15. НА СВАДБЕНА СВЕЧЕНОСТ

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Јован 2:1-11.

Исус не ја започнал Својата служба со некое големо дело пред Синедрионот во Ерусалим. На еден семеен собир во едно мало галилејско село, Тој ја употребил Својата моќ за да ја зголеми радоста на свадбената свеченост. На тој начин ја покажал Својата љубов кон луѓето и Својата желба да придонесе за нивната среќа. Во пустината на искушението Тој ја испил чашата на страдањата. Сега дошол на луѓето да им подаде чаша на благослов и со неа да ги посвети односите во човечкиот живот. {КВ 144.1}

Исус се вратил од Јордан во Галилеја. Во Кана, мало место недалеку од Назарет, имало свадба; младенците биле роднини на Јосиф и Марија, па Исус, знаејќи за тој семеен собир, дошол во Кана и со Своите ученици бил повикан на свадбата. {КВ 144.2}

Тука повторно се сретнал со Својата мајка, од која бил одвоен извесно време. Марија слушнала што се случило на Јордан при Неговото крштевање. Веста за тоа се расчула во Назарет и во нејзината душа оживеале сцените, кои толку години ги криела во своето срце. Заедно со сите Израелци, Марија била длабоко возбудена од мисијата на Јован Крстителот. Добро се сеќавала на пророштвата дадени при Неговото раѓање. Сега Христовата врска со Јован повторно ги загреала нејзините надежи. Меѓутоа, до неа стигнале и гласини за таинственото Исусовото заминување во пустината, што ја исполнувало со тажни претчувства. {КВ 144.3}

Од оној ден, кога во домот во Назарет ја слушнала веста на ангелот, Марија во себе го чувала секој доказ дека Исус е Месијата. Неговиот благ, несебичен живот ја уверил дека Тој не може да биде никој друг освен Пратеник од Небото. Сепак таа се соочувала со сомневања и разочарувања и копнеела за времето кога ќе се открие Неговата слава. Смртта ја разделила од Јосифа, кој заедно со неа го делел сознанието за тајната на Исусовото раѓање. Сега веќе немала никој на кого би можела да ги довери своите надежи и стравови. Изминатите два месеци за неа биле многу тажни. Била одвоена од Исуса, во чија љубов наоѓала утеха. Размислувала за зборовите на Симеон: „А тебе нож ќе ти ја прободе душата“ (Лука 2:35); се сетила на тридневните маки, кога мислела дека засекогаш го загубила Исуса и сега со грижа во срцето го очекувала Неговото враќање. {КВ 145.1}

На свадбата се сретнала со Него со истиот нежен, покорен син. Сепак, не бил ист. Неговото лице се променило. На Него се виделе траги од борбата што ја водел во пустината, а некој нов израз на достоинство и сила сведочел за Неговата небесна мисија. Околу Него се наоѓала група млади луѓе чии очи го гледале со стравопочит и кои го нарекувале Учител. Тие и раскажале на Марија што виделе и слушнале при крштевањето и на други места. На крај, тие заклучиле изјавувајќи: „Го најдовме Оној, за Кого Мојсеј напишал во законот, а исто така и пророците”. (Јован 1:45) {КВ 145.2}

Кога гостите се собрале, многумина изгледале целосно обземени со некоја интересна тема. Друштвото било проникнато со прикриена возбуда. Во групи се воделе живи, но тивки разговори, а испитувачки погледи повремено биле насочувани кон Синот на Марија. Кога го слушнала сведоштвото на учениците за Исуса, Марија била среќна што нејзините долго негувани надежи не биле напразни. Сепак, таа би морала да биде нешто повеќе од човечко суштество, кога таа света радост не би содржела во себе малку природна гордост на една нежна мајка. Кога видела колку погледи се вперени во Него, таа копнеела Тој на целото мноштво да му докаже дека Тој навистина бил Почесниот од Бога. Се надевала дека ќе му се пружи можност пред нив да направи некое чудо. {КВ 145.3}

Во тоа време бил обичај свадбените свечености да траат по неколку денови. Во таа прилика, снемало вино пред да заврши свеченоста. Тоа откритие причинило голема збунетост и жалење. Било необично да нема вино на такви прослави и тоа би се сметало како знак на недостаток на гостопримливост. Како роднина на младоженците, Марија им помагала во подготовките за свадба и му се обратила на Исуса, велејќи: „Немаат вино”. Тие зборови биле сугестија дека можеби би требало Исус да се погрижи таа потреба да биде задоволена. Меѓутоа, Исус и одговорил: „Што имам јас со тебе, жено? Уште не е дојден Мојот час”. {КВ 145.4}

Овој одговор, колку и да изгледа остар, не изразува студенило или неучтивост. Начинот на кој Спасителот и се обратил на Својата мајка бил во склад со источните обичаи. Таков начин се употребувал кон лица на кои им се укажувала почит. Секоја постапка во Христовиот земен живот била во склад со правилото што Тој сам го дал: „Почитувај ги твојот татко и твојата мајка”. (Излез 20:12) На крстот, во Својот последен чин на нежност кон Својата мајка, Исус повторно и се обратил на ист начин, доверувајќи ја на грижа на Својот најсакан ученик. И на свадбената свеченост и на крстот, љубовта изразена во тонот на гласот, погледот и однесувањето ги толкувала Неговите зборови. {КВ 146.1}

При посетата на храмот во детството, кога тајната за Неговата животна мисија се открила пред Него, Христос и рекол на Марија: „Зар не знаете дека треба да бидам во работата на Мојот Татко?“ (Лука 2:49) Тие зборови претставувале основен тон во целиот Негов живот и служба. Сѐ било потчинето на Неговото дело, големото дело на откупување, поради чие остварување дошол на оваа Земја. Сега ја повторил поуката. Постоела опасност Марија да смета дека нејзиниот однос со Исуса и дава некое посебно право, како и правото, до некој степен да го управува Него во Неговата мисија. Триесет години Тој бил син исполнет со љубов и послушност и Неговата љубов не се променила. Сега морал да премине на делото на Својот Татко. Бидејќи бил Син на Семоќниот и Спасител на светот, никакви земни врски не смееле да го одвојат од Неговата мисија, ниту да влијаат на Неговото однесување. Морал да биде слободен за да ја твори Божјата љубов. Таа поука има значење и за нас. Божјите барања се повисоки дури и од човечките врски. Никаква земна привлечност не смее да ги одврати нашите нозе од патот по кој Тој не повикува да одиме. {КВ 146.2}

Единствената надеж за откупувањето на нашиот паднат човечки род се наоѓа само во Христа. Марија можела да најде спасение единствено преку Божјото Јагне. Самата немала никакви заслуги. Нејзината врска со Исуса не ја ставала во поинаква духовна врска со Него од кое било друго човечко суштество. На тоа укажувале зборовите на Спасителот. Тој направил јасна разлика меѓу Својот однос кон неа како Син Човечки и како Божји Син. Нивната роднинска врска во никој случај не ја става Марија во рамноправна положба со Него. {КВ 147.1}

Зборовите „Уште не е дојден мојот час,“ укажуваат на фактот дека секој чин во Христовиот живот на Земјата бил исполнување на планот, кој постоел уште од вечни времиња. Исус го познавал тој план во сите подробности уште пред да дојде на Земјата. Но додека одел меѓу луѓето, Тој бил воден чекор по чекор од волјата на Својот Татко. Не се колебал да делува во одреденото време. Со иста послушност чекал додека не дојде тоа време. {КВ 147.2}

Со тоа што и кажал на Марија дека уште не дошол Неговиот час, Исус одговорил на нејзината неискажана мисла на очекувањето што таа го негувала заедно со својот народ. Се надевала дека Тој ќе се открие Себеси како Месија и ќе го преземе тронот на Израел. Меѓутоа, времето уште не дошло. Не како цар, туку како „Човек на болката, запознаен со тагата,“ Исус ја прифатил судбината на човечкиот род. {КВ 147.3}

Меѓутоа, иако Марија немала точна претстава за Христовата мисија, таа имала безусловна доверба во Него. На таа вера Исус одговорил. За да и укаже чест на нејзината доверба и за да ја зајакне верата на Своите ученици, првото чудо било извршено. Учениците требало да се сретнат со многубројни и силни искушенија, кои наведуваат на неверување. Благодарение на пророштвата, им било сосема јасно дека Исус е Месијата. Очекувале дека и верските водачи ќе го прифатат и ќе му укажат уште поголема доверба од нив. Им зборувале на луѓето за Неговите прекрасни дела и за својата доверба во Неговата мисија, но биле зачудени и горко разочарани од неверието, длабоко всадените предрасуди и непријателството кон Исуса прикажано од страна на свештениците и рабините. Првите чуда на Спасителот ги зајакнале учениците да се спротивстават на тоа противење. {КВ 147.4}

Марија, која ниту малку не била збунета од Исусовите зборови, им рекла на оние кои служеле околу трпезата: „Што и да ви каже, направете”. Така таа направила она што можела, за да го подготви патот за Христовото дело. {КВ 148.1}

Покрај вратата стоеле шест големи камени садови за вода и Исус им рекол на слугите да ги наполнат со вода. Така било направено. Потоа, кога требало да се послужи виното, Тој рекол: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот”. Наместо вода со која биле наполнети садовите, потекло вино. Ниту оној, кој бил одговорен за гозбата, ниту гостите не знаеле дека снемало вино. Кога го вкусил виното, старосватот утврдил дека никогаш порано не пиел толку добро вино и дека тоа се разликува од она што го имале на почетокот на свеченоста. Обраќајќи му се на младоженецот, тој рекол: „Секој човек прво изнесува добро вино, а кога луѓето ќе се напијат, послабо. Ти доброто вино го чуваше досега”. {КВ 148.2}

Како што луѓето прво го изнесуваат најдоброто вино, а потоа она што е полошо, така прави и светот со своите дарови. Она што го нуди светот можеби ќе ги задоволи очите и ќе ги восхити сетилата, но тоа нема да ги исполни човековите копнежи. Виното се претвора во горчина, веселбата во тага. Она што започнало со песна и веселба, завршува со умор и одвратност. Меѓутоа, Исусовите дарови се секогаш свежи и нови. Свеченоста што Тој ја подготвува за душата, секогаш ќе пружа задоволство и радост. Секој нов дар ја зголемува способноста на примателот да ги цени и да им се радува на Господовите благослови. Тој дава благодат за благодат. И тука не може да има недостаток. Ако пребивате во Него, фактот дека денес примате изобилен дар, обезбедува примање на пообилен дар утре. Исусовите зборови на Натанаил го изразуваат законот според кој Бог постапува со децата на верата. Со секое ново откровение на Својата љубов, Тој му вели на приемчивото срце: „Веруваш ли? Ќе видиш и поголеми нешта од овие”. (Јован 1:50) {КВ 148.3}

Христовиот дар на свадбената свеченост бил еден симбол. Водата претставувала крштевање во Неговата смрт; виното пролевање на Неговата крв за гревовите на светот. Човечки раце ја донеле водата со која биле наполнети садовите, но единствено Христовата Реч можела да даде животворна сила. Така е и со обредите кои укажуваат на смртта на Спасителот. Единствено со Христовата сила, која работи преку верата, тие имаат моќ да ја хранат душата. {КВ 148.4}

Христовата Реч обезбедила изобилна залиха за свеченоста. Така е изобилен и дарот на Неговата благодат, за да се избришат престапите на луѓето и за да се обнови и закрепне душата. {КВ 149.1}

На првата свеченост на која присуствувал со Своите ученици, Исус им дал чаша која била симбол на Неговото дело за нивно спасение. Тој повторно го направил тоа на последната вечера, воспоставувајќи го тој свет обред што требало да биде спомен за Неговата смрт, сѐ „додека Тој не дојде”. (1. Коринтјаните 11:26) Тагата на учениците поради разделбата со Својот Учител била утешена со ветувањето за повторното соединување, кога рекол: „Јас отсега нема повеќе да пијам од овој лозов род до оној ден, кога ќе пијам со вас нов во царството на Мојот Татко”. (Матеј 26:29) {КВ 149.2}

Виното што го обезбедил Христос за свеченоста и она што им го дал на учениците, како симбол на Својата крв бил чист гроздов сок. На тоа укажува и пророкот Исаија, зборувајќи за новото вино „во гроздот,“ кога вели: „Не го расипувај, зашто благослов е во него”. (Исаија 65:8) {КВ 149.3}

Во Стариот завет Христос е Оној, Кој дал предупредување до Израел: „Виното е потсмевач, жестокиот пијалак немирник и секој што им се предава на нив, не е мудар”. (Изреки 20:1) И Тој Самиот не се погрижил за таков пијалак. Сатаната ги искушува луѓето да попуштаат на желбите, кои го замаглуваат разумот и го затапуваат духовното согледување, но Христос не учи да ја потчинуваме пониската природа. Целокупниот Негов живот претставувал пример на самооткажување. За да ја скрши моќта на апетитот, Тој за нас поднел најтешки проби што човекот може да ги издржи. Христос посочил Јован Крстителот да не пие вино, ниту жесток пијалак. Тој барал слично воздржување и од жената на Маној. Тој изрекува проклетство над оној човек, кој става шише на усните на својот ближен. Со своето однесување Христос не и противречел на Својата наука. Неферментираното вино што им го обезбедил на сватовите бил здрав и освежителен пијалак. Неговото дејство се состоело во тоа да го доведе вкусот во склад со здравиот апетит. {КВ 149.4}

Кога гостите на свеченоста го забележале квалитетот на виното, почнале да се распрашуваат, па од слугите дознале за чудото. Друштвото извесно време било премногу восхитено за да размислува за Оној, Кој извршил такво чудесно дело. Кога конечно го побарале, утврдиле дека Тој така тивко се повлекол, така што не го забележале дури ни Неговите ученици. {КВ 149.5}

Вниманието на сите присутни сега било насочено кон учениците. Тие за прв пат имале можност да ја признаат својата вера во Исуса. Раскажале што виделе и што слушнале на Јордан, па во срцата на многумина се родила надеж дека Бог подигнал Ослободител за Својот народ. Новоста за ова чудо бргу се раширила низ целиот крај и стигнала до Ерусалим. Свештениците и учителите со нов интерес ги проучувале пророштвата што укажувале на Христовото доаѓање. Се разбудила силна желба да се сфати мисијата на тој нов Учител, Кој на толку скромен начин се појавил меѓу луѓето. {КВ 150.1}

Христовиот начин на работа значително се разликувал од работата на еврејските старешини. Нивното почитување на традициите и формализмот ја уништиле сета вистинска слобода на мислите и делата. Тие живееле во постојан страв да не се осквернат. За да го избегнат допирот со „нечистите,“ тие се држеле на растојание не само од незнабошците, туку и од поголемиот дел од својот народ, не трудејќи се да му користат, ниту да го стекнат неговото пријателство. Занимавајќи се постојано со тие мисли, ги ограничувале своите сфаќања и го ограничиле кругот на својот живот. Нивниот пример поттикнувал на себичност и нетрпеливост меѓу сите народни слоеви. {КВ 150.2}

Исус го започнал делото на реформација стапувајќи во Близок допир со луѓето. Покажувајќи најголема почит кон Божјиот закон, ја осудувал наметливата побожност на фарисеите и се обидувал да го ослободи народот од бесмислените правила кои го ограничувале. Копнеел да ги сруши преградите, кои ги одвојувале различните слоеви на општеството, за да ги здружи луѓето, како деца на едно семејство. Неговото присуство на свадбената свеченост имало за цел да биде делотворен чекор во остварувањето на таа цел. {КВ 150.3}

Бог го упатил Јован Крстителот да живее во пустина за да го заштити од влијанието на свештениците и рабините и да го подготви за посебна мисија. Меѓутоа, неговиот строг начин на живот и неговата осаменост не претставувале пример за народот. Јован не ги повикувал своите слушатели да ги напуштат своите поранешни должности. Ги повикувал да го докажат своето покајание со верност кон Бога, на местото каде што Тој ги повикал. {КВ 150.4}

Исус го осудувал самоугодувањето во сите негови облици, но по природа бил друштвен. Го прифаќал гостопримството на сите слоеви, посетувајќи ги домовите на богатите и сиромашните, на учените и неуките и копнеел да ги оттргне нивните мисли од прашањата на секојдневниот живот и да ги насочи кон оние работи, кои се духовни и вечни. Тој не давал никаква дозвола за распуштен живот, ниту Неговото однесување било извалкано со некаква сенка на световна лекоумност; Сепак, Тој наоѓал задоволство во сцените на невина среќа и со Своето присуство ги одобрувал дружељубивите собири. Еврејската свадба бил импресивен настан и нејзината радост не предизвикувала незадоволство кај Синот Човечки. Присуствувајќи на свеченоста, Исус му укажал почит на бракот, како на божествена установа. {КВ 150.5}

Како во Стариот, така и во Новиот Завет, брачната врска служи како пример да се покаже нежното и свето единство, кое постои помеѓу Христа и Неговиот народ. Според Исусовото сфаќање, свадбената веселба укажувала на радоста на оној ден, кога Тој ќе ја доведе Својата невеста во Татковиот дом, кога откупените ќе седнат со Откупителот на свадбената вечера на Јагнето. Тој вели „Како што младоженецот и се радува на невестата, така тебе ќе ти се радува твојот Бог”. „Нема повеќе да се викаш Оставена… туку ќе те викаат Милина Моја… зашто Господ наоѓа задоволство во тебе”. „Тој ќе се радува над тебе полн со радост; Тој ќе почива во Својата љубов, радосно ќе пее над тебе”. (Исаија 62:5,4; Софонија 3:17) Кога Јован примил видение за небесните настани, напишал: „И чув глас, како на големо мноштво, како бучава на силни води, како тресок на силни громови како зборуваат: Алилуја, зашто се зацари нашиот Господ Бог, Седржител. Да се радуваме, да се веселиме и да му оддадеме чест на Бога, зашто дојде свадбата на Јагнето и Неговата жена се приготви”. „Блазе на оние што се повикани на свадбената вечера на Јагнето”. (Откровение 19:6,7,9) {КВ 151.1}

Исус сметал дека секоја душа мора да се повика да дојде во Неговото царство. Тој ги придобивал срцата на народот на тој начин што им покажувал дека им посакува добро. Ги барал по улиците, во домовите, на чамците, во синагогите, на брегот на езерото, па и на свадбената свеченост. Се среќавал со нив додека се одморале и покажувал интерес за нивните земни работи. Ги внесувал своите поуки во домаќинството, доведувајќи ги семејствата во нивните сопствени домови под влијание на Своето божествено присуство. Неговата силна лична наклонетост му помогнала да придобие срца. Често се повлекувал во планините за да се моли, но тоа била само подготовка за Неговата работа помеѓу луѓето во активниот живот. Од така поминатото време, Тој Доаѓал да ги исцелува болните, да ги поучува неуките и да ги раскине оковите од заробениците на сатаната. {КВ 151.2}

Исус ги поучувал Своите ученици со личен допир и со дружење. Понекогаш ги поучувал седејќи меѓу нив на планинските падини; понекогаш покрај морето или одејќи заедно со нив, им ги откривал тајните на Божјото царство. Тој не држел беседи, како што тоа денес го прават луѓето. Кога срцата биле подготвени да ја примат божествената вест, Тој ги изнесувал вистините за патот на спасението. Не им заповедал на учениците да го прават ова или она, туку само повикувал: „Следи ме”. На Своите патувања низ селата и градовите, Тој ги водел со Себе за да видат како Тој го поучува народот. Тој ги поврзал нивните интереси со Своите, и тие се соединиле со Него во Неговото дело. {КВ 152.1}

Примерот на Христос како се поврзувал Себеси со интересите на луѓето треба да се следи од сите оние, кои ја проповедаат Неговата Реч и сите оние, кои го примиле евангелието на Неговата благодат. Не смееме да се откажеме од дружељубивите врски. Не треба да се оградиме од другите. За да досегнеме до сите слоеви, мораме да ги пронајдеме таму каде што тие се наоѓаат. Ретко се случува тие да не бараат нас. Срцата на луѓето не треба да се трогнат од божествената вистина само од проповедална. Постои и друго поле на работа можеби поскромно, но исто така полно со ветувања. Тоа се наоѓа во домот на сиромашните, во дворот на големците, на гостопримливата трпеза и на собирите за невино дружељубиво уживање. {КВ 152.2}

Како Христови ученици, ние не треба да се дружиме со светот заради задоволство, ниту да се обединиме со нив во лудостите. Таквото дружење може да има само штетни последици. Никогаш не смееме да го одобриме гревот со своите зборови или дела, со своето молчење или присуство. Каде и да одиме, мораме да го носиме Исуса со нас и да им укажуваме на другите колку е драгоцен нашиот Спасител. Меѓутоа, оние што се обидуваат да ја сочуваат својата вера со тоа што ја кријат зад камени ѕидини, пропуштаат драгоцени можности да прават добро. Преку општествените односи христијанството Доаѓа во допир со светот. Секој оној, кој примил божествено просветлување, треба да го осветли патот на оние, кои не ја познаваат Светлината на животот. {КВ 152.3}

Сите ние треба да бидеме сведоци за Исуса. Општествената моќ, посветена со Христовата благодат, мора да се искористи за придобивање души за Спасителот. Светот треба да види дека ние не сме себично обземени со сопствените интереси, туку дека сакаме и други да учествуваат во нашите благослови и предности. Светот треба да види дека нашата вера не нѐ прави нечувствителни или луѓе што бараат многу. Сите што тврдат дека го нашле Христа, треба да се залагаат за доброто на луѓето, онака, како што правел Тој. {КВ 152.4}

Никогаш не смееме пред светот да оставиме впечаток дека христијаните се намуртени, несреќни луѓе. Ако ги впериме своите очи во Исуса, ќе видиме сочувствителен Спасител и ќе бидеме осветлени од светлината на Неговото лице. Секаде, каде што владее Неговиот Дух тука се наоѓа мир. А тука ќе се наоѓа и радост, зашто постои мирна, света доверба во Бога. {КВ 152.5} Христос е задоволен од Своите следбеници кога тие покажуваат дека, иако во човечко тело, учествуваат во божествената природа. Тие не се кипови, туку живи мажи и жени. Нивните срца, освежени од росата на божествената благодат, се отвораат и се шират кон Сонцето на Праведноста. Светлината што светли врз нив, тие ја пренесуваат на другите со помош на делата кои блескаат со Христовата љубов. {КВ 153.1}

Сподели го ова:

Слични објави