69. НА МАСЛИНОВАТА ГОРА

Сподели го ова:

Оваа поглавје е засновано на Матеј 24; Марко 13; Лука 21:5-38.

Христовите зборови упатени на свештениците и поглаварите: „Ете, ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23:38), предизвикале ужас во нивните срца. Се преправале дека се рамнодушни, но во нив тоа прашање постојано се повторувало и тие размислувале за значењето на тие зборови. Им изгледало дека им се заканува некоја невидлива опасност. Зар е можно овој величествен храм, кој бил гордост на нацијата да се претвори во рушевини? И учениците претчувствувале некоја несреќа, па со вознемиреност очекувале Исус појасно да се изрази. Излегувајќи со Него од храмот, тие му обрнале внимание на неговата цврстина и убавина. Неговите камења биле од најчист мермер, со совршена белина, а некои парчиња биле со скоро неверојатна големина. Еден дел од ѕидот одолеал на нападите од Навуходоносоровата војска. Совршено соѕидан, тој прилегал на еден цврст камен, изваден од каменоломот. Како тие силни ѕидови можат да бидат срушени, тоа учениците никако не можеле да го сфатат. {КВ 627.1}

Што можел да размислува Отфрлениот, кога учениците му обрнале внимание на величественоста на храмот? Сцената пред Него навистина била прекрасна, но Тој рекол дека сето тоа го гледа со тага. Зградата навистина е величествена. Вие покажувате на овие ѕидови како да се навидум неуништливи, но сослушајте ги Моите зборови: Ќе дојде ден кога „овде нема да остане ниту камен на камен, што не ќе биде урнат”. {КВ 627.2}

Тие зборови Христос ги изговорил пред голем број луѓе; меѓутоа, кога бил сам, Му пристапиле Петар, Јован, Јаков и Андреја додека седел на Маслиновата Гора. Тие рекле: „Кажи ни кога ќе биде тоа и кој е знакот на Твоето доаѓање и на крајот на светот?“ Во Својот одговор на учениците, Исус не го одвоил разурнувањето на Ерусалим од големиот ден на Своето доаѓање. Тој ги поврзал описите на овие два настани. Кога на Своите ученици би им ги покажал идните настани онака како што ги видел Тој, тие не би можеле да ја поднесат таа сцена. Од љубов кон нив, Тој го споил описот на овие две големи кризи, препуштајќи им на учениците сами да го пронајдат значењето. Кога говорел за уништувањето на Ерусалим, Неговите пророчки зборови го надминувале тој настан и укажувале на конечната пропаст, во денот, кога Господ ќе стане од Своето место за да го казни светот поради неговите беззаконија, кога земјата ќе ја открие својата крв и веќе нема да ги покрива погубените. Овој цел говор не бил упатен само на учениците, туку и на оние кои ќе живеат во последните настани на земната историја. {КВ 628.1}

Обраќајќи им се на учениците, Христос рекол: „Внимавајте некој да не ве измами. Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: Јас сум Христос и ќе измамат мнозина”. Ќе се појават многу лажни месии, тврдејќи дека се во состојба да прават чуда и изјавувајќи дека дошло време за избавување на еврејскиот народ. Тие луѓе ќе заведат многумина. Христовите зборови се исполниле. Во времето меѓу Неговата смрт и опсадата на Ерусалим, дошло до појава на многу лажни месии. Меѓутоа, тоа предупредување е дадено и на оние кои живеат во денешно време. Истите оние измами кои се спроведувале пред разурнувањето на Ерусалим, се спроведувале во сите векови, а ќе се спроведуваат и понатаму. {КВ 628.2}

„Ќе слушнете за војни и гласови за војни. Гледајте да не се вознемирувате; зашто сето тоа мора да се случи, но тоа уште не е крајот”. Пред разурнувањето на Ерусалим, луѓето се бореле за превласт. Царевите биле убивани. Биле убивани оние за кои се мислело дека се најблизу до престолот. Имало војни и гласови за војни. „Сето тоа мора да се случи,“ рекол Исус, „но (за еврејскиот народ како народ) тоа уште не е крајот. Ќе се дигне народ против народ и царство против царство. Ќе има глад, помори и земјотреси по разни места. Но тоа е само почеток на неволјите”. Христос рекол дека кога ќе ги видат тие знаци, рабините ќе зборуваат дека тоа е Божјиот суд над народите кои го држеле во ропство Неговиот избран народ. Ќе тврдат дека тие знаци го најавуваат доаѓањето на Месијата. Не бидете измамени; тоа е почеток на Божјите казни. Луѓето се грижеле само за себе. Не се покајале и не се обратиле за Бог да ги исцелува. Знаците што тие ќе ги прикажуваат како гаранција за своето ослободување од ропството ќе бидат знаци на нивната пропаст. {КВ 628.3}

„Тогаш ќе ве предадат на маки и ќе ве убиваат и сите народи ќе ве замразат заради Моето име. Тогаш мнозина ќе се соблазнат и еден со друг ќе се предаваат и еден со друг ќе се мразат”. Христијаните го претрпеле сето ова. Татковците и мајките ги предавале своите деца. Децата ги предавале своите родители. Пријателите ги предавале своите пријатели на Синедрионот. Убивајќи ги Стефан, Јаков и други христијани, прогонителите ги оствариле своите цели. {КВ 629.1}

Преку Своите слуги Бог му дал на еврејскиот народ последна можност да се покае. Тој се откривал преку Своите сведоци при нивното апсење, нивните судења и преку нивното затворање по затворите. Сепак, судиите им изрекувале смртни казни. Тоа биле луѓе за кои светот не бил достоен и со тоа што ги убивале, Евреите повторно Го распнувале Божјиот Син. Така ќе биде повторно. Властите ќе усвојуваат закони за ограничување на верската слобода. Тие ќе си го присвојат правото што му припаѓа исклучиво на Бога. Ќе сметаат дека можат да управуваат со совеста со која треба да владее само Бог. Тие почнуваат уште сега и ќе го продолжат ова дело сѐ додека не стигнат до границата преку која нема да можат да преминат. Бог ќе го земе во заштита Својот верен народ, кој ги држи Неговите заповеди. {КВ 630.1}

Секогаш, кога ќе настапат прогонства, оние што се сведоци на тоа, донесуваат одлуки или за Христа или против Него. Оние кои покажуваат наклонетост кон невино осудените, со тоа ќе ја покажат својата приврзаност кон Христа. Други се соблазнуваат бидејќи начелата на вистината директно ги погодуваат нивните постапки. Многумина се сопнуваат и паѓаат, одвојувајќи се од верата која некогаш ја застапувале. Оние што ќе отпаднат во време на неволја, ќе се трудат да ја сочуваат својата безбедност и затоа лажно ќе сведочат и ќе ги предадат своите браќа. Христос не предупредил на тоа за да не нѐ изненади неприродното, сурово однесување на оние кои ја отфрлиле светлината. {КВ 630.2}

Христос им дал на Своите ученици знак за пропаста што ќе го снајде Ерусалим и им кажал како да побегнат: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен со војска, знајте дека е близу неговото опустување. Тогаш оние што се во Јудеја нека бегаат во планините; и оние што ќе бидат во градот нека излезат надвор; а оние што се по околните места нека не влегуваат во него, зашто тоа се денови на одмазда, за да се исполни сѐ што е напишано”. Таа опомена е дадена за да се обрне внимание на неа четириесет години подоцна, при уништувањето на Ерусалим. Христијаните ја послушале опомената и ниту еден христијанин не настрадал при уништувањето на градот. {КВ 630.3}

„Молете се вашето бегање да не биде во зима ниту во сабота,“ рекол Христос. Оној што „ја создал саботата“ не ја укинал, приковувајќи ја на крст. Светоста на саботата не престанала со Неговата смрт на крстот. Четириесет години учениците требало да се молат на Бога нивното бегање да не биде во сабота. {КВ 630.4}

Од уништувањето на Ерусалим, Христос брзо преминал на еден поголем настан, на последната алка во синџирот на историјата на оваа земја на доаѓањето на Божјиот Син во величество и слава. Меѓу овие два настани, Христос согледал долги векови на темнина, векови во кои Неговата црква ќе биде обележана со крв, солзи и агонија. Во тоа време учениците не биле во состојба да издржат такви сцени и Христос преминал преку нив, споменувајќи ги накратко. Тој рекол: „Тогаш ќе настапи толкава неволја, каква што немало од создавањето на светот досега, ниту ќе има таква. И кога не би се скратиле тие денови, никој не би се спасил. Но заради избраниците, тие денови ќе се скратат”. Во текот на повеќе од илјада години Христовите следбеници биле изложени на прогонство какви што светот никогаш дотогаш не доживеал. Милиони и милиони Негови верни сведоци биле погубени. Бог да не ја пружил Својата рака за да го спаси Својот народ сите би биле уништени. „Но заради избраниците“ вели Тој, „тие денови ќе се скратат“. {КВ 630.5}

Сега, нашиот Господ со потполно јасни зборови зборувал за Своето второ доаѓање и предупредувал на опасноста што претходела на Неговото доаѓање на светот. „Ако некој ви каже: Еве, Христос е овде или онде не верувајте, затоа што ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе прават големи чуда и знаци за да ги заведат, ако е можно и самите избраници. Ете, ви кажав однапред. Затоа, ако ви кажат: Ене го во пустина немојте да излегувате. Ене го во тајни соби не верувајте. Затоа, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки”. Како еден од знаците на уништувањето на Ерусалим, Христос споменал: „Ќе излезат многу лажни пророци и ќе измамат мнозина”. Лажните пророци се појавиле, мамејќи ги луѓето и одведувајќи мнозина во пустина. Тврдејќи дека располагаат со чудна сила, волшебниците и гатачите ги одвлекувале луѓето со себе во самотијата на планината. Но тоа пророштво било изречено и за последните денови. Таа појава ќе биде знак и на второто доаѓање. Дури и денес лажните христоси и лажните пророци покажуваат знаци и чуда за да ги заведат Христовите ученици. Зар не слушаме како викаат: „Ене го в пустина“? Зар илјадници луѓе не заминаа во пустината во надеж дека ќе го најдат Христа? И зар на илјадниците собири, на кои луѓето тврделе дека општат со починатите духови, не се слуша плач: „Ене го во тајни соби”. Тоа е токму она што го тврди спиритизмот. Но што вели Христос? „Не верувајте. Затоа, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки”. {КВ 631.1}

Спасителот дава знаци на Своето доаѓање и повеќе од тоа, Тој одредува време кога ќе се појават првите од тие знаци: „И веднаш по неволјата на тие денови сонцето ќе се затемни, месечината нема да ја дава својата светлина, ѕвездите ќе попаѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат. Тогаш на небесата ќе се појави знакот на Синот Човечки и ќе се расплачат сите земни племиња и ќе го видат Синот Човечки како Доаѓа на облаци со сила и голема слава. И тој ќе ги прати Своите ангели со силна труба и тие ќе ги соберат Неговите избраници, од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата”. {КВ 631.2}

При крајот на големото папско прогонство, објавил Христос, сонцето ќе замрачи, а месечината нема да ја дава својата светлина. Потоа ѕвездите ќе попаѓаат од небото. Тој вели: „Научете од параболата за смоквата: штом гранките ќе и станат нежни и ќе разлистаат, знаете дека е близу летото. Така и вие, кога ќе го видите сето ова, знајте дека е близу непосредно пред врата”. (Матеј 24:32,33) {КВ 632.1}

Христос дал знаци на Своето доаѓање. Тој вели дека можеме да знаеме кога Тој е близу, пред врата. За оние што ги гледаат тие знаци, Тој вели: „Ова поколение нема да помине додека не се исполни сето ова”. Овие знаци се покажале. Сега сигурно знаеме дека Господовото доаѓање е близу. „Небото и Земјата ќе поминат,“ кажува Тој, „но зборовите Мои нема да поминат”. {КВ 632.2}

Христос ќе дојде на облаците и со голема слава. Околу Него ќе се наоѓаат многубројни блескави ангели. Тој ќе дојде да ги подигне мртвите, а живите светии да ги промени од слава во слава. Ќе дојде да им укаже почест на оние кои Го љубеле и ги држеле Неговите заповеди и да ги земе кај Себе. Тој не заборавил на нив ниту на Своето ветување. Семејниот синџир повторно ќе ги поврзе. Кога мислиме на нашите починати, секогаш треба да го имаме на ум она утро кога ќе одекне Божјата труба и „мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се преобразиме”. (1. Коринтјаните 15:52) Уште малку време и ќе Го видиме Царот во Неговата убавина. Уште малку време и Тој ќе ја избрише секоја солза од нашите очи. Уште малку време и Тој ќе не претстави како „непорочни пред Неговата слава со преголема радост”. (Јуда 24) Бидејќи дал знаци на Своето доаѓање, Тој рекол: „Кога ќе почне да се случува ова, исправете се и подигнете ги главите, зашто се приближува вашето избавување”. {КВ 632.3}

Меѓутоа, Христос не ги открил денот и часот на Своето доаѓање. Тој јасно им рекол на Своите ученици дека Тој самиот не може да го открие денот и часот на Неговото второ доаѓање. Кога би можел да го открие тоа, зошто би ги повикувал да бидат во став на постојано исчекување? Има луѓе кои тврдат дека точно го знаат денот и часот кога ќе се појави нашиот Господ. Тие многу сериозно ја претскажуваат иднината. Меѓутоа, Господ ги предупредил да го напуштат теренот на кој се наоѓаат. Точното време на доаѓањето на Синот Човечки е Божја тајна. {КВ 632.4}

Опишувајќи ја состојбата на светот при Неговото доаѓање, Христос продолжил: „Како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки. Зашто, како во деновите пред потопот, јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа сѐ до денот кога Ное влезе во коработ, и не знаеја додека не дојде потопот и ги однесе сите, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки”. Христос овде не укажува на земни илјада години во текот на кои сите треба да се подготват за вечноста. Тој ни вели дека како што беше во деновите на Ное, така ќе биде кога Синот Човечки повторно ќе дојде. {КВ 633.1}

Како било во времето на Ное? „Господ виде дека човековата злоба на Земјата е голема и дека секоја помисла во неговиот ум е секогаш само зло”. (Создавање 6:5) Жителите на претпотопниот свет се одвратиле од Јехова и одбиле да ја творат Неговата света волја. Тие се поведувале по својата сопствена безбожна фантазија и изопачени поими. Тие биле уништени заради нивното беззаконие, а светот денес оди по истиот пат. Во него нема никакви ласкави знаци за илјадагодишна слава. Престапниците на Божјиот закон ја исполнуваат Земјата со зло. Нивното обложување, нивните коњски трки, нивното коцкање, нивната расипаност, нивните похотни практики, нивните нескротливи страсти сето тоа брзо го исполнува светот со насилство. {КВ 633.2}

Во пророштвото за уништувањето на Ерусалим Христос рекол: „Беззаконието ќе се зголеми и љубовта кон мнозина ќе се излади. Но кој ќе истрае до крај, ќе биде спасен. И ова евангелие за царството ќе се проповеда по сиот свет, за сведоштво на сите народи и тогаш ќе дојде крајот”. Тоа пророштво повторно ќе се исполни. Беззаконијата кои изобилувале во тоа време се повторуваат и во ова поколение. Така е и со пророштвото за проповедање на евангелието. Пред падот на Ерусалим, Павле, пишувајќи според вдахновението на Светиот Дух, објавил дека евангелието му е објавено „на секое создание под небото”. (Колосјаните 1:23) Така и денес, пред доаѓањето на Синот Човечки, вечното евангелие мора да се проповеда „на секое племе, колено, јазик и народ”. (Откровение 14:6, 14) Бог „одредил ден во кој ќе му суди на светот”. (Дела 17:31) Христос ни кажува кога ќе дојде тој ден. Тој не рекол дека сиот свет ќе се обрати, туку дека „ова евангелие за царството ќе се проповеда по сиот свет за сведоштво на сите народи и тогаш ќе дојде крајот”. Проповедајќи го евангелието по светот, ние сме во можност да го забрзаме доаѓањето на Господа. Ние не треба само да го очекуваме, туку и да го забрзаме доаѓањето на Божјиот ден. (2. Петрово 3:12) Кога Христовата црква би го извршила делото кое Господ и го наменил, сиот свет би бил опоменат, а Господ Исус Христос веќе би дошол на нашата Земја со сила и голема слава. {КВ 633.3}

Кога ги соопштил знаците на Своето доаѓање, Христос рекол: „Кога ќе видите дека ова се исполнува, знајте дека е близу Божјото царство”. „Внимавајте, бидете будни и молете се”. Бог секогаш ги предупредувал луѓето на претстојните казни. Оние кои верувале во Неговата вест за тоа време и кои постапиле според својата вера, во покорност на Неговите заповеди ги избегнувале казните кои ги снашле непослушните и неверните. На Ное му било заповедано: „Влези во ковчегот ти и твоето семејство, зашто те видов праведен пред Мене”. Ное послушал и бил спасен. На Лот му била упатена веста: „Станете, напуштете го тоа место, зашто Господ ќе го уништи овој град”. (Создавање 7:1; 19:14) Лот бил под заштита на небесните гласници и бил спасен. Така на Христовите ученици им била дадена опомена за уништувањето на Ерусалим. Оние што внимавале на знакот на претстојната пропаст и кои побегнале од градот, го избегнале уништувањето. Така и нам сега ни се дава опомена за второто Христово доаѓање, и уништување кое ќе го снајде светот. Оние што ќе ја послушаат опомената, ќе бидат спасени. {КВ 634.1}

Бидејќи не го знаеме точното време на Неговото доаѓање, имаме налог да стражариме. „Блазе на оние слуги кои, кога ќе дојде господарот, ќе ги најде како бдеат“ (Лука 12:37) Оние што го очекуваат Господовото доаѓање, не безделничат. Очекувањето на Христовото доаѓање треба да ги наведе луѓето да се плашат од Господа и од Неговата казна за престапите. Тоа треба да им укаже на големиот грев на отфрлањето на Неговата понудена милост. Оние кои Го чекаат Господа, ја чистат својата душа со покорување на вистината. Стражарејќи будно, тие истовремено и вредно работат. Бидејќи знаат дека Господ е пред вратата, нивната ревност е оживеана да соработуваат со божествените претставници, залагајќи се за спасение на душите. Тоа се верни и мудри слуги кои му ја даваат на Господовиот дом „потребната храна навреме”. (Лука 12:42) Тие ја објавуваат вистината која особено важи за сегашното време. Како што Енох, Ное, Авраам и Мојсеј ја објавувале вистината за свое време, така Христовите слуги сега ќе ја објават посебната опомена за своето поколение. {КВ 634.2}

Меѓутоа, Христос укажува и на оние други слуги. „Но ако лошиот слуга си каже во своето срце: Мојот господар нема да дојде скоро и ако почне да ги бие другите слуги и и да јаде и да пие со пијаниците, ќе дојде неговиот господар во ден кога не го очекува и во час што не го знае”. {КВ 634.3}

Лошиот слуга вели во своето срце: „Мојот господар нема да дојде скоро”. Тој не вели дека Христос нема да дојде. Тој не ја исмева идејата за Неговото второ доаѓање. Меѓутоа, во своето срце и со своите постапки и зборови тој зборува дека Господ нема уште долго да дојде. Во душите на другите тој го уништува уверувањето дека Господ брзо ќе дојде. Неговото влијание ги наведува луѓето да станат дрски и безгрижни во доцнењето и тие се зацврстуваат во нивната световност и тапост. Духот подлегнува на земните страсти и расипаните мисли. Лошиот слуга јаде и пие со пијаниците, се обединува со светот во барање на задоволства. Тој ги тепа другите слуги, обвинувајќи ги и осудувајќи ги оние кои се верни на својот Господ. Тој се меша со светот. Сличниот се обединува со сличните во престапот. Тоа е страшно прилагодување. Заедно со светот тој запаѓа во стапица. „Ќе дојде неговиот господар… во час што не го знае, па ќе го расече и ќе му одреди судбина меѓу лицемерите”. {КВ 635.1}

„Ако не бдееш, ќе ти дојдам како крадец и нема да знаеш во кој час ќе дојдам врз тебе”. (Откровение 3:3) Христовото доаѓање ќе ги изненади лажните учители. Тие зборуваат: „Мир и сигурност”. Како и свештениците и учителите пред падот на Ерусалим, тие сакаат црквата да постигне земен просперитет и слава. Тие ги толкуваат знаците на времето како токму тоа да го претскажуваат. Но, што вели Речта на Вдахновението? „Тогаш одненадеж врз нив ќе падне погибел”. (1. Солунјаните 5:3) Денот Господен ќе дојде како стапица за сите што живеат на Земјата, на сите што од овој свет прават свој дом. Тој ќе дојде за нив како крадец што се притајува. {КВ 635.2}

Светот, полн со развратен живот, полн со безбожни задоволства, спие, спие во телесна сигурност. Луѓето го одложуваат Господовото доаѓање. Тие се потсмеваат на опомените. Горделиво се фалат: „Сѐ стои така како што било од почетокот”. „И утре ќе биде како и денеска, дури и поизобилно”. (2. Петрово 3:4; Исаија 56:12) Сѐ подлабоко ќе тонеме во љубовта кон задоволство. Меѓутоа, Христос вели: „Еве, Доаѓам како крадец”. (Откровение 16:15) Знаците се исполнуваат токму во моментот кога светот во исмејување прашува: „Каде е ветувањето за Неговото доаѓање?“ Неочекуваната пропаст наидува токму тогаш кога луѓето зборуваат: „Мир и сигурност”. Кога оние што се потсмеваат и ја отфрлаат вистината ќе станат самоуверени, кога рутината на работата во разните методи за заработка на пари се одвива не водејќи сметка за начелата, кога ученикот желно бара знаење насекаде освен во Библијата тогаш Христос ќе дојде како крадец. {КВ 635.3}

Целиот свет е вознемирен. Знаците на времето се застрашувачки. Настаните што следат фрлаат свои сенки пред себе. Божјиот Дух се повлекува од Земјата, а на копно и на море се случуваат несреќи една по друга. На Земјата наидуваат бури, земјотреси, пожари, поплави и убиства од секаков вид. Кој може да ја прочита иднината? Каде е безбедноста? Ништо што е човечко или земно не овозможува сигурност. Луѓето брзо се редат под знамето кои сами го одбрале. Неспокојно тие чекаат и ги набљудуваат постапките на своите водачи. Има души кои чекаат и стражарат, работејќи на доаѓањето на нашиот Господ. Други се редат под командата на првиот голем отпадник. Малку се оние кои со срце и душа веруваат дека постои пекол што треба да се избегне и небо што треба да се задобие. {КВ 636.1}

Кризата полека ни се прикрадува. Сонцето свети на небото, минувајќи по својот вообичаен пат и небото сѐ уште ја објавува Божјата слава. Луѓето сѐ уште јадат и пијат, садат и ѕидаат, се женат и мажат. Трговците сѐ уште купуваат и продаваат. Луѓето меѓусебно се судираат, борејќи се за највисоки позиции. Љубителите на задоволства сѐ уште ги полнат театрите, коњските трки и казината. Насекаде владее голема возбуденост, но времето на милост бргу се приближува кон крајот и сечија судбина ќе биде решена за вечност. Сатаната гледа дека му останува малку време. Тој ги ставил сите свои посредници и сили во движење за да ги измами луѓето, да ги освои и да ги заведе додека не заврши времето на проба и додека вратата на милост засекогаш не се затвори. {КВ 636.2}

Низ вековите и до нас допираат опомените на нашиот Господ од Маслиновата Гора: „Внимавајте на себеси за вашите срца да не бидат преоптоварени со прејадување, пијанство и грижите на животот, за тој ден да не ве затече ненадејно”. „Бдејте и молете се постојано за да се удостоите да го избегнете сето она што ќе се случи и да застанете пред Синот Човечки”. {КВ 636.3}

Сподели го ова:

Слични објави