76. ЈУДА

Сподели го ова:

Историјата на Јуда го прикажува жалниот крај на еден живот кој можел да биде почитуван во Божјите очи. Кога би умрел пред своето последно патување во Ерусалим, Јуда би бил сметан за човек кој бил достоен за место меѓу дванаесетмината и за оној кој зад себе би оставил голема празнина. Одвратноста со која луѓето со векови гледале на него не би постоела, кога не би биле особините што се откриле на крајот на неговиот живот. Меѓутоа, неговиот карактер му бил откриен на светот со одредена цел. Тоа требало да послужи како опомена за сите оние кои би ја изневериле светата доверба, како што направил тој. {КВ 716.1}

Непосредно пред Пасха, Јуда го обновил својот договор со свештениците да им го предаде Исуса во нивни раце. Тогаш било договорено Спасителот да биде уапсен на некое од местата каде што заминувал да се моли и да размислува. По гозбата во домот на Симон, Јуда имал можност да размисли за делото кое се заветил да го изврши, но Сепак не ја променил својата намера. За триесет сребреници а тоа била цена за еден роб тој го предал Господ на славата на срам и смрт. {КВ 716.2}

Според својата природа Јуда бил голем среброљубец, но не бил секогаш толку расипан за да направи едно такво дело. Го негувал во себе тој зол дух на алчност, додека тој не станал владејачко начело во неговиот живот. Љубовта кон сатаната била посилна од љубовта кон Христа. Станувајќи роб на еден таков порок, тој му се предал на сатаната, за потполно да го воведе во гревот. {КВ 716.3}

Јуда им се придружил на учениците, тогаш, кога народот веќе масовно одел по Христа. Додека како маѓепсани ги слушале Христовите зборови во синагогата, на брегот на езерото или на гората, Неговите поуки ги раздвижувале нивните срца. Јуда видел како болните, хромите и слепите Доаѓале кај Исуса. Видел како оние на смртна постела ги подига на своите нозе. Бил очевидец, кога Спасителот со силата на Својата Реч ги исцелувал болните, ги истерувал демоните и ги воскреснувал мртвите. Лично го почувствувал доказот на Христовата сила. Бил осведочен дека Христовото учење е повозвишено од сѐ што слушнал порано. Го засакал големиот Учител и сакал да биде со Него. Чувствувал желба да се промени во карактерот и животот и се надевал дека благодарение на врската со Исуса ќе успее да го оствари тоа. Спасителот не го отфрлил Јуда. Му дал место меѓу дванаесетмината. Му доверил да го извршува делото на евангелист. Го обдарил со сила да ги исцелува болните и да ги истерува ѓаволите. Меѓутоа, Јуда не дошол до точка целосно да му се предаде на Христа. Не се откажал од своите световни амбиции и од љубовта кон парите. Ја прифатил положбата на Христов служител, но не дозволувал да го преобрази божествената сила. Сметал дека може да ги задржи своите сопствени судови и мислења и негувал склоност да ги критикува и обвинува другите. {КВ 716.4}

Јуда бил високо ценет од страна на учениците и тој имал големо влијание врз нив. Самиот тој имал високо мислење за своите способности и на своите браќа гледал како на многу поинфериорни од него во поглед на расудувањето и способностите. Мислел дека тие не ги гледале своите можности и не ја користеле предноста на околностите. Според неговото мислење, црквата нема никогаш да напредува со толку кратковиди луѓе како водачи. Петар бил избувлив и делувал без размислување. Јован, кој како драгоценост ги чувал вистините кои паѓале од Исусовите усни, според мислењето на Јуда, бил слаб финансиер. Матеј, воспитан да биде точен во сѐ, многу внимавал на чесноста и секогаш размислувал за Христовите зборови и бил толку обземен со нив, па според мислењето на Јуда, бил неспособен за каква било остроумна и далекусежна работа. Така Јуда ги резимирал сите ученици, па си ласкал себеси дека црквата често би се нашла во тешка и непријатна ситуација, кога не би била неговата способност за вешто управување. Јуда се сметал себеси за толку способен човек, што никој не можел да го надитри. Според неговото мислење тој претставувал чест за делото и секогаш се прикажувал како таков. {КВ 717.1}

Јуда бил слеп за сопствените слабости, па Христос го поставил на положба каде што имал можност да ги воочи и да ги поправи. Како благајник на Христовите ученици, тој бил повикан да се грижи за потребите на таа мала група ученици и да ги ублажува потребите на сиромашните во нивната неволја. Кога на Пасха, во горната соба Исус му рекол: „Што мислиш да правиш, прави побргу“ (Јован 13:27), учениците мислеле дека Тој му заповедал да купи нешто за празникот или да им подели нешто на сиромашните. Служејќи им на другите, Јуда можел да развие дух на несебичност. Меѓутоа, иако секој ден ги слушал Христовите поуки и бил сведок на Неговиот несебичен живот, Јуда им попуштал на своите себични склоности. Скромните парични приходи кои доаѓале во негови раце претставувале постојано искушение за него. Често, кога ќе направел некоја мала услуга за Христа или ќе посветил дел од своето време за верски цели, се исплаќал себеси од тој скромен фонд. Во Неговите очи, тие изговори биле доволни да ги оправдаат неговите постапки, но во Божји очи тој бил крадец. {КВ 717.2}

На Јуда не му се допаѓале често повторуваните Христови тврдења дека Неговото царство не е од овој свет. Тој испланирал една програма на работа и очекувал Христос да постапува според неа. Според неговите планови, Јован Крстителот требало да биде ослободен од затвор. Но ете, Јован бил погубен. А Исус, наместо да го потврди Своето царско право и да ја одмазди Јовановата смрт, се повлекол со Своите ученици во едно место во внатрешноста. Јуда посакувал една поодлучна борба. Мислел дека делото би било поуспешно, кога Исус не би ги спречувал учениците во остварување на нивните замисли. Забележал дека непријателството на еврејските водачи станува сѐ посилно и видел дека Христос не одговорил на нивниот предизвик, кога од Него побарале знак од небото. Го отворил своето срце за неверие, а непријателот му влевал мисли на сомнеж и бунт. Зошто Исус толку се задржува на она што обесхрабрува? Зошто Себеси и на Своите ученици им претскажува неволји и прогонства? Јуда му пристапил на Христовото дело воден од изгледите за висока положба во новото царство. Зар неговите надежи ќе бидат разочарани? Јуда не дошол до некое одредено сознание дека Исус не е Божји Син, но почнал да се сомнева и да бара некакво објаснување за Неговите силни дела. {КВ 718.1}

Без оглед на учењето на Спасителот, Јуда постојано ја истакнувал идејата дека Христос ќе владее како цар во Ерусалим. Тој се обидел тоа да го оствари тогаш, кога Христос со пет леба нахранил пет илјади луѓе. Во таа прилика Јуда помагал храната да се раздели на гладното мноштво. Имал можност да ги види благодетите што се кријат во неговата моќ да им ги дава на другите. Почувствувал задоволство кое секогаш се искусува во Божјата служба. Помагал болните и страдалниците од мноштвото собрани луѓе да се доведат кај Христа. Видел колкаво олеснување, колкава радост и среќа на човечкото срце донесува Христовата исцелувачка сила. Можел да ги сфати Христовите методи. Меѓутоа, Јуда бил заслепен од сопствените себични желби. Тој прв се обидел да го искористи воодушевувањето предизвикано од чудото со лебовите. Тој бил оној, кој ја поттикнал замислата Христос на сила да се прогласи за цар. Неговите надежи биле големи, но неговото разочарување било горчливо. {КВ 718.2}

Христовиот јавен говор во синагогата во врска со лебот на животот, била пресвртница во историјата на Јуда. Тој ги слушнал зборовите: „Ако не го јадете телото на Синот Човечки и ако не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе”. (Јован 6:53) Сфатил дека Исус не нуди земни, туку духовни благодети. Сметајќи се за далекусежен, заклучил дека Исус никогаш нема да дојде до чест и дека нема да може да обезбеди високи позиции за Своите следбеници. Затоа одлучил да не се врзува многу за Христа, за да не може да се повлече. Одлучил да внимава. Така и направил. {КВ 719.1}

Од време на време давал израз на сомневањата кои создавале збрка кај учениците. Воведувал расправи и завидливи мислења, повторувајќи ги доказите кои книжевниците и фарисиете ги изнесувале против Христовите тврдења. Сите мали и големи неволји, тешкотии и привидни препреки кон напредокот на евангелието, Јуда ги толкувал како доказ против неговата вистинитост. Истакнувал од Светото Писмо текстови што немале никаква врска со вистините кои Христос ги презентирал. Овие текстови, издвоени од целината на својот контекст, создавале кај учениците забуна и ја зголемувале малодушноста која постојано ги притискала. Меѓутоа, Јуда го правел сето ова на таков начин што изгледало дека тој бил совесен човек. И додека учениците барале докази што ќе ги потврдат зборовите на големиот Учител, Јуда речиси незабележано ги водел на друг пат. Така, на многу религиозен и привидно совесен начин, Јуда ги прикажувал вистините во поинаква светлина од онаа во која Христос ги изнел и на Неговите зборови им припишувал значење какво што Тој не им дал. Со своите навестувања постојано поттикнувал амбиции за земни почести, одвојувајќи го на тој начин вниманието на учениците од она за што требало да размислуваат. Препирањата за тоа кој треба да биде најголем, обично ги започнувал и поттикнувал Јуда. {КВ 719.2}

Кога Исус му ги изложил на богатиот младич условите под кои би можел да стане Негов ученик, Јуда бил незадоволен. Сметал дека е направена грешка. Кога такви луѓе би им пристапиле на верниците, би помогнале во поддржувањето на Христовото дело. Јуда сметал дека би можел да предложи многу планови за напредок на малата црква, кога би го прифатиле за советник. Неговите начела и методи по нешто би се разликувале од Христовите, но тој сметал дека во тој поглед е помудар од Христа. {КВ 719.3}

Во сѐ што Христос им зборувал на Своите ученици имало нешто со што во своето срце Јуда не се согласувал. Под негово влијание квасецот на незадоволство брзо делувал. Учениците не ја забележувале вистинската причина за тоа, но Исус видел дека сатаната ги пренесува на Јуда своите особини и со тоа отвора пат низ кој може да влијае и на другите ученици. Тоа го кажал и Христос во Својата изјава дадена една година пред предавството. „Нели ве избрав дванаесетмина,“ рекол Тој, „но еден од вас е ѓавол?“ (Јован 6:70) {КВ 720.1}

Сепак Јуда не се противел отворено, ниту изгледало дека се сомнева во поуките на Спасителот. Не мрморел отворено, сѐ до мигот на гозбата во куќата на Симон. Кога Марија ги помазала нозете на Спасителот, Јуда го открил својот алчен дух. Кога Исус го укорил, тој бил длабоко огорчен. Ранетата гордост и копнежот за одмазда ги срушиле сите прегради и со него целосно завладеал порокот на кој толку долго му попуштал. Такво ќе биде искуството на секој што истрајува во игра со гревот. Елементите на изопаченост на кои човекот не се спротивставува и кои не ги совладува подлежат на искушение на сатаната и тој по својата волја ја поробува душата. {КВ 720.2}

Меѓутоа, Јуда не закоравил потполно. Дури и откако двапати се обврзал дека ќе го предаде Спасителот, сѐ уште имал можност да се покае. На Пасхалната вечера Исус ја докажал Својата божествена природа откривајќи ја намерата на предавникот. Нежно го вклучил и Јуда во службата што ја извршил за учениците. Меѓутоа, овој последен повик на љубов останал без одговор. Тогаш случајот на Јуда конечно бил одлучен и нозете кои Исус ги измил, отишле да го извршат предавничкото дело. {КВ 720.3}

Според мислењето на Јуда, ако Исус требало да биде распнат, тогаш тоа морало да се случи. Со неговата предавничка постапка нема ништо да се промени. Доколку Исус не требало да умре, тоа само би Го принудило да се ослободи. Во секој случај, Јуда би добил нешто со ова свое предавство. Тој сметал дека со предавството на својот Учител успеал да направи добар пазар. {КВ 720.4}

Сепак, Јуда не верувал дека Христос ќе дозволи да Го уапсат. Со своето предавство сакал да му даде поука на Христа. Имал намера да одигра улога со која ќе го натера Спасителот да покаже повеќе почит кон него. Меѓутоа, Јуда не знаел дека го испраќа Христа во смрт. Колку пати книжевниците и фарисеите биле восхитени од Неговите впечатливи илустрации, кога ги учел во параболи! Колку пати тие си изрекувале пресуда сами на себе! Често, кога вистината ги осведочила нивните срца, тие полни со гнев подигале камења за да ги фрлат на Него, но Тој секогаш ги избегнувал. „Бидејќи избегнал толку стапици,“ мислел Јуда, „сигурно, ниту сега нема да дозволи да Го фатат”.  {КВ 720.5}

Јуда одлучил да го провери тоа. Ако Исус навистина е Месијата, народот за кој толку многу направил, ќе се собере околу Него и ќе Го прогласи за цар. Тоа засекогаш би убедило многу умови, кои сега се наоѓаат во неизвесност. На Јуда би му се припишувале заслугите што го довел царот на Давидовиот престол. Ова дело би му обезбедило прво место во новото царство, веднаш до Христа. {КВ 721.1}

Со предавството на Исуса, лажниот ученик ја одиграл својата улога. Кога во градината му рекол на водачот на мноштвото: „Оној што ќе го бакнам, тој е, држете го,“ (Матеј 26:48), бил наполно уверен дека Христос ќе се избави од нивните раце. Тогаш, доколку би Го обвинувале за тоа, тој би рекол: „Зар не ви реков цврсто да го држите?“ {КВ 721.2}

Јуда видел како прогонителите, постапувајќи според неговите зборови, цврсто Го врзале Христа. Со чудење гледал како Спасителот дозволува да Го одведат. Загрижено го следел од градината до судењето пред еврејските поглавари. При секое Негово движење очекувал дека Тој ќе ги изненади Своите непријатели, откривајќи се пред нив како Божји Син и осуетувајќи ги нивните заговори и сила. Меѓутоа, како што минувало времето, а Исус ги поднесувал сите малтретирања на кои бил изложен, кај предавникот се појавил ужасен страв дека навистина Го продал својот Учител на смрт. {КВ 721.3}

Како што судењето се приближило кон крајот, измачуван од грижата на совеста, Јуда веќе не можел да издржи. Одеднаш низ судницата се слушнал еден рапав глас, кој ги исполнил со ужас сите срца: „Тој е невин, поштедете Го, о Кајафа!“ {КВ 721.4}

Тогаш сите ја виделе високата силуета на Јуда како се пробива низ зачуденото мноштво. Лицето му било бледо и исплашено, а на челото му се појавиле крупни капки пот. Пробивајќи се до судскиот престол, тој ги фрлил пред првосвештеникот сребрениците кои биле цена за предавството на својот Господ. Цврсто фаќајќи се за облеката на Кајафа, го преколнувал да Го ослободи Исуса, изјавувајќи дека Тој не направил ништо со што би заслужил смрт. Кајафа луто го турнал, но бил збунет и не знаел што да каже. Се открила подмолноста на свештениците. Било јасно дека го поткупиле ученикот за да Го предаде својот Учител. {КВ 721.5}

„Згрешив,“ повторно извикал Јуда, „зашто предадов невина крв”. Меѓутоа, првосвештеникот, прибирајќи се, презриво одговорил: „Што ни е грижа нам за тоа? Тоа е твоја работа“ (Матеј 27:4) Свештениците биле подготвени да го искористат Јуда како свое орудие, но ја презирале неговата нискост. Кога им се обратил со своето признание, тие го отфрлиле со презир. {КВ 722.1}

Тогаш Јуда се фрлил пред Исусовите нозе, признавајќи Го за Божји Син и преколнувајќи Го да се ослободи. Спасителот не го укорил Својот предавник. Тој знаел дека Јуда не се кае; само ужасното чувство на осуда и очекувањето на судот изнудиле вакво признание од неговата душа, но всушност тој не чувствувал никаква душевна болка, која го кине срцето, што Го предал безгрешниот Божји Син и што се одрекол од Израелевиот светец. Сепак, Исус не изговорил ниту еден збор на осуда. Гледајќи со сожалување кон Јуда, Тој рекол: „Заради овој час Јас дојдов на светот”. {КВ 722.2}

Меѓу присутните се слушнало шепотење полно со изненадување. Вчудовидено ја набљудувале Христовата благост кон Својот предавник. Повторно биле осведочени дека овој Човек е повеќе од обичен смртник. Меѓутоа, ако е Божји Син се прашувале тие зошто не се ослободи од Своите окови и не ги порази Своите тужители? {КВ 722.3}

Увидувајќи дека неговото преколнување е напразно, Јуда истрчал од судницата, извикувајќи: „Предоцна е! Предоцна е!“ Чувствувал дека не може да доживее да Го види Исуса распнат и затоа во очај заминал и се обесил. {КВ 722.4}

Подоцна, истиот ден, на патот кон Пилатовата судница до Голгота, стивнале повиците и подбивањата на злиот народ, кој Го водел Исуса на местото каде што требало да Го распнат. Поминувајќи покрај некое затскриено место, го виделе под едно суво дрво телото на Јуда. Тоа била една најодвратна сцена. Под товарот на неговото тело, јажето се скинало за кое се обесил на дрвото. При паѓањето, неговото тело било премногу осакатено и сега кучињата ненаситно го јаделе. Остатоците од неговото тело веднаш биле закопани и телото било отстрането од погледот; меѓутоа, мноштвото помалку се подбивало, а бледилото на лицето на многумина ги откривало внатрешните мисли. Изгледало дека одмаздата веќе ги стигнува оние, кои се виновни за Исусовата крв. {КВ 722.5}

Сподели го ова:

Similar Posts