30. „ИЗБРА ДВАНАЕСЕТМИНА”

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Марко 3:13-19; Лука 6:12-16.

„Потоа се искачи на гората и ги повика кај Себе оние, кои Сам ги одбра и тие дојдоа кај Него. Избра дванаесетмина кои ги нарече апостоли да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат”. {КВ 290.1}

Таму, под сенката на дрвјата, на падините на планината недалеку од Галилејското Езеро, дванаесеттемина биле повикани за апостолска служба и тука е одржана Проповедта на Гората. Полињата и ритчињата биле омилени места на Исуса и поголем дел од Неговото поучување било под ведро небо, отколку во храмот или во синагогите. Ниту една синагога не би можела да прими толку народ колку што го следел Христа, но тоа не била единствената причина зошто Тој избрал да поучува во полињата и шумичките. Исус ја сакал природата. За Него секое мирно место било свет храм. {КВ 290.2}

Под дрвјата во Едем првите жители на Земјата го избрале своето светилиште. Тука, Христос општел со таткото на човечкиот род. Кога биле истерани од рајот, нашите прародители сѐ уште му се поклонувале на Бога по полињата и шумичките и тука Христос ги сретнал со евангелието на Својата благодат. Христос зборувал со Авраам под дабовите во Мамре, со Исак, кога навечер излегувал да се моли во полињата, со Јаков на падините на планината во Ветил, со Мојсеј на Мадијанските гори и со младиот Давид, кога ги чувал своите стада. Според Христовото упатство, еврејскиот народ во текот на петнаесет века, секоја година ги напуштал своите домови за една седмица и престојувал под сеници направени од зелени гранки „од убави дрвја, палмови гранки и гранки од густи дрвја и поточни врби”. (Левитска 23:40) {КВ 290.3}

 Кога ги обучувал Своите ученици, Исус се повлекувал од градскиот метеж во тишината на полињата и ритчињата, бидејќи тоа повеќе било во склад со поуките за самоодрекувањето на кое сакал да ги поучи. Во текот на Својата служба сакал да го собира народот околу Себе под синото небо, на некоја падина обрасната со трева, или на брегот покрај езерото. Тука, опкружен со делата на Своето создавање, можел да ги сврти мислите на Своите слушатели од она што е вештачко кон она што е природно. Во растот и развојот на целокупната природа се откривале начелата на Неговото царство. Подигајќи ги очите кон Божјите ридови и набљудувајќи ги прекрасните дела на Неговите раце, луѓето можеле да научат драгоцени поуки од божествената вистина. Христовите поуки би им биле повторени преку нештата од природата. Така е и со сите оние што заминуваат во полињата, носејќи го Христа во своето срце. Тие ќе чувствуваат дека ги опкружува свето влијание. Појавите во природата ги повторуваат параболите на нашиот Господ и Неговите совети. Општејќи со Бога во природата, умот се издигнува, а срцето наоѓа спокојство. {КВ 291.1}

Во тоа време требало да се преземе првиот чекор во организирање на црквата, која по Христовото заминување ќе биде Негов претставник на Земјата. Тие немале на располагање раскошно светилиште, меѓутоа Спасителот ги одвел Своите ученици на местото што го сакал и во нивното сеќавање светите настани од тој ден биле засекогаш споени со убавините на планината, долината и морето. {КВ 291.2}

Исус ги повикал Своите ученици за да може да ги испрати како Свои сведоци, за да му го објават на светот она што го виделе и слушнале од Него. Нивната должност била најсвета должност што некогаш им била доверена на човечките суштества и Доаѓала веднаш по Христовата служба. Тие требало да бидат Божји соработници во спасувањето на светот. Како што во Стариот Завет дванаесет патријарси биле претставници на Израел, така дванаесетте апостоли требало да бидат претставници на црквата на евангелието. {КВ 291.3}

Спасителот го познавал карактерот на луѓето што ги избрал. Ги познавал сите нивни слабости и грешки; ги знаел опасностите низ кои тие мораат да поминат, одговорностите што ќе почиваат на нив и Неговото срце имало сочувство за тие избраници. Сам на гората, во близина на Галилејското Море, Тој поминал цела ноќ молејќи се за нив, додека тие спиеле во подножјето на планината. Со првите зраци на утрото Тој ги повикал да дојдат кај Него, бидејќи има да им соопшти нешто значајно. {КВ 291.4}

Овие ученици веќе извесно време активно учествувале во Исусовото дело. Јован и Јаков, Андреј и Петар, Филип, Натанаил и Матеј биле поблиску поврзани со Христа од останатите и виделе повеќе од Неговите чуда. Петар, Јован и Јаков биле уште поинтимно поврзани со Него. Тие речиси постојано биле покрај Него, гледајќи ги Неговите чуда и слушајќи ги Неговите зборови. Јован бил уште потесно поврзан со Исуса, така што бил означен како оној, кого Исус го љубел. Спасителот ги љубел сите, но Јовановиот дух бил најприемчив. Тој бил најмлад од сите и со поголема детска доверба му го отворил своето срце на Исуса. На тој начин стекнал поголема наклонетост кон Христа и преку него било соопштено најдлабокото Спасителово духовно учење на Неговиот народ. {КВ 292.1}

На чело на една од групите на кои биле поделени апостолите се наоѓало Филиповото име. Тој бил првиот ученик кому Исус му ја упатил јасната заповед: „Следи Ме”. Филип бил од Витсаида, од градот на Андреј и Петар. Слушајќи ги проповедите на Јован Крстителот тој го слушнал како го најавува Христа како Божјо Јагне. Филип искрено ја барал вистината, но имал бавно срце за верување. Иако му се придружил на Христа, начинот на кој зборувал за Него на Натанаил, покажува дека не бил целосно уверен во Исусовото божество. Иако Гласот од небото го прогласил Христа за Божји Син, Тој за Филип бил „Исус од Назарет, синот на Јосиф”. (Јован 1:45) Кога требало да се нахранат пет илјади луѓе, повторно се покажал Филиповиот недостиг на вера. Исус го прашал, испитувајќи го: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“ Филиповиот одговор бил на страна на неверието: „За двесте денарии леб не би било доволно за секој да добие малку”. (Јован 6:5,7) Исус бил нажален. Иако Филип ги видел Неговите дела и ја почувствувал Неговата моќ, немал вера. Кога Грците кај Филип се распрашувале за Исуса, тој не ја искористил можноста да ги доведе кај Спасителот, туку заминал да му каже на Андреј. Потоа, во оние последни часови пред распнувањето, Филиповите зборови биле такви што ја обесхрабрувале верата. Кога Тома му рекол на Исуса: „Господе, не знаеме каде одиш и како можеме да го знаеме патот?“ Спасителот одговорил: „Јас сум Патот, Вистината и Животот… Ако ме бевте познале, ќе го познавате и Мојот Татко”. Од Филип дошол одговор на неверие: „Господе, покажи ни го Таткото и доста ни е”. (Јован 14:5-8) Ученикот што три години бил со Исуса, имал толку бавно срце и имал толку слаба вера. {КВ 292.2}

Во среќна спротивност со Филиповото неверие била детската доверба на Натанаил. Тој бил човек со мошне искрена природа, човек чија вера се засновала на невидливатата реалност. Меѓутоа и Филип бил ученик во Христовото училиште и божествениот Учител трпеливо го поднесувал неговото неверие и тапост. Меѓутоа, кога Светиот Дух се излеал на учениците, Филип станал учител според божествениот план. Знаел за што зборува и поучувал со уверување кое влевало убедување кај слушателите. {КВ 293.1}

Додека Исус ги подготвувал учениците за нивното ракоположување, еден човек кој не бил повикан, го наметнувал своето присуство меѓу нив. Тоа бил Јуда Искариотски, кој тврдел дека е Христов следбеник. Тој истапил, барајќи да биде примен во потесниот круг на ученици. Со голема срдечност и наводна искреност, изјавил: „Учителе, јас ќе те следам каде и да одиш”. Исус ниту го одбил, ниту му посакал добредојде, туку само изговорил тажни зборови: „Лисиците имаат легла и птиците небесни гнезда; но Синот Човечки нема каде да ја положи главата”. (Матеј 8:19,20) Јуда верувал дека Исус е Месијата, па се надевал дека пристапувајќи им на апостолите ќе си обезбеди себеси висока положба во новото царство. Таа надеж Исус сакал да ја запре со изјавата за Својата сиромаштија. {КВ 293.2}

Учениците биле жепни Јуда да стапи во нивните редови. Неговата надворешност била импресивна и тој бил човек со остра проникливост и лидерски способности, па го препорачапе на Исуса како човек кој би можел многу да му помогне во Неговото дело. Биле изненадени што Исус толку студено го примил. {КВ 294.1}

Тие биле многу разочарани што Тој не настојувал да обезбеди соработка со Израелските водачи. Сметале дека згрешил што не го зајакнал Своето дело, обезбедувајќи поддршка од овие влијателни луѓе. Ако го одбиел Јуда, тие би се сомневале во своите умови за мудроста на нивниот Учител. Подоцнежната историја на Јуда ќе им покаже Колку е опасно да се дозволи каков било световен обѕир да влијае на одлуката дали луѓето се соодветни за Божјото дело. Соработниците чија соработка учениците толку ја посакувале, би го предале делото во рацете на неговите најлоши непријатели. {КВ 294.2}

Меѓутоа, кога Јуда станал ученик, тој не бил нечувствителен кон убавината на Христовиот карактер. Го чувствувал влијанието на онаа божествена сила, која ги привлекувала душите кон Спасителот. Оној, Кој не дошол да ја скрши напукнатата трска, ниту да го изгаси пенот што тлее, нема да ја одбие таа душа, сѐ додека постои барем една желба за светлината. Спасителот го прочитал срцето на Јуда; ја знаел сета длабочина на беззаконието до која тој ќе падне, доколку не биде избавен од Божјата благодат. Доведувајќи го овој човек во врска со Себе, го ставил во положба од ден на ден да биде во допир со излевањето на Неговата несебична љубов. Кога Јуда би го отворил своето срце на Христа, божествената благодат би го истерала демонот на себичност, па дури и тој би станал учесник во Божјото царство. {КВ 294.3}

Бог ги зема луѓето онакви какви што се, со сите човечки црти на карактерот и ги обучува за Својата служба, доколку сакаат да бидат воспитувани и да учат од Него. Тие не се избрани затоа што се совршени, туку и покрај својата несовршеност, преку познавањето и применувањето на вистината во животот и преку Христовата благодат, да бидат преобразени во Неговиот лик. {КВ 294.4}

Јуда имал исти можности како и останатите ученици. Ги слушал истите драгоцени поуки. Меѓутоа, применувањето на вистината во животот, како што барал Христос, било во спротивност со намерите и желбите на Јуда и тој не сакал да се откаже од своите погледи за да прими мудрост од Небото. {КВ 294.5}

Колку нежно постапувал Спасителот кон човекот, кој требало да го предаде! Исус во Своето учење зборувал за начелото на добродетелта, кое удира во коренот на алчноста. Тој на Јуда му ја прикажал одвратната природа на лакомоста и тој ученик многупати сфаќал дека со тоа го опишува неговиот карактер и укажува на неговиот грев, но не сакал да ја признае и остави својата неправедност. Бил задоволен од себеси и наместо да се бори против искушението и понатаму ги следел своите измамнички постапки. Пред него бил Христос, жив пример на она што тој би морал да биде, доколку сакал да ги прими добивките од божественото посредување и служба; но поуките попусто допирале до неговите уши. {КВ 295.1}

Исус никогаш не му упатил ниту еден остар укор поради неговата алчност, туку со божествено трпение го поднесувал тој човек, дури и кога јасно би му покажал дека го прочитал неговото срце како отворена книга. Тој пред него презентирал највозвишени мотиви за правење добро, така што Јуда за отфрлањето на небесната светлина немал никакво оправдување. {КВ 295.2}

Наместо да чекори во светлината, Јуда одлучил да ги задржи своите недостатоци. Се оддавал на зли желби, бил одмаздољубив, негувал мрачни и зли мисли, сѐ додека сатаната целосно не завладеал со неговото срце. Јуда станал претставник на Христовиот непријател. {КВ 295.3}

Кога им се придружил на Христовите ученици, Јуда имал некои драгоцени црти во својот карактер, кои би можеле да бидат на благослов за црквата. Доколку сакал да го понесе Христовиот јарем, би се нашол меѓу главните апостоли. Меѓутоа, тој го стврднал своето срце, кога му било укажано на неговите недостатоци, па во гордост и Бунтовништво се повел по своите себични амбиции, па на тој начин станал несоодветен за делото што Бог сакал да му го довери. {КВ 295.4}

Сите ученици имале сериозни недостатоци, кога Исус ги повикал во Својата служба. Дури и Јован, кој бил во најтесна врска со понизниот и кроток Исус, не бил понизен и покорен по природа. Него и неговиот брат ги нарекувале „синови на громот”. Додека биле со Исуса се лутеле и станувале борбени штом некој би покажал и најмал знак на омаловажување кон Него. Злиот темперамент, одмаздливоста, духот на критикување сето тоа било застапено кај љубениот ученик. Бил горд и со амбиција да биде прв во Божјото царство. Меѓутоа, набљудувајќи ја од ден на ден Исусовата нежност и трпеливост, која била во спротивност со неговиот избувлив дух и слушајќи ги неговите поуки на понизност и трпение, го отворил своето срце на божественото влијание и станал не само слушател, туку и извршител на зборовите на Спасителот. Неговото „јас“ било сокриено во Христа. Научил да го носи Христовиот јарем и Неговото бреме. {КВ 295.5}

Исус ги укорувал Своите ученици, ги опоменувал и ги предупредувал, но Јован и неговите браќа не го напуштале; и покрај укорите, избрале да бидат со Исуса. Спасителот не ги напуштил поради нивните слабости и грешки. Тие до крај ги делеле Неговите неволји и се поучувале од Неговиот живот. Набљудувајќи го Христа, тие биле трансформирани во карактерот. {КВ 296.1}

Христовите апостоли меѓусебно се разликувале според своите навики и склоности. Меѓу нив се наоѓал цариникот Левиј-Матеј и огнениот Симон Зилот, кој ја мразел римската власт, големодушниот и избувлив Петар и скржавецот Јуда; Тома, со искрено срце, но плашлив; Филип, бавен да верува и подложен на сомневање и амбициозните нетактични Зеведееви синови со нивните браќа. Тие биле доведени заедно со своите мани, со сите наследени и стекнати склоности кон злото, но Сепак, во и преку Христа тие требало да живеат во Божјото семејство, учејќи да станат едно во верата, учењето и духот. Тие ќе имаат свои проби, свои навреди и различни мислења, но меѓу нив не можело да има неслога, додека Христос бил во нивното срце. Неговата љубов би ги навела да се љубат еден со друг; поуките на Учителот би ги воделе да ги усогласат сите разлики, донесувајќи ги учениците во единство, така што на крај биле еднодушни и истомисленици. Христос е големиот центар и тие се приближувале еден кон друг во онаа мера во која се приближувале кон тој центар. {КВ 296.2}

Кога го завршил поучувањето на учениците, ја собрал малечката група околу себе, па клекнувајќи заедно со нив и положувајќи ги Своите раце на нив, изговорил молитва со која ги посветил за Своето дело. Така Христовите ученици биле ракоположени за делото на евангелието. {КВ 296.3}

За Свои претставници меѓу луѓето, Христос не бира ангели кои никогаш не паднале, туку човечки суштества, луѓе со исти страсти како и оние кои настојуваат да ги спасат. Христос ја земал на Себе човечката природа за да допре до човештвото. На божествената природа и била потребна човечката, бидејќи и божественото и човечкото било потребно за да се спаси светот. На божествената природа и била потребна човечка, за да се обезбеди врска на комуникација помеѓу Бога и човекот. Така е и со Христовите слуги и гласници. На човекот му е потребна сила која тој ја нема и која е над него, за да се обнови според божествениот лик и за да се оспособи да работи за Бога, но тоа не ја исклучува потребата од човечка соработка. Човекот се потпира на божествената сила, Христос живее во срцето преку вера, па така, во соработка со божествената сила, човечката сила станува ефикасна за добро. {КВ 296.4}

Оној, Кој ги повикал галилејските рибари сѐ уште повикува луѓе во Својата служба. Тој сака Својата сила да ја покаже преку нас, како што ја покажал преку Своите први ученици. Колку и да сме несовршени и грешни, Господ ни нуди да станеме Негови соработници, Христови ученици. Тој не повикува да примиме божествени поуки и соединувајќи се со Христа, да можеме да ги вршиме Божјите дела. {КВ 297.1}

„Но ова богатство го носиме во земни садови со цел, та преизобилната големина и сила да му се оддава на Бога, а не нам”. (2. Коринтјаните 4:7) Затоа проповедањето на евангелието им е доверено на грешни луѓе, а не на ангели. Тоа покажува дека силата која делува преку човечките орудија е Божја сила и тоа не охрабрува да веруваме дека силата што им помагала на други, исто толку слаби, може да ни помогне и нам. А оние што и самите се „со слабости,“ треба да „имаат сочувство со оние кои се во незнаење и кои се застранети”. (Евреите 5:2) Бидејќи и самите биле во опасност, тие ги познаваат опасностите и тешкотиите на патот и затоа се повикани да им подадат рака на оние кои се во слична опасност. Има души кои ги мачат сомнежи, кои се оптоварени со слабости, слаби во верата и се неспособни да го сфатат Невидливиот, но еден пријател, кој можат да го видат и кој им приоѓа наместо Христа, може да стане алка, која нивната колеблива вера цврсто ќе ја поврзе за Христа. {КВ 297.2}

Ние сме повикани во соработка со ангелите да го прикажуваме Исуса на светот. Ангелите ја очекуваат нашата соработка со речиси нетрпелива сесрдност, бидејќи каналот за врска со човекот мора да биде човек. И кога со цело свое срце ќе му се предадеме на Христа, ангелите се радуваат што можат преку нашите гласови да ја откријат Божјата љубов. {КВ 297.3}

Сподели го ова:

Слични објави