2. ИЗБРАН НАРОД

Сподели го ова:

Повеќе од илјада години еврејскиот народ го очекувал доаѓањето на Спасителот. Во овој настан тие ги полагале своите најсветли надежи. Во песните и пророштвата, во обредите на храмот и домашните молитви го споменувале Неговото име. Сепак, кога дошол, тие не го познале. Оној, Кого Небото го љубело, за нив бил како „корен од сува земја”. Тој „немаше ни става ни изглед,“ и тие не виделе кај Него никаква убавина за да го посакаат. „При своите дојде, но своите не го примија”. (Исаија 53:2; Јован 1:11) {КВ 27.1}

Сепак Бог го избрал Израел. Тој го повикал за да го сочува меѓу луѓето знаењето за Својот закон и симболите и пророштвата што укажувале на Спасителот. Тој посакувал тие да бидат извор на спасение за светот. Она што бил Авраам за земјата во која престојувал, она што бил Јосиф за Египет, а Даниел за вавилонскиот двор, тоа требало да биде еврејскиот народ меѓу народите. Тие требало да им го откријат Бога на луѓето. {КВ 27.2}

Во повикот упатен на Авраам, Господ рекол: „Ќе те благословам… и ти ќе бидеш благослов… и во тебе ќе бидат благословени сите племиња на Земјата”. (Создавање 12:2,3) Истото учење го повторувале и пророците. Иако Израел бил исцрпен од војните и ропството, нему му било дадено ветувањето: „Тогаш остатокот на Јакова ќе биде меѓу многубројните народи како роса што доаѓа од Бога и како ситен дожд на трева, кој ниту се задржува заради човек, ниту чека на синовите човечки”. (Михеј 5:7) Што се однесува до храмот во Ерусалим, Господ рекол преку Исаија: „Мојот дом ќе се вика дом на молитва за сите народи”. (Исаија 56:7) {КВ 27.3}

Меѓутоа, Израелците ги насочиле своите надежи кон световна големина. Откако влегле во Хананската земја, тие се оддалечиле од Божјите заповеди и тргнале по патот на незнабошците. Попусто Бог им испраќал предупредувања преку Своите пророци. Тие напразно страдале од угнетувањето на незнабошците. По секоја реформација Доаѓало до уште подлабок отпад. {КВ 28.1}

Кога Израел би му бил верен на Бога, Тој би можел да ја исполни Својата цел со помош на нивната слава и возвишеност. Кога би оделе по патот на послушноста, Тој би ги издигнал „во пофалба, во име и во чест над сите народи што ги создал”. „И ќе видат сите народи на Земјата,“ рекол Мојсеј, „дека се викаш Господов народ и ќе се плашат од тебе”. „Кога народите ќе слушнат за сите овие закони,“ ќе кажат: „Овој голем народ е мудар и разумен народ”. (Второзаконие 26:19; 28:10; 4:6) Меѓутоа, заради нивната неверност, Божјата цел можела да се оствари само низ постојана несреќа и понижувања. {КВ 28.2}

Тие биле одведени во вавилонско ропство и расеани по земјите на незнабошците. За време на неволјите многумина ја обновиле својата верност кон Неговиот завет. Додека ги обесувале своите харфи на врбите и плачеле за светиот храм, кој бил разрушен, светлината на вистината блескала низ нив и знаењето за Бога се ширело меѓу народите. Незнабожечките системи на принесување жртви претставувале изопачување на оној систем што го воспоставил Бог и многумина кои искрено се придржувале за незнабожечките обреди, научиле од Евреите каква била смислата на службата според божествените прописи и со вера го усвоиле ветувањето за Откупителот. {КВ 28.3}

Многу изгнаници биле изложени на прогонство. Не бил мал бројот на оние кои го загубиле животот, бидејќи одбиле да се откажат од саботата и да ги празнуваат незнабожечките празници. Кога идолопоклониците се дигнале да ја уништат вистината, Господ ги довел Своите слуги пред лицето на царевите и владетелите, со цел тие и нивниот народ да ја примат светлината. Многупати, најголемите владетели биле доведени во ситуација да ја прогласат врховната надмоќ на Бога, Кого го обожавале нивните еврејски робови. {КВ 28.4}

Со вавилонското ропство Израелците биле ефикасно лекувани од обожавање на киповите. Во текот на следните векови тие страдале поради угнетувањата од страна на незнабожечките непријатели, така што стекнале цврсто уверување дека нивниот напредок зависи од нивната послушност кон Божјиот закон. Меѓутоа, кај многумина од нив послушноста не произлегувала од љубов. Нивните побуди биле себични. Тие му служеле на Бога само со надворешни знаци, како средства за постигнување национална големина. Тие не станале светлина на светот, туку се оддалечувале од светот, за да не паднат во искушение да станат идолопоклоници. Во упатствата дадени преку Мојсеј, Бог ги одредил ограничувањата во поглед на нивното дружење со идолопоклониците, но тоа учење било погрешно протолкувано. Неговата цел била да ги спречи да не се прилагодат на обичаите на незнабошците. Меѓутоа, тоа било употребено за да се подигне ѕид, кој го одвојува Израел од сите други народи. Евреите гледале на Ерусалим како на свое небо и всушност тие биле љубоморни што Господ сакал да ја искажува Својата милост и кон незнабошците. {КВ 28.5}

По враќањето од Вавилон големо внимание било посветено на верското образование. Насекаде, низ целата земја, се граделе синагоги во кои свештениците и книжевниците го толкувале законот. Биле основани и училишта во кои, покрај уметноста и науката, се предавале и начелата на праведноста. Меѓутоа, тие установи се изопачиле. За време на ропството, многумина од нив ги прифатиле незнабожечките идеи и обичаи и ги внеле во верската служба. Во многу нешта тие се прилагодиле кон обичаите на идолопоклониците. {КВ 29.1}

Оддалечувајќи се од Бога, Евреите во голема мера го изгубиле од вид учењето на обредната служба. Таа служба ја воспоставил Христос. Во секое свое дело, таа симболично го претставувала Него и била исполнета со животна сила и духовна убавина. Меѓутоа, обредите на Евреите го изгубиле својот духовен живот и го задржале само мртвиот облик. Тие се надевале во жртвите и обредите, наместо да се потпираат на Оној, на Кого тие укажувале. За да ја надоместат оваа загуба, свештениците и рабините сѐ повеќе поставувале свои сопствени барања и колку повеќе станувале построги, толку помалку се манифестирала Божјата љубов. Тие ја мереле својата светост со бројот на своите обреди, додека срцата им биле исполнети со горделивост и со лицемерие. {КВ 29.2}

Заедно со сите нивни бесмислени и тешки прописи, било невозможно да се држи законот. Оние, кои посакувале да му служат на Бога, и кои се обидувале да се придржуваат до правилата на рабините, се мачеле под тешко бреме. Тие не можеле да најдат одмор од осудувањата на вознемирената совест. Така работел сатаната, со цел да ги обесхрабри луѓето, да го намали нивното сфаќање за Божјиот карактер, и да ја доведе до презир религијата на Израел. Тој се обидувал да го воспостави она што го тврдел на небото дека Божјите барања се неправедни и дека не можат да бидат исполнувани. „Дури и Израел“, тврдел тој, „не го држи законот”. {КВ 29.3}

Иако Евреите го посакувале доаѓањето на Месијата, тие немале правилно сфаќање за Неговата мисија. Тие не барале ослободување од гревот, туку ослободување од Римјаните. Очекувале Месијата да дојде како освојувач, да ја скрши силата на угнетувачите и да го возвиши Израел до светска власт. Така, за нив бил подготвен патот да го отфрлат Спасителот. {КВ 29.4}

Во времето на Христовото раѓање народот бил огорчен од владеењето на странските господари и бил растргнат од внатрешна неслога. На Евреите им било дозволено да ја задржат формата на самостојна управа, но Сепак, ништо не можело да го прикрие фактот дека биле под римско ропство, ниту да ги наведе да се помират со ограничувањето на својата моќ. Римјаните имале право на именување и промена на првосвештеникот и до оваа служба, често се доаѓало со измама, поткуп па дури и со убиство. Така свештенството станувало сѐ порасипано. Сепак, свештениците сѐ уште располагале со голема власт што ја искористувале за остварување на своите себични и користољубиви цели. Народот бил изложен на нивните немилосрдни барања, а исто така и Римјаните им наметнувале тешки даноци. Таквата состојба предизвикала широко распространето незадоволство. Народните буни зачестиле. Алчноста и насилството, недовербата и духовната рамнодушност го разјадувале срцето на нацијата. {КВ 30.1} Омразата кон Римјаните, националната и духовната гордост ги навеле Евреите уште построго да се придржуваат кон нивните облици на богослужение. Свештениците се труделе да го сочуваат гласот дека се свети, придржувајќи се грижливо за верските обреди. Во мрак и под товар, народот и владетелите копнееле по доаѓањето на Оној, Кој ќе ги победи нивните непријатели и ќе го возобнови израелското царство. Тие ги изгубиле од вид оние делови од Светото Писмо, кои укажуваат на понижувањето на првото Христово доаѓање и погрешно ги толкувале оние делови, кои зборуваат за славата на Неговото второ доаѓање. Гордоста ја помрачила нивната моќ на сфаќање. Тие го толкувале пророштвото во согласност со нивните себични желби. {КВ 30.2}

Сподели го ова:

Слични објави