47. СЛУЖБА
Оваа поглавје е засновано на Матеј 17:9-21; Марко 9:9-29; Лука 9:37-45.
Исус и Неговите ученици поминале цела ноќ на гората, а кога сонцето изгреало, тие се симнале во долината. Обземени со мисли, учениците оделе во стравопочит и молчење. Дури ни Петар немал ништо да каже. Тие со задоволство би останале на светото место, кое го осветлувала небесна светлина и на кое Божјиот Син ја манифестирал Својата слава, но требало да се заврши делото за луѓето, кои веќе на сите страни го барале Исуса. {КВ 426.1}
Во подножјето се собрало големо мноштво луѓе доведени тука од страна на учениците кои знаеле каде отишол Исус. Додека се приближувал, Спасителот им наредил на тројцата Свои придружници да не зборуваат ништо за она што го виделе, велејќи: „Никому не кажувајте за ова видение, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите”. За откровението што го добиле учениците требало да размислуваат во своите срца, но не да зборуваат за него на другите. Да се раскажува за тоа на мноштвото само би предизвикало потсмев или чудење. Дури ни деветтемина апостоли не би го сфатиле тоа, додека Христос не воскресне од мртвите. Колку бавни биле да разберат дури и трите ученици кон кои било покажано наклонетост, се гледа во фактот дека и покрај сето она што Исус го рекол за она што го очекувало, тие се прашувале меѓусебно што би требало да значи воскресението од мртвите. Сепак не барале објаснување од Исуса. Неговите зборови за иднината ги исполниле со тага. Тие не барале понатамошни откровенија за она што тие копнееле да веруваат дека нема никогаш да се случи. {КВ 426.2}
Кога собраните во подножјето го здогледале Исуса, му истрчале во пресрет, поздравувајќи го со изрази на стравопочит и радост. Меѓутоа, Неговото остро око веднаш забележало дека тие се наоѓаат во голема збунетост. Учениците изгледале вознемирени. Се случило нешто што кај нив предизвикало горчливо разочарување и понижување. {КВ 427.1}
Додека учениците чекале во подножјето на планината, еден човек го довел кај нив својот син за да го ослободат од немиот дух што го мачел. Кога ги испратил дванаесетмината да проповедаат по цела Галилеја, Исус им ја доверил на Своите ученици власта над нечистите духови за да ги истераат. И сѐ додека тие биле силни во верата, лошите духови се покорувале на нивните зборови. Сега, во Христово име му наредиле на лошиот дух да ја напушти својата жртва, но демонот им се исмејувал, манифестирајќи ја повторно својата моќ. Во неможност да го објаснат својот неуспех, учениците сметале дека си нанесуваат срам на себеси и својот Учител. Во мноштвото се наоѓале и книжевниците, кои во најголема мера ја искористиле можноста да ги понижат. Туркајќи се околу учениците, тие ги опсипале со прашања, настојувајќи да докажат дека тие и нивниот Учител се измамници. Рабините триумфално изјавиле: „Еве еден лош дух што не можат да го победат ниту учениците, ниту Христос”. Луѓето биле склони да се согласат со книжевниците и мноштвото било исполнето со чувство на презир и потсмев. {КВ 427.2}
Меѓутоа, обвинувањата наеднаш престанале. Исус и тројцата ученици се приближувале и луѓето брзо менувајќи го расположението, му тргнале во пресрет. Ноќта помината во општење со небесната слава оставила трага на Спасителот и Неговите придружници. На нивните лица зрачела светлина што предизвикала стравопочитување кај оние што гледале. Книжевниците во страв се повлекле, додека народот го пречекал Исуса. {КВ 427.3}
Како да набљудувал сѐ што се случувало, Спасителот дошол на местото на расправа и насочувајќи го Својот поглед кон книжевниците, запрашал: „За што ги распрашувате?“ {КВ 427.4}
Гласовите кои дотогаш биле храбри и предизвикувачки, сега молкнале. Целото мноштво стивнало. Тогаш несреќниот татко се пробил низ мноштвото и паѓајќи пред Исусовите нозе ја изнел сторијата за својата неволја и своето разочарување. {КВ 427.5}
„Учителу“ рекол Тој, „го доведов кај Тебе син ми во кого има нем дух. Каде и да го фати, го растргнува… и им реков на Твоите ученици да го истераат, но тие не можеа”. {КВ 428.1}
Исус погледнал околу Себе кон исплашеното мноштво, кон книжевниците кои подигаат безначајни критики и кон збунетите ученици. Прочитал неверување во секое срце и со глас полн со тага извикал: „О, неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве поднесувам?“ Тогаш му заповедал на таткото во неволја: „Доведи го твојот син тука”. {КВ 428.2}
Го довеле момчето и, кога погледот на Спасителот се спуштил над него, лошиот дух го фрлил на земја во грчеви на агонија. Лежел, валкајќи се и фрлајќи пена, а воздухот бил пресечен од нечовечките крици. {КВ 428.3}
Повторно Кнезот на животот и кнезот на темнината се соочиле на бојното поле Христос, исполнувајќи ја својата мисија, да им „проповеда избавување на заробените,… слобода на угнетените“ (Лука 4:18), а сатаната со желба да ја задржи жртвата под своја власт. Ангелите на светлината и војските на лоши ангели, невидливи, се приближиле да го набљудуваат судирот. За момент Исус му дозволил на лошиот дух да ја манифестира својата сила, со цел оние што гледале да можат да го сфатат ослободувањето кое имал намера да го изврши. {КВ 428.4}
Мноштвото набљудувало без здив, таткото бил во агонија меѓу надежта и стравот. Исус прашал: „Колку време има како му се случува ова?“ Таткото ја раскажал сторијата за долгите години на страдање, а потоа, како веќе да не можел да издржи, извикал: „Ако можеш нешто да сториш, смилувај ни се и помогни ни”. „Ако можеш!“ Дури и во тој момент таткото се сомневал во Исусовата моќ. {КВ 428.5}
Исус одговорил: „Ако можеш да веруваш, сѐ е можно за оној што верува”. На Исуса не му недостигала моќ лекувањето на синот зависело од татковата вера. Увидувајќи ја сопствената слабост, таткото со солзи се доверил на Христовата милост, извикувајќи: „Верувам, Господе, помогни му на моето неверие”. {КВ 428.6}
Исус се свртел кон страдалникот и рекол: „Духу нем и глув, Јас ти заповедам, излези од него и не влегувај веќе во него”. Се слушнал крик и започнала страшна борба. Изгледало како демонот при своето излегување да го раскинувал и животот на својата жртва. Потоа момчето лежело неподвижно, како мртво. Мноштвото шепотело: „тој е мртов”. Меѓутоа, Исус го земал за рака, го подигнал и го предал на неговиот татко, целосно здрав и со телото и со умот. Таткото и синот го фалеле името на својот Избавител. Мноштвото се „восхитуваше на Божјата моќна сила,“ додека книжевниците, поразени и со наведната глава, во тишина се оддалечиле. {КВ 428.7}
„Ако можеш нешто да сториш, смилувај ни се и помогни ни”. Колку души од товарот на гревот ја повториле оваа молитва? Милостивиот Спасител им одговара на сите: „Ако можеш да веруваш, сѐ е можно за оној што верува”. Верата е таа која не спојува со Небото и која ни дава сила да се соочиме со силите на темнината. Во Христа Бог ни дал средство за совладување на секоја грешна особина и за спротивставување на секое искушение, колку и да е силно. Меѓутоа, многумина чувствуваат недостаток на вера и затоа остануваат далеку од Христа. Нека овие души, во нивната беспомошна недостојност, се фрлат на милоста на својот сочувствителен Спасител. Не гледајте на себе, туку на Христа. Оној што исцелувал болни и истерувал демони, кога одел меѓу луѓето и денес е истиот моќен Откупител. Верата Доаѓа од Божјата Реч. Затоа држете се цврсто за Неговото ветување: „Оној што Доаѓа при Мене, нема да го истерам надвор”. (Јован 6:37) Фрли се пред Неговите нозе со извикот: „Верувам, Господе, помогни му на моето неверие”. Никогаш нема да пропаднете доколку го правите тоа никогаш. {КВ 429.1}
Во краток временски период учениците на кои им била укажана наклонетост го виделе врвот на славата и на понижувањето. Ја виделе човечката природа преобразена во Божјиот лик и понижена до налик на сатаната. Од гората на која зборувал со небесните гласници и каде што Гласот од величествената светлина го прогласил за Божји Син, учениците го виделе Исуса како се симнува за да наиде на најнесреќна и најодвратна сцена на момче опседнато со демон со изобличено лице, чкртајќи со забите во грчеви на агонија од која никаква човечка сила не можела да го ослободи. И тој силен Откупител, Кој само неколку часа пред тоа стоел во слава пред Своите восхитени ученици, се наведнува да ја подигне жртвата на сатаната од земјата на која се превиткува и со обновен ум и тело да му ја врати на својот татко и својот дом. {КВ 429.2}
Тоа била очигледна поука за откупувањето Божествениот од Татковата слава се наведнува да го спаси загубеното. Со тоа е прикажана и мисијата на учениците. Животот на Христовите слуги со Исуса не треба да се помине само на врвот на планината во мигови на духовно просветлување. Нив ги чека и работа во подножјето. Душите кои сатаната ги заробил чекаат збор на вера и молитва да ги ослободи. {КВ 429.3}
Деветмината сѐ уште размислувале за горчливиот факт на својот неуспех. Кога Исус повторно останал сам со нив, тие го прашале: „Зошто ние не можевме да го изгониме?“ Исус им одговорил: „Заради вашето неверие. Вистина ви велам, ако имате вера колку едно синапово зрно и ако и кажете на оваа гора: ‘премести се одовде таму,’ таа ќе се премести; и ништо нема да ви биде невозможно. Овој род пак, се истерува само со молитва и пост”. Нивното неверие, кое ги спречувало да поседуваат послични чувства со Христовите и немарноста со која гледале на светото дело што им било доверено, биле причина за нивниот неуспех во судирот со силите на темнината. {КВ 429.4}
Христовите зборови кои укажувале на Неговата смрт предизвикале тага и сомнеж. Изборот на тројца ученици кои ќе го придружуваат Исуса на планината предизвикал љубомора кај деветмината. Наместо да ја зајакнат својата вера со молитва и размислување за Христовите зборови, тие размислувале за своите разочарувања и за личните несогласувања. Во таква состојба на темнина тие стапиле во борба со сатаната. {КВ 431.1}
За да имаат успех во таквиот судир, учениците морале да бидат со поинаков дух. Нивната вера мора да биде зајакната со сесрдна молитва и со понижување на срцето. Морале да бидат лишени од своето ,,јас“ и да бидат исполнети со Дух и со Божја сила. Срдечното, истрајно обраќање на Бога со вера, вера која доведува до потполна зависност од Бога и до безрезервна посветеност на Неговото дело единствено може да им обезбеди на луѓето помош од Светиот Дух во борбата против началствата и властите, против светските управители на темнината и против поднебесните духови на злобата. {КВ 431.2}
„Ако имате вера колку едно синапово зрно“ вели Исус, „ќе и кажете на оваа планина: ‘премести се одовде таму,’ и таа ќе се премести”. Иако синаповото семе е толку мало, тоа ја содржи истата таинствена животворна сила со чија помош расте и највисокото дрво. Кога синаповото зрно ќе се стави во земја, неговиот малечок никулец ги користи сите состојки што Бог ги одредил за негова исхрана и тој брзо почнува да расте. Ако имате таква вера, ќе се фатите цврсто за Божјата Реч и за сите помошни средства што Тој ги одредил. Така, вашата вера ќе зајакне и ќе ви донесе на помош сила од Небото. Препреките кои сатаната ги натрупал на вашиот пат, иако можат да изгледаат несовладливи како вечните ридови, ќе исчезнат пред барањата на верата. „Ништо нема да ви биде невозможно”. {КВ 431.3}