50. МЕЃУ СТАПИЦИ
Оваа поглавје е засновано на Јован 7:16-36, 40-53; 8:1-11.
За сето време додека се наоѓал во Ерусалим за време на празникот, Исус бил шпиониран. Од ден на ден биле ковани нови планови како Тој да се замолчи. Свештениците и поглаварите настојувале да го фатат во стапица. Имале намера да го замолчат со сила. Но, тоа не било сѐ. Тие сакале тој галилејски учител да го понизат пред народот. {КВ 455.1}
Првиот ден дошле кај Него со прашањето кој го овластил да поучува. Сакале да го пренасочат вниманието од Него на прашањето за Неговото право да поучува, а со тоа и на нивната сопствена важност и достоинство. {КВ 455.2}
Исус рекол: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној што ме прати. Ако некој сака да ја твори Неговата волја, ќе знае дали оваа наука е од Бога или Јас зборувам сам од Себе”. (Јован 7:16, 17) На прашањето на тие ситничари, Исус не одговорил на замерката, туку ја изнел вистината која е пресудна за спасение на душата. „Спознавањето и ценењето на вистината“ рекол Тој, „зависи помалку од разумот отколку од срцето”. Вистината мора да биде примена во душата; таа бара поклонение од страна на волјата. Ако само разумот би ја примал вистината, тогаш горделивоста не би претставувала пречка за примање на вистината. Меѓутоа, вистината треба да се прими преку делување на благодатта врз срцето, а тоа бара одрекување на секој грев на кој укажува Божјиот Дух. Колку и да се големи предностите на човекот да ја запознае вистината, тоа нема да му биде од никаква полза, освен ако неговото срце не е отворено да ја прими вистината и ако свесно не се откаже од сите навики и постапки кои се спротивни на начелата на вистината. На сите оние што на ваков начин му се предаваат на Бога, имајќи искрена желба да ја знаат и творат Неговата волја, вистината се открива како Божја сила за спасение. Таквите луѓе се во состојба да прават разлика меѓу оној што зборува во Божјо име и оној што зборува сам од себе. Фарисеите не се потчинувале на Божјата волја. Тие не се труделе да ја запознаат вистината, туку да најдат некој изговор за да ја заобиколат. Христос покажал дека поради тоа фарисеите не го разбирале Неговото учење. {КВ 455.3}
Потоа Тој укажал на мерилото врз основа на кое вистинскиот учител се разликува од измамникот: „Кој зборува сам од себе, ја бара својата слава. А кој ја бара славата на Оној што го пратил, тој е вистинит и во него нема неправедност”. (Јован 7:18) Оној што бара лична слава, тој зборува само од себе. Со тоа духот на себичност го издал своето потекло. Меѓутоа, Христос ја барал Божјата слава. Тој зборувал Божји зборови. Тоа бил доказ за Неговиот авторитет да биде учител на вистината. {КВ 456.1}
Исус им дал доказ на рабините за Своето божество со тоа што им покажал дека знае што се крие во нивните срца. Сакајќи да го уништат уште од денот кога го излекувал Болниот во Витезда, тие го кршеле токму оној закон за кој исповедале дека го бранат. Исус рекол: „Зар Мојсеј не ви го даде законот? Но никој од вас не го извршува законот? Зошто сакате да ме убиете?“ {КВ 456.2}
Како блесок на светлина, овие зборови им ја откриле на рабините бездната на пропаста во која само што не се струполиле. За миг биле исполнети со ужас. Виделе дека се во судир со бесконечна сила. Меѓутоа, не сакале да ја примат опомената. За да го сочуваат своето влијание кај народот, морале да ги прикријат своите убиствени намери. Избегнувајќи да одговорат на Исусовото прашање, тие извикале: „Ѓавол е во тебе. Кој сака да те убие?“ Со тоа инсинуира дека Исусовите прекрасни дела биле поттикнати од зол дух. {КВ 456.3}
Христос не обрнувал внимание на тие инсинуации. Тој сакал да покаже дека исцелувањето во Витезда било во хармонија со саботата и дека тоа било оправдано според толкувањето кое Евреите му го даваат на Законот. Тој рекол: „Вам Мојсеј ви даде обрезание… И вие во саботен ден обрежувате човек”. Според законот, секое дете морало да биде обрежано во осмиот ден. Ако тој ден бил сабота, обредот тогаш морал да се изврши. Колку повеќе мора да биде во склад со духот на законот да се „исцели сиот човек во саботен ден”. Тој ги предупредил: „Не судете според надворешноста, туку судете според праведен суд”. {КВ 456.4}
Поглаварите замолкнале, а многумина од народот извикале: „Зар ова не е оној што сакаат да го убијат? А, еве, Тој слободно зборува и ништо не му велат. Да не се увериле и поглаварите дека Тој навистина е Христос?“ {КВ 457.1}
Меѓу Христовите слушатели се наоѓале многу жители од Ерусалим на кои им биле познати заговорите на поглаварите против Него и тие почувствувале дека кон Него ги привлекува некоја неодолива сила. Им се наметнувало уверувањето дека Тој е Божји Син. Меѓутоа, сатаната бил подготвен да поттикне сомневања, а патот за тоа го подготвиле нивните погрешни идеи за Месијата и за Неговото доаѓање. Постоело општо верување дека Христос ќе се роди во Витлеем, но дека по извесно време ќе исчезне и при Неговото повторно доаѓање никој нема да знае од каде дошол. Не бил мал бројот на оние кои сметале дека Месијата нема да има никакво природно сродство со човештвото. Бидејќи Исус не одговарал на распространетото сфаќање за славата на Месијата, многумина се поведувале по сугестијата: „Но овој Човек ние знаеме од каде е но, кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е”. {КВ 457.2}
Додека се колебале помеѓу сомневањето и верата, Исус ги прочитал нивните мисли и им одговорил: „Вие Мене ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку вистински е Оној што Ме прати, Кого вие не го познавате”. Тие тврделе дека знаат за Христовото потекло, но воопшто не го познавале. Кога би живееле во согласност со Божјата волја, тие би го познале Неговиот Син, кога Тој им се открил. {КВ 457.3}
Зборовите биле толку јасни, што морале да ги разберат. Очигледно со тоа било повторено тврдењето што го кажал пред Синедрионот неколку месеци пред тоа, кога се објавил Себеси како Божји Син. Како што тогаш имале намера да го убијат, поглаварите и сега се обидувале да го фатат, но ги спречувала една невидлива сила, која ставила граница на нивниот бес, говорејќи им: „До овде ќе дојдеш, а понатаму не”. {КВ 457.4}
Меѓу народот се наоѓале многумина кои верувале во Него и тие рекле: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе прави повеќе чуда од оние што ги направи овој Човек?“ Фарисеите и поглаварите кои внимателно го следеле текот на настаните, забележале во мноштвото изрази на наклонетост. Тие брзо отишле кај главните свештеници и ги изнеле своите планови да го уапсат Исус. Меѓутоа, имале намера да го направат тоа, кога Тој ќе биде сам, не осмелувајќи се да го фатат во присуство на народот. Исус и овој пат покажал дека ги чита нивните мисли. Тој рекол: „Уште малку време сум со вас, па си заминувам кај Оној што ме прати. Ќе ме барате, а нема да ме најдете и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете”. Наскоро Тој ќе најде засолниште надвор од досегот на нивното подбивање и омраза. Тој ќе се возвиши кај Таткото и повторно ангелите ќе го обожаваат, а таму Неговите убијци никогаш нема да можат да дојдат. {КВ 457.5}
Рабините подбивајќи се, рекле: „Каде ќе оди овој за да не можеме да го најдеме? Зар има намера да оди при расеаните меѓу незнабошците и да ги поучува незнабошците?“ Овие ситничари не ни сонувале дека со своите подбивни зборови ја опишале Христовата мисија! Цел ден ги подавал Своите раце кон непослушниот народ, народ кој оспорувал и противречел; Сепак ќе го најдат оние што не го барале и Тој ќе им се покаже на оние кои не го повикуваат Неговото име. (Римјаните 10:20,21) {КВ 458.1}
Погрешните тврдења на свештениците и рабините завеле многумина кои биле уверени дека Исус е Божји Син. Тие учители со значителен успех ги повторувале пророштвата за Месијата, дека Тој ќе „царува на Сион и во Ерусалим и ќе се прослави пред своите старешини“ и дека ќе владее „од море до море и од реката до крајот на светот”. (Исаија 24:23; Псалм 72:8) Тие со презир ја споредувале славата што е опишана тука со понизната Исусова појава. Тие ги извртеле и самите зборови на пророштвото за да ја поткрепат заблудата. Кога луѓето искрено би ја проучувале Речта за себе, тие не би биле заведени. Во шеесет и првото поглавје Исаија сведочи дека Христос ќе го направи токму она дело коешто го направил. Во педесет и третото поглавје се укажува на Неговото отфрлање и страдање во светот, а во педесет и деветтото поглавје се опишува карактерот на свештениците и рабините. {КВ 458.2}
Бог не ги принудува луѓето да се откажат од своето неверување. Пред нив се светлината и темнината, вистината и заблудата. На нив е да одлучат што ќе прифатат. Човечкиот разум е надарен со способност да прави разлика помеѓу доброто и злото. Бог сака човекот да не одлучува според моменталното чувство, туку врз основа на докази, споредувајќи внимателно библиски текст со библиски текст. Доколку Евреите ги ставиле настрана своите предрасуди и го споредиле пишаното пророштво со фактите кои го карактеризирале Исусовиот живот, тие би забележале прекрасна хармонија меѓу пророштвата и нивното остварување во животот и службата на понизниот Галилеец. {КВ 458.3}
Многумина и денес се измамени на истиот начин како и некогашните Евреи. Верските учители ја читаат Библијата во светлина на своите сопствени ставови и традиции, а луѓето не ја истражуваат Божјата Реч сами за себе и не оценуваат самостојно што е вистина, туку се потпираат на туѓ суд и ја доверуваат својата душа на нивните водачи. Проповедањето и поучувањето на Божјата Реч е еден од начините што Бог ги одредил за ширење на светлината, но ние мораме да го провериме учењето на секој човек со Светото Писмо. Секој што со молитва ја проучува Библијата, со желба да ја запознае вистината за да и се покорува, ќе прими божествено просветлување. Ќе го разбере Светото Писмо. „Ако некој сака да ја твори Неговата волја, ќе разбере за учењето”. (Јован 7:17) {КВ 459.1}
Последниот ден од празникот, слугите што биле испратени од свештениците да го уапсат Исуса се вратиле без Него. Свештениците луто запрашале: „Зошто не го доведовте?“ Тие со свечен израз на лицето одговориле: „Никогаш ниту еден човек не зборувал како овој Човек”. {КВ 459.2}
Иако нивните срца биле доста стврднати, тие биле растопени од Неговите зборови. Додека Тој зборувал во предворјето на храмот, тие се задржувале во близина, за да слушнат нешто што би можеле да го свртат против Него. Но, додека слушале, целта за која биле пратени била заборавена. Тие стоеле како маѓепсани. Христос им се открил Себеси на нивните души. Тие го виделе она што свештениците и поглаварите не сакале да го видат човечкото осветлено со славата на божеството. Тие се вратиле толку исполнети со таа мисла, толку импресионирани од Неговите зборови, така што на прашањето: „Зошто не го доведовте?“; тие можеле само да одговорат: „Никогаш ниту еден човек не зборувал како овој Човек”. {КВ 459.3}
И свештениците и поглаварите имале ист впечаток, кога првпат дошле во допир со Христа. Нивните срца биле длабоко возбудени и ним им се наметнувала мислата: „Никогаш ниту еден човек не зборувал како овој Човек”. Меѓутоа, тие го задушиле тоа убедување што Доаѓало од Светиот Дух. Сега, разбеснети од тоа што дури и орудијата на законот потпаднале под влијание на замразениот Галилеец, извикале: „Зар и вие сте измамени? Поверува ли во Него некој од водачите или фарисеите? Туку овој народ што не го знае законот проклет е”. {КВ 459.4}
Оние на кои им се изнесува веста на вистината ретко се прашуваат: „Дали е тоа вистина“; туку прашуваат: „Кој станува во нејзина одбрана?“ Повеќето ја ценат според тоа колку луѓе ја прифатиле, но Сепак го поставуваат прашањето: „Дали некој од учените луѓе или верските водачи поверувал?“ Денес луѓето не сѐ повеќе наклонети кон вистинската побожност, отколку што биле во Христово време. Тие на ист начин желно копнеат по земни добра, запоставувајќи го вечното богатство. Затоа не е никаков доказ против вистината тоа што повеќето луѓе не сакаат да ја прифатат или што не ја прифатиле големите луѓе на овој свет, па дури ни верските водачи. {КВ 459.5}
Свештениците и поглаварите продолжиле да коваат планови за апсење на Спасителот. Се истакнувало дека, ако и понатаму го остават на слобода, ќе го отуѓи народот од неговите тогашни водачи и дека затоа единствен сигурен начин е да го замолчат без одложување. Меѓутоа, токму во моментот кога расправата достигнала врв, тие биле прекинати, Никодим запрашал: „Осудува ли нашиот закон некого ако прво не се сослуша и не се дознае што прави?“ Завладеала тишина. Зборовите на Никодим ја погодиле нивната совест. Не можеле да осудат човек, а да не го сослушаат. Но тоа не била единствената причина што горделивите поглавари замолкнале, насочувајќи ги погледите кон човекот кој се осмелил да бара правда. Биле изненадени и засрамени што еден човек од нивната средина толку потпаднал под влијание на Исусовиот карактер, па проговорил во Негова одбрана. Откако се созеле, тие му се обратиле на Никодим со остар сарказам: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека од Галилеја не Доаѓа пророк”. {КВ 460.1}
Сепак, овој протест довел до тоа акцијата на Синедрионот привремено да запре. Поглаварите не биле во состојба да ја остварат својата намера и да го осудат Исуса без сослушување. Привремено поразени „секој се врати дома, а Исус отиде на Маслиновата Гора”. {КВ 460.2}
Исус ги напуштил возбудата и метежот во градот, љубопитното мноштво и подмолните рабини, барајќи мир во Маслиновата Гора, каде што можел да биде сам со Бога. Меѓутоа, рано изутрината се вратил во храмот и кога народот се собрал околу Него, Тој седнал и ги поучувал. {КВ 460.3}
Набргу бил прекинат. Му пристапила една група фарисеи и книжевници, влечејќи со себе една ужасена жена, која со остри и лути гласови ја обвинувале дека ја прекршила седмата заповед. Откако ја турнале пред Исуса, му рекле со лицемерна почит: „Мојсеј во законот ни нареди таквите жени да ги каменуваме, Ти пак, што велиш?“ {КВ 460.4}
Нивното наводно почитување го прикривало тајниот и внимателно испланиран план за Негова пропаст. Сакале да ја искористат оваа можност и да издејствуваат негова осуда, бидејќи, каква и да била неговата одлука, би им се дала можност да го обвинат. Ако ја ослободи жената, би можеле да го обвинат дека го презира Мојсеевиот закон. Ако им каже дека заслужила смрт, би можеле да го обвинат кај Римјаните дека си ја присвојува власта што само ним им припаѓа. {КВ 460.5}
Исус еден момент ја набљудувал таа сцена жртвата која треперела од срам и големодостојниците со сурово лице, лишени од секакво човечко сожалување. Неговиот совршено чист дух се набрал од оваа сцена. Добро знаел зошто ја довеле оваа жена пред Него. Ги читал срцата и го познавал карактерот и животната историја на сите што стоеле тука пред Него. Овие таканаречени чувари на правдата сами ја навеле својата жртва на грев за да му постават стапица на Исуса. Не покажувајќи никаков знак дека го слушнал нивното прашање, Исус се наведнал, и гледајќи во земјата, почнал да пишува во правта. {КВ 461.1}
Нетрпеливи поради Неговото оддолжување и видливата рамнодушност, обвинителите се доближиле поблизу, свртувајќи го Неговото внимание кон овој предмет. Но, кога нивниот поглед, следејќи го Исусовиот поглед, паднал на плочникот при Неговите нозе, изразот на пицата им се изменил. Тука, пред нив, биле испишани грешните тајни на нивниот живот. Присутните што набљудувале, забележале како изразот на пицата наеднаш им се променил, па се потиснале нанапред за да видат што е тоа што го набљудуваат тие со толкава вчудовиденост и срам. {КВ 461.2}
Колку и да зборувале дека имаат стравопочит кон законот, овие рабини, со подигањето обвинување против жената ги кршеле неговите одредби. Сопругот бил должен да поведе постапка против неа и двајцата учесници требало подеднакво да се казнат. Постапката на обвинувачите била незаконска. Но како и да било, Исус се соочил со нив на нивно тло. Законот налагал при извршување на казната со каменување, сведоците први да фрлат камен. Подигајќи го Својот поглед и насочувајќи го кон подмолните старешини, Исус рекол: „Кој меѓу вас е без грев, прв нека фрли камен на неа”. И наведнувајќи се, продолжил да пишува врз тлото. {КВ 461.3}
Исус не го оставил настрана законот кој бил даден преку Мојсеја, ниту го погазил авторитетот на Рим. Тужителите биле поразени. Сега, откако од нив биле симнати облеките на наводната светост, тие стоеле виновни и осудени во присуство на Бесконечната Чистота. Трепереле, за пред мноштвото да не се открие скриеното беззаконие на нивниот живот, и еден по еден, со наведнати глави и наведнати погледи, крадешкум си заминале, оставајќи ја својата жртва со сочувствителниот Спасител. {КВ 461.4}
Исус станал, и погледнувајќи ја жената рекол: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Ниеден ли не те осуди? Таа рече: Ниеден, Господе. И Исус и рече: Ни Јас не те осудувам; оди си и не греши повеќе”. {КВ 461.5}
Жената стоела пред Исуса, треперејќи од страв. Неговите зборови: „Кој меѓу вас е без грев, прв нека фрли камен на неа“ и звучеле како смртна пресуда. Не се осмелувала да го подигне својот поглед кон лицето на Спасителот, туку молчела очекувајќи ја својата пропаст. Зачудена, видела како нејзините обвинувачи заминуваат без зборови и збунети, а тогаш, до нејзините уши допреле зборови на надеж: „Ни Јас не те осудувам; оди си и не греши веќе”. Срцето и било трогнато, па паднала пред Исусовите нозе, изразувајќи ја со пипање својата благодарна љубов и со горчливи солзи ги исповедала своите гревови. {КВ 462.1}
Тоа за неа бил почеток на еден нов живот, живот на чистота и мир, посветен на Божјата служба. Подигнувајќи ја таа падната душа, Исус извршил многу поголемо чудо, отколку во исцелувањето на најтешките телесни болести; Тој ја излекувал од духовната болест која донесува вечна смрт. Оваа жена покајничка станала една од Неговите најлојални следбеници. На неговата милост што простува, таа возвратила со самопожртвувана љубов и со преданост. {КВ 462.2}
Давајќи и прошка на оваа жена и охрабрувајќи ја да живее еден подобар живот, Исусовиот карактер зрачел во убавината на совршената праведност. Додека Тој не го оправдува гревот, ниту го намалува чувството на вина, Тој не настојува да осуди, туку да спаси. Светот покажал само презир и подбив кон таа заблудена жена; меѓутоа, Исус и изговорил зборови на утеха и надеж. Безгрешниот имал сожалување кон слабоста на оваа грешница и и подал рака помошничка. Додека лицемерните фарисеи ја обвинувале, Исус и наложил: „Оди си и не греши повеќе”. {КВ 462.3}
Човекот што го свртува својот поглед од заблудените и дозволува непречено и понатаму да паѓаат сѐ пониско, не е Христов следбеник. Оние кои обично предводат во обвинување на другите и кои ревнуваат во нивното казнување, честопати сѐ повеќе виновни од нив во својот живот. Луѓето го мразат грешникот, но го љубат гревот. Христос го мрази гревот, но го љуби грешникот. Таков ќе биде духот на сите оние кои одат по Него. Христијанската љубов бавно укорува, брзо го воочува покајанието, подготвена е да прости, да охрабри, да го изведе заблудениот на патеката на светоста и да ги задржи неговите стапала на неа. {КВ 462.4}