42. ТРАДИЦИИ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 15:1-20; Марко 7:1-23.

Надевајќи се дека ќе го видат Исуса на празникот Пасха, книжевниците и фарисеите му поставиле стапица. Меѓутоа, Исус знаејќи ја нивната намера, не дошол на овој собир. „И се собраа околу Исуса фарисеите и некои од книжевниците”. Бидејќи Тој не дошол кај нив, тие дошле кај Него. Извесен период изгледало дека народот на Галилеја ќе го прими Исуса како Месија и дека моќта на хиерархијата во таа област ќе биде скршена. Мисијата на дванаесетмината укажувајќи на проширувањето на Христовото дело и доведувајќи ги понепосредно учениците во судир со рабините, повторно ја предизвикала љубомората на водачите во Ерусалим. Шпионите, кои на почетокот на Неговата служба биле испратени во Капернаум за да го обвинат поради непочитување на саботата, доживеале неуспех, но рабините и понатаму биле цврсто решени да ја остварат својата намера. Сега испратиле други пратеници да внимаваат на Неговите постапки и да пронајдат некој повод за обвинување. {КВ 395.1}

Како и порано, повод за нивните напади било Неговото непочитување на традиционалните прописи, кои претставувале оптоварување за Божјиот закон. Се тврдело дека целта на тие прописи била да обезбеди почитување на законот, но тие ги сметале за посвети од самиот закон. Кога прописите на рабините Доаѓале во судир со заповедите дадени на Синај, предноста им била давана на рабинските прописи. {КВ 395.2}

Меѓу обредите на кои најмногу се внимавало било обредното чистење. Ако некој би ја заборавил формалноста која требало да се изврши пред да се започне со јадење, тоа се сметало за тежок грев, кој заслужува казна како на овој, така и на оној свет, додека уништувањето на престапникот се сметало за доблест. {КВ 395.3}

Постоеле безброј правила кои се однесувале на чистењето. Целиот живот едвај би бил доволен за да се научат сите. Животот на луѓето што се труделе да ги исполнат сите барања на рабините претставувал долга борба против обредната нечистотија и бескраен редослед на миења и чистења. Луѓето биле окупирани со безначајни ситници и обреди кои Бог не ги барал, додека истовремено нивното внимание било одвратено од големите начела на Неговиот закон. {КВ 396.1}

Христос и Неговите ученици не ги почитувале обредите на миење, па шпионите го искористиле овој нивен пропуст како основа за обвинување. Меѓутоа, не извршиле директен напад на Христа, туку дошле да ги критикуваат Неговите ученици. Во присуство на мноштво луѓе, тие рекле: „Зошто Твоите ученици го престапуваат преданието на старите? Бидејќи не си ги мијат рацете, кога јадат леб”. {КВ 396.2}

Секогаш, кога веста на вистината ќе допре до душите со посебна сила, сатаната ги поттикнува своите помошници да започнат расправа за некое ситно прашање. Со тоа тој настојува да го сврти вниманието од главниот предмет. Секогаш, кога ќе се започне некое добро дело, се наоѓаат луѓе, кои подигаат безначајни приговори, подготвени да поведат расправа за формални и споредни прашања, за да ги одвратат умовите од живата реалност. Ако се покаже дека Бог на посебен начин работи за Својот народ, тогаш не треба да се дозволи луѓето да се впуштат во расправи кои само можат да упропастат души. Прашањата што најмногу не засегаат се: Дали верувам во Божјиот Син со вера која спасува? Дали мојот живот е во склад со божествениот Закон? „Кој верува во Синот, има живот вечен, а кој не верува во Синот, нема да види живот”. „И по тоа знаеме дека го познаваме ако ги држиме Неговите заповеди”. (Јован 3:36; 1. Јованово 2:3) {КВ 396.3}

Исус не направил никаков обид да се брани Себеси или Своите ученици. Тој не се осврнал на обвинувањата против Него, туку продолжил да покажува каков дух ги поттикнува овие поборници на човечките обреди. Тој им дал пример на она што тие постојано го повторувале и го направиле непосредно пред да дојдат Него да го побараат. „Вие добро ја укинувате Божјата заповед“ рекол Тој, „за да го држите своето предание. Имено, Мојсеј рекол: ‘Почитувај ги својот татко и својата мајка; и кој ќе го проколне својот татко или својата мајка да се казни со смрт’. А вие велите: Оној што ќе му рече на таткото или на мајката: ‘Она со кое ти би се ползувал од мене е корван, односно дар’. И на таков не оставате веќе ништо да направи за својот татко или својата мајка”. Тие ја запоставиле петтата заповед како да нема никакво значење, но многу точно се придржувале за преданијата на своите водачи. Тие го учеле народот дека посветувањето на нивниот имот во прилог на храмот е многу посвета должност од помагањето на родителите и дека, колку и да е голема потребата, светогрдие е да им се даде на таткото и на мајката кој било дел од она што е посветено на тој начин. Било доволно човекот што ги запоставува должностите кон родителите само да го изговори зборот „Корван“ над својот имот и со тоа да му го посвети на Бога, па целиот свој живот истиот да го искористува за лични цели, кој по неговата смрт се доделува на службата на храмот. На тој начин човекот би можел под маска на посветеност кон Бога и за време на својот живот и по смртта да ги обесчести и измами своите родители. {КВ 396.4}

Никогаш, ниту со еден збор ниту со дело Исус не ја намалил човековата обврска во давањето дарови и приноси на Бога. Христос бил Оној, Кој ги дал сите прописи во законот во поглед на десетокот и даровите. Додека бил на Земјата, Тој ја пофалил сиромашната жена, која дала во храмот сѐ што имала. Меѓутоа, наводната ревност на свештениците и рабините била само изговор со кој ја прикривале својата желба за самовозвишување. Тие го измамиле народот што носел тешки товари кои Бог не му ги наметнал. Дури и Христовите ученици не биле целосно ослободени од јаремот што им го наметнале наследените предрасуди и рабинскиот авторитет. Откривајќи го вистинскиот дух на рабините, Исус настојувал да ги ослободи од ропството на традицијата сите оние што вистински сакале да му служат на Бога. {КВ 397.1}

Обраќајќи им се на лукавите шпиони, Христос рекол: „Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија велејќи: ‘Овој народ се приближува до Мене со своите усни, а срцето нивно е далеку од Мене. Напразно ми се поклонуваат, поучувајќи науки што се човечки заповеди’.“ Христовите зборови претставувале осуда на целиот фарисејски систем. Тој рекол дека со поставување на нивните барања над божествените правила, рабините се поставувале себеси над Бога. {КВ 397.2}

Пратениците од Ерусалим биле исполнети со бес. Тие не можеле да го обвинат Христа дека го крши законот даден на Синајската гора, бидејќи Тој го бранел тој закон од нивните традиции. Големите прописи на тој закон што Тој ги изложил, биле во очигледна спротивност со ситните правила што ги измислиле луѓето. {КВ 397.3}

Исус му објаснил на мноштвото, а подоцна многу подетално на Своите ученици, дека осквернувањето не Доаѓа однадвор, туку одвнатре. Чистотата и нечистотијата се однесуваат на душата. Човекот го осквернуваат лошото дело, лошиот збор, лошата мисла, кршењето на Божјиот закон, а не занемарувањето на надворешните обреди што ги измислиле луѓето. {КВ 397.4}

Учениците забележале дека шпионите збеснале, кога било откриено нивното лажно учење. Тие ги забележале лутите погледи и ги слушнале полугласно изговорените зборови на незадоволство и одмаздољубивост. Губејќи го од вид фактот колку често Христос покажал дека ги чита срцата како отворена книга, тие му кажале каков впечаток предизвикале Неговите зборови. Надевајќи се дека можеби Тој ќе ги смири разбеснетите поглавари, учениците му рекле: „Знаеш ли дека фарисеите се соблазнија, кога ги слушнаа тие зборови?“ {КВ 398.1}

Тој одговорил: „Секоја садница што не ја посадил мојот Татко, ќе биде искорната”. Обичаите и традициите што рабините толку високо ги ценеле биле од овој свет, а не од Небото. Колку и да уживале голем авторитет кај народот, тие не можеле да ја издржат Божјата проба. Секоја човечка творба, која ги заменила Божјите заповеди нема да има никаква вредност оној ден, кога „Вог ќе ги изнесе на суд сите скриени дела, било добри или лоши”. (Проповедник 12:14) {КВ 398.2}

Заменувањето на Божјите заповеди со човечки прописи не престанало. Дури и меѓу христијаните се наоѓаат прописи и обичаи што немаат подобра основа од традицијата на татковците. Таквите прописи, кои се засноваат на човечки авторитет, ги замениле божествените прописи. Луѓето цврсто се држат за своите традиции и ги почитуваат своите обичаи и негуваат омраза против оние што се трудат да им укажат на нивната заблуда. Денес, кога сме повикани да обрнеме внимание на Божјите заповеди и на верата Исусова, го гледаме истото она непријателство што се манифестирало во Христово време. За остатокот на Божјиот народ е напишано: „Змевот се разгневи на жената и отиде да војува против остатокот од нејзиното семе, против оние што ги држат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво”. (Откровение 12:17) {КВ 398.3}

Меѓутоа „секоја садница што не ја посадил мојот Татко, ќе биде искорната”. Наместо авторитетот на таканаречените црковни татковци, Вог не повикува да ја примиме Речта на вечниот Татко, на Господарот на Небото и Земјата. Само таа вистина не е измешана со заблудата. Давид рекол: „Станав поразумен од сите мои учители, затоа што размислувам за Твоите сведоштва. Поумен станав од старците, зашто ги држам Твоите правила”. (Псалм 119:99,100) Сите што го прифаќаат човечкиот авторитет, црковните обичаи или традициите на татковците, треба да го послушаат предупредувањето изречено во Христовите зборови: „Напразно ми се поклонуваат, поучувајќи науки што се човечки заповеди”. {КВ 398.4}

Сподели го ова:

Слични објави