77. ВО СУДНИЦАТА НА ПИЛАТ
Оваа поглавје е засновано на Матеј 27:2.11-31; Марко 15:1-20;
Лука 23:1-25; Јован 18:28-40; 19:1-16.
Во судницата на римскиот гувернер Пилат, Христос стоел врзан како затвореник. Бил опкружен со стража, а судницата брзо се полнела со набљудувачи. Надвор, покрај влезот се собрале судиите на Синедрионот, свештениците, поглаварите, старешините и џганот. {КВ 723.1}
Откако Го осудил Исуса, Синедрионот му се обратил на Пилат да даде потврда за пресудата и за нејзино извршување. Меѓутоа, тие еврејски поглавари не влегувале во римската судница. Според нивниот обреден закон, со тоа би се оскверниле и не би можеле да учествуват во празнувањето на Пасха. Меѓутоа, во своето слепило тие не виделе колку убиствената омраза ги сквернавела нивните срца. Не виделе дека Христос е вистинското пасхално Јагне и дека тој голем празник го изгубил своето значење, бидејќи го отфрлиле Него. {КВ 723.2}
Кога Го довеле Исуса во судницата, Пилат не бил пријателски расположен кон Него. Римскиот гувернер бил итно повикан од својата спална соба и тој бил одлучен колку што може побрзо да ја заврши работата. Бил подготвен строго да постапува со обвинетиот. Давајќи му на своето лице најстрог израз, се свртел да види каков е тој човек што треба да го испита и поради кој толку рано морал да го прекине својот одмор. Знаел дека тоа мора да биде лице, кое еврејските старешини сакале што побрзо да биде сослушано и казнето. {КВ 723.3}
Пилат прво ги погледнал луѓето што Го обвиниле Исуса, а потоа неговиот испитувачки поглед се задржал на Обвинетиот. Пилат имал работа со затвореници од секаков вид, но никогаш дотогаш пред него не бил изведен човек што носел обележје на таква добрина и благородност. На Неговото лице Пилат не видел никаков знак на вина, никаков израз на страв, никаква дрскост или пркос. Пред себе видел човек со мирно и достоинствено држење, на чие лице не видел никакви траги на злосторство, туку печат од Небото. {КВ 724.1}
Христовата појава направила поволен впечаток на Пилат. Во Него се разбудило она што било добро во неговиот карактер. Тој слушал за Исуса и за Неговите дела. Сопругата му раскажала нешто за чудесните дела на галилејскиот Пророк, Кој исцелувал болни и подигал мртви. Сето тоа како сон оживеало во сеќавањето на Пилат. Се сетил на гласовите, кои во врска со тоа Доаѓале од разни извори. Одлучил да ги праша Евреите какви обвинувања имаат против тој затвореник. {КВ 724.2}
Кој е овој Човек и зошто Го донесовте? прашал тој. „Какви обвинувања имате против Него?“ Евреите биле збунети. Знаејќи дека не можат да ги поткрепат своите обвинувања против Христа, тие не сакале јавно сослушување. Одговориле дека Тој е измамник наречен Исус од Назарет. {КВ 724.3}
Пилат повторно прашал: „Какво обвинување поднесувате против овој Човек?“ Свештениците не одговориле на неговото прашање, но со зборови што ја манифестирале нивната раздразнетост рекле: „Ако овој човек не беше злодеец, немаше да ти го предадеме. Кога членовите на Синедрионот, првите луѓе на нацијата, доведуваат кај тебе човек за кого сметаат дека заслужил смрт, зар тогаш е потребно да прашуваш какви обвинувања постојат против Него?“ Се надевале дека ќе остават впечаток врз Пилат со свест за нивната важност и дека со тоа ќе го наведат да се сложи со нивното барање, не спроведувајќи никакви претходни испрашувања. Желно чекале нивната пресуда да биде потврдена, бидејќи знаеле дека оние кои биле очевидци на чудесните Христови дела можат да изнесат спротивни сведоштва од измислиците што тие сега повторно ги изнесувале. {КВ 724.4}
Свештениците мислеле дека кај слабиот и колеблив Пилат без тешкотии ќе ги спроведат своите планови. Претходно, тој брзо потпишувал смртни казни, осудувајќи на смрт луѓе за кои тие знаеле дека не заслужиле смрт. Животот на еден затвореник за него немал некоја голема вредност; дали тој човек бил невин или виновен тоа за него немало некоја посебна важност. Затоа свештениците се надевале дека Пилат ќе изрече смртна пресуда за Исуса без да Го сослуша. Тоа го барале како израз на наклонетост по повод нивниот голем национален празник. {КВ 724.5}
Меѓутоа, во тој затвореник имало нешто што го спречило Пилат така да постапи. Тој не се осмелувал да го направи тоа. Тој ја прочитал целта на свештениците. Се сетил дека неодамна Исус го воскреснал од мртвите Лазар човекот, кој четири дена бил мртов и одлучил пред да ја потпише смртната пресуда да дознае какви обвинувања постојат против Него и дали тие можат да се докажат. {КВ 725.1}
„Ако вашиот суд е доволен,“ рекол, „тогаш зошто Го доведовте затвореникот кај мене? Земете го вие и судете Му според вашиот закон”. Вака приморани, свештениците рекле дека тие веќе му изрекле пресуда, но дека мораат да ја имаат и неговата пресуда, за нивната да биде правосилна. „Каква е вашата пресуда?“; прашал Пилат. „Смртна казна,“ одговориле тие, „но според Законот не смееме ниту еден човек да погубиме”. Барале од Пилат да се потпре на нивната реч за Христовата вина и да ја одобри нивната пресуда. Одговорноста за последиците ја презеле на себе. {КВ 725.2}
Пилат не бил ниту праведен, ниту совесен судија; но колку и да му недостигала морална сила, Сепак одбил да одобри вакво барање. Не сакал да Го осуди Исуса, додека не се изнесе некакво обвинение против Него. {КВ 725.3}
Свештениците се нашле во дилема. Сфатиле дека мораат највешто да ја прикријат својата лицемерност. Не смееле да дозволат да изгледа дека Христос е уапсен од верски причини. Кога тоа би го изнеле како причина, нивното обвинување не би имало никаква важност во очите на Пилат. Морале да прикажат дека Исус работел против општите закони и тогаш би можел да биде осуден како политички престапник. Меѓу Евреите постојано Доаѓало до нереди и бунтови против римската власт. Кон бунтовите од таков карактер, Римјаните биле многу строги и секогаш биле подготвени да задушат сѐ што би можело да доведе до побуна. {КВ 725.4}
Само неколку дена пред тоа, фарисеите се обиделе да Го фатат Христа во стапица со прашањето: „Дали е дозволено да даваме данок на царот?“ Меѓутоа, Христос го разоткрил нивното лицемерие. Присутните Римјани забележале целосен неуспех на заговорниците и нивната конфузија при Неговиот одговор. „Дајте му го ќесаровото на ќесарот, а Божјото на Бога”. (Лука 20:22-25) {КВ 725.5}
Сега свештениците настојувале да прикажат како Христос во таа прилика навистина го изнел она што тие се надевале дека Тој ќе поучува. Во својата екстремност тие повикале на помош лажни сведоци, „и тие почнаа да Го обвинуваат, велејќи: „Пронајдовме дека Овој го бунтува народот и забранува да му се дава данок на царот, а за Себе тврди дека е Христос, Цар”. Три обвинувања и секое без основа. Свештениците го знаеле тоа, но биле подготвени да се послужат со кривоклетство само за да ја остварат својата цел. {КВ 725.6}
Пилат ги презрел нивните намери. Тој не поверувал дека затвореникот ковал заговор против власта. Неговата кротка и понизна појава била во целосна нехармонија со тие обвинувања. Пилат бил уверен дека бил скован голем заговор за да се уништи еден невин човек, кој стоел на патот на еврејските достоинственици. Обраќајќи Му се на Исуса, Пилат прашал: „Дали си Ти цар јудејски?“ Спасителот одговорил: „Ти велиш”. И додека зборувал, Неговото лице блескало, како да Го осветлиле сноп од сончеви зраци. {КВ 726.1}
Кога го слушнале Неговиот одговор, Кајафа и оние кои биле со него, го повикале Пилат да посведочи дека Исус го признал злосторството за кое бил обвинет. Свештениците, книжевниците и поглаварите гласно барале Исус да биде осуден на смрт. Повикот го повторил џганот и настанала заглушувачка бука. Пилат бил збунет. Гледајќи дека Исус не им одговара на Своите обвинители, тој Го прашал: „Зар ништо не одговараш? Гледај Колку многу сведочат против Тебе. Но Исус ништо веќе не одговори”. {КВ 726.2}
Стоејќи зад Пилат, изложен на погледите на сите присутни во судницата, Христос ги слушнал лажните обвинувања, но на сето тоа кажано против Него Тој не одговорил со ниту еден збор. Со Своето држење Тој давал доказ дека е свесен за Својата невиност. Стоел спокојно, невознемирен од бесот на брановите кои заканувачки се удирале околу Него. Изгледало како силните бранови на гнев, да стануваат се поголеми и поголеми, како бранови на еден бесен океан да се разбиваат околу Него, но не Го допираат. Стоел молчејќи, но Неговото молчење било речитост. Светлината од Неговата внатрешност ја осветлувала Неговата личност. {КВ 726.3}
Пилат бил изненаден од Неговото држење. Дали овој Човек не обрнува внимание на судењето затоа што не се грижи да го спаси Својот живот? се прашувал. Набљудувајќи како Исус без возвраќање ги поднесува навредите и потсмевот, Пилат почувствувал дека Исус не може да биде толку неправеден како што се тие бучни свештеници. Сакајќи лично да ја дознае вистината од Него и да ја избегне вревата на мноштвото, Пилат повторно го прашал Исуса: „Дали си Ти цар јудејски?“ {КВ 726.4}
Исус не одговорил директно на ова прашање. Тој знаел дека Светиот Дух се бори со Пилат настојувајќи да влијае на неговата совест и му дал можност да го признае своето осведочување. Тој прашал: „Го кажуваш ли тоа сам од себе или други ти го кажаа тоа за Мене?“ Со други зборови, дали Пилатовото прашање е засновано на обвинувањата на свештениците или на желбата да прими светлина од Христа. Пилат ја разбрал смислата на Неговите зборови, но во неговото срце се разбудила горделивост. Не сакал да го признае осведочувањето што го оптоварувало. „Зар јас сум Евреин?“ рекол. „Твојот народ и првосвештениците те предадоа во мои раце. Што си сторил?“ {КВ 726.5}
Златната прилика на Пилат поминала. Сепак Исус не го оставил без уште поголема светлина. Не одговарајќи непосредно на Пилатовото прашање, Тој јасно ја изложил Својата мисија во светот. Сакал Пилат да сфати дека Тој не копнее по земен престол. {КВ 727.1}
„Царството Мое не е од овој свет,“ рекол Тој „ако царството Мое беше од овој свет, тогаш Моите слуги би се бореле да не бидам предаден на Евреите; но царството Мое не е од овде. Тогаш му рече Пилат: ‘Сепак, Ти си цар?’ Исус му одговори: ‘Ти велиш дека сум цар. Јас затоа сум се родил и затоа сум дошол на овој свет да сведочам за вистината. Секој што е од вистината го слуша Мојот глас’”. {КВ 727.2}
Христос потврдил дека Неговата Реч сама по себе е клуч што ќе ја отвори тајната за оние кои се подготвени да ја примат. Таа во себе има посебна сила и тоа е тајната на ширењето на Неговото царство на вистината. Тој сакал Пилат да го сфати фактот дека неговата упропастена природа може да се обнови само со прифаќање на вистината, па таа ќе стане составен дел од него. {КВ 727.3}
Пилат посакал да ја дознае вистината. Неговиот ум бил збунет. Жедно ги прифатил зборовите на Спасителот, а неговото срце било поттикнато со голем копнеж да дознае што е всушност вистината и како може да се дојде до неа. „Што е вистина?“; прашал, но не го дочекал одговорот. Викотницата која Доаѓала однадвор го потсетила за обврските во тој час, бидејќи свештениците бучно барале брзо делување. Излегувајќи повторно пред Евреите, Пилат енергично објавил: „Јас не наоѓам никаква вина во Него”. {КВ 727.4}
Овие зборови на еден незнабожечки судија претставувале остра осуда на лукавството и невистините на израелските поглавари, кои Го обвинувале Спасителот. Кога свештениците и старешините го слушнале тоа од Пилат, на нивното разочарување и бес им немало крај. Тие одамна ковале заговор и толку долго чекале на оваа можност. Сега, кога виделе дека постои можност Исус да биде ослободен, биле подготвени да Го распарчат. Гласно почнале да го обвинуваат Пилат, заканувајќи се дека ќе го тужат кај римската власт. Го обвинувале дека одбива изрекување на пресуда на Исуса кој како што тврделе тие се дигнал против Цезарот. {КВ 727.5}
Тогаш се слушнале гневни гласови кои тврделе дека во цела земја е добро познато Исусовото бунтовничко влијание. „Тој го буни народот, учејќи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, па до овде,“ рекле свештениците. {КВ 728.1}
Во тој момент Пилат не помислувал да Го осуди Исуса. Тој знаел дека тие Го обвинуваат од омраза и од предрасуди. Бил свесен за својата должност. Правдата барала Христос веднаш да биде пуштен на слобода. Меѓутоа, Пилат се плашел од свирепата волја на народот. Ако одбиел да им Го предаде Христа во раце, би се создал бунт, а тој се плашел да се соочи со тоа. Кога слушнал дека Христос е од Галилеја, Пилат одлучил да Го испрати кај Ирод, управникот на таа покраина, кој во тоа време се наоѓал во Ерусалим. Со тоа Пилат имал намера одговорноста за судењето на Христа да ја префрли на Ирод. Истовремено, во тоа гледал поволна можност да среди една расправија, која постоела помеѓу него и Ирод. Така и се случило. Двајцата намесници станале пријатели преку судењето на Спасителот. {КВ 728.2}
Пилат повторно Го предал Исуса на војниците, кои среде исмевањето и навредувањето на џганот итно го одвеле во судницата на Ирод. „Ирод многу се израдува кога Го виде Исуса”. Никогаш порано не Го видел Спасителот, но „одамна имаше желба да Го види, зашто многу слушал за Него и се надеваше дека ќе види некое чудо од Него”. Тоа бил оној Ирод, чии раце биле извалкани со крвта на Јован Крстителот. Кога првпат слушнал за Исуса, Ирод бил опфатен со ужас и рекол: „Тоа е Јован, на кого му ја пресеков главата, тој станал од мртвите;“ „и затоа силни дела настануваат преку Него”. (Марко 6:16; Матеј 14:2) И покрај тоа, Ирод сакал да Го види Исуса. Сега му се укажала прилика да го спаси животот на овој пророк и царот се надевал дека засекогаш ќе ја избрише од своето сеќавање сликата на таа крвава глава, која му била донесена на послужавник. Исто така, тој сакал да ја задоволи љубопитноста и мислел дека Христос, би сторил сѐ што се бара од Него доколку Му се понуди некаква можност за ослободување. {КВ 728.3}
Голема група свештеници и старешини го следела Христа до дворот на Ирод. Кога Спасителот бил воведен, тие достоинственици зборувајќи возбудено почнале да ги изнесуваат своите обвинувања против Него. Меѓутоа, Ирод не обрнувал внимание на нивните обвинувања. За да може да Го испита Исуса, побарал да биде тишина. Наредил да Му се симнат оковите на Христа и истовремено ги обвинил Неговите непријатели што толку грубо постапувале кон Него. Набљудувајќи го со сочувство мирното лице на Спасителот на светот, Ирод читал на него само мудрост и чистота. Исто како Пилат, и тој бил осведочен дека Христос е обвинет од злоба и завист. {КВ 729.1}
Ирод му поставил многубројни прашања на Христа, но Спасителот цело време молчел. На царска заповед донеле немоќни и болни, а потоа на Христа му било наредено да изврши некое чудо за да ги докаже своите тврдења. Ирод рекол: „Луѓето зборуваат дека можеш да излекуваш болни. Сакам да проверам дали не ја превозвишиле Твојата слава”. Исус не давал никаков одговор, а Ирод навалувал и понатаму: „Ако можеш да правиш чуда за другите, направи сега за Твое добро и тоа ќе послужи на Твое добро”. Потоа уште еднаш му наредил: „Покажи ни некаков знак дека навистина ја имаш онаа моќ, која гласините ти ја припишуваат”. Меѓутоа, Христос на сето ова реагирал како ништо да не гледа и не слуша. Божјиот Син земал на Себе човечка природа. Тој морал да се однесува онака како што би се однесувал човекот во слични околности. Затоа не сакал да направи никакво чудо за да се спаси од болките и понижувањето, кои и човекот мора да ги поднесе, кога ќе се најде во слична ситуација. {КВ 729.2}
Ирод ветил дека ќе Го пушти Христа, ако во негово присуство направи некое чудо. Христовите обвинители со свои очи ги гледале чудесните дела кои Тој ги направил со Своја сила. Тие Го слушнале како му заповеда на гробот да го врати својот мртовец. Виделе како оној, кој бил мртов, се покорува на Неговиот глас и излегува од гробот. Ги обзел страв дека Христос сега ќе направи некое чудо. Тие најмногу се плашеле од можноста Тој да ја покаже Својата чудотворна моќ. Таков доказ би задал смртен удар на нивните планови, а би можел да ги чини и живот. Во голема вознемиреност, свештениците и поглаварите повторно навалиле со своите обвинувања против Него. Тие рекле: „Тој е предавник, богохулник. Тој ги прави Своите чуда со помош на силата на Велзевул, кнезот ѓаволски”. Во судницата настанала збрка; едни гласно тврделе едно, други друго. {КВ 729.3}
Иродовата совест сега била многу помалку чувствителна, отколку во тоа време, кога дознавајќи дека Иродијада ја бара главата на Јован Крстителот, затреперил од ужас. Извесен период чувствувал грижа на совеста поради својата ужасна постапка, но заради распуштениот живот, неговите морални чувства станувале се поунижени. Сега неговото срце било толку закоравено, што можел да се фали како дозволил Јован да биде погубен само поради тоа што се осмелил да го укорува. И сега Му се заканувал на Исуса, постојано нагласувајќи дека може да Го пушти или да Го осуди. Меѓутоа, Исус со ниту еден знак не покажал дека слушнал некој збор. {КВ 730.1}
Тоа молчење го иритирало Ирода. Изгледало како Исус на тој начин да покажува рамнодушност кон неговиот авторитет. За горделивиот цар, отворениот прекор би бил помалку навредлив, отколку да не му се обрнува никакво внимание. Повторно луто му се заканил на Исуса, Кој и понатаму останал мирен и молчалив. {КВ 730.2}
Христовата мисија на овој свет не се состоела во тоа да задоволи нечија бескорисна љубопитност. Тој дошол да ги исцели скршените по срце. Кога би можел да каже каков било збор за да ги залечи раните во душите заболени од грев, Тој не би молчел. Но за оние, кои биле подготвени да ја фрлат вистината под своите несвети нозе, Тој не сакал да изговори ниту еден збор. {КВ 730.3}
Христос можел да му упати на Ирод зборови, кои како остри стрели би се зариле во неговото закоравено срце. Можел да го исполни со страв и трепет прикажувајќи му ги сите беззаконија од неговиот живот и на ужасот од неговата блиска пропаст. Меѓутоа, молчењето било најстрог укор што можел да му го упати. Ирод ја отфрлил вистината што му ја објавил најголемиот од сите пророци и затоа веќе нема да добие никаква друга порака. Небесното Височество немало за него ниту еден единствен збор. Увото, кое било отворено да ги слуша човечките неволји, не ги слушало наредбите на Ирод. Очите, кои гледале со сочувство, простување и љубов кон секој грешник што се кае, не се запреле на Ирода. Усните, кои изговарале најзначајни вистини, кои нежно го преколнувале најгрешниот и најдеградираниот, биле затворени пред горделивиот цар, кој во својата душа не чувствувал дека му е потребен Спасител. {КВ 730.4}
Иродовото лице потемнело од гнев. Обраќајќи се на мноштвото, Ирод гневно Го обвинил Исуса како измамник. Потоа Му рекол на Христа: „Ако не го докажеш Своето тврдење, ќе Те предадам на војниците и на народот. Тие ќе Те натераат да зборуваш. Ако си измамник, смртта е единственото што го заслужуваш; ако си Божји Син, ослободи се со тоа што ќе направиш некое чудо. {КВ 730.5}
Тие зборови сѐ уште не биле изговорени, а мноштвото тргнало кон Исуса и како диви животни, тие се нафрлиле на својот плен. Го влечеле Исуса на сите страни, а Ирод им се придружил во желбата да го понижат Божјиот Син. Да не се вмешале римските војници и со примена на сила да не ја растерале оваа разбеснета толпа, Спасителот би бил растргнат на парчиња. {КВ 731.1}
„Тогаш Ирод со своите војници, Го презре и Му се изнаподбива и Го облече во сјајна облека”. Римските војници се придружиле во ова малтретирање. Сѐ што можеле да смислат овие зли, расипани војници, потпомогнати од Ирод и од еврејските достоинственици, му сториле на Спасителот. Сепак, Неговото божествено трпение не изнемоштило. {КВ 731.2}
Христовите прогонувачи се обиделе Неговиот карактер да го мерат со својот карактер и да Го прикажат како зол, какви што биле тие. Но зад таа сцена, можела да се види една друга сцена, сцена, која тие еден ден ќе мораат да ја гледаат во сета своја слава. Тука имало и такви кои трепереле во Христово присуство. Додека грубата толпа се поклонувала пред Него во исмејување, некои кои имале намера да учествуваат во тоа и се пробиле напред, се одвраќале исплашени и занемени. Ирод исто така бил осведочен. Последните зраци на милост го осветлиле неговото од грев затврднато срце. Почувствувал дека тоа не е обичен човек, бидејќи преку Неговата човечка природа блеснала божествената. Токму во оној момент, кога Христос бил опколен од потсмевачите, прељубодејците и убијците, Ирод имал впечаток дека Го гледа Бога на Неговиот престол. {КВ 731.3}
Колку и да бил закоравен, Ирод не се осмелил да ја потврди пресудата изречена на Христа. Сакал да се ослободи од таа ужасна одговорност и повторно Го вратил Исуса во римската судница. {КВ 731.4}
Пилат бил разочаран и многу незадоволен. Кога Евреите се вратиле со својот затвореник, тој нетрпеливо ги прашал што сакаат од него. Ги потсетил на фактот дека веќе го сослушал Исуса и дека не нашол никаква вина во Него; им рекол дека ниту едно обвинување што го изнеле против Него не можеле да го докажат. Тој го испратил кај Ирод, кој бил гувернер во Галилеја и кој припаѓал на нивниот народ, но ниту тој не нашол на Него ништо со што би заслужил смрт. „Значи, ќе Го камшикувам,“ рекол Пилат, „па ќе Го пуштам”. {КВ 731.5}
Тука Пилат ја покажал својата слабост. Самиот изјавил дека Исус е невин, а Сепак бил подготвен да Го камшикува, за да ги смири Неговите тужители. Бил подготвен да ја жртвува правдата и начелото, за да направи компромис со бесното мноштво. Токму со тоа се довел себеси во непријатна положба. Мноштвото се потпрело на неговата нерешителност, па уште поупорно го барало животот на Обвинетиот. Кога од првиот момент би бил решителен, не согласувајќи се да изрече пресуда над Оној, Кој според негово мислење бил невин, Пилат би ги раскинал судбоносните окови на грижата на совеста и вината, кои ќе го држат окован до крајот на неговиот живот. Кога би се придржувал кон она што сметал дека е правилно, Евреите не би се осмелувале да му ја наметнат својата волја. Христос би бил усмртен, но вината не би паднала на Пилат. Меѓутоа, тој чекор по чекор го оглушувал гласот на неговата совест. Нашол изговор да не суди според правдата и сега станал речиси беспомошен во рацете на свештениците и поглаварите. Неговата колебливост и неодлучност ја потврдиле неговата пропаст. {КВ 731.6}
Дури и сега Пилат не бил оставен слепо да делува. Со посредство на една божествена порака бил предупреден за делото што се подготвувал да го направи. Како одговор на Христовата молитва, еден небесен ангел бил испратен кај Пилатовата сопруга и таа на сон Го видела Спасителот и разговарала со Него. Таа жена не била Еврејка, но, кога на сон Го видела Исуса, веќе не се сомневала во Неговиот карактер и во Неговата мисија. Била осведочена дека Тој е Божји Кнез. Го видела на судењето во судницата. Видела како рацете Му се цврсто врзани, како да е некој криминалец. Го видела Ирод и неговите војници како го извршуваат тоа ужасно дело. Слушнала како свештениците и поглаварите, исполнети со завист и злоба, бесно Го обвинуваат. Ги слушнала зборовите: „Ние имаме закон и според нашиот закон Тој треба да умре”. Видела како Пилат Го предава Исуса да го бичуваат иако рекол: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него”. Ја слушнала пресудата што ја изговорил Пилат и видела како Го предава Христа на Неговите убијци. Видела како се подига крстот на Голгота. Ја видела земјата обвиткана во темнина и слушнала таинствен извик: „Се сврши”. Меѓутоа, уште една сцена поминала покрај нејзините очи. Видела како Христос седи на голем бел облак, додека земјата се лула во просторот, а Неговите убијци бегаат пред лицето на Неговата слава. Се разбудила со извик на ужас и веднаш му напишала на Пилат зборови на опомена. {КВ 732.1}
Додека Пилат неодлучно размислувал за тоа што треба да прави, еден гласник се пробил низ мноштвото и му го предал писмото од неговата сопруга, во кое пишувало: {КВ 732.2}
„Не прави Му ништо на тој Праведник, зашто денес на сон многу пострадав поради Него”. {КВ 732.3}
Лицето на Пилат пребледело. Бил збунет од своите противречни чувства. Но додека ја одложувал одлуката, свештениците и поглаварите сѐ повеќе го распалувале народот. Пилат бил принуден да направи нешто. Се сетил на еден обичај што би можел да го искористи за да Го ослободи Христа. Било вообичаено на празникот Пасха да ослободи еден затвореник, кого ќе го избере народот. Овој обичај бил од паганско потекло; во него немало ниту сенка од праведност, но бил многу ценет од страна на Евреите. Во тоа време во рацете на римската власт се наоѓал еден затвореник по име Варнава, кој бил осуден на смрт. Тој човек тврдел дека е Месијата. Тврдел дека е овластен да воспостави ново уредување во светот и да го насочи во добар правец. Измамен од сатаната, тврдел дека сѐ она што ќе го приграби со кражба и разбојништво му припаѓа нему. Правел прекрасни чуда преку сатанската сила, стекнал приврзаници меѓу народот и го поттикнувал народот на бунт против римската власт. Прикривајќи се под наметката на верско воодушевување, тој всушност бил закоравен и безнадежен злосторник, склон на бунт и суровост. Давајќи им на Евреите можност да изберат дали ќе го спасат тој човек или пак невиниот Спасител, Пилат се надевал дека кај нив ќе се разбуди чувството на правда. Се надевал дека за разлика од свештениците и поглаварите, кај народот ќе ја задобие нивната наклонетост и сочувство кон Исуса. Затоа, обраќајќи му се на мноштвото, рекол со голема сериозност: „Кого сакате да ви го пуштам? Варнава или Исуса, наречен Христос?“ {КВ 733.1}
Одговорот на џганот бил сличен на рикање на диви ѕверови: „Пушти ни го Варнава!“ Извикот: „Варнава! Варнава!“ станувал се погласен. Мислејќи дека народот не го разбрал неговото прашање, Пилат прашал: „Сакате ли да ви го пуштам царот Јудејски?“ Меѓутоа, тие повторно повикале: „Земи го овој, а пушти ни го Варнава!“ „А што да сторам со Исуса наречен Христос?“; прашал Пилат. Повторно разбранетото мноштво зарикало со глас сличен на демони. Вистински демони во човечки облик се наоѓале во тоа мноштво и што друго можело да се очекува освен одговорот: „Да биде распнат!“ {КВ 733.2}
Пилат бил вознемирен. Тој не очекувал дека ќе дојде до ова. Се стаписал од помислата невин човек да предаде на најсрамна и најсвирепа смрт, која можела да се пресуди. Кога извиците стивнале, тој му се обратил на мноштвото, прашувајќи: „Зошто, какво зло направил?“ Но веќе случајот отишол премногу далеку за да може да се аргументира. Мноштвото не сакало доказ за Христовата невиност, туку барало Тој да биде осуден. {КВ 733.3}
Сѐ уште Пилат се обидувал да Го спаси Христа. „Тој и по третпат им рече: Зошто, какво зло направил? Јас не најдов ништо кај Него што заслужува смрт. Ќе Го камшикувам, па ќе Го пуштам”. Меѓутоа, самата помисла дека Исус би можел да биде ослободен, десеткратно го зголемил бесот кај народот. „Распни Го! Распни!“, викале тие. Бурата предизвикана од Пилатовата нерешителност, станувала сѐ посилна и посилна. {КВ 733.4}
Исцрпен од умор и покриен со рани, Исус бил јавно камшикуван пред очите на мноштвото. „Војниците Го одведоа во внатрешноста на палатата, во таканаречениот преториум и повикаа цела чета. Го наметнаа со пурпурна наметка, па исплетоа трнов венец и со него Го крунисаа. Тогаш почнаа да Го поздравуваат: Здраво, здраво царе јудејски!… Го плукаа, паѓаа на колена и Му се поклонуваа”. Повремено, некоја лоша рака би ја грабнала трската, која Му била ставена во десната рака и би Го удирала со неа по трнливиот венец, забодувајќи го на тој начин трњето во Неговите слепоочници, па крв се сливала низ Неговото лице и брада. {КВ 734.1}
Чудете се небеса и запрепасти се земјо! Погледнете ги прогонителите и Прогонетиот. Избезуменото мноштво го опкружило Спасителот на светот. Подбивањето и исмевањето се мешаат со непристојни пцости и хули. Бесчувствителното мноштво го коментира Неговото скромно потекло и Неговиот скромен живот. Неговото тврдење дека е Божји Син е изложено на потсмев, а вулгарните шеги, навредливите потсмеви одат од уста на уста. {КВ 734.2}
Сатаната го предводел тоа свирепо мноштво во злоставувањето на Спасителот. Целта била да Го предизвика да се одмазди, ако тоа е можно, или да Го наведе да направи чудо за да се спаси и на тој начин да Го сруши планот на спасение. Само една дамка на Неговиот човечки живот, само еден неуспешен обид на Неговата човечка природа да го поднесе тој ужасен тест, и Божјото Јагне би било несовршена жртва, а спасението на човекот би било неуспех. Иако само со една заповед можел да ги повика на помош небесните војски и да го натера тоа бесно мноштво во ужас да побегне од Него со блескањето на Неговото божествено величество, тој во совршен спокој се потчинил на најсуровите навреди и злоставувања. {КВ 734.3}
Христовите непријатели барале чудо, како доказ за Неговото божество. Меѓутоа, доказот што им бил даден бил многу поголем од доказите кои тие ги барале. Како што суровоста ги унижила Неговите мачители под човечко достоинство и наликувале на сатаната, така кротоста и трпението Го издигнале Исуса над човечкото и го докажале Неговото сродство со Бога. Неговото понижување било гаранција за Неговата возвишеност. Капките крв, кои се слевале од Неговите ранети слепоочници низ Неговото лице и брада, биле гаранција за Неговото помазание со „масло на радоста“ (Евреите 1:9), како наш голем Првосвештеник. {КВ 734.4}
Сатаната бил бесен, кога видел дека сета тоа малтретирање на кое бил изложен Спасителот не можело да изнуди од Неговите усни дури ни најмало негодување. Иако земал на Себе човечка природа, бил засилен со божествена цврстина и ни малку не отстапил од волјата на Својот Татко. {КВ 735.1}
Кога Го предал Исуса да биде камшикуван и изложен на потсмев, Пилат мислел дека ќе разбуди сочувство кај присутните. Очекувал дека ќе дојдат до заклучок дека таа казна е доволна. Дури и злобата на свештениците, мислел Пилат, ќе биде задоволена на тој начин. Меѓутоа, Евреите остроумно ја забележале неговата слабост, кога на ваков начин казнува човек, кого го прогласил за невин. Тие знаеле дека со тоа тој се обидува да му го спаси животот на затвореникот и биле одлучни Исус да не биде ослободен. За да ни угоди и да не задоволи, Пилат Го даде на камшикување мислеле тие и ако вршиме притисок до одлучувачки момент, сигурно ќе ја постигнеме својата цел. {КВ 735.2}
Тогаш Пилат наредил да се доведе Варнава во судницата. Потоа ги извел двајцата затвореници еден покрај друг и покажувајќи на Спасителот рекол со глас на свечено преколнување: „Еве Го Човекот!“ „Еве Го изведувам пред вас за да знаете дека јас кај Него не наоѓам никаква вина”. {КВ 735.3}
Тука стоел Божјиот Син, носејќи подбивна облека и трнов венец. На Неговите до појас соблечени плеќи се гледале долги, сурови модринки од кои непрекинато течела крв. Неговото од крв извалкано лице давало одраз на претрпена болка и исцрпеност, но тоа лице никогаш не било поубаво, отколку тогаш. Изгледот на Спасителот не бил изменет пред Неговите непријатели. Секоја негова црта изразувала благост, спокојство и најнежно сочувство кон Неговите сурови непријатели. Неговото држење не покажувало кукавичка слабост, туку сила и достоинство на долготрпение. Затвореникот покрај Него бил впечатлива спротивност. Секоја црта на лицето на Варнава одразувала закоравен разбојник каков што навистина тој бил. Таа спротивност му зборувала на секој набљудувач. Некои од присутните плачеле. Набљудувајќи Го Исуса, биле исполнети со сочувство. Дури и свештениците и поглаварите биле осведочени дека Тој бил навистина она што Тој го тврдел за Себе. {КВ 735.4}
Ниту римските војници што се наоѓале околу Христа не биле целосно закоравени; некои сериозно го посматрале Неговото лице барајќи доказ дали навистина е криминалец или опасен престапник. Одвреме навреме би фрлиле некој презирен поглед и на Варнава. Не била потребна голема остроумност за тој да биде целосно прочитан. Потоа повторно би го насочиле својот поглед кон Оној, Кому му се судело. Го набљудувале божествениот Страдалник со чувство на длабоко сожалување. Христовата тивка покорност ја врежала во нивното сеќавање сцената, која нема да биде избришана, сѐ додека не Го признаат како Христос или ќе Го отфрлат и со тоа засекогаш ќе ја запечатат својата судбина. {КВ 735.5}
Пилат бил воодушевен од Спасителовото поднесување на сево ова без ниту еден збор на поплака. Бил цврсто убеден дека појавата на ваков човек, наспроти Варнава, мора да ја разбуди наклонетоста на Евреите. Меѓутоа, Пилат не ја познавал фанатичната омраза на свештениците кон Оној, Кој како Светлина на светот, ја разоткрил нивната темнина и заблуда. Џганот бил разгневен и свештениците, поглаварите и народот повторно го подигнале својот глас со оној страшен извик: „Распни Го, распни Го!“ Конечно, губејќи го целосно трпението заради нивната безумна свирепост, Пилат очајно извикал: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам никаква вина кај Него”. {КВ 736.1}
Иако навикнат на свирепи сцени, римскиот гувернер бил трогнат од сочувство кон напатениот затвореник, кој иако осуден и камшикуван, со крваво чело и со изранети плеќи, сѐ уште се држел како цар на престол. Меѓутоа, свештениците изјавиле: „Ние имаме закон и според нашиот закон Тој треба да умре, бидејќи Сам се направи Божји Син”. {КВ 736.2}
Пилат бил запрепастен. Тој немал точна претстава за Христа и за Неговата мисија, но имал неодредена вера во Бога и во битија кои се повозвишени од човечкиот род. Тогаш мислата, која веќе порано му минала низ главата добила поодреден облик. Тој се прашувал дали пред него можеби не стои божествено суштество, облечено во пурпурна облека на подбив и крунисано со трнов венец. {КВ 736.3}
Повторно отишол во судницата и му рекол на Исуса: „Од каде си Ти?“ Исус не му одговорил. Спасителот слободно зборувал со Пилат и му ја објаснил Својата мисија како сведок за вистината. Пилат ја запоставил таа светлина. Тој ја злоупотребил својата висока положба на судија со тоа што ги подредил своите начела и власт на барањата на џганот. За него Исус веќе немал повеќе светлина. Иритиран поради Исусовото молчење, Пилат горделиво рекол: {КВ 736.4}
„Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да те распнам и дека имам власт да те ослободам?“ {КВ 736.5}
Исус одговорил: “Ти не би имал никаква власт над Мене, кога не би ти било дадено одозгора. Затоа поголем грев има оној што Ме предаде во твои раце”. {КВ 736.6}
Така, милостивиот Спасител среде најголемите страдања и Болки, настојувал Колку што можел, да ја оправда постапката на римскиот гувернер, кој Го предал да биде распнат. Каква е таа сцена што треба да му остане на светот за сите времиња! Каква светлина фрла тоа на карактерот на Оној, Кој е Судија на целата Земја! {КВ 736.7}
„Поголем грев има оној,“ рекол Исус, „што Ме предаде во твои раце”. Со ова Христос мислел на Кајафа, кој како првосвештеник го претставувал еврејскиот народ. Евреите знаеле според какво начело се раководи римската власт. Тие ја имале светлината на пророштвата кои сведочеле за Христа, како и светлината на Неговото учење и Неговите чуда. На еврејските судии им биле дадени непогрешливи докази за божеството на Оној, Кому му изрекле смртна пресуда. Затоа ќе им биде судено според светлината што ја примиле. {КВ 737.1}
Најголема вина и најтешка одговорност паѓа на оние кои заземале највисоки положби во народот, чувари на светите доверби, кои сега толку подмолно ја издале. Пилат, Ирод и римските војници во споредба со нив, малку знаеле за Исуса. Малтретирајќи Го, тие сакале да им угодат на свештениците и поглаварите. Тие ја немале онаа светлина, која му била изобилно дадена на еврејскиот народ. Кога на римските војници би им била дадена таква светлина, тие сигурно не би постапувале кон Христа толку свирепо. {КВ 737.2}
Пилат повторно предложил да се ослободи Спасителот. „Но Евреите повторно викаа, велејќи: Ако го ослободиш Овој, не си пријател на царот”. Така, тие лицемери се преправале дека се грижат за авторитетот на царот. Од сите противници на римската власт, Евреите биле најогорчени. Кога за нив било безбедно да го прават тоа, најсвирепо ги наметнувале своите национални и верски барања, но кога сакале да издејствуваат остварување на некое свирепо дело тие ја издигнувале власта на царот. За да издејствуваат Исус да биде убиен, тие исповедале лојалност на туѓинската власт, која всушност ја мразеле. {КВ 737.3}
„Секој што се прави цар,“ продолжиле тие, „противник му е на царот”. Со тоа ја допреле слабата точка на Пилат. Врховната власт од Рим се сомневала во него и тој знаел дека таквиот извештај би го Уништил. Знаел дека гневот на Евреите ќе се сврти против него, ако го спречи остварувањето на нивните планови. За да се одмаздат, тие ќе сторат сѐ што треба. Сега, пред очите имал пример на упорност со која барале смрт на Оној, Кој станал предмет на нивната омраза без никаква причина. {КВ 737.4}
Тогаш Пилат седнал на судиската столица и повторно го извел Исуса пред народот, велејќи: „Еве го вашиот Цар!“ Мноштвото безумно викало: „Земи, земи, распни Го!“ Со глас кој се слушал блиску и далеку, Пилат прашал: „Да Го распнам ли вашиот Цар?“ Но од нечистите и богохулни усни се слушнале зборовите: „Ние немаме цар освен ќесарот”. {КВ 737.5}
Така еврејскиот народ, одлучувајќи се за незнабожечкиот владетел, ја отфрлил теократијата. Го отфрлил Бога како свој цар. Оттогаш, веќе немале ослободител. Немале друг цар освен ќесарот. Свештениците и поглаварите го навеле народот на тоа. Затоа и за сите ужасни последици кои следеле потоа, тие биле одговорни. Големиот грев и пропаста на народот се должело на верските водачи. {КВ 737.6}
„Кога Пилат виде дека ништо не постигнува и дека викотниците стануваат уште посилни, зеде вода и ги изми рацете пред толпата велејќи: Јас сум невин од крвта на овој Праведник. Мислете му вие”. Пилат со страв и самоосуда го погледнал Спасителот. Во пространото море од лица, само лицето на Спасителот било спокојно. Околу Неговата глава како да блескала некоја блага светлина. Во своето срце Пилат рекол: „Тој е Бог”. Обраќајќи му се на мноштвото, изјавил: „Јас сум чист од Неговата крв. Земете Го вие и распнете Го. Но знајте, свештеници и поглавари, јас го прогласувам за праведен човек. Оној, за кого тврди дека е Негов татко, нека ви суди вам, а не мене за денешното дело. Тогаш Му рекол на Исуса: Прости ми за ова. Јас не можам да те спасам”. Откако повторно Го изнатепал Исуса, Го предал да биде распнат. {КВ 738.1}
Пилат копнеел да Го спаси Исуса. Меѓутоа, тој дошол до заклучок дека тоа не може да го направи, а истовремено да ја сочува својата положба и чест. Попрво одбрал да жртвува еден невин живот, отколку да ја загуби својата земна власт. Колку има такви кои на сличен начин го жртвуваат начелото за да не се изложат на некаква загуба или страдање. Совеста и должноста укажуваат на еден пат, а личната корист на друг. Струјата силно впече во погрешна насока и секој што ќе се обиде да прави компромис со злото, станува одвлечен во густата темнина на гревот. {КВ 738.2}
Пилат попуштил на барањата на џганот. За да не ја изложи на опасност својата положба, Тој Го предал Исуса да биде распнат. Меѓутоа, и покрај сета негова претпазливост, подоцна го снашло токму она од што се плашел. Одземени му биле сите почести, бил симнат од својата висока положба и мачен од грижата на совеста и од повредената гордост, набргу по распнувањето ставил крај на својот живот. Така, награда за сите оние кои прават компромис со гревот ќе биде само жалост и пропаст. „Некој пат на човекот му изгледа прав, а неговиот крај води кон смрт”. (Изреки 14:12) {КВ 738.3}
Кога Пилат изјавил дека е невин од Христовата крв, Кајафа дрско одговорил: „Неговата крв нека биде врз нас и врз нашите деца”. Присутните свештеници и поглавари ги прифатиле овие ужасни зборови и тие одекнувале среде мноштвото како нечовечки рик. Сето мноштво одговорило и рекло: „Неговата крв нека биде врз нас и врз нашите деца”. {КВ 738.4}
Тогаш еврејскиот народ го направил својот избор. Покажувајќи на Исуса, тие рекле: „Не овој, туку Варнава”. Варнава, разбојник и убиец, бил претставник на сатаната. Христос бил Божји претставник. Христос бил отфрлен, Варнава бил избран. Варнава и ќе го добијат. Донесувајќи ја својата одлука, тие го избрале оној, кој од почеток бил лажец и убиец. Сатаната бил нивен водач. Како народ, тие ќе ги спроведуваат неговите наредби. Тие ќе извршуваат негови дела. Ќе мора да се покоруваат на неговата власт. Тој народ кој наместо Христа го избрал Варнава, ќе ја чувствува свирепоста на Варнава до крајот на светот. {КВ 738.5}
Набљудувајќи го избиеното Божјо Јагне, Евреите извикале: „Неговата крв нека биде врз нас и врз нашите деца”. Тој ужасен повик се издигнал до Божјиот престол. Таа пресуда, која си ја изрекле сами на себе, била запишана на Небото. Таа молба била услишена. Крвта на Божјиот Син почивала на нивните деца, и на децата на нивните деца, како постојано проклетство. {КВ 739.1}
Таа страшно се обистинила во разурнувањето на Ерусалим. Страшно се искажала во состојбата во која се наоѓа еврејскиот народ осумнаесет векови во гранката одвоена од лозата, во изумрената, неродна гранка што треба да се собере и запали. Од народ до народ низ цел свет, од век до век, еврејскиот народ бил мртов во престапот и во гревот. {КВ 739.2}
Таа молитва ќе биде страшно исполнета на денот на Големиот суд. Кога Христос повторно ќе дојде на Земјата, луѓето нема да Го гледаат како затвореник опкружен со бесно мноштво. Тие ќе Го видат како небесен цар. Христос ќе дојде во сета Своја слава, во славата на Својот Татко и во славата на светите ангели. Десет илјади по десет илјади и илјади илјади ангели, прекрасни и победнички Божји синови, во ненадминлива убавина и слава, ќе Го следат на Неговиот пат. Тогаш, Тој ќе седне на престолот на Својата слава, а пред Него ќе се соберат сите народи. Тогаш ќе Го здогледа секое око, па и оние кои Го распнаа. Наместо трнов венец, Тој ќе носи славна круна круна во круна. Наместо таа стара пурпурна облека, ќе биде облечен во најсјајна бела облека, „каква што не може да избели ниту еден избелувач на Земјата”. (Марко 9:3) На Неговата облека и на Неговите бедра ќе бидат напишани зборовите: „Цар над царевите и Господар над господарите”. (Откровение 19:16) Тука ќе се наоѓаат и оние што Му се потсмевале и Го удирале. Свештениците и поглаварите повторно ќе ги видат сцените во судницата. Секоја подробност ќе се појави пред нив, како да е испишана со пламени букви. Тогаш оние кои викале: „Неговата крв нека биде врз нас и врз нашите деца,“ ќе добијат одговор на својата молба. Тогаш цел свет ќе дознае и ќе разбере. Тогаш тие бедни и слаби смртници ќе видат против кого и против што се бореле. Во ужасна агонија и страв, тие ќе повикаат на горите и карпите: „Паднете врз нас и сокријте не од лицето на Оној што седи на престолот и од гневот на Јагнето, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев и кој може да се одржи?“ (Откровение 6:16, 17) {КВ 739.3}