23. „СЕ ПРИБЛИЖИ БОЖЈОТО ЦАРСТВО”
„Исус дојде во Галилеја и го проповедаше евангелието за Божјото царство зборувајќи: Се исполни времето, и се приближи Божјото царство. Покајте се и верувајте во евангелието”. (Марко 1:14,15) {КВ 231.1}
Доаѓањето на Месијата најпрво е објавено во Јудеја. Во ерусалимскиот храм, раѓањето на предвесникот му било објавено на Захарија, кога служел пред олтарот. На витлеемските ритчиња, ангелите го објавиле Исусовото раѓање. Мудреците дошле во Ерусалим да го бараат. Во храмот, Симеон и Ана сведочеле за Неговото божество. „Ерусалим и сета Јудеја“ го слушале проповедањето на Јован Крстителот, а пратениците на Синедрионот, заедно со мноштвото го слушале неговото сведоштво за Исуса. Во Јудеја Христос ги примил Своите први ученици. Тука Тој поминал голем дел од Својата рана служба. Манифестирањето на Неговото божество при чистењето на храмот, Неговите чуда на лекување и поуките на божествените вистини што излегувале од Неговите усни сето тоа го потврдувало она што го изјавил по лекувањето во Витезда пред Синедрионот дека Тој е Син на Вечниот. {КВ 231.2}
Кога поглаварите во Израел би го примиле Христа, Тој би им укажал чест како Негови гласници да го објавуваат евангелието на светот. Ним им е дадена можност први да станат гласници на царството и на Божјата благодат. Меѓутоа, Израел не го знаел времето на својата посета. Љубомората и неверувањето на еврејските поглавари се претвориле во отворена омраза, а срцата на народот се оддалечиле од Исуса. {КВ 231.3}
Синедрионот ја отфрлил Христовата вест и ја посакувал Неговата смрт. Затоа Исус се одвоил од Ерусалим, од свештениците, од храмот, од верските поглавари, од луѓето кои биле упатени во законот и се обратил на еден друг општествен слој, за да ја објавува Својата вест и да ги собере оние, кои ќе го објавуваат евангелието на сите народи. {КВ 232.1}
Како што во Христово време светлината и животот на луѓето биле отфрлени од духовната власт, така тие биле отфрлени во секое наредно поколение. Толку пати се повторувала историјата за Христовото заминување од Јудеја. Кога ја проповедале Божјата Реч, реформаторите не помислувале да се одвојат од постоечката црква. Меѓутоа, верските поглавари не ја поднесувале светлината и оние што ја носеле светлината биле принудени да се обратат на други, кои копнееле по вистината. Во денешно време малку луѓе од оние кои тврдат дека се следбеници на реформаторите се проникнати од нивниот дух. Малкумина од нив го слушаат Божјиот глас и се подготвени да ја примат вистината без оглед во кој облик таа Доаѓа. Честопати оние, кои одат по стапките на реформаторите се принудени да се одвојуваат од црквите што ги сакаат, за да можат да го објавуваат јасното учење на Божјата Реч. Многу пати оние, кои бараат светлина поради тоа учење се принудени да ја напуштат црквата на своите татковци, за да можат да се потчинат на Божјата волја. {КВ 232.2}
Луѓето од Галилеја биле презрени од Ерусалимските рабини како груби и неуки, но Сепак тие претставувале попогодно поле за работата на Спасителот. Тие биле посрдечни и поискрени; помалку под контрола на предрасудите; нивните умови биле отворени за прифаќање на вистината. Заминувајќи за Галилеја, Исус не барал повлеченост ниту изолираност. Таа провинција во тоа време била густо населена, со многу поголема примеса на луѓе од други нации, отколку што тоа било случај во Јудеја. {КВ 232.3}
Кога Исус патувал низ Галилеја учејќи и исцелувајќи, околу Него се собирало мноштво народ. Многумина доаѓале дури од Јудеја и околните провинции. Исус често бил принуден да се сокрие од народот. Воодушевувањето било толку големо, што било потребно да се преземат мерки на претпазливост, за римските власти да не се посомневаат дека се подготвува бунт. Никогаш во светот не постоело такво нешто. Небото се спуштило на Земјата. Гладните и жедни души, кои толку долго чекале на избавувањето на Израел, сега се насладувале во благодатта на милостивиот Спасител. {КВ 232.4}
Суштината на Христовото проповедање била: „Се исполни времето и се приближи Божјото царство. Покајте се и верувајте во евангелието”. На тој начин, евангелската порака што ја објавил Спасителот се засновала на пророштвата. „Времето“ за кое Тој рекол дека се исполнило, бил периодот што ангелот Гаврил му го објавил на Даниел. Ангелот рекол: „Седумдесет седмици му се одредени на твојот народ и на твојот свет град да се сврши престапот, да му се стави крај на гревот, да се очисти беззаконието, да се воведе вечна правда, да им се стави печат на видението и на пророштвото и да се помаза светињата над светињите”. (Даниел 9:24) Еден ден во пророштвата претставува една година. (Види Броеви 4:34; Езекиел 4:6) Седумдесет седмици или четиристотини и деведесет дена, претставуваат четиристотини и деведесет години. Почетокот на тој период е означен: „Затоа знај и разбери, од времето, кога ќе се издаде заповед Ерусалим повторно да се изгради, до Кнезот Помазаник, ќе поминат седум седмици, а потоа шеесет и девет седмици,“ шеесет и девет седмици или четиристотини осумдесет и три години. (Даниел 9:25) Заповедта за обнова и ѕидање на Ерусалим што ја издал Артаксеркс Лонгиманус, стапила на сила есента во 457. година пред Христа. (Види Ездра 6:14; 7:1,9) Тој период од четиристотини и осумдесет и три години се протега до есента 27 година по Христа. Според пророштвото, тој период требало да достигне до Месијата Помазаникот. Во 27. година по Христа, при своето крштевање Исус Христос примил помазание од Светиот Дух и набргу потоа започнала неговата јавна служба. Тогаш била објавена веста: „Се исполни времето”. {КВ 233.1}
Ангелот рекол: „И ќе го потврди заветот со мнозина во една седмица (седум години)”. Седум години откако започнала мисијата на Спасителот, евангелието требало да им се проповеда на Евреите, и тоа: Прво три и пол години Христос, а потоа исто толку и Неговите ученици. „Во половина на седмицата Тој ќе направи жртвата и приносот да прекратат”. (Даниел 9:27) Пролетта 31. година од н.е. Христос, вистинската Жртва, е принесена на Голгота. Тогаш завесата во храмот била расцепена на два дела, со што е покажано дека исчезнала светоста и значењето на жртвената служба. Настапило времето да прекратат земната жртва и принос. {КВ 233.2}
Една седмица седум години завршила 34. година по Христа. Тогаш Евреите со каменувањето на Стефан конечно го отфрлиле евангелието. Учениците кои поради прогонството се расеале низ други земји, „отишле насекаде проповедајќи ја Речта”. (Дела 8:4) Набргу потоа прогонувачот Савле се обратил и станал Павле апостол на незнабошците. {КВ 233.3}
Времето на Христовото доаѓање, Неговото помазание со Светиот Дух, Неговата смрт и проповедањето на евангелието на незнабошците дефинитивно беше определено. Еврејскиот народ имал привилегија да ги разбере овие пророштва и да го сфати нивното исполнување во Христовата мисија. Христос им го предочил на Своите ученици значењето на проучување на пророштвата. Повикувајќи се на пророштвото што го дал Даниел за нивното време, Тој рекол: „Кој чита, нека разбере”. (Матеј 24:15) По Своето воскресение, Исус им го објаснил на Своите ученици „она што се однесуваше на Него во сите пророци”. (Лука 24:27) Спасителот зборувал преку сите пророци. „Христовиот Дух Кој бил во нив однапред сведочел за Христовите маки и за славата потоа”. (1. Петрово 1:11) {КВ 234.1}
Оваа божествена порака ангелот Гаврил, му ја пренел на пророкот Даниел, ангел, кој според рангот доаѓа веднаш по Божјиот Син. Тоа бил Гаврил, „Неговиот ангел“ што Христос го пратил да му ја открие иднината на саканиот Јован, покажувајќи му ги настаните од иднината, и преку кого е изречен благослов на оние што читаат и што ги слушаат зборовите на пророштвото и кои држат сѐ што е запишано во нив. (Откровение 1:3) {КВ 234.2}
„Зашто Господ Бог, не прави ништо, а да не им ги открие Своите тајни на Своите слуги пророците”. Додека „она што е тајно му припаѓа на Господ, нашиот Бог,“ „она што е откриено ни припаѓа нам и на нашите синови довека”. (Амос 3:7; Второзаконие 29:29) Бог ни ги дал овие нешта, а Неговиот благослов ќе го следи стравопочитувачкото проучување на пророчките книги придружувано со молитва. {КВ 234.3}
Како што веста за првото Христово доаѓање го најавувала царството на Неговата милост, така веста за Неговото второ доаѓање го најавува царството на Неговата слава. А втората вест, исто како и првата, е заснована на пророштвата. Зборовите на ангелот упатени на Даниел, кои се однесуваат на последните денови, треба да бидат сфатени во последното време. Во тоа време „мнозина ќе одат ваму и таму и знаењето ќе се умножи”. „Безбожниците и понатаму ќе бидат безбожни и никој од нив нема да разбере, но разумните ќе разберат”. (Даниел 12:4,10) Самиот Спасител ги дал знаците на Своето доаѓање и рекол: „Така и вие, кога ќе видите дека тоа се случува, знајте дека е близу Божјото царство”. „И внимавајте срцата да не ви бидат оптоварени со прејадување, со пијанство и со грижите на овој свет, за да не ви дојде тој ден ненадејно”. „Бдејте и молете се постојано, за да го избегнете сето она што ќе се случи и да се одржите пред Синот Човечки”. (Лука 21:31,34,36) {КВ 234.4}
Ние живееме во период претскажан во овие стихови. Настапило последното време, пророчките виденија се отпечатени и нивните свечени опомени ни укажуваат на тоа дека е близу доаѓањето на нашиот Господ во слава. {КВ 235.1}
Евреите погрешно ја толкувале и ја применувале Божјата Реч, и не го познале времето на својата посета. Годините на Христовата служба и на Неговите апостоли драгоцените последни години на благодат за избраниот народ ги поминале во размислување како да ги уништат Господовите гласници. Тие биле толку окупирани од земните амбиции, што попусто им било понудено небесното царство. Така и денес мислите на луѓето се окупирани со царството на овој свет, па не ги забележуваат пророштвата, кои многу брзо се исполнуваат, како и знаците на Божјото царство, кое набргу треба да дојде. {КВ 235.2} „Но браќа, вие не сте во темнина за да може да ве изненади оној ден како крадец. Сите вие сте синови на светлината и синови на денот, не и припаѓаме на ноќта, ниту на темнината”. Иако не сме во можност да го знаеме часот на Господовото враќање, ние можеме да ја знаеме неговата близина. „Така да не спиеме како другите, туку да бдееме и да бидеме трезвени”. (1. Солунјаните 5:4-6) {КВ 235.3}