75. ПРЕД АНА И КАЈАФА
Оваа поглавје е засновано на Матеј 26:57-75; 27:1; Марко 14:53-72; 15:1;
Лука 22:54-71; Јован 18:13-27.
Преминувајќи преку потокот Кедрон, низ маслиновите градини и низ стивнатите улици на сонливиот град, тие го побрзувале Исуса. Веќе минало полноќ и извиците на зовриеното мноштво кое Го следело се разнесувало низ мирната атмосфера на ноќта. Врзан и строго чуван, Спасителот тешко се движел. Меѓутоа, Неговите поробувачи заедно со Него брзо оделе кон палатата на поранешниот првосвештеник Ана. {КВ 698.1}
Ана бил глава на свештеничкото семејство, кое заземало клучна положба во вршењето на црковните обреди, па народот од почит кон неговата старост го признавал за првосвештеник. Барале негов совет и го прифаќале како Божји глас. Како заробеник на свештеничката власт, Исус прво бил изведен пред него. Тој морал да присуствува при испитувањето на затвореникот, зашто се плашеле дека помалку искусниот Кајафа нема да ја оствари целта на која тие работеле. Овој пат морала да се искористи неговата итрина, лукавост и подлост, бидејќи Христос во секој случај морал да биде осуден. {КВ 698.2}
Официјалното судење на Христа требало да се одржи пред Синедрионот, но Тој бил подложен на претходно испитување кај Ана. Според римските закони, Синедрионот не можел да изврши смртна пресуда. Можеле само да го испитаат затвореникот и да изречат пресуда, која римските власти морале да ја потврдат. Затоа требало да се подигне обвинување против Христа со цел да Го прикажат како злосторник и како таков да биде сметан од Римјаните. Исто така морало да се пронајде вина со која би заслужил осуда и од страна на Евреите. Дури и меѓу свештениците и поглаварите не бил мал бројот на оние кои биле убедени дека Христовото учење е правилно; само стравот од исклучување од синагогата ги спречувал јавно да Го признаат. Свештениците добро го запомниле прашањето на Никодим: „Зар нашиот закон осудува човек додека најпрво не го сослуша и не дознае што прави?“ (Јован 7:51) Ова прашање за одредено време го поделил Советот и ги осуетило нивните планови. Јосиф од Ариматеја и Никодим намерно не биле повикани, но имало и други кои можеле да се осмелат да зборуваат во корист на правдата. Судењето морало да се води, така што сите членови на Синедрионот ќе се обединат и здружат против Христа. Свештениците настојувале да подигнат две обвинувања против Него. Ако се докаже дека Исус хулел на Бога, ќе Го осудат Евреите. Ако се докаже дека е и бунтовник, ќе се обезбеди осуда и од страна на Римјаните. Ана се обидувал прво да го изнесе ова второ обвинување. Му поставил прашање на Исуса во врска со Неговите ученици и за Неговото учење, со надеж дека затвореникот ќе каже нешто што ќе му даде материјал за понатамошна постапка. Мислел дека од Него ќе извлече некоја изјава, која би ја протолкувал како доказ дека настојувал да основа некое тајно друштво со цел да воспостави едно ново царство. Тогаш свештениците би можеле да го предадат на Римјаните, како човек кој го нарушува мирот и го повикува народот на бунт. {КВ 698.3}
Христос ја читал намерата на свештеникот како отворена книга. Како да ги гледа најтајните желби во душите на испитувачите, негирал дека меѓу Него и Неговите следбеници постои некаков таен сојуз или дека тајно ги собирал и во мрак за да ги прикрие Своите цели или учења. Тој немал никакви тајни во поглед на Своето учење и Своите намери. „Јас отворено му зборував на светот,“ одговорил Тој. „Јас секогаш поучував во синагогата и во храмот, каде што секогаш се собираат Евреите и ништо тајно не зборував”. {КВ 699.1}
Спасителот укажал на разликата помеѓу Својот начин на работа и методите на Своите обвинувачи. Тие со месеци Го прогонувале и се труделе да Го фатат во својата мрежа и да Го изведат пред таен суд, каде што можеле преку криво клеветење да го постигнат она што не можеле да го постигнат на фер начин. Сега ја остварувале таа своја намера. Апсењето на полноќ од страна на едно мноштво насилници, исмевањето, навредувањето и малтретирањето уште пред да биде осуден, па дури и пред да биде подигнато обвинување против Него сето тоа претставувало нивен начин на работа, а не Негов. Нивната постапка претставувала повреда на законот. Со законски прописи кои тие сами ги создале било предвидено кон секој човек да се постапува како да е невин додека не се докаже неговата вина. Свештениците се осудиле себеси дури и со своите сопствени закони. {КВ 699.2}
обраќајќи му се на оној што го испрашувал, Исус рекол: „Зошто ме прашуваш Мене?“ Зар свештениците и поглаварите не испраќале шпиони будно да го следат Неговото движење и да известуваат за секој Негов збор? Зар тие не биле присутни секогаш кога народот би се собрал околу Христа и ги известувале свештениците за сѐ што зборувал и правел Тој: „Прашај ги оние кои слушнаа што им зборував,“ одговорил Исус; „тие знаат што зборував Јас”. {КВ 699.3}
По овој одлучен одговор Ана бил замолчен. Плашејќи се дека Христос ќе каже нешто во врска со неговите постапки кои сакал да ги прикрие, Тој веќе ништо не му кажал. Еден од Неговите помошници, исполнет со гнев што Ана не можел веќе ништо да каже, Го удрил Исуса по лице и му рекол: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“ {КВ 700.1}
Христос мирно одговорил: „Ако кажав нешто лошо, докажи дека е лошо; а ако кажав добро, зошто Ме удираш?“ Не изговорил никакви лути зборови на одмазда. Неговиот мирен одговор Доаѓал од едно безгрешно, трпеливо и нежно срце, кое не дозволувало да биде предизвикано. {КВ 700.2}
Христос длабоко страдал поради овие навреди и подбивања. Од рацете на суштествата кои Тој ги создал и за кои толку се жртвувал, поднесувал секакви навреди. Неговите страдања биле во сообразност со совршенството на Неговата светост и Неговата омраза кон гревот. Целиот тек на сослушување и истрага од страна на луѓето кои постапувале како демони, за Него претставувало постојано жртвување. За Него било одвратно што бил опкружен од човечки суштества, кои биле целосно под власт на сатаната. Знаел дека во еден момент, со еден блесок на Својата божествена сила, можел да ги претвори Своите свирепи мачители во прав. Тој факт го направил Неговото искушение уште потешко. {КВ 700.3}
Евреите очекувале Месија кој би се открил со видливо манифестирање на сила, кој со еден блесок на Својата надвладувачка волја ќе го измени текот на човечките мисли, принудувајќи ги да ја признаат Неговата надмоќ. На тој начин, Тој, според нивното сфаќање, би го обезбедил Своето издигнување и би ги задоволил нивните амбициозни надежи. Затоа Христос, кога бил третиран со презир, бил во тешко искушение да го покаже Својот божествен карактер. Со еден збор, со еден поглед можел да ги принуди Своите прогонувачи да признаат дека Тој е Господар над царевите и владетелите, свештениците и храмот. Меѓутоа, Неговата тешка задача се состоела во тоа да ја задржи положбата што ја одбрал, кога се изедначил со човечкиот род. {КВ 700.4}
Небесните ангели биле сведоци на секоја постапка преземена против нивниот сакан Заповедник. Со сето срце копнееле да Го ослободат. Под Божја заповед ангелите се семоќни. Покорувајќи се на Христовата заповед, една ноќ ја уништиле асирската војска сто осумдесет и пет илјади луѓе биле мртви. Колку лесно ангелите, набљудувајќи ја срамната сцена на Христовото судење, можеле да го манифестираат своето негодување со уништување на Божјите непријатели! Меѓутоа, ним не им било заповедано да го направат тоа. Оној, Кој можел да ги осуди Своите непријатели на смрт, ја поднесувал нивната свирепост. Љубовта кон Таткото и Неговото ветување дадено уште пред создавањето на човекот, дека ќе стане Носител на Гревот, го навеле без приговор да го поднесува грубиот третман од оние кои дошол да ги спаси. Тоа бил составен дел од Неговата мисија во човечка природа да ги поднесе сите подбивања и злоупотреби со кои луѓето ќе Го опсипат. Единствената надеж за човечкиот род се состоела во тоа Христос мирно да го поднесе сето она што човечките раце и срце можеле да Му направат. {КВ 700.5}
Христос не кажал ништо со што на Своите тужители би им дал можност да Го обвинат, но Сепак бил врзан, како знак дека е осуден. Сепак, морала да се сочува барем надворешната форма на правда. Требало да се одржи легално судење. Овие претставници на власта одлучиле судењето да не се одолговлекува. Знаејќи каков углед ужива кај народот, се плашеле дека ако се разнесе веста дека Тој е уапсен, би бил можен обид за Негово ослободување. Освен тоа, ако судењето и погубувањето не се спроведат веднаш, би морале да ги одложат за седум дена заради празникот Пасха. Со тоа би бил осуетен нивниот план. За да издејствуваат пресуда за Христа, тие зависеле од викотот на мноштвото што претежно го сочинувал џганот од Ерусалим. Ако би дошло до одложување за една седмица, возбудата би се намалила и би дошло до противење. Подобриот дел од народот би застанал во Христова одбрана, многумина би сведочеле во Негова полза, изнесувајќи ги на виделина силните дела што Тој ги извршил. Тоа би го поттикнало гневот на народот против Синедрионот. Нивните постапки би биле осудени, Исус би бил ослободен и народот би Му укажал поклонение. Затоа свештениците и поглаварите одлучиле да Го предадат во рацете на Римјаните пред да се дознае за нивната намера. {КВ 703.1}
Меѓутоа, тие морале да пронајдат обвинување. До тој момент не успеале ништо да пронајдат. Ана наредил да го одведат Исуса кај Кајафа. Кајафа им припаѓал на садукеите, од кои некои сега биле најлути Исусови непријатели. Самиот тој бил строг, немилосрден, бездушен и безобѕирен како Ана, само што за разлика од него му недостигала сила на карактерот. Тој нема да пропушти ниту едно средство за да Го уништи Исуса. Било рано утро и мошне мрачно; со светлина на факели и фенери вооружената толпа со својот Затвореник се упатила кон дворот на првосвештеникот. Додека членовите на Синедрионот се собирале, Ана и Кајафа повторно го испитувале Исуса, но без успех. {КВ 703.2}
Кога Советот се собрал во судницата, Кајафа го зазел своето место на претседавач. На двете страни се наоѓале судии и луѓе кои особено биле заинтересирани за судењето. Римските војници стоеле на платформата под престолот, пред кој стоел Исус. Кон Него биле насочени погледите на мноштвото. Владеела голема возбуда. Од целото ова мноштво само Тој бил смирен и спокоен. Самата атмосфера што Го опкружувала изгледала како да е исполнета со свето влијание. {КВ 703.3}
Кајафа во Исуса гледал свој ривал. Желноста на народот да Го слуша Спасителот и нивната очигледна подготвеност да Го прифатат Неговото учење предизвикале горчлива завист кај првосвештеникот, меѓутоа, гледајќи го Затвореникот, Кајафа одеднаш почнал да се восхитува на Неговото благородно и достоинствено држење. Над него дошло уверување дека тој Човек е сличен на Бога. Веќе во Следниот момент со презир ја отфрлил таа мисла. Веднаш потоа се слушнал неговиот подбивен и горделив глас, со кој од Исуса барал пред нив да изврши некое од Своите силни чуда. Меѓутоа, тие зборови допреле до Спасителот како да не ги слушнал. Присутните го споредувале возбуденото, злобно држење на Ана и Кајафа со мирното, величествено Исусово држење. Дури и во душите на тоа закоравено мноштво се појавувало прашањето: „Зар овој човек сличен на Бога треба да се осуди како злосторник?“ {КВ 704.1}
Забележувајќи какво влијание преовладува, Кајафа го забрзал судењето. Меѓу Исусовите непријатели дошло до голема збрка. Тие со сите свои сили настојувале да издејствуваат Негова осуда, но не знаеле како да го постигнат тоа. Членовите на Советот биле поделени на фарисеи и садукеи. Меѓу нив постоело огорчено непријателство и судир. Тие не смееле да споменат извесни прашања околу кои не се согласувале, за да не дојде до жолчна расправа. Исус со неколку зборови можел да ги поттикне нивните меѓусебни предрасуди и на тој начин да го сврти нивниот гнев од Себе. Кајафа го знаел тоа и се трудел да избегне поттикнување расправа. Имало многу сведоци кои можеле да потврдат дека Христос ги осудувал свештениците и книжевниците, дека ги нарекувал лицемери и убијци, но не било соодветно да се изнесуваат вакви сведоштва. Во острите расправи со фарисеите, садукеите применувале слични изрази. Покрај тоа, таквото сведоштво не би имало никакво влијание на Римјаните, на кои им била одвратна претензијата на фарисеите. Исто така, постоеле многу докази дека Исус не ги почитувал еврејските традиции, дека за многу нивни обреди зборувал како да немаат никаква важност. Меѓутоа, меѓу фарисеите и садукеите постоеле остри разидувања во поглед на традициите, така што тие сведоштва не би имале никаква вредност во очите на Римјаните. Христовите непријатели не се осмелувале да Го обвинат за прекршување на саботата, бидејќи истрагата би можела да го открие карактерот на Неговото дело. Доколку чудата што Тој ги извршил во сабота би биле изнесени на светлина, тоа би придонело да се осуетат намерите на свештениците. {КВ 705.1}
Биле поткупени лажни сведоци за да Го обвинат Исуса за поттикнување на бунт и за обид за основање на посебно владеење. Меѓутоа, нивното сведочење се покажало несигурно и контрадикторно. При истрагата ги побивале сопствените тврдења. {КВ 705.2}
На почетокот на Својата служба, Христос рекол: „Урнете го овој храм и за три дни повторно ќе го подигнам”. Со сликовит пророчки јазик Тој ја претскажал Својата смрт и воскресение. Дој зборуваше за храмот на Своето тело”. (Јован 2:19,21) Евреите буквално ги сфатиле овие зборови како да се однесуваат на Храмот во Ерусалим. Од сето она што го кажал Христос, свештениците не можеле да најдат ништо друго за да го употребат против Него освен ова. Извртувајќи ги тие зборови, тие се надевале дека ќе извлечат некоја корист. Во реизградба и украсување на ерусалимскиот храм учествувале и Римјаните и биле многу горди на тоа. Секое манифестирање на презир кон храмот неминовно морало да предизвика нивно негодување. Во тој поглед против Христа можеле да се согласат и Римјаните и фарисеите и садукеите, бидејќи сите имале длабока почит кон храмот. За таа цел биле пронајдени двајца сведоци чии искази не биле толку противречни како исказите на другите сведоци. Еден од нив, кој бил поткупен да Го обвини Исуса, рекол: „Овој кажа: ‘Можам да го урнам Божјиот храм и за три дни пак да го изградам’”. На тој начин биле извртени Христовите зборови. Кога тие зборови би биле изнесени онака како што Тој ги изговорил, не би можел да го осуди ниту Синедрионот. Кога Исус би бил само обичен човек, како што тврделе Евреите, во Неговите зборови би можел да се види неразумен, фалбаџиски дух, но тие не би можеле да се претстават како богохулење. Дури и вака, како што ги прикажале лажните сведоци, тие зборови не содржеле ништо што Римјаните би го сметале за злосторство, кое заслужува смртна казна. {КВ 705.3}
Исус трпеливо ги слушал противречните искази. Не изговорил ниту еден збор во Своја одбрана. На крајот, Неговите обвинители биле заплеткани, збунети и избезумени. Судењето не напредувало и изгледало дека заговорот ќе доживее неуспех. Кајафа бил во очај. Останала уште една можност; Христос мора да биде присилен да се осуди Себеси. Првосвештеникот станал од судската столица; лицето му било избезумено од гнев, а неговиот глас и држење јасно покажувале дека кога тоа би било во негова моќ би го уништил Затвореникот кој се наоѓал пред него. „Зар ништо не одговараш,“ извикал, „што сведочат овие против Тебе?“ {КВ 706.1}
Исус останал спокоен. „Тој беше угнетуван и мачен, но Сепак не ја отвори Својата уста. Го одведоа како Јагне на колење; како овца, нема пред оние што ја стрижат, но не ја отвори Својата уста”. (Исаија 53:7) {КВ 706.2}
Конечно, Кајафа ја подигнал својата десна рака кон небото и се обратил на Исуса со зборови на свечена заклетва: „Те заколнувам со живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Синот Божји?“ {КВ 706.3}
На ова барање Исус не можел да не одговори. Имало моменти кога требало да се молчи и моменти кога требало да зборува. Тој не зборувал, сѐ додека прашањето не Му било непосредно упатено. Знаел дека одговорот на ова прашање сигурно ќе Го однесе во смрт. Меѓутоа, тоа барање го упатил оној кој бил признаен како најголем авторитет на народот и тоа во име на Семоќниот. Христос не можел да пропушти да покаже должна почит кон законот. И уште повеќе од тоа; било поставено прашање за Неговиот однос со Таткото. Тој јасно морал да го изнесе Својот карактер и Својата мисија. Исус им рекол на Своите ученици: „Секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и јас него пред Мојот небесен Татко”. (Матеј 10:32) Сега со личен пример ја повторил таа поука. {КВ 706.4}
Секое уво било напрегнато да слушне и сите погледи биле вперени во Неговото лице, кога одговорил: „Ти кажа”. Изгледало дека небесна светлина го осветлувала Неговото бледо лице, кога додал: „Но Јас ви кажувам дека отсега ќе го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како Доаѓа на небесните облаци”. {КВ 707.1}
За миг низ Неговата човечка природа блеснало Христовото божество. Првосвештеникот се тресел пред проникливиот поглед на Спасителот. Тој поглед како да ги читал неговите скриени мисли и го палел неговото срце. Никогаш во својот подоцнежен живот тој не можел да го заборави тој прониклив поглед на прогонетиот Божји Син. {КВ 707.2}
„Отсега ќе го видите,“ рекол Исус, „Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како Доаѓа на небесните облаци”. Со овие зборови Христос опишал сцена спротивна на онаа што се одигрувала. Тој, Господар на животот и славата, ќе седи од десната страна на Бога. Тој ќе биде судија на сета земја и против Неговата одлука нема да има жалба ниту приговор. Тогаш сето она што е тајно, ќе биде осветлено со светлината од Божјото лице и секому ќе му биде судено според неговите дела. {КВ 707.3}
Христовите зборови го исплашиле првосвештеникот. Помислата дека мртвите ќе воскреснат, дека тогаш сите ќе излезат на суд пред Бога за да примат награда според своите дела, го исполнувала Кајафа со ужасен страв. Тој не сакал да верува дека во иднина ќе му биде изречена пресуда според неговите дела. Пред неговите очи како во некоја панорама поминувале сцените на последниот суд. За момент здогледал ужасна сцена; гробовите ги враќаат мртвите заедно со тајните за кои тој се надевал дека засекогаш ќе останат скриени. За момент почувствувал како да стои пред вечниот Судија, чии очи, кои гледаат сѐ, ја читаат неговата душа и ги изнесуваат на виделина тајните за кои мислел дека со смртта засекогаш ќе останат погребани. {КВ 708.1}
Таква сцена поминала низ очите на првосвештеникот. Христовите зборови како со нож го проболе тој садукеј. Кајафа го негирал учењето за воскресението, судот и идниот живот. Сега го опфатил сатански гнев. Зар Оној, Кој стоел пред него како затвореник, да ги напаѓа неговите омилени теории? Кинејќи ја својата облека, за народот да го види неговото лажно згрозување, тој барал Затвореникот да се осуди за богохулење без понатамошно судење. „Каква потреба имаме од уште сведоци,“ рекол, „еве, сега ја чувте Неговата хула. Што мислите?“ Сите се согласиле дека заслужува осуда. {КВ 708.2}
Уверувањето измешано со гнев го навело Кајафа да постапи онака како што постапил. Бил бесен на самиот себе што верува на Христовите зборови, но наместо да го раскине своето срце во длабоко чувство за вистината и да признае дека Исус е Месија, тој ја искинал својата првосвештеничка облека во знак на решително противење. Таа постапка имала длабоко значење. Меѓутоа, Кајафа не ја сфаќал нејзината смисла. Со таа постапка, направена за да влијае на судиите да Му изречат смртна пресуда на Христа, првосвештеникот се осудил себеси. Според Божјиот закон, тој се дисквалификувал за свештеничкиот повик. Тој сам на себе си изрекол смртна пресуда. {КВ 708.3}
Првосвештеникот не смеел да ја кине својата облека. Според левитскиот закон, тоа било забрането под закана со смртна казна. Под никакви услови свештеникот не смеел да ја кине својата облека. Кај Евреите постоел обичај да ги кинат своите облеки кога умира некој Близок роднина или пријател, но свештениците не смееле да се придружуваат кон тој обичај. Во врска со тоа, Христос му дал изрична заповед на Мојсеј. (Левит 10:6) {КВ 708.4}
Секој дел од свештеничката облека морал да биде цел и беспрекорен. Таа прекрасна службена облека симболично го претставувала Исуса Христа. На Бога може да му биде угодно само совршенството во облекувањето и држењето, во зборовите и во духот. Тој е свет и Неговата слава и совршенство мораат да се одразат во земната служба. Само совршенството може да ја претставува светоста на небесната служба. Човекот може да го раскине своето срце, манифестирајќи го со тоа својот покајнички и понизен дух. Бог го забележува тоа. Меѓутоа, облеката на свештеникот не смее да се искине, бидејќи тоа би значело на изопачен начин да се прикаже она што е небесно. За прво-свештеникот кој би се осмелил со искината облека да се појави на света должност и да извршува свештеничка служба, се сметало дека со таа своја постапка сам се одвоил од Бога. Кинејќи ја својата облека, тој самиот се лишува од она што му дава карактер на претставник. Бог веќе не го прима како свештеник. Во таквата постапка на Кајафа се покажала човечката страст, човечкото несовршенство. {КВ 709.1}
Кинејќи ја својата облека, Кајафа го обессилил Божјиот закон за да се придржува кон човечките традиции. Со законски прописи кои ги создале луѓето било предвидено во случај на богохулење свештеникот да може да ја искине својата облека, изразувајќи со тоа одвратност кон гревот и заради тоа да не биде виновен. На тој начин со човечките закони е направен неважечки Божјиот закон. {КВ 709.2}
Присутните внимателно ја набљудувале секоја постапка на првосвештеникот, а Кајафа се трудел да ја истакне својата побожност. Меѓутоа, со својата постапка која била обвинение против Христа, тој го навредувал Оној, за Кого Бог рекол: „Во Него е Моето име”. (Излез 23:21) Тој самиот хулел на Бога. Наоѓајќи се под Божја осуда, тој Му изрекол пресуда на Христа како Богохулник. {КВ 709.3}
Кога Кајафа ја искинал својата облека, со својата постапка укажал на односот кој еврејскиот народ како целина ќе го има кон Бога. Некогаш благословениот Божји народ се одвоил од Него и брзо станувал народ кого што Јехова веќе не го признавал за свој. Кога Христос на крстот извикал „Се сврши“ (Јован 19:30) и кога завесата во храмот се раскинала на два дела, Светиот Стражар изјавил дека еврејскиот народ го отфрлил Оној, Кој претставувал остварување на сите нивни симболи, Кој бил суштина на сите нивни сенки. Израел се одвоил од Бога. Навистина Кајафа тогаш можел да ја искине својата службена облека, која претставувала доказ за неговото тврдење дека е претставник на големиот Првосвештеник; таа облека веќе немала никакво значење ниту за него, ниту за неговиот народ. Навистина првосвештеникот можел да ја искине својата облека, згрозувајќи се над себеси и над народот. {КВ 709.4}
Синедрионот прогласил дека Исус заслужува смрт, меѓутоа да се испитува затвореник ноќе било спротивно на еврејскиот закон. Во судската пресуда сѐ морало да се извршува на светлината на денот и во присуство на сите членови на Советот. Наспроти сето тоа, кон Спасителот се постапувало како кон осуден злосторник и бил малтретиран од страна на најниските и најзлобните луѓе. Дворот на првосвештеникот бил опкружен со отворено двориште во кое се собрале војниците и мноштвото народ. Низ тој двор Исус бил одведен до просторијата за стражарите, а од сите страни се слушнало иронично дофрлање на сметка на Неговото тврдење дека е Божји Син. Неговите зборови дека ќе Го видат како „седи од десната страна на Силата“ и „Доаѓа на небесните облаци,“ биле повторувани со нагласена иронија. Додека се наоѓал во стражарницата, чекајќи официјално да му се изрече пресудата, Тој немал никаква заштита. Неуката толпа, гледајќи како кон Него се постапува свирепо пред судиите и поглаварите, си зела за слобода да ги манифестира сите оние сатански елементи кои се наоѓаат во нивната природа. Самата Христова благородност и божествено држење ги доведувала со лудило. Неговата кротост, Неговата невиност и Неговото величествено трпение ги исполнувала со омраза која потекнувала од сатаната. Милоста и правдата биле газени под нозе. Никогаш, ниту кон еден злосторник не се постапувало на толку нехуман начин како кон Божјиот Син. {КВ 710.1}
Меѓутоа, една поостра болка го кинела Исусовото срце ударот кој предизвикал најдлабока болка не можел да биде зададен од раката на некој непријател. Додека бил подложен на бесправно испитување од страна на Кајафа, од Христа, со клетва се откажал еден од Неговите ученици. {КВ 710.2}
Бидејќи го напуштиле својот Учител при апсењето во градината, двајца Негови ученици се осмелиле на извесна далечина да ја следат толпата што го водела Исуса. Тоа биле Петар и Јован. Свештениците го препознале Јован како добро познат Исусов ученик и му дозволиле да влезе во предворјето, надевајќи се дека, кога ќе го види понижувањето на својот Водач, ќе ја презре идејата дека Тој може да биде Божји Син. Јован прозборел во корист на Петар и добил дозвола и за него да влезе. {КВ 710.3}
Во дворот бил запален оган, бидејќи тоа бил најстудениот час во текот на ноќта непосредно пред осамнувањето. Една група се собрала околу огнот и Петар во брзоплета самодоверба го зазел своето место меѓу нив. Тој не сакал да го препознаат како Исусов ученик. Мешајќи се безгрижно со мноштвото присутни, тој се надевал дека ќе го сметаат како еден од оние кои тука Го довеле Исуса. {КВ 710.4}
Меѓутоа, кога светлината го осветлила лицето на Петар, жената која вршела должност на портир испитувачки го погледнала. Таа забележала дека Петар дошол со Јован, ја забележала потиштеноста на неговото лице и помислила дека тој би можел да биде Исусов ученик. Таа била една од слугинките во домот на Кајафа и била љубопитна, па го прашала Петар: „Зар ти не си еден од учениците на овој Човек?“ Петар бил исплашен и збунет; сите присутни веднаш го насочиле својот поглед кон него. Тој се правел дека не ја разбира, но таа била упорна, велејќи им на присутните дека овој човек бил со Исуса. Бидејќи се чувствувал принуден да одговори, Петар гневно рекол: „Жено, јас Не Го познавам”. Тоа било првото одрекување и веднаш запеал петел. О, Петре, колку брзо се засрамил од својот Учител, колку брзо се одрекол од својот Господ! {КВ 710.5}
Апостолот Јован не се трудел да го прикрие фактот дека е Исусов следбеник, кога влегол во судницата. Тој не се мешал со грубото мноштво на оние кои го навредувале неговиот Учител. Нему не му поставувале прашања, бидејќи тој не презел на себе лажен карактер и затоа не предизвикувал никаков сомнеж. Побарал едно скришно катче за да не го свртува на себе вниманието на бесното мноштво, но се трудел да биде што поблизу до Исуса. Од тоа место можел да види и да слушне сѐ што се случувало на судењето на неговиот Господ. {КВ 711.1}
Петар не сакал луѓето околу него да дознаат кој е тој. Преправајќи се дека е рамнодушен, тој стапил на непријателска почва и со тоа станал лесен плен на искушение. Кога би бил повикан да се бори за својот Учител, тој би бил храбар војник; но кога на него бил вперен прстот на презир, тој се однесувал како кукавица. Многумина не се притеснуваат активно да се борат за својот Господ, но потсмевот ги наведува да се откажат од својата вера. Дружејќи се со оние кои треба да ги избегнуваат, тие се изложуваат на искушенија. Тие го повикуваат непријателот да ги искушува и наведени се да кажат и да го сторат она што во други околности никогаш не би го направиле. Христовиот ученик, кој во наше време ја прикрива својата вера од страв од страдање или прекор, исто така се откажува од својот Господ, како што го направил тоа Петар во судското предворје. {КВ 712.1}
Петар се правел како да не го интересира судењето на неговиот Учител, но срцето Болно му се стегало кога слушнал свиреп потсмев и кога видел како Го малтретираат. Уште повеќе бил изненаден и гневен што Исус, поднесувајќи го сето тоа, се понижувал Себеси и Своите следбеници. За да ги прикрие своите вистински чувства, се обидел да им се придружи на Исусовите прогонувачи и на нивите непристојни шеги. Меѓутоа, однесувањето не му било природно. Се преправал, но додека се трудел да зборува незаинтересирано, не можел да го прикрие изразот на негодување заради малтретирањето на неговиот Учител. {КВ 712.2}
И по вторпат било свртено вниманието на него и повторно бил обвинет дека е Исусов следбеник. Тогаш под заклетва изјавил: „Не го познавам Човекот”. Му била дадена уште една можност. Еден час подоцна, еден од слугите на првосвештеникот, Близок роднина на оној кому Петар му го пресекол увото, го прашал: „Зар не те видов јас во градината со Него?“ „Навистина, ти си еден од нив, зошто и ти си Галилеец, а и говорот ти е таков”. Тогаш Петар западнал во бес. Христовите ученици се истакнувале со чистотата на јазикот, па Петар, за да го измами човекот што му го поставил прашањето и да го оправда својот преземен карактер, Петар сега се одрекол од својот Учител со клетви и пцуење. Петелот повторно запеал. Кога го слушнал, Петар се сетил на Исусовите зборови: „Пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се одречеш од Мене”. (Марко 14:13) {КВ 712.3}
Додека понижувачките заклетви уште биле на усните на Петар и додека во ушите сѐ уште му одекнувало кукурикањето на петелот, Спасителот се свртел од намуртените судии и погледнал директно во својот беден ученик. Во истиот миг и Петар го насочил својот поглед кон Учителот. Во Неговиот благ израз на лицето видел длабоко сожалување и тага, без најмала трага од лутина. {КВ 712.4}
Гледајќи го тоа бледо, измачено лице, тие треперливи усни, тој поглед на сожалување и простување, срцето на Петар било како погодено од стрела. Неговата совест се разбудила. Спомените почнале да оживуваат. Тој се сетил на ветувањето дадено пред само неколку часа дека е подготвен со својот Господ да оди и во затвор и во смрт. Се сетил Колку му било тешко, кога Спасителот во горната соба му рекол дека уште истата ноќ трипати ќе се одрече од Него. Пред само неколку моменти Петар дал изјава дека не го познава Исуса, но сега со длабока тага сфатил Колку Учителот го познавал него и колку точно го прочитал неговото срце, нешто што не му било познато ниту на него самиот. {КВ 713.1}
Спомените навирале врз него како плима. Спасителовата нежност и милост, Неговата љубезност и долготрпеливост, Неговата благост и трпеливост кон учениците кои грешеле на сето тоа тој се сетил. Се сетил на опомената: „Симоне, ете сатаната посака да ве просее како пченица, но Јас се молев за тебе твојата вера да не ослабне”. (Лука 22:31,32) Помислата на сопствената неблагодарност, невистина, кривоклетство, го исполнувала со ужас. Уште еднаш погледнал во својот Учител и видел како една безбожна рака се подига да му удри шлаканица. Не можел веќе да ја издржи таа сцена, па со скршено срце истрчал од судницата. {КВ 713.2}
Побрзал во самотија и во темнината на ноќта, не знаејќи каде оди ниту грижејќи се за тоа. Конечно се нашол во Гетсиманија. Во мислите му оживеала сцената од пред неколку часа. Пред него се покажало измаченото лице на неговиот Господ, извалкано со крвава пот и измачено од душевна болка. Со горко каење се сетил како Исус плачел и доживувал агонија, молејќи во осаменост, додека тие, чија должност била да Му се придружат во тој тежок час, мирно спиеле. Се сетил на Неговата свечена опомена: „Бдејте и молете се на Бога, за да не паднете во искушение”. (Матеј 26:41) Во мислите повторно се вратил на судењето. Свеста дека со својата постапка додал најтешко бреме на Спасителовото понижување и тага, претставувала најголемо мачење за неговото срце, кое крварело од болка. На истото место, каде што Исус во душевни маки ја излевал Својата душа пред Таткото, Петар паднал на земјата, посакувајќи да умре. {КВ 713.3}
Петар сам го подготвил патот за својот голем грев со тоа што спиел, тогаш, кога на Христово барање требало да бдее и да се моли. Сите ученици претрпеле голема загуба поради тоа што спиеле во тој критичен момент. Христос знаел низ каква огнена проба ќе поминат. Знаел како сатаната ќе настојува да ги парализира нивните сетила, така што нема да бидат подготвени за пробата. Заради тоа им упатил опомена. Кога тие часови во градината би ги поминал во бдеење и молитва, Петар не би бил оставен да се потпира на својата слаба човечка сила. Тој не би се откажал од својот Господ. Кога учениците би бдееле со Христа во Неговите душевни страдања, тие би биле подготвени да ја издржат сцената на Неговото страдање на крстот. Тогаш, до одреден степен би ја сфатиле природата на Неговите совладувачки (натчовечки) страдања. Би биле во состојба да се сетат на Неговите зборови со кои го претскажувал Своето страдање, Својата смрт и Своето воскресение. Сред темнината на најголемата проба, би се појавил зрак на надеж, кој би ја осветлил нивната темнина и би ја зајакнал нивната вера. {КВ 713.4}
Кога осамнало, Синедрионот повторно се собрал и Исус повторно бил доведен во судницата. Зборовите со кои Тој се прогласил за Божји Син, биле употребени како обвинение против Него. Меѓутоа, тие не можеле да го осудат врз основа на тоа, бидејќи многумина од нив не биле присутни на ноќното заседание, па не ги слушнале Неговите зборови. Знаеле дека и римскиот суд нема да најде ништо во тие зборови со што Исус би заслужил смртна казна. Меѓутоа, кога би можеле да Го наведат да ги повтори Своите зборови пред сите, тврдењето дека е Месија би можеле да го протолкуваат како бунтовно политичко тврдење. {КВ 714.1}
„Дали си ти Христос,“ велеле тие, „кажи ни”. Но Христос молчел. Продолжиле да Му поставуваат прашања. Конечно, со глас полн со тага одговорил: „Ако ви кажам, нема да ми верувате. Ако ве прашам, нема да ми одговорите ниту ќе ме пуштите”. Но за да немаат никаков изговор, ја додал следнава свечена опомена: „Отсега Синот Човечки ќе седи од десната страна на Божјата сила”. {КВ 714.2}
„Дали си ти тогаш Божји Син?“ го прашале едногласно. Им рекол: „Вие велите дека сум Јас”. Повикале: „Зар ни е потребно друго сведоштво? Сами чувме од Неговата уста”. {КВ 714.3}
Така, по третпат осуден од страна на еврејските власти, Исус требало да умре. Според нивното мислење, сето она што било неопходно сега и Римјаните да ја потврдат оваа пресуда и да им Го предадат во нивните раце. {КВ 714.4}
Тогаш и по третпат почнало малтретирањето и исмејувањето, полошо дури и од она што го претрпел од неукиот џган. Меѓутоа, сега сѐ се случувало пред очите на свештениците и поглаварите и тоа со нивно одобрување. Од нивното срце исчезнало секакво чувство за сочувство и човечност. Бидејќи нивните аргументи биле премногу слаби за да го замолчат Неговиот глас, тие имале друго оружје, истото она, кое со векови наназад било користено за да се замолчат еретиците страдања, насилство и смрт. {КВ 714.5}
Кога било изречено осудување на Исуса од страна на судиите, луѓето ги обзел сатански бес. Рикањето на гласовите било како гласови на диви ѕверови. Мноштвото налетало кон Исуса велејќи: „Тој е виновен, треба да се убие!“ Да не биле римските војници, Исус не би дочекал жив да биде распнат на Голгота. Би го раскинале на парчиња пред судиите да не се вмешала римската власт и со оружје да го задржи насилството на мноштвото. {КВ 715.1}
Таквото сурово постапување со човекот чија вина не била докажана предизвикало гнев и кај незнабошците. Нивните офицери изјавиле дека Евреите, донесувајќи осуда над Исуса, оделе против римската власт и дека осудувањето на смрт на еден човек само врз основа на сопственото сведоштво не е во согласност дури и со еврејскиот закон. Оваа интервенција довела до моментален застој во постапката, но еврејските водачи биле мртви, како за сожалување, така и за срам. {КВ 715.2}
Свештениците и поглаварите, заборавајќи на достоинството на својот повик, го малтретирале Божјиот Син со гнасни зборови. Се подбивале на Неговото потекло. Тие објавиле дека поради Неговото дрско тврдење дека е Месија, заслужува најсрамна смрт. Во срамното малтретирање на Спасителот биле вклучени најразвратни луѓе. Преку главата му била фрлена стара облека и Неговите прогонувачи Го удирале по лицето, зборувајќи: „Проречи ни Христе, кој те удри?“ Кога Му ја симнале облеката од главата, еден сирот бедник Го плукнал во лице. {КВ 715.3}
Божјите ангели верно го бележеле секој навредлив поглед, збор и постапка против нивниот сакан Заповедник. Еден ден тие ниски, расипани луѓе кои Му се подбивале на Христа и плукале на Неговото бледо и мирно лице, ќе го гледаат тоа лице во сета Негова слава, која ќе блеска посилно од сонцето. {КВ 715.4}