26. ВО КАПЕРНАУМ

Сподели го ова:

За време на прекинот на Своите патувања, Исус престојувал во Капернаум, кој поради тоа бил познат како „Негов град”. Градот се наоѓал на бреговите на Галилејското Езеро, близу границата на убавата Генисаретска низина, ако не и на самата граница. {КВ 252.1}

Длабоката долина во која се наоѓа езерото и дава на рамницата која го опкружувала убава и пријатна јужна клима. Тука, во Христово време успевале палми и маслинки, имало овоштарници, лозја, зелени полиња и блескаво обоени цвеќиња, кои биле во богато изобилство. Тие биле залевани од живите потоци што се разлевале од гребените. Бреговите на езерото и ритчињата кои биле на мало растојание од езерото, биле распрскани со градови и села. Езерото било покриено со рибарски чамци. Насекаде се чувствувала раздвиженоста на зафатениот, активен живот. {КВ 252.2}

Капернаум бил погоден центар за работа на Спасителот. Бидејќи се наоѓал на главниот пат од Дамаск кон Ерусалим и Египет, до Средоземното Море, бил многу прометно место. Луѓето од многу земји поминувале низ овој град или се задржувале во него за да се одморат од своите патувања. Овде, Исус можел да сретне луѓе од сите националности и од сите општествени слоеви богати и големи, сиромашни и мали. Така Неговата наука би била однесена во други земји и во многу семејства. На тој начин би било поттикнато истражување на пророштвата, вниманието би било сосредоточено на Спасителот и Неговата мисија би била откриена пред светот. {КВ 252.3}

И покрај постапката на Синедрионот против Исуса, народот со желба го очекувал развојот на Неговата мисија. Цело Небо било заинтересирано. Ангелите го подготвувале патот за Неговата служба, влијаејќи на човечките срца и привлекувајќи ги кон Спасителот. {КВ 253.1}

Сведок за Христовата моќ во Капернаум бил синот на еден благородник, кого Тој го исцелувал. Овој висок службеник и неговиот дом радосно посведочиле за својата вера. Кога се дознало дека Учителот се наоѓа меѓу нив, целиот град се возбудил. Мноштво народ се собирал во Неговото присуство. Во сабота синагогата била преполна со луѓе, така што многумина морале да се вратат, бидејќи не можеле да влезат. {КВ 253.2}

Сите што слушнале за Спасителот „биле воодушевени од Неговата наука, зашто Речта му беше силна”. „Зашто ги учеше како Оној што има власт, а не како книжевниците”. (Лука 4:32; Матеј 7:29) Учењето на книжевниците и старешините било студено и формалистичко, како лекција научена напамет. За нив Божјата Реч немала никаква животна сила. Тие ги замениле учењата на Божјата Реч со свои сопствени поими и традиции. Во вообичаените рутински служби тие наводно го објаснувале законот, но никакво вдахновение од Бога не ги придвижило нивните срца, ниту срцата на нивните слушатели. {КВ 253.3}

Исус не се вовлекувал во разните прашања што создавале раздор меѓу Евреите. Неговото дело било насочено кон тоа да ја изнесува вистината. Неговите зборови фрлале силна светлина врз учењата на патријарсите и пророците, и Светото Писмо за луѓето изгледало како ново откровение. Никогаш дотогаш Неговите слушатели не согледале таква длабочина на значењето на Божјата Реч. {КВ 253.4}

Исус им приоѓал на луѓето на нивно тло, како Некој, Кој ги познавал нивните проблеми. Тој направил вистината да изгледа убаво, изложувајќи ја истата на најнепосреден и наједноставен начин. Јазикот со кој зборувал бил чист, префинет и јасен, како река кога тече. Неговиот глас бил како музика за оние, кои ги слушале монотоните гласови на рабините. Меѓутоа, иако Неговото учење било едноставно, Тој зборувал како Оној, Кој има власт. Поради таа особина Неговото учење се разликувало од учењата на сите останати. Рабините зборувале со сомневање и колебање, како смислата на Светото Писмо да може да се толкува на два потполно спротивни начина. Тие секојдневно ги вовлекувале слушателите во сѐ поголема неизвесност. Исус го толкувал Светото Писмо со неоспорлив авторитет. За што и да зборувал, Тој го правел тоа со сила, така што на Неговите зборови не можел никој да се спротивставува. {КВ 253.5}

Сепак, Тој бил сериозен, но не и жесток. Тој зборувал како Оној, Кој требало да оствари одредена цел. Укажувал на стварноста на вечниот свет. Во секоја тема го откривал Бога. Исус се трудел да ја отстрани заслепеноста што ги окупирала луѓето со земни цели. Тој ги поставил вредностите на овој живот во правилен сооднос; подредени на вечниот интерес, но не го омаловажувал нивното значење. Учел дека Небото и Земјата се меѓусебно поврзани и дека познавањето на божествената вистина ги подготвува луѓето подобро да ги извршуваат своите секојдневни должности. Им зборувал како Оној, Кој е Близок со Небото и кој е свесен за Својот однос кон Бога, но истовремено и свесен за Своето единство со секој член на човечкото семејство. {КВ 254.1}

Неговите пораки на милост секогаш биле прилагодени кон оние на кои им се обраќал. Умеел да „проговори збор во вистинско време на уморниот“ (Исаија 50:4); затоа што благодат била излеана на Неговите усни, за на најпривлечен начин да ги изрази на луѓето ризниците на вистината. Имал начин да се соочи со луѓе што имале предрасуди и да ги изненади со објаснувања, кои го привлекувале нивното внимание. Со помош на мечтата допирал до срцата. Своите излагања ги илустрирал со поуки од секојдневниот живот, и иако биле едноставни, тие поуки во себе имале необична длабока смисла. Птиците во воздухот, лилјаните во полињата, семето, пастирот и овците со тоа Христос ги прикажувал вечните вистини. И секогаш, кога Неговите слушатели би го виделе сето тоа во природата, тие би се сетиле на Неговите зборови. Христовите илустрации постојано ги повторувале Неговите поуки. {КВ 254.2}

Христос никогаш не им ласкал на луѓето. Тој никогаш не го зборувал она што би ја издигнувало нивната мечта, ниту пак ги фалел поради нивните остроумни изуми. Меѓутоа, оние што длабоко и непристрасно размислувале, го примале Неговото учење и чувствувале дека тоа претставува проба за нивната мудрост. Тие се восхитувале на духовната вистина изразена со наједноставен јазик. Најобразованите луѓе биле восхитени од Неговите зборови, а на необразованите луѓе тие зборови секогаш им биле од полза. Тој имал вест и за неписмените, па дури и незнабошците ги навел да сфатат дека и за нив има порака. {КВ 254.3}

Неговото нежно сочувство се излевало на уморните и вознемирени срца и ги исцелувало. Дури и сред вревата на лутите непријатели, Тој бил опкружен со атмосфера на мир. Убавината на Неговото лице, добрината на Неговиот карактер, а пред сѐ љубовта што се изразувала во погледот и во гласот ги привлекувала кон Него сите оние, кои не биле окоравени во неверие. Кога не би постоел благиот, сочувствителен дух што зрачел од секој Негов поглед и збор, Тој не би можел да привлече кон Себе толкаво мноштво, кое го опкружувало. Страдалниците што му пристапувале, чувствувале дека Тој лично е заинтересиран за нив, како верен и нежен пријател и сакале што повеќе да дознаат за вистините што ги поучувал. Небото се доближило до Земјата. Тие копнееле да престојуваат во Неговото присуство, со цел постојано да ја имаат утехата на Неговата љубов. {КВ 254.4}

Со длабока срдечност Исус набљудувал како, додека Тој зборува, се менува изразот на лицата на Неговите слушатели. Големо задоволство му причинувале лицата на кои се гледал интерес и среќа. Спасителот се радувал што стрелите на вистината продирале до срцата, пробивајќи ја бариерата на себичност и предизвикувајќи покајание, а конечно и благодарност. Неговото лице било среќно кога, поминувајќи со поглед преку мноштвото слушатели, би препознал меѓу нив лица што веќе порано ги видел. Во таквите гледал можни поданици на Своето царство. Кога јасно искажаната вистина би погодила некој негуван идол, забележал како се менува изразот на лицата и погледот станувал студен и непристапен, што сведочело дека вистината не е добредојдена. Кога гледал дека луѓето ја одбиваат пораката на мир, срцето му било длабоко рането. {КВ 255.1}

Додека во синагогата зборувал за царството заради чие основање дошол и за Својата мисија да ги ослободи робовите на сатаната, бил прекинат од еден ужасен крик. Еден душевно болен истрчал од помеѓу луѓето и извикал: „Остави не, што имаме ние со тебе Исусе Назареќанину? Зар дојде да не уништиш? Знам Кој си Ти, Светец Божји”. {КВ 255.2}

Сите биле збунети и вознемирени. Народот веќе не обрнувал внимание на Христа и на Неговите зборови. Тоа била целта на сатаната, кој заради тоа ја внел оваа жртва во синагогата. Меѓутоа, Исус го укорил демонот, велејќи: „Замолчи и излези од него. И кога бесот го кутна на средина, излезе од него и ништо лошо не му направи”. {КВ 255.3}

Сатаната го помрачил умот на тој кутар страдалник, но во присуство на Спасителот зрак на светлина се пробил низ мракот. Тој почнал да копнее за слобода од власта на сатаната, меѓутоа демонот се противел на Христовата сила. Кога човекот се обидел да му се обрати на Христа за помош, лошиот дух ги ставил тие зборови во неговите усни и тој ги изговорил во агонија на страв. Тој донекаде сфатил дека се наоѓа во присуство на Оној, Кој може да го ослободи, но кога се обидел да дојде на дофат на таа моќна рака, една друга сила го задржала и од усните му излегувале зборови спротивни на неговата желба. Страшна била борбата помеѓу сатанската сила и неговата желба за слобода. {КВ 255.4}

Оној, Кој го победил сатаната во пустината, повторно се нашол лице во лице со Својот непријател. Демонот ги впрегнал сите свои сили за да ја задржи власта над својата жртва. Да се отстапи овде значело да се препушти победата на Исуса. Изгледало дека страдалникот мора да го загуби својот живот во борбата со непријателот, кој ги уништил неговите најубави години. Меѓутоа, Спасителот прозборел со авторитет и го ослободил заробеникот. Човекот што бил опседнат, сега стоел пред зачуденото мноштво, среќен што повторно можел да владее со себеси. Дури и демонот посведочил за божествената сила на Спасителот. {КВ 256.1}

Човекот го славел Бога заради своето избавување. Очите што до неодамна блескале со жар на лудило, сега блескале со интелигенција и од нив потекле солзи на благодарност. Луѓето занемеле од восхит. Кога си дошле на себе, извикале: „Што е ова? Нова наука! Со авторитет им заповеда на нечистите духови и тие го слушаат”. (Марко 1:27) {КВ 256.2}

Тајната причина за страдањето што од овој човек направила предмет на ужас за неговите пријатели и товар за него самиот, лежела во неговиот живот. Бил маѓепсан од задоволствата на гревот, па сакал да го претвори животот во една постојана забава. Не ни сонувал дека ќе стане ужас за околината и срам за своето семејство. Мислел дека може да го поминува времето во непотребни глупости. Меѓутоа, кога еднаш тргнал по патот кој води надолу, слегувал сѐ побргу. Неумереноста и лекомисленоста ги изопачиле благородните особини на неговата природа и сатаната целосно завладеал со него. {КВ 256.3}

Грижата на совест дошла премногу доцна. Сега би го жртвувал богатството и задоволствата за да го поврати своето изгубено здравје, но тој бил немоќен во канџите на злиот дух. Сам дошол на терен на непријателот и сатаната завладеал со сите негови умствени сили. Искушувачот го намамил на тој начин што му прикажал многу привлечности, но кога еднаш страдалникот се нашол во негова власт, непријателот се покажал како многу суров и страшен во своите гневни напади. Така ќе биде со сите што му попуштаат на гревот; сите задоволства ќе завршат во темнината на очајот и во лудилото на разорената душа. {КВ 256.4}

Истиот зол дух, кој го искушавал Христа во пустината, и кој го држел под своја власт душевниот болен во Капернаум, владеел и со неверните Евреи. Меѓутоа, тој кај нив зел облик на побожност, сакајќи да ги измами во врска со нивните побуди за отфрлање на Спасителот. Нивната состојба била значително побезнадежна отколку состојбата на опседнатиот од зол дух, зашто не чувствувале никаква потреба од Христа и затоа цврсто се држени под власт на сатаната. {КВ 256.5}

Периодот на личната Христова служба меѓу луѓето бил период на најголема активност на силите од царството на темнината. Сатаната со своите зли ангели со векови се трудел да завладее со душата и телото на луѓето, да ги наведе на грев и страдање, а тогаш за сета таа мизерија го обвинувал Бога. Исус им го открил на луѓето Божјиот карактер. Тој ја кршел сатанската моќ и ги ослободувал неговите робови. Нов живот и сила од Небото делувале на срцата на луѓето и кнезот на темнината почнал да се бори за превласт на своето царство. Сатаната ги собрал сите свои сили и на секој чекор се борел против Христовото дело. {КВ 257.1}

Така ќе биде и во големиот финален судир од борбата помеѓу праведноста и гревот. Додека нов живот, светлина и сила се излеваат од Небото на Христовите ученици, нов живот избива и одоздола и ги поттикнува сатанските претставници. Интензитетот земал контрола над сите земни елементи. Со лукавство стекнато во вековната борба, кнезот на темнината работи маскирано. Тој се појавува престорен во ангел на светлината и мноштва слушаат „измамливи духови и ѓаволски учења”. (1. Тимотеј 4:1) {КВ 257.2}

Во Христово време водачите и учителите на Израел биле немоќни да се спротивстават на сатанското дело. Тие го запоставувале единственото средство со кое можеле да се спротивстават на злите духови. Само со Божјата Реч Христос го победил злиот. Водачите на Израел тврделе дека се толкувачи на Божјата Реч, но тие ја проучувале само за да ги поткрепат своите традиции и да ги наметнат своите човечки обичаи. Со своето толкување тие направиле Божјата Реч да изразува идеи какви што Бог никогаш не дал. Заради нивното таинствено толкување, станало нејасно она што Бог го сторил јасно. Тие се расправале околу незначителни ситници и со тоа всушност ги негирале најважните вистини. На тој начин неверието било расеано насекаде. Божјата Реч била лишена од својата сила, а злите духови ја спроведувале својата волја. {КВ 257.3}

Историјата се повторува. Држејќи пред себе отворена Библија и тврдејќи дека имаат стравопочит кон нејзиното учење, многу верски водачи во наше време ја поткопуваат верата во неа како Божја Реч. Тие ја расчленувале Божјата Реч и ги ставале сопствените мислења над нејзините најјасни учења. Во нивните раце Божјата Реч ја губи својата обновувачка сила. Тоа е причина зошто неверието беснее, а беззаконието е распространето. {КВ 258.1}

Кога ја поткопал верата во Библијата, сатаната ги повел луѓето кон други извори на светлина и моќ. На тој начин тој се наметнува. Оние што се одвраќаат од јасното учење на Светото Писмо и од уверувачката сила на Светиот Дух, всушност ја повикуваат власта на демоните. Критикувањата и шпекулациите во врска со светите списи отвориле пат на спиритизмот и теозофијата на тие модерни облици на некогашното паганство така што стекнале упориште дури и во оние цркви, кои тврдат дека му припаѓаат на нашиот Господ Исус Христос. {КВ 258.2}

Паралелно со проповедањето на евангелието делуваат и сили кои се медиуми на духови кои лажат. Многумина соработуваат со нив од чиста љубопитност; меѓутоа, кога ќе се осведочат дека тука има нешто посилно од човечка сила, таквите запаѓаат сѐ подлабоко и подлабоко и на крај потпаѓаат под волја што е посилна од нивната и не можат да се ослободат од нејзината таинствена сила. {КВ 258.3}

Одбраната на душата е совладана. За таквиот веќе не постои никаква препрека против гревот. Кога еднаш ограничувањата од Божјата Реч и Неговиот Дух се отфрлаат, тогаш никој не знае до која длабочина на деградацијата може да се падне. Таквиот човек е роб на таинствениот грев или страста и тој е беспомошен исто како и оној опседнат со демон во Капернаум. Сепак, неговата состојба не е безнадежна. {КВ 258.4}

Средствата со чија помош можеме да го победиме сатаната се истите оние со чија помош победил Христос моќта на Божјата Реч. Бог не владее со нашиот ум без наша согласност, но ако сакаме да ја познаеме Неговата волја и да и се покоруваме, Тој ни дава ветувања: „Ќе ја запознаете вистината и вистината ќе ве ослободи”. „Оној што сака да ја извршува Неговата волја, ќе знае дали мојата наука е од Бога”. (Јован 8:32; 7:17) Со вера во тие ветувања секој може да се ослободи од стапицата на заблудите и од власта на гревот. {КВ 258.5}

Секој човек слободно може да бира која сила сака да владее со него. Никој не паднал толку ниско, никој не е толку зол за да не може да најде избавување во Христа. Опседнатиот од лоши духови наместо молитва можел да ги изговори само сатанските зборови, но Сепак, неизречената молба на срцето била услишена. Ниту еден повик на душата во неволја, иако не е изразен со зборови, нема да остане неуслишен. Оние што се согласуваат да стапат во заветен однос со небесниот Бог, не остануваат препуштени на сатанската власт, ниту на слабостите на нивната сопствена природа. Таквите Спасителот ги повикува: „Нека се фати за Мојата сила, за да склучи мир со Мене; и ќе направи мир со Мене”. (Исаија 27:5) Духовите на темнината се борат за душата, која еднаш била под нивна власт, но Божјите ангели ќе се борат за таа душа со сила што ќе преовлада. Господ вели: „Може ли на јунакот да му се одземе пленот? Може ли на победникот да му побегне заробеникот?… Вака вели Господ: ‘На јунакот ќе му се одземе пленот, на победникот ќе му побегне заробеникот. Јас ќе се спорам со оние што ќе се спорат со тебе и Јас ќе ги избавам твоите деца’“. (Исаија 49:24,25) {КВ 258.6}

Додека собирот во синагогата сѐ уште бил опфатен со восхит, Исус се повлекол во домот на Петар малку да се одмори. Меѓутоа, и на тој дом паднала сенка. Бабата на Петар лежела болна, погодена од „силна треска”. Исус ја укорил болеста и страдалничката станала и им служела на потребите на Учителот и на Неговите ученици. {КВ 259.1}

Гласовите за Христовото дело брзо се прошириле низ цел Капернаум. Од страв од рабините луѓето не смееле да доаѓаат да бараат исцелување, додека не помине саботата. Штом сонцето се спуштило зад хоризонтот, настанала голема раздвиженост. Од домовите, од работилниците, од пазарите, жителите на градот брзале кон скромниот дом во кој престојувал Исус. Болните биле носени на носила, некои Доаѓале потпирајќи се на стапови или на оние кои ги довеле; тие полека му приоѓале на Спасителот. {КВ 259.2}

Час по час Доаѓале и заминувале, бидејќи никој не можел да знае дали Исцелителот и утре ќе биде со нив. Никогаш дотогаш Капернаум не доживеал таков ден. Извици на триумф и избавување одѕвонувале низ воздухот. Спасителот се радувал на среќата која им ја дал. Додека ги набљудувал страдањата на оние кои дошле кај Него, Неговото срце било исполнето со сочувство и Тој се радувал на Својата моќ да им ги врати здравјето и среќата. {КВ 259.3}

Исус не престанувал да го извршува Своето дело додека и последниот страдалник не бил исцелен. Била длабока ноќ, кога мноштвото си заминало и Исус сакал да се одмори. Меѓутоа, додека градот сѐ уште бил во сон, Спасителот „станувајќи мошне рано,… излезе и отиде на осамено место и таму се молеше”. {КВ 259.4}

Така поминувале деновите на Исусовиот земен живот. Тој често ги отпуштал Своите ученици да ги посетат своите домови и да се одморат, но благо се спротивставувал на секој обид да биде одвоен од Својата работа. По цел ден работел, ги поучувал неуките, ги лекувал болните, им давал вид на слепите, им давал храна на многумина, а навечер или рано наутро заминувал во светилиштето на планините за да разговара со својот Татко. Често по цела ноќ поминувал во молитва и размислување и се враќал в зори за да го продолжи Своето дело меѓу народот. {КВ 259.5}

Рано наутро Петар и останатите дошле кај Исуса велејќи му дека народот веќе го бара. Учениците биле горко разочарани поради приемот на кој Христос наидувал дотогаш. Во Ерусалим властите се обиделе да го убијат; дури и Неговите сограѓани се обидувале да му го одземат животот. Меѓутоа, во Капернаум бил пречекан со радосно воодушевување, што повторно ја поттикнало надежта на учениците. Можеби меѓу слободољубивите Галилејци ќе најде следбеници на новото царство. Но, тие со изненадување ги слушале Христовите зборови: „И на другите градови мора да им го проповедам Божјото царство, затоа што за тоа сум пратен”. {КВ 260.1}

Во возбудата што го зафатила Капернаум, постоела опасност целта на Неговата мисија да се загуби од вид. Исус не бил задоволен од тоа да привлече внимание на Себе само како на чудотворец или исцелител на телесни болести. Тој сакал душите да ги привлече кон Него како нивен Спасител. Додека луѓето биле жедни да веруваат дека Исус дошол како цар за да воспостави земно царство, Тој се трудел да ги одвои нивните умови од она што е земно и да ги привлече кон она што е духовно. Световните успеси сами по себе би биле пречка за Неговото дело. {КВ 260.2}

Восхитувањето на безгрижното мноштво го вознемирувал Неговиот дух. Во Неговиот живот немало желба за самодокажување. На Синот Човечки му било туѓо поклонението што светот му го укажува на положбата, богатството или на талентите. Исус не употребувал ниту едно од оние средства, кои луѓето ги употребуваат за да издејствуваат приврзаност или поклонение. Со векови пред Неговото раѓање, за Него било претскажано: „Нема да викне, ниту да го подигне гласот Свој, нема да дозволи да го чујат на улиците; скршената трска нема да ја здроби, и чадливата ламба нема да ја угасне; ќе суди според вистината. Нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не воспостави правда, народите ќе се надеваат на Неговиот закон”. (Исаија 42:2-4) {КВ 260.3}

Фарисеите се труделе да се истакнат со своето крајно грижливо придржување кон обредите, со своето горделиво богослужение и преку делата на милосрдие. Ревноста за верата ја докажувале со тоа што ја претвориле во предмет на расправа. Расправиите меѓу противничките секти биле гласни и долги и не било необично по улиците да се слушнат гласови на гневни расправи на учените доктори по законот. {КВ 261.1}

Исусовиот живот бил во очигледна спротивност со сето тоа. Во тој живот немало гласни расправи, горделиво служење на Бога и ниту една постапка со која би стекнал одобрување на светот. Христос бил сокриен во Бога, а Бог се откривал во карактерот на Својот Син. Исус сакал мислите на луѓето да бидат насочени кон тоа откровение и кон тоа да го изразат своето поклонение. {КВ 261.2}

Сонцето на Праведноста не го осветлило светот со полн сјај за да ги засени сетилата со Својата слава. За Христа е напишано: „Неговото јавување е како зората”. (Осија 6:3) Утрото се раѓа тивко и благо, растерувајќи ги сенките на темнината и будејќи го светот во живот. Така осамнало Сонцето на Праведноста, „со исцелување во Неговите крилја”. (Малахија 4:2) {КВ 261.3}

Сподели го ова:

Слични објави