради своето неверие, благодарноста за Христовото понижување со тоа што станал човек и повеќе од сѐ, од чувството на нечистота во присуство на бескрајната светост. Додека неговите другари внимавале да не го загубат ловот во мрежите, Петар паднал пред нозете на Спасителот, извикувајќи: „Оди си од мене Господе, зошто јас сум грешен човек”. {КВ 246.2}
Тоа било истото присуство на божествената светост, кое го навело пророкот Даниел како мртов да падне пред Божјиот ангел. Тој рекол: „Мојата убавина ми се нагрди и силата ме остави”. Така и Исаија, гледајќи ја Божјата слава, извикал: „Тешко мене, пропаднав, зашто сум човек со нечисти усни и живеам среде народ со нечисти усни, а моите очи го видоа Царот, Господ над војските”. (Даниел 10:8; Исаија 6:5) Човечката природа со својата слабост и грев, се споредила со совршенството на божествената природа и тој почувствувал дека е целосно несовршен и несвет. Така било со сите на кои им било дозволено да ја здогледаат Божјата големина и величество. {КВ 246.3}
Петар извикал: „Оди си од мене, Господе, зошто јас сум грешен човек“ но, Сепак цврсто се држел за Исусовите нозе, чувствувајќи дека не може да се одвои од Него. Спасителот одговорил: „Не плаши се, зашто од сега ќе ловиш луѓе”. На Исаија му била доверена божествената вест дури откако, здогледувајќи ја Божјата светост, ја сфатил сопствената недостојност. Петар го примил повикот да работи за Христа, дури откако бил наведен да се откаже од себеси и да се потпре на божествената сила. {КВ 246.4}
Сѐ до тој момент ниту еден ученик не се соединил целосно со Исуса како соработник. Тие биле сведоци на многу од Неговите чуда и ги слушале Неговите учења, но не ги напуштиле целосно своите поранешни занимања. Затворањето на Јован Крстителот за сите нив било горчливо разочарување. Ако така завршила Јовановата мисија, тогаш можеле да имаат само малку надеж за својот Учител, против Кого се обединиле сите верски водачи. Под тие околности, повременото враќање на рибарењето и морето им донесувало извесно олеснување. Меѓутоа, сега Исус ги повикал да го напуштат својот поранешен живот и да ги соединат своите интереси со Неговите. Петар го прифатил повикот. Стигнувајќи до брегот, Исус ги повикал тројцата други ученици: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе”. Тие веднаш оставиле сѐ и тргнале по Него. {КВ 246.5}
Пред да ги повика да ги остават своите мрежи и рибарските чамци, Исус им дал уверување дека Бог ќе се грижи за нивните потреби. Користењето на чамецот на Петар за делото на евангелието било богато наградено. Оној, Кој е „богат за сите кои го повикуваат,“ рекол: „Дајте, па ќе ви се даде: Добра мерка, набиена, натресена и преполнета”. (Римјаните 10:12; Лука 6:38) Со таа мерка ја наградил службата на учениците. Секоја жртва направена во Неговата служба ќе биде наградена според „преголемото богатство на Неговата благодат”. (Ефесјаните 3:20; 2:7) {КВ 249.1}
За време на таа тажна ноќ на езерото, кога биле одвоени од Христа, учениците биле цврсто притиснати од неверие и биле изморени од безуспешните напори. Меѓутоа, Неговото присуство ја оживеало нивната вера и им донело радост и успех. Така е и со нас; ако се одвоиме од Христа, нашите напори се безуспешни и лесно губиме доверба и почнуваме да мрмориме. Меѓутоа, кога Тој е блиску и ние работиме под Негово водство, ние се радуваме на знаците на Неговата сила. Дело на сатаната е да ја обесхрабри душата; а Христово дело е да ја вдахне со вера и надеж. {КВ 249.2}
Длабоката поука што им ја открило чудото на учениците е поука и за нас дека Оној, чија Реч можела да ги собере рибите од морето, може да влијае и на човечките срца и да ги привлече со врските на својата љубов, за Неговите слуги да станат „ловци на луѓе”. {КВ 249.3}
Тоа биле скромни и необразовани луѓе, Галилејски рибари; меѓутоа, Христос, светлината на светот, бил многу повеќе од способен да ги оспособи за должностите за кои ги избрал. Спасителот не го презирал образованието, бидејќи просветеноста е благослов доколку е под контрола на Божјата љубов и посветена на Неговата служба. Меѓутоа, Тој ги заобиколил мудреците на своето време, затоа што тие биле толку самоуверени, што не можеле да сочувствуваат кон страдалниците, ниту да станат соработници на Човекот од Назарет. Во своите предрасуди тие презирале да бидат поучени од Христа. Господ Исус сака да соработува со оние, кои можат да станат слободни канали, преку кои луѓето ќе ја примаат Неговата благодат. Прво нешто што треба да го научат сите оние што сакаат да станат Божји соработници е поуката за недоверба во самиот себе и тогаш ќе бидат подготвени на себе да го примат Христовиот карактер. Тоа не може да се добие преку образование во највозвишените научни школи. Тоа е плод на мудроста, која се добива единствено од божествениот Учител. {КВ 249.4}
Исус избрал неучени рибари, бидејќи не биле образовани во духот на традициите и погрешните обичаи на своето време. Тоа биле луѓе со вродени способности и биле понизни и приемчиви луѓе што Тој можел да ги образува за Своето дело. Во секојдневниот живот наидуваме на многу луѓе кои трпеливо ја работат својата секојдневна работа, не знаејќи дека имаат способности кои, кога би се активирале, би ги ставиле во ред со највисоко ценетите луѓе во светот. Потребна е вешта рака за да се разбудат тие заспани способности. Таквите луѓе Исус ги повикал да бидат Негови соработници и ним им ја овозможил предноста од дружењето со Него. Никогаш големите луѓе на овој свет немале таков учител. Излегувајќи од школата на Спасителот, учениците веќе не биле неуки и некултурни. Станале слични на Него по умот и карактерот и, луѓето согледале дека тие биле со Исуса. {КВ 250.1}
Највисоката цел на образованието не се состои само во пренесување на знаење, туку во пренесување на животворна енергија, која се прима преку допир на умот со ум и на душата со душа. Само животот може да даде живот. Каква предност имале оние што во текот на три години биле во секојдневен допир со божествениот живот од кој потекнува секое животворно влијание, кое донело благослов за светот! Јован, саканиот ученик, повеќе од сите други се предал на силата на тој чудесен живот. Тој вели: „Животот се откри и ние го видовме и сведочиме за Него и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше кај Таткото и кој ни се откри нам”. „Сите ние примивме од Неговата полнина; благодат за благодат”. (1. Јованово 1:2; Јован 1:16) {КВ 250.2}
Апостолите на нашиот Господ немале ништо што би им донело слава. Било очигледно дека успехот на нивната работа зависи единствено од Бога. Животот на тие луѓе, карактерот што тие го развиле и силните дела кои Бог ги извршил преку нив, претставуваат сведоштво за тоа што ќе направи Тој за сите оние, кои сакаат да научат и да бидат послушни. {КВ 250.3}
Оној што најмногу го љуби Исуса ќе направи најмногу добра. Нема граници на корисноста на оној кој, ставајќи го своето ,,јас“ настрана, отвора пат Светиот Дух да делува на неговото срце и да живее целосно посветен живот на Бога. Ако луѓето се подготвени да се потчинат на потребната дисциплина, не жалејќи се и не малаксувајќи на патот, Бог ќе ги учи постојано, од час во час и од ден на ден. Тој копнее да ја манифестира Својата благодат. Ако Неговиот народ е подготвен да ги отстрани препреките, Тој ќе ја излее водата на спасението и таа обилно ќе протече низ човечките канали. Ако луѓето со скромни можности би биле поттикнати да го направат добро она што можат да го направат, кога на нив не би се ставале раце што ограничуваат за да ја задушат нивната ревност, денес би имало стотина работници за Христа таму, каде што сега има само еден. {КВ 250.4}
Бог ги зема луѓето такви какви што се и ги образува за Својата служба, доколку се подготвени да му се предадат. Божјиот Дух, примен во душата, ги оживува сите способности. Под водство на Светиот Дух, умот кој без резерва се посветува на Бога, се развива хармонично и зајакнува, така што е во состојба да ги сфати и исполни Божјите барања. Слабиот и непостојан карактер се менува и станува силен и непоколеблив. Постојаната посветеност воспоставува толку тесна врска помеѓу Исуса и Неговиот ученик, што христијанинот станува сличен на Него по умот и карактерот. Преку својата врска со Христа, тој стекнува појасни и пошироки погледи. Неговата проникливост станува поостра, а расудувањето поодмерено. Човекот што копнее да биде во служба за Христа толку е оживеан од животворната сила на Сонцето на Праведноста, што е во состојба да донесува многу род на Божја слава. {КВ 251.1}
Луѓето со највисоко образование во уметноста и науката примиле драгоцени поуки од христијаните со скромна положба, кои светот ги сметал за неуки. Меѓутоа, тие непознати ученици примиле образование во највисокото од сите училишта. Тие седеле крај нозете на Оној, Кој зборувал како „што никогаш не зборувал човек”. {КВ 251.2}