56. БЛАГОСЛОВУВАЊЕ НА ДЕЦАТА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 19:13-15; Марко 10:13-16; Лука 18:15-17.

Исус секогаш ги сакал децата. Тој ги прифаќал детските чувства и нивната отворена и искрена љубов. Благодарноста од нивните чисти усни звучела како музика во Неговите уши и го освежувала Неговиот Дух, кога бил угнетуван поради допирот со лукавите и лицемерни луѓе. Каде и да одел Спасителот, добрината што се одразувала на Неговото лице и Неговото нежно, љубезно однесување, ја задобивале љубовта и довербата на децата. {КВ 511.1}

Кај Евреите постоел обичај да ги доведуваат децата кај некои од рабините за да ги благословат, положувајќи ги рацете на нив. Меѓутоа, учениците на Спасителот сметале дека Неговото дело е премногу значајно за да биде прекинато на тој начин. Кога мајките почнале да ги доведуваат своите малечки, учениците покажувале незадоволство кон нив. Тие сметале дека тие деца се премногу млади и дека нема да им користи посетата кај Исуса, па дошле до заклучок дека на Исуса нема да му биде пријатно нивното присуство. Меѓутоа, на Исуса не му бил угоден таквиот став на учениците. Спасителот знаел колку тие мајки се грижат и се трудат да ги воспитаат своите деца во согласност со Божјата Реч. Тој ги слушнал нивните молитви. Самиот ги привлекол да дојдат кај Него. {КВ 511.2}

Една мајка со своето дете заминала од својот дом за да го најде Исуса. По патот и раскажала на својата сосетка каде тргнала, а сосетката посакала Исус да ги благослови и нејзините деца. Така се собрале неколку мајки со своите малечки. Некои од децата ги преминале годините на раното детство кон детството и младоста. Кога мајките ги соопштиле своите желби, Исус ги сослушал со сочувство тие срамежливи, солзливи молби. Меѓутоа Тој почекал да види каков третман ќе им дадат учениците. Кога видел дека учениците, сметајќи дека му прават Нему услуга, ги враќаат мајките, Тој им кажал дека грешат и им рекол: „Пуштете ги децата и не бранете им да доаѓаат при Мене, зашто на таквите им припаѓа царството небесно”. Ги земал децата во прегратка, ги ставал рацете на нив и им го дал благословот по кој дошле. {КВ 511.3}

Мајките биле утешени. Се вратиле во своите домови зајакнати и благословени од Христовите зборови. Биле охрабрени да го носат својот товар со нова ведрина и со полна надеж да се грижат за своите деца. Денешните мајки треба со иста таква вера да ги примат Христовите зборови. Христос и денес е наш личен Спасител исто онака, кога како човек живеел меѓу луѓето. Тој и денес им помага на мајките на ист начин како што им помагал, кога ги земал во Своја прегратка децата во Јудеја. Со Својата крв Тој ги откупил и нашите деца, исто како што ги откупил и децата од тоа време. {КВ 512.1}

Исус знае каков товар носи срцето на секоја мајка. Неговата мајка се борела со сиромаштија и неволји и Тој сочувствува со секоја мајка во нејзината работа. Тој поминал далечен пат за да ја симне грижата од срцето на Хананејката и истото тоа ќе го направи и за денешните мајки. Грижите на денешните мајки го допираат срцето на Оној, Кој на вдовицата од Наин и го вратил синот единец и Кој во Својата агонија на крстот, се сетил на Својата мајка. Во секоја тага и во секоја неволја, Тој дава утеха и помош. {КВ 512.2}

Мајките нека дојдат кај Исуса со своите грижи. Тие ќе најдат благодат, која ќе им биде доволна поддршка во воспитување на децата. Вратата е отворена за секоја мајка што сака да го положи својот товар покрај нозете на Спасителот. Оној што рекол: „Пуштете ги децата и не бранете им да доаѓаат при Мене,“ сѐ уште ги повикува мајките да му ги доведат своите деца за Тој да ги благослови. Дури и новороденчето во мајчината прегратка може да живее како под сенка на Семоќниот, преку верата на мајката која се моли. Јован Крстителот од своето раѓање бил исполнет со Светиот Дух. Ако живееме во заедница со Бога, и ние исто така можеме да очекуваме дека божествениот Дух ќе ги обликува нашите деца, дури и од најраното детство. {КВ 512.3}

Во децата кои биле донесени во допир со Него, Исус видел мажи и жени кои треба да бидат наследници на Неговата благодат и поданици на Неговото царство, а некои и маченици поради Него. Знаел дека тие деца ќе ги слушаат Неговите зборови и ќе го примат како свој Откупител многу полесно од возрасните, од кои многумина биле мудри во световна мудрост и со тврди срца. Во изложувањето на Своите поуки, Тој се спуштал до нив. Тој, Височеството на Небото не мислел за Себе дека е премногу возвишен за да одговара на нивните прашања и да ги упрости Своите важни поуки, за да бидат приемчиви за нивниот детски ум. Во нив посеал дух на семе на вистината, кое ќе никне по многу години и ќе донесе плод за вечен живот. {КВ 512.4}

Сѐ уште е вистина дека децата се најприемчиви за поуките од евангелието; нивните срца се отворени за божествените влијанија и тие се во состојба да ги задржат примените поуки. Малите деца можат да бидат христијани, имајќи искуство во согласност со своите години. Тие треба да се едуцираат во духовните нешта и затоа родителите треба да им пружат секаква можност, за да можат да формираат карактер по углед на Христовиот карактер. {КВ 515.1}

Татковците и мајките треба да гледаат кон своите деца како на помлади членови на Господовото семејство, кои им се доверени за да ги едуцираат за Небото. Поуките што самите ги примаме од Христа треба да им ги даваме на своите деца онака, како што разумот на детето е во состојба да ги прими, откривајќи им ја, малку по малку, убавината на небесните начела. Така христијанскиот дом станува училиште, каде што родителите служат како помошници, додека Христос е главниот инструктор. {КВ 515.2}

Работејќи на обратување на своите деца, не треба да бараме да видиме силни емоции, како неопходен доказ за согледување на гревот. Ниту пак е потребно да се знае точното време на нивното обратување. Ние треба да ги поучуваме тие да ги донесат своите гревови кај Исуса и да бараат прошка, верувајќи дека Тој простува и дека ги прима, како што ги примал децата, кога лично бил на Земјата. {КВ 515.3}

Мајката која ги поучува своите деца да ја слушаат затоа што ја сакаат, таа со тоа ги поучува на првите лекции во христијанскиот живот. Мајчината љубов ја претставува кај децата Христовата љубов, па малечките што имаат доверба и се послушни на својата мајка, со тоа се поучуваат да имаат доверба и да бидат послушни на Спасителот. {КВ 515.4}

Исус бил пример за децата и пример за татковците. Зборувал како Оној, Кој има власт и Неговите зборови имале сила; но Сепак во односите со грубите и насилнички настроените луѓе никогаш не употребил ниту еден нељубезен или неучтив израз. Христовата благодат во срцето ќе им подари на луѓето достоинство кое има потекло од Небото и чувство за пристојност. Таа ќе ублажи сѐ што е грубо и ќе потчини сѐ што е некултурно и нељубезно. Таа ќе ги води мајките и татковците да постапуваат со своите деца како со разумни суштества, како што и сами би сакале да се постапува со нив. {КВ 515.5}

Родители, воспитувајќи ги своите деца, проучувајте ги поуките кои Бог ги дал во природата. Како би постапувале кога би сакале да одгледувате каранфил, роза или лилјан? Прашајте го градинарот како успева секое гранче и секој лист да му се развиваат правилно, складно и убаво. Ќе ви каже дека тоа не го постигнал со никакви груби допири, ниту со насилна работа, бидејќи со тоа само би ги скршил нежните стебленца. Тој го постигнал тоа со мали вниманија кои често ги повторувал. Ја залевал почвата, ги штител растенијата од силните ветрови и од жешкото сонце, а Бог овозможил тие да се развиваат и да цветаат во убавина. Во постапување со своите деца, постапувајте како градинарот. Со нежни допири, задоволувајќи ги нивните потреби со љубов, настојувајте да ги обликувате нивните карактери по углед на Христовиот карактер. {КВ 516.1}

Охрабрувајте израз на љубов кон Бога и едни кон други. Причината што во светот има толку бесчувствителни мажи и жени, е тоа што вистинската љубов е сметана како израз на слабост и била потиснувана и придушувана. Подобрата природа на овие луѓе била задушена во детството и ако светлината на божествената љубов не ја растопи нивната студена себичност, нивната среќа засекогаш ќе биде упропастена. Ако сакаме нашите деца да го поседуваат нежниот Исусов дух и сочувството што ангелите го покажуваат кон нас, мораме да ја поттикнуваме детската благородност и љубов. {КВ 516.2}

Учете ги децата да го видат Христа во природата. Изведете ги надвор на свеж воздух, под величествените дрвја, во градината и учете ги во сите величествени дела на создавање да го видат изразот на Неговата љубов. Учете ги дека Бог ги создал законите кои управуваат со сите живи нешта, дека Тој создал закони за нас, и дека тие закони се услов за нашата среќа и радост. Не ги заморувајте со долги молитви и здодевни говори, туку преку очевидни поуки на природата поучувајте ги на послушност кон Божјиот закон. {КВ 516.3}

Ако ја стекнете нивната доверба во вас, како на Христови следбеници, ќе ви биде лесно да ги поучувате за големата љубов со која Тој ве љубел. Ангелите ќе бидат покрај вас, додека се трудите да им ги објаснувате вистините на спасението и им укажувате на Христа како на личен Спасител. Бог ќе им подари на татковците и мајките благодат да ги заинтересираат своите деца за драгоцената сторија за Бебето од Витлеем, Кое навистина е надежта на светот. {КВ 517.1}

Кога Исус им зборувал на учениците да не им бранат на децата да му приоѓаат, им зборувал на Своите следбеници во сите векови на службениците на црквата, на проповедниците, на помошниците и на сите христијани. Исус ги привлекува децата и ни заповеда „Не бранете им,“ како да сака да каже: „Тие ќе дојдат кај Мене, ако вие не ги спречите во тоа”. {КВ 517.2}

Немојте да дозволите вашиот нехристијански карактер погрешно да го прикаже погрешно Исуса. Немојте со својата рамнодушност и грубост да ги оддалечувате децата од Него. Никогаш не им давајте причина да чувствуваат дека Небото нема да биде пријатно место за нив до-колку вие сте таму. Не зборувајте за верата како за нешто што децата не можат да го разберат, ниту постапувајте така, како од нив да не се очекува да го примат Христа во своето детство. Не создавајте кај нив погрешен впечаток дека Христовата религија е мрачна религија и дека со доаѓањето кај Спасителот, мораат да се откажат од сето она што го прави животот радосен. {КВ 517.3}

Кога Светиот Дух ќе го поттикне срцето на вашето дете, соработувајте во Неговото дело. Учете ги дека Спасителот ги повикува, дека за Него нема поголема радост, отколку, кога тие ќе му се предадат себеси во цветот и свежината на својата младост. {КВ 517.4}

Спасителот чувствува бескрајна нежност кон душите што ги откупил со Својата крв. Тие се своина на Неговата љубов. Тој чувствува неискажлив копнеж за нив. Тој ги љуби не само најпослушните деца, туку и оние кои преку наследство поседуваат лоши црти на карактерот. Родителите не сфаќаат колку се одговорни токму поради тие црти во карактерот на своите деца. Тие немаат нежност и мудрост кои се неопходни во постапувањето со заблудените, кои се такви заради нивните родители. Меѓутоа, Исус има сочувство кон таквите деца. Тој ги познава и причините и последиците. {КВ 517.5}

Христијанскиот работник може да биде Христов посредник во привлекување на таквите деца кај Спасителот. Со мудрост и тактичност тој може да ги врзе за своето срце, може да им даде охрабрување и надеж и преку Христовата благодат може да ги види трансформирани во карактерот, така што за нив ќе може да се каже: „На таквите им припаѓа царството небесно”. {КВ 517.6}

Сподели го ова:

Similar Posts