48. КОЈ Е НАЈГОЛЕМ?

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 17:22-27; 18:1-20; Марко 9:30-50; Лука 9:46-48.

Враќајќи се во Капернаум, Исус не отишол на добро познатите места каде што го поучувал народот, туку со Своите ученици тивко ја побарал куќата која станала Негов привремен дом. Негова намера била за време на Својот престој во Галилеја повеќе време да помине поучувајќи ги Своите ученици отколку да се посвети на јавна работа. {КВ 432.1}

Патувајќи низ Галилеја, Христос повторно се обидел да го подготви умот на Своите ученици за настаните што ги очекуваат. Им рекол дека оди во Ерусалим за да биде осуден на смрт и повторно да воскресне. На тоа додал чудна и свечена изјава дека ќе биде предаден во рацете на Неговите непријатели. Учениците дури и сега не ги разбрале Неговите зборови. Иако над Него се надвиснувала сенка на голема тага, во нивното срце се нашло место за духот на ривалство. Се расправале меѓу себе кој треба да биде најголем во царството. Сакале да ја прикријат оваа расправа од Исуса, па затоа не оделе како и обично покрај Него, туку подзастанувале, така што Тој пред нив влегол во Капернаум. Исус ги читал нивните мисли и копнеел да ги посоветува и поучи. Меѓутоа, чекал да го направи тоа во еден тивок момент, кога нивните срца ќе бидат отворени да ги примат Неговите зборови. {КВ 432.2}

Наскоро по нивното доаѓање во градот, на Петар му пристапил човек што собирал данок за храмот и го прашал: „Зар вашиот Учител не плаќа данок?“ Тој данок не бил државен данок, туку верски прилог што секој Евреин бил обврзан да го дава годишно за одржување на храмот. Да се одбие да се даде овој прилог било сметано за нелојалност кон храмот што според мислењето на рабините, претставувал најтежок грев. Ставот на Спасителот кон рабинските закони и Неговиот отворен прекор кон бранителите на традициите им овозможиле изговор за обвинување дека Тој има намера да ја искорени службата во храмот. Сега Неговите непријатели виделе можност да го дискредитираат. Тие нашле сигурен сојузник во собирачот на данок. {КВ 432.3}

Во неговото прашање Петар видел обид да се оспори Христовата приврзаност кон храмот. Бранејќи ја ревно честа на својот Учител, тој брзо одговорил, без да се консултира со Него, дека Исус ќе даде прилог. {КВ 433.1}

Меѓутоа, Петар само делумно ја сфатил намерата на тој човек. Постоеле одредени класи луѓе за кои се сметало дека се ослободени од плаќањето на тој данок. Во времето на Мојсеј, кога Левитите биле одредени да ја извршуваат службата во храмот, ним не им било дадено никакво наследство во народот. Господ рекол: „Левитите немаат дел, ниту наследство со своите браќа; Господ е нивното наследство”. (Второзаконие 10:9) Во Христово време сѐ уште се сметало дека свештениците и Левитите се посебно посветени на храмот и затоа од нив не се барало да даваат годишен прилог за негово одржување. Исто така, пророците биле ослободени од давање. Барајќи прилог од Исуса, рабините преминувале преку Неговото тврдење дека е пророк и учител и се однесувале со Него како со која било друга обична личност. Кога не би сакал да го даде бараниот прилог, тоа би значело дека не е лојален на храмот; од друга страна, ако пак дал, тоа би значело дека тие се во право што не го признаваат за пророк. {КВ 433.2}

Само малку пред тоа, Петар го признал Исуса за Божји Син, но сега ја пропуштил можноста да каже за карактерот на својот Учител. Одговарајќи му на собирачот на данок дека Исус ќе даде данок, тој всушност ја потврдил погрешната претстава за Него, која свештениците и поглаварите сакале да ја прошират во народот. {КВ 433.3}

Кога Петар влегол во куќата, Спасителот не се осврнал на она што се случило, туку запрашал: „Што мислиш Симоне, земните цареви од кого собираат царина или данок? Од своите синови или од туѓинците?“ Петар одговорил: „Од туѓинците”. Тогаш Исус рекол: „Значи синовите се слободни”. Додека поданиците на царството плаќаат данок за издржување на својот цар, неговите сопствени деца се ослободени од плаќање. Така и Израел, Божјиот народ, бил обврзан да ја издржува неговата служба, меѓутоа, Исус, Божјиот Син, немал таква обврска. Ако свештениците и Левитите биле ослободени заради својата поврзаност со храмот, колку повеќе тоа било случај со Оној за Кого храмот бил дом на Неговиот Татко. {КВ 433.4}

Кога Исус би дал прилог без приговор, со тоа во суштина би признал дека барањето е оправдано и би ја негирал својата божествена природа. Меѓутоа, Тој сметал дека треба да го исполни барањето, но истовремено го негирал тврдењето на кое тоа се засновало. Тој дал докази за Својата божествена природа со начинот на кој обезбедил плаќање за овој прилог. Се покажало дека Тој е едно со Бога и дека затоа не бил обврзан да дава прилог како обичниот поданик на царството. {КВ 434.1}

„Оди до морето“ му заповедал на Петар, „фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, отвори и ја устата, па ќе најдеш статир. Земи го и дај им го за Мене и за тебе”. {КВ 434.2}

Иако својата божествена природа ја облекол во човечки облик, со ова чудо Тој ја открил Својата слава. Било јасно дека Тој е Оној, Кој преку Давид објавил: „Мои се сите шумски животни и добитокот по илјадници ридови. Јас ги познавам сите горски птици; мои се сите диви ѕверови по полињата. Кога би огладнел, не би ти кажал тебе, зашто моја е земјата и сѐ што ја исполнува”. (Псалм 50:10-12) {КВ 434.3}

Иако јасно покажал дека не бил под никаква обврска да плаќа данок, Исус не стапил во судир со Евреите околу тоа прашање, бидејќи тие погрешно би ги интерпретирале Неговите зборови и би ги свртеле против Него. За да не дава никаков повод за замерки со одбивањето да плати данок, Тој го направил она што не би било оправдано да се бара од Него. Таа поука ќе биде од големо значење за Неговите ученици. Набргу требало да настапат големи промени во нивниот однос кон службата во храмот и Христос ги научил без потреба да не доаѓаат во судир со воспоставениот поредок. Колку што е можно, тие требало да се трудат да не даваат повод за погрешно толкување на нивната вера. Иако не смеат да жртвуваат ниту едно начело на вистината, христијаните треба да избегнуваат судири секогаш, кога тоа е можно. {КВ 434.4}

Кога Христос и учениците биле сами во куќата, додека Петар отишол до морето, Исус ги повикал останатите кај себе и прашал: „За што се препиравте патем меѓу себе?“ Исусовото присуство и Неговото прашање ја поставиле целата работа во светлина, која потполно се разликувала од онаа во која им се прикажала ним, кога се расправале по патот. Молчеле засрамени и си префрлале самите на себе. Исус им рекол дека ќе умре заради нив и нивното себично самољубие било во болна спротивност со Неговата несебична љубов. {КВ 434.5}

Кога им рекол дека ќе биде погубен и дека повторно ќе воскресне, Исус сакал да ги воведе во разговор за големата проба на која ќе биде ставена нивната вера. Кога би биле подготвени да го примат она што сакал да им го каже, би биле поштедени од горчливите душевни маки и очај. Неговите зборови би им донеле утеха во часовите на нажаленост и разочарување. Меѓутоа, иако толку јасно зборувал за она што го очекува, тоа што го споменал фактот дека набргу ќе оди во Ерусалим, повторно ја оживеало нивната надеж дека царството скоро ќе биде воспоставено. Затоа почнале да се прашуваат кој треба да ги заземе најголемите положби. Кога Петар се вратил од морето, учениците му раскажале што прашал Спасителот и на крај еден од нив се осмелил да го праша Исуса: „Кој е најголем во царството небесно?“ {КВ 435.1}

Спасителот ги собрал своите ученици околу Себе и им рекол: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите”. Во тие зборови имало нешто свечено и впечатливо, кое било далеку од разбирањето на учениците. Тие не можеле да го видат она што Христос го видел. Тие не ја сфатиле природата на Христовото царство и тоа несфаќање било причина за нивната расправа. Меѓутоа, вистинската причина лежела многу подлабоко. Објаснувајќи ја природата на Своето царство, Христос можеби привремено ја стивнал нивната расправа, но со тоа не ја допреле основната причина. Дури и откако примиле целосно објаснување, секое прашање за првенство, повторно би можело да предизвика расправа. Поради тоа, по Христовото заминување црквата би ја снашла катастрофа. Расправата околу првенството била последица на делувањето на истиот оној дух, кој претставува почеток на големата борба во вселената, поради што Христос морал да се симне од Небото и да умре. Пред Неговите очи се појавила визијата за Луцифер, „синот на зората“ кој по својата слава ги надминувал сите ангели кои го опкружуваат престолот и кој со најблиски врски бил поврзан со Божјиот Син. Луцифер рекол: „Ќе бидам сличен на Севишниот“ (Исаија 14:12,14), па поради таа своја желба за самоиздигање дошло до судир во небесните дворови и биле истерани многумина од Божјата војска. Кога навистина би сакал да биде како Севишниот, Луцифер никогаш не би го напуштил местото што му било одредено, бидејќи духот на Севишниот се манифестира во несебична служба. Луцифер ја посакувал Божјата власт, но не и Неговиот карактер. Тој сакал да го заземе највозвишеното место и секое суштество што го поттикнува неговиот дух постапува исто така. Поради тоа неизбежно настануваат отуѓеност, кавги и неслога. Власта станува награда за најсилниот. Царството на сатаната е царство на силата; секој поединец го смета другиот како пречка на патот на сопствениот напредок или скалило по кое ќе се искачи себеси на некое повисоко место. {КВ 435.2}

Додека Луцифер сметал дека изедначувањето со Бога е нешто што тој сакал да го има, Возвишениот Христос, „се понизил Себеси, земајќи облик на слуга, станувајќи сличен со луѓето и откако се најде во лик на човек, се понизи Себеси станувајќи послушен до смрт, и тоа смрт на крст”. (Филипјаните 2:7,8) Сега крстот се наоѓал непосредно пред Него, а Неговите ученици биле толку исполнети со себичност која претставува начело на царството на сатаната што не можеле да сочувствуваат со својот Господ, ниту пак можеле да го сфатат, кога зборувал за Своето понижување заради нив. {КВ 436.1}

Многу нежно, а Сепак многу свечено, Исус настојувал да го отстрани злото. Тој покажал кое начело владее во небесното царство и во што се состои вистинската големина оценета според небесните мерила. Оние кои ги придвижува горделивоста и љубовта кон истакнување, мислат на себе и на наградата што треба да ја добијат, а не на тоа како ќе му ги вратат на Бога даровите кои ги примиле. За нив нема да има место во небесното царство, бидејќи се идентификувале со сатанските следбеници. {КВ 436.2}

Пред славата, Доаѓа понизноста. За исполнување на високите должности меѓу луѓето, Небото одбира работници кои, како Јован Крстителот, се понизиле пред Бога. Ученикот кој е најсличен на дете, најуспешно работи за Бога. Небесните суштества можат да соработуваат со оној што копнее да ги спаси душите, а не да се издигнува себеси. Оној, кој најдлабоко чувствува дека му е потребна божествена помош, тој се моли да ја добие, а Светиот Дух ќе му даде погледи за Исуса, што ќе ја зајакне и воздигне душата. По заедницата со Христа, тој заминува да работи за оние кои пропаѓаат во своите гревови. Тој е помазан за својата мисија и постигнува успеси таму каде што многу учени и интелектуално мудри доживуваат неуспех. {КВ 436.3}

Меѓутоа, кога луѓето се издигнуваат себеси, сметајќи дека се неопходни за успех на големиот Божји план, Господ ги остава настрана. Станува очигледно дека Бог не зависи од нив. Делото не запира затоа што тие се отстранети од него, туку напредува со уште поголема сила. {КВ 436.4}

За Исусовите ученици не било доволно да бидат известени за природата на Неговото царство. Било потребно тие да се променат во срцето, за да бидат во хармонија со начелата на тоа царство. Повикувајќи кај Себе едно дете, Исус го ставил меѓу нив, а потоа, земајќи го детето нежно во Својата прегратка, рекол: „Ако не се обратите и не станете како малечки деца, нема да влезете во царството небесно”. Едноставноста, несебичноста и детската љубов исполнета со доверба тоа се особини кои Небото ги цени. Тоа се карактеристиките на вистинската големина. {КВ 437.1}

Исус повторно им објаснил на учениците дека Неговото царство не го карактеризираат земното достоинство и сјај. Крај Христовите нозе се забораваат сите овие почести. Богатите и сиромашните, учените и необразованите сите тие заедно се среќаваат, не помислувајќи на класните разлики или на земната превласт. Сите тие се среќаваат како души купени со крвта, кои сите подеднакво зависат од Оној, Кој ги откупил за Бога. {КВ 437.2}

Искрената, покајничка душа е драгоцена во Божјите очи. Бог не го става Својот печат врз луѓето според нивната положба, според нивното богатство, според нивната интелектуална големина, туку според нивното единство со Христа. Господ на славата е задоволен со оние кои се кротки и понизни во срцето. „Ти си ми го дал“ вели Давид, „штитот на Твоето спасение… и на Твојата благост“ како важен елемент во човечкиот карактер „ме возвеличува”. (Псалм 18:35) {КВ 437.3}

„Оној што ќе прими едно вакво дете во Мое име“ рекол Исус, „Мене ме прима, а оној што ќе ме прими Мене, не ме прима Мене, туку Оној што Ме испрати”. „Вака вели Господ: ‘Небесата се мој престол, а Земјата подножје на Моите нозе..’. но кон овој човек Јас ќе погледнам, на сиромавиот и оној што е со покајнички дух, и кој трепери пред Мојата Реч”. (Исаија 66:1,2) {КВ 437.4}

Зборовите на Спасителот предизвикале кај учениците чувство на недоверба кон себе. Никој не бил посебно посочен во одговорот, но Јован се почувствувал поттикнат да праша дали во еден случај неговата постапка била исправна. Со детски дух му го изнел тоа прашање на Исуса. „Учителе“ рекол, „видовме еден како истерува демони во Твое име, а не врви со нас; и ние му забранивме, зашто не врви со нас”. {КВ 437.5}

Забранувајќи му на тој човек, Јаков и Јован сметале дека ја бранат честа на својот Учител, но почнале да сфаќаат дека всушност ја имале во предвид својата чест. Ја увиделе својата грешка и го примиле Исусовиот укор: „Не бранете му, зашто никој што прави чудо во Мое име не ќе може лесно да зборува зло за Мене”. Не треба се презира, ниту да се одбие никој кој на каков било начин е наклонет кон Христа. Христовиот карактер и Неговото дело длабоко влијаеле и нивните срца со вера се отворале пред Него, а учениците кои не биле во состојба да ги читаат побудите морале да внимаваат да не ги обесхрабрат тие души. Кога Учителот веќе лично нема да биде меѓу нив и кога делото ќе биде препуштено во нивни раце, тие не смеат да негуваат тесноград и исклучив дух, туку мораат да го манифестираат она исто далекусежно сочувство, кое го виделе во нивниот Учител. {КВ 437.6}

Фактот дека некој не се согласува во сѐ со нашите лични размислувања и сфаќања не ни дава никакво право да му забрануваме да работи за Бога. Христос е Големиот Учител; ние не треба ниту да осудуваме, ниту да заповедаме, туку мораме понизно да седиме покрај Христовите нозе и да учиме од Него. Секоја душа која Бог ја направил послушна претставува орудие преку кое Христос ја открива Својата љубов која простува. Добро мораме да внимаваме да не обесхрабриме ниту еден од оние кои ја носат Божјата светлина и со тоа да ги пресечеме зраците за кои Бог посакува да светат во светот. {КВ 438.1}

Грубоста или рамнодушноста на учениците кон оној кого го привлекува Христос како што постапил Јован, кога му забранил на тој човек да прави чуда во Христово име може да има како последица да го турне тој човек на патеката на непријателот и со тоа да биде загубена една душа. За таквиот Исус рекол дека е „подобро да му обесат воденички камен на вратот и да биде фрлен во море“ отколку да го направи тоа. Потоа Тој додал „Ако те соблазнува твојата рака, отсечи ја; подобро е за тебе да влезеш во животот хром, отколку со двете раце да одиш во пеколот, во неизгасливиот оган. Ако те соблазнува твојата нога, отсечи ја; подобро е за тебе да влезеш во животот сакат отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот”. (Марко 9:43-45) {КВ 438.2}

Зошто служат тие сериозни зборови, од кои нема други построги? Затоа што „Синот Човечки дојде да го спаси она што е загубено”. Дали Неговите ученици треба да имаат помалку обѕир кон душите на своите ближни, отколку што имало Величеството од небото? За секоја душа е платена бескрајна цена и колку е страшен гревот, кога една душа ќе се оттргне од Христа, така што за неа ќе биде напразна Спасителовата љубов и Неговото понижување и агонија. {КВ 438.3}

„Тешко на светот поради соблазните! Меѓутоа, неизбежно соблазните ќе дојдат”. (Матеј 18:7) Поттикнат од страна на сатаната, светот неминовно ќе се спротивстави на Христовите следбеници и ќе се труди да ја уништи нивната вера, но тешко на оној кој го земал Христовото име, а Сепак постапува така. Оние кои тврдат дека му служат на Господа, а погрешно го прикажуваат Неговиот карактер, му нанесуваат срам на Господа, а и многумина стануваат измамени и наведени на погрешен пат. {КВ 438.4}

Секоја навика или секоја постапка која наведува на грев и нанесува срам на Христа треба да се отфрли без оглед на тоа што мора да се жртвува. На душата не може да и користи она што нанесува срам на Бога. Небесен благослов не може да му биде даден на оној што ги крши вечните начела на правдата. Еден негуван грев е доволен за дегенерација на карактерот и да се заведат другите. Ако треба да се отсече рака или нога, па дури и да се извади око за да се спаси телото од смртта колку тогаш треба да бидеме посрдечни во отфрлање на гревот кој донесува смрт на душата! {КВ 439.1}

Во обредната служба на секоја жртва и се додавала сол. Тоа, како и принесувањето темјан, означувало дека службата станува прифатлива за Бога, благодарение единствено на Христовата праведност. Посочувајќи кон тој обичај, Исус рекол: „Секоја жртва со сол ќе се осоли”. „Имајте сол во себе и така ќе имате мир меѓу себе”. Сите што сакаат да се принесат себеси „како жива жртва, света и угодна на Бога“ (Римјаните 12:1), мора да ја примат спасоносната сол праведноста на нашиот Спасител. Тогаш, тие стануваат „сол на Земјата“ (Матеј 5:13), и како што солта го спречува расипувањето, така тие го спречуваат злото меѓу луѓето. Меѓутоа, ако солта го загубила вкусот, ако побожноста постои само на зборови, без Христова љубов, тогаш тука не постои сила за добро. Таквиот живот не врши спасоносно влијание на светот. „Вашата енергија и делотворност во изградба на Моето царство“ вели Исус, „зависи од тоа дали сте го примиле мојот Дух. Морате да бидете соучесници во Мојата благодат, за да бидете животен мирис за живот. Тогаш нема да постои никакво ривалство, никаква себичност, никаква желба за највисока положба. Тогаш ќе ја имате онаа љубов, која не го бара своето, туку доброто на другите”. {КВ 439.2}

Грешникот што се кае треба да го насочи својот поглед „кон Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот“ (Јован 1:29) и гледајќи во Него, тој се преобразува. Неговиот страв се претвора во радост, а неговите сомнежи во надеж. Се појавува благодарност. Каменото срце се крши. Плима на љубовта го исполнува срцето. Во него Христос е извор на вода што тече во вечен живот. Кога гледаме како Исус, Човек на болката и запознаен со жалоста, се труди да ги спаси загубените; како го омаловажуваат, презираат и исмеваат, како го гонат од град до град додека Неговата мисија не била завршена, кога го гледаме во Гетсиманија, со крупни капки крвава пот и кога набљудуваме како во агонија умира на крстот кога го гледаме сето тоа, тогаш сопственото „јас“ веќе не бара да биде признаено. Кога ќе го насочиме својот поглед кон Исуса, ќе се засрамиме од својата рамнодушност, од својата замреност и својата себичност. Ќе бидеме волни да бидеме што било или ништо според Божја волја, само за да можеме со цело срце да му служиме на Господа. Ќе се радуваме да одиме по Христа, носејќи го крстот, да поднесуваме страдања, срам и прогонство заради Него. {КВ 439.3}

„Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите и да не си угодуваме себеси”. (Римјаните 15:1) Не смее да се запостави ниту една душа што верува во Христа, Колку и да е слаба нејзината вера и колку и да се несигурни нејзините чекори, како чекори на мало дете. За сето она во што сме во предност од другите без разлика дали тоа е образование или воспитување, префинетост, благороден карактер, христијанско обучување или верско искуство им должиме на оние кои имаат помалку можности и мораме да им служиме онолку колку што тоа е во наша моќ. Ако сме силни, мораме да ги поддржуваме рацете на слабите. Ангелите на славата, кои секогаш го гледаат лицето на небесниот Татко, се радуваат служејќи им на Неговите најмалечки. Тие посебно внимание обрнуваат на душите кои треперат и кои имаат многу недостатоци во карактерот. Ангелите се наоѓаат таму каде што се најпотребни, покрај оние кои водат најтешки борби сами со себе и кои се наоѓаат во околности кои се најобесхрабрувачки. Во таа служба ќе соработуваат и вистинските Христови следбеници. {КВ 440.1}

Ако некој од тие малечки би бил совладан и би направил некое зло против вас, тогаш ваша должност е да се трудите да го изведете на вистински пат. Не чекајте тој да го направи првиот чекор кон помирување. Исус рекол: „Што мислите, ако некој човек има сто овци, па една од нив заталка, зар нема да ги остави деведесет и деветте и да појде в планина и да ја бара заталканата? И ако успее да ја најде, вистина ви велам, повеќе ќе се радува за неа отколку за оние деведесет и девет што не заталкале. Така, ниту Вашиот небесен Татко не сака да се загуби ниту еден од овие малечки”. {КВ 440.2}

Со благ дух „внимавајќи на себе и ти да не бидеш искушан“ (Галатјаните 6:1), оди кај оној што греши и „искарај го насамо”. Не го срами, зборувајќи за неговите грешки пред другите, а исто така не му нанесувај срам на Христа со тоа што ќе го објавиш гревот или заблудата на оној кој го носи Неговото име. Често на оној што греши мора отворено да му се каже вистината; тој мора да биде наведен да ја увиди својата грешка, за да може да се поправи. Меѓутоа, не смееш да му судиш, ниту да го осудиш. Не се обидувај да се самооправдуваш. Сите твои напори треба да бидат за негово обновување. Кога се лекуваат душевните рани, потребен е најнежен допир, допир на најпрефинета чувствителност. Тука може да помогне само љубовта, која се излева од Страдалникот од Голгота. Братот со братот нека постапува со сочувство и нежност, знаејќи дека ако успее, „ќе спаси една душа од смрт,“ и „ќе покрие мноштво гревови”. (Јаков 5:20) {КВ 440.3}

Меѓутоа, можеби ниту тој обид нема секогаш да биде доволен. Потоа, вели Исус, „земи со себе уште еден или двајца”. Можеби нивното заедничко влијание ќе преовлада таму каде што првиот обид не бил успешен. Бидејќи не се вмешани во таа незгода, најверојатно нема да бидат пристрасни, а поради тоа оној што згрешил, ќе придава поголемо значење на нивниот совет. {КВ 441.1}

Ако не ги послуша ниту нив, дури тогаш прашањето треба да се изнесе пред сите верници. Членовите на црквата, како Христови претставници, треба да се обединат во молитва и со љубов да го молат престапникот да се поправи. Тогаш Светиот Дух ќе зборува преку Своите слуги, повикувајќи го заталканиот да се врати кон Бога. Зборувајќи во вдахновение, апостол Павле вели: „Како Бог да моли преку нас: Ве молиме во Христово име, помирете се со Бога”. (2. Коринтјаните 5:20) Кој ги отфрла таквите заеднички напори, тој ја раскинал врската што го спојува со Христа и со тоа се одвоил од членството на црквата. „Потоа“ вели Исус, „сметајте го како незнабожец или како цариник”. Меѓутоа, не треба со тоа тој да смета дека е отсечен од Божјата милост. Неговите поранешни браќа не треба да го презираат, ниту да го запоставуваат, туку треба да постапуваат кон него со нежност и сочувство, како кон една од загубените овци, која Христос сѐ уште настојува да ја врати во Своето трло. {КВ 441.2}

Во Христовото упатство за постапката кон оној што греши во поодреден облик се повторува учењето дадено на Израел преку Мојсеј: „Немој да го мразиш својот брат во своето срце. Слободно укори го својот ближен за да не го носиш гревот заради него”. (Левит 19:17) Со други зборови, оној што ја запоставува должноста која Христос му ја доверил и не настојува да ги поправи оние кои се наоѓаат во заблуда и грев, тој станува учесник во гревот. За секое зло што сме можеле да го спречиме, ние сме исто толку одговорни како самите да сме го направиле тоа. {КВ 441.3}

Меѓутоа, на самиот престапник треба да му укажеме на злото. Тоа не треба да биде предмет на разговор и критикување меѓу нас самите, ниту за тоа треба да им зборуваме на другите дури и откако црквата е известена. Сознанието за грешките на христијаните може да биде само камен за сопнување на светот кој не е во верата. Исто така, ако многу зборуваме за тие работи, само можеме себеси да си наштетиме, бидејќи со постојано задржување на тоа и самите се менуваме. Кога се трудиме да ги поправиме грешките на некој брат, Христовиот Дух ќе не наведе колку што можеме да се заштитиме од критиките на неговите сопствени браќа, а многу повеќе од укорот на светот што не верува. Ние и сами грешиме и ни е потребно Христово сожалување и простување и како што сакаме Тој да постапува кон нас, така Тој бара и ние да постапуваме едни кон други. {КВ 441.4}

„Сѐ што ќе сврзете на Земјата, ќе биде сврзано и на небесата, и сѐ што ќе разврзете на Земјата, ќе биде разврзано и на небесата”. Вие работите во својство на небесни амбасадори, а резултатот на вашето дело е од вечно значење. {КВ 442.1}

Меѓутоа, ние не треба да ја носиме сами оваа голема одговорност. Христос се наоѓа насекаде каде што со искрено срце се исполнува неговата Реч. Тој не само што е присутен на собирите во црквата, туку секогаш се наоѓа таму каде што во Негово име се среќаваат учениците, колку и да е мал нивниот број. Тој вели: „Ако двајца од вас на Земјата се согласат околу која било работа каква и да побараат, ќе им биде дадено од Мојот Татко, Кој е на Небото”. {КВ 442.2}

Исус вели: „Мојот Татко, Кој е на небесата“, а со тоа како да сака да ги потсети Своите ученици дека додека со Својата човечка природа е врзан за нив, дека е учесник во нивните неволји и дека сочувствува со нив во нивните страдања, со Своето божество е поврзан со престолот на Вечниот. Какво прекрасно уверување! Небесните суштества се обединуваат со луѓето во сочувството и залагањето за спасение на она што е изгубено. Сите сили на Небото се здружуваат со човечките способности, за душите да се привлечат кон Христа. {КВ 442.3}

Сподели го ова:

Слични објави